Мајката се тргна од сонот разбудена од силно тропање на вратата од кујната. Тропаа непрекинато, со стрплива упорност. Уште беше темница, тивкото и упорно сипење на ударите во тишината предизвикуваше немир. Откако набрзина се облече, мајката брзо излезе во кујната и стоејќи на врата праша:
— Кој е таму?
— Јас! — одговори непознат глас.
— Кој?
— Отворете! — одврати тивко и молежливо зад вратата.
Мајката го поткрена резето, турна со ногата во вратата, — влезе Игнат и радосно рече:
— Е — не се излагав!
Беше до појас испрскан со кал, лидето му беше посивено, очите пропаднати и само кадравата коса бујно му беше рештркана на сите страни испаѓајќи под капата.
— Кај нас се случи несреќа! — затворајќи ја вратата прошепоти.
— Знам ...
Тоа го зачуди младичот. Подзамижувајки со очите, праша:
— Од каде?
Таа кусо и брзо му раскажа.
— А оние двајцата дали ги фатија? Оние другарите?
— Нив ги немаше. Тие беа заминати на преглед — за регрути. Фатија петмина сметајќи го во нив и чичко Михаил...
Тој повлече воздух низ носот и смешкајќи се рече:
— А јас — останав. Сигурно — ме бараат.
— Како се спаси ти? — праша мајката. Вратата од собата тивко се подотвори.
— Јас? — седејќи на столот и огледувајќи се извика Игнат. — Минута пред нив дотрча шумарот — тропна на прозорецот — држете се, момчиња, вели, доаѓаат по вас...
Тивко се насмеа, го избриша лицето со крајот од кафтанот и продолжи:
— А — чичко Михаил ни со увото не мрдна. Туку веднаш: Игнате — в град, брзо! Се сеќаваш ли за онаа, постарата жена? — И напиша белешка. — На, оди!...
— Јас лазејќи низ грмушките, слушам — доаѓаат! Многу се, се слушаат од сите страни, ѓаволите! Како замка околу работилницата. Легнав во грмушките, — минаа крај мене! Тогаш јас станав и да ме нема! Две ноќи и цел ден одев без почивка.
Се гледаше дека е задоволен со себе, во неговите мрки очи светкаше насмевка, дебелкавите црвени усни му трепереа.
— Сега јас тебе со чај ќе те напијам! — брзо велеше мајката прифаќајќи го самоварот.
— Вам еве ви ја белешкава...
Со мака ја крена ногата и, мрштејки се и стенкајки, ја стави на клупата.
На вратата се појави Николај.
— Здраво другар! — рече Николај подзамижувајќи со очите. — Допуштете да ви помогнам.
И откако се наведна, почна брзо да го одвива калливото објало.
— Оф! — тивко извика младичот тргнувајќи ја ногата и, зачудено трепкајќи со очите, погледна во мајката.
Незабележувајќи го неговиот поглед, мајката рече:
— Со вотка треба да му се истријат нозете...
— Се разбира! — рече Николај.
Игнат вџашено исфуче.
Николај ја најде белешката, ја разви и, откако ја принесе кон лицето таа сива, истуткана хартија, прочита:
„Не оставај ги работите мајко без внимание речи и на високата госпоѓа да не заборава повеќе да се пишува за нашата работа молам. Збогум. Рибин“.
Николај полека ја пушти раката со белешката и тивко прошепоти:
— Тоа е прекрасно! ...
Игнат ги гледаше, полека мрдаше со калливите прсти на собуената нога, мајката криејќи го лицето влажно од солзи му се приближи со леѓен вода, седна на душемето и ги подаде рацете кон неговата нога— тој брзо ја тргна под столот уплашено извикувајќи:
— Што?
— Дај ногата побрзо...
— Сега ќе донесам шпиртус, — рече Николај.
Младичот ја вовираше ногата се подалеку под столот и мрмореше:
— Што ви е? Болница ли е ова, што ли.
Тогаш таа почна да му ја собува другата.
Игнат гласно дувна низ носот и несмасно го изви вратот гледајќи ја одозгора со смешно обесени усни.
— А знаеш ли — почна таа со растреперен глас — дека Михаил Иванович го тепаа ...
— Зарем? — тивко и плашливо извика младичот.
— Да. И го донесоа испретепан, и во Никољско го тепаше наредникот, и писарот — и по лице, и го удираа со нозе ... до крв!
— Тие умеат да го прават тоа! — одговори младичот мрштејќи се. Рамената му затреперија. — То ест— се плашам од нив — како од ѓавол! А селаните — не го тепаа?
— Еден го удри, писарот му нареди А другите — ништо, дури го бранеа — не треба, велат, да се тепа ...
— Н-да-а, — селаните почнуваат да разбираат кој каде стои и зошто.
— Таму исто така има разбрани...
— Каде ги нема? Мачно! Секаде ги има — само тешко е да се најдат.
Николај донесе шише шпиритус, стави јаглен под самоварот и молчешкум излезе. Следејќи го со испитувачки поглед, Игнат тивко ја праша мајката:
— Господинот — доктор ли е?
— Во оваа работа нема господа, сите се — другари...
— Чудно ми е! — рече Игнат недоверливо и расеано се насмевна.
— Што ти е — чудно?
— Па — така. На една страна по муцка бијат, на друга — нозете ти ги мијат, а на средина што е?
Вратата од собата широко се отвори и Николај стоејќи на прагот рече;
— А во средината стојат луѓето кои им ги лижат рацете на оние што бијат по муцка и што им ја цицаат крвта на оние кои ги бијат — тоа е средината!
Игнат со почитување го погледна и откако помолче проговори:
— Тоа — така ќе е!
Младичот стана, стоеше де на едната де на другата нога, цврсто потпирајќи се со нив на душемето и забележа:
— Станаа како нови! Ви благодарам...
Потоа седеа во трпезаријата и пиеја чај, а Игнат со цврст глас раскажуваше.
— Јас сум бил разнесувач на весници, одам многу добро.
— Дали народот чита многу? — праша Николај.
— Сите коишто се писмени, дури и богатите, читаат — тие навистина кај нас не земаат ... Оти тие сфаќаат — селаните земјата со својата крв ќе ја измијат од под господата и богаташите — значи дека сами и ќе ја делат, а тие ќе ја поделат така што повеќе ќе нема ни стопани ни работници — уште како! А заради што влегуваат во борба, ако не заради тоа!
Тој дури како да беше навреден и го гледаше Николаја недоверливо и прашално. Николај молчешкум се потсмевнуваше.
— А ако се степаат денеска во цел свет и — да надвијат, а утре пак — еден богат, друг сиромав — покорно благодарам! Ние добро знаеме — богатството е како жив песок, тоа не лежи мирно, туку пак ќе се растече на сите страни! Не, што ќе ми го тоа!
— Само не лути се! — се пошегува мајката.
Николај замислено извика:
— Како можеме што поскоро таму да го пратиме летокот за апсењето на Рибин?
Игнат ги начули ушите.
— А имате ли леток? — праша.
— Да.
— Дајте го — јас ќе го однесам! — се понуди младичот триејќи ги рацете.
Мајката тивко се расмеа не гледајќи го.
— Та ти си капнат и се плашиш, така рече?
Игнат мазнејќи ја кадравата коса со широката дланка деловно и мирно рече:
— Стравот е — страв, а работата — работа! Што се смеете? Гледај, па и вие!
— Ех, ти — дете мое! — неволно извика мајката предавајќи му се на радосното чувство што во неа се разбуди. Тој вџашено се насмевна.
— Сега пак — дете!
Разгледувајќи го младичот со добродушно мижуркави очи, се јави Николај:
— Нема да одите, таму...
— Ами — што? Каде ќе одам јас? — немирно праша Игнат.
— Наместо вас ќе оди друг, а вие нашироко ќе му кажете што треба да прави и како — се сложувате ли?
— Добро! — рече Игнат колебајќи се и не со радост.
— А вам ќе ви најдеме добар пасош и ќе ве направиме шумар ...
Младичот брзо ја зафрли главата и вознемирено праша:
— А ако дојдат селаните да сечат дрва или така... воопшто, — што ќе правам? Да ги врзувам? — Тоа — не е работа за мене...
Мајката се насмеа и Николај исто — тоа повторно го вџаши и го нажали младичот.
— Не вознемирувајте се! — го утеши Николај. — Нема вие да ги врзувате селаните, — имајте доверба!..
— Е, ако е така! — изусти Игнат и се смири смешкајќи се весело. — Ми се сака во фабрика, таму, велат, момчињата се доста умни ...
Мајката стана зад масата и замислено гледајќи во прозорецот рече:
— Ех, што ти е животот! Петпати на ден се расмеваш, петпати — заплачуваш! Е, готов ли си, Игнате? Ајде да спиеш ...
— Ама ваков јас ...
— Ајде, ајде...
— Кај вас е строго! Па да одам ... Благодарам за чајот со шеќер — за љубезноста ...
Лежејќи во постелата на мајката мрмореше чешајќи си ја главата:
— Сега се ќе ви се замириса со катран ... ех! Непотребно е сето тоа ... Мене не ми се спие ... Како го рече тој она за средината ... Ѓаволи ...
И одеднаш откако силно за’рка, заспа со високо кренати веѓи и со полуотворена уста.