Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава XIII

Извршен совет

1. Положба и надлежност

Член 392

Извршниот совет е извршен орган на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Извршниот совет, во рамките на правата и должностите на Републиката, е одговорен пред Собранието за состојбата во сите области на општествениот живот, за спроведувањето на политиката и извршувањето на законите и другите прописи и општи акти на Собранието, како и за координирањето на работата на републичките органи на управата.

Извршниот совет работите од својата надлежност ги врши врз основа и во рамките на овој устав и законите.

Член 393

Извршниот совет:

1) ја следи состојбата и остварувањето на политиката на Собранието и му предлага на Собранието утврдување на политиката;

2) предлага закони, други прописи и општи акти и има право да дава мислења по предлозите на закони, на други прописи и општи акти што му ги поднесуваат на Собранието други овластени предлагачи;

3) го утврдува предлогот на републичкиот општествен план; на републичкиот буџет и на завршната сметка за извршувањето на буџетот и се грижи за нивното извршување;

4) донесува уредби, одлуки и други прописи за извршување на законите и другите прописи и општи акти на Собранието;

5) се грижи за спроведување на политиката и за извршување на законите, другите прописи и општите акти на Собранието;

6) се грижи за спроведување на подготовките за народна одбрана, во рамките на правата и должностите утврдени со овој устав и со закон;

7) ја усогласува и насочува работата на републичките органи на управата заради обезбедување на спроведувањето на политиката и извршувањето на законите, другите прописи и општи акти на Собранието, врши надзор над работата на републичките органи на управата и на републичките организации и ги укинува прописите на републичките органи на управата што се во спротивност со закон и со друг пропис или со друг општ акт на Собранието или со пропис што тој го донел заради спроведување на законот или друг пропис или општ акт, а може, под услови утврдени со закон, да ги поништува прописите на тие органи;

8) ги утврдува општите начела за внатрешната организација на републичките органи на управата, основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на републичките органи на управата, именува и разрешува функционери за кои е тоа определено со закон;

9) донесува деловник за својата работа;

10) врши и други работи утврдени со овој устав.

2. Состав и избор

Член 394

Извршниот совет го сочинуваат претседател и определен број членови.

Член 395

Претседателот на Извршниот совет го избира Собранието по предлог од Претседателството на Републиката.

Членовите на Извршниот совет ги избира Собранието по предлог од кандидатот за претседател на Советот и врз основа на мислењето на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Собранието, при изборот на членовите на Извршниот совет, по предлог од претседателот на Советот, именува од редот на членовите на Советот републички секретари и други функционери што ќе раководат со републичките органи на управата и републичките организации определени со закон.

По секое конституирање на новоизбраното Собрание се избира Извршен совет.

На претседателот и членот на Извршниот совет избран од редот на делегатите, му престанува делегатскиот мандат.

Извршниот совет има еден или повеќе потпретседатели што се избираат од редот на членовите на Советот.

Член 396

Претседателот и членовите на Извршниот совет се избираат на четири години.

За претседател на Извршниот совет може да биде избрано исто лице најмногу двапати едноподруго.

Членовите на Извршниот совет можат да бидат избирани двапати едноподруго, а по исклучок, уште за еден мандатен период ако за тоа постојат оправдани причини.

Собранието, пред преминот на избор, одлучува за оправданоста на причините од претходниот став, со мнозинство гласови на делегатите.

Член 397

Претседателот на Извршниот совет има право на Собранието да му предлага разрешување на одделни членови на Советот.

Разрешувањето или оставката на претседателот на Советот или оставката на мнозинството членови на Советот повлекува оставка на целиот Извршен совет.

Секој член на Извршниот совет може да поднесе оставка.

Член 398

Претседателот, потпретседателите и членовите на Извршниот совет уживаат имунитет како и делегатите во Собранието.

За прашањата на имунитетот на членовите на Извршниот совет одлучува Советот.

Член 399

Секој член на Извршниот совет има право да предлага претресување на одделни прашања од надлежноста на Советот, да дава иницијатива за подготвување на закани, прописи и други општи акти за чие предлагање е надлежен Советот и прописи и други акти што ги донесува Советот, како и да му предлага на Советот утврдување на начелни ставови и насоки за работата на републичките органи на управата и републичките организации.

Секој член на Извршниот совет има право и должност, во согласност со ставот на Советот, да го претставува Советот во Собранието,

3. Начин на работа

Член 400

Извршниот совет може да образува одбори и други тела за претресување на прашања од делокругот на Советот.

Член 401

Извршниот совет работи и одлучува по прашањата од својата надлежност на седници.

Извршниот совет одлучува со мнозинство гласови на членовите на Советот присутни на седницата.

Претседателот на Извршниот совет ги свикува седниците на Советот по своја иницијатива, по предлог од Претседателството на Републиката или по барање од најмалку пет члена на Советот.

Член 402

Претседателот на Извршниот совет го претставува Советот, ги свикува седниците на Советот и претседава на тие седници, ги потпишува прописите и другите општи акти што ги донесува Советот и се грижи за нивното спроведување, се грижи за применување на деловникот на Советот и за остварување на соработката на Советот со други органи и организации.

4. Односи на Извршниот совет со Собранието на Социјалистичка Република Македонија и неговата одговорност

Член 403

Извршниот совет е должен да го известува Собранието за својата работа.

Извршниот совет може да им предложи на надлежните собори на Собранието да се одложи претресот на предлог на закон, друг пропис или општ акт на Собранието или, заради претресување на определено прашање, да се образува заедничка комисија од членови на надлежниот собор на Собранието и членови на Извршниот совет, или да се свика седница на надлежниот собор на Собранието на која Советот ќе го изложи својот став.

Член 404

Извршниот совет е одговорен за својата работа пред Собранието.

Извршниот совет, ако смета дека не е во состојба да го обезбеди спроведувањето на утврдената политика и извршувањето на закон, друг пропис или општ акт на Собранието чие донесување се предлага или дека не може да преземе одговорност за вршење на својата функција ако не се донесе законот, другиот пропис или општиот акт чие донесување го предлага, може да постави прашање на доверба.

Секој собор на Собранието може, по предлог од најмалку десет делегати во соборот, да постави прашање за доверба на Извршниот совет.

По прашањето за доверба на Извршниот совет се води претрес во соборот во кој е поставено прашањето за доверба.

Ако на Извршниот совет му се изгласа недоверба, Советот е должен да поднесе оставка.

Член 405

Извршниот совет може да поднесе колективна оставка.

Ако Извршниот совет поднесе колективна оставка или ако му е изгласана недоверба, како и во другите случаи кога му престанува функцијата, Советот останува на должност до изборот на нов Извршен совет.

Член 406

Најмалку десет членови на собор на Собранието можат да покренат во својот собор интерпелација за претресување на определени прашања од општо политичко значење во врска со работата на Извршниот совет.

Член 407

Собранието може да укине или поништи пропис на Извршниот совет што е во спротивност со уставот, закон, друг пропис или општ акт на Собранието.