Дојдоа катранџиите, задоволни што ја завршиле работата.
Разбудена од нивните гласови, мајката излезе од колибата проѕевајќи се и се насмевна:
— Вие работевте, а јас, како некоја госпоѓа, спиев! — рече таа посматрајќи ги сите со топол поглед.
— Ти се проштава тебе! — одговори Рибин. Беше помирен, уморот ја проголтал одвишната возбуденост.
— Игнате, — рече тој! Погрижи се за чај! Ние овде на смена го водиме домаќинството, — денеска Игнат ќе не пои и храни!
— Денеска би сакал да го отстапам својот ред! — забележа Игнат и почна да собира трески и деланки за огнот наслушнувајќи.
— На сите гостите им се интересни! — проговори Ефим седнувајќи крај Софија.
— Јас ке ти помогнам, Игнате! — тивко рече Јаков влегувајќи во колибата. Оттаму изнесе цел леб и почна да го сечи на парчиња што ги редеше по масата.
— Слушајте! — тивко извика Ефим. — Кашла. ..
— Да, доаѓа ...
И свртувајќи се кон Софија, и објасни:
— Сега ќе дојде свидетелот. Јас би го носел по градовите, би го поставувал на плоштадите да го слуша народот. Тој секогаш исто зборува, но тоа треба сите да го чујат ...
Тишината и самракот стануваа погусти, гласовите на луѓето ѕвонеа помеко. Софија и мајката ги посматраа селаните — тие сите се движеа полека, тешко, со некоја чудна внимателност и исто така непрекинато ги следеа жените.
Од шумата на полјанката излезе висок, подгрбавен човек, одеше полека, силно потпирајќи се на стап и се слушаше неговото 'рлесто дишење.
— Еве ме и мене! — рече тој и почна да кашла.
На себе имаше до петиците долго, искинато палто, под тркалезната, истуткана капа во ретки киски немоќно му се спушташе жолтеникавата, права коса. Светлата брадичка му растеше на жолтото коскесто лице, устата му беше полуотворена, очите длабоко, пропаднати под челото и оттаму, од темните дупки, тие трескаво светеа.
Кога Рибин го запозна со Софија, тој праша:
— Книги, слушам, сте донеле?
— Донесов!
— Благодарам ... за народот!... Тој самиот уште не може да ја разбере вистината ... та затоа ете јас, кој сум ја сфатил ... заблагодарувам наместо него.
Дишеше брзо, грабеше воздух со куси, жедни вдишувања. Гласот му се прекинуваше, коскестите прсти на немоќната рака се лизгаа по градите грижејќи се да го закопчаат палтото.
— Вам ви штети да се наоѓате в шума толку доцна. Шумата е лисната, влажна и задушлива! — забележа Софија.
— За мене веќе нема ништо што би ми било корисно! — одврати тој душејќи се. — Мене само смртта ми е корисна ...
Беше тешко да се слуша неговиот глас, сета негова фигура го предизвикуваше тоа излишно сожаление кое ја познава својата немоќ и предизвикува мрачна непријатност. Приседна на кладата, ги свитка колената толку внимателно, како да се плаши да не му се искршат нозете и го избриша испотеното чело. Косата му беше сува, мртва.
Кога огнот се разгоре, се наоколу затрепере и се разбранува, сенките како опечени плашливо одлетаа во шумата, а над пламенот се појави тркалезното лице на Игнат со надуени образи. Огнот угасна. Се почувствува чад, повторно тишината и маглата легнаа на полјанката напнато слушајќи ги засипнатите зборови на болниот.
— Но за народот уште можам да бидам од корист, како свидетел на злосторството ... Ете, погледнете ме ... дваесет и осум години имам, а — умирам! А пред десет години како ништо кревав по дванаесет пуди на грб — како ништо. Со такво здравје, мислев, ќе проживеам седумдесет години, не ќе папсам. А проживеав само десет — и повеќе не можам. Ми украдоа стопаните, четириесет години живот ми ограбија — четириесет години!
— Еве ја таа, неговата песна! — глуво рече Рибин.
Огнот одново пламна, но сега веќе посилно, појасно, повторно сенките се повлекоа кон шумата и пак навалија на огнот и затреперија околу огништето како немо, непријатно оро. На огнот потпукнуваа и свиреа влажните деланки. Лисјата на дрвјата шепотеа, шумеа вознемирено од бранот затоплен воздух. Веселите, живи огнени јазици играа преплетувајќи се жолти и црвени, се креваа нагоре и расфрлаа искри, леташе запалениот лист, а ѕвездите на небото им се смешкаа на искрите мамејќи ги кон себе.
— Тоа — не е само моја песна, илјади луѓе ја пеат и не сфаќајќи ги корисните поуки за народот во својот несреќен живот. Колку сакати, измачени од работа умираат од глад молчешкум ... — се закашла и се наведна целиот треперејќи.
Јаков стави на масата ведро со квас,[1] фрли во него китка зелен лук и му рече на болниот:
— Ела, Савелиј, ти донесов млеко ...
Савелиј одречно одмавна со главата, но Јаков го зеде под мишка, го крена и го поведе кон масата.
— Слушајте — му рече Софија на Рибин тивко и прекорно — зошто сте го викнале ваму? Секој момент може да умре...
— Може! — потврди Рибин. — Дотогаш — нека зборува. За ништо го изгуби животот — нека потрпи за луѓето уште малку — ништо! Ете.
— Вие како да уживате во нешто! — извика Софија.
Рибин ја погледна и невесело одговори:
— Тоа господата во Христа уживаат, оти на крстот стенкал, а ние од човека се учиме и сакаме и вие малку да се поучите...
Мајката уплашено ги крена веѓите и му рече:
— Доста — ти!...
На масата болниот пак почна:
— Луѓето ги истребуваат со работа, — зошто? Животот од човека го крадат, — зошто? Велам. Нашиот стопан — јас го изгубив животот во фабриката на Нефјодоров — нашиот стопан на една пејачка и подари златен сад за миење и дури златен ноќен сад! Во тој сад е мојата сила, мојот живот. Ете каде отиде тој,— човекот ме отепа со работа за да може својата љубовница да ја утеши со мојата крв, — златен ноќен сад и купи со мојата крв!
— Човекот е создаден по образ и подобие на господа — рече Ефим насмевнувајќи се, — а него ете каде го трошат ...
— А ти не молчи! — извика Рибин удирајќи со раката по масата.
— И не трпи! — тивко додаде Јаков.
Игнат се насмевна.
Мајката забележа дека младичите, сите тројца, слушаат со ненаситно внимание на гладни души и секогаш кога зборува Рибин го гледаат право в лице со жедни очи. Говорот на Савелиј на лицата им предизвикуваше чудни и остри насмевки. На нив не се гледаше сожаление кон болниот.
Наведнувајќи се кон Софија, мајката потивко рече:
— Зарем вистина зборува?
Софија гласно одговори:
— Да, тоа е вистина! За тој подарок пишуваше во весниците, тоа беше во Москва . ..
— А не го казниле, со ништо! — глуво рече Рибин.
— А би требало да го казнат, — да го извадат пред народот, да го исечат на парчиња и месото негово погано да им го фрлат на кучињата. Големи казни народот ќе изрече кога ќе стане. Многу крв ќе пролее за да ги измие навредите што му се нанесени. Таа крв — негова крв е, од неговите жили е испиена, тој е нејзин господар.
— Студено е! — рече болниот.
Јаков му помогна да стане и го однесе кон огнот.
Огнот гореше јасно и безобличните сенки потреперуваа околу него избезумено следејќи ја веселата игра на пламенот. Савелиј седна на кладата и ги подаде проѕирните, мршави раце кон огнот. Рибин одмавна со главата кон него и и рече на Софија.
— Тоа е — поостро од книга! Кога машината ќе откине рака или ќе отепа работник, тоа може да се разбере — самиот е крив. А ете, кога ќе му ја исцицаат крвта на човека и ќе го фрлат како мрша — тоа со ништо не се оправдува. Секое убиство ќе го разберам, но мачењето заради шега — не го разбирам! Зошто го мачат народот, зошто не мачат сите нас? — Заради шега, заради веселба, за да биде забавно да се живее на земјата, за да можат се да купат со крв — пејачка, коњи, сребрени ножеви, златни посатки, скапи играчки за децата. Ти работи, работи што повеќе, а јас ќе ги собирам парите од твојата работа и на љубовницата ќе и подарувам златен сад за мочање.
Мајката слушаше и уште еднаш пред неа во темнцната светна и се подаде како светликава лента патот на Павела и на сите оние со кои одеше.
Кога ја завршија вечерата, сите се наредија околу огништето, пред нив, брзо голтајќи го дрвото, гореше огнот, а зад нив надвиснала темнината обвивајќи ги гората и небото. Болниот со ширум отворени очи гледаше во пламенот, постојано кашлаше, сиот трепереше.
— Остатоците од неговиот живот како да се истргнуваа нестрпливо од неговите гради со желба да го напуштат телото премалено од болеста. Одблесоците на пламенот му трепереа по лицето не оживувајќи ја мртвата кожа. Само очите на болниот гореа со пламен што гасне.
— Можеби би било подобро да влезеш во колибата, Савелиј? — праша Јаков наведнувајќи се над него.
— Зошто? — одговори тој со напор. — Ќе поседам— не ќе останам уште долго меѓу луѓето! ...
Ги погледна сите, помолче и одвај насмевнувајќи се продолжи:
— Добро ми е со вас. Ве гледам и мислам — можеби овие ќе ги одмаздат оние коишто ги опљачкале, ќе го одмаздат народот отепуван поради лакомост ...
Не му одговорија и наскоро задрема немоќно спуштајќи ја главата на градите. Рибин го погледна и тивко проговори:
— Ни доаѓа, седи и го раскажува секогаш истото,— тоа подигрување со човекот. Во тоа е — сета негова душа, тоа како да му ги извадило очите и ништо веќе не гледа.
— Та што треба уште? — замислено рече мајката.
— Ако луѓето со илјади од ден на ден пропаѓаат на работата за тоа стопанот да може да ги фрла париге за шеги — што повеќе?
— Здодевно е да се слуша! — тивко рече Игнат.
— Тоа и еднаш да го чуеш — не ќе го заборавиш, а тој секогаш истото го зборува!
— Тука, во тоа едно се е натискано ... сиот живот, разбери! — мрачно забележа Рибин. — Десетпати сум ја слушал неговата судбина, — а сепак, понекогаш, ќе се посомневаш. Има добри моменти кога не сакаш да веруваш во гадноста на човекот, во неговото безумие. .. кога за сите ти е жал, и за богатиот како и за сиромашниот. .. богатиот исто така залутал! Еден е слеп од гладост, друг — од злато. Ех, луѓе, мислиш, ех, браќа! Освести се, размисли чесно, размисли, не штеди се, размисли!
Болниот се заниша, ги отвори очите, легна на земја. Јаков тивко стана, отиде во колибата, донесе кожув, го покри братучедот и повторно седна крај Софија.
Руменото лице на пламенот смешкајќи се итро ги осветлуваше темните фигури наоколу и гласовите на луѓето се слеваа замислено со тивкото потпукнување и шушкање на пламенот.
Софија раскажуваше за светската борба на народот за право на живот, за денешните борби на селаните во Германија, за несреќите на Ирците, за големите подвизи на француските работници и за честите борби за слобода ...
Во шумата, облечена со кадифената ноќ, на малата полјанка оградена со дрвја, покриена со темното небо, пред огнот, во кругот на непријателски зачудените сенки, воскреснуваа настаните што го потресуваат светот на ситити и лакомите, се нижеа еден по друг народите на земјите крвавејќи, капнати од бојовите, се споменуваа имињата на борците за слобода и вистина.
Тивко ѕвонеше придушениот глас на жената. Како да доаѓа од минатото, будеше надеж, влеваше увереност, луѓето молчешкум го слушаа расказот за своите браќа по дух. Ја гледаа жената во лицето, мршаво, бледо; пред нив се посилно се осветлуваше светото дело на сите народи во светот — бескрајната борба за слобода. Човекот ги гледаше своите желби и мисли во далечното минато скриено од мрачна, крвава завеса, меѓу непознати туѓинци и во себе — со умот и срцето— се обединуваше со светот и гледаше во него другари кои веќе одамна еднодушно и цврсто решиле да извојуваат вистина на земјата, своето решение го осветиле со неброени мачења, пролеале реки своја крв заради победата на новиот живот, сјаен и радосен. Никнеше и растеше чувството на духовна блискост со сите, се раѓаше новото срце на земјата, полно со огнен стремеж се да разбере, се да обедини во себе.
— Ќе дојде ден кога работниците од сите земји ќе ги кренат главите и решително ќе речат — доста! Не сакаме веќе ваков живот! — со увереност ѕвонеше гласот на Софија. — Тогаш ќе се сруши привидната сила на силните во својата лакомост, ќе им се истргне земјата под нозете и не ќе имаат на што да се потпрат...
— Така и ќе биде! — рече Рибин наведнувајќи ја главата. — Не жали се себеси и — се ќе постигнеш!
Мајката слушаше со високо крената веѓа, со насмевка на радосно чудење замрзната на лицето. Виде дека е се отсечно, ѕвонливо, несовладливо — се што и се чинеше одвишно кај Софија — сега го снема, потона во горештиот, рамен поток на нејзиното раскажување. И се допаѓаше тишината на ноќта, играта на пламенот, лицето на Софија, но повеќе од се — сериозното внимание на селаните. Тие неподвижно седеа грижејќи се со ништо да не го нарушат мирниот тек на раскажувањето, плашејќи се да не ја прекинат јасната нишка што ги врзуваше со светот. Само понекогаш некој од нив внимателно ставаше дрва на огнот и кога од огништето ќе се кренеше рој искри и чад — ги растеруваше искрите и чадот од жените мавтајќи со рацете по воздухот.
Еднаш Јаков стана и полека помоли:
— Почекајте со зборувањето ...
Претрча во колибата, донесе оттаму алишта и молчешум со Игната им ги завија на жените нозете и плеќите. Софија повторно зборуваше сликајќи го денот на победата, влевајќи им на луѓето вера во својата сила, будејќи ја во нив свеста за заедница со сите кои го трошат својот живот во бесплодна работа за глупавите забави на презаситените. Зборовите мајката не ја возбудуваа, но големото чувство што беше предизвикано од раскажувањето на Софија и коешто ги опфати сите, и нејзините гради ги исполнуваше со мисла слична на благодарна молитва за луѓето кои покрај сите опасности одат со оние кои се оковани со синџирите на трудот и им ги носат даровите на чесниот разум, даровите на љубовта кон вистината.
— Поможи, господе! — мислеше таа склопувајќи ги очите.
На разденување Софија, капната, замолче и со насмевка погледна замислена, со светло лице околу себе.
— Време е да одиме! — рече мајката.
— Време е! — капнато проговори Софија.
Некој од младичите гласно воздивна.
— Жално што одите! — со необично мек глас рече Рибин. — Убаво зборувате! Големо дело е тоа да се збратимат луѓето меѓу себе! Кога веќе знаеш дека милиони го сакаат истото што и ние — срцето се повеќе се исполнува со добрина. А во добрината има голема сила!
— Ти нему стори му добро, а тој тебе — со кол! — насмевнувајќи се тивко рече Ефим и брзо скокна на нозе. — Време е да одат, чичко Михаил, додека никој не ги видел. Кога ќе ги растуриме книгите меѓу народот — власта ќе пребарува — од каде дошле? Би можел некој да спомене — а, ете, туѓинки некои доаѓаа ...
— Е, благодарам, мајче, што си се потрудила! — проговори Рибин прекинувајќи го Ефима. — Јас гледајќи те се за Павела мислам — добро си тргнала!
Омекнат, се насмевнуваше со широка и добра насмевка. Беше студено, а тој седеше само по кошула, со откопчан затилок, со длабоко разградени гради. Мајката ја погледна неговата голема фигура и нежно го посоветува:
— Наметни се со нешто — студено е!
— Одвнатре грее! — одговори тој.
Тројцата младичи, стоејќи крај огнот, тивко разговараа, а покрај нозете им лежеше болниот покриен со кожув. Небото стануваше посветло, сенките ги снемуваше, лисјето потреперуваа очекувајќи го сонцето.
— Е, збогум, значи! — зборуваше Рибин ракувајќи се со Софија. — А како ќе ве најдам во градот?
— Ти само мене побарај ме! — рече мајката.
Младичите полека натискани еден до друг и се приближија на Софија, се ракуваа со неа молчешкум, постојано љубезни. На секого се огледуваше прикриено задоволство, благодарно и пријателско, и тоа чувство бездруго ги вџашуваше со својата новина. Насмевнувајќи се со очите, суви од бессоната ноќ, молчешкум гледаа во лицето на Софија и се преместуваа од нога на нога.
— Не ќе се напиете ли млеко пред тргнување? — праша Јаков.
— Само дали има? — рече Ефим.
Игнат, збунето замазнувајќи ја косата, изјави:
— Нема, — јас го истурив ...
И сите тројца се насмевнаа.
Зборуваа за млекото, но мајката чувствуваше дека мислат за друго, без зборови пожелувајќи и’ на Софија и нејзе секое добро. Тоа забележливо ја трогнуваше Софија и во неа исто предизвикуваше вџашеност и невина скромност која не и допушташе да рече нешто друго освен тивкото:
— Благодарам, другари!
Се погледнаа, чиниш тој збор благо ги заниша...
Се чу засипнатото кашлање на болниот. Гламните во огништето изгаснаа.
— Збогум! — полугласно велеа селаните и тој тажен збор долго ги придружуваше жените.
Без брзање одеа во предутринскиот зрак по шумската патека и мајката, чекорејќи по Софија, зборуваше:
— Сето тоа е убаво — како во сон. Толку убаво! Луѓето сакаат да ја знаат вистината, мила моја, сакаат! И тоа е како в црква, пред утринската служба на големите празници... уште свештеникот не дошол, темно е и тивко, незгодно е во црквата, а народот веќе се собира... таму пред иконата палат свеќа, тука веќе е запалена и — по малку ја брка темнината, го осветлуваат господовиот дом.
— Така е! — весело одговори Софија. — Само овде господовиот дом е — целата земја!
— Целата земја! — замислено мавтајќи со главата повтори мајката. — Тоа е толку убаво, што е тешко и да се поверува ... И добро зборувавте, драга моја, — многу добро! А јас се плашев — дека не ќе им се допаднете...
Софија помолче и тивко и тажно одговори:
— Со нив човек станува поедноставен ...
Одеа и разговараа за Рибин, за болниот, за младичите кои толку внимателно молчеа и толку стеснително но речито го изразуваа своето чувство на благодарно пријателство со ситни грижи за жените. Излегоа в поле. Отспротива се креваше сонцето. Иако со око сè уште не се гледаше, по небото беше раширено проѕирно ладало од црвеникави зракови и капките роса во тревата засветкаа со разнобојни искри на свежа, пролетна радост. Се разбудуваа птиците оживувајќи го утрото со весело црцорење. Загрижено грачеа и летаа крупни гаврани мавтајќи со тешките крилја, некаде вознемирено свиркаше кос. Видикот се отвораше симнувајќи ги пред сонцето ноќните сенки од своите ридишта.
— Понекогаш човек зборува, зборува, а ти не го разбираш додека не му тргне по рака да каже некој прост збор, и тој еден збор одеднаш се ти осветлува! — замислено велеше мајката. — Така и болниот. Сум слушала и знам и самата како се цедат работниците во фабриките и секаде. Но на тоа од мал се навикнуваш и многу не го гиба срцето. А тој одеднаш раскажа толку навредлива, толку грда работа. Господе! Зарем затоа работниците го жртвуваат сиот живот, за да им овозможат на стопаните така да се потсмеваат? Тоа — нема оправдание!
Мислата на мајката и’ се задржа на овој случај и тој со својот тап, дрзок блесок осветлуваше цела низа појави што и беа познати, но што ги заборавила.
— Се гледа — дека тие веќе сосем се наситиле и дека сега им се смачило! Знам — некој областен началник на селаните им наредил да му се поклонуваат на неговиот коњ кога ќе го водат низ село, и кој не се поклонувал, него го ставал в затвор. Е, зошто му било потребно тоа? Не можам да разберам. — Не можам!
Софија тивко запеа песна, свежа како утрото...
Фусноти
[1] Квас - безалкохолен пијалак од преврен леб или од овошје.