VIII

Наташа стана учителка во околијата во фабриката за ткаење и Ниловна одвреме-навреме почна да и носи забранети книги, прогласи, весници.

Тоа и’ стана работа. Неколку пати во месецот, преоблечена како калуѓерка, продавачка на тантели и домашно платно, богата малограѓанка или богомолка патница, патуваше и пешачеше по губернијата, со торба на рамо или со куфер во рацете. Во вагоните и на бродовите, во гостилниците и во преноќевалиштата, секаде се држеше просто и спокојно, прва стапуваше во разговор со непознатите луѓе, без страв го свртуваше вниманието на себе со својот пријатен и љубезен збор и со примерно држење на човек кој многу видел и доживеал.

Нејзе и’ се допаѓаше да зборува со луѓето, и се допаѓаше да слуша приказни за животот, жалби и недоумици. Срцето и се облеваше со радост секогаш кога во човека ќе забележеше остро незадоволство — она незадоволство што, протестирајќи против ударот на судбината, напнато бара одговори на прашањата што во главата веќе се насобрале. Пред неа се пошироко и пошарено се простираше сликата на човечкиот живот— суетлив и загрижлив живот во борбата за наситка. Секаде јасно се гледаше грубата голотија, безобразниот и отворен стремеж да го измамат човека, да го опљачкаат, да исцедат од него што повеќе корист за себе, да му ја испијат крвта. Гледаше дека на земјата од се има многу, а народот е во нужда и живее — полугладен, окружен од безбројни богатства. Во градовите има храмови, полни со злато и сребро коешто на господа не му е потребно, а на праговите од храмовите треперат питачи, попусто очекуваат кога некој ќе им тутне во раката ситна бакарна пара. И порано тоа го гледала — богатите цркви и со злато везаните попски облеки, куќичките на сиромашниот народ и неговите жални партали, но порано тоа и се чинеше природно, а сега чув- ствуваше дека со тоа не може да се помири и дека тоа ги навредува сиромашните луѓе на кои — знаеше — црквата им е поблиска и попотребна одошто на богатите.

По сликите што го претставуваат Христа, по приказните за него, знаеше дека тој е пријател на сиромасите, се облекувал просто, а во црквите каде што му доаѓаат тие за утеха го гледаат врамен во злато и свила што омразно шушка во присуството на сиромаштијата. И без да сака, се сети за зборовите на Рибин:

—  И со господа нè излагаа!

Не ни забележа како почна помалку да се моли, но се повеќе мислеше на Христа и за луѓето кои не му го споменуваа името, кои како да не знаеја за него, но и’ се чинеше — живеат по неговите заповеди и слично на него земјата ја сметаат како царство на бедните сакајќи еднакво да ги поделат меѓу луѓето сите богатства на земјата. За тоа мислеше многу и таа мисла постојано и растеше во душата, и се задлабочуваше, опфаќаше се што гледа, се што слуша, растеше примајќи го светлиот лик на молитвата и со еднаков пламен го прегрнуваше целиот мрачен свет, сиот живот и сите луѓе. Нејзе и се чинеше дека и Христос, кого секогаш го сакала со нејасна љубов — со сложено чувство во кое стравот беше тесно врзан со надежта и радоста со тагата — дека и Христос сега и станал поблизок и веќе поинаков — и станал повисок и повиден, порадосен и посветол во лицето, — всушност како да воскреснуваше заради животот, измиен и оживеан од врелата крв што во негово име обилно ја пролеале луѓето, невино не истакнувајќи го името на несреќниот пријател на човештвото. Од своите патувања секогаш кај Николај се враќаше радосно возбудена од тоа што го видела и чула на патот, добра и задоволна поради извршената работа.

—  Добро е секаде да се оди и многу да се види! — навечер му велеше на Николај. — Сфаќаш како се развива животот. Народот, отфрлуван, туркан во заднината на животот, навредено таму врие но — сакал не сакал, почнува да мисли — зошто? Зошто ме тераат? Зошто од се има многу, а јас сум гладен? И колку знаење има секаде, а јас сум глупав и во мрак? И каде е тој, господ милостив, пред кого нема богати ниту сиромаси, туку сите се — деца драги на срцето? Се буни по малку народот поради својот живот — чувствува дека неправдата ќе го задуши ако не мисли за себе!

И сè почесто ја чувствуваше силната желба сама, со својот јазик да им зборува на луѓето за неправдите на животот; понекогаш, — тешко и’ беше да ја задуши таа желба ...

Николај, наоѓајќи ја над сликите, се смешкаше и секогаш раскажуваше по нешто необично. Изненадена од смелоста на човечките задачи, недоверливо го прашуваше Николај:

—  Та можно ли е тоа?

И тој со непоколеблива увереност во вистинитоста на своето пророкување упорно ја гледаше низ очилата в лице со своите добри очи и и кажуваше приказни за иднината.

—  За желбите на човекот нема мерка, неговата сила е неисцрпна! Но светот, сепак, уште многу полека се богатее со дух, затоа што сега секој кој што сака да биде независен, е принуден да собира не знаење, туку пари. А кога луѓето ќе ја отепаат лакомоста, кога ќе се ослободат од ропството на присилната работа ...

Ретко ја сфаќаше смислата на неговите зборови, но чувството на цврста вера, која ги оживуваше, за неа стануваше се попристапно.

—  На земјата има премногу малку слободни луѓе, тоа е нејзината несреќа! — велеше тој.

Тоа и’ беше разбирливо — некои што се ослободиле од лакомоста и омразата ги знаеше, сфати дека ако такви луѓе има повеќе — мрачното и страшно лице на животот ќе стане попримамливо и попросто, подобро и посветло.

—  Човекот неволно мора да биде суров! — со тага зборуваше Николај.

Таа потврдно ја нишаше главата, сеќавајќи се за зборовите на Хохолот.