Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава XIX

Давање согласност за измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија

Член 444

Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија Собранието на Социјалистичка Република Македонија утврдува на заедничка седница на сите собори со мнозинство гласови на сите делегати.

Иницијатива за поднесување предлог од Собранието за пристапување кон измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија може да поднесе секој собор на Собранието,

Претседателството на Републиката, Извршниот совет и најмалку 30 делегати во Собранието.

Член 445

Одлука за давање согласност на предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Собранието донесува на заедничка седница на сите собори.

Одлуката за давање согласност на предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е усвоена ако за неа гласаат две третини од сите делегати во Собранието.

Член 446

Нацртот за измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија го претресува и мислење по него дава Собранието на заедничка седница на сите собори.

Член 447

Одлука за давање согласност на текстот за измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, прифатен во Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Собранието на Социјалистичка Република Македонија донесува на заедничка седница на сите собори.

Одлуката за давање согласност на текстот на измената на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е усвоена ако за неа гласаат две третини од сите делегати во Собранието.