XXIII

Така во тој облак од недоумица и тага, под товарот на тажното очекување, молчешкум помина ден, два, а третиот дојде Саша и му рече на Николај:

—  Сè е готово! Денеска во еден...

—  Веќе готово? — се зачуди тој.

—  Ами што? Јас требаше само да најдам засолниште и алишта за Рибин, се друго зеде на себе Гобун. Рибин ќе треба да премине само еден квартал. На улица ќе го пресретне Вјесовшчиков, преоблечен, се разбира, ќе му наметне на грбот палто, ќе му даде капа и ќе му го покаже патот. Јас ќе го чекам, ќе го преоблечам и ќе го однесам.

—  Не е лошо! А кој е тој Гобун? — праша Николај.

—  Вие сте го виделе. Во неговиот стан сте се состанувале со браварите.

—  А, се сеќавам. Чудно старче ...

—  Тој е војник во оставка. Покрива покриви со ламарина. Речиси необразован човек, со неисцрпна омраза кон секое насилие ... По малку филозоф — замислено велеше Саша гледајќи во прозорецот. Мајката молчешкум ја слушаше и нешто нејасно во неа полека узреваше.

—  Гобун сака да го ослободи своето внуче, — дали се сеќавате, вам ви се допаѓаше Ефченко, перчест и чистунец?

Николај потврди со главата.

—  Тој има сè добро приготвено, — продолжуваше Саша — но јас почнувам да се сомневам во успехот. Прошетките на затворениците се заеднички. И јас мислам дека кога затворениците ќе ја забележат скалата — многумина ќе сакаат да бегаат...

Покривајќи ги очите таа помолче, мајката и се приближи.

—  И ќе си пречат еден на друт ...

Сите тројца стоеја на прозорецот, мајката — зад Николај и Саша. Нивното брзо зборување во срцето и разбудуваше вџашено чувство ...

—  Јас ќе одам таму! — одеднаш рече мајката.

—  Зошто? — праша Саша.

—  Не одете, драга моја! Можете и да настрадате! Не треба! — ја посоветува Николај.

Мајката го погледна и потивко, но поупорно повтори:

—  Не, ќе одам.

Брзо се погледнаа и Саша кревајќи ги рамената рече:

—  Тоа е разбирливо...

Откако се сврте кон мајката, ја зеде под рака, се наведна кон неа и со прст, на мајчиното срце близок глас, проговори:

—  Јас сепак ви велам дека попусто очекувате...

—  Мила моја! — извика мајката прегрнувајќи ја со растреперената рака. — Земете ме! Нема да ви пречам! Мене тоа ми е нужно. Јас не верувам дека може да се побегне!

—  Таа ќе дојде! — му рече девојката на Николај.

—  Тоа е ваша работа! — одговори тој наведнувајќи ја главата.

—  Не смееме да бидеме заедно. Вие одете по поле, кон бавчите. Оттаму се гледаат ѕидовите на затворот. Но — ако ве прашаат што барате таму?

Израдувана мајката со увереност одговори:

—  Ќе најдам што да речам!...

—  Не заборавајте дека надгледниците од затворот ве познаваат! — велеше Саша. И ако ве видат тие таму...

—  Нема да ме видат! — извика мајката.

Во нејзините гради одеднаш пламна до болка јасна надеж која за цело време незабележливо тлееше, а таа ја оживеа ...

—  А можеби и тој ќе... — мислеше додека брзо се облекуваше.

По еден час мајката беше во полето зад затворот. Околу неа дуваше остар ветар, и го надуваше фустанот, удираше во замрзнатата земја, го нишаше стариот плет на бостанот покрај кој одеше и силно удираше во нискиот ѕид на затворот. Префрлувајќи се преку ѕидот, од дворот изнесуваше нечии извици, ги растураше по воздухот, ги извишуваше кон небото. Горе брзо јуреа облаци откривајќи мали светлини во сивата височина.

Зад мајката беше бостанот, пред неа гробишта, а на десетина метра в десно — затворот. Крај гробиштата еден војник, држејќи го коњот за јаже, го тераше во круг, а друг, стоејќи крај него, гласно тупкаше со нозете по земјата, викаше, свиреше и се смееше. Никого веќе во близината на затворот немаше.

Таа полека тргна крај нив кон оградата на гробиштата, погледнувајќи под око в десно и назад. И одеднаш почувствува дека нозете и затрепериле, и натежнале како да замрзнале за земја — зад аголот на затворот брзо, како што секогаш одат фенерџиите, излезе подгрбавен човек со скаличка на рамото. Мајката плашливо подзамижа, брзо ги погледна војниците — тупкаа со нозете на едно место, а коњот трчаше околу нив; го погледна човекот со скаличката — тој веќе ја имаше наместено на ѕидот и се качуваше без да брза. Намавнувајќи со раката во дворот, брзо слезе, го снема зад аголот. На мајката срцето брзо и тупкаше, секундите минуваа полека. На потемнетиот ѕид на затворот линиите на скалата одвај се забележуваа помеѓу дамките од кал и на излупениот малтер зад кој се гледаа тулите. И одеднаш на ѕидот се појави црна глава, потоа цело тело кое се префрли преку ѕидот, се спушти по него. Се покажа друга глава во шубара, на земјата се растркала црно клопче и брзо го снема зад аголот. Михаил се исправи, се огледа, ја стресе главата ...

—  Бегај, бегај! — шепотеше мајката тупкајќи со ногата.

Во ушите и’ бучеше, се слушаа гласни извици, — еве, над ѕидот се појави и трета глава. Мајката, откако се фати со рацете за гради, премираше, очекуваше. Главата со светла коса и без брада се мачеше да се искачи нагоре, како да сакаше да се претури и одеднаш — ја снема зад ѕидот. Викаа се посилно, побурно, ветрот го разнесуваше низ воздухот танкото, треперливо свирење. Михаил тргна крај ѕидот, ете, веќе го мина, преминува преку отворениот простор помеѓу затворот и градските куќи. Нејзе и се чинеше дека оди премногу полека и дека без потреба толку високо ја крева главата — дека секој само што ќе го погледа в лице, засекогаш ќе го запамети тој лик. Шепотеше:

—  Побрзо ... побрзо...

Зад ѕидот од затворот нешто тресна — се чу танок звук од скршено стакло. Војникот, потпирајќи се со нозете на земјата, го тргна коњот кон себе, вториот откако ја стави раката над устата нешто викаше во правец на затворот и, откако ќе викнеше, ја вртеше главата настрана чулејќи ги ушите.

Мајката напнато го вртеше вратот на сите страни, нејзините очи, иако гледаа сè, на ништо не веруваа — премногу просто и брзо се случи она што и се чинеше страшно и тешко и таа брзина ја вџаши, ја занесе. На улицата Рибин веќе не се гледаше, минуваше некој висок човек во долго палто, трчаше девојче. Зад аголот на затворот излегоа тројца надгледници, тие трчаа еден до друг и десните раце се ги подаваа. Едниот од војниците им претрча во пресрет, другиот трчаше околу коњот, трудејќи се да го јавне, но тој не се даваше, скокаше и се наоколу како да потскокнуваше заедно со него. Постојано се слушаше свирење, воздухот се давеше од звуци. Немирните, очајни извици кај жената разбудија свест за опасност; затрепере и тргна покрај оградата на гробиштата, следејќи ги надгледниците, но и тие и војниците зајдоа зад другиот агол на затворот и се изгубија. По нив отрча и помошникот на надгледникот на затворот кој и беше познат, со откопчан мундир. Од некаде се појави полиција, дотрчуваше народ.

Ветрот се виеше, размавтуваше како да се радува од нешто и до увото на жената и носеше испрекинати, заметкани извици, свирење ...

Таа бркотница ја радуваше и таа тргна побрзо, мислејќи:

—  Значи — и тој би можел!

Во пресрет зад аголот на оградата одеднаш и излегоа двајца полицајци.

—  Стој! извика едниот тешко дишејќи. — Човек со брада — да не си видела?

Таа покажа со раката кон градините и мирно одговори:

—  Таму отрча, — а зошто?

—  Егоров! Свири!

Таа си отиде дома. За нешто и беше жал, на срцето и лежеше нешто горчливо, некое незадоволство. Додека од полето влегуваше во улицата, патот и го пресече пајтонџија. Поткревајќи ја главата, во пајтонот забележа млад човек со руси мустаќи и со бледо капнато лице. И тој погледна во неа. Тој седеше накриво и сигурно поради тоа десното рамо му беше повисоко од левото.

Николај радосно ја пречека.

—  Е, како е таму?

—  Изгледа дека имаше среќа ...

Трудејќи се да ги освежи во сеќавањето сите ситници, почна да раскажува за бегањето и зборуваше така како да повторува нечие раскажување, сомневајќи се во неговата вистинитост.

—  Ни оди по рака! — рече Николај триејќи ги рацете. — Но — многу се плашев за вас! Ѓавол знае колку! Знаете, Ниловна примете го мојот пријателски совет, не плашете се од судот! Колку поскоро ќе биде тој — толку поблизу е слободата на Павела, верувајте! Можеби — ќе побегне патем. А судот е приближно — такво нешто ...

Почна да и’ ја црта сликата на судското заседание; слушаше и сфаќаше дека тој од нешто се плаши и сака да ја охрабри.

—  Можеби мислите дека таму ќе им речам нешто на судиите? — одеднаш го праша таа. — Дека ќе ги помолам за нешто?

Тој скокна, замавта со рацете кон неа и навредено извика:

—  Што зборувате!

—  Навистина, јас се плашам! Од што се плашам — не знам!... Таа помолче блудејќи со очите низ собата.

—  Понекогаш ми се чини — дека ќе го навредуваат Паша, дека ќе му се натресуваат. Ах ти, селанче, ќе речат, селско дете! Што си намислил? А Паша, горд, така има да им одговори! Или — Андреј ќе им се потсмевне. И сите тие таму се огнени. Та, ете, мислиш — не ќе претрпат ... И ќе им судат така што веќе никогаш нема да ги видиш!

Николај намуртено молчеше штипкајќи си ја брадата.

—  Не можам да се откинам од тие мисли! — тивко рече мајката. — Страшно е тоа — суд! Кога ќе почнат да распрашуваат, па да мерат! Многу страшно! Казната не е страшна, туку — судот. Тоа не умеам да го кажам ...

Николај — таа чувствуваше — не ја разбираше и тоа уште повеќе ја отежнуваше нејзината желба да зборува за својот страв.