Претседателството на Социјалистичка Република Македонија ја претставува Социјалистичка Република Македонија и врши други права и должности утврдени со овој устав.
Претседателството на Републиката:
— претресува прашања од општо значење за Републиката од надлежноста на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и му поднесува на Собранието предлози и иницијативи за решавање на тие прашања;
— разгледува прашања од соработката со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини и учествува во неа;
— разгледува прашања што се однесуваат на рамноправноста на народите и народностите и на усогласувањето на заедничките интереси на социјалистичките републики и на социјалистичките автономни покраини во органите на федерацијата, зазема ставови по тие прашања и дава иницијативи и предлози за нивно решавање;
— му дава на Собранието мислења по прашањата од делокругот на Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија по кои Собранието на Социјалистичка Република Македонија дава согласност;
— предлага кандидат за претседател на Извршниот совет, претседател и судии на Уставниот суд на Македонија, поднесува предлог за избор на членови на Советот на Републиката и ги разгледува предлозите за избор односно за именување и разрешување на функционерите што ги избира односно именува Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;
— ги прогласува со указ законите;
— доделува републички признанија и одликувања;
— дава помилувања во согласност со законот;
— врши и други работи определени со овој устав.
Претседателството на Републиката донесува деловник за својата работа.
Претседателството на Републиката, во остварувањето на работите и задачите од областа на народната одбрана, го утврдува планот за одбрана на Републиката, дава насоки за преземање мерки за подготвување на стопанството и на општествените дејности и за мобилизирање на сите извори и сили за одбрана на земјата, за усогласување на плановите и мерките на Републиката, општините, организациите на здружениот труд, општествено-политичките и другите самоуправни организации и заедници за функционирање и работа во случај на непосредна воена опасност и во војна и обезбедува спроведување на мерките за приправност.
Претседателството образува совет за народна одбрана.
Претседателот на Претседателството е претседател на Советот за народна одбрана.
Претседателството на Републиката за време на воена состојба или во случај на непосредна воена опасност, ако не постои можност за свикување на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежноста на Собранието, што му ги поднесува на Собранието на потврда штом тоа ќе биде во можност да се состане, ги врши работите во врска со изборот и разрешувањето на функционерите што ги избира и разрешува Собранието и врши работи во врска со мандатот и имунитетските права на делегатите во Собранието.
Со уредба со законска сила може, ако тоа го бараат интересите на одбраната на земјата, да се запрат одделни одредби на Уставот на Социјалистичка Република Македонија што се внесуваат на одделни права на граѓаните и на правата на самоуправните организации и заедници и да се менуваат составот и овластувањата на извршните, управните и другите органи во Социјалистичка Република Македонија, како и да се укинуваат или менуваат незаконските акти на републичките органи и на другите органи во Социјалистичка Република Македонија и актите на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници.
Со закон може да се определи Претседателството да врши и други работи во областа на народната одбрана.
Претседателството раководи со ошптонародниот отпор во војна на целата територија на Републиката.
Претседателството на Републиката ја разгледува состојбата на заштитата на поредокот утврден со уставот и зазема ставови заради покренување на иницијативи за преземање мерки и усогласување на дејностите на надлежните органи во спроведувањето на утврдената политика во оваа област.
Претседателството на Републиката го сочинуваат 9 членови.
Претседателот и 7 членови на Претседателството ги избира Собранието.
Член на Претседателството на Републиката по својата функција е претседателот на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија.
Претседателот и членовите на Претседателството на Републиката се избираат врз основа на листа што ја предлага Кандидационата конференција на Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија по постапка што се утврдува со закон.
Член на Претседателството не може да врши никаква самоуправна, јавна или друга општествена функција, освен функции во општествено-политичките организации, ниту да врши друга професионална дејност.
Претседателот и членовите на Претседателството се избираат за време од четири години.
Никој не може да биде избиран повеќе од двапати едноподруго за претседател односно член на Претседателството.
Претседателството ја врши својата функција до изборот на ново Претседателство.
Во случај на непосредна воена опасност или воена состојба мандатот на претседателот и на членовите на Претседателството се продолжува се додека трае таквата состојба односно додека не бидат создадени услови за избор на нов претседател и членови на Претседателството.
Претседателот и членовите на Претседателството на Републиката уживаат имунитет.
Во поглед на имунитетот на претседателот и на членовите на Претседателството сходно се применуваат одредбите на овој устав што се однесуваат на имунитетот на делегатите во Собранието.
За прашањата на имунитетот на своите членови одлучува Претседателството.
Претседателството работите од својот делокруг ги врши врз основа на овој устав и законите и е одговорно за својата работа.
Претседателството на Републиката го известува Собранието на Социјалистичка Република Македонија, по своја иницијатива или по негово барање, за прашањата од својата надлежност.
Собранието на Социјалистичка Република Македонија може да бара од Претседателството да заземе ставови по одделни прашања од својата надлежност што се од интерес за работата на Собранието.
Собранието ги разгледува предлозите, иницијативите и ставовите што му ги поднесува Претседателството на Републиката.
Претседателот на Претседателството, од името на Претседателството на Републиката, ја претставува Социјалистичка Република Македонија.
Во случај на отсутност или подолга спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Претседателството на Републиката го заменува член на Претседателството што го определува Претседателството.
Претседателството на Републиката остварува соработка со органите на општествено-политичките организации по прашањата што се од интерес за тие организации.
Општествено-политичките и другите самоуправни организации и заедници можат да изнесуваат пред Претседателството свои мислења за одделни прашања од неговата надлежност.