Напладне седеше во канцеларијата на затворот спроти Павела и низ замаглените очи го посматраше неговото брадјосано лице, демнеше момент да му ја предаде белешката што силно ја стегаше меѓу прстите.
— Здрав сум и сите сме здрави! — тивко велеше тој. — А како си ти?
— Па, така! Егор Иванович умре! — махинално рече таа.
— Зарем? — извика Павел и тивко ја наведна главата.
— На закопот полицијата тепаше, еден апси! — простодушно продолжи таа. Помошникот на управникот на затворот цмокна негодувајќи со танките усни и скокнувајќи од столот промрморе:
— Тоа е забрането, сепак треба да се разбере! Забрането е да се зборува за политика!...
Мајката исто така стана од столот и како да не разбира, виновно изјави:
— Не зборувам за политика туку за тепаница! А дека тепаа, вистина е. Дури на еден и главата му ја скршија...
— Сеедно — ви се молам да молчите! То ест, молчете за се што не се однесува лично на вас, на фамилијата и вооппгго на вашата куќа!
Чувстуввајќи дека се заплетка, тој седна на столот и, преметнувајќи ги хартиите, тажно и капнато додаде.
— Јас — одговарам, да ...
Мајката се обѕрна и тутнувајќи му ја белешката на Павела в рака, воздивна како да и олесна.
— Не разбирам што треба да се зборува ...
Павел се насмевна.
— Ни јас не разбирам ...
— Тогаш и виѓавањата не ви се потребни! — налутено забележа службеникот. — Немаат за што да зборуваат, а доаѓаат, вознемируваат ...
— Ќе ве судат ли наскоро? — помолчувајќи праша мајката.
— Пред некој ден беше државниот обвинител и рече дека скоро...
Си кажуваа еден на друг безначајни, за двајцата непотребни зборови, мајката виде дека очите на Павела ја гледаат нежно, со љубов. Сиот исто онака сталожен, мирен, како и секогаш, не се менил, само брадата многу му пораснала и го подостарела, а китките на рацете му станале побели. Сакаше да му направи пријатност, да го извести за Николај и не менувајќи го гласот, со истиот тон со кој зборуваше за непотребни и незанимливи нешта, продолжи:
— Го видов твоето кумче ...
Павел упорно ја погледна в очи, молчешкум прашувајќи. Сакајќи да го потсети на сипаничавото лице на Вјесовшчиков, таа со прсти се штипкаше по образот...
— Добар е, момчето е живо и здраво, скоро ќе добие работа.
Синот сфати, потврди со главата и со весела насмевка во очите одговори:
— Тоа е — добро!
— Но, ете! — смирено рече таа задоволна со себеси и трогната од неговата радост.
Поздравувајќи се, тој силно и ја стегна раката.
— Благодарам, мајко!
Како пијана од радосното чувство поради топлото зближување со него и немајќи сила да одговори со зборови, одговори со немо стискање на раката.
Дома ја најде Саша. Девојката на Ниловна обично и доаѓаше во оние денови кога мајката ќе одеше на виѓавање. Никогаш не распрашуваше за Павела и ако мајката сама не зборуваше за него, Саша непрекинато ја гледаше в лице и со тоа се задоволуваше. Но сега ја пресретна со вознемирено прашање:
— Но, како е тој?
— Ништо, здрав е!
— Белешката му ја дадовте?
— Се разбира! Толку вешто му ја тутнав...
— Ја прочита ли?
— Па каде? Зарем е можно!
— Да, заборавив! — полека рече девојката. — Треба да почекаме уште една недела — уште недела! А како мислите вие — дали ќе се согласи?
Ги намршти веѓите и со вкоченет поглед ја гледаше мајката в лице.
— Та не знам — размислуваше мајката. — Зошто да не побегне ако е тоа без опасност?
Саша ја затресе главата и суво праша:
— Да не знаете, можеби, што смее болниот да јаде? Бара да јаде?
— Сè може, сè! Сега јас . ..
Отиде во кујната, Саша полека тргна по неа.
— Да ви помогнам?
— Благодарам — зошто?!
Мајката се наведна над печката да го земе тенџерето. Девојката тивко и рече:
— Почекајте .. .
Лицето и’ пребледна, очите занесено и’ се раширија и растреперените усни со напор огнено и брзо зашепотеа:
— Сакам да ве помолам. Знам — не ќе се согласи! Наговорете го. Тој е — потребен, речете му дека е нужен за делото, дека јас се плашам — да не се поболи. Гледате! Судењето уште не е определено .. .
Се гледаше дека и’ е тешко да зборува. Таа целата се исправи, гледаше настрана гласот нееднакво и ѕвонеше. Капнато ги спушти клепките, си ја гризеше усната, а прстите на силно стегнатите раце и потпукнуваа.
Мајката беше зачудена од нејзиното навалување, но го разбра и возбудена, опфатена од тажно чувство, ја прегрна Саша и полека одговори:
— Драга моја! Тој никого освен себеси не ќе послуша — никого!
Двете молчеа цврсто прилепени една до друга. Потоа Саша внимателно ја тргна мајчината рака од своите рамена и затреперено рече:
— Да, имате право! Сето тоа е будалштина, нерви ...
И наеднаш, откако стана сериозна, просто заврши:
— Туку, ајде да го нараниме ранетиот . ..
Седна крај постелата на Ивана и веќе грижливо и милозливо го прашуваше.
— Многу ли те боли главата!
— Не премногу, само се ми се врти! И некоја папсаност — засрамено одговори Иван наметнувајќи ја покривката се до брадата и мижуркаше со очите како од силна светлина. Забележувајќи дека тој се колеба да јаде во нејзино присуство, Саша стана и излезе.
Иван седна на постелата, погледна по неа и мижуркајќи рече:
— Убавица!...
Очите му беа светли и весели, забите ситни, густи, гласот сè уште неуверен.
— Колку години имате? — замислено праша мајката.
— Седумнаесет ...
— Кај ви се родителите?
— В село, а јас сум овде од десеттата година — завршив училиште — и ваму! А како се викате вие, другарке?
Мајката секогаш овој збор ја расмеваше и ја трогнуваше кога некој ќе и се обрнеше со него. И сега се насмевна и праша:
— Зошто ви е да знаете?
Младичот вџашено помолче и и објасни:
— Видете, студентот од нашиот кружок, то ест оној што читаше со нас, ни зборуваше за мајката на Павел Власов, работник... знаете, демонстрациите на Први мај!
Таа потврди со главата и го напна вниманието.
— Тој прв отворено го крена знамето на нашата партија! — со гордост изјави младичот и неговата гордост топло се одзва во срцето мајчино.
— Јас не бев таму, — тогаш мислевме овде да приредиме своја демонстрација — но пропадна! Тогаш бевме малку. Но идната година — повелете! ... Ќе видите!
Тој се задави од возбуда претчувствувајќи ги идните настани, потоа продолжи размавтувајќи со лажицата низ воздухот:
— Туку, почнав за Власова — мајката. Таа исто така потоа влегла во партијата. Велат дека е таква — просто... чудо!
Мајката широко се насмевна, и беше пријатно да ги слуша одушевените пофалби на детето. Пријатно и незгодно. Дури сакаше да му рече — јас сум Власова!... Но се воздржа и со блага насмевка тажно си рече во себе:
— Ех ти, стара будалинко!...
— Туку — јадете повеќе! Оздравете што поскоро за доброто дело! — Одеднаш возбудено почна да зборува наведнувајќи се кон него.
Вратата се отвори, дувна влажен есенски студ, влезе Софија, румена, весела.
— По мене шпионите одат како стројници по богата невеста, чесен збор! Треба да се тргнам одовде... Па, како си Вања! Добро? Што стана со Павела, Ниловна? Овде ли е Саша?
Прашуваше палејќи цигара и одговор не очекуваше, со погледот на своите сиви очи ја милуваше мајката и младичот. Мајката ја посматраше и смешкајќи се во себе мислеше:
— Ете и јас се запишав во вистинските луѓе!
И повторно се наведна над Ивана и му рече:
— Оздравувајте, синче!
И излезе во трпезаријата. Таму Софија и раскажуваше на Саша:
— Таа веќе има скоро триста примероци! Ќе се отепа себеси со таква работа! Тоа се вика — јунаштво! Знаете, Саша, дека е голема среќа да се живее меѓу такви луѓе, да бидеш нивни другар, да работиш со нив...
— Да, — тивко одговори девојката.
Вечерта, на чајот, Софија и рече на мајката:
— А вие, Ниловна, треба повторно да одите на село.
— Но, што ако! Кога?
— Можете ли по три дена?
— Добро!
— Немојте пешки! — тивко ја посоветува Николај. — Земете поштенски коњи и, ви се молам, по друг пат, низ Николска општина . ..
Замолче и се намурти. Тоа не му личеше на неговото лице, оти секогаш чудно и грдо му го менуваше мирниот израз.
— Низ Николско е далеку! — забележа мајката.
— И скапо е со коњи...
— Видете што — продолжи Николај. — Јас сум воопшто против тоа патување. Таму е немирно, — веќе имаше апсења, затворен е некој учител, треба поголема внимателност. Треба да се почека ...
Удирајќи со прстите по масата Софија забележа:
— Нам ни е важно непрекинато да се врши растурањето на литературата. Не се плашите ли да одите, Ниловна? — одеднаш праша таа.
Мајката се почувствува навредена.
— Кога сум се плашела јас? И првиот пат тоа го правев без страв ... а сега одеднаш... — не завршувајќи ја реченицата таа ја наведна главата. Секогаш кога ќе ја прашаа — дали не се плаши, дали и е удобно, може ли да го стори ова или она, — таа во таквите прашања гледаше молба, и се чинеше дека ја туркаат настрана од себе, дека со неа се однесуваат поинаку одошто еден кон друг.
— Попусто ме прашувате — дали се плашам, — рече таа со воздивка — та вие еден со друг не се прашувате за стравот.
Николај брзо ги симна очилата, повторно ги намести и внимателно ја погледна сестра си в лице. Збунетото молчење ја вознемири Власова, таа стана од столот како виновник со желба нешто да им каже, но Софија се допре до нејзината рака и тивко ја помоли:
— Простете ми! Другпат не!
Тоа мајката ја насмевна и по неколку минути сите тројца загрижено и пријателски зборуваа за патувањето на село.