Ниловна почна да живее необично мирно. Тој мир понекогаш ја чудеше. Синот и лежеше в затвор, знаеше дека го очекува тешка казна но секогаш, кога мислеше за тоа, сеќавањето и покрај волјата пред неа ги повикуваше Андреј, Феѓа и долга низа други лица. Појавата на синот, која ги опфаќаше сите луѓе со иста судбина со него, растеше во нејзините очи, предизвикуваше чувство на духовно задлабочување, неволно и незабележливо ширејќи ги мислите за Павела, упатувајќи ги на сите страни. Тие се ширеа насекаде како танки, нерамни зраци, до се достигнуваа, се грижеа се да осветлат, да соберат во една слика и не и даваа да се задржува на едно единствено нешто, и’ пречеа да не завладее со неа сосем тагата по синот и стравот за него.
Наскоро Софија отпатува некаде, по пет дена се врати весела, жива и по неколку часа повторно ја снема и повторно се врати по две недели. Се чинеше како да се движи во широки кругови во животот како во вител навратувајќи одвреме навреме кај братот за да му го исполни станот со својата свежина и музика.
Музиката на мајката и стана пријатна. Слушајќи ја, чувствуваше дека некакви топли бранови и ги заплискуваат градите, се влеваат во срцето, да може порамномерно да бие и како зрната во земјата обилно влажна, длабоко изорана, во него брзо, ведро да растат брановите на мислите, лесно и убаво да цутат зборовите разбудени од силата на звуковите.
Мајката тешко се помируваше со неуредноста што Софија ја правеше расфрлувајќи ги секаде своите работи, чикови, пепелта и уште потешко излегуваше на крај со нејзиниот незауздан говор — сето тоа премногу и ги бодеше очите кога ја споредуваше со мирната увереност на Николај, секогаш истата блага сериозност на неговите зборови. Софија и личеше на момче кое брза да се покаже како пораснало, а на луѓето гледа како на занимливи играчки. Многу зборуваше за светоста на работата, а бесмислено и ја зголемуваше работата на мајката со својата неуредност, зборуваше за слобода, а мајката гледаше како се оневозможува со острата нетрпеливост, со постојаните препирки. Имаше многу противречности и мајката, увидувајќи го тоа, кон неа се однесуваше многу внимателно и будно, без онаа топлина во срцето што и ја разбудуваше Николај.
Тој, секогаш загрижен, од ден на ден живееше еднолично урамнотежено: во осум часот наутро пиеше чај, читаше весници и од нив на мајката и соопштуваше новини. Слушајќи го, мајката необично јасно увидуваше како тешката машина на животот без сожаление ги меле луѓето во пари. Чувствуваше во него нешто заедничко со Андреј. Како и Хохолот, за луѓето зборуваше без пакост, сметајќи ги сите виновни поради лошата уреденост на животот но верата во новиот живот кај него не беше толку пламена како кај Андреј, ниту толку горешта. Тој зборуваше секогаш мирно, со глас на чесен и строг судија, и кога дури — во зборувањето за страшни работи — ќе се насмевнеше со тивка насмевка на сожаление — очите му светкаа студено и тврдо. Гледајќи им го сјајот, мајката разбра дека тој човек никому ништо не му проштава — не може да му прости — и чувствувајќи дека таа непопустливост му е тешка, го жалеше Николај. И сè повеќе тој и’ се допаѓаше.
Во девет часот одеше на работа, таа ги суредуваше одаите, готвеше ручек, се миеше, облекуваше чиста облека и седејќи во својата одаја ги разгледуваше сликите во книгите. Веќе имаше научено да чита, но од неа тоа секогаш бараше да се напрегнува; кога ќе читаше, брзо капнуваше, престануваше да ја сфаќа врската меѓу зборовите. А гледањето на сликите ја привлекуваше како дете — тие и откриваа разбирлив, речиси опиплив свет, но и прекрасен. Пред неа се креваа огромни градови, прекрасни градби, машини, бродови, споменици, неисцрпните богатства што ги создале луѓето и разнолични појави на природата што го восхитуваат умот на човекот. Животот бескрајно се раширил, секој ден пред очите откривал огромни, невидени, чудни работи и се посилно ја возбудува разбудената, гладна душа на жената со обилството на своето богатство, со неисцрпноста на убавината.
Особено сакаше да го разгледува големиот зоолошки атлас, и макар што беше печатен на странски јазик, тој и даваше најјасна слика за убавината, богатството и пространството на земјата.
— Голема е Земјата! — му велеше таа на Николај.
Најмногу и’ се допаѓаа инсектите, особено пеперутките, со чудење ги разгледуваше нивните слики и размислуваше:
— Каква убавина е тоа. Николај Иванович, а? И колку секаде ја има таа мила убавина, — а се од нас е скриено, сето тоа лета крај нас, а не го гледаме. Луѓето се моткаат — ништо не знаат, во ништо не можат да уживаат, за тоа немаат ни време, ни волја. Колку радост би можеле да имаат кога само би знаеле колку земјата е богата, колку многу убавини живеат на неа. И сето тоа е — за сите, секој е — за сето тоа — така ли е?
— Така е! — ќе речеше Николај насмевнувајќи се. И и носеше уште книги со слики.
Навечер често кај него се собираа гости — доаѓаше Алексеј Василевич, убав маж со бледо лице и црна брада, сериозен и молчелив; Роман Петрович, бубуличав, тркалезноглав човек, кој секогаш сожаливо мласкаше со усните; Иван Данилович, мршав и ситен, со остра брадичка и танок глас, пргав, вреваџија и остар како шило; Егор, кој секогаш се шегуваше со самиот себе, со другарите и со својата болест која се повеќе се развиваше. Доаѓаа и други луѓе кои ќе допатуваа од разни далечни градови. Николај со нив водеше долги и тивки разговори, секогаш за едно — за работниот народ на целиот свет. Се препираа, паѓаа во оган, размавнуваа со рацете, пиеја многу чај, понекогаш Николај во вревата на разговорите молчешкум составуваше прогласи, потоа им ги читаше на другарите, веднаш тука ги препишуваа со печатни букви, а мајката грижливо ги собираше парчињата од искинатата хартија и ги гореше.
Таа тураше чај и се чудеше на жарот со кој зборуваа за животот и за судбината на работниот народ, за тоа како што поскоро и што подобро ќе ја посеат во неговата средина мислата за вистината, да го поткренат неговиот дух. Често, тие, налутени, не се сложуваа еден со друг, за нешто, се обвинуваа еден со друг, се навредуваа и повторно се препираа.
Мајката чувствуваше дека животот работнички го познава подобро одошто овие луѓе, нејзе и се чинеше дека појасно од нив ја гледа огромноста на задачата што ја зеле на себе и тоа и допушташе кон нив да се однесува со попустливо, малку тажно чувство кое возрасните го имаат кон децата што играат маж и жена, не разбирајќи ја драмата на тие односи. Не сакајќи нивните говори ги споредуваше со говорите на својот син и Андреј и притоа почнуваше да ја чувствува разликата која во почетокот не можеше да ја разбере. Понекогаш и се чинеше дека овде викаат посилно одошто се викаше во предградието и тоа си го толкуваше самата на себе:
— Повеќе знаат — та затоа посилно зборуваат. ..
Но премногу често гледаше дека сите тие луѓе како да се распалуваат еден со друг намерно и како божем да се лутат, секој од нив како да сака да им докаже на другите дека нему вистината му е поблиска и подрагоцена одошто на другите, а другите тоа ги навредува, та сега и тие докажуваат дека ним вистината им е поблиска и почнуваат да се препираат остро, грубо. И’ се чинеше како да сака секој да се истакне над другиот и тоа и предизвикуваше тешка тага. Ја креваше веѓата и гледајќи ги со молежлив поглед мислеше:
— Заборавија на Паша и другарите ...
Секогаш напнато ги слушаше препирките и не сфаќајќи ги, се разбира, зад зборовите бараше чувство и гледаше — кога во предградието зборуваа за доброто— го земаа на топтан, во целост, а овде го дробеа на парчиња и го ситнеа; таму подлабоко и посилно чувствуваа, овде беше областа на острите мисли што сечат се. И овде повеќе зборуваа за рушењето на старото, а таму сонуваа за новото, затоа зборовите на синот и на Андреј и беа поблиски, поразбирливи ...
Забележа исто така дека кога ќе дојдеше некој од работниците — Николај стануваше необично приказлив, на лицето му се појавуваше нешто слатко и зборуваше поинаку одошто секогаш, донекаде погрубо, донекаде понегрижливо.
— Се труди да го разберат! — мислеше.
Но тоа не ја утешуваше; гледаше дека гостинот работник исто така се ежи како да е врзан одвнатре, та не може да зборува толку лесно и слободно како што зборува со неа, простата жена. Еднаш, кога Николај излезе, на еден младич му забележа:
— Што се стеснуваш? Не си дете на испит ...
Тој со цела уста се насмевна.
— Од ненавикнатост и раковите црвенеат... Сепак, тој не е што и ние ...
Понекогаш доаѓаше Сашенка; таа никогаш не седеше долго, секогаш зборуваше деловно, не се смееше и секогаш на одење, ја прашуваше мајката:
— Како е Павел Михаилович — здрав ли е?
— Сполај му на бога! — ќе речеше мајката. — Добар е, весел!
— Поздравете го! — ќе помолеше девојката и си одеше.
Понекогаш мајката и се жалеше што Павела го држат толку долго, не го изведуваат на судење. Сашенка се мрштеше и молчеше, а прстите брзо и се мрдаа.
Ниловна чувствуваше желба да и’ рече:
— Мила моја, та јас знам дека го сакаш ...
Но не можеше да се реши — строгото лице на девојката, цврсто собраните усни и сувата деловност при разговорот некако однапред одбиваа секаква нежност. Воздивнувајќи, мајката немо ја стегаше подадената рака и мислеше:
— Несреќнице моја ...
Еднаш дојде Наташа. Многу се израдува кога ја виде мајката, ја бакна и, помеѓу другото, некако одненадеж и тивко и соопшти:
— А мајка ми умре, — умре, кутрата!...
Ја затресе главата, со брзо движење на раката ги избриша очите и продолжи:
— Ми е жал, — немаше ни педесет години, можеше уште долго да живее. А кога ќе погледаш од друга страна, и не сакајќи помислуваш — смртта, веројатно, е полесна од таквиот живот. Секогаш сама, секогаш на сите туѓа, никому непотребна, заплашена од викотниците на мојот татко — зарем живееше? Да живееш — значи да очекуваш нешто добро, а таа немаше што да очекува — освен навреди ...
— Верно зборувате вие, Наташа! — рече мајката, откако размисли. — Да живееш — значи да очекуваш добро, а ако не очекуваш ништо — каков живот е тоа?
— И, откако нежно и ја погали раката на девојката, ја праша: — Сега останавте сама?
— Сама! — полека одговори Наташа.
Мајката помолче и одеднаш, со насмевка додаде:
— Ништо! Добриот човек не живее сам — нему секогаш ќе му се најдат луѓе...