Судската функција во единствениот систем на власта и на самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе ја вршат редовните судови како органи на државната власт и самоуправните судови.
Судовите ги штитат слободите и правата на граѓаните и самоуправната положба на работните луѓе и на самоуправните организации и заедници и обезбедуваат уставност и законитост.
Судовите во вршењето на судската функција се независни и судат врз основа на уставот, законите и самоуправните општи акти.
Редовните судови се востановуваат со закон.
Надлежноста, составот и организацијата на редовните судови и постапката пред тие судови се утврдуваат со закон.
Редовните судови: одлучуваат во споровите за основните лични односи, правата и обврските на граѓаните, правата и обврските на општествено-политичките заедници; изрекуваат казни и други мерки спрема сторителите на кривични дела и други казниви дела определени со закон; одлучуваат за законитоста на поединечните акти на државните органи и организациите што вршат јавни овластувања; ги решаваат споровите за имотните и работните односи, ако решавањето на овие спорови не им е доверено на самоуправните судови и решаваат за други односи кога е тоа предвидено со закон.
Редовните судови ги следат и проучуваат општествените односи и појави од интерес за остварувањето на своите функции и на собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија и другите државни органи и на самоуправните организации и заедници им даваат предлози за спречување на општествено опасните и штетните појави и за зацврстување на законитоста, општествената одговорност и социјалистичкиот морал.
Редовните судови, во рамките на својот делокруг, имаат право и должност да го известуваат собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија за примената на законите и за својата работа.
Самоуправните судови се востановуваат со самоуправен акт или со спогодба меѓу странките, во согласност со уставот и закон. Самоуправни судови за определени видови спорови можат да се востановат и со закон.
Надлежноста, составот и организацијата на самоуправниот суд, како и постапката пред тој суд, се уредуваат со закон односно со актот за востановување на судот во согласност со закон.
Самоуправните судови решаваат со устав и закон определени видови спорови од општествено-економските и другите самоуправни односи, како и спорови што ќе им ги доверат работните луѓе во организациите на здружениот труд, во самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, а настанале од меѓусебните односи што самостојно ги уредуваат или што произлегуваат од правата со кои слободно располагаат, ако со закон не е утврдено определени видови спорови да ги решаваат редовните судови.
Граѓаните можат решавањето на определени спорови за правата со кои слободно располагаат спогодбено да им ги доверат на мировни совети или на избрани судови или на други самоуправни судови, ако со закон не е поинаку определено.
Самоуправните судови се востановуваат како судови на здружениот труд, арбитражи, мировни совети, избрани судови и како други облици на самоуправни судови.
Судот на здружениот труд одлучува за постоење на услови за организирање на основни организации на здружениот труд и работни заедници и за барањата за заштита на правото на работа со општествени средства и на други самоуправни права и на општествената сопственост и ги решава споровите за организирање и издвојување на основни организации на здружениот труд, за спојување, припојување и поделба на организацијата на здружениот труд, за склучување и спроведување на самоуправни спогодби за здружување и за меѓусебните односи во здружениот труд, како и другите видови спорови од општествено-економските и другите самоуправни односи определени со закон.
Образувањето, надлежноста и составот на судот на здружениот труд, како и постапката пред тој суд, се уредуваат во согласност со закон.
Расправата пред судот е јавна.
Заради зачувување на тајната, заштита на моралот, интересот на малолетниците или заради заштита на други посебни интереси на општествената заедница, со закон се определува во кои случаи од расправата може да се исклучи јавноста.
Судот суди во совет.
Со закон може да се определи во определени работи да суди судија поединец.
Во судењето учествуваат судии и работни луѓе и граѓани како судии, судии-поротници или поротници на начин утврден со закон односно со актот за востановување на судот.
Со закон може да се пропише во определени судови и во определени работи во судењето да учествуваат само судии.
Судиите и граѓаните што учествуваат во судењето во редовниот суд ги избира и разрешува собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија.
Судиите во редовните судови се избираат и разрешуваат на начин, под услови и според постапка со кои се обезбедува стручна способност и морално-политичка подобност за вршење на судската функција и независноста на судиите во судењето.
Судиите и граѓаните што учествуваат во судењето во редовниот суд се избираат на определено време и можат да бидат повторно избрани.
Судиите, граѓаните и работните луѓе што учествуваат во судењето во самоуправниот суд се избираат, именуваат и разрешуваат на начин пропишан со закон.
Никој што учествува во судењето не може да биде повикан на одговорност за мислење дадено при донесувањето на судска одлука, а во постапка поведена поради кривично дело сторено во вршењето на судската функција не може да биде притворен без одобрение на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.
Судијата не може да врши служба или работа што се неспоиви со судиската функција.
По жалба или друго правно средство против судска одлука може да одлучи само надлежен суд.
Со законот односно со актот за востановување на самоуправниот суд се определува кога и под кои услови против негова одлука е допуштено правно средство.
Со закон се определува под кои услови може одлука на самоуправен суд да се побива кај редовен суд и се уредува извршувањето на овие одлуки.
Одлуките на судовите донесени во другите социјалистички републики и во социјалистичките автономни покраини имаат важност и се извршливи на територијата на Социјалистичка Република Македонија.
Јавното обвинителство е самостоен државен орган што ги гони сторителите на кривични и други со закон определени казниви дела и презема со закон определени мерки за заштита на интересите на општествената заедница и вложува правни средства заради заштита на уставноста и законитоста.
Јавното обвинителство ја врши својата функција врз основа на уставот и законите, а во согласност со политиката утврдена со општите акти на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.
Повисокиот јавен обвинител може, во согласност со закон, да му дава задолжителни упатства на понискиот јавен обвинител за неговата работа и да презема вршење на одделни работи за кои е надлежен понискиот јавен обвинител.
Повисокиот јавен обвинител може да го овласти понискиот јавен обвинител да води постапка по одделни предмети или да врши определени работи од надлежност на друг понизок јавен обвинител.
Јавните обвинителства ги следат и проучуваат општествените односи и појави од интерес за остварување на своите функции и на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и на другите државни органи и на самоуправните организации и заедници им даваат предлози за спречување на општествено опасните и штетните појави и за зацврстување на законитоста, општествената одговорност и социјалистичкиот морал.
Јавните обвинителства во рамките на својот делокруг имаат право и должност да го известуваат собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија за примената на законите и за својата работа.
Јавните обвинителства се востановуваат и нивните надлежности се определуваат со закон.