Колку повеќе мислев на Џексоновата рака, толку повеќе се потресував. Се судирав со стварноста. Првпат го гледав животот. Мојот живот на универзитетот, моите студии и мојата култура не беа реални. Не научив ништо освен теории за општеството што на отпечатена страници изгледаат многу убаво, но сега го гледав самиот живот. „Факт, човеку, несоборлив факт!” беа Ернестовите зборови што ми одѕвонуваа во свеста.
Изгледаше чудовишно, изгледаше неможно целото наше општество да почива врз крв. Па ете, Џeкcoн! Не можев да се ослободам од него. Мислите ми клонеа накај него како магнетската игла накај полот. Со него постапиле ужасно! Не му ја платиле крвта за да можат да си исплатат повисоки дивиденди. А познавав многу среќни, самозадоволни семејства кои ги примиле тие дивиденди и така профитирале на Џексоновата крв. Ако може да се постапува така ужасно со еден човек, а општеството да си врви по својот пат не водејќи сметка за тоа, зар не може да се постапува така и со многу луѓе? Се сетив на жените од Чикаго, за кои Ернест раскажуваше дека 'рмбале за деведесет центи неделно, како и за децата по предилниците на памук на Југот. Ги гледав нивните бледи, бели раце, чија крв беше сета исцедена, како работат над штофот од кој е направен мојот фустан. И тогаш помислив на предилниците на Сиера и на дивидендите што се исплаќале таму, а ја видов и Џексоновата крв на мојот фустан. Не можев да побегнам од Џексон. Размислувањата постојано ме водеа накај него.
Длабоко во душата чувствував дека стојам на работ на бездната. Како да очекував да видам ново и страшно откровение на животот. И не само јас. Сиот мој свет се превртуваше. Ете, и татко ми. Можев да забележам како Ернест почнуваше да му влијае. Па, и епископот. Кога го видов последен пат, изгледаше како да е болен. Беше необично нервно напнат, а во погледот му се читаше неискажлив ужас. Од она малку што го потчув, знаев дека Ернест си го одржал ветувањето и го повел низ пеколот. Но, какви пеколни глетки беа виделе епископовите очи, не знам, зашто се чинеше премногу зашеметен за да зборува за тоа.
Еднаш, силно чувствувајќи дека мојот мал свет, па и сиот свет се превртува, помислив на Ернест како причина за сето тоа. Си мислев: „Колку само бевме среќни и мирни пред да дојде тој!” И веќе следниот момент бев свесна за тоа дека таквите мисли значеа предавство на вистината, а Ернест се издигна пред мене преобразен, апостол на вистината, со ведро чело и со смелост на божји анѓел, борејќи се за вистина и правда, борејќи се за помош на сиромашните, осамените и угнетените. А потоа, пред мене се издигна друг лик Христос! И тој бил на страната на понижените, и угнетените, a против сета установена моќ на свештениците и фарисеите! Се сетив на неговата смрт на крстот и срцето ми се стегна од болка при помислата на Ернест. Дали и нему му е судено да заврши на крст — нему, со неговиот пробивен и воинствен глас, со сета негова совршена машка снага?
И во тој момент знаев дека го сакам и дека сета горев од желбата да го тешам. Мислев на неговиот живот. Мора да е тоа тежок, суров и беден живот. Мислев на неговиот татко, кој лажел и крадел за него и работел сѐ до смртта. А тој самиот отишол да работи по фабриките кога имал десет години! Ми се чинеше дека срцето ќе ми препукне од желбата да го прегрнам, да му ја ставам главата на моите гради — главата што мора да е изморена од толку многу мисли — и да му пружам одмор, токму одмор, олеснување и заборав, макар и за малку.
Се сретнав со адвокатот на еден црковен прием. Го познавав добро, го познавав добро со години. Го уловив зад огромните палми и каучоковите дрвја, иако и не знаеше дека сум го уловила. Ме пресретна со онаа негова вообичаена веселост и кавалерство. Отсекогаш беше љубезен, човек-дипломат, тактичен и претпазлив. А што се однесува до неговиот надворешен изглед, беше највпечатливиот човек во нашето друштво. Покрај него дури и почесниот ректор на универзитетот изгледаше невкусно наконтен и безначаен...
А сепак, открив дека и адвокатот Ингрем се наоѓа во истата положба како и неписмените работници. И тој не беше слободна личност. И тој беше врзан за тркaлото. Никогаш нема да заборавам колку се измени кога му го спомнав Џексоновиот случај. Насмевката и добродушноста му исчезнаа како привидение. Ненадеен, ужасен израз му го искриви љубезното лице. Го почувствував истиот страв што го почувствував кога избувна Џемс Смит. Но адвокатот Ингрем не пцуеше. Во тоа се состоеше онаа незначителна разлика помеѓу работникот и него. Беше познат како човек со дух, но сега во него немаше никаков дух. Несвесно погледна околу себе барајќи пат да избега, но беше уловен меѓу палмите и каучоковите дрвја.
Ох, нему му се смачуваше кога ќе го чуеше името на Џексон. Зошто ли поведов разговор за тоа? Нему не му годеше мојата шега. Тоа, од моја страна, беше невкусно и непромислено. Зар не? Знаев дека во неговата професија личните чувства не се земаат предвид. Кога поаѓа кон својата канцеларија, тој своите лични чувства си ги остава дома. Во канцеларијата, за него важат само професионaлните чувства.
„Дали Џексон требаше да добие отштета?” прашав.
„Секако,” одговори. „То ест, лично сметам дека тој требаше да добие. Но тоа нема никаква врска со правниот аспект на случајот.”
Полека си доаѓаше на себеси.
„Кажете ми, дали правото има некаква врска со законот?” прашав.
„Првиот израз го употребивте погрешно,” одговори насмевнувајќи се.
„А што требаше да речам – ‘сила’?“ прашав, а тој кимна со главата. „Па ете, се претпоставува дека до правдата доаѓаме со помош на законот.”
„Е, во тоа е и целиот парадокс,” ми се противстави. „Ние навистина доаѓаме до правдата.”
„Сега зборувате сосема професионално, нели?” прашав.
Адвокатот Ингрем се вцрве, вистински се вцрве и повторно погледна неспокојно околу себе барајќи пат да избега. Но, јас му го попречив патот и немав намера да се тргнам.
„Кажете ми”, реков, „ако човек ги жртвува своите лични чувства за професионалните, не може ли таа постапка да се дефинира како духовно злосторство?”
Не добив одговор. Адвокат Ингрем срамно се даде во бегство соборувајќи притоа една палма.
Потоа се обидов со новинарите. Напишав мирна, воздржана и објективна статија за Џексоновиот случај. Не ги напаѓав луѓето со кои разговарав, па дури и не ги спомнував. Ги изнесов постојните факти на случајот, ги спомнав долгите години што ги минал Џексон работејќи во предилниците, неговиот напор да ја спаси машината од оштетување и несреќниот случај до кој дошло како последица од тоа, како и неговата сегашна бедна положба и гладувањето. Статијата ми ја одбија три локални весници и два неделника.
Му се обратив на Персон Лејтон. Дипломира на универзитетот, му се посвети на новинарството и сега работеше како репортер-приправник во еден од трите највлијателни весници. Ми се насмеа кога го замолив да ми каже зошто весниците се воздржуваат да го спомнат Џексон или неговиот случај.
„Уредничка политика,” рече. „Ние немаме никаква врска со тоа. Тоа зависи од уредниците.“
„Но, зошто е тоа политика?” прашав.
„Ние сме солидарни со корпорациите;” одговори тој. „Дури и кога би платиле такса како за оглас, таквата статија не би ви се печатела. Секој кој би се обидел да пушти таква статија, би ја изгубил работата. Таквата статија не би ви се печатела дури и кога би им платиле десетпати повеќе одошто како за оглас.”
„А што станува со вашата лична политика?” прашав. „Се чини дека вашата работа се состои во тоа да ја извитоперувате вистината по наредба на своите работодавци, кои пак, од своја страна, им се потчинуваат на наредбите на корпорациите.”
„Јас немам никаква врска со тоа.” За момент се почувствува непријатно, но потоа се разведри зашто изнајде начин да се извлече. „Лично јас, не пишувам невистинити работи. Сосема се придржувам кон правилата на мојата совест. Се разбира, во текот на секојдневната работа има многу одвратни нешта, но, знаете, во тоа и се состои таа секојдневна работа,” заврши тој како некое момче.
„Па сепак, се надевате дека еден ден ќе седнете крај уредничкото биро и ќе ја водите уредничката политика.”
„Дотогаш ќе отрпнам,” беше неговиот одговор.
„Бидејќи сѐ уште не сте отрпнале, кажете ми, што мислите во мигов за општата уредничка политика?”
„Не мислам ништо,” ми одговори брзо. „Човек не треба многу да се бунтува ако сака да успее во новинарството. Во секој случај, многу научив за тоа.”
И тој мудро кимна со својата млада глава.
„А правото?” продолжував да настојувам.
„Вие не ја разбирате играта. Се разбира, сѐ е добро, зашто се завршува добро, зар не гледате?”
„Совршено ми е нејасно,” промрморев; срцето ме болеше за неговата младост и чувствував дека морам или да вреснам или да се расплачам.
Почнав да ја наѕирам обвивката на општеството во кое сум живеела отсекогаш и да ги пронаоѓам застрашувачките вистини под таа обвивка. Се чинеше како да постои некаков нем заговор против Џексон и почувствував трепет на сочувство спрема адвокатот кој постојано се оплакуваше, а кој така неславно се борел за да го добие случајот. Но овој нем заговор се ширеше. Тој не беше вперен само против Џексон. Беше вперен против секој работник осакатен во предилниците. А ако е против секој работник во предилниците, зошто не и против секој работник во сите други предилници и фабрики? Всушност, не беше ли тоа така во целата индустрија?
А ако е така, целото општество е лага. Се стаписав од своите сопствени заклучоци. Сѐ беше премногу страшно и ужасно за да е вистинито. Но, тука беше Џeксон и Џексоновата рака, и крвта од која беше извалкан мојот фустан и што капеше од стреите на мојот сопствен дом. А Џексоновци имаше многу — стотици само во предилниците, како што ми рече и самиот Џексон. Не можев да избегам од Џексон.
Се видов и со господин Виксон и господин Пертонвејт кои ги држеа повеќето акции во предилниците на Сиера. Но нив не можев да ги трогнам онака како што ги трогнав нивните вработени. Открив дека тие имаат морал што беше над моралот на останатото општество. Тоа беше, така да кажам, аристократски морал или морал на газдите.[31] Зборуваа надолго и нашироко за политиката и ја идентификуваа со правото. А со мене зборуваа некако татковски, заштитувајќи ја мојата младост и неискуството. Беа најбезнадежните од сите кои ги сретнав во текот на моето испитување. Апсолутно веруваа дека постапиле правилно. За тоа не сакаа ниту да ги прашувам, ниту пак да дискутираме. Беа убедени дека се спасители на општеството и дека тие се оние кои ја градат среќата на мнозинството. Цртаа трогателни слики за страдањата на работничката класа, страдања што би ги поднесувала таа да не е заработувачката што тие и само тие им ја овозможуваат со својата мудрост.
Сѐ уште под влијание на разговорот со овие двајца газди, се сретнав со Ернест и му раскажав за она што го доживеав. Ме погледна и, задоволен, ми рече:
„Навистина, прекрасно. Почнувате да копате по вистината за себе. Тоа е ваш сопствен емпириски заклучок и тој е исправен. Никој во индустриската машина не е слободна личност, освен крупниот капиталист, а не е ниту тој, ако ми простите за мојот искрен начин на изразување. Знаете, газдите се сосема сигурни дека имаат право во сите свои постапки. Тоа е врвната бесмислица во сета оваа ситуација. Нивната човечка природа толку ги врзала, што тие не можат да сторат ништо ако не мислат дека е тоа исправно. Тие мораат да имаат санкција за секоја своја постапка.
„Кога сакаат да сторат нешто во своите деловни работи, се разбира, тие мораат да чекаат додека во нивните мозоци, на некој начин, не им се роди религиозно, морално, научно или филозофско сфаќање дека тоа нешто е исправно. И тогаш, тие одат напред и го прават она што и го наумиле да го прават, не знаејќи дека една од слабостите на човековиот дух е фактот дека желбата потекнува од мислата. Без оглед на тоа што сакаат тие да сторат, санкцијата доаѓа секогаш. Тие се површни казуисти. Тие се лицемери. Тие се дури во состојба да сторат зло за да може од тоа да произлезе добро. Една од пријатните и несоборливи измислици што самите си ја создале е таа дека тие по мудроста и способноста се над останатите луѓе. Оттука доаѓа и нивното право да располагаат со лебот на останатите луѓе. Тие дури ја ископаа од гроб и теоријата за божјето право на кралевите — во нивниот случај, на индустриските кралеви.[32]
„Слабоста на нивната положба лежи во тоа што се тие само деловни луѓе. Тие не се филозофи. Тие не се ниту биолози, ниту социолози. Да беа, се разбира, сѐ ќе беше добро. Деловен човек, кој истовремено е и биолог и социолог, би знаел, приближно, што е најисправно да се стори за човештвото. Но надвор од кралството на деловноста, овие луѓе се глупаци. Тие знаат само што е деловност. Тие не знаат што е тоа општество, а сепак се поставуваат себеси како господари на судбините на милионите гладници и сите други милиони покрај нив. Еден ден, историјата грозно ќе се смее на нивна сметка.”
Не се изненадив кога разговарав со госпоѓата Виксон и со госпоѓата Пертонвејт. Тие беа жени од општеството.[33] Домовите им беа дворци. Имаа куќи расфрлани по целата земја: по планините, на езерата, крај морето. Ги служеше цела војска слуги, а нивната општествена активност едноставно збунуваше. Беа заштитници на универзитетот и на црквите, а свештениците посебно им паѓаа на коленици во кротка потчинетост.[34] Тие претставуваа моќ, овие две жени, благодарејќи на моќта на парите што ги имаа. Како што разбрав наскоро од Ернест, имаа огромна моќ со пари да влијаат врз мислата.
Ги имитираа своите сопрузи, небаре беа мајмуни, и исто како и тие зборуваа надолго и нашироко за политиката, како и за должностите и одговорностите на богатите. Беа под влијание на истиот морал што господареше и со нивните сопрузи — моралот на нивната класа; и тие изговараа глатки и течни фрази што дури и нивните сопствени уши не ги разбираа.
Се разлутија кога им раскажував за бедната положба на Џексоновото семејство и кога се зачудив зошто доброволно не се погрижиле за тој човек. Ми рекоа дека нема потреба да ги учам за тоа кои се нивните општествени должности. Кога ги замолив отворено да му помогнат на Џексон, тие исто така отворено одбија. Она што ме вчудовидуваше беше тоа што обете одбија со речиси истиот јазик, и покрај фактот дека со секоја од нив разговарав одделно, без едната да знае дека сум се сретнала или ќе се сретнам со другата. Нивниот заеднички одговор беше дека тие нема никогаш да ја наградуваат невнимателноста, ниту пак сакаат, плаќајќи ги несреќните случаи, да ги доведуваат сиромашните во искушение намерно да се повредуваат крај машините.[35] Овие две жени беа искрени. Едноставно, беа пијани од убеденоста во својата супериорност и во супериорноста на својата класа. Во својот сопствен морал, за секоја постапка имаа и санкција. И додека си заминував од големата куќа на госпоѓата Пертонвејт, се свртев да ја погледнам и се сетив на зборовите на Ернест дека тие се врзани со машините, но така што седат на нивниот врв.
Забелешки
[31] Пред да се роди Ејвис Еверхард, Џон Стјуарт Мил во својот есеј „За слободата” напиша: „Каде и да постои класа што се издига, голем дел од моралот потекнува од нејзините класни интереси и класното чувство на надмоќност.”
[32] Весниците во 1902 година на претседателот на Антарктичкиот јагленов труст, Џорџ Ф. Бер, му припишуваа дека го поставил следново начело: „Правата и интересите на работниците ќе ги штитат оние христијани на кои господ во својата бескрајна мудрост им ги доверил сопственичките интереси на земјата.”
[33] Зборот „општество” тука е употребен во своето потесно значење што било во општа употреба во тоа време за да ги означи позлатените трустови што не работеа ништо, а само се ситеа од работничките ќупови мед. Ниту деловните луѓе, ниту работниците немаа време за „општеството”. „Општеството” беше творба на богатите безделници кои не работеа туку си играа на ваков начин.
[34] „Дајте ги ваму своите валкани пари”, — тоа беше, недвосмислено сфаќање на црквата од она време.
[35] Во „Видик”, критички неделен весник од она време, во бројот од 18 август 1906 година, се изнесени околностите во кои еден работник ја изгубил раката; деталите на тој случај се coceмa слични со оние на Џексоновиот, што ги раскажа Ејвис Еверхард.