Заради остварување на општествено-економските и политичките односи утврдени со уставот и со закон и заради заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, самоуправувањето, општествената сопственост, самоуправните и другите права на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките заедници, се обезбедува заштита на уставноста и законитоста.
За уставноста и законитоста се должни да се грижат судовите, органите на општината и на Републиката, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, како и носителите на самоуправни, јавни и други општествени функции.
Уставниот суд на Македонија, како носител на заштитата на уставноста, ја обезбедува и законитоста во согласност со уставот.
Право и должност на работните луѓе и граѓаните е да даваат иницијатива за заштита на уставноста и законитоста.
Републичките закони мора да бидат во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија.
Сите други прописи и општите акти на органите на општината и на Републиката, мора да бидат во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републичките закони и со другите републички прописи.
Статутот на општината не може да биде во спротивност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија и со законите.
Самоуправните општи акти мора да бидат во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија и со законите. Овие акти не можат да бидат во спротивност со самоуправната спогодба за здружување, ниту со самоуправните спогодби и општествените договори кон кои пристапува организацијата на здружениот труд, друга организација односно заедница.
Ако органот што одлучува во поединечни работи смета дека прописот или општиот акт или самоуправниот општ акт не е во согласност со републички закон односно со друг републички пропис или дека е во спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, должен е да поведе постапка пред Уставниот суд на Македонија.
Собранието на општината може да поништи или укине противуставен или незаконски пропис или друг општ акт на својот извршен орган.
Извршниот орган на собранието на општината може да поништи или укине противуставен или незаконски пропис или друг општ акт на општински орган на управата на соодветното собрание.
Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија има право, до одлуката на уставниот суд, да го запре извршувањето на прописот или на другиот општ акт на собранието на општината, ако се во спротивност со уставот, со законите и со другите републички прописи и е должен во рок од 30 дена да поведе постапка пред уставниот суд.
Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија има право да го запре извршувањето на противуставен или незаконски пропис или друг општ акт на извршен орган на собранието на општината и е должен истовремено да побара од собранието на општината да го поништи или укине прописот односно актот.
Републичките секретаријати имаат право да го запрат извршувањето на противуставните и незаконските прописи и други општи акти на општинските органи на управата и се должни истовремено да побараат од извршниот орган на собранието на општината да го поништи или укине прописот односно актот.
Собранието на општината има право, до одлуката на уставниот суд, да го запре извршувањето на самоуправните општи акти што се во спротивност со уставот и со законите.
Со закон може да се предвиди извршувањето на самоуправните општи акти на определени организации на здружениот труд и на други самоуправни организации и заедници, под исти услови, да го запре друг орган на општината или на Републиката.
Законите и другите прописи и општи акти на органите на општината и на Републиката се објавуваат пред да влезат во сила.
Самоуправните општи акти не можат да се применуваат пред да се објават на соодветен начин.
Законите и другите прописи и општи акти влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето.
Само од особено оправдани причини може да се определи закон, друг пропис или општ акт да влезе во сила во рок пократок од осум дена од денот на објавувањето, или истиот ден кога е објавен.
Законите, другите прописи и општите акти не можат да имаат повратно дејство.
Само со закон може да се определи одделни негови одредби, ако тоа го бара општиот интерес утврден при донесувањето на законот, да имаат повратно дејство.
Казнивите дела се утврдуваат и казните за тие дела се изрекуваат според законот односно прописот што важел во времето кога е извршено делото, освен ако новиот закон односно пропис е поблаг за сторителот.
Законите и другите прописи и општи акти на републичките органи се објавуваат на македонски јазик во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија".
Со статутот на општината, со статутот на организацијата на здружениот труд и на друга самоуправна организација и заедница, се определува начинот на кој се објавуваат нивните општи акти.
Сите поединечни акти и мерки на органите на управата и на другите државни органи што вршат извршни и управни работи, како и поединечните акти на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници што тие ги донесуваат во вршењето на јавни овластувања, мораат да се засновуваат врз закон или врз друг законито донесен пропис.
Државните органи, како и организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници што вршат јавни овластувања, можат да решаваат во поединечни предмети за правата и обврските или, врз основа на закон, да применуваат мерки на присилба или ограничување само во постапка пропишана со закон во која секому му е дадена можност да ги брани своите права и интереси и против донесениот акт да изјави жалба или да употреби друго правно средство предвидено со закон.
Органите на управата можат да им налагаат обврски на одделни самоуправни организации и заедници во поглед на нивната работа само ако се за тоа со закон изречно овластени и во постапка пропишана со закон.
Против решенијата и другите поединечни акти на судските, управните и другите државни органи, како и против таквите акти на самоуправните организации и заедници што вршат јавни овластувања донесени во прв степен, може да се изјави жалба до надлежниот орган.
Со закон може, по исклучок, во определени случаи да се исклучи жалбата ако на друг начин е обезбедена заштита на правата и на законитоста.
За законитоста на конечните поединечни акти со кои државните органи или самоуправните организации и заедници што вршат јавни овластувања решаваат за правата или обврските одлучува судот во управен спор, ако за определена работа со закон не е предвидена друга судска заштита.
Само со закон може, по исклучок, во определени видови управни работи да се исклучи управниот спор.