Собранието на Социјалистичка Република Македонија е орган на општественото самоуправување и највисок орган на власта во рамките на правата и должностите на Републиката.
Собранието своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на овој устав и законите.
Собранието, како основен носител на правата и должностите на Социјалистичка Република Македонија, непосредно и исклучиво:
1) го менува Уставот;
2) донесува закони и дава автентични толкувања на законите;
3) го донесува републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот;
4) одлучува за распишување на јавни заеми;
5) претресува општи политички прашања и ги утврдува основите на политиката во рамките на правата и должностите на Републиката, ги утврдува обврските на републичките органи и организации за извршување на законите и другите акти и политиката на Собранието;
6) одлучува за измена на границите на Социјалистичка Република Македонија;
7) дава согласност на актите што според Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се донесуваат во согласност со републичките и покраинските собранија;
8) распишува републички референдум;
9) претресува прашања од областа на надворешната политика и меѓународните односи;
10) основа организации на здружениот труд и други организации, чија дејност е од општ интерес за Републиката, определени со закон;
11) дава амнестија за кривични дела определени со закон;
12) врши политичка контрола над работата на Извршниот совет и на републичките органи на управата, како и на носителите на јавните и општествените функции што му одговараат на Собранието и ја насочува нивната работа;
13) врши контрола над извршувањето на републичките општествени планови, републичките буџети и финансиските планови на републичките фондови определени со закон; врши општествен надзор;
14) ги претресува предлозите и мислењата на Уставниот суд на Македонија за проблемите на остварувањето на уставноста и законитоста;
15) ги претресува извештаите на републичките судови за примената на законите од страна на судовите; ги претресува извештаите на органите на републичката управа, како и извештаите на самоуправните организации и заедници определени со закон и зазема начелни ставови по тие извештаи;
16) претресува прашања од заеднички интерес за организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници;
17) ги донесува и одобрува финансиските планови и завршните сметки на републичките фондови определени со закон;
18) избира и разрешува претседател и потпретседател на Собранието;
19) избира и разрешува претседател и членови на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија;
20) избира и отповикува член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од Социјалистичка Република Македонија;
21) ја избира и отповикува делегацијата на Собранието на Социјалистичка Република Македонија во Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;
22) избира и разрешува претседател и членови на Извршниот совет;
23) избира и разрешува претседатели и членови на комисиите и на другите работни тела на Собранието;
24) избира и разрешува претседател и судии на Уставниот суд на Македонија, на Врховниот суд на Македонија и на други судови кога е тоа определено со закон;
25) именува и разрешува републички секретари, секретар на Извршниот совет, јавен обвинител на Македонија, републички општествен правобранител на самоуправувањето и други републички функционери определени со закон или со друг акт на Собранието, како и членови на органите на управувањето за кои тоа е определено со закон или со друг акт на Собранието;
26) остварува соработка со собранијата на другите социјалистички републики и на социјалистичките автономни покраини по прашања од заеднички интерес и ја насочува работата на органите во Републиката во работите од меѓурепубличката соработка;
27) одлучува за продолжување на мандатот на делегациите и на делегатите во Собранието на Социјалистичка Република Македонија и во собранијата на општините;
28) врши други работи утврдени со овој устав.
Собранието може да донесува одлуки, декларации и резолуции и на државните органи и на организациите на здружениот труд и други самоуправни организации и заедници да им дава препораки во кои се изразува мислење по прашања од општ интерес.
Организациите на здружениот труд, другите самоуправни организации и заедници и државните органи на кои им е упатена препораката, ја разгледуваат и заземаат став по прашањата на кои се однесува препораката.
Собранието го сочинуваат: Собор на здружениот труд, како собор на делегати на работните луѓе во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници на трудот; Собор на општините, како собор на делегати на работните луѓе и граѓаните во општините и Општествено-политички собор, како собор на делегати на работните луѓе и на граѓаните организирани во општествено-политичките организации.
Собранијата на самоуправните интересни заедници во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита рамноправно со надлежните собори на Собранието одлучуваат за прашањата од тие области што се во надлежност на Собранието.
Собранијата на овие самоуправни интересни заедници, за учество во одлучувањето во Собранието, се организираат на начин определен со закон.
Соборот на здружениот труд го сочинуваат 120 делегати.
Работните луѓе во здружениот труд од секоја општина делегираат во Соборот на здружениот труд најмалку по еден делегат.
Бројот на делегатите што се делегираат во Соборот на здружениот труд од одделни области на здружениот труд се определува со закон, сразмерно со бројот на работните луѓе, водејќи сметка за обезбедувањето на соодветна застапеност на работните луѓе од определени области на општествениот труд односно на одделните подрачја во Републиката.
Делегатите во Соборот на здружениот труд ги делегираат соборите на здружениот труд на собранијата на општините од составот на делегациите на основните самоуправни организации и заедници на трудот, со тајно гласање.
Делегатите во Соборот на здружениот труд се делегираат за време од четири години.
Соборите на здружениот труд на собранијата на општините, што го делегирале делегатот, можат овој делегат да го заменат со друг делегат.
Во Соборот на општините секоја општина и секоја градска заедница делегира по двајца делегати.
Делегатите во Соборот на општините ги делегираат собранијата на општините и собранијата на градските заедници на заедничка седница на сите собори, со тајно гласање.
Делегатите во Соборот на општините се делегираат од редот на делегациите на основните самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките организации во општината, за време од четири години.
Собранијата на општините и на град ските заедници можат во Соборот на општините да делегираат делегат за определен временски период или за одделна седница на Соборот. Начинот на делегирањето на овие делегати се уредува со статутот на општината односно на градската заедница.
Општествено-политичкиот собор го сочинуваат 60 делегати.
Општествено-политичките организации во Републиката, во рамките на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, договорно утврдуваат листа на кандидати за делегати во Општествено-политичкиот собор, од редот на своите делегации.
За изборот на делегатите во Општествено-политичкиот собор, врз основа на листата на кандидатите, се изјаснуваат општествено-политичките собори на собранијата на општините, со тајно гласање.
Делегатите во Општествено-политичкиот собор се делегираат за време од четири години.
Ако мандатот им престане истовремено на повеќе од една четвртина од делегатите во Општествено-политичкиот собор, пополнувањето на упразнетите места се врши на начинот утврден за избор на делегатите во Соборот во целина.
Кандидирањето на одделен делегат во Општествено-политичкиот собор, на местото на делегатот кому му престанал мандатот пред истекот на времето за кое бил избран, се пропишува со закон.
Изборот и отповикувањето на делегатите во соборите на Собранието се уредуваат со закон.
Делегат во собор на Собранието не може истовремено да биде именуван функционер на државен орган што му одговара на Собранието, ниту судија што го избира Собранието.
Избори за делегати во соборите на Собранието распишува претседателот на Собранието.
Изборите мора да се одржат најдоцна петнаесет дена пред истекот на изборниот период на делегатите на кои им истекува мандатот.
Од денот на распишувањето на изборите до денот на изборот на делегатите не може да помине повеќе од два месеци ниту помалку од еден месец.
Со денот на верификацијата на мандатите на новите делегати им престанува функцијата на делегатите на кои им истекол мандатот.
Собранието може во вонредни околности да го продолжи мандатот на делегатите за време додека трае ваквата состојба.
Избори се распишуваат веднаш штом ќе престанат околностите поради кои бил продолжен мандатот.
Работите од надлежноста на Собранието соборите ги вршат самостојно, рамноправно и на заедничка седница.
Работите во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита од надлежноста на Собранието ги вршат надлежните собори на Собранието рамноправно со собранијата на самоуправните интересни заедници од тие области.
Соборот на здружениот труд самостојно:
— претресува прашања од интерес за работните луѓе и за организациите на здружениот труд во областа на стопанството, прашања од областа на распределбата на доходот и на личните доходи како и други прашања од областа на стопанството и финансиите, донесува закони и други акти во тие области и дава автентични толкувања на законите што ги донесува;
— основа организации на здружениот труд;
— претресува и одлучува по други прашања од надлежноста на Собранието што не се ставени во рамноправен делокруг со друг собор или со собранијата на самоуправните интересни заедници односно што не се во нивни самостоен делокруг.
Соборот на здружениот труд, Општествено-политичкиот собор и Соборот на општините рамноправно го донесуваат републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот и претресуваат прашања, донесуваат закони и даваат автентични толкувања на законите од областа на народната одбрана и општествената самозаштита; надворешната политика; менувањето на границите на Републиката; системот на финансирањето на општините и на Републиката; побрзиот развиток на стопански недоволно развиените краишта; регионалниот развој на Републиката; празниците и одликувањата на Социјалистичка Република Македонија; референдумот; изборот и отповикувањето на делегациите и делегатите и изборниот систем во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници.
Соборот на здружениот труд и Општествено-политичкиот собор рамноправно:
— претресуваат прашања, донесуваат закони и даваат автентични толкувања на законите во областа на: системот на социјалистичките самоуправни односи; општествено-политичкиот систем; слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот; заштитата на поредокот утврден со уставот и јавната безбедност; правосудството; привремените мерки спрема организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници; сопственичко-правните и другите имотно-правни односи; боречката заштита; безбедноста на патниот, железничкиот и езерскиот сообраќај; заштитата од пожари и од елементарни непогоди и игрите на среќа;
— превземаат привремени мерки спрема организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници;
— ги остваруваат правата на Собранието во поглед на одговорноста на Извршниот совет и на функционерите што ги избира или именува Собранието и ги укинуваат или поништуваат прописите и другите акти на Извршниот совет што се во спротивност со уставот или со законите;
— вршат општествен надзор;
— ги потврдуваат самоуправните спогодби односно статутите на самоуправните интересни заедници како и статутите и другите општи акти на организациите на здружениот труд кога е тоа определено со закон;
— основаат републички органи на управата и републички организации;
— ги донесуваат односно одобруваат финансиските планови и завршните сметки на републичките фондови определени со закон;
— именуваат и разрешуваат членови на органите на управување на организациите на здружениот труд и на други самоуправни организации и заедници определени со закон или со друг акт на Собранието;
— одлучуваат за надоместоците на функционерите што ги избира односно именува Собранието;
— донесуваат одлука за организацијата и делокругот на стручните служби на Собранието.
Соборот на здружениот труд и Соборот на општините рамноправно:
— претресуваат прашања, донесуваат закони и даваат автентични толкувања на законите во областа на просторното и урбанистичкото планирање; урбанистичкото уредување на населбите; доделувањето, уредувањето и употребата на градежното земјиште; уредувањето и користењето на земјиштето и добрата во општа употреба; функционирањето и управувањето на комуналните организации на здружениот труд; станбената изградба, нејзиното финансирање и управувањето (стопанисувањето) со станбените згради и становите во општествена сопственост и заштитата на природата и човековата околина;
— одлучуваат за распишување на јавни заеми;
— претресуваат и други прашања што работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат во општината и во месната заедница.
Општествено-политичкиот собор и Соборот на општините рамноправно претресуваат прашања, донесуваат закони и даваат автентични толкувања на законите од областа на остварувањето на уставната положба и рамноправноста на народностите како и на припадниците на етничките групи; републичкото државјанство; химната; употребата на знамињата; бракот, семејството и старателството; наследувањето; образувањето и укинувањето на општини и утврдувањето и менувањето на нивните подрачја; здруженијата на граѓаните, јавните собири и јавните приредби; матичните книги, личните имиња и личните карти; прогласувањето на исчезнати лица за умрени и докажувањето на смртта; заверката на потписи, ракописи и преписи; набавувањето, поседувањето, носењето, испробувањето и обележувањето на оружје и муниција.
Општествено-политичкиот собор самостојно:
— претресува одделни прашања од функционирањето на општествено-политичкиот систем, надворешната политика, народната одбрана и општествената самозаштита, остварувањето на самоуправувањето во самоуправните организации и заедници и по тие прашања може да донесува препораки;
— дава амнестија за кривични дела определени со закон.
Собранието на заедничка седница на сите собори:
— избира и разрешува претседател и потпретседател на Собранието и претседатели и членови на заедничките комисии и на другите работни тела на Собранието;
— избира и разрешува претседател и членови на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија;
— избира и отповикува член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;
— избира и отповикува делегација на Собранието во Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;
— избира и разрешува претседател и членови на Извршниот совет;
— избира и разрешува претседател и судии на Уставниот суд на Македонија, на Врховниот суд на Македонија и на другите судови определени со закон;
— именува и разрешува републички секретари, секретар на Извршниот совет, републички функционери и претседатели и членови на колегијални органи на управата, определени со закон;
— врши други избори, именувања и разрешувања од надлежноста на Собранието што не се во делокруг на одделен собор или во рамноправен делокруг на соборите;
— донесува деловник на Собранието;
— одлучува за продолжување на мандатот на делегатите во Собранието и во собранијата на општините и утврдува дека престанале околностите поради кои мандатот на делегатите бил продолжен.
Соборот на здружениот труд и собранијата на самоуправните интересни заедници во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита, рамноправно претресуваат прашања, донесуваат закони и други општи акти и даваат автентични толкувања на законите во областите за кои се образувани тие заедници.
Одлука за издвојување на дел од доходот за заеднички и општи општествени потреби и за намената и обемот на средствата за овие потреби не може да се донесе ако не ја усвои Соборот на здружениот труд.
Соборот на Собранието донесува полноважни одлуки со мнозинство гласови на седница на која присуствуваат мнозинството делегати во соборот, доколку со овој устав за донесување на одделни одлуки не се бара посебно мнозинство.
Собранието на заедничка седница на сите собори донесува полноважни одлуки со мнозинство на гласови, доколку со овој устав не се бара посебно мнозинство. За донесување на одлуки на заедничката седница потребно е присуство на мнозинството од делегатите во секој собор.
Собор на Собранието заседава и одлучува одделно на свои седници, но соборите можат да одлучат да заседаваат и да работат заедно.
Соборите што учествуваат рамноправно во донесувањето на закони или други акти можат да одлучат законот или актот да го претресат или да го донесат на заедничка седница.
Соборите можат да одлучат на заедничка седница да претресат прашања од заеднички интерес за тие собори.
Кога соборите ќе одлучат да гласаат на заедничка седница, делегатите во секој собор гласаат одделно.
Гласањето е јавно, освен ако Собранието или соборот не определи гласањето да се врши тајно.
Собранието има деловник.
Секој собор на Собранието самостојно донесува деловник за својата работа.
Секој собор на Собранието самостојно врши верификација на мандатите и одлучува за мандатно-имунитетните прашања на делегатите во соборот.
Право на предлагање на закони или други акти има секој делегат и одбор на собор во својот собор, Извршниот совет и комисија на Собранието.
Секој собор и собранијата на самоуправните интересни заедници што учествуваат во одлучувањето во Собранието можат да предложат донесување на закони и други акти од делокругот на друг собор.
Барање за донесување на закон можат да поднесат: собрание на општина и на градска заедница, самоуправна организација и заедница и нивни здруженија, стопанска комора, општествено-политичка организација, здружение на граѓани и граѓани.
Собранијата на самоуправните интересни заедници во областите на образованието, науката, културата, здравството и на социјалната заштита ги претресуваат предлозите на републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот и на соборите на Собранието им даваат свои мислења и предлози.
Ако во соборите на Собранието не се постигне согласност за истоветноста на текстот на републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот, трите собори образуваат заедничка комисија од по три члена, на која и доверуваат усогласување на ставовите по спорните прашања.
Ако во заедничката комисија на трите собори не се постигне согласност или ако соборите не го усвојат мислењето на заедничката комисија, трите собори одржуваат заедничка седница. Републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот се донесуваат со мнозинство гласови на делегатите што присуствуваат на заедничката седница на трите собори.
Секој собор на Собранието има право да претресува предлог на закон и друго прашање од делокругот на друг собор и по тој предлог или прашање да му даде мислење на надлежниот собор, ако предлогот или прашањето се однесува и на областа од неговиот делокруг.
Надлежниот собор може да бара од друг собор мислење по предлог на закон и по друго прашање од својот делокруг.
Надлежниот собор е должен да ги земе во претрес мислењата на другите собори и да заземе став по нив.
Собор на Собранието може да одлучи предлог на закон, во чие донесување учествува, да се изнесе на јавна дискусија, а при претресувањето на предлогот на закон или друг акт може на седницата да повика претставници на самоуправни организации и заедници, на општествено-политички организации и на здруженија за давање мислења и предлози.
Законот или општиот акт во чие донесување рамноправно учествуваат два или повеќе собори на Собранието се смета за донесен кога е изгласан во истоветен текст во тие собори.
Ако не се постигне согласност за истоветноста на текстот на законот или општиот акт ниту по два претреса едноподруго, за спорното прашање соборите образуваат заедничка комисија составена од еднаков број членови на соборите, на која и се доверува составување на предлог за решавање на спорот.
Ако во заедничката комисија не се постигне согласност или еден од соборите не го усвои текстот што го предложила заедничката комисија, предлогот на законот или на општиот акт се изнесува на заедничка седница на соборите.
Ако не се постигне согласност ниту на заедничката седница, предлогот на законот или на општиот акт се симнува од дневен ред на Собранието и одново може да се стави на дневен ред по предлог на еден од соборите дури по истекот на шест месеци од денот на симнувањето од дневниот ред. Врз основа на одлука на соборите спорниот закон односно општ акт може да се стави на дневен ред и пред истекот на овој рок.
Одредбите од ставовите 1 до 3 од член 350 на овој устав се применуваат и во случаите кога законот односно општиот акт се донесува со рамноправно учество на собор на Собранието и на собранието на самоуправната интересна заедница.
Кога поради несогласност меѓу собор на Собранието и собранието на самоуправната интересна заедница од соодветната област не може да биде донесен закон односно општ акт законот односно општиот акт се смета за донесен во текстот изгласан во надлежниот собор на Собранието, ако за него гласале мнозинството делегати во надлежните собори.
Собранието има претседател и еден или повеќе потпретседатели што се избираат од редот на делегатите во соборите на Собранието.
Претседателот и потпретседателите на Собранието и претседателите на соборите се избираат за време од 4 години.
Претседателот и потпретседателите на Собранието и претседателите на соборите не можат на истата функција да бидат избирани повеќе од два пати едноподруго.
Собранието има секретар што го именуваат и разрешуваат сите собори на заедничка седница.
Претседателот на Собранието го претставува Собранието, свикува заеднички седници на соборите и претседава на нив, се грижи за примената на деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со овој устав и со деловникот на Собранието.
Претседателот на Собранието може да свика заедничка седница на сите собори заради претресување на прашања од општо политичко значење.
Претседателот на Собранието свикува заедничка седница на сите собори и по предлог од најмалку два собора.
Претседателот на Собранието ги потпишува сите акти на Собранието, освен актите што самостојно ги донесува одделен собор.
Претседателот на Собранието ги потпишува указите за прогласување на законите.
Секој собор на Собранието има претседател и потпретседател што ги избира од редот на делегатите во соборот.
Седници на одделен собор свикува претседателот на соборот врз основа на одлука на самиот собор или по сопствена иницијатива, а е должен да свика седница по предлог од претседателот на Собранието и во други случаи кога е тоа определено со овој устав или со деловникот на соборот.
Ако претседателот на соборот не свика седница кога е тоа определено со овој устав, соборот ќе се состане по покана од најмалку дваесет делегати во соборот или седницата на соборот ќе ја свика претседателот на Собранието.
Претседателот на соборот ги потпишува актите што ги донесува соборот самостојно и ги спрема, потпишува сите други акти во чие донесување учествува соборот, освен указите за прогласување на законите.
Претседателот на Собранието со потпретседателите на Собранието и со претседателите на соборите ги толкува одредбите на деловникот на Собранието и на деловниците на соборите за надлежноста на соборите на Собранието и на нивните работни тела и зазема ставови по други прашања од заеднички интерес за работата на соборите определени со деловникот на Собранието.
Секој делегат има право да му поднесува на соборот во кој е делегиран предлози на закони, одлуки, препораки, декларации и резолуции и да покренува други прашања од делокругот на соборот.
Делегатот има право да му предлага на соборот во кој е делегиран претресување на прашања што се однесуваат на политиката и на работата на Извршниот совет, на извршувањето на законите или на работата на републичките органи на управата и на републичките организации.
Определен број делегати имаат право, согласно со деловникот, да предлагаат избор, именување и разрешување на функционери што ги избира односно именува Собранието, доколку со овој устав не е определено поинаку.
Секој делегат има право да им поставува на Извршниот совет и на функционерите што раководат со републичките органи на управата и со републичките организации прашања што се однесуваат на нивната работа или на работите од нивната надлежност.
Секој делегат има право да бара известување од републичките секретари и другите функционери што раководат со самостојните републички органи на управата.
Републичкиот секретар односно другиот функционер е должен на делегатот да му го даде бараното известување.
Делегатот е одговорен пред делегацијата на самоуправната организација односно заедница што го делегирала и е должен да ја известува за својата работа и за работата на соборот во кој е делегиран.
Делегатот има право и должност да учествува во работата на собранието на општината на чие подрачје се наоѓа самоуправната организација односно заедница што го делегирала.
Заради вршење на својата должност делегатот има право од државните органи, организациите на здружениот труд и од другите самоуправни организации и заедници да бара податоци што му се потребни за неговата работа во Собранието.
Делегатот има право, под условите определени со закон, да се врати на своето поранешно или на соодветно работно место и да остварува определени права што се стекнуваат врз основа на трудот, ако поради вршењето на функција во Собранието морал да ја прекине работата.
Делегатот ужива имунитет во Собранието и надвор од него.
Делегатот не може да биде повикан на одговорност, притворен, ниту казнет за искажано мислење или давање глас во Собранието.
Делегатот не може да биде притворен без одобрение на соборот во кој е делегиран, ниту против него, ако се повика на имунитетот, може да се поведе кривична постапка без одобрение на соборот.
Делегатот може да биде притворен без одобрение на соборот во кој е делегиран само ако е затекнат во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна строг затвор во траење подолго од пет години. Во таков случај државниот орган што го лишил делегатот од слобода е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието. Претседателот ќе го изнесе ова прашање пред соборот за да одлучи дали постапката ќе се продолжи односно дали решението за лишување од слобода ќе остане во сила.
Соборот може да го воспостави имунитетското право и на делегатот кој не се повикал на имунитетот, ако е тоа потребно заради вршењето на функцијата на делегатот.
Ако соборот не заседава, одобрение за лишување од слобода и за поведување односно за продолжување на кривичната постапка дава и одлучува за воспоставувањето на имунитетното право на делегатот мандатно-имунитетната комисија на соборот со дополнителна потврда на соборот.
За разгледување предлози на закони и на други акти и за проучување и претресување на други прашања од надлежноста на Собранието и неговите собори, Собранието и соборите можат да образуваат комисии, одбори и други постојани и повремени работни тела.
Составот, задачите и начинот на работа на работните тела се утврдуваат со деловникот и со одлуки на Собранието односно на соборите.
Со деловникот на Собранието и со деловниците на соборите на одделни работни тела на Собранието и на соборите можат да им се дадат определени овластувања како и овластување да вршат анкети и за таа цел од државните органи и од организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници да можат да бараат потребни податоци, списи и други исправи, како и други овластувања во вршењето на нивните задачи. Работните тела не можат да имаат истражни или други судски функции.
Во собранието се образува комисија за прашања на изборите и именувањата.
Оваа комисија ги претресува сите прашања во врска со изборите, именувањата и разрешувањата од надлежноста на Собранието.
Собранието дава согласност:
— за измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;
— на општествениот план на Југославија;
— на сојузните закони што според Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се донесуваат во согласност со републичките и покраинските собранија;
— на вкупниот износ на средствата на сојузниот буџет за секоја година;
— за основање фондови и преземање обврски од страна на федерацијата;
— за ратификација на меѓународни договори што налагаат донесување на нови или измена на важечките републички закони или од кои произлегуваат посебни обврски за Социјалистичка Република Македонија, како и за сојузниот закон со кој се уредува постапката за склучување на такви договори.
Согласност на општествениот план на Југославија и на сојузните закони, што според Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се донесуваат во согласност со републичките и покраинските собранија, даваат соборите на Собранието што според, овој устав се надлежни за одлучување за прашањата на кои се однесува сојузниот закон или другиот акт за чие донесување се дава согласноста.
Одлуката за давање согласност од претходниот став е донесена, ако за неа гласало мнозинството делегати на надлежните собори.
При давањето согласност на општествениот план на Југославија се применуваат одредбите на член 347 на овој устав.
Со деловникот на Собранието поблиску се уредува постапката за давање на согласноста.
Соборот на здружениот труд односно Општествено-политичкиот собор имаат право, од името на Собранието, на заедничка или на одделни седници, да предлагаат донесување на закони и други општи акти од делокругот на Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, што се донесуваат во согласност со републичките и покраинските собранија.
Кога предлогот од претходниот став го утврдува еден од соборите на одделна седница, тој е должен да прибави мислење од другиот собор.
Ставот на Републиката по прашањата за кои одлучуваат Сојузниот извршен совет односно сојузните органи на управата, врз основа на усогласени ставови со надлежните републички и покраински органи, го изнесува Извршниот совет односно надлежниот републички орган на управата во согласност со политиката на Собранието.
Делегацијата на Собранието на Социјалистичка Република Македонија во Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија ја избира и отповикува Собранието на заедничка седница на сите собори со тајно гласање.
За член на делегацијата може да биде избиран секој делегат во Собранието.
За член на делегацијата е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од сите делегати во Собранието.
Собранието може да отповика член на делегацијата, по постапката пропишана за изборот.
Изборот и отповикувањето на членовите на делегацијата се уредуваат со закон.
Делегацијата го известува Собранието за прашањата што ги претресува Соборот на републиките и покраините и за ставовите на другите делегации по тие прашања, како и за својата работа во Соборот.
Делегацијата учествува во Собранието во заземањето на ставови по прашањата од делокругот на Соборот на републиките и покраините. Делегацијата, во заземањето на ставови и определувањето за прашањата за кои се одлучува во Соборот на републиките и покраините, ги застапува ставовите на Собранието.
Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од Социјалистичка Република Македонија го избира Собранието на заедничка седница на сите собори, со тајно гласање.
За член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од сите делегати во Собранието.
Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија за својата работа во Претседателството е одговорен пред Собранието кое може, во случаите определени со закон, да го отповика.
Постапката за избор и отповикување на членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се уредува со закон.
Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија има право да учествува во работата на Собранието, освен да одлучува и да биде избран во телата на Собранието и на постојани функции во Собранието.
Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е должен да ги изнесе пред Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија ставовите на Собранието по прашањата од надлежноста на Претседателството.
Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија го известува Собранието, по своја иницијатива или по негово барање, за прашањата од надлежноста на Претседателството.
Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија го известува Собранието за прашањата, по кои не е постигната согласност меѓу Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и му предлага да заземе став по тие прашања, а може да му предлага на Собранието да разгледа и други прашања од надлежноста на Претседателството и да заземе став по тие прашања.
Собранието ги разгледува и по своја иницијатива прашањата по кои не е постигната согласност меѓу Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и зазема став по тие прашања.
Ако членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија подолго време биде спречен да ја врши својата функција, во работата го заменува претседателот на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија.