Џек Лондон
Железната петица

Глава III

Џексоновата рака


Јас и не сонував колку судбоносна улога ќе одигра Џексоновата рака во мојот живот. Самиот Џексон, кога го пронајдов, не ми остави којзнае каков впечаток. Го најдов во некаква трошна[24] и разнишана куќа, долу крај заливот, на работ на мочуриштето. Околу куќата беа бари застоена вода, чија површина беше покриена со зелена и гнасна пена, а насекаде се ширеше неподнослива смрдеа. Џексон беше навистина кроток и скромен човек како што ми го опишаа. Правеше нешто од трска и не престануваше да работи за сето време додека му зборував. Но и покрај сета негова кроткост и скромност, мислам дека го фатив првиот тон на горчина што се раѓаше во него кога проговори:

„Било што било, можеа барем да ме постават за чувар.”[25]

Малку извлеков од него. Ми остави впечаток на глупак, а сепак спретноста со која работеше со една рака се чинеше како да залажува — тој и не беше толку глупав. Тоа ме доведе на една помисла.

„Како се случи машината да ви ја потфати раката?” прашав.

Ме погледна внимателно, ме изгледа, па заврте со главата. „Не знам. Едноставно, се случи.”

„Невнимание?” побрзав да прашам. „Не”, ми одговори, „не би рекол. Работев прекувремено и мислам дека бев малку изморен. Работев седумнаесет години во предилниците и сум забележал дека повеќето несреќни случаи се случуваат непосредно пред да засвири фабричката сирена.[26] Можам да се обложам дека повеќе несреќни случаи се случуваат оној еден час пред фабричката сирена одошто во текот на останатиот дел од работниот ден. Човек не е толку спретен по непрекинатото работење. Знам, зашто сум видел којзнае колкумина со отсечени раце, извадени очи, унесреќени.”

„Којзнае колкумина?” прашав.

„Стотици и стотици, а меѓу нив и деца.”

Освен овие страшни подробности, Џексоновата приказна за неговиот несреќен случај беше истата каква што ја бев веќе чула. А кога го прашав да не прекршил некое правило за ракување со машината, тој заврте со главата.

„Со десната рака го симнував ременот,” рече тој, „а со левата посегнав по кременчето. Не застанав да видам дали сум го симнал ременот. Мислев дека тоа веќе го сторила мојата десна рака — но, едноставно, тоа не беше така. Ја подадов раката, а ременот не беше уште сосема симнат. И тогаш машината ми ја потфати раката.”

„Мора да ве болело,” реков со сочувство.

„Крцкањето на коските не беше пријатно, сигурно;“ беше одговорот.

Што се однесува до молбата за отштета, тој беше прилично неодреден. Само едно му беше јасно, имено тој не доби никаква отштета. Имаше чувство дека сведочењето на работоводителите и на надзорникот довеле до неповолната одлука на судот. Нивното сведочење, како што тој рече, „Не било онакво какво што требало да биде.” И тогаш, решив да отидам и кај тие луѓе.

Едно беше очигледно: положбата на Џексон беше бедна. Жена му беше болна, а со своите производи од трска и со торбарењето тој не можеше да заработи доволно за да си го прехрани семејството. Заостануваше во плаќањето на киријата, па неговиот најстар син, момче единаесет години, беше започнал да работи во предилниците.

„Можеа барем да ми ја дадат таа работа на чувар,” беа неговите последни зборови кога си заминував.

Откако се видов со адвокатот кој го водел Џексоновиот случај и со работоводителите и со надзорниците кои биле сведоци, почнав да чувствувам дека сепак имаше основа она што го тврдеше Ернест.

Адвокатот беше слабичкав човек кој со својот изглед не оддаваше способност, па штом го видов, и не се зачудив што Џексон го изгубил спорот. Првото што го помислив беше дека така и му требало на Џексон кога зел таков адвокат. Но веќе следниот момент низ свеста ми прелетаа Ернестовите изјави: „Во компанијата се вработени многу способни адвокати” и „Адвокатот Ингрем е многу препреден.” Почнав брзо да размислувам. Ми падна на ум дека компанијата сигурно можела да му се обрати на многу подобар адвокат одошто работник како Џексон. Но тоа беше само една малечка подробност. Бев сигурна дека постои некоја добра причина поради која Џексоновиот случај се решил во негова штета.

„Зошто го изгубивте спорот?” прашав.

Адвокатот за момент се збуни и се вознемири; почувствував дека во душата го жалам тоа бедно мало суштество. Потоа почна да се поплакува. Јас навистина верувам дека поплакувањето му беше вродено. Беше човек кому му било црно пишано уште со раѓањето. Се поплакуваше на исказите на сведоците. Тие изнесувале факти што ѝ оделе во полза само на спротивната страна. Од нив не можел да извлече ниту збор што би му помогнал на Џексон. Тие знаеле од која страна им се мачка лебот со путер. Џексон бил будала. Дозволил адвокатот Ингрем да го заплаши и да го збуни. Адвокатот Ингрем бил брилијантен при поставувањето вкрстени прашања. Тој го натерал Џексон да одговара во своја штета.

„Како можел да одговара во своја штета ако правдата била на негова страна?” прашав.

„Каква врска има правдата со тоа?” на моето прашање ми одговори со прашање. „Ги гледате ли сиве овие книги?” Со раката покажа на цел ред книги по полиците на ѕидовите на неговата мала канцеларија. „Сето мое читање и студирање на овие книги ме научи дека законот е едно, а правдата друго. Прашајте го кој било адвокат. Човек посетува неделно училиште за да научи што е правда, но овие книги ги чита за да научи што е... закон.”

„Дали со тоа сакате да ми кажете дека правдата била на страната на Џексон, но дека тој сепак го загубил спорот?” прашав како за проба. „Дали со тоа сакате да ми кажете дека нема никаква правда во судењето на судијата Колдвел?”

Малечкиот адвокат ме прострела за момент со својот поглед, но веднаш потоа од неговото лице исчезна сета воинственост.

„Немав никаква чесна шанса,” почна да се поплакува повторно. „Од Џексон и од мене направија будали. Какви изгледи имав јас? Ингрем е голем адвокат. Да не беше голем, зар ќе ги водеше правните работи на предилниците на Сиера, на Ерстонскиот земјиштен синдикат [труст], на здружените претпријатија Беркли, на електричното здружение Оукленд, Сан Леандро и Плезнтон. Тој е адвокат на корпорации, а таквите адвокати не се плаќаат зашто се будали.[27] Што мислите, зошто само предилниците на Сиера му плаќаат дваесет илјади долари годишно? Зашто за нив тој чини дваесет илјади долари, ете зошто. Јас не чинам толку. Да чинев, не ќе бев отфрлен вака, настрана, не ќе гладуваа и не ќе водев случаи како оној на Џексон. Што мислите, колку ќе заработев ако го добиев Џексоновиот спор?”

„Најверојатно, вие би го опљачкале,” одговорив.

„Се разбира,” викна налутено. „Јас треба да живеам, зар не?”[28]

„Тој има жена и деца,” го прекорив.

„Па и јас имам жена и деца,” ми одговори. „А на светов нема жива душа освен мене која се грижи за тоа дали тие ќе гладуваат или не.”

Наеднаш, неговото лице се разнежи и тој го отвори џебниот часовник за да ми покаже една мала фотографија на сопругата и двете ќеркички, залепена на внатрешната страна на капакот.

„Еве, погледнете ги. Тешки денови сме преживеале, тешки. А се надевав дека ако го добијам спорот на Џексон; ќе можам да ги пратам на село. За нив тука воздухот не е здрав, но сега немам можност да ги пратам никаде.”

Кога се готвев да заминам, тој удри повторно да се поплакува:

„Немав ни трошка изгледи. Адвокатот Ингрем и судијата Колдвел се прилично добри пријатели. Не сакам со тоа да кажам дека ако при вкрстеното испрашување добиев од сведоците исправни искази, тоа пријателство ќе го одлучеше спорот. Сепак морам да кажам дека судијата Колдвел стори многу за да ме спречи да ги прифатам токму тие искази. Зашто судијата Колдвел и адвокатот Ингрем ѝ припаѓаат на истата ложа и на истиот клуб. Тие живеат во ист крај — таму каде што е прескапо за мене. И нивните жени постојано си прават идими-дојдими. И постојано, ту едната, ту другата, си се покануваат на карти.”

„И сепак вие мислите дека Џексон имал право?” прашав, застанувајќи за момент на прагот.

„Не мислам, туку знам,” беше неговиот одговор. „Уште на почетокот мислев дека тој има некакви изгледи. Но не ѝ кажував на жена ми. Не сакав да ја разочарам. Таа со сето свое срце мислеше на патувањето на село, па колку и да беше тешко да се изведе тоа.”

„Зошто не обрнавте внимание на фактот дека Џексон се обидел да ја спаси машината од оштетување?” го прашав Питер Донели, еден од работоводителите кој сведочел на процесот.

Тој размислуваше долго пред да ми одговори. Потоа погледна околу себе, и ми рече:

„Зашто имам добра жена и три најслатки деца какви што не сте виделе никогаш, ете зошто.”

Не разбирам,” реков.

„Со други зборови, зашто тоа не би било разумно”, ми одговори.

„Сакате да кажете дека...”, почнав.

Но тој бесно ме прекина.

„Сакам да го кажам тоа што го реков. Долги години работам во предилниците. Почнав на вретената, како момченце. Оттогаш работам непрекинато. Со напорна работа стигнав до мојата сегашна, нешто повисока положба. Јас сум, знаете, работоводител. И се сомневам дали воопшто има некој во предилниците кој би ми пружил рака кога би почнал да се давам во вода. Му припаѓав на синдикатот. Но за време на два штрајка, останав на страната на компанијата. Ме нарекоа „штрајкбрехер.” Меѓу нив денеска нема ниту еден кој кога би го поканил, би испил една чашка со мене. Ми ги гледате ли лузниве по главава: фрлаа по мене со тули. Нема ниту едно дете на вретената кое не ми го проколнува името. Мојот единствен пријател е компанијата. Не должноста, туку парчето леб и животот на моите деца ме тераат да стојам на страната на предилниците. Ете, зошто.”

„Дали Џeкcoн требаше да биде обвинет?” прашав.

„Тој требаше да добие отштета. Беше добар работник и никогаш не правел незгоди.”

„Тогаш, вие не сте биле слободен да ја кажете целата вистина, како што сте се заколнале дека ќе ја зборувате?”

Тој заврте со главата.

„Вистината, целата вистина и ништо друго, туку вистината,” реков свечено.

На неговото лице се појави возбуденост повторно и тој го крена лицето, не накај мене, туку накај небото.

„За своите деца би издржал да ми горат во вечен пекол и душата и телото,” беше неговиот одговор.

Хенри Далас, надзорникот, беше суштество со лисичино лице. Ме гледаше дрско и одби да разговара. Од него не можев да извлечам ниту збор во врска со процесот и неговото сведочење. Но со другиот работоводител имав поголема среќа. Џемс Смит беше човек со сурово лице и срцето ми се стегна кога се сретнав со него. И тој ми остави впечаток дека не е соговорник со кого може слободно да се зборува, а додека разговаравме, почувствував дека духовно беше над просечните претставници на својот сој. Се согласуваше со Питер Донели дека Џексон требало да добие отштета и отиде понатаму нарекувајќи ја таа постапка безмилосна и ладнокрвна, зашто оставила еден работник на милост и немилост, кој поради несреќен случај останал беспомошен. Исто така, тој ми објасни дека во предилниците се случуваат многу несреќни случаи, но дека политиката на компанијата е да се бори огорчено против сите молби за отштета што следствено се поднесуваат.

„За акционерите тоа значи стотици илјади долари годишно,” рече тој и додека зборуваше, се сетив на последната дивиденда што му беше исплатена на татко ми, на мојот прекрасен фустан и на книгите на татко ми што беа купени од таа дивиденда. Се сетив на Ернестовите обвинувања дека фустанот ми е извалкан од крв и почувствував дека кожата почна да ми се наежува.

„Кога сведочевте на процесот, не укажавте на фактот дека на Џексон му се случила несреќа зашто се обидел да ја спаси машината од оштетување?” прашав.

„Не,” беше одговорот, а устата му се изви од горчина. „Се држев на фактот дека Џексон се повредил од несосредоченост и невнимание, па според тоа компанијата немаше зошто да се обвинува или да се смета за одговорна.”

„А дали тоа беше невнимание?” прашав.

„Наречете го тоа така или како сакате поинаку. Факт е дека човек е изморен по толку часови работа.”

Човеков ме заинтересира. Секако дека беше пообразован.

„Пообразован сте одошто повеќето работници,” реков.

„Завршив средно училиште, ми одговори. „Патот низ животот си го пробивав работејќи како вратар. Сакав да одам и на факултет, но татко ми умре и јас дојдов да работам во предилниците.

„Сакав да станам природонаучник,” ми објасни срамежливо, небаре признаваше некоја своја слабост. „Ги сакам животните, но дојдов да работам во предилниците. Кога ме унапредија во работоводител, се оженив, па дојде семејството и... па, ете, не бев веќе свој господар.”

„Што сакате да кажете со тоа?” прашав.

„Ви објаснував зошто сведочев на процесот така, следејќи нечии упатства.”

„Чии упатства?”

„На адвокатот Ингрем. Тој отприлика ми скицираше што и како да сведочам.”

„И така Џексон го загуби спорот?”

Тој кимна со главата, а крвта почна да му навира морничаво во лицето.

„Џексон на својот грб има жена и две деца”.

„Знам,” рече тој тивко, а лицето му стануваше сѐ потемно.

„Кажете ми”, продолжив, „дали ви беше лесно да се спуштите од оној човек што сте биле, да речеме во средно училиште, на човек каков сте морале да станете за да сторите такво нешто на процесот?”

Тој така ненадејно избувна, што сета се вџашив и се преплашив. Распали груба пцост и ја стегна тупаницата небаре спремен да ме удри.

„Простете”, рече веќе следниот момент. „Не, не ми беше лесно. А сега, мислам дека можете да си одите. Од мене добивте сѐ што ви требаше. Но дозволете ми да ви го кажам ова пред да си одите: нема да имате никаква полза ако го повторите сето она што ви го реков. Сѐ ќе порекнам, а сведоци немате. Ќе го порекнам секој збор и, ако мора, тоа ќе го сторам заколнувајќи се и пред судот.”

По разговорот со Смит, отидов во кабинетот на татко ми, во хемискиот институт, и таму го сретнав Ернест. Беше неочекувано, но ме пресретна со оној негов смел поглед, со цврстото стегање на раката и со онаа необична мешавина на неспретност и непринуденост. Изгледаше како да ја заборавил нашата последна бурна средба, но јас не бев во такво расположение за да ја заборавам.

„Го испитував случајот на Џексон,” реков одненадеж.

Заинтересиран, сиот се претвори во внимание и чекаше да продолжам, иако во неговите очи можев да прочитам сигурност дека сум се разубедила.

„Се чини дека со него лошо се постапило,” признав. „Јас... јас ... мислам дека од нашите стреи капе малку и негова крв.”

„Се разбира,” одговори тој. „Ако со Џексон и со сите негови другари се постапувало милостиво, дивидендите не би биле толку високи.”

„Никогаш повеќе не ќе чувствувам задоволство во носењето убави фустани,” додадов.

Се чувствував понизено и покајнички, а истовремено бев свесна за некакво слатко чувство — дека Ернест ми беше како еден вид отец-исповедник. Тогаш и секогаш оттогаш, неговата сила ме привлекуваше. Како од неа да зрачеше ветување за мир и заштита.

„Ниту пак ќе испитувате задоволство во конопените вреќи,” рече тој сериозно. „Знаете, има фабрики за преработка на јута и во нив се случуваат истите работи. Така е насекаде. Нашата фалена цивилизација почива на крв, натопена е со крв и ниту вие, ниту било кој од нас не може да го избегне крвавото петно. А луѓето со кои разговаравте — кои беа?”

Му раскажав за сѐ што ми се случи.

„И ниеден од нив не беше слободна личност,” рече тој. „Сите тие се врзани за безмилосната индустриска машина. A она што е страдалничко и трагично во сето тоа е фактот што тие се врзани за тие машини со сето свое срце. Нивните деца — тие млади животи што тие инстинктивно ги штитат. Овој инстинкт е посилен од секаков нивен морал. Земете го татко ми. Лажеше, крадеше и ги правеше сите нечесни работи само и само да ме нахрани мене, моите браќа и сестри. Тој и беше слуга на индустриската машина; таа му го исцеди сиот живот од него и умре работејќи на неа.”

„Но, вие,” извикнав, „вие сте сигурно слободна личност.”

„Не сосема,” одговори тој. „Не сум врзан од сесрце. Честопати сум благодарен што немам деца, а всушност многу сакам деца. Сепак, ако се оженам, не би се осмелил да ги имам.”

„Секако дека е тоа лошо начело,” викнав.

„Знам,” рече тој тажно. „Не е полезно, јас сум револуционер; а тоа е опасна професија.”

Се насмеав со недоверба.

„Ако се обидам ноќе да влезам во куќата на вашиот татко за да му ги украдам дивидендите од предилниците на Сиера, што би сторил тој?”

„Спие со револвер на масичката крај креветот,” му одговорив. „Најверојатно, тој би ве убил.”

„А ако јас и уште неколкумина поведеме милион и пол луѓе[29] во куќите на сите богаташи, би имало многу убивања, нели?”

„Да, но вие тоа не го правите,” проговорив.

„Тоа е токму она што го правам. И имаме намера да го земеме не само богатството од куќите, туку и сите извори на тоа богатство, сите рудници, железници, фабрики, банки, стоваришта. Тоа е револуција. Таа е навистина опасна. Се плашам, ќе има многу убивања, дури и повеќе одошто воопшто претпоставувам. Но, како што реков, денеска никој не е слободна личност. Ние сите сме фатени во тркалата и во запците на индустриската машина. Откривте дека и вие и луѓето со кои разговаравте сте фатени. Разговарајте со повеќемина од нив. Одете и разговарајте со адвокатот Ингрем. Побарајте ги новинарите што не го дале Џексоновиот случај во весниците и издавачите кои ги издаваат тие весници. Ќе видите дека сите тие се робови на машините.”

Нешто подоцна, во текот на нашиот разговор, му поставив едноставно прашање за тоа каква е одговорноста на работниците при несреќните случаи, на што тој ми одговори со едно цело предавање по статистика.

„Тоа стои во сите книги,” рече тој. „Бројките што се собрани убедливо докажуваат дека до несреќни случаи ретко доаѓа во првите утрински часови, но дека нивниот број брзо расте во следните часови кога работниците се заморуваат и стануваат спори и во телесните и во духовните процеси.”

„Па, дали знаете дека татко ви има трипати поголеми изгледи да си го зачува животот и рацете и нозете цели, одошто еден работник?

„Да, има. Осигурителните друштва го знаат тоа.[30] За една полиса за осигурување на животот во несреќни случаи што чини илјада долари, тие од него ќе бараат четири долари и дваесет центи годишно, а за истата полиса од работникот ќе бараат петнаесет долари.”

„А вие?” го прашав и во моментот кога го прашав, почувствував дека бев не малку загрижена за него.

„Ох, како револуционер, имам осумпати повеќе изгледи да бидам повреден или отепан, одошто еден работник,” ми одговори небрежно. „Осигурителните друштва од стручните хемичари кои ракуваат со експлозивни материи бараат осумпати повеќе одошто од работниците. Мислам дека тие воопшто и не би се согласиле да ме осигураат. А зошто ме прашувате?”

Затреперив од возбуда и почувствував како крвта ми навре во лицето. Не затоа што тој ме фати дека се грижам за него, туку затоа што себеси се фатив, и тоа во негово присуство.

Токму тогаш влезе татко ми и почна да се подготвува да појде со мене. Ернест врати неколку книги што ги беше позајмил и си замина прв. Но токму кога си заминуваше, се сврте и рече:

„Ох, патем да ви кажам, додека вие си го нарушувате својот сопствен душевен мир, а јас епископовиот, добро ќе сторите ако ги посетите госпоѓата Виксон и госпоѓата Пертонвејт. Знаете, нивните сопрузи се главните акционери на предилниците. Како и сите други луѓе, овие две жени се врзани за машините, но така што седат на нивниот врв.“


Забелешки

[24] Придавка со кои се опишуваат разурнатите и запуштените куќи во кои живееја најголем број работници од она време.

[25] Кражбата беше во она време неверојатно многу распространета. Секој секому му ја крадеше сопственоста. Господарите на општеството крадеа законски или ги озаконуваа своите кражби, додека посиромашните класи крадеа незаконски. Ништо не беше сигурно ако не се чуваше. Безброј луѓе беа вработувани како чувари за да се заштити сопственоста. Куќите на богатите беа комбинација од ризници и тврдини. Присвојувањето на туѓата лична сопственост од страна на нашите сопствени деца денеска се смета како последен остаток од онаа крадливост што во она време беше сеопшта.

[26] Работниците доаѓаа и си заминуваа од фабриките со дивиот пискотен звук на парните свирки што просто ги кинеа нервите.

[27] Задачата на адвокатот на една корпорација беше со корумпирани методи да им служи на среброљубивите склоности на корпорацијата. Запишано е дека Теодор Рузвелт, тогашен претседател на САД, во 1905 година во својот говор по повод промоцијата на студентите во Харвард, рекол: „Ние сите знаеме дека, онака како што стојат всушност, работите, многу од највлијателните и најдобро платени правници во секој центар сметаат дека нивна посебна должност е да создаваат смели и вешти планови со помош на кои нивните богати клиенти, поединци или здруженија, ќе можат да ги изигруваат законите што се донесени да ја регулираат употребата на големото богатство во интерес на јавноста.

[28] Типичен пример на убиствена борба што го зафати целото општество. Луѓето се пљачкосуваа еден со друг како побеснети волци. Големите волци ги јадеа малите, а во општествената глутница Џексон беше најмалиот меѓу малите волци.

[29] Ова се однесува на социјалистичките гласови во САД во текот на изборите во 1910 година. Порастот на овие гласови јасно го покажува и брзиот подем на револуционерната партија. Нејзината гласачка моќ во 1888 изнесуваше 2.068; во 1902, 127.719; во 1904, 435.040; во 1908, 1.108.427 и во 1910, 1.688.211.

[30] Во ужасниот волчји колеж од она време, никој не беше постојано безбеден, независно колкаво богатство имаше натрупано. Страхувајќи за добросостојбата на своите семејства, луѓето го измислија системот на осигурување. За нас, во ова просветено време, таквата идеја е смешно апсурдна и примитивна. Но во она време осигурувањето беше многу сериозна работа. Интересно е дека фондовите на осигурителните компании често беа плачкосувани и неразумно трошени од страна на истите оние службеници на кои им било доверено да ги чуваат.