IX

Еднаш Николај, секогаш точен, дојде од работа многу подоцна одошто инаку и, без да се соблече, возбудено ги триеше рацете брзо зборувајќи:

—  Знаете, Ниловна, денеска од затворот побегна еден од нашите другари. Но кој е? Не можев да дознаам ...

Мајката се залула опфатена од возбуда, па седна на столот прашувајќи со шепот:

—  Можеби Паша?

—  Можеби! — одговори Николај кревајќи ги рамената. — Но како да му помогнеме да се скрие, каде да го најдеме? Сега одев по улиците — да не го сретнам? Тоа е глупаво, но треба да се прави што било! Одам пак...

—  И јас! — извика мајката.

—  Вие одете кај Егор, да не знае нешто тој? — рече Николај и брзо го снема.

Таа го наметна шалчето на глава и опфатена од надеж, брзо излезе по него на улица. Пред очите и трепереше, срцето брзо и тупкаше гонејќи ја брзо да трча. Одеше во очекување на се, ја наведна главата и ништо околу себе не забележуваше.

—  Ќе стигнам, а тој веќе е таму! — и светкаше надеж и ја храбреше.

Беше горештина, а таа задишена од капнатост, и кога дојде до скалите на станот на Егор, застана без сила да оди понатаму, се огледа и зачудено, тихо извикна, за момент затворајќи ги очите — и се пристори дека на вратата стои Николај Вјесовшчиков со рацете во џебовите. Но кога повторно погледна — на вратата немаше никого ...

—  Ми се присторило! — помисли чекорејќи по скалите и наслушнувајќи. Долу во дворот се чу глув топот на лесни чекори. Застанувајќи на завојот од скалите, се наведна, погледна долу и повторно го виде сипаничавото лице како и се насмевнува.

—  Николај! Николај ... — извика таа пуштајќи се во пресрет кон него, а разочараното срце ја кинеше.

—  Та оди! Оди! — полека одговори тој одмавнувјаќи со раката.

Брзо истрча по скалите, влезе во одајата на Егор и забележувајќи го дека лежи на диванот, задишено прошепоти:

—  Николај побегнал ... од затворот! ...

—  Кој? — засипнато праша Егор поткревајќи ја главата од перницата. — Таму се двајца ...

—  Вјесовчшиков ... Ваму доаѓа! ...

—  Прекрасно!

Тој веќе влезе во одајата, ја затвори вратата со кукачката и, симнувајќи ја капата, тивко се смееше и ја мазнеше косата на главата. Потпирајќи се со лактите на диванот, Егор се поткрена, застенка и климна со главата.

—  Повелете...

Смеејќи се со целото лице, Николај и’ се приближи на мајката, ја зеде за рака.

—  Да не те видев — ќе одев назад в затвор! Никого во градот не познавам, а да одам во нашето предградие— велнаш ќе ме фатат. Одам и мислам — будала! Зошто излегов? Наеднаш гледам — Ниловна трча! Јас по тебе ...

—  Како излезе? — го праша мајката.

Несмасно седна на крајот од диванот и зборуваше збркано кревајќи ги рамената:

— Случајот ми помогна! Шетав, а криминалците почнаа да го тепаат надгледникот. Има таму еден таков, од жандармеријата истеран поради кражба — шпионира, поткажува, никому не дава да живее! Го тепаат тие, аларм, надгледниците се уплашија, трчаат, свират. Гледам — портата отворена, плоштадот, градот. И тргнав без да брзам ... Како на сон. Се оддалечив малку, се сетив — кај ќе одам? Погледнав — а портата од затворот веќе беше затворена ...

—  Хм! — рече Егор. — А вие, господине, би се вратиле, учтиво би тропнале на вратата и би замолиле да ве пуштат. Простете, јас, божем велам, малку се заборавив...

—  Да — со насмевка продолжи Николај. — Тоа е будалштина. Па сепак, пред другарите не е убаво, никому ништо не кажав ... Одам така, гледам — носат мртовец, дете. Тргнав со спроводот, со наведната глава, во никого не гледам. Поседов на гробиштата, воздухот ме растрезни и една мисла ми светна во главата...

—  Една? — праша Егор и воздивнувајќи додаде:

—  Мислам дека таму не и било тесно ...

Вјесовшчиков добродушно се насмеа тресејќи ја главата.

—  Е, во мојата глава сега не е толку празно како што беше. А ти, Егор Иванович, постојано боледуваш...

—  Секој прави тоа што може! — одговори Егор кашлајќи влажно. — Продолжи!

—  Потоа отидов во обласниот музеј. Минав таму, погледнав, а се мислам — како, каде сега? Дури се налутив на себе. И многу ми се јадеше! Излегов на улица, одам, се лутам ... Гледам, полицајците загледуваат во секого. Е, мислам, со мојата муцка брзо ќе паднам под судот господов!... Одеднаш Ниловна ми трча во пресрет, — јас застанав настрана и тргнав по неа — тоа е се!

—  А јас не те ни забележав! — извинувајќи се рече мајката. Го посматраше Вјесовшчиков и и се чинеше дека станал некако полесен.

—  Сигурно другарите се загрижени кај сум... — чешкајќи се по главата рече Николај.

—  А за началството не ти е жал? Та и тоа е загрижено! — забележа Егор. Ја отвори устата и со устата почна да мрда така како да голта воздух. — Шегата настрана! Тебе треба да те криеме, а тоа не е лесно, макар што е пријатно. Кога јас би можел да станам... — се зазбива, си ја стави раката на градите и со слабо движење почна да ги трие.

— Многу си се разболел, Егор Иванович! — рече Николај и ја пушти главата. Мајката воздивна и загрижено ја погледна малата, тесна одаја.

—  Тоа е моја лична работа! — одговори Егор. — Вие, мајко, прашајте за Павела, ништо не стеснувајте се!

   Вјесовшчиков широко се насмевна.

— Павел е добро! Здрав е. Тој таму ни е како старешина. Со началството разговара и воопшто — командува. Го почитуваат ...

Власова мрдаше со главата слушајќи го раскажувањето на Вјесовшчиков и напреку гледаше во отеченото, синикаво лице на Егор. Неподвижно, вкочането, без израз, се чинеше чудно сплескано, на него само очите живо и весело светкаа.

—  Дајте ми нешто да каснам — добога сум гладен! — неочекувано извика Николај.

—  Мајко, на полица е лебот, потоа излезете во коридорот, в лево, втората врата — тропнете таму. Ќе ви отвори жена, речете и нека дојде ваму и нека донесе со себе сè што има за јадење.

—  Како тоа — сè? — запротестира Николај.

—  Не возбудувај се — тоа не е многу...

Мајката излезе, тропна на вратата и наслушнувајќи ја тишината зад неа, со тага мислеше за Егор:

—  Умира ...

—  Кој е? — праша некој зад вратата.

—  Од Егор Иванович! — полека одговори мајката. — Ве моли да дојдете...

—  Сега! — не отворајќи одговори глас. Почека малку и пак затропа. Тогаш вратата брзо се отвори во коридорот излезе висока жена со очила. Брзо местејќи го истутканиот ракав од блузичката, грубо ја праша мајката:

—  Што сакате?

—  Доаѓам од страна на Егор Иванович ...

—  Аха! Ајде. О, та јас ве знам! — тивко извика жената. — Како сте! Овде е мрачно...

Власова ја погледна и се сети дека понекогаш доаѓала кај Николај.

—  Сè наши! — ѝ мина низ главата.

Приближувајќи се кон Власова, жената ја натера да оди напред, а самата одеше зад неа и прашуваше:

—  Да не му е лошо?

—  Да, лежи. Молеше да му донесете нешто за јадење...

—  Е, тоа не е потребно ...

Кога влегоа кај Егор, ги сретна неговото кашлање.

—  Тргнав кон прадедовците, другар мој, Људмила Василевна, овој јунак излезе од затворот без одобрение на управата — безобразник! Пред сè — нахранете го, потоа каде било скријте го.

Жената потврди со главата и, гледајќи го болниот внимателно, строго рече:

—  Секако, Егоре, требало да пратите по мене штом ви дошле! А двапати, како што гледам, не сте зеле лекови — зошто таа негрижливост! Другар, ајде кај мене! Сега ваму ќе дојдат од болницата по Егора.

—  Сепак јас треба да одам в болница! — праша Егор.

—  Да. Јас ќе бидам таму со вас.

—  И таму? О, господе!

—  Не шегувајте се ...

Разговарајќи, жената ја поднамести покривката на градите на Егор, добро го разгледа Николај, со очи ги измери лековите во шишињата ... Зборуваше одмерено, полека, но со ѕвонлив глас, движењата и беа лесни, лицето бледо, темните веѓи над носот речиси и се составуваа. Нејзиното лице на мајката не и се допадна — и се чинеше надуено, а очите гледаа без насмевка, без сјај. И зборуваше така како да заповеда:

—  Ние ќе излеземе! — продолжи таа. — Јас брзо ќе се вратам! Вие на Егор подајте му лажица еве од ова. Не дозволувајте му да зборува ...

И излезе водејќи го со себе Николај.

—  Чудесна жена! — рече Егор воздивнувајќи. — Красна жена... Вие, мајко, би требало кај неа да се доселите — многу се заморува ...

—  Та не зборувај! Не, подобро е — испиј го ова!... — благо помоли мајката.

Го голтна лекот и, подзамижувајќи на едното око, продолжи:

—  Секако ќе умрам иако молчам...

Со другото око ја гледаше мајката в лице, а усните полека му се развлекоа во насмевка. Мајката ја наведна главата, остро чувство на сожаление и предизвика солзи.

—  Ништо, тоа е природно ... Задоволството да живееш по себе повлекува обврска да умреш...

Мајката му ја стави раката на главата и повторно тивко рече:

—  Да помолчеше, а?

Тој ги затвори очите како да го наслушнува чкртањето во своите гради и упорно продолжи:

—  Бесмислено е да се молчи, мајко! Што ќе добијам со молчењето? Неколку секунди повеќе агонија, а ќе го изгубам големото задоволство да позборувам со добар човек. Мислам дека на оној свет нема толку добри луѓе како на овој ...

Мајката немирно го пресече:

—  Сега ќе дојде онаа, госпоѓата, и ќе ме кара што зборуваш...

—  Таа не е госпоѓа, туку — револуционерка, другарка, красна душа. Таа, мајко, сигурно ќе ве кара. Секого и секаде кара.

И полека, мрдајќи ги усните со напор, Егор почна да ја раскажува историјата на животот на својата сосетка. Очите му се смешкаа, мајката виде дека нарочно ја задира и гледајќи му во лицето, посинето и влажно, болно мислеше:

—  Ќе умре ...

Људмила влезе и затворајќи ја вратата зад себе, откако грижливо се сврте кон Власова, рече:

—  На нашиот познаник многу му е потребно да се пресоблече и колку што е можно поскоро да отиде од мене, затоа, вие, Пелагија Ниловна, отидете веднаш, најдете преоблека за него и се донесете ваму. Штета — што ја нема Софија, тоа е нејзина специјалност — да крие луѓе.

—   Таа утре ќе дојде! — забележа Власова наметнувајќи се со шамијата.

Секогаш, кога и да и дадеа некаква порака, силно ја опфаќаше желба делото да го исполни брзо и добро и веќе не можеше да мисли за ништо освен за својата задача. И сега, загрижено спуштајќи ги веѓите, деловно прашуваше:

—  Како мислите да го облечете?

—  Сеедно! Ќе оди ноќе ...

—  Ноќе е полошо — луѓе по улиците има помалку, внимаваат повеќе, а тој не е премногу итар ...

Егор засипнато се насмеа.

—  А може ли да се дојде в болница кај тебе? — праша мајката.

Тој кашлајќи потврди со главата. Људмила ја погледна со темните очи и и’ понуди:

—  Сакате ли кај него да дежурате на смена со мене? Да? Добро! А сега — ајде побрзо...

Милозливо но заповеднички ја зеде мајката под рака, ја извади зад вратата и таму тивко и рече:

—  Не лутете се што ве праќам! Нему му штети да зборува ... А јас имам надеж...

Ги стегна рацете, прстите и крцкаа, а клепките премалено и се склопуваа...

Тоа објаснение ја обеспокои мајката, таа промрмори:

—  Та што ви е?

—  Внимавајте да нема шпиони! — тивко рече жената. Кревајќи ги рацете кон лицето ги протре слепоочниците, усните и затреперија, лицето и стана помеко.

—  Знам! ... — со очевидна гордост и одговори мајката.

Откако излезе низ вратата, се задржа за момент местејќи ја шамијата и незабележено но внимателно се огледа околу себе. Скоро сигурно во уличната маса умееше да распознае шпион. И беше добро познато претерано безгрижното држење во одењето, насилената слобода на движењата, изразот на премаленост и здодевност на лицето и зад сето ова лошо скриените, преплашени, накунавени погледи на немирни и непријатно остри очи.

Овојпат такво лице не забележа и без брзање тргна по улицата, а потоа зеде пајтон и рече да ја носи на пазарот. Кога купуваше алишта за Николај, запалено се ценкаше со продавачите и, покрај другото, го пцуеше својот маж пијаница кого мора да го облекува во нови алишта речиси секој месец. Таа измисленост малку влијаеше на трговците, но многу и се допаѓаше на самата нејзе, — патем се досети дека поцилијата, се разбира, ќе дојде на мисла дека Николај бездруго ќе се преоблече и дека затоа ќе пратат агент на пазарот. Со истата наивна внимателност се врати во станот на Егор, потоа мораше да го однесе Николај на крај градот. Одеа со Николај, секој на друга страна по улицата; и беше смешно и пријатно да гледа како Вјесовшчиков чекори тешко, со наведната глава и се сопина со долгите скутови на црвеникавото палто, и како ја поднаместува паларијата што му паѓаше на носот. Во една од пустите улици ги сретна Сашенка, и мајката, откако се раздели од Вјесовшчиков, климнувајќи му со главата, тргна кон дома.

—  А Паша уште в затвор ... И — Андрјуша ... — мислеше исполнета со тага.