Антун Колендиќ

Рацин — меѓу поезијата и бојкотот[1]


Извор/првпат објавено: „Млад борец“, бр. 1971, 7 март 1990, 32-33 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2012


...

Еве, на масата, пред мене неколку стотици страници забелешки, фотокопии на документи, преписи и изјави. Стотици страници за одот по маките на Кочо Рацин, во незамисливата, грда, нечовечка хајка, која против овој нескршлив великан е водена и понатаму.

Сè додека не е убиен.

Мино Минов, мој стар, предвоен другар, избегнуваше било што да говори или пишува за загинувањето на Рацин. Првиот пат, кога отворено го прашав, кусо но решително ми одговори: „Немој за тоа... тоа е најнесреќниот момент во мојот живот!“ Вториот пат — пак — одби да говори. Само ми објасни: „Што да ти кажам. Јас постојано и ја сонувам таа проклета вечер, и тоа секогаш поинаку. Верувај ми: јас веќе не сум сигурен дали сè било онака како што јас денес се сеќавам и раскажувам...“

Сепак, еднаш попушти.

Ми призна дека со никого така искрено и отворено не говорел уште од деновите на „партизанијата“.

„Рацин дојде со уште неколку нови доброволци. До нашата база ги доведоа тројца вооружени партизани. Рацин беше искусно екипиран, со ранец на грбот и со нови, потковани „гојзерици“ на нозете. Пред бараката чекаа да ги прими членот на ЦК Андро (Страхил Гигов). Кога дојдов, се бакнавме со Кочо, кој веднаш ме праша во која единица сум и кој од познатите е тука. Тогаш наиде Андро, се поздрави со Рацин и новодојдените другари. Ми нареди да ги сместам и да ги распоредам на работа.

„Непријателски расположен индивидуалист“

Групата со Рацин доби задача, недалеку од базата, во една шумичка, да ископа длабока земјанка, во која требаше да се смести нашата — Агитпроповската — печатница и опремата. Таа 1943 година, мај беше дождлив и земјата смекната, па, иако теренот беше карпест, копањето не беше тешко. А тие навистина запнаа и таа задача беше завршена и вешто маскирана со снопови зелена, пролетна трева — Рацин беше пресреќен. И тоа не само заради тоа што беше апсолутно најагилен во својата група, туку заради тоа што — повеќепати ми повтори — сега ќе може да почне да пишува и работи. Додаде: „Рацете ги упропастив копајќи, па не ќе можам да го запишам сето она што го замислив и создадов додека копав.“

Тогаш, ненадејно дојде нова директива: заради потполна сигурност на земјанката предвидена за печатница треба веднаш да се ископа длабок подземен ходник со два различни излези за случај на опасност. Кога Рацин чу дека ќе мора да продолжи со копањето, нервозно, дури и бесно реагираше. Ме нападна, иако јас му објаснив дека тоа е „наредба одозгора“! Сакаше, иако беше ноќ, веднаш да оди да протестира кај членовите на ЦК. Одвај го смирив, да не тргнува кон бараката на раководството ноќе — заради тоа што не ја знае лозинката.

Рано наутро кога групата на Рацин тргна на своето работно место, со копачите и лопатите, минувајќи крај бараката на раководството, го сретна Андро, кој и инаку рано стануваше, како вежба утринска гимнастика. Рацин се одвои од групата и точно пред вратата на бараката му се обрати на Андро. Сите застанавме и слушавме. Го молеше (а му се обрати интимно со: Страшо) да го врати од базата и агитпропот, да го врати, како што рече, „во партизани“. Тогаш почна да вика! „Не сакам да бидам ‘трудовак’. Дојдов во партизани и сакам во бригада!“

Андро, изненаден и повреден во своето достоинство и „авторитетот“ (зашто стои збунет и без кошула пред облечениот партизан кој мавта со лопата и вика на него), сепак успеа да се воздржи и кратко да му одговори на Рацин: „Другар, ако имаш молба или жалба, поднеси му ја на својот командир, а не да викаш на мене...“ и влезе во бараката.

Малку подоцна ме викна курир да му се јавам на Андро. Како на член на секретаријатот на парт-организацијата Андро ми соопшти: дека морам да знам дека Рацин засекогаш е исклучен од Партијата, дека тој е непријателски расположен индивидуалист и дека морам да го држам под контрола — посебно да го исклучам и оневозможам неговото анархоидно влијание врз другарите! Истата вечер Рацин дојде кај мене и долго ми се исповедаше. Ме молеше да интервенирам да го префрлат во бригада. Во еден момент ми рече нешто што никогаш никому не сум го рекол: „Мене ми нема живот под Страхил Гигов!“ Долго ми говореше како бил бојкотиран во Велес и како ѝ се спротивставувал на капитулантската политика на Гигов во април-мај 1941 година, кога Гигов ја „презел“ власта во Велес, но под „Хитлеровиот хакенкројц“!

— Јас — продолжува Мино Минов — тогаш ништо не знаев за таа „епизода“, а, искрено речено, не му верував на Рацин. Бев сигурен дека Андро и Партијата имаат право: Рацин е непријателски расположен индивидуалист!

Судир

... Се сеќавам како сега да се случило. Беше сабота, 5 јуни 1943 година. Извонреден ден. Попладнето имавме политички час. Тема — распуштање на Коминтерната! Рано тоа утро дојде курир и донесе нови материјали. Боби Радосављевиќ нè викна сите нас, од секретаријатот на партиската организација, и ни ги објасни „тезите“ во врска со текстот во московска „Правда“ за распуштање на Коминтерната. Ни пренесе како тоа да им го објаснуваме на партизаните. На крајот на состанокот, Андро и Боби ме викнаа и ми рекоа: „Внимавај! Држи ја дискусијата во свои раце! Немој да дозволиш Рацин да се наметне со свои коментари...“ Меѓутоа, на политичкиот час, на кој сите присуствуваа, Рацин сепак зема збор. Знаеше подобро од сите нас, сè за Коминтерната. Говореше отворено како Сталин сега го распушта центарот на сите комунистички, револуционерни сили — затоа што „црнецот го одигра своето...“ Зборуваше така аргументирано што и мене ме збуни. Затоа, курирот Марче [Аризан Несторовски] отрча од состанокот и му јави на Боби. Овој одненадеж дојде и го „смачка“ Рацин...

... Неделата, на тој несреќен 13 јуни, рано наутро ги викна Андро сите членови на Секретаријатот и им соопшти дека има повеќе информации за подготвување напад врз нашата база од страна на група балисти. Затоа нареди да се засилат стражите и — општа будност!

Јас, замисли, целото попладне бев со Рацин. Игравме шах. Нему му беше забрането да шета по околината, кон селото. Тоа е приказна за себе. Накратко да ти објаснам. Рацин уште од првите денови си воведе ред, штом заврши со работата, да се измие и да тргне во прошетка низ брдо. Тука се сретнуваше со овчарчињата и часови минуваше со нив. Кога му го реков тоа на Андро, тој нареди да му се забранат прошетките и, воопшто, излегување од логорот на нашата база. Рацин оваа одлука молчешкум ја прифати, но беше јасно дека оваа одлука ја прифаќа како одмазда заради неговата „непокорност“...

Го прашувам Мино директно: „Значи вие го примивте како непријател, т.е. како сомнителен?“

Мино бргу одговара: „Не, не! Сите се радувавме што Рацин е со нас. И Боби и Андро повеќепати истакнуваа како присуството на Рацин е успех на нашата борба!“

„Добро — продолжувам — а таа забрана на движење, тоа терање на најтешка физичка работа, тоа понижување со одземање на пиштолот кој сам го купил и со него дошол во партизани...“

„Не! Тоа нема врска. Пиштолот не му го одземавме ние, туку групата што го примала. Неговата работа во агитпроп беше одлука на ЦК. Се очекуваше од него да пишува песни, полетни текстови, летоци... Затоа се брзаше со копањето на земјанката, за да се осигури работата на печатницата... А она другото... Раководството знаеше дека има нешто во судирот меѓу Рацин и ЦК КПЈ. Затоа и бевме повнимателни!“

„Внимавај — продолжувам — самиот ми рече дека секојдневно си морал да го известуваш Андро за движењето, држењето и сè во врска со Рацин!“

Мино се замисли и се намурти. Полека прозборува: „Да, вистина е. Ми беше речено дека морам да внимавам на него и задолжително да известувам. Знаеш, беше создадена некоја чудна атмосфера околу него. И ние тоа го знаевме и го чувствувавме.“

Еден единствен истрел

„Мино, како точно се случи тоа?“

Полека, како да се исповеда, не гледајќи ме, Мино раскажува: „Кога попладнето завршивме со нашите партии шах, Рацин ми рече дека оди да заврши некои работи и дека веднаш по вечерта ќе легне заради тоа што рано наутро треба пак да оди на копање.

И јас завршив некои работи и се сетив на предупредувањето на Андро, па појдов да ги преконтролирам стражите. Ја обиколив најпрвин најдалечната, онаа кон селото. Потоа и останатите. Полека се враќав кон базата. Веќе се опуштив затоа што ништо сомнително не сретнав. И пушката која дотогаш ја држев „на готовс“ ја ставив на рамо... Знаеш, во шума нема самрак. Одам по темнината сигурен, затоа што добро ја познавам патеката. Кога одеднаш: слушам чекори. Заземам позиција зад првото дрво, со пушка во рацете. Тивко го откочив запирачот на карабинот и напрегнат — сиот во уво престорен — чекам. Јасно го слушам чекорот на поткованите чевли. Знам дека никој од домашните Албанци немаат потковани обувки. Само балистите, кои ги добиле од Италијанците. Целиот сум престорен во нерв. Растреперен, во тишина, наслушнувам.

А татнежот на поткованите чевли одѕвонува сè поблиску. Ја дигам пушката на нишан и извикувам во темнината:

— Стој! Кој иде?

А татнежот на поткованите чевли е сè посилен и сè поблиску. Во паника сум... Викам:

— Стој! Ќе пукам! А топотот на чевлите е сè поблиску! Не знам колкумина се... и пукам во првата сенка што ја здогледувам.

Само еден единствен истрел!

Го репетирам карабинот и викам:

— Стој! Ќе пукам!

Ме заглуши првиот пукот и мојата паника. Сега слушам: тишина и лелек на болка, лелек на молба за помош. Стиснат зад дрвото со полн карабин, спремен да пукам — ослушнувам.

Тишина. Подмолна, шумска тишина. А потоа врисок. Потоа стравотно кркорење. Получовечки звуци во кои се наѕираат зборови, но ги заглушуваат кркорењата.

Полудувам. Сакам да пукам. Имам пушка, имам сила и власт! Но, во кого? Кркорењата и шумовите престануваат. Тишина. Темна тишина на ноќта... А јас со карабин, спремен да пукам и убивам! Секоја секунда е вечност...

Од базата дотрчаа викајќи Ѓоре и Никола. Светат со батериска ламба. Им се јавувам. Прашуваат: што е? Зошто сум пукал? Велам — во балистите! Заедно, тие осветлуваат со батеријата, а сите сме со репетирани пушки... чекор по чекор, слегуваме по патеката.

На триесет метри подолу го наоѓаме мртвиот Рацин и крај него: две порции истурена вечера!

Некој него го пратил таа вечер да донесе вечери од блиската „менза“.

На крајот го прашувам Мино — нагласувајќи дека не прашувам од љубопитност, туку како историчар — кој и зошто го испрати Рацин во таа темна опасна ноќ?

Мино молчи. Ме гледа. Се замисли. Одеднаш мирно, помирен со стварноста на тукушто добиената пензија:

„Коле, зошто ме мачиш? Сè знаеш подобро од мене. Знаеш од сопствено искуство дека онаа атмосфера убива!“

...



Забелешки на уредувачот

[1] „Млад борец“ во 1990 година во два броја (од 21 февруари и 7 март 1990 година) објави извадоци од необјавениот ракопис на Антон Колендиќ, „Животот и смртта на Кочо Рацин“. Во првиот број се објавени извадоци кои Колендиќ веќе ги објави во 1986 година во белградското списание „Књижевност“ (види „Рацин на робија“). Во вториот број во најголем дел е објавен материјал кој не беше објавен во „Књижевност“ и тој материјал го преземаме овде.



Архива на Антун Колендиќ

Рацинова архива

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива