Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава XVI

Уставен суд на Македонија

Член 419

Уставниот суд на Македонија:

1) одлучува за согласноста на републичките закони со Уставот на Социјалистичка Република Македонија;

2) одлучува за согласноста на прописите и на другите општи акти на органите на општините и на Републиката со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републичките закони и со другите републички прописи;

3) одлучува за согласноста на самоуправните општи акти со Уставот на Социјалистичка Република Македонија и со републичките закони;

4) одлучува дали прописите и другите општи акти на органите на општината и на Републиката и самоуправните општи акти се во спротивност со сојузните закони за чие извршување се одговорни органите во Републиката;

5) ги решава споровите за правата и должностите меѓу Републиката и општините, меѓу две или повеќе општини како и меѓу нив и организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, ако за решавањето на овие спорови не е определена надлежност на друг суд;

6) решава по споровите за надлежност меѓу судовите и републичките органи и меѓу судовите и општинските органи;

7) врши и други работи што му се ставени во надлежност со овој устав.

Уставниот суд на Македонија може да ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на прописите и општите акти на органите на општината и на Републиката и на самоуправните општи акти што престанале да важат, ако од престанокот на важењето до поведувањето на постапката не поминало повеќе од една година.

Член 420

Уставниот суд на Македонија ги следи појавите од интерес за остварување на уставноста и законитоста, го известува Собранието на Социјалистичка Република Македонија за состојбата и проблемите во врска со остварувањето на уставноста и законитоста и му дава на Собранието мислења и предлози за донесување и изменување на закони и за преземање на други мерки заради обезбедување на уставноста и законитоста и за заштита на правото на самоуправување и на другите слободни права на граѓаните и на самоуправните организации и заедници.

Член 421

Кога Уставниот суд на Македонија ќе утврди дека надлежниот орган не донел пропис за извршување на одредбите на овој устав, закон или друг пропис и општ акт, а бил должен таков пропис да донесе, го известува за тоа Собранието.

Член 422

Уставниот суд на Македонија може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да нареди запирање на извршувањето на поединечен акт или дејство што е преземено врз основа на закон, друг пропис или општ акт на орган на општината односно на Републиката или на самоуправен општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат неотстранливи штетни последици.

Член 423

Работата на Уставниот суд на Македонија е јавна.

Член 424

Уставниот суд на Македонија се состои од претседател и шест судии што ги избира Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија се избираат за време од осум години и не можат да бидат повторно избрани на функцијата претседател или судија на Уставниот суд на Македонија.

Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија не можат истовремено да вршат функции во државни или самоуправни органи.

Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија уживаат имунитет како и делегатите во Собранието.

За имунитетните права на претседателот и на судиите на Уставниот суд на Македонија одлучува Уставниот суд.

Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија пред стапувањето на должноста даваат свечена изјава пред претседателот на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија.

Член 425

Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија можат да бидат разрешени од должноста пред истекот на времето за кое се избрани, само ако самите побараат да бидат разрешени, ако бидат осудени за кривично дело со казна лишување од слобода или ако трајно ја изгубат работната способност за вршење на својата функција.

Причините за разрешување на претседателот и на судија на Уставниот суд на Македонија пред истекот на времето за кое биле избрани ги утврдува Уставниот суд и за тоа го известува Собранието.

Ако претседателот или судија на Уставниот суд на Македонија побара да биде разрешен од должноста, а Собранието не донесе одлука по тоа барање во рок од три месеци од денот на неговото поднесување, Уставниот суд, по барање од претседателот или судијата, ќе утврди дека му престанала должноста во Уставниот суд и за тоа ќе го извести Собранието.

Уставниот суд на Македонија може да одлучи претседателот или судија на Уставниот суд против кого е поведена кривична постапка да не ја врши должноста во Уставниот суд додека трае таа постапка.

Член 426

Ако Уставниот суд на Македонија утврди дека републички закон не е во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, ќе го утврди тоа со своја одлука што му ја доставува на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Собранието е должно во рок од шест месеци од денот на доставувањето на одлуката на Уставниот суд да го усогласи законот со Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Уставниот суд, по барање од Собранието, може да го продолжи рокот за усогласување на законот најмногу уште за шест месеци.

Ако Собранието во определениот рок не го усогласи законот со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, одредбите на законот што не се во согласност со Уставот престануваат да важат, што Уставниот суд ќе го утврди со своја одлука.

Член 427

Кога Уставниот суд на Македонија ќе утврди дека пропис, освен закон, општ акт на орган на општината и на Републиката или самоуправен општ акт не е во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републички закон односно со друг републички пропис или е во спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, ќе го поништи или укине тој пропис или општ акт односно оние негови одредби што не се во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републичкиот закон односно со другиот републички пропис или што се во спротивност со сојузниот закон.

Член 428

Законите за кои е утврдено дека престанале да важат и другите прописи и општи акти на органите на општината и на Републиката и самоуправните општи акти што се поништени или укинати нема да се применуваат на односите што настанале пред денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд на Македонија, ако до тој ден не се правосилно решени.

Прописите и другите општи акти донесени за извршување на прописите или на самоуправните општи акти што повеќе не можат да се применуваат, нема да се применуваат од денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд, ако од одлуката произлегува дека тие прописи и акти му се спротивни на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, на републички закон односно на друг републички пропис или на сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката.

Извршувањето на правосилните поединечни акти, донесени врз основа на прописи што повеќе не можат да се применуваат, не може ниту да се дозволи ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато — ќе се запре.

Член 429

Секој може да даде иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста.

Постапка пред Уставниот суд на Македонија може да поведат:

1) Собранието на Социјалистичка Република Македонија и собранијата на општините;

2) Претседателството на Социјалистичка Република Македонија;

3) Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, освен за оценување на уставноста и законитоста на прописите и другите општи акти што ги донесува Собранието на Социјалистичка Република Македонија;

4) суд, ако прашањето на уставноста и законитоста настане во постапката пред судот;

5) јавниот обвинител на Македонија, ако прашањето на уставноста и законитоста настане во неговата работа;

6) општествениот правобранител на самоуправувањето;

7) организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, ако е повредено нивно право утврдено со Уставот на Социјалистичка Република Македонија или со закон;

8) републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата односно со републичките организации, секој во својот делокруг, освен за оценување на уставноста на законите и прописите на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како и на уставноста и законитоста на прописите на Извршниот совет;

9) органот што според овој устав и закон е овластен да запре од извршување пропис или друг општ акт на орган на општината односно на Републиката и самоуправен општ акт, поради неговата несогласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија или со закон односно со друг републички пропис;

10) Службата на општественото книговодство во Републиката.

Уставниот суд на Македонија може и сам да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста.

Член 430

Секој чие право е повредено со конечен и правосилен поединечен акт, донесен врз основа на закон, друг пропис или општ акт на орган на општината односно на Републиката или врз основа на самоуправен општ акт, што според одлуката на Уставниот суд на Македонија не е во согласност со

Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републички закон односно со друг републички пропис или е во спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, има право да бара од надлежниот орган измена на тој поединечен акт. Предлогот за измена на овој поединечен акт може да се поднесе во рок од 6 месеци од денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд на Македонија во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија", ако од доставувањето на поединечниот акт до донесувањето на одлуката на Уставниот суд не поминало повеќе од една година.

Кога суд со правосилна одлука ќе одбие да примени пропис или општ акт на орган на општината односно на Републиката или самоуправен општ акт поради неговата несогласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републички закон односно со друг републички пропис или поради неговата спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, а Уставниот суд на Македонија утврди дека таква несогласност односно спротивност не постои, секој чие право е повредено може да бара измена на правосилната одлука на судот во рок од една година од денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд.

Ако се утврди дека со измена на поединечниот акт не можат да се отстранат последиците настанати поради примената на прописот или на другиот општ акт што не е во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републички закон односно со друг републички пропис или што е во спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, Уставниот суд на Македонија, може да определи последиците да се отстранат со враќање во поранешната состојба, со надоместок на штетата или на друг начин.

Член 431

Државните органи, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, како и носителите на самоуправни, јавни и други општествени функции се должни, по барање од Уставниот суд на Македонија, да му даваат податоци и известувања потребни за работата на Уставниот суд и по налог на Судот да преземаат дејства од интерес за водење на постапката.

Член 432

Уставниот суд на Македонија донесува одлуки и решенија со мнозинство гласови на сите судии на Уставниот суд.

Судија на Уставниот суд што ќе издвои мислење има право и должност да го изрази писмено и да го образложи.

Член 433

Уставниот суд на Македонија донесува одлуки, по правило, врз основа на јавна расправа.

Член 434

Кога во текот на постапката законот, другиот пропис или општиот акт на орган на општината односно на Републиката или самоуправниот општ акт е доведен во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републичкиот закон односно со другиот републички пропис или со сојузниот закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката а не се отстранети последиците од неуставноста односно на незаконитоста, Уставниот суд може со одлука да утврди дека законот, другиот пропис или општиот акт или самоуправниот општ акт не бил во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија односно со другиот републички пропис. Оваа одлука на Уставниот суд на Македонија има исто правно дејство како и одлуката со која се утврдува дека законот престанал да важи односно со која се укинува или поништува другиот пропис или општиот акт.

Член 435

Одлуките на Уставниот суд на Македонија се задолжителни и извршни.

Во случај на потреба извршувањето на одлуките на Уставниот суд го обезбедува Извршниот совет.

Уставниот суд може да бара да се преземат мерки спрема одговорното лице заради неизвршување на одлука на Уставниот суд.

Член 436

Одлуките на Уставниот суд на Македонија се објавуваат на македонски јазик во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија", како и во службеното гласило во кое е објавен прописот или другиот општ акт на органот на општината или на начин на кој се објавува самоуправниот општ акт по кој Судот одлучувал.

Член 437

Со закон се утврдуваат основите на постапките пред Уставниот суд на Македонија и правното дејство на неговите одлуки.

Уставниот суд на Македонија самостојно ја уредува постапката пред Судот и својата организација.