XXIV

Тој страв, сличен на мувла, кој и го отежнуваше дишењето со тешка влага, и растеше во градите и кога дојде денот на судењето, во салата на заседанието со себе го внесе тешкиот, мрачен товар којшто и го имаше повиено грбот и вратот.

На улица ја поздравуваа познаниди од предградието, таа молчешкум им се поклонуваше, брзо провирајќи се низ загрижената маса. Во ходниците на судот и во салата среќаваше роднини на обвинетите кои исто така зборуваа со малку снижен глас. Нивните зборови и се чинеа непотребни, не ги сфаќаше. Сите луѓе беа опфатени од едно исто загрижено чувство — тоа се пренесуваше на мајката и уште повеќе ја притискаше.

—  Седни до мене! — рече Сизов поместувајќи се на столот.

Седна послушно, го поднамести фустанот, погледна околу себе. Пред очите испомешано и забледнеа некои зелени и црвеникави линии и дамки и затреперија танки, жолти нишки.

—  Твојот син го погуби нашиот Гриша! — тивко проговори жената која седеше крај неа.

—  Молчи, Наталија! — намрштено одговори Сизов.

Мајката ја погледна жената. Таа беше Самојлова, потаму седеше нејзиниот маж, ќелав, благ човек со полна, лисеста брада. Лицето му беше коскесто; мижуркајќи со очите, гледаше пред себе и брадата му трепереше.

Низ високите прозорци во салата одмерено се влеваше матна светлина, надвор низ окната се лизгаше снегот. Меѓу прозорците висеше голем портрет на царот во дебела, масносјајна златна рамка, тешки завеси со малинова боја ја покриваа рамката од страните во прави набори. Пред портретот, речиси по целата ширина на салата се спростираше маса покриена со зелено платно, десно крај ѕидот зад решетките имаше две дрвени клупи, лево — два реда столови за навалување во малинова боја. Низ салата на прсти брзаа служителите со зелени околувратници и златни копчиња на градите и на стомакот. Во задушливиот воздух плашливо се носеше тивок шепот, се ширеа измешани аптекарски миризби. Сето тоа — боите, сјајот, звуците и миризбите — ги притискаа очите, заедно со дишењето се внесуваа во градите и оттаму истиснуваа живи чувства, упропастеното срце се полнеше со неподвижна, шарена бркотница, со тажен страв.

Одеднаш некој од луѓето рече нешто гласно, мајката затрепери, сите станаа, таа исто така се крена фаќајќи го Сизов за рака.

На левиот крај од салата се отвори висока врата, во неа нишајќи се влезе старче со очила. На неговото посивено лице потреперуваа бели ретки бакембарди, горната избричена усна му пролаѓаше во устата, острите вилици и брадата се навалуваа на високиот околувратник од мундирот, чиниш под околувратникот нема врат. Него отстрана го придржуваше под рака висок, млад човек со порцеланско лице, румено и тркалезно, а по него полека чекореа уште тројца во мундири опточени со злато и тројца во граѓанска облека.

Тие долго се маеја околу масата седнувајќи во столовите за навалување, а кога седнаа, едниот од нив, кој беше во откопчан мундир, со мрзеливо, избричено лице, почна нешто да му зборува на старчето нечујно и тешко мрдајќи со дебелкавите усни. Старчето слушаше седејќи необично право и неподвижно, зад стаклата на неговите очила мајката виде две ситни, безбојни дамки.

На крајот од работната маса седеше висок, ќелав човек, поткашлуваше и шушкаше со хартиите.

Старчето се наведна напред и зеде збор. Првиот збор го изговори гласно, а другите се губеа во неговите танки и сиви усни.

—  Отворам ... Донесете ги...

—  Гледај! — шепна Сизов полека туркајќи ја мајката и стана.

На ѕидот зад решетката се отвори вратата, влезе војник со гола сабја што ја држеше крената напоредно со рамото, по него влегоа Павел, Андреј, Феѓа Мазин, двајцата Гусјеви, Самојлов, Букин, Сомов и уште петмина млади кои мајката не ги знаеше по име. Павел љубезно се насмевнуваше, Андреј исто така покажувајќи ги забите ја нишаше главата; во салата стана некако повидно и попросто од нивните насмевки, од живите лица и движења што ги внесоа во затегнатото, надуено молчење. Тешкиот сјај на златото од мундирите потемне, стана помек; духот на бодра увереност, струењето на живата сила го гибна мајчиното срце будејќи го. И на столовите зад неа каде што до тој момент луѓето потиснато очекуваа, сега исто така како во одговор порасна полугласната врева.

—  Не се плашат! — го чу таа шепотењето на Сизов додека од десната страна тивко плачеше мајката на Самојлов.

—  Тишина! — се зачу суров извик.

—  Опоменувам ... — рече старчето.

Павел и Андреј седеа еден крај друг, заедно со нив на првиот стол седеа Мазин, Самојлов и Гусјеви. Андреј брадата ја имаше избричено, мустаќите му пораснале и се обесиле надолу, та главата му личеше на глава од мачка. На неговото лице се забележуваше нешто ново — нешто остро и зајадливо околу устата, мрачно во очите. На горната усна на Мазин се црнееја две линии, лицето му станало подебело. Самојлов беше кадрав како и порано и како и порано широко се насмевнуваше Иван Гусјев.

—  Ех, Феѓа, Феѓа! — шепотеше Сизов наведнувајќи ја главата.

Мајката ги слушаше нејасните прашања на старчето — прашуваше не гледајќи ги обвинетите и главата неподвижно му лежеше на околувратникот од мундирот, — ги слушаше мирните, куси одговори на синот. И се чинеше дека најстариот судија како и сите негови другари не можат да бидат ни лоши, ни сурови луѓе. Внимателно ги посматраше лицата на судиите трудејќи се нешто да предвиди, и тивко го наслушнуваше надоаѓањето на нова надеж во своите гради.

Човекот со порцеланско лице апатично читаше една книга, неговиот едноличен глас ја исполнуваше салата со здодевност и луѓето потонати во неа седеа неподвижно, како скаменети. Четворицата адвокати тивко но живо разговараа со обвинетите, сите тие се движеа силно брзо и напомнуваа на големи, црни птици.

Од едната страна на старчето столот за навалување го полнеше со своето тело дебел, угоен судија со ситни, подуени очи, од другата — подгрбавен, со лисести мустаќи на бледото лице. Тој капнато ја имаше зафрлено главата и со полузатворени очи мислеше за нешто. Лицето на јавниот обвинител исто така беше капнато, со израз на здодевност. Зад судијата замислено, мазнејќи го образот, седеше градскиот началник, дебел, солиден маж; претставникот на благородниците, побелен човек со голема брада и со црвено лице, со големи добри очи; обласниот старешина во палте без ракави, со огромен стомак којшто очевидно го збунуваше, та постојано се грижеше да го покрие со полата од палтото, но таа паѓаше.

—  Овде нема престапници, нема судии — се слушаше цврстиот глас на Павела — овде има само заробени и победители ...

Настана тишина, неколку секунди увото на мајката го слушаше само танкото, брзо чкртање на перото по хартијата и тупкањето на своето срце.

И најстариот судија како да наслушнуваше нешто, чекаше. Неговите другари се размрдаа. Тогаш тој рече:

—  М-да — Андреј Нахотка! Признавате ли вие.. .

Андреј полека стана, се исправи и, штипкајќи ги мустаќите, го посматраше старчето под око.

—  За што можам јас да признаам дека сум виновен? — потпевнувајќи и како секогаш без брзање проговори Хохолот кревајќи ги рамената. — Не сум отепал, не сум украл, просто не се согласувам со таков поредок на животот во кој луѓето се принудени да грабаат и да се отепуваат еден со друг...

—  Одговарајте покусо, — со напор, но јасно рече старчето.

На столовите зад себе мајката почувствува раздвижување, луѓето за нешто тивко шепотеа и се движеа како да се ослободуваа од пајажината на сивите зборови на порцеланскиот човек.

—  Слушаш ли како тие? — шепна Сизов.

—  Фјодор Мазин, одговарајте...

—  Не сакам! — јасно рече Феѓа потскокнувајќи на нозе. Лицето му се облеа со руменило од возбуда, очите му засветкаа, а тој, којзнае зошто, рацете ги зафрли на грбот.

Сизов тивко воздивна, мајката зачудено ги рашири очите.

—  Јас се одреков од одбрана — ништо не сакам да зборувам, — вашиот суд го сметам за незаконски! Кои сте вие? Дали народот ви дал лраво да не судите? Не, тој не ви дал! Јас не ве познавам!

Седна и го скри своето пламнато лице зад рамото на Андреј.

Дебелиот судија ја приближи главата кон постариот и нешто му шепна. Судијата со бледо лице ги крена очите, ги погледна обвинетите под око, ја подаде раката кон масата и со моливот мина по хартијата што беше пред него. Обласниот старешина ја вртеше главата, внимателно ги помести нозете, го спушти стомакот на колена и го покри со раце. Не мрдајќи ја главата, старчето го помести телото кон лисестиот судија, нечујно проговори со него, а овој го слушаше со подвиена глава. Претставникот на благородниците разговараше со јавниот обвинител, претседателот на судот ги слушаше триејќи ги образите. Повторно се зачу нејасното зборување на постариот судија.

—  Како им одврати! Право в лице — подобро од сите! — зачудено Сизов и шепотеше на мајката на уво.

Мајката во недоумица се насмевнуваше. Во почетокот и се чинеше дека се што се случува е излишен и мачен увод во нешто страшно што ќе настапи и што одеднаш сите ќе ги задави со студен ужас. Но мирните зборови на Павела и на Андреј одѕвонуваа толку неустрашливо и цврсто, како да беа кажани во малата куќичка во предградието, а не пред судот. Огнениот истап на Феѓа ја оживе. Во салата растеше нешто смело и мајката по движењето на луѓето зад себе се сеќаваше дека не е само таа што го чувствува тоа.

—  Вашето мислење? — рече старчето.

Ќелавиот државен обвинител стана и држејќи се со едната рака за масичето, брзо почна да зборува споменувајќи цифри. Во неговиот глас не се слушаше ништо страшно.

Но истовремено суви, бодликави морници го гибаа и го вознемируваа срцето на мајката — тоа и беше неопределено чувство на нешто за неа непријателско. Тоа не заплашуваше, не викаше, туку се развиваше невидено, неусетно. Мрзеливо и тапо трепереше некаде околу судиите како да ги обвива со непродуплив облак низ кој ништо однадвор не може да достигне до нив. Ги гледаше судиите и сите и беа неразбирливи. Не се лутеа на Павела ниту на Феѓа, како што очекуваше, не ги навредуваа со зборови, но се за што прашуваа и се чинеше дека за нив сето тоа е непотребно, како да не ги прашуваа со волја, одговорите како да ги слушаа со мака и, како да знаеја се однапред, за ништо не се интересираа.

Еве, пред нив стои џандар и зборува со вас:

—  Павела Власов сите го наречуваат главен поттикнувач...

—  А Нахотка? — мрзеливо и полугласно праша дебелиот судија.

—  И него...

Еден од адвокатите стана и рече:

—  Можам ли јас?

Старчето некого праша:

—  Вие ништо немате?

Сите судии на мајката и’ се чинеа како болни луѓе. Болната премаленост се огледуваше во нивното држење и во гласовите, таа се огледуваше на нивните лица — болната премаленост и празното, сиво чмаење. Се гледаше дека им се тешки и незгодни сите тие — мундирите, салата, џандарите, адвокатите, обврската да седат во фотелји, да прашуваат и да слушаат.

Пред неа седеше познатиот офицер со жолто лице и важно растегнувајќи ги зборовите, гласно раскажуваше за Павела, за Андреја. Мајката го слушаше и неволно мислеше:

—  Малку знаеш ти.

И веќе без страв ги гледаше луѓето зад решетката, не и беше жал за нив — не беше прилично за нив да чувствува жал, сите тие во неа предизвикуваа само восхитување и љубов која топло го опфаќа срцето; восхитувањето беше мирно, љубовта — радосно јасна. Млади, силни, седеа настрана крај ѕидот и речиси не обраќаа внимание на едноличниот разговор на сведоците и судиите и на препирањето на адвокатите со јавниот обвинител. Понекогаш некој се насмевнуваше со презир, нешто им зборуваше на другарите, та и преку нивните лица преминуваше потсмешливата насмевка. Андреј и Павел речиси цело време тивко разговараа со еден од бранителите — мајката спроти тој ден го виде кај Николај. Нивното зборување го наслушнуваше Мазин, кој беше пожив и поподвижен од другите, Самојлов понекогаш нешто му зборуваше на Иван Гусјев и мајката виде како Иван секогаш незабележливо, поттурнувајќи го другарот со лактот, одвај се воздржува од смеење; како лицето му црвенее, образите се напинаат, како ја наведнува главата. Веќе двапати прсна да се смее, а потоа неколку минути седеше надуен трудејќи се да биде сериозен. И во секого, вака или онака, надојдуваше младост, која без многу мака го кршеше нивниот напор да го сузбијат нејзиниот жив полет.

Сизов полека ја гибна со лактот, таа му се сврте — лицето му беше задоволно и по малку загрижено. Шепотеше:

—  Погледни ги како зајакнале, синковците мајчини, а? Барони, а?

А во салата зборуваа сведоците — брзо и со безбојни гласови, а судиите — пак без волја, површно. Дебелиот судија се проѕеваше покривајќи ја устата со дебелкавата рака, оној со лисестите мустаќи пребледна уште повеќе, понекогаш ја креваше раката и силно ја триеше со прстот слепоочната коска расеано гледајќи во таванот со тажно раширени очи. Јавниот обвинител одвреме-навреме со моливот бележеше по хартијата и пак го продолжуваше нечујниот разговор со претставникот на благородниците, а овој, мазнејќи ја белата брада, ги вргалеше големите, убави очи и се смешкаше важно наведнувајќи го вратот. Началникот на градот седеше со нозете префрлени една преку друга, нечујно удираше со прстите по коленото внимателно посматрајќи ги движењата на своите прсти. Само обласниот старешина со стомакот опрен на колената, грижливо придржувајќи го со рацете, седеше со наведната глава и чиниш единствено тој го слушаше едноличното шумење на гласовите; а старчето, пропаднато во фотелјата, стрчеше од неа неподвижно како ветропокажувач во ден без ветар. Тоа траеше долго и луѓето повторно ги ослепе тапо чмаење на здрвеност.

—  Објавувам... — рече старчето и, процедувајќи ги следните зборови низ танките усни, стана.

Шум, воздишки, тивки извици, кашлање и тропање со нозете ја исполнија салата. Ги изведоа обвинетите и тие излегувајќи насмевнати, ги поздравуваа со главите роднините и познатите, а Иван Гусјев полугласно некому викна:

—  Не плаши се Егоре!...

Мајката и Сизов излегоа во ходникот.

—  Ќе дојдеш ли да се напиеме чај во крчмата? — загрижено и замислено ја праша старецот. — Имаме час и половина на располагање?

—  Не сакам.

—  Тогаш не сакам ни јас. Не, — ги гледаш ли децата, а? Седат како божем само тие да се вистински луѓе, а сите други — како да не се за ништо! Феѓа, а?

Им се приближи таткото на Самојлов држејќи ја капата в раце. Тој тажно се смешкаше и велеше:

—  А мојот Григориј? Се одрече од одбраната и не сака ни да разговара. Слушам, прв тој го измислил тоа. Твојот, Пелагија, бил за адвокати, — а мојот вели — не сака! И тогаш четворицата се откажале...

Крај него стоеше жена му. Често трепкајќи со очите, таа го бришеше носот со крајот од шамичето. Самојлов се фати за брада и гледајќи во душемето продолжи:

—  Еве во што е работата! Штом ги погледнеш, ѓаволите, јасно ти е — попусто почнале се, — само бадијала се погубуваат. И одеднаш почнуваш да размислуваш — а можеби вистината е на нивна страна? Ќе се сетиш како во фабриката стануваа се повеќе и повеќе, постојано ги фаќаат, а тие, како ситна риба в река, не се свршуваат, не! И си мислиш — а можеби силата е со нив?

—  Тешко ни е нам, Степане Петрович, да ја разбереме таа работа! — рече Сизов.

—  Тешко — да! — потврди Самојлов.

Неговата жена, откако силно зеде воздух низ носот, забележа:

—  Сите се здрави, ѓаволите...

И не можејќи да ја додржи насмевката на широкото овенато лице, продолжи:

—  Ти, Ниловна, не лути се — што пред малку ти треснав дека твојот е крив. А ѓавол ли ќе ги знае кој е повиновен ако се зборува по право! Ете што зборуваат џандарите и шпионите за нашиот Григориј. Исто така се погрижил — лисестиот ѓавол!

Таа, очигледно, се гордееше со својот син, можеби не сфаќајќи го своето чувство, но нејзиното чувство на мајката и беше познато, таа на тие зборови и одговори со пријателска насмевка и со тивки зборови:

—  Младото срце секогаш е поблизу до вистината...

По ходникот се движеа луѓе, се собираа купчиња, возбудено и замислено разговараа со притаен глас. Речиси никој не стоеше сам — на сите лица се огледуваше желба да зборуваат, да прашуваат, да слушаат. Низ тесната бела цевка помеѓу двата ѕида луѓето се војваа натаму-наваму како под ударите на силен ветар, и чиниш бараат можност да се потпрат на нешто цврсто и силно.

Постариот брат на Букин, висок и исто така овенат, размавнуваше со рацете, брзо се вртеше на сите страни и докажуваше:

—  На обласниот старешина Клепанов не му е местото во оваа работа. . .

—  Молчи, Константине! — го караше татко му, мало старче и плашливо се огледуваше.

—  Не, ќе зборувам! За него се зборува дека минатата година го отепал својот службеник поради неговата жена. Жената на службеникот живее со него — како може да се разбере тоа? И покрај тоа тој е познат крадец. ..

—  Ах, брате, Константине!

—  Точно! — рече Самојлов. — Точно! — Судот — не е многу справедлив ...

Букин го чу неговиот глас и брзо се приближи тргајќи ги по себе сите другите и размавнувајќи со рацете, црвен од возбуда, завика:

—  За кражба, за убиство — судат поротници, прости луѓе, селани, граѓани, ви се молам! А луѓето што се против власта ги суди власта — како така? Ако ти мене ме навредиш и јас те удрам по забите, а после ти мене да ме судиш за тоа — се разбира дека јас ќе бидам обвинет, а кој навреди прв — ти ли? Ти!

Стражарот, побелен, со грбав нос и со медали на градите, го растури купот и, заплашувајќи со прстот, на Буќин му рече:

—  Еј — не викај! Крчма ли е овде?

—  Дозволете, кавалеру — јас разбирам! Слушајте — ако ве удрам и потем јас да ве судам, како мислите. .

—  Да знаеш дека ќе те истерам одовде! — строго рече стражарот.

—  Каде? Зошто?

—  На улица. Да не викаш тука...

Букин погледна во сите и полека проговори:

—  Ним им е главно луѓето да молчат...

—  А што мислиш ти?! — строго и грубо се развика старецот.

Букин ги рашири рацете и почна да зборува потивко.

—  И после зошто на народот не му е дозволено да присуствува на судењето, туку само роднините? Ако судиш праведно, суди во присуство на целиот свет — од што се плашиш?

Самојлов повтори, но веќе посилно:

—  Судот не е на место, тоа е вистина!...

Мајката сакаше да му каже дека чула од Николај за незаконитоста на судот, но тоа го имаше разбрано лошо и доста зборови имаше заборазено. Настојувајќи да си спомни, таа се тргна настрана и забележа дека ја гледа некој млад човек со светли мустаќи. Десната рака ја држеше во џебот од панталоните и затоа левото рамо му беше пониско и тој белег во држењето и се стори познат. Но тој и го сврте грбот, а таа, задлабочена во сеќавањата, брзо го заборави.

Но по една минута чу тивко прашање:

—  Оваа?

И некој посилно, радосно одговори:

—  Да!

Таа се сврте. Човекот со криви рамења, стоеше крај неа и нешто му зборуваше на својот сосед, црнобрадо момче во кусо палто и со скорни до колена.

Повторно сеќавањето немирно и затрепери, но не можеше да создаде јасна слика. Во градите неодоливо и се разгоруваше желбата да разговара со луѓето за вистината на синот, сакаше да чуе што ќе речат луѓето против таа вистина, сакаше според нивните зборови да погоди каква е пресудата.

—  Зарем така се суди? — внимателно и полека почна таа обраќајќи му се на Сизов. Испитуваат за тоа кој што сторил, а зошто го сторил — не прашуваат. И сите тие се стари, а младите — млади треба да ги судат...

—  Да — рече Сизов — нам ни е тешко да ја разбереме таа работа, тешко ни е! — И замислено одмавна со главата.

Стражарот, отворајќи ја вратата од салата, подвикна:

—  Роднини! Покажете ги билетите...

Некој мрачен глас без брзање проговори:

—  Билети, — како в циркус!

Сега се чувствуваше дека сите луѓе ги зафатила глува раздразнетост, нејасна зајадливост, се држеа послободно, вревеа, се препираа со стражарите.