Во зората мајката се трускаше во поштенската кола по патот излокан од есенските дождови. Дуваше влажен ветар, прскаа капки кал, а коларот, полузавртен кон неа, седеше на крајот и замислено зборувајќи на нос се плачеше:
— Јас му велам — на братот, то ест — ајде да се делиме! Почнавме да се делиме ...
Одеднаш го опаша со камшикот левиот коњ и налутено викна:
— Де-е! Мрдни, мајчето твое!...
Згоените есенски гаврани загрижено чекореа по голите ниви, ветрот студено свиреше и налетуваше на нив. Гавраните се вртеа кон ветрот за да им удира отстрана, тој им ги поткреваше перјата куткајќи ги од нозе, тие, попуштајќи на силата на ветрот, мрзеливо замавнуваа со крилјата и прелетуваа на ново место.
— Кога, тој мене ме суреди. Гледам — немам за што да се зафатам — велеше коларот.
Мајката ги слушаше неговите зборови како во сон, сеќавањето и нижеше долг ред настани преживеани во последните години и разгледувајќи ги, секаде се гледаше себеси. Поранешниот живот се создаваше некаде далеку, не знаеше кој го создава и зошто, а сега, ете, многу што се создава пред нејзини очи и со нејзина помош. И тоа и предизвикуваше вџашено чувство на недоверба кон себе и задоволство со себе, недоумица и тивка тага...
Сè наоколу се брануваше во лесно движење, по немото, тешко престигнувајќи се еден со друг, пловеа сури облаци, од двете страни одминуваа влажните дрвја нишајќи се со голите врвови, наоколу се ширеа полињата, никнуваа ритчиња и ги снемуваше.
Мрморливиот глас на коларот, звукот на прапорците, влажното свирење и бучењето на ветрот се слеваа во треперлив, кривулест поток што тече над полето со еднолична сила...
— На богатиот и во рајот му е тесно — така е тоа! Почнал да копка, во началството нему му се пријатели— нишајќи се на крајот од колата растегнуваше коларот.
Кога дојдоа на станицата тој ги отпрегна коњите и со безнадежен глас и рече на мајката:
— Да ми дадеше едно петаче, ќе се напиев нешто.
Му даде пари и преврнувајќи ја на дланката, коларот со ист тон рече:
— За три копејќи ќе испијам — вотка, а за две — ќе изедам леб ...
Попладне, издрускана и настината, мајката пристигна во големото село Никољско, дојде на станица, побара чај и седна кај прозорецот оставајќи го својот тежок куфер под клупата. Од прозорецот се гледаше малиот плоштад покриен со изгазен килим од пожолтена трева, општинската зграда — темно-сива куќа со издолжен покрив. На скалата од општината седеше ќелав, долгобрад селанец само по кошула и пушеше со луле. По тревата одеше свиња. Незадоволно ги тресеше ушите, ја риеше земјата и мавташе со главата.
Облаците во црни купови пловеа навалувајќи еден на друг. Беше мирно, примрачно и здодевно, животот некаде како да се скрил, се притаил.
Одеднаш на плоштадот во галоп дотрча наредник, го застана црвеникавиот коњ кај скалата на општината и, размавтувајќи со камшикот, му се развика на селанецот. — Викотницата удираше во прозорските стакла, но зборовите не се разбираа. Селанецот стана, ја подаде раката покажувајќи далеку, коњаникот скокна на земја, се заниша на нозете, му ги подаде уздите на селанецот, се фати за оградата од скалите и тешко искачувајќи се по скалите, влезе во вратата на општината ...
Пак завладеа тишина. Коњот двапати удри со копитото по меката земја. Во одајата влезе поголемо девојче со куса жолта коса на тилот и со мили очи на валчестото лице. Покаснувајќи си ги усните, со подадена рака носеше голем послужавник и се поклонуваше често климајќи со главата:
— Здраво, умнице! — нежно рече мајката.
— Здраво!
Местејќи ги по масата чиниите и садовите за чај, девојчето одеднаш живо соопшти:
— Пред малку фатиле разбојник — го носат!
— Каков разбојник?
— Не знам ...
— А што сторил?
— Не знам! — повтори девојчето. — Чув дека го фатиле. Стражарот од општината отиде по полицискиот комесар.
Мајката погледна во прозорецот — на плоштадот се појавија селани. Некои одеа полека и сериозно, другите — забрзано и во одењето ги поднаместуваа кожувите. Застанаа пред скалата на општината и сите гледаа некаде в лево.
Девојчето исто така погледна на улица и истрча од одајата силно удирајќи ја вратата. Мајката затрепери, го турна својот куфер повнатре под клупата и, наметнувајки го шалот на глава, забрзано тргна кон вратата опфатена од неразбирливата желба да оди побрзо, да трча ...
Кога излезе на скалата, острото студенило и удри в очи, во градите, се задиши, нозете и се здрвија — по средината на плоштадот одеше Рибин со врзани раце на грбот, крај него чекореа двајца стражари одмерено удирајќи со стаповите по земја, а крај скалата на општината стоеја куп луѓе и молчешкум очекуваа.
Замаена, мајката непрестајно гледаше, — Рибин нешто зборуваше, му го слушаше гласот, но зборовите без ехо ги снемуваше во темната, растреперена празнина на нејзиното срце.
Таа се тргна, воздивна — кај скалите, стоеше селанец со широка, светла брада, со сини очи, гледајќи ја право в лице. Кашлајќи и триејќи го грлото со рацете премалени од страв, таа со мака го праша:
— Што е тоа?
— Ете — гледате! — одговори селанецот и и се сврте. Дојде уште еден селанец и застана крај нив.
Стражарите застанаа пред купот кој се побрзо растеше но молчеше и ете, одеднаш над него се крена длабокиот глас на Рибин:
— Православни! Сте слушале ли за списите во кои се пишува вистината за вашиот селански живот? Ете— поради тие списи страдам, — јас ги растурав по народот!
Луѓето потесно го опколија Рибина. Гласот му ѕвонеше спокојно, одмерено. Тоа ја отрезни мајката.
— Слушаш ли? — удирајќи го во слабините селанецот со сини очи, полека праша другиот. Овој не одговори, ја наведна главата и повторно ја погледна мајката в лице. И другиот селанец ја погледна — тој беше помлад од првиот, со ретка лисеста брада и дамчесто, мршаво лице. Потоа двајцата се тргнаа од скалата настрана.
— Се плашат! — неволно забележа мајката.
Таа го напна вниманието. Од височината на скалата јасно го гледаше испотепаното, црно лице на Михаил Иванович, го забележа пламениот сјај на неговите очи, сакаше и тој неа да ја забележи и затоа, поткревајќи се на прсти, го подаваше вратот кон него.
Луѓето го гледаа намрштено, со недоверба и молчеа. Само во задните редови на насобраните луѓе се слушаше задавено зборување.
— Селани! — со полн и решителен глас зборуваше Рибин. — На тие книги да им верувате — мене сега поради нив, можеби ќе ме најде смрт; ме тепаа, ме мачеа, сакаа да истргнат нешто од мене, — од каде сум ги добил, уште ќе ме тепаат — сè ќе поднесам! Затоа што во тие списи е изнесена вистината, а таа вистина треба да ни биде подрагоцена од лебот, — ете!
— Зошто го зборува тоа? — тивко извика еден од селаните крај скалата. Синоокиот полека одврати:
— Сега му е сеедно — две умирачки нема, од едната никој не побегнал ...
Луѓето стоеја молчешкум, гледаа под око, мрачно како сите да ги натиснало нешто невидливо, но тешко.
На скалите се појави комесарот и, нишајќи се, со пијан глас завика:
— Кој зборува?
Тој одеднаш слезе по скалите, го фати Рибина за коса и тргајќи му ја главата де напред, де назад, викаше:
— Ти ли зборуваш, кучешки сине, — ти ли? Масата се заниша, почна да мрмори. Мајката, опфатена од немоќна тага, ја наведна главата. И повторно се зачу гласот на Рибин:
— Ете, гледајте, добри луѓе...
— Молчи! — комесарот го удри по уво. Рибин се заниша на нозе и го пови грбот.
— Ви ги врзуваат рацете и ве мачат како што сакаат...
— Стражари! Носете го! Разотидувај се, народе! — потскокнувајќи пред Рибина како куче на синџир пред парче месо комесарот го удираше со тупаници по лицето, по градите и по стомакот.
— Не тепај! — викна некој од масата.
— Зошто тепаш? — прифати друг глас.
— Ајде! — рече селанецот со сини очи одмавнувајќи со главата. И двајцата, без да брзаат, отидоа кон општината, а мајката ги следеше со доброжелен поглед. Воздивна со олеснување — комесарот повторно тешко се искачи на скалите и оттаму, заплашувајќи со тупаница, бесно рикаше:
— Дајте го ваму! Јас наредувам . ..
— Не треба! — се чу силен глас од масата — мајката разбра дека тоа го рече селанецот со сини очи. — Не давајте, браќа! Ако го однесат таму — ќе го испретепаат на мртво. После на нас ќе фрлат, — ние, ќе речат, сме го отепале! Не давајте!
— Селани! — се креваше гласот на Михаил. — Зарем не го гледате својот живот, не разбирате како ве ограбуваат, како ве лажат, како ви ја лијат крвта? Целиот свет вие го држите, вие сте вистинската сила на земјата — а какви права имате? Гладни да умирате— тоа е единственото ваше право! . ..
Селаните одеднаш завикаа претекнувајќи се еден со друг:
— Право зборува човекот!
— Викнете го писарот! Каде е полицискиот писар?...
— Комесарот отиде по него ...
— Пијан е!...
— Не е наша работа да ја собираме власта ...
Бурата сè повеќе растеше.
— Зборувај! Не оставаме да те тепаат ...
— Одврзете му ги рацете ...
— Внимавајте — после да не се чудиме! ...
— Ме болат рацете! — надвикувајќи ги сите одмерено и ѕвонливо рече Рибин. — Нема да побегнам, селани! Од вистината своја не ќе се скријам — таа во мене живее ...
Неколкумина мирно се одделија од масата разговарајќи полугласно и мавтајќи ги главите. Но се собираа се повеќе лошо и на брзина облечени, возбудени луѓе. Тие вриеја како мрачна пена околу Рибина, а тој меѓу нив стоеше како црквичка во гората, со рацете кренати над главата и тресејќи ги и викаше на масата:
— Ви благодарам, добри луѓе, ви благодарам! Сами треба еден на друг да си ги ослободуваме рацете, — Така! Кој ќе ни помогне?
Ја обриша брадата и повторно ја крена раката цела во крв.
— Еве ја мојата крв — таа се лее за правдата!
Мајката слезе од скалите, но од земја не можеше да го види Михаила притиснат од народот, таа повторно се качи на скалите. Во градите и гореше и таму нешто нејасно и радосно трепереше.
— Селани! Барајте книги, читајте, не верувајте и на власта ниту на поповите кога ќе велат дека оние луѓе кои ни ја носат вистината се безбожници и бунтовници. Вистината потајно оди по земјата, таа бара седело во народот — на власта таа и е како нож и оган, не може да ја сфати, а да не се исече, да не се опече! Вистината е — ваш добар пријател, а на управувачот— заколнат непријател! Ете зошто се крие таа! ...
Повторно во купот се зачуја неколку извици
— Слушајте, православни!...
— Ех, брате, ќе пропаднеш ...
— Кој те поткажа?
— Попот! — рече еден од стражарите.
Двајца селани гласно опцуја.
— Внимавајте, браќа! — се разнесе предупредувачки извик.