Владимир Илич Ленин

Државата и револуцијата


ГЛАВА II

ИСКУСТВОТО ОД 1848—1851 ГОДИНА


1. СПРОТИ РЕВОЛУЦИЈАТА

Првите дела на зрелиот марксизам, „Беда на филозофијата“ и „Комунистички манифест“ се напишани токму спроти револуцијата од 1848 година. Поради таа околност ние во нив имаме, покрај излагањето на општите основи на марксизмот, во извесна мера и одраз на тогашната конкретна револуционерна ситуација. Затоа, можеби, ќе биде поцелисходно да го разгледаме она што го говорат за државата авторите на тие дела, непосредно пред да извлечат заклучоци од искуствата на 1848—1851 година.

...„Работничката класа, — пишува Маркс во „Беда на филозофијата“ — во текот на развитокот, ќе постави на местото на старото буржоаско општество таква асоцијација што ги исклучува класите и нивната спротивност; повеќе ќе нема вистинска политичка власт, зошто политичката власт е токму официјален израз на класната спротивност во буржоаското општество“ (стр. 182, герм. изд. 1885 година). [22]

Поучно е да се спореди со ова општо излагање на мислата за исчезнувањето на државата по укинувањето на класите она излагање што е дадено во „Комунистички манифест", напишано од Маркс и Енгелс неколку месеци подоцна, точно во ноември 1847 година:

...„Опишувајќи ги најопштите фази од развитокот на пролетаријатот, ние ја проследуваме повеќе или помалку прикриената граѓанска војна во самото сегашно општество се до онаа точка кога таа се претворува во отворена револуција, а пролетаријатот ги поставува темелите на своето издигнување со насилно соборување на буржоазијата“ ...

...„Погоре веќе видовме дека првиот чекор во работничката револуција е претворувањето“ (буквално: издигањето) „на пролетаријатот во владејачка класа, извојувањето на демократијата“.

„Пролетаријатот ќе ја искористи својата политичка надмоќ постепено да го одземе целиот капитал од буржоазијата, да ги централизира сите орудија за производство во рацете на државата, т.е. пролетаријатот организиран како владејачка класа, и колку што се може побрзо да ги развие севкупните производствени сили“ (стр. 31 и 37 по седмото герм. изд. од 1906 г.). [23]

Овде ја гледаме формулацијата на една од најзабележливите и најважни идеи на марксизмот по прашањето за државата, имено на идејата за „диктатурата на пролетаријатот“ (како што почнаа да говорат Маркс и Енгелс по Париската комуна) [24] а потоа крајно интересната дефиниција на државата, која исто така спаѓа во „заборавените зборови“ на марксизмот. „Државата, то ест пролетаријатот организиран како владејачка класа".

Оваа дефиниција на државата не само што никогаш не се објаснуваше во владејачката пропагандистичка и агитациона литература на официјалните социјалдемократски партии, ами дури и нешто повеќе: таа беше токму заборавена, зашто никако не може да се помири со реформизмот. Таа удира право в лице на обичните опортунистички предрасуди и малограѓанските илузии за „мирен развиток на демократијата“.

На пролетаријатот му е потребна држава — тоа го повторуваат сите опортунисти, социјал - шовинисти и кауцкијанци уверувајќи дека такво е учењето на Маркс, а „заборавајќи“ да додадат, дека, според Маркс, прво, на пролетаријатот му е потребна само држава што одумира, т.е. што ќе биде устроена така за да започне веднаш да одумира и да не може да не одумира. А, второ, на трудбениците им е потребна „држава“, „то ест пролетаријат организиран како владејачка класа“.

Државата е посебна организација на силата, таа е организирање на насилството за угнетување на некоја класа. А која класа пролетаријатот треба да ја угнетува? Се разбира, само експлоататорската класа, т.е. буржоазијата. На трудбениците им е потребна држава само за задушување на отпорот на експлоататорите, а да го раководи тоа задушување, да го спроведе него во живот може само пролетаријатот како единствена до крај револуционерна класа, единствена класа способна да ги обедини сите трудбеници и експлоатирани за борба против буржоазијата, за нејзиното целосно исчезнување.

На експлоататорските класи им е потребна политичка власт за одржување на експлоатацијата, т.е. за себичните интереси на ништожното малцинство против огромното мнозинство на народот. На експлоатираните класи им е потребна политичка власт за полното уништување на секоја експлоатација, т.е. во интерес на огромното мнозинство на народот против ништожното малцинство на современите робовладетели, т.е. на големопоседниците и капиталистите.

Ситнобуржоаските демократи, тие божем социјалисти што ја заменуваа класната борба со мечтаење за спогодба меѓу класите, и социјалистичката преобразба си ја замислуваа мечтателно, не како уривање на владеењето на експлоататорската класа, ами како мирно потчинување на малцинството под мнозинството што си ги разбрало своите задачи. Таа ситнобуржоаска утопија, неразделно сврзана со признавањето на наткласната држава, во практика доведуваше до предавство на интересите на работните класи, како што тоа го покажа, на пример, историјата на француските револуции од 1848 и од 1871 година, како што тоа го покажа искуството од „социјалистичкото“ учество во буржоаските влади во Англија, Франција, Италија и други земји при крајот на XIX и во почетокот на XX век. [25]

Маркс низ целиот свој живот се бореше против тој ситнобуржоаски социјализам, што сега го воскреснаа во Русија партиите на есерите и меншевиците. Маркс го разви учењето за класната борба доследно, се до учењето за политичката власт, за државата.

Уривањето на буржоаското владеење е можно само од страна на пролетаријатот, како посебна класа што економските услови за опстанок ја подготвуваат за такво уривање, и даваат можност и сила да го изврши тоа. Додека буржоазијата го раздробува, го растура селанството и сите ситнобуржоаски слоеви, таа го сплотува, го организира пролетаријатот. Само пролетаријатот — поради неговата економска улога во крупното производство — е способен да биде водач на сите работни и експлоатирани маси, што буржоазијата ги експлоатира, ги угнетува, ги души не помалку, ами честопати и повеќе одошто пролетерите, но кои не се способни за самостојна борба за своето ослободување.

Учењето за класната борба, кое Маркс го примени на прашањето за државата и за социјалистичката револуција, неизбежно води кон признавање на политичкото владеење на пролетаријатот, на неговата диктатура, т.е. на власта што не се дели со никого и што непосредно се потпира врз оружената сила на масите. Соборувањето на буржоазијата е остварливо само со претворувањето на пролетаријатот во владејачка класа, способна да го задуши неизбежниот, очајнички отпор на буржоазијата и да ги организира сите работни и експлоатирани маси за изградба на новиот стопански систем.

На пролетаријатот му е потребна државна власт, централизирана организација на силата, организација на насилството и за задушување на отпорот на експлоататорите и за раководење на огромната маса од населението, на селанството, ситната буржоазија, полупролетерите при „уредувањето“ на социјалистичкото стопанство.

Воспитувајќи ја работничката партија, марксизмот ја воспитува авангардата на пролетаријатот, способна да ја преземе власта и да го води целиот народ кон социјализам, да дава правец и да го организира новиот поредок, да биде учител, раководител, водач на сите трудбеници и експлоатирани во изградбата на нивниот општествен живот без буржоазијата и против буржоазијата. Напротив, опортунизмот што денеска владее ја претворува работничката партија во претставник на подобро платените работници што се одделуваат од масата, што кротко „си го крпат животот“ и при капитализмот, што го продаваат, за чинија посна чорба, своето право на првородство, т.е. што се откажуваат од улогата на револуционерни водачи на народот против буржоазијата.

„Државата, то ест пролетаријатот организиран како владејачка класа“ — таа теорија на Маркс е неразделно сврзана со целото негово учење за револуционерната улога на пролетаријатот во историјата. Остварување на таа улога е пролетерската диктатура, политичката власт на пролетаријатот.

Но ако на пролетаријатот му е потребна држава, како посебна организација на насилството против буржоазијата, тогаш оттука сам по себе се наметнува заклучокот: би можело ли да се замисли создавањето на таква организација без претходно уништување, без разрушување на онаа државна машина што си ја создала за себе буржоазијата? Токму до тој заклучок не доведува „Комунистички манифест“, и за тој заклучок зборува Маркс обопштувајќи го искуството на револуцијата од 1848—1851 година.

2. РЕЗУЛТАТИТЕ НА РЕВОЛУЦИЈАТА

По прашањето за државата, кое нас овде не интересира, Маркс го обопштува искуството на револуцијата од 1848—1851 година во следново расудување од делото „Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта“:

... „Но револуцијата е темелна. Таа мора да помине и низ чистилиштето. Својата работа таа ја врши методично. До 2 декември 1851 година“ (денот на извршувањето на државниот удар на Луј Бонапарта) „таа ја заврши првата половина од својата подготовка, сега ја завршува втората половина. Отпрвин таа ја усоврши парламентарната власт за да може да ја собори. Сега, кога го постигна тоа, таа ја усовршува извршната власт, - ја сведува неа на нејзиниот најчист израз, ја изолира, се поставува наспроти неа како единствена цел за да ги сконцентрира против неа сите сили на разорувањето“, (потенцирано од мене). „А кога револуцијата ќе ја заврши и таа втора половина на својата претходна работа, тогаш Европа ќе се потскокне од своето седиште и ќе восхитено ќе довикне: добро риеш, ти стара кртицо“

[paraphrase from Shakespeare's Hamlet, Act 1, Scene 5: "Well said, old mole!" — Ed.]

„Таа извршна власт, со својата огромна бирократска и воена организација, со својата разгранета и сложена државна машина, со својата армија од чиновници од половина милион, покрај војската од уште половина милион — тој ужасен паразитски организам, кој го обвива како со мрежа целото тело на француското општество и кој ги затнува сите негови пори, изникна во епохата на апсолутната монархија, при што распаѓањето на феудализмот уште повеќе го забрза“. Првата француска револуција ја разви централизацијата, „но наедно со тоа го рашири и обемот, атрибутите и апаратот на државната власт. Наполеон ја усоврши таа државна машина“. Легитимната монархија и јулската монархија „не додадоа ништо ново, освен поголема распределба на трудот“ ...

...„Најпосле, парламентарната република во својата борба против револуцијата се најде принудена да ги засили, заедно со репресивните мерки, и средствата и централизацијата на државната власт. Сите преврати ја усовршуваа таа машина, наместо да ја скршат“ (потенцирано од мене). „Партиите што, сменувајќи се една со друга, се бореа за власт, го сметаа заземањето на таа огромна државна зграда како главен плен на својата победа“ („Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта“, стр. 98—99, изд. четврто, Хамбург, 1907 г.) . [26]

Во ова извонредно расудување марксизмот прави огромен чекор напред во споредба со „Комунистички манифест“. Таму прашањето за државата се поставува уште крајно апстрактно, во најопшти поими и изрази. Овде прашањето се поставува конкретно, и се прави извонредно точен, определен, практично-опиплив заклучок: сите досегашни револуции ја усовршуваа државната машина, а таа треба да се разбие, да се скрши.

Тој заклучок е главното, основното во учењето на марксизмот за државата. И токму тоа основно е не само наполно заборавено од владејачките официјални социјалдемократски партии, туку и просто изопачено (како што ќе видиме подолу) од највидниот теоретичар на II Интернационала К. Кауцки.

Во „Комунистички манифест“ се сумирани општите резултати од историјата, кои не тераат да гледаме во државата орган на класното владеење и кои не доведуваат до нужниот заклучок дека пролетаријатот не може да ја собори буржоазијата без да ја освои отпрвин политичката власт, без да воспостави свое владеење, без да ја претвори државата во „пролетаријатот организиран како владејачка класа“, и дека пролетерската држава веднаш по својата победа ќе почне да одумира, зашто во општеството без класни противречности државата е непотребна и невозможна. Овде не се поставува прашањето за тоа каква мора да биде — од гледиштето на историскиот развиток — таа смена на буржоаската држава со пролетерска.

Токму тоа прашање Маркс го поставува и го решава во 1852 година. Доследен на својата филозофија на дијалектичкиот материјализам, Маркс го зема за основа историското искуство од великите години на револуцијата, 1848—1851 година. Учењето на Маркс и овде, како и секогаш, е обопштување на искуството, осветлено од длабока филозофска контемплација на светот и од богато познавање на историјата.

Прашањето за државата се поставува конкретно: како изникнала историски буржоаската држава, таа, за владеењето на буржоазијата, неопходна државна машина? Какви се нејзините измени, каква е нејзината еволуција во текот на буржоаските револуции, и каква кога дошло до самостојни акции на угнетените класи? Какви се задачите на пролетаријатот во однос на таа државна машина.

Централизираната државна власт, својствена на буржоаското општество, изникна во епохата на распаѓањето на апсолутизмот. Две институции се најкарактеристични за таа државна машина: чиновништвото и постојаната војска. За тоа како илјадници нишки ги сврзуваат тие институции токму со буржоазијата, не еднаш се зборува во делата на Маркс и Енгелс. Искуството на секој работник зборува за таа врска со извонредна очигледност и уверливост. Работничката класа на својот грб се учи да ја разбира таа врска, — ете зошто таа така лесно ја сфаќа и така здраво ја усвојува науката за неизбежноста на таа врска, наука што ситнобуржоаските демократи или незнајнички и лекомислено ја одрекуваат, или уште полекомислено ја признаваат „воопшто“, но забораваат да ги прават соодветните практични заклучоци од неа.

Чиновништвото и постојаната војска, тоа е „паразит“ врз телото на буржоаското општество, паразит роден од внатрешните противречности што го разјадуваат тоа општество, но паразит што ги „затнува“ животните пори. Кауцкијанскиот опортунизам, кој денеска владее во официјалната социјалдемократија, смета дека гледањето на државата како на паразитски организам специјално и исклучиво му припаѓа на анархизмот. Се разбира, такво изопачување на марксизмот е многу корисно за тие филистри што го доведоа социјализмот до невидениот срам на правдање и украсување на империјалистичката војна, применувајќи го на неа поимот „заштита на татковината“, но сепак — тоа е несомнено изопачување.

Низ сите буржоаски револуции, какви што Европа видела многу и многу од времето на паѓањето на феудализмот, продолжува развитокот, усовршувањето, зајакнувањето на тој чиновнички и воен апарат. Крупната буржоазија ја привлекува на своја страна и ја потчинува себеси особено ситната буржоазија во значителна мера со помошта на тој апарат, кој им дава на горните слоеви од селанството, од ситните занаетчии, од трговците и др. релативно угодни, спокојни и почесни местенца што нивните држатели ги поставуваат над народот. Земете го она што стана во Русија за половина година — по 27 февруари 1917 година [27] : чиновничките места, кои порано им се даваа најнапред на черносотниците [црностотниците], станаа плен на кадетите, меншевиците и есерите. Навистински пак, за никакви сериозни реформи тие не мислеа, гледаа да ги одлагаат нив до „Уставотворното собрание“ — а Уставотворното собрание да ги одлагаат малку по малку до крајот на војната! А за поделбата на пленот, за земањето на министерските, подминистерските, генералгубернаторските итн. местенца не се бавеа и не чекаа никакво Уставотворно собрание! Играта со комбинациите за составот на владата беше, всушност, само израз на таа делба и распределба на „пленот“, која се вршеше и горе и долу, во целата земја, во целата централна и месна управа. Резултатот, објективниот резултат за половина година, од 27 февруари до 27 август 1917 година, е несомнен: реформите се одложени, распределбата на чиновничките местенца е иçвршена, а „грешките“ при делбата се исправени со неколку нови распределби.

Но колку повеќе „распределби“ на чиновничкиот апарат настануваат меѓу различните буржоаски и ситнобуржоаски партии (меѓу кадетите, есерите и меншевиците, ако го земеме рускиот пример), толку појасно им станува на угнетените класи и на пролетаријатот, кој стои на нивно чело, дека тие се непомирлив непријател на целото буржоаско општество. Оттука потребата за сите буржоаски партии, дури и за најдемократските и „револуционерно-демократските“ меѓу нив, да ги засилуваат репресиите против револуционерниот пролетаријат, да го зајакнуваат апаратот на репресиите, т.е. истата таа државна машина. Таквиот развој на настаните ја присилува револуцијата „да ги концентрира сите сили на разрушението“ против државната власт, ја присилува да си го постави за задача не подобрувањето на државната машина, ами нејзиното разорување, уништување.

Не логичките расудувања, туку стварниот развиток на настаните, живото искуство од 1848—1851 година доведоа до такво поставување на задачата. Колку строго се држи Маркс за фактичката основа на историското искуство, се гледа од тоа што во 1852 година тој уште не го поставува конкретно прашањето со што да се замени таа државна машина што треба да биде уништена. Искуството тогаш уште не даваше материјал за такво прашање, кое историјата го постави на дневен ред подоцна, во 1871 година. Во 1852 година беше можно со точноста на природонаучно посматрање само да се утврди дека пролетерската револуција се доближила до задачата „да се сконцентрираат сите сили на разорувањето“ против државната власт, до задачата „да се скрши“ државната машина.

Овде може да изникне прашањето: правилно ли е да се пренесува обопштувањето на искуството, посматрањата и заклучоците на Маркс врз пошироко поле отколку што е историјата на Франција за три години од 1848 до 1851 година? За разработката на тоа прашање ќе напомнеме прво една забелешка на Енгелс, а потоа ќе преминеме кон фактичките податоци.

.....Франција — пишува Енгелс во предговорот кон третото издание на „Осумнаесетти бример“ — е земја во која, повеќе од било која друга, историските класни борби секогаш се воделе до конечна одлука, па токму таму и променливите политички облици, по кои тие борби се движат и во кои се сумираат нивните резултати, се изразени во најостри потези. Средиште на феудализмот во Средниот век, земја за углед на единствена сталешка монархија од времето на Ренесансата, Франција во времето на големата револуција го уништи феудализмот и го утврди чистото владеење на буржоазијата во таков класичен вид како што не направи ниедна друга европска земја. И борбата на пролетаријатот, кој веќе крева глава, против владејачката буржоазија се појавува овде во таква остра форма каква што им е непозната на другите земји“ (стр. 4 во изданието од 1907 година). [28]

Последната забелешка е застарена, бидејќи после 1871 година настапи пауза во револуционерната борба на францускиот пролетаријат, иако таа пауза, колку и да трае, ни најмалку не ја исклучува можноста за тоа — во идната пролетерска револуција Франција да се пројави како класична земја на класната борба до решителен крај.

Но да фрлиме општ поглед врз историјата на напреднатите земји при крајот На XIX и почетокот на XX век. Ние ќе видиме дека побавно, поразнообразно, на многу поширока арена се вршеше истиот процес: од една страна, изградување на „парламентарната власт“, како во републиканските земји (Франција, Америка, Швајцарија), така и во монархиите (Англија, донекаде Германија, Италија, скандинавските земји итн.), а од друга страна, борба за власт меѓу различните буржоаски и ситнобуржоаски партии, кои го делат и распределуваат „пленот“ од чиновничките местенца, додека основата на буржоаскиот поредок не се менува, и, најпосле, усовршување и зајакнување на „извршната власт“, на нејзиниот чиновнички и воен апарат.

Нема никакво сомневање дека тоа се заеднички црти на целата најнова еволуција на капиталистичките држави воопшто. За три години, од 1848 до 1851, Франција во брза, остра, концентрирана форма ги покажа истите тие процеси на развиток што му се својствени на целиот капиталистички свет. Особено пак империјализмот, епохата на банковниот капитал, епохата на гигантските капиталистички монополи, епохата на прераснувањето на монополистичкиот капитализам во државно-монополистички капитализам покажува необично засилување на „државната машина“, невиден растеж на нејзиниот чиновнички и воен апарат во врска со засилувањето на репресиите против пролетаријатот, како во монархиите, така и во најслободните, републикански земји.

Светската историја доведува сега, несомнено, и тоа во неспоредливо пошироки размери отколку во 1852 година, до „концентрација на сите сили“ на пролетерската револуција за „разорување“ на државната машина.

Со што пролетаријатот ќе ја замени неа, за тоа многу поучен материјал даде Париската комуна.

3. КАКО ГО ПОСТАВУВАШЕ ПРАШАЊЕТО МАРКС ВО 1852 ГОДИНА 1

Во 1907 година Меринг објави во списанието „Neue Zeit“ (XXV, 2, 164) извадоци од писмото на Маркс до Вајдемаер од 5 март 1852 година. Во тоа писмо го има меѓу другото и ова забележливо расудување:

„Што се однесува до мене, мене не ми припаѓа ниту заслугата дека јас сум го открил постоењето на класите во современото општество, ниту пак дека сум ја открил нивната меѓусебна борба. Буржоаските историчари одамна пред мене го изложија историскиот развиток на таа борба меѓу класите, а буржоаските економисти — економската анатомија на класите. Новото што јас го направив се состои во доказот на следново: 1) дека постоењето на класите е сврзано со определени, историски фази од развитокот па производството (historische Entwicklungsphasen der Production); 2) дека класната борба неизбежно води кон диктатура на пролетаријатот; 3) дека таа диктатура претставува само премин кон уништувањето на секакви класи и кон општество без класи“ . . [29]

Во тие зборови Маркс успеа да ја изрази со фрапантна релјефност, прво, главната и темелна разлика на неговото учење од учењето на најдобрите и најдлабоки буржоаски мислители и, второ, суштината на своето учење за државата.

Главното во учењето на Маркс е класната борба. Така зборуваат и пишуваат многу често. Но тоа не е точно. И од таа неточност редовно се добива опортунистичко искривување на марксизмот, негово фалсификување во духот на приемливоста за буржоазијата. Зашто учењето за класната борба, кое го создаде не Маркс, туку буржоазијата пред Маркс, е приемливо, општо кажано, и за буржоазијата. Кој ја признава само класната борба, тој се уште не е марксист, тој може се уште да си останува во рамките на буржоаското мислење и буржоаската политика. Да се ограничува марксизмот со учењето за класната борба — значи да се кастри, да се искривува, да се сведува на она што е приемливо и за буржоазијата. Марксист е само оној што го проширува признавањето на класната борба до признавањето на диктатурата на пролетаријатот. Во тоа е најдлабоката разлика меѓу марксизмот и обичниот ситен (па и крупен) буржуј. На тој камен треба да се проба вистинското разбирање и признавање на марксизмот. И не е чудно што, кога историјата на Европа ја приведе работничката класа практички кон тоа прашање, тогаш не само сите опортунисти и реформисти, туку и сите кауцкијанци (луѓе што се колебаат меѓу реформизмот и марксизмот) се покажаа бедни филистри и ситнобуржоаски демократи што ја одрекнуваат диктатурата на пролетаријатот. Брошурата на Кауцки „Диктатурата на пролетаријатот“, која излезе во август 1918 година, т.е. многу подоцна од првото издание на оваа брошура, е образец за филистерско искривување на марксизмот и за подло откажуваше од него на дело, при лицемерното негово признавање на зборови. (Види ја мојата брошура „Пролетерската револуција и ренегатот Кауцки“, Петроград и Москва 1918 г.)

Современиот опортунизам во лицето на својот главен претставник, бившиот марксист К. Кауцки, во целина спаѓа под приведената од Маркс карактеристика на буржоаската позиција, зашто тој опортунизам ја ограничува областа на признавањето на класната борба со областа на буржоаските односи. (А во самата таа област, во нејзините граници, ниту еден образуван либерал нема да се откаже од „принципиелното“ признавање на класната борба!). Опортунизмот не го доведува признавањето на класната борба токму до најглавното, до периодот на преминувањето од капитализам кон комунизам, до периодот на соборување на буржоазијата и нејзиното полно уништување. Во стварноста тој период се јавува неминовно како период на невидено жестока класна борба, на невидено остри форми на таа борба, па, следствено, и државата од тој период неизбежно мора да биде држава на нов начин демократска (за пролетерите и сиромаштијата воопшто) и на нов начин диктаторска (против буржоазијата).

Понатаму. Суштината на Марксовото учење за државата ја има сфатено само оној што разбрал дека диктатурата на една класа е неопходна не само за секое класно општество воопшто, не само за пролетаријатот што ја соборил буржоазијата, туку и за целиот историски период што го дели капитализмот од „општеството без класи“, од комунизмот. Формите на буржоаските држави се извонредно разнообразни, но нивната суштина е иста: сите тие држави, вака или онака, во крајна линија се бездруго диктатура на буржоазијата. Преминот од капитализам кон комунизам, се разбира, не може да не даде огромна изобилност и разнообразност на политичките форми, но суштината при тоа ќе биде неизбежно иста: диктатура на пролетаријатот. [30]

1 Овој дел е објавен дури во второто издание. — Ред.


Следно

Содржина

Ленинова архива