Дома вратата и’ ја отвори Николај, разбушавен, со книга в раце.
— Веќе? — извика тој радосно. — Толку брзо!
Очите милозливо и живо му мижуркаа под очилата, и помагаше да се соблече и, загледувајќи и се со нежна насмевка на лицето, зборуваше:
— А кај нас ноќеска, гледате, имаше претрес, мислев — зошто ли? Да не ви се случило нешто вам? Но — не апсеа. Ако ве апсеа вам, не ќе ме оставеа ни мене!...
Ја воведе во трпезаријата живо продолжувајќи:
— Туку — сега ме тераа од службата. Тоа — не ме јадосува. Веќе ми здодеало да пребројувам селани без коши!
Собата изгледаше чиниш некој силник удирал од улицата по ѕидовите на куќата во глупав настап на разузданост сè додека внатре не растурил сè. Портретите се валкаа по душемето, тапетите беа издрпани па по ѕидовите висеа партали, на едно место беше поткрената штица од душемето, внатрешната штица на прозорецот откорната, пред печката истурена пепел. Мајката одмавна со главата гледајќи ја познатата глетка и внимателно го погледа Николај в очи чувствувајќи во него нешто ново.
На масата стоеше угаснатиот самовар, неизмиените садови, колбас и сирење на хартија наместо во чинија, се валкаа парчиња и трошки леб, книги и јаглен за самоварот. Мајката се насмевна, Николај исто така вџашено се насмевна.
— Тоа јас ја дополнив сликата на погромот, — но ништо, Ниловна, ништо! Мислам, пак ќе дојдат и затоа ништо не суредував. Па, како патувавте?
Прашањето тешко и ги гибна градите — повторно пред очите и излезе Рибин и се почувствува виновна што не почнала веднаш да зборува за него. Потпирајќи се на столот, се приближи кон Николај и, трудејќи се да го зачува својот мир, со страв да не заборави нешто, почна да раскажува.
— Го фатија ...
Лицето на Николај затрепери.
— Да?
Мајката го задржа неговото прашање со движење на раката и продолжи како да стои пред самото лице на правдата поднесувајќи обвинение против мачењето на човекот. Николај се завали во столот, пребледна и гризејќи ги усните слушаше. Полека ги симна очилата, ги остави на масата, мина со раката преку лицето како да симнува од него невидлива пајажина. Лицето му доби строг израз, чудно му искокнаа јаготките, ноздрите му потреперуваа — мајката првпат го гледаше таков и малку ја исплаши.
Кога заврши, тој стана, една минута молчешкум одеше по собата со тупаниците пикнати длабоко во џебовите. Потоа низ заби промрморе:
— Треба да е крупен човек. Нему ќе му биде тешко в затвор, такви каков што е тој лошо се чувствуваат таму!
Сè подлабоко ги триеше рацете воздржувајќи го своето возбудување, но мајката сепак го чувствуваше та преминуваше и на неа. Очите му станаа тесни како сечило на нож. Повторно чекорејќи по одајата, студено и гневно зборуваше:
— Погледнете каков ужас! — Купче глупави луѓе бранејќи ја својата погубна власт над народот, тепаат, задушуваат, дават сè. Расте дивјаштвото, суровоста станува закон на животот — помислете! Едни тепаат и стануваат како ѕверови поради неказнивоста, заразени од сладострасната жед за мачење, од одвратната ропска болест, ним им е дадена слобода ја покажуваат сета сила на ропските чувства и животинските навики. Други се трујат со одмазда, трети испотепани на мртво станале неми и слепи. Народот го расипуваат, целиот народ!
Застана и замолче стегнувајќи ги забите.
— Неволно човек подивува во тој ѕверски живот! — тивко рече тој.
Меѓутоа, совладувајќи ја својата возбуденост, речиси мирно, со тврд сјај во очите, ја погледна мајката во лицето облеано со неми солзи.
— Сепак, не смееме да губиме време, Ниловна! Ајде, драга другарке, да се обидеме да се совладаме...
Со тажна насмевка и се приближи и, наведнувајќи се, праша стегајќи и ја раката:
— Каде е вашиот куфер?
— В кујна! — одговори таа.
— На нашата врата стојат шпиони — таква маса хартија не ќе успееме да изнесеме од куќата незабележано — и нема каде да се скрие; а мислам дека тие повторно ќе дојдат вечерва. Макар колку да ми е жал за толкав труд — сето тоа ќе го изгориме.
— Што? — праша мајката.
— Сè што е во куферот.
Го разбра и — макар што беше тажна — чувството на гордост поради својот успех и натера насмевка на лицето.
— Ништо таму нема, ни ливче! — рече таа и постепено оживувајќи почна да раскажува за својот состанок со Чумаков. Николај ја слушаше, во почетокот немирно ги мрштеше веѓите, потоа со чудење и најпосле извика прекинувајќи и го раскажувањето:
— Слушајте — тоа е одлично! Вие сте необично среќен човек...
Стегнувајќи и’ ја раката тивко извика.
— Вие толку трогнувате со својата вера во луѓето... јас навистина ве сакам како своја мајка!. . .
Таа со љубопитност и со насмевка го посматраше, сакаше да разбере — зошто тој станал толку топол и жив?
— Воопшто — прекрасно! — триејќи ги рацете велеше и се смееше со тивка, милозлива насмевка. — Јас, знаете, овие денови необично добро живеев — цело време со работниците читав, зборував, гледав. И во душата ми се насобрало нешто — необично здраво, чисто. Колку луѓето се добри, Ниловна! Зборувам за младите работници — цврсти, осетливи, полни со жед се да разберат. Ги гледаш и виѓаваш — Русија ќе биде најсветлата демократија на светот!
Потврдно ја поткрена раката како да се заколнува и, откако помолче, продолжи:
— Седев овде, пишував и — некако скиснат, мувлосан над книгите и цифрите. Скоро година таков живот— тоа е грозотија. Сум навикнал да бидам во средината на работниот народ и кога се одделувам од него, ми се чини незгодно, — знаете, сум како сопнат и врзан во овој живот. А сега повторно можам да живеам слободно, можам со нив да се виѓавам и да се занимавам. Разбирате — ќе бидам до лулката на новородените мисли, во средината на младата, творечка енергија. Тоа е необично просто, убаво и страшно возбудува, — стануваш помлад и поцврст, живееш богато!
Се расмеа збунето и весело и неговата радост го зафати мајчиното срце — ја разбираше.
— А потоа — вие сте необично добар човек! — извика Николај. — Колку јасно вие ги цртате луѓето — колку добро ги гледате!...
Николај седна крај неа, збунето го сврте своето радосно лице настрана, мазнејќи ја косата, но брзо пак и се сврте на мајката и гледајќи ја жедно, го слушаше нејзиното течно, просто и јасно раскажување.
— Необична среќа! — извика тој, — многу лесно сте можеле да попаднете в затвор и — неочекувано. Да, се гледа, се разбудува селанецот, — тоа е природно, меѓу другото! Таа жена — необично јасно ја гледам!... За селските услови потребни ни се особени луѓе. Луѓе! Нив ги немаме ... Животот сака стотини раце ...
— Кога би излегол Паша на слобода. — И Андрјуша! — тивко рече таа.
Ја погледна и ја наведна главата.
— Видете, Ниловна, — ќе ви биде тешко да го чуете тоа, но сепак ќе ви речам: јас добро го знам Павела — од затвор не ќе излезе! Нему му е потребен суд, нему му е потребно да застане во сета своја величина, — тој од тоа не ќе се одрече. И не треба! Тој ќе побегне од Сибир.
Мајката воздивна и тивко одговори:
— Но, што можеме! Сам знае како е подобро ...
— Хм! — зборуваше Николај во следниот момент гледајќи ја низ очилата. — Кога би сакало тоа ваше селанче да побрза да дојде кај нас! Видете, за Рибин е неопходно да се напише леток за селото, тоа нема да му напакости штом се држи толку смело. Уште денеска ќе го напишам, а Људмила брзо ќе го напечати... Туку како ќе ги доставиме летците таму?
— Јас ќе ги однесам...
— Не, благодарам! — брзо извика Николај. — Јас мислам — не е ли погоден за тоа Вјесовшчиков, а?
— Да поприкажувам со него?
— Да, обидете се! И поучете го.
— А што ќе правам јас?
— Не грижете се!
Седна да пишува. Таа ја раскреваше масата фрлајќи поглед на него и виде како перото во раката му трепери покривајќи ја хартијата со редови црни букви. Понекогаш кожата на вратот му потреперуваше, ја зафрлаше главата и ги затвораше очите, брадата му се тресеше. Тоа ја возбудуваше.
— Еве, готово е! — рече тој станувајќи. — Скриете ја оваа хартија каде и да било кај себе. Но — знајте, ако дојдат џандарите и вас ќе ве претресат.
— Ѓавол нека ги носи! — рамнодушно одговори таа.
Вечерта дојде докторот Иван Данилович.
— Што се вознемирила полицијата толку одеднаш? — велеше трчајќи по собата. — Седум претреси имаше ноќеска. Каде е болниот, а?
— Отиде уште синоќа! — одговори Николај. — Денеска гледаш, е сабота, ден за читање — а тоа не можело да се пропушти...
— Е, тоа е глупаво — со искршена глава да седиш на читање ...
— Му го велев тоа но не вреди ...
— Мило му е да се пофали пред другарите — забележа мајката — ете, ќе рече, гледајте — веќе сум ја пролеал својата крв ...
Докторот ја погледна, го направи лицето налутено и, стегајќи ги забите, рече:
— Уу, колку е крвожедна ...
— Но, Иване, овде немаш никаква работа, а ние очекуваме гости — оди си! Ниловна, дајте му го летокот...
— Уште и леток! — извика докторот.
— Ете! Земи го и предај го в печатница.
— Го зедов. Ќе го предадам. Тоа ли е сè?
— Сè. На вратата има — шпион.
— Видов. На мојата врата исто. Е, до видување! До видување, зла жено. А знаете, другари, тепаницата на гробиштата е — добра работа, на крајот на краиштата! За неа зборува целиот град. Твојот леток по повод тоа е — многу добар и дојде на време. Секогаш сум велел дека добрата караница е подобра од лошиот мир...
— Добро, оди ...
— Тоа не е премногу љубезно! Рачичката, Ниловна! А младичот сепак глупаво направи. Знаеш ли каде живее?
Николај му ја даде адресата.
— Утре треба да се посети, — прекрасно дете, а?
— Необично ...
— Треба да се причува — мозокот му е здрав! — велеше докторот тргнувајќи.—Токму од таквите момчиња треба да израсне вистинската пролетерска интелигенција која ќе не замени кога ќе одиме таму каде што веројатно нема веќе класни спротивности...
— Многу си се разбрборил, Иване ...
— А — весел сум, та затоа. Значи — очекуваш затвор. Ти пожелувам таму да си починеш.
— Благодарам. Не сум уморен.
Мајката го слушаше разговорот и и беше пријатна грижата за работникот.
Откако го испратија докторот, Николај и мајката почнаа да пијат чај и се нафатија да јадат очекувајќи ги ноќните гости и тивко разговарајќи. Николај долго и раскажуваше за своите другари кои беа во прогонство, за оние кои веќе бегале оттаму и ја продолжиле својата работа под туѓи имиња. Голите ѕидови на собата го одбиваа тивкиот звук на неговиот глас, како да се чудеа и како да не им веруваа на тие приказни за скромните јунаци кои некористољубиво ги дале своите сили за големото дело на обновувањето на светот. Топла сенка нежно ја обвиваше жената, и го затоплуваше срцето со чувство на љубов кон непознатите луѓе и во нејзиното воображение сите тие се стопуваа во еден огромен човек, полн со неисцрпна машка сила. Полека но неуморно тој оди по земјата, ја чисти од неа со векови таложената мувла на лагата, со рацете заљубени во својата работа, откривајќи ја пред очите на луѓето простата и јасна вистина за животот. И големата висина, воскреснувајќи, сите еднакво пријателски ги вика кон себе, на сите еднакво им ветува ослободување од лакомоста, злобата и лагата — трите чудовишта кои со својата цинична сила го поробиле и го заплашиле целиот свет ... Таа слика во душата и предизвикуваше чувство слично на она со кое некогаш стоеше пред иконата завршувајќи го со радосна и благодарна молитва денот којшто ќе и се стореше полесен од другите денови во животот. Сега ги заборавила тие денови, но чувството што тие го предизвикуваа се рашири, стана посветло и порадосно, подлабоко се вреза во душата и разгоруваше живо, се појасно.
— А џандарите ги нема! — одеднаш прекинувајќи го своето раскажување извика Николај.
Мајката го погледна и, откако, помолче, налутено одговори:
— Ѓавол да ги носи!
— Се разбира! Но — време е да спиете, Ниловна; вие, секако, сте многу капната — необично сте издржлива, треба да се рече! Колку возбудувања, немири,— и толку лесно поднесувате сè! Само косата брзо ви белее. Е ајде, спијте.