Откако гостите си заминаа, татко ми се фрли во фотелјата и почна громогласно да се смее. Од смртта на мајка ми не бев го видела да се смее така, од сесрце.
„Се обложувам дека д-р Хемерфилд никогаш во својот живот не доживеал нешто слично,” се смееше тој. „Обносливост на теолошка расправа! Дали забележа како тој, прво, почна како јагне, мислам на Еверхард и како брзо потоа се претвори во разревен лав? Има фантастично дисциплиниран дух. Ќе беше добар научник ако својата енергија ја насочеше во тој правец.”
Не знам дали е воопшто потребно да кажам дека Ернест Еверхард силно ме заинтересира. Не ме интересираше само што и како зборуваше, туку ме заинтересира и како човек. Никогаш не бев сретнала таков човек. Претпоставувам дека затоа сѐ уште не бев мажена и покрај своите дваесет и четири години. Ми се допаѓаше. Тоа морав себеси да си го признам. А тоа допаѓање почиваше на нешта што беа надвор од интелектот и аргументот. Без оглед на неговите набрекнати мускули и на боксерскиот врат, тој ме импресионираше како благородно и искрено момче. Чувствував дека зад маската на тој интелектуален фалбаџија се криеше префинет и чувствителен дух. Тоа го чувствував на начин што беше и за мене непознат, благодарејќи на мојата женска интуиција.
Имаше нешто во неговиот воинствен тон што ми пробиваше дури до срцето. Тој сѐ уште ми одѕвонува во ушиве — чувствувам дека би сакала да го чујам повторно — и да го видам повторно оној блескот на смеа во неговите очи што лажно зборуваше за страсната сериозност на неговото лице. А постоеја и други нејасни и неодредени чувства што ме вознемируваа. Тогаш бев речиси заљубена во него, иако сум убедена дека ако не го видев никогаш повеќе, тие нејасни чувства ќе минеа и јас лесно ќе го заборавев.
Но не ми беше судено да не го видам повеќе. Новоразбудениот интерес на татко ми за социологијата и вечерните седенки што ги приредуваше тој не дозволија да дојде до тоа. Татко ми не беше социолог. Неговиот брак со мајка ми беше многу среќен, а среќа наоѓаше и во истражувањата во областа на својата наука, физиката. Но кога мајка ми умре, тој не можеше да ја исполни таа празнина само со својата работа. Прво, почна одмерено да чепка по филозофијата, потоа заинтересирано се сврте накај економијата и социологијата. Имаше силно чувство за правда и набргу го запали страста да ја исправа неправдата. Со благодарност ги поздравив овие знаци на новиот интерес за живот, иако и не сонував што можеш да произлезе од тоа. Со момчешки занес возбудено нурна во оваа нова работа, не размислувајќи кон што ќе го одведе тоа.
Беше навикнат секогаш да работи во лабораторија, па така и трпезаријата ја претвори во социолошка лабораторија. Тука на вечера доаѓаа луѓе од секаков вид и општествена положба: научници, политичари, банкари, трговци, професори, работнички водачи, социјалисти и анархисти. Ги поттикнуваше на дискусија и ги анализираше нивните сфаќања за животот и за општеството.
Ернест го беше сретнал малку пред „проповедничката вечер”. А откако гостите се разотидоа, дознав како го сретнал: една вечер, врвејќи по улица, застанал да слуша некој човек кој качен на сандак и зборувал на толпа работници. Човекот на сандакот бил Ернест. Но тој не беше само говорник кој зборува качен по сандаците. Тој беше на висока функција во советите на социјалистичката партија. Беше еден од водачите и признат стручњак во филозофијата на социјализмот. Заплетканите прашања ги изнесуваше со едноставен и јасен јазик, беше роден толкувач и учител и не се срамеше да се качи на сандак и оттаму да им ја објаснува на работниците економијата.
Татко ми застанал да го слуша, се заинтересирал, му закажал состанок и откако добро го запознал, го поканил на вечерата на свештениците. По вечерата, татко ми ми го раскажа и она малку што го знаеше за него. Потекнувал од работничко семејство, иако бил потомок на стариот род Еверхардови кој живеел во Америка над двесте години.[15] На десетгодишна возраст заминал да работи по фабриките, а подоцна, работејќи како калфа, станал налбат. Бил самоук, го научил германскиот и францускиот, а крај со крај врзувал преведувајќи научни и филозофски дела за една социјалистичка издавачка куќа во Чикаго што одвај успевала да опстане. Приходите му се зголемувале и од малите хонорари што ги добивал пишувајќи оригинални трудови од областа на економијата и филозофијата.
Сето ова го дознав од татко ми пред да си легнам таа вечер. После, долго бев будна сеќавајќи се на звукот на неговиот глас. Се исплашив од сопствените мисли. Тој толку многу се разликуваше од луѓето кои ѝ припаѓаа на мојата класа, беше толку поинаков и толку силен. Неговата надмоќност ме воодушевуваше, а истовремено ме ужасуваше, зашто мислите ми талкаа нескротливо додека не се фатив како мислам на него како на љубовник и на сопруг. А отсекогаш бев слушала дека машката снага незадржливо ги привлекува жените. Но тој беше премногу силен. „Не! Не!” извикав. „Тоа е неможно, бесмислено!” Утредента се разбудив со мислата да го видам повторно. Сакав да го видам како господари со луѓето во дискусиите, да го чујам воинствениот тон на неговиот глас, да го видам во сета негова сигурност и сила, кршејќи го нивното самозадоволство и исфрлајќи ги од нивниот колосек на мисли. Па што ако се расфрлаше со зборови? Да го употребам неговиот израз, „тоа дејствуваше”, имаше одреден ефект. А освен тоа беше пријатно да се слуша неговото фалење. Тоа го поттикнуваше човека како нападот во битка.
Минаа неколку дена и за тоа време ги читав Ернестовите книги што ги позајмував од татко ми. Неговиот пишан збор беше како и неговата усна реч: јасен и убедлив. Она што делуваше убедливо и тогаш кога човек се сомнева и понатаму, беше совршената едноставност на неговиот збор. Беше надарен со способноста да биде јасен и разбирлив. Беше совршен толкувач. Па сепак и покрај неговиот стил, имаше многу работи што не ми се допаѓаа. Премногу го нагласуваше она што тој го нарекуваше класна борба, антагонизам меѓу трудот и капиталот, судирот на интересите.
Татко ми весело ми го соопшти мислењето на д-р Хемерфилд за Ернест дека е „безобразно, вообразено кутре што знае малку и недоволно.” Исто така д-р Хемерфилд одбил да се сретне повторно со Ернест.
Но, се покажа дека епископот Морхаус се заинтересира за него и дека сака повторно да се сретне со него. „Силно момче!” велеше тој, „и многу живо, многу живо. Но премногу сигурно во себе, премногу.”
Едно попладне Ернест дојде со татко ми. Епископот веќе беше дојден и ние пиевме чај на верандата. Патем да ви кажам дека Ернест го беше продолжил својот престој во Беркли зашто посетуваше специјални курсеви по биологија на универзитетот и сериозно работеше на нова книга под наслов „Филозофија и револуција”.[16]
Кога дојде Ернест, ми се причини како верандата одеднаш да стана претесна. Не зашто тој беше премногу крупен — беше висок околу сто и осумдесет сантиметри — туку зашто од него небаре зрачеше атмосфера на големина. Кога застана за да се поздрави со мене, забележав извесна мала неспретност што беше во малку чудна спротивност со неговиот смел поглед и цврста, сигурна рака што за момент ја стегна мојата во знак на поздрав. Во тој момент неговиот поглед беше исто толку цврст и сигурен. Овојпат се чинеше како во тој поглед да имаше некакво прашање и тој, како и порано, ме гледаше продолжително.
„Ја читав вашата ‘Филозофија на работничката класа’,” реков, а очите му засветкаа од задоволство.
„Се надевам,” ми одговори, „ги имавте на ум читателите на кои им е наменета таа.”
„Да, токму затоа што ги имав, сега сакам да порасправам со Вас,” го предизвикував.
„И јас сакам да се расправам со вас, господине Еверхард,” му рече епископот Морхаус.
Ернест ги крена рамениците на оној својствен начин и зеде шолја чај.
Епископот ми се поклони и ме пушти прво јас да зборувам.
„Вие ја распалувате класната омраза,” реков. Сметам дека е погрешно и дека е злосторство да се повикувате на сето она што е сурово и ограничено во работничката класа. Класната борба е антисоцијална, а ми се чини и антисоцијалистичка.”
„Не се чувствувам виновен,” одговори тој. „Класната омраза не е присутна ниту во текстот ниту во духот на било кое мое дело.”
„Ох!” извикнав прекорно посегнувајќи по неговата книга и отворајќи ја.
Потпивнуваше од чајот и ми се насмевнуваше додека ги вртев страниците. „Страница сто триесет и втора,” прочитав гласно: „Поради тоа класната борба на сегашниот степен на општествен развиток се појавува помеѓу класата на која ѝ се плаќа надница и класата која плаќа надница.“
Го погледнав победнички.
„Тука никаде не се спомнува класна омраза,” ми се насмевна.
„Но,” одговорив, „вие велите: класна борба.”
„Тоа е нешто сосема различно од класната омраза,” ми одговори. „И верувајте ми, ние не распалуваме никаква омраза. Ние велиме дека класната борба е закон на општествениот развиток. Ние не сме одговорни за тоа. Класната борба не ја создаваме ние. Ние само ја објаснуваме како што и Њутон ја објаснил гравитацијата. Ние ја објаснуваме природата на судирот на интересите што води кон класна борба.”
„Но, не би требало да има судир на интереси!” извикнав.
„Сосема се согласувам со вас”, ми одговори. „Тоа е она што се обидуваме да го постигнеме ние социјалистите — да го укинеме судирот на интересите. Простете, дозволете ми да ви прочитам еден извадок.” Ја зеде книгата и преврте неколку страници наназад. „Страница сто дваесет и шеста: ‘Циклусот класни борби што започнал со распаѓањето на примитивниот комунизам и со рaѓањето на приватната сопственост ќе заврши со тоа што приватната сопственост ќе стане средство на општествено постоење’.”
„Но јас не се согласувам со вас,” се вмеша епископот, a неговото бледо, испосничко лице, одвај вцрвувајќи се, ја оддаваше силината на неговите чувства. „Вашата премиса е неточна. Не постои судир на интересите помеѓу трудот и капиталот — или подобро речено, не би требало да постои.”
„Благодарам,” рече Ернест сериозно, „со вашава последна изјава ми ја вративте мојата премиса.”
„Но, зошто би требало да има судир?” праша епископот возбудено.
Ернест ги крена рамениците. „Претпоставувам дека зашто сме создадени така.”
„Но, ние не сме создадени така,” извика другиот.
„Дали дискутирате за идеалните луѓе?” праша Ернест, „несебични и слични на бога и толку малубројни што практично и не постојат, или пак дискутирате за обичните и секојдневни, просечни луѓе?”
„За обичните и секојдневни луѓе,” гласеше одговорот.
„Кои се малодушни и согрешливи, склони да грешат?“
Епископот Морхаус кимна со главата.
„И дребнави и себични?”
Епископот кимна повторно.
„Внимавајте,” го предупреди Ернест, „реков: себични.“
„Просечните луѓе се себични,” смело потврди епископот.
„Го посакуваат сето она што можат да го добијат?”
„Го посакуваат сето она што можат да го добијат — жалосно, но вистина.”
„Е, сега ве фатив.” Ернест ги стегна вилиците како стапица. „Дозволете да ви покажам. Да земеме еден човек кој работи на трамваите.”
„Тој не би можел да работи ако нема капитал,” го прекина епископот.
„Точно, но мора да признаете дека капиталот би пропаднал да не е работникот да ги заработува дивидендите.”
Епископот молчеше.
„Така ли е?” настојуваше Ернест.
Епископот кимна со главата.
„Тогаш, нашите тврдења се побиваат едни со други,” рече Ернест едноставно, „и ние сме повторно онаму од каде што тргнавме. Сега да почнеме одново. Работниците на трамваите го создаваат трудот, а акционерите ги создаваат капиталот. Со здружени сили на трудот и капиталот се заработуваат парите.[17] Тие си ги делат заработените пари меѓу себе. Капиталистичкиот дел се нарекува 'дивиденда', а работничкиот — 'надница'.”
„Многу добро,” се вмеша епископот. „Нема причина поделбата да не се изврши пријателски.”
„Веќе заборавивте во што се согласивме,” одговори Ернест. „Се согласивме дека просечниот човек е себичен. Таков е денешниот човек. Сте се кренале в облаци и вршите поделба какви треба да бидат луѓето, но тие не се тоа. Но, да се вратиме на земјата: работникот, бидејќи е себичен, при поделбата сака да извлече колку може повеќе. Капиталистот, бидејќи е себичен, сака да извлече колку може повеќе. А кога постои нешто од кое двајца посакуваат да извлечат колку може повеќе, се јавува судир на интересите. Тоа е непомирлив судир. И сѐ додека постојат работници и капиталисти, тие постојано ќе се расправаат околу поделбата. Да бевте попладнево во Сан Франциско, ќе моравте да одите пеш. Не работеше ниту еден трамвај.”
„И пак штрајк?”[18] праша епископот вознемирено.
„Да, се расправаат околу поделбата на заработувачките од трамваите.”
Епископот Морхаус се возбуди.
„Не чини тоа!” извикна тој. „Работниците се навистина кратковидни. Како може да се надеваат на поткрепа од наша страна...”
„... кога сме принудени да одиме пеш”, рече Ернест лукаво.
Но епископот не му обрна внимание воопшто и тој продолжи.
„Нивните погледи на светот се премногу ограничени. Луѓето треба да бидат луѓе, а не ѕверови. Ќе дојде до насилства и убиства и ќе има многу ожалостени вдовици и сираци. Капиталот и трудот треба да бидат пријатели. Би требало да работат рака за рака, зашто тоа е од полза за обете страни.”
„Ах, вие повторно се кренавте в облаци,” суво забележа Ернест. „Вратете се на земјата. Запомнете, се согласивме дека просечниот човек е себичен.”
„Не, тој не треба да биде таков,” викна епископот.
„И тука се согласувам со вас,” гласеше одговорот на Ернест. „Тој не треба да биде себичен, но тој ќе продолжи да биде тоа сѐ додека живее во општествен систем што почива на свински морал.”
Епископот го обзеде ужас, а татко ми се насмеа придушено.
„Да, свински морал,” продолжи Ернест безмилосно. „Тоа е значењето на капиталистичкиот систем. И тоа е она за што се зазема вашата црква, она што го проповедате вие секогаш кога ќе се качите на проповедилницата. Свински морал! Нема друго име за тоа!”
Епископот Морхаус се сврте со молежлив поглед накај татко ми, но тој се смееше и кимаше со главата.
„Се плашам дека господин Еверхард има право,” рече тој. „Laissez faiгe, политика 'пушти секој да прави што сака', а сѐ друго нека оди по ѓаволите. Како што рече господинот Еверхард пред некоја вечер, работата што ја вршите вие свештениците се состои во одржувањето на постоечкиот општествен поредок, а општеството почива врз таа основа.”
„Не, Христос не проповедал така,” извика епископот.
„Црквата денеска не го проповеда Христовото учење,” брзо се вмеша Ернест. „Затоа и работниците не сакаат да имаат никаква врска со црквата. Црквата ја проштева онаа ужасна бруталност и дивјаштво на капиталистичката класа спрема работничката класа.“
„Црквата не го проштева тоа,” приговори епископот.
„Црквата не му се противставува на тоа,” одговори Ернест. „И сѐ додека таа не му се противставува, таа, всушност, проштева, зашто, не заборавајте дека капиталистичката класа ја поддржува црквата.”
„Не го гледав проблемот од тој аспект,” рече епископот наивно. „Мора да грешите. Знам дека има многу тажни и порочни нешта во светов. Знам дека црквата го загуби она што вие го нарекувате пролетаријат.”[19]
„Вие никогаш и не сте го имале пролетаријатот,” викна Ернест. „Пролетаријатот израсна надвор од црквата и без црквата.”
„Не ве разбирам,” рече епископот тивко.
„Тогаш, дозволете ми да ви објаснам. Со воведувањето на машините и фабричкиот систем во втората половина на осумнаесеттиот век, огромната маса работен народ беше одделена од земјата. Стариот трудов систем беше срушен. Работниот народ беше истеран од селата и нагнетен по индустриските градови. Крај машините беа поставени да работат мајки и деца. Семејниот живот секна. Условите за работа беа ужасни. Тоа е крвава приказна.”
„Знам, знам,” го прекина епископот Морхаус со страдалнички израз на лицето. „Тоа беше страшно. Но така било пред векипол.”
„И оттогаш, од пред векипол, потекнува современиот пролетаријат,” продолжи Ернест. „А црквата не му обрнувала внимание. И додека капиталистите го водеа народот в кланица, црквата молчеше. Таа не протестираше како што не протестира и денес. Зборувајќи за тоа време, Остен Луј[20] вели: Оние на кои им беше наредено 'Хранете ги моите јагниња', гледаа без протест како тие исти јагниња се продаваа во ропство и како работеа до смрт.[21] Црквата тогаш молчеше. Но, пред да продолжам, сакам отворено да се согласите со мене или отворено да ми се противставите. Дали молчеше тогаш црквата?”
Епископот Морхаус се двоумеше. Како и д-р Хемерфилд, и тој не беше навикнат на вака жестока „пресметка”, како што ја нарекуваше Ернест.
„Историјата на осумнаесеттиот век е напишана,” му помогна да почне Ернест. „Ако црквата не молчела, по учебниците немаше да пишува дека молчела.”
„Мислам дека црквата молчеше,” призна епископот.
„А таа молчи и денес.”
„Тука не се согласувам со вас,” рече епископот.
Ернест подзастана, го погледна остро и го прифати предизвикот.
„В ред,” рече тој. „Да видиме. Во Чикаго има жени кои 'рмбаат цела недела само за деведесет центи. Дали протестираше црквата?”
„Тоа е нешто ново за мене,” гласеше одговорот. „Деведесет центи неделно! Па, тоа е страшно!”
„Дали црквата протестираше?” настојуваше Ернест.
„Црквата не знае за тоа,” се опираше епископот очајнички.
„А сепак наредбата до црквата гласеше: 'Хранете ги моите јагниња', се насмеа подбивно Ернест. А потоа додаде: „Простете што се потсмевам, епископе. Но може ли да ве чуди тоа што ние изгубивме трпение со вас? Кога во вашите капиталистички братства сте протестирале зошто во предилниците на југ[22] работат деца? Деца од по шест и седум години кои работат секоја ноќ во смени од по дванаесет часови? Тие никогаш не го виделе благословеното сонце. Тие умираат како муви. Дивидендите се исплаќаат од нивната крв. Од дивидендите се градат величествени цркви во Нова Англија, цркви во кои им проповедате пријатни плиткоумности на љубезните, лукави и со заоблени меови приматели на тие дивиденди.”
„Не знаев за тоа,” одвај чујно промрморе епископот. Лицето му беше бледо, чиниш, му се слоши.
„Значи, не протестиравте?”
Епископот заврте со главата.
„Значи, црквата и денеска молчи како што молчела и во осумнаесеттиот век?”
Епископот молчеше, а Ернест, овојпат, се воздржа да настојува.
„И не заборавајте: секогаш кога некое свештено лице протестира, него го отпуштаат од работа”.
„Не сум сигурен дека е тоа така,” приговори епископот.
„Ќе протестирате ли?” праша Ернест.
„Покажете ми зла како оние што ги спомнавте пред малку, овде во нашава општина и јас ќе протестирам.”
„Ќе ви покажам,” рече Ернест тивко. „Ви стојам на располагање. Ќе ве поведам на патување низ пеколот.”
„И јас ќе протестирам.” Епископот се подисправи во фотелјата, а воинствена суровост му го покри благородното лице. „Црквата нема да молчи.”
„Ќе ве отпуштат од работа,” го предупреди Ернест.
„Јас ќе гo докажам токму спротивното,” одговори тој. „Ќе докажам, ако е сѐ така како што велите вие, дека црквата грешела поради неинформираност. И уште нешто. Сметам дека сѐ што е ужасно во едно индустриско општество, се должи на неинформираноста на капиталистичката класа. Таа ќе исправи сѐ што не чини само ако дознае за тоа.”
Ернест се насмеа. Се смееше скотски, па бев принудена да го бранам епископот.
„Запомнете,” реков, „вие ја гледате само едната страна на медалот. Во нас има многу добрини, иако вие не ни признавате никакво добро. Епископот Морхаус има право. Индустрискиот грев, страшен како што го опишувате вие, се должи на неинформираноста. Општествените слоеви и премногу се одделија еден од друг.”
„Ниту нецивилизираните Индијанци не се толку брутални и диви колку што е капиталистичката класа,” ми одговори тој и во тој момент јас го мразев.
„Вие не нѐ познавате,” му одговорив. „Ние не сме брутални и диви.”
„Докажете го тоа,” предизвикуваше тој.
„Како да ви го докажам тоа... вам?” почнав да се лутам.
Тој заврте со главата. „Не барам тоа мене да ми го докажете. Барам тоа да си го докажете себеси.”
„Знам,” реков.
„Вие не знаете ништо,” грубо ми одговори.
„Ајде, ајде, деца,” рече татко ми смирувачки.
„Не ми е грижа...,” почнав разлутено, но Ернест ме прекина.
„Сум чул дека вие, или вашиот татко, сеедно, имате пари вложени во предилниците на Сиера.”
„Каква врска има тоа?” викнав.
„Нема многу,” почна тој бавно, „освен што фустанов што го носите е извалкан со крв. Храната што ја јадете е приготвувана во крв. Крвта на малите деца и силните мажи капе од самите стреи на вашите куќи. Треба само да ги затворам очиве, па да чујам како таа капе, капе, капе... насекаде околу мене.”
И, постапувајќи според она што го рече, тој ги затвори очите и се навали наназад во фотелјата. Се расплакав од навредата и од повредената суета. Во мојот живот, никој никогаш не постапувал толку грубо со мене. И епископот и татко ми беа збунети и вознемирени. Се обидоа разговорот да го поведат кон помирни води, но Ернест ги отвори очите, ме погледна и кришум ми мавна со раката. Устата му оддаваше строгост што се читаше и во неговиот поглед — поглед во кој немаше ниту искра насмевка. Што имаше намера да ми каже, со каква страшна казна се спремаше да ме казни, не дознав никогаш, зашто токму во тој момент еден човек, минувајќи по тротоарот, застана и погледна накај нас. Беше крупен, сиромашно облечен, а на плеќите носеше огромен товар ногари, столици, чадори направени од трска и бамбус. Погледна накај куќата како да се мислеше дали да влезе и да се обиде да продаде нешто од својата стока, или не.
„Човекон се вика Џексон,” рече Ернест.
„Со онака снажно тело тој би требало да работи, а не да торбари,”[23] му одговорив остро.
„Обрнете внимание на ракавот на неговата лева рака,” рече Ернест благо.
Погледнав и видов дека ракавот беше празен.
„Дел од крвта од таа рака слушав како капе од стреите на вашата куќа,” продолжи Ернест благо. „Тој ја изгуби раката во предилниците на Сиера и, како папсан коњ, вие го истеравте на улица за да пцовиса таму. Кога велам ‘вие’, мислам на надзорникот и на чиновниците кои ги плаќате вие и другите акционери за да ги водат предилниците наместо вас. Несреќен случај! А до него дојде зашто Џексон се обиде да ѝ заштеди на компанијата неколку долари. Запчестата макара на провртувачот му ја потфати раката. Можеше да пушти да мине кременчето што го виде во запците на макарата. Но тоа би уништило два реда шилци. Тој тогаш посегна по кременчето, но запците му ја истргнаа и му ја парчосаа раката од врвот на прстите до рамото. Тоа се случи ноќе. Предилниците работеа прекувремено. Тоа тромесечие се плаќаа високи дивиденди. Џексон работел со часови и неговите мускули ја беа изгубиле сета своја еластичност и енергија. Тие малку му ги забавија движењата. Затоа машината му ја потфати раката. А има жена и три деца.”
„А што стори компанијата за него?” прашав.
„Ништо. Ох, да, таа сепак стори нешто. Успешно му ја одби молбата за отштета што ја поднесе по излегувањето од болница. Знаете, во компанијата се вработени многу способни адвокати.”
„Вие не ја раскажавте целата приказна,” реков убедливо. „Или, можеби не ја знаете целата приказна. Можеби тој човек бил дрзок.”
„Дрзок! Ха! Ха!” се насмеа сотонски. „Господи боже! Дрзок! Со онаа откината рака! Не, тој беше кроток и понизен слуга, а и не го познаваа како дрзок човек.”
„Но судовите,” настојував јас. „Спорот не би бил решен во негова штета ако немало нешто што и вие не го спомнавте.”
„Адвокатот Ингрем е водечки советодавец на компанијата. Тој е итер адвокат.” Ернест ме погледна внимателно за момент, а потоа продолжи: „Ќе ви кажам што да правите, госпоѓице Канингем. Испитајте го случајот на Џексон.”
„Веќе решив да го сторам тоа,” реков студено.
„В ред,” и сиот засвете добродушно, „а јас ќе ви кажам каде можете да го најдете Џeкcoн. Но, се плашам за вас кога ќе помислам што сѐ треба да докажете со раката на Џексон.”
И се случи така што и епископот и јас го прифативме Ернестовиот предизвик. Си отидоа заедно, а мене ме оставија со болното чувство на неправда што ми беше нанесена мене и на мојата класа. Тој човек не беше човек, туку ѕвер. Значи, го мразев, но се тешев со мислата дека таквото негово однесување и треба да се очекува од човек кој потекнува од работничката класа.
Забелешки
[15] Во тоа време разликата помеѓу домородците и туѓинците беше остра и исполнета со омраза.
[16] Оваа книга беше постојано тајно печатена во текот на трите века владеење на Железната петица. Неколку примероци различно издание се наоѓаат во Националната библиотека во Ардис.
[17] Во она време, сите средства за превоз беа под контрола на пљачкашки групи, кои на народот му наплаќаа данок ако овој сакаше да ги ползува тие средства.
[18] Ваквите кавги беа многу вообичаени во она време на непросветеност и анархија. Понекогаш, работниците одбиваа да работат. Во жестокоста и нередот што беа последица од таквите кавги, беа уништувани многу имоти и човечки животи. Сето ова нам ни е несфатливо — несфатливо како и еден друг обичај од тоа време, имено, обичајот мажите од пониските класи да го кршат мебелот кога се караат со своите жени.
[19] Зборот „пролетаријат” потекнува од латинскиот збор „pгoletarii”, назив што Сервиј Тулиј, при пописи на населението, им ги давал на оние кои за државата биле полезни само како одгледувачи на потомства („pгoles”), односно на оние кои не биле важни ниту по богатството, ниту по позициите, ниту, пак, по некоја особена способност.
[20] Кандидат за гувернер на Калифорнија на социјалистичката листа во текот на есенските избори во 1906 година. Роден Англичанец, автор на повеќе книги од областа на економијата и филозофијата и еден од социјалистичките водачи од она време.
[21] Нема пострашна страница во историјата од онаа на која е опишано постапувањето со децата и жените — робови во англиските фабрики, во втората половина на осумнаесеттиот век. Од тој индустриски пекол никнаа и највеличествените богатства од она време.
[22] Еверхард можеше да наведе и друг пример: случајот кога јужната црква отворено го бранеше ропството пред таканаречената „Војна на побуната”. Ќе додадеме неколку примери одбрани од документите од она време: во 1835 година, главното собрание на презвитеријанската црква донесе одлука за „признавање на ропството и во Стариот и во Новиот завет, кое дури ни господ не го осудува”. — Чарлстонското баптистичко друштво го изнесе следново во едно послание од 1835 година: Правото на господарите да располагаат со времето на своите робови јасно го признал Творецот на сите нешта кој, секако смее да го дава правото на сопственост над сите нешта секому кому Тој сака.
— Пречесниот Е. Д. Сајмон, доктор по теологиjа и професор на Рандолф-Меколновиот методистички колеџ во Вирџинија, пишуваше: „Повеќе извадоци од Светото писмо недвосмислено го бранат правото на сопственост над робовите, заедно со вообичаените привилегии кон тоа право. Правото да се продава и купува е јасно изнесено. Во секој случај, значи, дали да се повикуваме на еврејската политика што ја поставил самиот господ или на еднообразното мислење и на практиката на луѓето во сите периоди, или на прописите на Новиот завет и моралниот закон, ќе дојдеме до заклучок дека ропството не e неморално. Откако утврдивме дека првите африкански робови биле законски доведувани во ропство, правото нивните деца да се држат во ропство произлегува како неизбежна последица. Така, гледаме дека ропството што постои во Америка е засновано со право”.
Не е ни чудо што овој ист тон црквата го употреби и по неколку години или подоцна бранејќи ја капиталистичката сопственост. Во големиот музеј во Асгард постои книга под наслов: „Применети есеи” од Херни Baн Дајк. Оваа книга е објавена во 1905 година. Колку што може да се види, Ван Дајк сигурно бил свештеник. Книгата е добар пример за она што Евер Хардби го нарекол буржоаско сфаќање. Впечатлива е сличноста меѓу горенаведената изјава на чарлстонското баптистичко друштво и следните зборови на Ван Дајк, седумдесет години подоцна: „Библијата учи дека светот му припаѓа на бога. Тој му дава секому според својата сопствена волја, а во согласност со општите закони.”
[23] Во она време имаше илјадници такви сиромашни трговци, наречени торбари. Тие ја носеа сета своја стока од врата до врата. Тоа беше најбезвредно трошење на енергија. Разнесувањето на стоката беше несредено и нерационално како и сиот општ општествен систем.