Откако седна на столот, Сизов почна нешто да мрмори.
— Што ти е? — го праша мајката.
— Така! Глупав е народот...
Ѕвончето заѕвони. Некој рамнодушно објави:
— Судот доаѓа...
Пак сите станаа и пак по истиот ред влегоа судиите и наседнаа. Ги внесоа обвинетите.
— Држ се! — шепна Сизов. — Сега ќе зборува јавниот обвинител.
Мајката го истегна вратот, со целото тело се наведна напред и премре во новото очекување на страшното.
Стоејќи со едното рамо кон судиите, со главата свртена кон нив, навален со лактот на пултот, јавниот обвинител воздивна и отсечно одмавнувајќи оо десната рака, почна да зборува. Првите зборови мајката не ги разбираше, гласот на јавниот обвинител беше течен, длабок и течеше нееднакво, де — полека, де — побрзо. Во долгата низа зборовите му се престигнуваа еден со друг како бодења при шиење и одеднаш брзо излетуваа, кружеа како рој црни муви на парче шеќер. Но таа во нив не наоѓаше ништо страшно, ништо опасно. Тие се сипеа студени како снег и сиви како пепел, се сипеа полнејќи ја салата со нешто непријатно здодевно како ситна, сува прав. Говорот речиси без чувство, обилен во зборовите, сигурно не достигнуваше до Павела и неговите другари, — се гледаше дека не ги засега како и порано седеа мирно, нечујно разговараа, понекогаш се смешкаа, понекогаш се мрштеа, за да го скријат смешкањето.
— Лаже — шепотеше Сизов.
Таа не би можела да го рече тоа. Ги слушаше зборовите на јавниот обвинител, сфаќаше дека тој сите ги обвинува, не одделува никого; зборуваше за Павела и преминуваше на Феѓа, потоа, ставајќи го заедно со Павела, упорно им го пришиваше Букина — изгледаше како да ги пакува, да ги зашива сите во една вреќа цврсто собирајќи ги еден до друг. Но надворешната смисла на неговите зборови не ја задоволуваше, ниту ја гибаше, ниту ја плашеше, но, сепак, очекуваше нешто страшно и тоа упорно го бараше зад зборовите — во лицето, во очите, во гласот на обвинителот, во неговата бела рака што без брзање мавташе низ воздухот. Имаше нешто страшно, тоа таа го чувствуваше, но — тоа не можеше да се фати, да се определи и повторно нејзиното срце се исполнуваше со сув и зајадлив налет.
Ги гледаше судиите — ним, без сомнение, им беше здодевно да го слушаат говорот. Безживотните, жолти и сиви лица ништо не изразуваа. Зборовите на обвинителот низ воздухот вееја за окото незабележлива магла, која стануваше се поголема и се згуснуваше околу судиите обвивајќи ги со облак на рамнодушност и капнато очекување. Најстариот судија не се поместуваше, беше засушен во својата здрвена поза, сивите дамки зад стаклата на очилата понекогаш ги снемуваше, се разлеваа по лицето.
И гледајќи ја таа мртва апатичност, таа рамнодушност без омраза, мајката во недоумица се прашуваше:
— Судење ли е ова?
Прашањето и’ го стегаше срцето и постепено терајќи го од него очекувањето на страшното, и го штипеше грлото со остро чувтво на навреда.
Обвинителот го прекина говорот некако неочекувано — направи неколку брзи, ситни бодења со иглата, им се поклони на судиите и, триејќи ги рацете, седна. Претставникот на благородниците му мавна со главата, градскиот началник кокорејќи ги очите му ја подаде раката, а старешината го гледаше својот стомак и се смешкаше.
Но судиите очигледно неговиот говор не ги израдува, тие не се движеа.
— Има збор — принесувајќи кон своето лице некаква хартија проговори старчето — бранителот на Федосеев, Марков и Загаров.
Стана адвокатот кого мајката го виде кај Николај. Лицето му беше добродушно, широко, неговите мали очи се насмевнуваа блескаво — изгледаше под црвеникавите веѓи како да се подаваат две сечила и како ножици во воздухот нешто да стрижат. Проговори полека, ѕвонливо и јасно но мајката не можеше да се задлабочи во неговиот говор — оти Сизов и шепотеше на увото.
— Разбра ли што зборуваше? Разбра ли? Луѓето се, вели, со слаби живци, луди. Фјодор ли е таков?
Таа, притисната од тешко разочарување, не одговараше. Навредата растеше и и ја давеше душата. Сега на Власова и стана јасно зошто очекуваше праведност, мислеше да види строга, чесна борба помеѓу вистината на синот и вистината на неговите судии. Мислеше дека судиите Павела ќе го прашуваат долго, внимателно и до ситници за целиот живот на неговото срце, дека со будни очи ќе ги разгледаат сите мисли и дела на нејзиниот син, сите негови денови. И кога ќе ја увидат неговата исправност, гласно да речат:
— Овој човек е праведен!
Но ништо слично немаше. Се чинеше обвинетите како да се бескрајно далеку од судите, а судиите — за нив непотребни. Капната, мајката го изгуби интересирањето за судењето и, не слушајќи што се зборува, навредено мислеше:
— Зарем така се суди?
— Така им треба! — одобрувајќи прошепоти Сизов.
Веќе зборуваше вториот адвокат со мало, остро, бледо и потсмешливо лице, а судиите му пречеа.
Скокна јавниот обвинител, брзо и налутено рече нешто за протоколот, потоа старчето, опоменувајќи, почна да зборува, — бранителот со почитување ја наведна главата, ги ислуша и повторно го продолжи говорот.
— Претај! — забележа Сизов. — Раскопувај...
Во салата се почувствува живост, секаше борбено расположение, адвокатот напаѓаше со остри зборови дразнејќи ја старата кожа на судиите. Судиите како да се збија поблизу еден до друг и како да се надуле, како да се рашириле за да ги одбијат лутите и остри бодења на зборовите.
Но еве, се поткрена Павел, и одеднаш настана неочекувана тишина. Мајката со целото тело се наведна напред. Павел проговори мирно:
— Како партиски човек го признавам само судот на својата партија и ќе зборувам не во своја одбрана, туку — по желба на своите другари кои исто така се одрекоа од одбраната — ќе се обидам да ви го објаснам она што не го разбравте. Јавниот обвинител нашето истапување под знамето на социјалната демократија го нарече — бунт против врховната власт и за цело време не посматраше како бунтовници против царот. Јас треба да изјавам дека за нас самодржавјето не е единствениот оков што го оковува телото на земјата. Тоа е само првиот и најблискиот оков што мораме да го симнеме од народот...
Под звуците на цврстиот глас тишината стануваше се подлабока, тој како да ги поместуваше ѕидовите на салата, Павел како да се оттргнуваше од луѓето далеку настрана истакнувајќи се сè повеќе.
Судиите се вознемирија тешко и немирно. Претставникот на благородниците нешто му шепна на судијата со мрзливо лице, тој потврди со главата и му се обрна на старчето, а од другата страна истовремено на увото му зборуваше болниот судија. Клатејќи се во фотелјата надесно и налево, старчето му рече нешто на Павела, но гласот му потона во течниот и широк поток на говорот на Власов.
— Ние сме — социјалисти. Тоа значи дека сме непријатели на личната сопственост којашто луѓето ги разделува, ги вооружува едни против други, создава непомирливо судрување на интересите, која лаже грижејќи се да го скрие или да го оправда тоа судирање и целиот свет го развратува со лаги, подмолност и пакост. Ние велиме: општеството коешто човекот го гледа само како средство за своето богатење — тоа општество е против човештвото, тоа е наш непријател, ние не можеме да се помириме со неговиот морал кој е дволичен и лажен; цинизмот и неговиот суров став кон поединецот нам ни е гаден, ние сакаме да се бориме и ќе се бориме против сите форми на физичкото и моралното поробување на човекот коешто го врши таквото општество, против сите начини на дробење на човекот заради користољубивост. Ние, работниците, сме луѓе со чиј труд се создава се — од џиновски машини до играчки за деца, ние сме — луѓе на кои им е одземено правото да се борат за своето човечко достоинство; секој се труди и може да не претвори во средство за постигнување на своите цели; ние сега сакаме да имаме толку слобода, колку да ни се даде можност со време да ја извојуваме сета власт. Нашите пароли се прости — долу приватната сопственост, сите средства за производство — на народот, сета власт — на народот, трудот е задолжителен за сите. Вие гледате — ние не сме бунтовници!
Павел се насмевна, полека мина со раката по косата, огнот на неговите сини очи уште посилно пламна.
— Ви се молам — зборувајте поблиску до делото!— рече претседателот јасно и гласно. Се сврте целиот кон Павела, го гледаше и на мајката и се чинеше дека левото, заматено око разгорува со лош, лаком пламен. И сите судии нејзиниот син го гледаа така шго изгледаше дека очите им се лепат на неговото лице, се припиваат по телото, дека се жедни за неговата крв за да ги оживеат своите дотраени тела. А тој, исправен, висок, стоејќи цврсто и уверено, ја протегнуваше раката кон нив и со потивок глас јасно продолжи:
— Ние сме — револуционери и ќе бидеме тахви се дотогаш додека едни — само наредуваат, други — само работат. Ние сме против општеството, чии интереси вас ви е наредено да ги браните, ние сме непомирливи непријатели негови и ваши, и мирот меѓу нас е невозможен се додека не победиме. Ќе победиме ние, трудбениците! Вашите властодатели ни од далеку не се толку силни колку што им се чини. Таа иста сопственост на која тие и жртвуваат милиони поробени луѓе за да ја зголемат и дочуваат, таа иста сила што им дака власт над нас, меѓу нив предизвикува непријателски несогласици, физички и морално ги руши. Сопственоста бара премногу напнатост за својата одбрана и всушност сите вие, нашите господари, сте поголеми робови одошто ние, — вие сте духовно поробени, ние само физички. Вие не можете да се ослободите од пригисокот на предубеденоста и навиките, притисокот којшто духовно ве здробил, — нам ништо не ни пречи внатре да бидеме слободни; отровите со кои не труете се послаби од оние противотрови коишто вие — не сакајќи — ги влевате во нашата свест. Таа расте, се развива непрекинато, се побрзо се разгорува и по себе повлекува се што е подобро, се што е поздраво дури и од вашата средина. Погледнете — вие веќе немате луѓе кои би можеле идејно да се борат за вашата работа, вие веќе сте ги изгубиле сите аргументи што би биле во состојба да ве сочуваат од одот на историската правда, вие не можете да создадете ништо ново во областа на идеите, вие сте духовно јалови. Нашите идеи растат, тие се посилно се разгоруваат, тие ги зафаќаат народните маси, ги организираат заради борбата за слобода. Свеста за големата ролја на работниците ги соединува сите работници на светот во една душа, — и вие со ништо не можете да го задржите тој процес на обновување на животот освен со суровост и цинизам. Но цинизмот е — очебиен, суровоста— раздразнува. И рацете што денеска не дават наскоро другарски ќе ги стегаат нашите раце. Вашата енергија е — механичка енергија на собирање на злато, таа ве обединува во групи терајќи ве да се јадете еден со друг; нашата енергија е — жива сила на јакнењето на свеста за солидарноста на сите работници. Се што правите вие тоа е — злосторство, зашто служи за поробување на луѓето, нашата работа го ослободува светот од сеништата и чудовиштата, создадени со вашата лага, злоба, алчност, од чудовиштата коишто го заплашија народот. Вие го оттргнавте човекот од животот и го уништивте; социјализмот го обединува светот што вие го разрушивте во една голема и хармонична целина и — тоа ќе биде!
Павел за момент застана и повтори потивко но посилно:
— Тоа ќе биде!
Чудно кривејќи се, судиите си шепотеа и не ги симнуваа жедните очи од Павела, а мајката чувствуваше дека со своите погледи го валкаат неговото еластично, силно тело завидувајќи му на здравјето, силата, свежината. Обвинетите внимателно го слушаа говорот на својот другар, лицата им побледнаа, очите радосно им светкаа. Мајката ги голташе зборовите на синот, тие во нејзината свест се врежуваа ред по ред. Старчето неколку пати го прекинуваше Павела нешто му објаснуваше, еднаш дури тажно се насмевна — Павел молчешкум го слушаше и повторно почнуваше да зборува сурово но мирно терајќи го секого да го слуша, потчинувајќи ја на својата волја — волјата на судиите. Но најпосле старецот викна подавајќи ја раката кон Павела; како одговор на тоа, малку потсмешливо, се лееше говорот на Павел:
— Јас завршувам. Да ве навредам лично вам не сакав, напротив — присуствувајќи без волја на комедијата којашто вие ја наречувате суд, чувствувам скоро сочувство спрема вас, Сепак — вие сте луѓе, а нам секогаш ни е непријанто да ги видиме луѓето макар тие да се и непријатели на нашите цели, толку срамно понижени во служењето на насилието, кои до таа степен ја изгубиле свеста за своето човечко достоинстао...
Тој седна, не гледајќи ги судиите, а мајката, воздржувајќи го дишењето, ги гледаше судиите право в очи, очекуваше.
Андреј, целиот светејќи, силно му ја стегна раката на Павела! Самојлов, Мазин и сите другари живо му се приближија, тој се насмевна малку збунет од одушевеноста на другарите, погледна таму каде што седеше мајката и ја поздрави со главата како да ја прашува:
— Така ли е?
Таа му одговори со длабока воздишка на радост, целата облеана од топол бран на љубов.
— Ете, судењето почна! — прошепоти Сизов. — Како ги суреди, — а?
Таа молчешкум потврди со главата, задоволна од тоа што синот толку смело говореше — а можеби уште повеќе задоволна со тоа што доврши. Во главата и трепереше прашањето:
— Е? Што ќе биде сега?