X

Николај ја сретна со немирен извик:

—  Знаете ли — на Егор му е многу лошо, многу! Го однесоа в болница, овде беше Људмила, ве молеше да одите таму кај неа ...

—  В болница?

Откако со нервозно движење ги намести очилата, Николај и помогна да го облече палтото и стегајќи и ја раката со својата сува, горешта рака, со затреперен глас рече:

—  Да! Земете го овој свиток. Го сместивте ли Вјесовшчиков?

—  Сè е како што треба...

—  И јас ќе дојдам таму кај Егора...

Од капнатост на мајката и’ се вртеше во главата, а вознемиреното расположение на Николај во неа предизвикуваше уште и тажно претчувство на драма.

—  Умира — тапо удри мрачна мисла во нејзината глава.

Но кога влезе во малата, чиста и светла болничка соба и кога виде дека Егор седејќи во бел куп јастаци засипнато се смее — одеднаш тоа ја смири. Таа, насмевнувајќи се, подзастана на вратата и слушаше како болниот му зборува на лекарот:

—  Лекувањето е реформа .. .

—  Не шегувај се, Егоре! — со танок глас загрижено извика докторот.

—  А јас сум револуционер, ги мразам реформите...

Лекарот внимателно ја спушти раката на Егор, на неговото колено, стана од столот и замислено штипкајќи ја брадата почна со прсти да ги пипа отоците на лицето на болниот.

Мајката добро го познаваше докторот, беше еден од блиските другари на Николај, се викаше Иван Данилович. Таа тргна кон Егора, — а тој во пресрет и го покажа јазикот. Лекарот се сврте.

—  А, Ниловна! Здраво да сте! Што имате в раце?

—  Книги, сигурно.

—  Тој не смее да чита! — забележа малиот лекар.

—  Сака да ме направи идиот! — се пожали Егор.

Кусо, тешко дишење со влажен шум се истргнуваше од градите на Егор, лицето му беше покриено со ситна пот, полека ги креваше непослушните, тешки раце и со дланката го бришеше челото. Чудната неподвижност на потечените образи му го имаше нагрдено широкото добро лице, сите црти му ги снема под мртовечката маска и само очите длабоко пропаднати во отоците гледаа јасно насмевнувајќи се со добродушна насмевка.

—  Еј, науко! Капнат сум — можам ли да легнам? ... — праша тој.

—  Не смееш! — кусо рече лекарот.

—  Е, кога ти ќе си отидеш јас ќе легнам ...

—  Вие, Ниловна, не дозволувајте му го тоа! Поткренете ги перниците . . . И, ви се молам, не зборувајте со него; тоа му штети...

Мајката потврди со главата. Докторот излезе со брзи, ситни чекори. Егор ја зафрли главата. Ги затвори очите и замре, мрдаше само со прстите на рацете. Од белите ѕидови на малата собичка допираше сув студ и мрачна тага. Низ големиот прозорец гледаа кадравите врвови на липите, по темните, прашливи лисја, јасно светкаа жолтите дамки — студените допири на есента што настапува.

—  Смртта ми се приближува полека, безволно ...— не мрдајќи се и не отворајќи ги очите проговори Егор. — Се гледа дека по малку и е жал за мене — бев толку дружељубиво момче .. .

—  Би требало да молчиш, Егоре Иванович! — помоли мајката галејќи го по раката.

—  Потрпи, ќе замолчам .. .

Задавувајќи се, зборовите ги изговараше со напинање и прекинувајќи го зборувањето, со долги паузи од премаленост, продолжи:

—  Одлично е што сте со нас .. . Пријатно е да се види вашето лице. Како ќе завршите? — се прашувам. Тешко ми е кога ќе помислам дека вас — како и сите други — ве очекува затвор и секакво бишкарство. Да не се плашите од затворот?

—  Не! — просто одговори таа.

—  Па, да, природно. А сепак, затворот е — гаден, тој ете ме осакати. Зборувајќи искрено — не би сакал да умрам ...

—  Можеби уште нема да умреш! — сакаше да рече, но погледнувајќи го, премолче.

—  Уште би можел да работам ... Но ако не се смее да се работи, нема за што да се живее и — глупаво е живеењето...

—  Така е но, — не е утешно! — не сакајќи мајката си спомни за зборовите на Андреј и тешко воздивна. Тој ден многу беше капната и сакаше да јаде. Едноличното влажно шепотење на болниот ја полнеше собата беспомошно лизгајќи се по мазните ѕидови. Врвовите на липите под прозорците беа слични на ниско спуштени облаци и со својата тажна црнина предизвикуваа чудење. Се замираше чудно во примрачната неподвижност, во намрштеното очекување на ноќта.

—  Колку ми е лошо! — рече Егор и затворајќи ги очите замолче.

—  Спиј! — го посоветува мајката. — Можеби ќе ти биде подобро.

Потоа му го наслушна дишењето, се огледа, поседе неколку минути неподвижна, обземена од студена тага и задрема.

Ја разбуди внимателното отворање на вратата; затрепере и ги виде очите на Егора отворени.

—  Заспав, прости! — тивко рече таа.

—  И ти прости... — повтори тој исто така тивко.

Низ прозорецот гледаше вечерниот примрак, матното студенило ги потискаше очите, се чудно се смрачило, лицето на болниот станало темно.

Се чу шушкање и гласот на Људмила:

—  Седат во мрак и шепотат. Каде е овде електричното копче?

Собата одеднаш се осветли од бела, непријатна светлина, среде неа стоеше Људмила целата црна, висока, исправена.

Егор силно затрепери со целото тело кревајќи ја раката на градите.

—  Што е? — извика Људмила притрчувајќи кај него.

Тој ја гледаше мајката со вкоченети очи и сега тие изгледаа големи и чудно светли.

Откако ја отвори устата широко, ја крена главата нагоре, а раката ја протегна напред. Мајката внимателно го зеде за рака и, здржувајќи го дишењето, гледаше во лицето на Егора. Со грчовито и силно движење на вратот тој ја зафрли главата и гласно рече:

—  Не можам — свршено е!...

Телото лесно му се тргна, главата немоќно му се одвали на рамото и во широко отворените очи мртво се огледуваше студената светлост на ламбата што гореше над креветот.

—  Мил мој! — прошепоти мајката.

Људмила полека отиде од креветот, застана кај прозорецот и, гледајќи некаде пред себе, со необично силен, дотогаш за Власова непознат глас, рече:

—  Умре ...

Таа се наведна, се налакти на прозорецот и одеднаш, како удрена по глава, немоќно се пушти на колена, го покри лицето со рацете и придушено залипка.

Откако тешките раце на Егора му ги положи на градите и му ја намести чудно тешката глава на перницата, мајката, бришејќи ги солзите, и се приближи на Људмила, се наведна над неа и благо и ја погали густата коса. Жената полека и се сврте, темните очи болежливо и се раширија, стана и со растреперени усни прошепоти:

— Заедно бевме во прогонство, бевме таму, седевме по затворите... Понекогаш беше неподносливо, одвратно, многумина потклекнаа со духот ...

Суво, гласно липкање и го задавуваше грлото, таа го совлада и приближувајќи го своето лице кон мајчиното, смекнато од нежното, тажно чувство, подмладено од него — продолжи со брзо шепотење липкајќи без солзи:

— А тој секогаш беше неуморно весел, се шегуваше, се смееше, јуначки ги криеше своите маки трудејќи се да ги охрабри слабите. Добар, чувствителен, мил... Таму, во Сибир, неработењето ги расипува луѓето, често предизвикува чувство на гадење кон животот — како тој умееше да се бори со нив!... Само кога би знаеле каков другар беше тој! Тежок, мачен беше неговиот личен живот, но никој не го чул да се поплачи! Никој никогаш. Јас му бев близок пријател, многу му должам на неговото срце, ми даде се што можеше да ми даде од својот ум и осамен, уморен, никогаш не посака за замена ни нежност ни внимание ...

Се приближи кон Егора, се наведна и целивајќи му ја раката тажно, тивко зборуваше:

— Другар, мил мој, мил, ти благодарам, ти благодарам од се срце, збогум! Ќе работам како ти — неуморно, без сомнение, цел живот!. .. Збогум!

Од липкањето телото и се тресеше и давејќи се ја пушти главата на креветот покрај нозете на Егор. Мајката молчешкум плачеше со изобилни солзи. Којзнае зошто се трудеше да ги воздржи, имаше желба да ја помилува Људмила со особена, силна нежност, да зборува за Егора со убави зборови на љубов и тага. Низ солзи го гледаше неговото опаднато лице, очите покриени со сонливо полуспуштените клепки, усните темни, замрзнати во лесна насмевка. Беше тивко и здодевно светло ...

Влезе Иван Данилович со секогаш забрзан, ситен чекор, влезе, одеднаш застана насред собата, со брзо движење ги стави рацете во џебовите и нервозно и гласно праша:

—  Одамна? ...

Не му одговорија. Тивко нишкајќи се и триејќи го челото се приближи кон Егора, му ја стегна раката и отиде настрана.

—  Не е чудно, со такво срце како неговото тоа во најмала рака требаше да се случи ... пред половина година ...

Неговиот висок, неумесно гласен, насилно мирен глас одеднаш се прекина. Потпирајќи се со грбот на ѕидот, со растреперени раце си ја галеше брадичката и често подзамижуваше со очите гледајќи кон групата крај креветот.

—  Уште еден! — рече тој тивко.

Људмила стана, се приближи до прозорецот, го отвори. По една минута сите тројца стоеја крај прозорецот тесно збиени еден до друг и гледаа во примрачното лице на есенската ноќ. Над црните врвови на дрвјата светкаа ѕвездите, бесконечно оддалечувајќи го небесниот свод ...

Људмила ја зеде мајката под рака и молчешкум се притисна до нејзиното рамо. Докторот, со главата ниско наведната, ги бришеше со шамичето очилата. Во тишината надвор капнато воздивнуваше вечерниот градски шум, студенилото удираше в лице, косата на главата се вееше. Људмила потреперуваше и низ образот и течеше солза. Во болничкиот ходник задавено се слушаа премалени плашливи звуци, брзо чекорење на нозе, стенкање, мрачно шепотење. А тие, неподвижни, стоејќи пред прозорецот, гледаа во мракот и молчеа.

Мајката почувствува дека е одвишна и, ослободувајќи си ја раката, внимателно тргна кон вратата поклонувајќи му се на Егора.

—  Вие си одите? — тивко и не свртувајќи се праша докторот.

—  Да...

На улица таа мислеше за Људмила, сеќавајќи се за нејзините ретки солзи:

—  Ни да плаче не умее...

Претсмртните зборови на Егора и предизвикуваа тивка воздишка. Чекорејќи по улицата полека си спомни за неговите живи очи, за неговите шеги, за прикаските за животот.

—  Тешко му е на добар човек да живее, а да умре— лесно. Како ли ќе умирам јас? ...

Потоа си ги претстави Људмила и докторот пред прозорецот во белата, премногу светла соба, мртвите очи на Егора зад нив и, опфатена од длабоко сожаление кон луѓето, тешко воздивна и тргна побрзо — ја гонеше некое нејасно чувство.

—  Треба да се брза! — мислеше подлегнувајќи на тажната но бодра сила која меко ја поттикнуваше однекаде одвнатре.