Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава XVIII

Измена на Уставот на Социјалистичка Република Македонија

Член 439

За измена на Уставот на Социјалистичка Република Македонија одлучува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Уставот на Социјалистичка Република Македонија може да се менува и дополнува со уставни амандмани или со уставен закон.

Член 440

Предлог за пристапување кон измена на Уставот може да поднесе секој собор на Собранието, најмалку 30 делегати во соборите на Собранието, Претседателството на Републиката и Извршниот совет.

За предлогот за пристапување кон измена на Уставот одлучува Собранието на заедничка седница на сите собори.

Член 441

Нацртот на актот за измена на Уставот го утврдува Собранието на заедничка седница на сите собори и го става на јавна дискусија.

По спроведената јавна дискусија Општествено-политичкиот собор на Собранието го утврдува предлогот за измена на Уставот.

Член 442

По предлогот за измена на Уставот одлучува Собранието на заедничка седница на сите собори.

Измената на Уставот е усвоена во Собранието ако за неа гласале најмалку две третини од сите делегати во Собранието.

Ако измената на Уставот не е усвоена, предлогот за измена на Уставот по кој не е постигната согласност не може да се повтори пред истекот на една година од денот кога предлогот за измена на Уставот е одбиен.

Член 443

Усвоената измена на Уставот ја прогласува Собранието.