Владимир Илич Ленин
Државата и револуцијата
Прашањето за државата добива во денешно време особена важност и во теоретски и во практично-политички поглед. Империјалистичката војна извонредно го забрза и го изостри процесот на претворување на монополистичкиот капитализам во државно-монополистички капитализам. Чудовиштното угнетување на трудбеничките маси од страна на државата, која се потесно и потесно се слева со семоќните сојузи на капиталистите, станува се почудовиштно. Напреднатите земји се претвораат — ние говориме за нивната „заднина" — во воени робијашници за работниците.
Нечуените ужаси и страдања од долготрајната војна ја прават положбата на масите неподнослива, го засилуваат нивниот револт. Очигледно узрева меѓународната пролетерска револуција. Прашањето за нејзиниот однос кон државата добива практично значење.
Елементите на опортунизам, што се натрупаа во текот на децениите на релативно мирниот развиток, ја создадоа владејачка социјал-шовинистичката струја во официјалните социјалистички партии од целиот свет. Таа струја (Плеханов, Потресов, Брешковскаја, Рубанович, после, донекаде во прикриена форма господата Церетели, Чернов и Комп. во Русија: Шајдеман, Легин, Давид и др. во Германија; Ренодел, Гед, Вандервелд во Франција и Белгија; Хајндман и Фабијанците[1] во Англија итн., итн.), социјализам на зборови, шовинизам на дело, се одликува со подло лакејско приспособување на „водачите" на „социјализмот" кон интересите не само на „својата" национална буржоазија, ами особено на „својата" држава, зашто повеќето од таканаречените големи држави одамна експлоатираат и поробуваат цел ред мали и слаби народности. А империјалистичката војна е токму војна за распределба и прераспределба на таков вид плен. Борбата за ослободување на трудбеничките маси од влијанието на буржоазијата воопшто, и посебно од империјалистичката буржоазија, е невозможна без борба против опортунистичките предрасуди за „државата“.
Ние отпрвин го разгледуваме учењето на Маркс и Енгелс за државата, задржувајќи се особено подробно на заборавените или подложените на опортунистичко искривување страни на тоа учење. Потоа специјално ќе го разгледаме главниот претставник на тие искривувања, Карл Кауцки, најпознатиот водач на Втората интернационала (1589—1914 г.), која во времето на сегашнава војна претрпе такво жално банкротство. Најпосле ќе направиме општи изводи од искуството на руската револуција од 1905 и особено од 1917 година. Оваа последнава, изгледа, сега (почетокот на август 1917 г.) ја завршува првата фаза на својот развиток, но сета таа револуција воопшто може да биде разбрана само како една од алките во веригата на социјалистичките пролетерски револуции што ги предизвикува империјалистичката војна. Прашањето за односот на социјалистичката револуција на пролетаријатот кон државата придобива на тој начин не само практично-политичко значење, туку и значење на најургентен денешен проблем, проблем на објаснување на масите за она што се должни да го направат, за своето ослободување од јаремот на капиталот, во најблиска иднина.
Август 1917 г.
Авторот
Сегашното, второ, издание се печати речиси без измени. Додаден е само параграф трети кон глава II.
Москва,
17 декември 1918 г.
Авторот