Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава XII

Совет на Републиката

Член 388

Советот на Републиката разгледува значајни прашања од самоуправниот социјалистички развиток, остварувањето на соработката со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини и други прашања што ќе му ги предложи Претседателството на Републиката и за своите ставови и предлози го известува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 389

Членовите на Советот на Републиката, по предлог од Претседателството на Републиката, ги избира Собранието.

Членовите на Советот на Републиката се избираат од редот на истакнатите општествено-политички и други јавни работници.

Член 390

Седниците на Советот на Републиката ги свикува и на нив претседава претседателот на Претседателството на Републиката.

Член 391

Начинот на работата и организацијата на Советот на Републиката се уредуваат со закон.