Учесници во Шпанската граѓанска војна од Македонија

 


Извори: Перо Коробар, Божо Стефановски (ур.) „Во интернационалните бригади на Шпанија“, „Студентски збор“, Скопје, 1989, 215-220 стр., Блаже Ристовски „Животот и делото на Кочо Рацин“, „Матица македонска“, Скопје, 2009, 284, 286, 288 и 298-299 стр. Васил Тоциновски „Враќање нема“, „Современост“, Скопје, 2012, 222-223 стр., Ѓорѓи Танковски и др. (ур.) „Зборник на загинати борци во НОВ и револуцијата од Ресен и Ресенско“, Ресен, 1983, 123-124 стр., Čedo Kapor (ur.) "Španija 1936-1939", "Vojnoizdavački zavod", Beograd, 1971, tom 5, 505-576 стр. Udruženje Španski borci 1936-1939, Abraham Lincoln Brigade Archives, Memòria històrica i Brigades Internacionals, Hervé Lemesle.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2009


Вардарска Македонија

1. Аголи Урфи Аки[1] – роден 1903 година во Дебар. Се школувал во Дебар, Лерин, Корча, Битола и Солун, а учел воена академија во Наполи, Италија. Во Италија се вклучил во антифашистичкото движење. По враќањето во Албанија се вклучил во отпорот против режимот на Ахмед Зогу. Во 1935 година е уапсен во Тирана, но поради недостаток на докази по шест месеци е пуштен на слобода. Во август или октомври 1936 година преку Солун и Франција дошол во Шпанија. Бил во баталјонот „Гарибалди“. Загинал во ноември 1936 година при одбраната на Мадрид, а според друга верзија во април 1937 година кај Брунете пред Мадрид.

Владо Арсов

2. Арсов Владо (Арсовски Панов Владимир) — роден 1910 во Неготино. Инженер, геометар. Член на КПЈ од 1931 година. Во 1932 година бега од Југославија и оди во СССР. Во СССР студирал на Вороњешкиот универзитет. Не ги завршил студиите, бидејќи заминал во Шпанија, каде зел учество во војната од 9 декември 1936. Добил чин лајтант. На почетокот на 1937 година заминал во тенковска единица во Мурсија, но набрзо добил прекоманда на Мадридскиот фронт. Таму загинал кај реката Харама на 2 февруари 1937 година, кога една граната го погодила неговиот тенк.

3. Атков Томов Борис — роден на 6 декември 1904 година во Скопје. Се иселил во Франција во пролетта 1924 година. Работел во циркус во Париз и во рудник во Алес Гард. Во Шпанија дошол од Франција на 2 септември 1936 година. Се борел на Мадридскиот фронт. Кон крајот на ноември 1936 година бил ранет. Бил во диверзантски групи – капетан. На 12 февруари 1939 е заробен и префрлен во логорите во Франција на присилна работа, а потоа, како шпански борец, е затворен во Швајцарија, каде останува до август 1941, кога успева да избега и да се врати во Југославија. Во 1944 година стапува во единиците на НОВ. Делегат е на Првото заседание на АСНОМ. По ослободувањето работи во Народното собрание на Македонија. Во 1954 година бил исклучен од СКЈ како информбировец. Дал свој придонес во развојот на културата и филмот во Македонија. Починал на 7 септември 1989 година во Скопје.

Спас Банџов

4. Банџов Наумов Спас — роден во 1904 година. Од Охрид. Бил на печалба во Романија, Куба, Франција и Белгија. Во 1928 година станал член на француските синдикати, а во 1931 година и на Комунистичката партија на Франција. Поради своите активности е гонет и затворан од француската полиција и е принуден да се пресели во Белгија, во Брисел. Во Шпанија дошол од Белгија ноември 1936 или во половината на 1937 година. Прво се борел на Мадридскиот фронт, а потоа е префрлен на Теруелскиот фронт. Добил чин поручник. По престојот во Шпанија од околу 15-16 месеци, сериозно заболува од стомачни болести и во 1938 година се враќа во Брисел. Во септември 1939 година се преселува во Софија и се вклучува во БРП (к). Умира во Охрид на 15 август 1942 година. (подетално види овде).

5. Блажо од Гевгелија — Во интернационалните бригади бил тенкист. Загинал во битката кај Харама.

6. Божиновски Панде — роден на 24 февруари 1906 година. Од с. Кривени, Ресенско. Бил на печалба во Буенос Аирес, Аргентина каде работел во градежништвото и бил активен учесник во штрајковите, демонстрациите и митинзите организирани од Аргентинската комунистичка партија. Бил и повереник на весникот „Интернасионал“. Во 1927 година се преселил во Канада. Бил член на КП Канада од 1931 година. Во 1937 година преку Канада заминал во Шпанија. Бил во 15-та бригада – баталјон „Абрахам Линколн“. По завршувањето на војната се вратил во Македонија и работел во градежништвото. Починал во 1976 година во Нивици, Преспанско.

Лазар Бојлевски

7. Бојлевски Лазар — роден на 2 јули 1902 во с. Буково, Битолско. Селанец. Во Шпанија дошол од Франција во 1936 година.

8. Бочкаровски Михаил (Калија) - Чарли — роден во 1895 година во с. Кривени, Ресенско. На 17 години замина на печалба во САД. Таму работел како општ работник во Њујорк, Детроит, Лакавана и на други места. Учествувал во штрајкови, поради што бил притворан и иследуван, а морал и да го менува местото на живеење. Во 1919 година е протеран од САД и се вратил во Кривени. Отслужува воен рок по што повторно заминува за САД. Во 1930 година, со формирањето на Македонскиот народен сојуз, станува негов член. Примен е за член на КП на САД. Во Шпанија дошол од САД во јануари 1937 година. Бил борец во артилерискиот дивизион - словенска група. Учествува на разни фронтови, меѓу кои и на мадридскиот. Загинал во 1938 кај селото Вилануева де ла Кањада – Мадрид.

Рамиз Варварица

9. Варварица Рамиз – роден на 24 август 1894 година во Дебар. Уште како млад се преселил во Пешкопеја, а оттаму во Тирана. Учествувал во Демократската револуција од 1924 година предводена од Фан Ноли, а по падот на владата на Фан Ноли, емигрирал во Франција, каде што работел во неколку рудници и во автомобилската индустрија. Таму се истакнал како активен и револуционерен синдикалец, а бил член и на КП Франција. Во Шпанија дошол од Франција на 20 јануари 1937 година. Се борел во XII бригада „Гарибалди“, прво како обичен борец, а потоа како капетан. Загинал во близина на Каспе, на Арагонскиот фронт, на 5 април 1938 година. Прогласен бил за Народен херој на Албанија.

10. Василев Норман [Наум] – роден 1912 година во Вардарска Македонија. Работник. Бил член на КП Канада од 1934 година. Дошол од Канада на 15 мај 1937 година. Бил во ТАРТ - Словенска група. Се вратил во Канада во февруари 1939 година. Починал во Торонто во 1979 година.

11. Вацко Михаил – роден 1905 година. Дошол од Југославија преку Франција во 1937 година. Бил во батеријата „Готвалд“. Загинал на 21 септември 1938 година.

12. Велевски Живко – роден во с. Болно, Ресенско. Шумар. Умрел во Шпанија од здобиените рани.

13. Галовски [или Галевски, Чаловски?] Велев Георги – роден во с. Смилево, Демирхисарско, на 24 септември 1893 година. Во Шпанија дошол од Буенос Аирес, Аргентина.

14. Ѓорги - Бојаџијата – родум од кичевските села. Дошол од Белгија во јануари 1937 година.

Алекса Демниевски - Бауман

15. Демниевски Алексо - Бауман – роден на 10 септември 1905 година во Велес. Во 1924 година станува член на СКОЈ, а во 1926 година - член на КПЈ. Во 1928 година е испратен на школување во СССР, каде во 1932 година го завршил Комунистичкиот универзитет во Москва. Во Шпанија дошол од СССР на 20 ноември 1936 година. Во декември 1936 година се бори на фронтот кај Кордоба, а во јануари 1937 година станува командир на Балканската чета на 14-та Интернационална бригада. Потоа, прво е заменик командант на баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“, а од 20 јули 1937 година, и негов командант. Во септември 1937 година е унапреден во чин мајор и поставен е за началник на командата на групацијата баталјони при 45-та дивизија од која во февруари 1938 година се формира 129-та интернационална бригада. При тоа тој е повторно поставен за командант на баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“. На 2 април 1938 е ранет во борбите на арагонскиот фронт (кај селото Поблета) и во август 1938 година е префрлен во Париз, каде му е ампутирана десната нога. Во април 1939 година е префрлен во СССР на лечење. За време на Втората светска војна бил во Киргистан, на границата со Кина. Во Југославија се враќа во декември 1944 година. Станува командант на 15-от македонски корпус и учествува во битките на Сремскиот фронт. По војната врши високи воени должности во ЈНА и во Државниот секретаријат за народна одбрана. Умира на 5 септември 1961 година во Белград.

16. Димитров Тодор — од Скопје. Загинал во Шпанија во 1937 година. [види подолу: Тодоров Димитар]

Ангел Димов

17. Димов(ски) Стојанов Ангел – роден на 7 јуни 1914 година во Скопје. Во 1930 година замина на печалба во Париз. Таму учествува во низа демонстрации на париските работници. Во јануари 1937 година со група француски патриоти заминал од Франција за Шпанија. Бил два пати ранет во борбите. Загинал на Харама во март 1937 година.

Иван Дојчинов

18. Дојчинов Христов Иван – роден на 11 јануари 1909 година во Гевгелија. Во текот на Првата светска војна неговото семејство се преселува во Ќустендил. Bил металски работник. Во март 1930 година заминал на печалба во Буенос Аирес, Аргентина. Бил член на Македонската прогресивна организација и на Антиимперијалистичката, антифашистичка и антивоена лига. Во октомври 1932 година е затворен. Во затворот е примен за член на КП Аргентина, а подоцна бил член и на Секретаријатот на Комунистичка партија во Буенос Аирес. Во април 1933 година е ослободен, но во текот на 1933 и 1934 година уште неколкупати е затворан. Вкупно минал две и пол години по аргентинските затвори. За Шпанија тргнал од Аргентина на почетокот од октомври 1936 година. Бил во Латино-американската чета, во 15-та, 115-та и 129-та бригада и специјалните служби. Трипати е рануван. Капетан. Во средината на јануари 1939 година со други интербригадисти ја напушта Шпанија и заминува за Франција. Во декември 1939 година избегал од логорот Аржелес Сур Мер и преку Италија и Југославија стигнал во Софија. Во 1941 година се вклучува во народноослободителното движење во Македонија. Во 1941 година бил член и на Покраинскиот воен штаб, а во мај 1943 година бил командант на Мавровско–кичевскиот партизански одред. Подоцна бил командант на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ, член и заменик–командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, заменик командант на Третата македонска бригада, на дивизија и на корпус. Учествува на Првото и Второто заседание на АСНОМ. По Ослободувањето ја завршил Воената академија „Фрунзе” во Москва, а по враќањето во 1948 година, со чин потполковник, бил командант на Валевската воена област и началник на Оперативното одделение на Петтата армиска област. Во декември 1950 година е притворен како осомничен во врска со Резолуцијата на Информбирото и на 10 ноември 1951 година е осуден на девет години строг затвор и три години ограничени права. Казната прво ја издржувал во затворот во Билеќа, Босна и Херцеговина (од март 1952 до 1954 година), а од 1954 година бил префрлен на Голи Оток. Бил помилуван во ноември 1956 година, по доаѓањето на Никита Хрушчов во Југославија. Се вработил во Металскиот завод во Скопје, но од јули до декември 1958 година бил повторно затворен. Во 1959 година пребегнал во Бугарија, но подоцна се вратил во Македонија. Умира во Скопје на 29 јануари 1992 година. Бил носител на Партизанска споменица 1941.

19. Иванов Кирилов Владимир – роден на 27 февруари 1911 година во Гевгелиско. Во 1935 година станал член на Работничкиот младински сојуз во Бугарија, а од 1937 година член на БКП. По Шпанската граѓанска војна се вратил во Бугарија. Бил претседател на Друштвото „Гоце Делчев“ во Софија. Автор е на книгата „Шпанија во пламени“ (1959).

20. Калешников Андро [или Колешников Андреј] – роден во Скопје. Работник. Во Шпанија дошол од Југославија 1936 година. Загинал во движењето на отпорот во Франција.

21. Костов Гоце – роден 1909 година во Гевгелиско. Во Шпанија дошол од Франција во 1936 година. Бил курир по баталјонот „Димитров" и 129-та бригада. Загинал во 1938 година кај Пена сан Марко [Пањамарко] на Арагонскиот фронт.

22. Минков Миле (Миша, Мише) – роден 1914 година. Дошол од Југославија. Бил во баталјонот „Димитров“. Загинал во 1937 за време на битката кај Брунете или во 1938 година.

23. Митиќ Ристо – шивач од Куманово. Во Шпанија дошол од Белгија. [види Ристо (Христо) „Шивачот“ подолу]

24. Мишел Стефан (Милош, Мишо) [Милан Стефановски - Мишел?] – роден во Куманово. Рудар. Дошол од Франција. Умрел во концентрационен логор во Франција. [види подолу: Стефанов Милан]

25. Мишковски Орданов Трајко - Оскар – роден на 5 март 1903 година во Велес. Од 1920 година бил член на синдикатот, од 1922 година член на СКОЈ, а од 1923 година член на КПЈ. Во втората половина на 1926 година е испратен во СССР на студии на Комунистичкиот универзитет за националните малцинства на Запад, кој го завршува во 1930 година. Во јануари 1935 година, по директива на КПЈ, е испратен на работа во Македонија. Доаѓа во Скопје, но, бидејќи му се заканувала опасност да биде откриен, по двомесечна работа е принуден да замине за Белград, каде станува член на градскиот комитет на КПЈ. Поради провали, по една година помината во Југославија, принуден е да ја напушти земјата во јануари 1936 година. По избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, од Чехословачка преку Франција заминува за Шпанија. Во Шпанија пристига со првите доброволци на почетокот од септември 1936 година. Бил избран за комесар на Балканската чета во Баталјонот „Едгар Андре“. Се бори на повеќе фронтови, вклучително и на Мадридскиот. Неколку месеци бил командант на баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“. Се стекнал со чин мајор. Ја напушта Шпанија на 11 февруари 1939 година. Прво е затворен во француските концентрациони логори, а потоа и во затворите. Кон крајот на 1943 или во 1944 година успева да побегне од затвор и се вклучува во францускиот отпор. По ослободувањето на Франција, во февруари 1945 година заминува за Југославија. Учествува во формирањето на синдикатите во Македонија, работи во министерството за труд и едно време е судија на Врховниот суд на Македонија. На 1 февруари 1949 година е уапсен поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото и е испратен на Голи Оток. Затворен е до февруари 1954 година. По четири години, во јуни 1958 година повторно е затворен и останува во затвор до ноември 1960 година. Починал на 23 октомври 1985 година во Скопје.

26. Наумов Илија – роден 1897 година во Ресен. Работник. Живеел во Торонто, Канада. Дошол во Шпанија на 27 јуни 1937 година од Канада. Бил во батеријата „Коларов“. Се вратил во Канада во 1939 година.

27. Николов Гоце (Рибарот) – роден 1899 година во Гевгелиско. Бил во баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“, заедно со Трајко Мишковски.

28. Пенушлиев Коцев Симо – роден на 28 јануари 1897 година во Штип.

29. Пандов Пенчо – од Велес или Велешко.

Елисие Поповски

30. Поповски Тодоров Елисие (Марко) – роден на 16 јули 1907 година во село Маврово, Гостиварско. Во 1935 година станува член на КПЈ. Во Шпанија дошол од Југославија на 15 јули 1937 година. Таму стапил во југословенската противтенковска единица „Петко Милетиќ“ во составот на 129-та интернационална бригада. Бил во 129-та интернационална бригада. Се бори на Мадридскиот и на други фронтови. Од 1939 до 1941 година е во логорите Гирс и Сан Сиприен во Франција. Потоа се враќа во Југославија и се вклучува во НОВ на Србија. Бил командант на Топличкиот партизански одред и заменик политички комесар на Озренскиот партизански одред. Во април 1943 година се префрлил во Македонија и станува политички комесар на Првата оперативна зона и член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ. По ослободувањето е раководител на УДБ-а во Македонија до 1952 година и врши други раководни функции. Умира во Скопје на 9 ноември 1972 година.

31. Поцков Боро (Мирко) – роден на 18 април 1916 година во Струмица. Графички работник. Станал член на СКОЈ во 1937, а во 1938, пред да замине во Шпанија, станал член и на КПЈ. Во Шпанија дошол од Југославија во април 1938 година и станал борец на баталјонот „Дивизионарио“ во склоп на 45-та интернационална дивизија. Бил тешко ранет во јули [или на 11 септември] 1938 во битката на Ебро. По повлекувањето од Шпанија бил во логорот Гирс во Франција. По капитулацијата на Франција, со група од 50-тина југословенски логораши заминува на работа во Германија, каде е одреден да работи во градот Хале во близина на Лајпциг. Во мај 1941 година, заедно со неколку други југословенски логораши, успева да избега и се враќа во Загреб. Во септември 1941 година се префрла во Сараево и се вклучува во НОВ на БИХ. Во октомври 1942 година бил заробен и предаден на Германците. Откако поминал два месеци во затвор во Сараево, бил испратен во работните логори во Германија, каде останал девет месеци. Откако добил бугарски пасош, успеал да се врати во Југославија. Во есента 1943 година се вклучува во НОВ на Македонија. Бил командант на Петтата оперативна зона на НОВ и ПОМ, како и на Кумановскиот и Струмичкиот партизански одред. Делегат е на Првото заседание на АСНОМ. По ослободувањето, работи во УДБА, а потоа во декември 1947 година е испратен на школување во СССР, на Фрунзеовата академија. По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото, во јуни 1948 година, заедно со останатите југословенски академци, се враќа во Југославија. Го продолжува школувањето на Вишата воена академија во Белград, која ја завршил во 1955 година. Потоа се наоѓал на разни командни должности во ЈНА. На 1 мај 1965 година е пензиониран со чин генерал-мајор. По пензионирањето бил сојузен пратеник во два мандати. Умира во Струмица на 19 јуни 1981 година.

32. Спировски Георги – роден 1903 година. Дошол од Југославија [или од Канада?]. Бил во баталјонот „Димитров“. Загинал во борба во Шпанија.

33. Стефанов Крстев Алексо – роден 1894 година во Царев Двор, Ресенско. Емигрант од 1920 година, прво во Белгија, а потоа во Франција од каде во август 1936 година заминува во Шпанија. Бил заробен и бил затвор во Шпанија од март 1937 до јуни 1943 година. Се приклучил во НОБ на Далмација во октомври 1944 година. Починал во Гачелези, Шибеничко, Хрватска, во 1954 година.

34. Стефанов Милан – роден во Куманово. Рудар. Во Шпанија дошол од Франција. Умрел во концентрационен логор во Франција.

35. Темелковски Темов Вангел – роден 1896 година во с. Царев Двор, Ресенско. Работник. Во 1912 година заминува на печалба во Канада. По седум години се вратил во Македонија, но во 1920 повторно заминал на печалба. Во 1927 година од Канада се преселил во САД. Живеел во Детроит, Њујорк и Лакавана. Од 1933-1934 година е член на Комунистичката партија на САД. Во Шпанија пристигнал на 26 февруари 1937 година. Бил во баталјонот „Димитров“ во 15-та бригада. Добил чин капетан. Бил ранет во десната рака за време на битката кај Брунете. Во есента 1938 година е пренесен во Франција. Во март 1939 година се вратил во САД, а во 1946 година се вратил во Македонија. До пензионирањето бил претседател на месната организација во Царев Двор. Потоа се преселил во Скопје, каде починал на 27 април 1972 година.

36. Тодоров(иќ) Александар (Алекс) – роден 1908 или 1916 година во с. Маврово, Гостиварско. Во Шпанија дошол од САД. Се вратил во САД во октомври 1938 година. Починал во 1972 година.

37. Тодоров Димитар [Мицевски Тодоров Димитар] – роден 1901 година (?) во Скопје (Чаир). Учител. Учествувал во Балканските војни и во Првата светска војна, како капетан во бугарската војска. Во Првата светска војна бил осуден на смрт во отсуство поради организирање бегство од фронтот. Емигрирал во Бугарија, оттаму во 1925 година оди во Романија, па во Франција, каде работи како рудар во градот Алес Гард, каде се вклучил во синдикалното движење и во КП Франција. Во Шпанија дошол од Франција на 1 или 10 октомври 1936 година. Командир на чета во баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“. Загинал на 21 јули 1937 година на Брунете — Мадрид — Гвадалахара [или во февруари 1937 година кај Харама]. (види сеќавањето за него Борис Атков насловено „Минерот - снајперист“)

38. Трајков Михајло – роден во Ресен [или Честа, Алексинац, Србија]. Во Шпанија дошол од Франција 1936 година и набрзо загинал во Мадрид.

39. Трајковски [Трајчевски, Трајков] Крстев Борис – роден на 5 јануари 1913 година во Крушје, Ресенско. Службеник. Во Шпанија дошол од Југославија на 24 [26] јуни 1937 година. Бил во ТАРТ - словенска група. Умрел 1944 година во Македонија. Според еден извор, за време на Втората светска војна тој, заедно со неговиот татко Крсте Трајков, учествувал во организирањето на бугарската окупаторска власт во Ресен. Поради тоа, по ослободувањето, комунистите го убиле на островот Голем град во Преспанското Езеро кон крајот на 1944 година.

Кирил Ќамилов

40. Ќамилов Панов Кирил – роден на 28 јануари 1898 година (или 22 февруари 1899) во Велес. Професор. Студирал во Прага и на Универзитетот Сорбона во Париз, а докторирал на Универзитетот во Нанси во 1936 година на тема од областа на педагогијата. Извесно време и предавал на Универзитетот во Нанси. Во Шпанија дошол од Белгија во јануари 1937 година. Бил во баталјонот „Георги Димитров“ и баталјонот „Дуран“. Бил офицер за врски и имал чин капетан. Се вратил во Франција во јули 1937 година. Во Југославија се вратил кон крајот на 1939 година. Бил интерниран во Винковци од каде илегално се префрлил во Македонија. Учествувал во НОВ од 1944 година, во бригадата „Гоце Делчев“. По ослободувањето, од 1947 до 1953 (1952?) година предавал на Филозофскиот факултет во Скопје. Од октомври 1952 до декември 1954 година бил затворен на Голи Оток. Подоцна бил научен соработник, а еден период и директор на Институтот за фолклор, каде работел до пензионирањето во 1968 година. Умира на 8 септември 1976 година во Скопје.

Цветко Узуновски

41. Узуновски Цветко - Абас – роден на 24 декември 1912 година во с. Царев Двор, Ресенско. Како занаетчиски работник, во 1934 година се приклучува на синдикалното движење, а во 1937 година станува член на КПЈ. Во 1934 година е уапсен од полицијата и е осуден на две и пол години затвор, кои ги одлежува во Пожаревац. Во Шпанија дошол од Југославија на 18 јуни 1937 година. Бил во балканската ТАРТ – батерија „Коларов". По повлекувањето од Шпанија бил во логорот Гирс во Франција. Заедно со други југословенски логораши во 1941 година заминува на работа во Германија, каде е одреден да работи во Еспенхајм во близина на Лајпциг. По враќањето во Македонија, се вклучува во НОВ и во септември 1941 година станува член на Покраинскиот воен штаб на Македонија. Во мај 1942 година влегува во составот на Привремениот покраински комитет на КПЈ за Македонија. При формирањето на Комунистичката партија на Македонија во март 1943 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. Од пролетта 1943 година е политички комесар на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Член е на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ, на кое е избран за член на неговиот Президиум. По ослободувањето, oд 1944 до 1946 година, е прв началник на ОЗН за Македонија, а во февруари 1946 година е избран за министер за внатрешни работи на Македонија. На оваа функција останува до 1953 година, кога паѓа во немилост и е испратен на работа во сојузните органи. Од август 1953 година е началник на Управата за цивилна заштита во Државниот секретаријат за внатрешни работи на Југославија, а од 1963 година е началник на Управата за народна одбрана во Државниот секретаријат за народна одбрана на Југославија. Пензиониран е како генерал полковник на ЈНА. Умрел на 24 мај 1994 година во Скопје, како последен преживеан шпански борец од Вардарска Македонија.

42. Хасан Рафаел [или Хасон] – роден 1905 година во Битола. По националност Евреин. Во Шпанија дошол од Југославија преку Алжир.

Ганчо Хаџи Панзов

43. Хаџи Панзов Иванов Ганчо – роден на 12 август 1900 година во Велес. Уште како ученик се вклучува во револуционерното движење на Велес, поради што е исклучен од велешката гимназија. Постојано следен и прогонуван, при крајот на летото 1923 година илегално ја преминува бугарската граница. Работел на пристаништето во Бургас од каде во есента 1924 година преку Грција заминува за Париз. Таму се вклучува во работата на синдикатите и станува член на Комунистичката партија на Франција. Од 1925 до 1928 година е секретар на балканската комунистичка група. Се вклучува и во работата на македонската емиграција, станувајќи член на Македонската народна федеративна група и ВМРО (Обединета). Во Шпанија дошол од Франција во септември или на почетокот на октомври 1936 година. По воената обука во која се стекнува со чин водник и е избран за командир на вод на Балканската чета во состав на баталјонот „Едгар Андре“, станува дел од Првата интернационална бригада што е формирана во октомври 1936 година. Заедно со бригадата, на почетокот од ноември заминува за Мадрид, каде се вклучува во одбраната на градот. Загинува во борбите кај Универзитетскиот град на 18 ноември 1936. (види повеќе во архивата на Ганчо Хаџи Панзов)

Јустина Шкупи

44. Шкупи Јустина (Шлаку) — родена на 26 февруари 1909 година во Скопје. Потекнувала од имотно католичко семејство. Дипломирала медицина во Албанија во 1931 година, а потоа работела во болница во Тирана. Била прогонувана и интенирана од власта на Зогу заради одбраната на женските права. Во Шпанија пристигнала на 25 јули 1937 година. Немала политичка афилијација. Била медицинска сестра во неколку болници: Каса Роха де Мурсија, Бениса, Вик и Матаро. Во болницата во Вик била главна медицинска сестра. Во октомври 1938 година заминала од Шпанија во Париз. Втората светска војна ја поминала во Франција, а по крајот на војната, во 1945 година заминала за Албанија, каде работела како медицинска сестра во Тирана. Во 1959 година ги објавила своите спомени од Шпанија во книгата „Во болниците на Интернационалните бригади“. Починала во Тирана во 1989 година. Била единствената Албанка и жена родена во Македонија што учествувала во Шпанската граѓанска војна.

Пиринска Македонија[2]

1. Андреев Николов Георги — роден на 6 септември 1900 година [или 1907 година] во с. Белица, Разлошко. Во декември 1936 година, бидејќи животот му бил загрозен поради неговите убедувања и дејствија, бил принуден да ја напушти Бугарија. Прво заминал за Франција, а подоцна за Шпанија. Бил борец во 86-та Интернационална бригада. Бил двапати ранет. По крајот на војната бил во француските логори (од февруари 1939 до септември 1941). Во есента 1941 година се вратил во Бугарија. Бил затворен во логорот Еникој/Крстополе. Од логорот бил ослободен во 1943 година. На 17 април 1944 година станал партизан во одредот „Никола Парапунов“. Починал во 2000 или 2002 година.

2. Атанасов Никола — роден 1907 (или 1906 година) во Пиринска Македонија (или во Костурско). Се иселил во Канада. Бил член на Комунистичката партија на Канада. Во Шпанија дошол од Канада во март 1937 година. Бил во балканската ТАРТ батерија „Коларов“. Се вратил во Канада во април 1938 година. Подоцна бил репатриран во Франција, а по 1945 година се преселил во Бугарија.

3. Биров Атанасов Димитар — роден 1912 во с. Брезово (или Градево?), Благоевградско.

4. Марков Јосиф — роден во 1907 година во Штраклево, Бугарија. Во Шпанија дошол од Канана во април 1937 година. Бил во батеријата „Коларов“. Се вратил во Канада во февруари 1939 година.

5. Парпулов Георгиев Велко — роден во Пиринска Македонија.

6. Рашев Стојан — од Пиринска Македонија. Работник. Во Шпанија дошол од Франција. Загинал 1938 година во одбраната на Мадрид.

7. Христов Методи — роден во с. Кочериново, Благоевградско/Ќустендилско. Загинал како диверзант во Шпанија.

Егејска Македонија

1. Алексиев Петар — од Като Неврокопи, Егејска Македонија (или Неврокоп, Пиринска Македонија). Комунист, член на Комунистичката партија на Грција. Во Шпанија дошол во април 1937 година. Бил во баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“. Загинал на 2 мај 1938.

2. Андреев Иванов Иван — роден на 12 јуни 1910 во Дреновени, Костурско или Серско. Во 1930 година се доселил во Канада. Во 1931 година станал член на КП на Канада. Во Шпанија дошол од Канада на 15 мај 1937 година. Бил во 15-та бригада. Кувар во балканската ТАРТ батерија „Коларов“. Се вратил во Канада на 11 февруари 1939 година на бродот „Дачис оф Бедфорд“. Починал во 1999 година во Етобикоук, Онтарио, Канада.

3. Белетов Иван (Шивач) — роден 1911 во Егејска Македонија. Дошол од Франција на 20 октомври 1937. Бил во баталјонот „Димитров“. Загинал кај Мореља во март 1938.

4. Божинов Димитар [Божиновски Димитрие] — роден 1906 во Костурско. Дошол од САД во мај 1937 година. Бил во 15-та бригада – баталјон „Линколн“. Загинал.

5. Бузев Петрев Трифун — роден на 28 август 1889 во Воден. За време на Балканските војни во 1912 година дезертирал од турската војска и преку Солун заминал за Кливленд, а потоа за Њујорк. Во САД активно се вклучил во работничкото движење и бил синдикален активист. Најпрво, од 1912 до 1917 година бил член на Социјалистичката партија на Америка, потоа на Индустриските работници на светот за од 1924 година да биде член на Комунистичката партија на САД. Завршил двегодишен курс во партиската школа на КП САД. На 10 јануари 1937 година, заедно со свои другари од Македонија што живееле во Њујорк, преку Франција, заминал за Шпанија. Во Шпанија дошол во февруари 1937. Бил во баталјонот „Георги Димитров“ и во 15-та интернационална бригада. Учествувал во битките на шест фронта (на Харама, Брунете, Карабанчел и други места). Пет пати бил рануван во борбите, а се стекнал со чин поручник. По ранувањата извршувал санитетски должности. Од Шпанија се повлекол со последните републикански единици во француските логори во февруари 1939 година. Бил во логорот во Аржелес. По една година избегал од логорите и се вратил во САД, каде што бил веднаш уапсен. Во затвор останува седум години, до 1946 година, кога американските власти го ослободиле под услов да ја напушти земјата. Во јануари 1947 година доаѓа во Скопје. Работел како службеник во текстилниот комбинат „Кузман Јосифовски - Питу“ во Скопје. Починал во Скопје на 23 јуни 1966.

6. Василевски Никола (Никита) — од Егејска Македонија. Артилерец во ТАРТ - Словенска група.

7. Георгиев Георги — роден во Кукуш.

8. Георгиев Јосиф (Жозеф) — роден во 1902 година во Кукуш. Во 1914 година неговото семејство се преселило во Софија. Во 1919 година станал член на Бугарскиот комунистички младински сојуз, а по Септемвриското востание од 1923 година – на Бугарската комунистичка партија. Во 1926 година заминал за Париз. Загинал на фронтот кај Теруел на 28 декември 1936 година.

9. Георгиев Оскар — од Егејска Македонија. Дошол од Канада. Загинал во 1938 година на Арагонскиот фронт.

10. Георгиев Павле (Пол) — роден 1903 година во Костурско, Егејска Македонија. Се преселил во Канада. Бил член на КП Канада. Во Шпанија дошол од Канада.

11. Григоров Христо — роден 1903 година во Костурско, Егејска Македонија. Дошол од Канада. Бил во баталјонот „Линколн".

12. Димов Вангел — роден 1915 година во Костурско, Егејска Македонија.

13. Динков Динко [Димко] — роден 1903 година во с. Горно Броди, Серско.

14. Заспалов Георгиев Иван — роден 1899 година во с. Брезница, Костурско. Дошол од Канада. Бил во баталјонот „Линколн".

15. Иванов(ски) Андреев Иван — роден 1906 или 1910 година во Серес. Работник - готвач. Се иселил во Канада. Бил член на КП Канада. Во Шпанија дошол од Канада на 15 мај (јуни) 1937 година. Бил во ТАРТ - батерија „Коларов“, Словенска група. Се вратил во Канада во 1939 година.

16. Јотов Илија — од село Подзивишта, Костурско. Печалбар во САД.

17. Јотов Панајот — од село Подзивишта, Костурско. Печалбар во САД.

18. К'лев Петар (Туше) [Калев Петар] — роден 1889 година во Кукуш. Уметник. Учел во Солунската гимназија. Бил член на Народно-федеративната партија во Солун од нејзиното основање. Учествувал во одредот на Јане Сандански за борба против контрареволуцијата во Цариград во 1909 година. По Првата светска војна и формирањето на ВМРО (Об.), работел во редакцијата на списанието „Балканска Федерација“. Поради своите активности, на почетокот на 1930-тите бил протеран од австриската полиција, по што заминал за Париз. Во 1933 година учествувал на Антифашистичкиот конгрес во Париз, како делегат на македонското друштво. Во Шпанија дошол од Франција во октомври 1936 година. Подоцна се борел во редовите на француската армија против германските нацисти. Потоа се криел во семејството на познатиот француски географ и анархист Елизе Реклу во близина на шпанската граница. По ослободувањето на Југославија се вратил во Скопје. Прво вршел должности во Министерството на градежите, а подоцна работел како учител во средното техничко и средното економско училиште. Умрел во Скопје на 26 јули 1963 година.

19. К'нев Иванов К'нчо — роден на 25 мај 1906 година во Костурско, Егејска Македонија. Дошол од Канада. Бил во артилерија, во балканската батерија „Коларов". Умрел во концентрационен логор во Франција.

20. Казаков [Казасов, Кавазов] Тотев [Татев] Димитар — роден во 1894 година во Егејска Македонија. Живеел во Лакавана, САД. Заминал за Шпанија на 17 февруари 1937 година. Загинал кај Брунете на 20 јули 1937 година.

21. Козлов Александар — роден 1911 година во Егејска Македонија. Се преселил во Канада. Бил член на КП на Канада. Во Шпанија дошол од Канада во септември 1937 година. Се вратил во Канада во 1939 година.

22. Козлов Георги — роден 1909 година во Егејска Македонија. Се преселил во Канада. Бил член на КП на Канада од 1933 година. Во Шпанија дошол од Канада на 25 јуни 1937 година. Бил во артилеријата, словенска група. Се вратил во Канада во 1939 година.

23. Козлов Димитар — роден 1894 година, во Егејска Македонија. Во Шпанија дошол од САД. Загинал.

24. Костов Георги — роден 1907 во Егејска Македонија. Дошол од Канада во август 1937 година. Бил во баталјонот „Линколн", 15-та бригада. Загинал во борба.

25. Ламбрев Крсто — роден 1895 година во Костурско, Егејска Македонија.

26. Ликов Тодор — роден 1898 година во Костурско, Егејска Македонија. Дошол од Франција. Исчезнал.

27. Мајаков Тр. Ламбе [Марковски Трајков Ламбро?] — роден во Костурско, Егејска Македонија. Загинал.

28. Македонски Стефанов Љубе — роден на 27 септември 1907 година, во Егејска Македонија. Загинал на реката Ебро во летото 1938 година.

29. Малинов [или Маринов] Петар (Пенко) — роден 1914 година во Егејска Македонија. Дошол од Белгија. Загинал.

30. Марковски Трајков Ламбро — од с. Косинец, Костурско. По Балканските војни бил мобилизиран во грчката војска. Подоцна се иселил во САД и се вклучил во напредното работничко движење. Бил член на Централниот комитет на Македонскиот народен сојуз во САД. Живеел во Детроит. Во Шпанија дошол од САД во 1937 година. Загинал во јули 1937 година на Арагонскиот фронт, при офанзивата за преземање на градот Белчите, како командир на картечница.

31. Михајлов Тасе — роден 1897 година во с. Пливенци (?), Егејска Македонија.

32. Младенов Петар — роден во Егејска Македонија. Дошол од Канада. Бил во 15-та интернационална бригада, баталјон „Линколн". Од Шпанија заминал во Франција.

33. Насев Васил (Начев, Нацев) — роден 1906 година во Егејска Македонија. Работник. Дошол од Франција. Загинал.

Тане Наумов

34. Наумов [Наумовски] Лазаров Тане — роден на 24 февруари 1907 година во с. Долно Котори, Леринско. Во 1933 година станал член на КПГ. По воведувањето на диктатурата на Метаксас, во 1936 година, заедно со други комунисти Грци, заминал со брод за Панама. Во Шпанија дошол од Панама на 4 август 1937 година [или 4 август 1936]. Прво бил морнар во трговските бродови „Стануел“ и „Марџит“ и учествувал во дотурот на оружје и опрема за републиканска Шпанија по морски пат. По потопувањето на бродовите од непријателската авијација, се приклучил на пешадиските единици. На 5 февруари 1939 година пребегнал во Франција. По директива на КП Франција работи во внатрешноста на Франција, во рудникот Буасон. По окупацијата на Франција од Германија, во 1942 година бил фатен од Гестапо и бил затворен во логорот Халсале [или „Рош Рум“] во источниот дел на Германија. На 22 април 1943 година е префрлен во Бугарија (во Пирот), од каде набрзо, на 5 мај 1943 година успеал да побегне и се вратил во родното село. До септември 1946 година бил во редовите на ЕЛАС и бил назначен за организациски секретар на Соровичкиот реон. Во текот на Граѓанската војна во Грција бил организациски секретар на НОФ за Леринско. По поразот на ДАГ, во септември 1949 година се префрлил во Албанија, од каде во ноември истата година со товарен брод бил префрлен во Полска. Таму бил осуден поради „титоизам“ на седум години строг затвор и од 17 март 1950 година се наоѓа во затворот во Згожелци. По смртта на Сталин, по одлежани четири години затвор, добил помилување и на 12 мај 1954 година бил ослободен. Во 1956 година се вратил во Југославија, но по доаѓањето во Скопје бил затворен и испитуван три дена во затворот во Идризово. Во август 1956 година бил ослободен и пристигнал во Битола кај своето семејство. Починал во Битола на 27 април 1977 година.

35. Папаџаков Димитар — роден на 10 февруари 1900 година, во село Емборе, Кајларско. Емигрира во Бугарија и во 1920 година станува член на Бугарската комунистичка партија. Од 1921 до 1923 година е член на Окружниот комитет на БКП во Плевен. Гонет од властите, бега во Југославија, од каде во 1925 година заминува за СССР. Учи на Комунистичкиот универзитет во Ленинград од 1925 до 1928 година и работи во Извршниот комитет на Комунистичката интернационала. Во 1932 година се враќа во Бугарија. Избран е за член на Централниот комитет на БКП. Во 1935 година повторно заминува за Москва. Во октомври 1937 година заминува за Шпанија. Командува со чета на Арагонскиот и Источниот фронт. Загинува кај Мореља во јули 1938 година.

36. Радев Иван — роден 1913 година во Костурско, Егејска Македонија.

37. Ралев Димитар (Радов Митко) — роден 1913 година во с. Д'мбени, Костурско. Дошол од Канада. [види подолу Рели, Џим]

Панде Ристески

38. Ристовски [Ристевски, Ристески] Спиров Панде — роден на 27 јули 1906 година во село Нивици, Долна Преспа [Леринско]. Работник. Во Шпанија дошол од Аргентина во март [22 април] 1937 година. Бил во балканската батерија „Коларов" и во 129-та интернационална бригада. Умрел во Скопје [или Тетово] на 21 јануари 1965 година.

39. Скоплиќ [или Скопљец] Иван — роден околу 1888 година во Егејска Македонија. Дошол од Канада. Бил во баталјонот „Димитров“. Загинал во јуни 1938 година [или 1937 кај Брунете].

40. Стојчев Г. Лазар — роден во 1913 година во Егејска Македонија. Во Шпанија дошол од Канада во јули 1937 година. Загинал во 1938 година на Арагонскиот фронт.

41. Улковски Донев Ване — роден 1904 година во с. Смрдеш, Костурско. Бил член на КП Канада од 1933 година. Во Шпанија дошол од Канада на 15 мај 1937 [или август 1937 година] година. Бил во баталјонот „Мекензи-Папино“. Загинал на Теруелскиот фронт, во Гандеза во 1938 година.

42. Хаџиев Атанасов Панајот — роден на 23 август 1900 во Д'мбени, Костурско. Во 1914 година со своето семејство се преселува во Бугарија. Во 1919 година се преселува во САД. Живеел во Гери. Во 1929 година станува член на Комунистичката партија на САД. Бил еден од организаторите на Македонскиот народен сојуз во Америка и член на неговото раководство. Во Шпанија дошол на 19 февруари 1937 од САД. Бил артилерец во словенската група. По поминати 25 месеци во Шпанија, на 10 март 1939 година се враќа во Детроит. Од 1947 година живее во Скопје. Во 1950 година бил исклучен од КПЈ поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото и бил осуден на две години затвор. При една средба на бугарската граница во март 1961 година, пребегнал во Бугарија. Умрел во 1962 [или 1964 година].

43. Христов Панде — роден во Егејска Македонија. Артилерец.

44. Чичанков Христов Глигор — роден во с. Жупаништа, Костурско во 1903 година. Се иселил во Канада. Станал член на КП Канада во 1931 година. Во Шпанија дошол од Канада во мај 1937 година. Артилерец во батеријата „Коларов“. Умрел во Чиле.

45. Шејтанов Александар — роден во Костурско, Егејска Македонија. Умрел во концентрационен логор во Франција.

Непознато место на раѓање и иселеници

1. Ангелушев Димитров Живко – роден 15 јануари 1897 во Маглиж, регионот на Стара Загора, Бугарија, во семејство со потекло од с. Плевна, Драмско. Во младоста емигрирал во Германија, каде што работел во универзитетската болница во Берлин. Специјализирал оториноларингологија и неврохирургија. Бил член на КП Германија. По доаѓањето на Хитлер на власт, бил затворен. Потоа пребегнал во Франција, а од таму во САД. Во Шпанија дошол од САД во октомври 1936 година. Бил директор на универзитетската болница во Мурсија. По војната прво бил во Франција, а во 1940 година се вратил во САД. Напишал книга за Шпанија, "Ein Artz erlebt Spanien" (Detroit, 1939). Бил еден од основачите и потпретседател на Друштвото на пријателите на Нова Југославија во Њујорк. На иселеничката конференција во Кливленд во февруари 1946 година бил избран за претседател на Иницијативниот одбор за изградбата и екипирањето на болницата во Скопје. Ја посетил Македонија во 1957 година, а по Скопскиот земјотрес во 1963 година учествувал во испраќањето помош од САД. Починал во Њујорк, на 17 јули 1979 година. Негов брат е бугарскиот уметник Борис Ангелушев.

2. Аристов Глигор [или Грегор] – роден 1903 година.

3. Белов Мајк — роден во 1888 година. Живеел во Толедо, САД и работел како работник на фарма. Бил член на Фармерско-работничката партија. Во Шпанија пристигнал на 23 март 1937 година. Бил во 15-та бригада – баталјон „Абрахам Линколн“ и во 129-та бригада. Бил кувар. Бил ранет во битките. Во САД се вратил на 4 февруари 1939 година.

4. Бузев Димитар — од Њујорк, САД.

5. Василевски [или Василев] Наум — роден 1912 година.

6. Влканов Никола — дошол од Париз, Франција. Стрелан во концентрациониот логор Дахау, Германија.

7. Димков Георгиев Димо – роден 1910 година, работник. Дошол од Франција.

8. Димов Тошо (Кондураџијата) — во Шпанија дошол од Белгија.

9. Исценски Тодор — роден 1900 или 1909 година. Загинал на 2 мај 1938 година.

10. Јанков Петар — дошол од Белгија 1936 година.

11. Јанков Тодор (или Јанковиќ) — роден 1901 година. Рудар. Дошол од Франција на 30 јуни 1937 година.

12. Комитов Јанко — артилерец во тешката артилерија.

13. Комитов Марко — загинал на 23 мај 1938 година.

14. Кочмаровски Александар — шумски работник. Во Шпанија дошол во 1937 година. Бил во баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“. Загинал на 14 јули 1938 година на фронтот кај Пена сан Марко [Пањамарко] на Арагонскиот фронт.

15. Ладовски Михаил — работник. Во Шпанија дошол во ноември 1936 година од Франција. Бил во 13-та интернационална бригада, баталјон „Чапаев“. Загинал на Теруелскиот фронт на 31 декември 1936 год.

16. Наумчевски Волче — загинал.

17. Недев Георги — евидентиран како борец во Шпанските републикански единици.

18. Николов Петар — роден 1910 година. Во Шпанија дошол од Франција. Загинал.

19. Павковски Владимир — бил во баталјонот „Домбровски“. Загинал на 20 ноември 1936 година кај Каса де Кампо, Мадрид.

20. Павлов Стојан (Џорџ) — роден 1893 или 1899 година. Железничарски работник. Член на Комунистичката партија на САД од 1927 година. На 6 февруари 1937 година од САД заминал за Шпанија, каде што пристигнал на 17 февруари 1937 година. Бил во 15-та бригада – баталјон „Абрахам Линколн“. Бил кувар. Прво бил во Албасете, а потоа во Алманса. Загинал [или се вратил во САД во јануари 1938 година?].

21. Паунов [или Паунков] Ганчо — работник, загинал на 17 ноември 1936 година во одбраната на Мадрид.

22. Пол Џорџ — од Милвоки, САД.

23. Рајчев Васил — артилерец. Загинал во Шпанија.

24. Рачев Желеско — роден на 3 мај 1897 година [во село Емен, Велико Трново?]. Работел како кројач. Член на Комунистичката партија на САД од 1927 година. Живеел во Кливленд, САД. Во Шпанија пристигнал од САД на 5 мај 1937 година. Бил во 15-та бригада, баталјон Мекензи-Папино. Се вратил во САД на 5 ноември 1938 година.

25. Рели Џим (Јован) — роден 1913 година. Бил член на КП Канада од 1936 година. Дошол од Канада на 30 мај 1937 година. Евидентиран е како Македонец. Бил во 15-та бригада. Се вратил во Канада во февруари 1939 година.

26. Ристо (Христо) „Шивачот“ — во Шпанија дошол од Белгија.

27. Силов Ерих (Енрике) — во Шпанија дошол од Аргентина кон крајот на 1936 година.

28. Симеонов Борис — роден 1894 година. Бил член на КП Канада од 1936 година. Во Шпанија дошол од Канада во мај 1937 година. Бил во 129-та бригада. Се вратил во Канада во февруари 1939 година.

29. Симеонов Глигор — бил во тешката артилерија во словенската група. Загинал во 1936 година во Мадрид.

30. Симов Александар — роден 1900 година. Во Шпанија дошол од Франција. Бил во баталјонот „Димитров“. Загинал 1938 година [или 1937 кај Брунете].

31. Симон Милош — роден 1892 година. Дошол од Белгија.

32. Скопјанец Ангел — дошол во јануари 1937 година. Загинал. [Видете горе: Димов(ски) Стојанов Ангел]

33. Софронов — во јануари 1938 година бил во баталјонот „Димитров“.

34. Спасовски Трифунов Стефан — роден 1913 година. Борец во баталјонот „Димитров". Загинал во 1938 година.

35. Стојков Емил (Братко) [Емилијан] — роден во Бесарабија. Работник. Дошол од Франција во октомври 1936 година. Бил борец во 11-та интернационална бригада, во баталјонот „Домбровски“. Загинал во април 1937 година на Гвадалахара.

36. Тамсон Џан — од Чикаго, САД. Бил член на КП САД. Во Шпанија дошол од САД во февруари 1937 година. Бил во баталјоните „Димитров“ и „Ѓаковиќ“. Се вратил во САД во март 1939 година. Починал во Илиноис, САД во 1953 година.

37. Трифунов Стефан (Стојан) — роден 1911 година. Борец во баталјонот „Димитров". Загинал 1938 година на Арагонскиот фронт.

38. Чучков Симо — роден 1907 година. Во Шпанија дошол од Франција во 1937 година. Борец во II-та чета на баталјонот „Дивизионарио". Стрелан во концентрациониот логор Дахау, Германија, во 1942 година.

 


Забелешки на уредувачот

[1] Учесниците во Шпанската граѓанска војна родени на територијата на Македонија, а кои по етничка припадност биле Албанци исто така се водат како шпански борци и во списоците на учесници во војната од Албанија.

[2] Учесниците во Шпанската граѓанска војна кои овде се наведени во одделите за Пиринска и Егејска Македонија можно е да се водат како учесници и во списоците на учесници во војната од Бугарија и Грција. Тие нужно не мора да имале изградено македонско етничко чувство.

 


Архива за Шпанската граѓанска војна и револуција | Македонска тематска архива
марксистичка интернет архива

 

Последен пат обновено: 10.12.2023