Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава XV

Врховен суд на Македонија, Јавно обвинителство на Македонија и Републички општествен правобранител на самоуправувањето

Член 414

Врховниот суд на Македонија:

1) утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за единството во примената на републичките закони и другите републички прописи од страна на судовите;

2) одлучува во прв степен кога е тоа предвидено со закон;

3) одлучува по редовните правни средства против одлуките на судовите кога е тоа определено со закон;

4) одлучува по вонредните правни средства против правосилните одлуки на судовите во случаите предвидени со закон;

5) одлучува во управните спорови во случаите предвидени со закон;

6) ги решава споровите за надлежност меѓу судовите од територијата на Републиката ако со закон не е поинаку определено;

7) врши други работи определени со закон.

Член 415

Претседателот и судиите на Врховниот суд на Македонија ги избира и разрешува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 416

Функцијата на јавно обвинителство, во рамките на правата и должностите на Републиката, ја врши јавниот обвинител на Македонија.

Член 417

Јавниот обвинител на Македонија вложува правни средства за кои е овластен со закон во работите за кои е надлежен Врховниот суд на Македонија и врши други работи определени со закон.

Член 418

Функцијата на општествен правобранител на самоуправувањето, во рамките на правата и должностите на Републиката, ја врши републичкиот општествен правобранител на самоуправувањето.