Третиот ден дојдоа до селото, мајката го праша селанецот кој работеше в поле каде е фабриката за катран и брзо се спуштија по стрмната шумска патека — по неа беа испружени корење од дрвата како прагови — на малата тркалезна полјанка, затрупана со јаглен и деланки испрскани со катран.
— Еве, стигнавме! — вознемирено вртејќи се рече мајката.
Пред колибата од летви и гранки, на масата направена од три неистругани штици положени на ногари закопани в земја, седеше и ручаше, — Рибин, целиот црн, разграден, Ефим и уште двајца младичи. Рибин прв ги забележа и, кревајќи ја раката над очи, молчешкум очекуваше.
— Здраво, брате Михаил! — извика мајката уште од далеку.
Тој стана, без да брза тргна во пресрет, откако ја позна застана и насмевнувајќи се и ја погали главата со поцрнетата рака.
— Одиме на аџилак! — рече мајката приближувајќи се. — Ајде, велам, да навратам, да го посетам братот! Оваа ми е пријателка, се вика Ана...
Гордеејќи се со својата досетливост, таа под око ја погледна Софија сериозно и строго.
— Здраво да сте! — одговори Рибин и мрачно насмевнувајќи се и ја затресе раката, и се поклони на Софија и продолжи: — Не лажи, овде не е град, лажење не е потребно! Сите се овде — наши луѓе...
Ефим, седејќи на масата остро ги посматраше патничките и со шушкав глас нешто им зборуваше на другарите. Кога жените се приближија кон масата, стана и молчешкум им се поклони, неговите другари седеа неподвижни, како да не ги забележуваат гостинките.
— Живееме овде како калуѓери! — рече Рибин лесно удирајќи ја Власова по рамото. Никој не ни доаѓа, стопанот не ни е в село, стопанката ја однесоа в болница, та сега јас сум овде како некој управник. Седнете на маса. Сакате ли чај? Ефиме, донеси млеко!
Ефим без брзање отиде во колибата, жените ги симнуваа торбите од грбот, едно момче, високо и мршаво, стана зад масата и им помогна, друг, силен и парталав, замислено навален на масата, ги посматраше, си ја чешаше главата и тивко мрмореше песна.
Тешкиот мирис од катранот се слеваше со задушливиот мирис на гнилите лисја и ја замајуваше главата.
— Овој се вика Јаков — покажувајќи на високиот младич рече Рибин — а овој е — Игнат. Па како е твојот син?
— В затвор е! — воздивнувајќи рече мајката.
— Пак в затвор? — извика Рибин. — Му се допаднало бездруго ...
Игнат престана да пее, Јаков и го зеде стапот на мајката од рацете и рече:
— Седи!...
— А вие што стоите? Седнете! — и се сврти Рибин на Софија. Таа молчешкум седна на една клада, внимателно посматрајќи го Рибина.
— Кога го зедоа? — праша Рибин седнувајќи спроти мајката, и, одмавнувајќи со главата, извика: — Немаш среќа, Ниловна!
— Ништо! — рече таа.
— Но, се навикнуваш ли?
— Не сум навикнала, туку гледам, — не може без тоа!
— Така! — рече Рибин. — Па, раскажувај ...
Ефим донесе грне со млеко, зеде чаша од масата, ја отплакна со вода и откако тури во неа млеко, и ја подаде на Софија внимателно слушајќи што раскажува мајката. Тој се движеше и се работеше без врева, внимателно. Кога мајката ја заврши својата кратка приказна — сите еден момент молчеа не гледајќи еден во друг. Игнат, седејќи на масата, со ноктот црташе по штиците некаква шарка, Ефим стоеше зад Рибина, навален на неговото рамо, Јаков се навали на стеблото од едно дрво, со рацете прекрстени на градите и главата наведната. Софија ги посматраше селаните под око...
— Да-да! — полека и мрачно процеди Рибин. — Ете како, отворено!...
— Кај нас, ако приредиме таква парада, — рече Ефим и намуртено се насмевна — селаните ќе не испретепаат на мртво име!
— Ќе не испретепаат! — потврди Игнат климнувајќи со главата. — Нема што, ќе одам во фабрика, таму е подобро ...
— Ќе го судат, велиш, Павела? — праша Рибин.
— И што е, каква ќе биде казната — не си чула?
— Робија или доживотно прогонство во Сибир ...— тивко одговори таа.
Сите три младичи одеднаш ја погледнаа, а Рибин ја наведна главата и полека праша:
— А кога го готвеше тоа дело, дали знаеше што го заплашува?
— Знаеше! — гласно рече Софија.
Сите замолчеа, никој не се помрднуваше, некоја студена мисла како да ги замрзна.
— Така! — продолжи Рибин сурово и важно. — И јас мислам дека знаел. Тој прво ќе испече — па ќе рече, сериозен човек е. Ете, момци, гледате ли? Знаел човекот дека можат да го удрат, и со штик, и да го почестат со робија, но — сепак тргнал. И мајка му на патот да му легнела — ќе ја пречекорел. Дали би минал. Ниловна, преку тебе?
— Би минал! — затреперено рече мајката и се сврте тешко воздивнувајќи. Софија молчешкум и ја погали раката и мрштејќи ги веѓите го погледна Рибина право.
— Тоа е — човек! — рече тој полека и сите ги погледна со темните очи. И повторно сите шестмина замолчеа. Танките зраци на сонцето висеа во воздухот како златни врвци. Некаде уверено гракна чавка. Мајката се огледуваше потисната од спомените за Први мај и од тага по синот и Андреј. На малата, тесна полјанка се валкаа буриња за катран, стрчеа откорнати клади. Дабовите и брезите, густо збрани околу полјанката, неупадливо надвиснуваа од сите страни и, оковани од тишината, неподвижни, ги фрлаа на земја темните, топли сенки.
Наеднаш Јаков се оддели од дрвото, пречекори настрана, застана и, одмавнувајќи со главата, суво и јасно праша:
— Дали против таквите ќе нè праќаат мене и Ефима?
— А против кого мислиш ти? — одговори Рибин намрштено. — Не дават со нашите сопствени раце — во тоа и е вештината!
— Јас сепак ќе одам во војска! — тивко и упорно изјави Ефим.
— Кој те држи? — извика Игнат. — Оди!
И гледајќи го Ефима упорно, со насмевка рече:
— Само кога ќе пукаш во мене нишани ме в глава ... Не сакати ме, туку одеднаш отепувај!
— Сум го чул јас тоа! — остро викна Ефим.
— Чекајте, момци! — одмерувајќи ги почна Рибин и полека ја крена раката. — Ете, ова е — жена! — рече покажувајќи на мајката. — Синот, тоа се знае, сега и пропадна...
— Зошто го зборуваш тоа? — праша мајката тажно и глуво.
— Треба! — мрачно одговори тој. — Треба, за да не ти белее косата тебе попусто. Еј, па што! — Дали со тоа ја отепаа? Ниловна, донесе ли книги?
Мајката го погледна и, откако помолче, одговори:
— Донесов...
— Така! — рече Рибин и удри со дланката по масата. — Веднаш го помислив тоа штом те видов — оти, инаку, зошто би доаѓала ваму ако не заради тоа? Гледате ли? Синот го исфрлиле од редот — мајката застанала на неговото место!
Тој злокобно заплашувајќи со раката грдо опцу.
Мајката се исплаши од неговиот извик, го гледаше и забележа дека лицето на Михаил многу се изменило— омршавело, брадата станала разбушавена и под неа се забележуваа коските од вилиците. Во синкаво- белиот дел на очите му се појавиле танки, крвави жилки како долго да не спал, носот му станал коскест, се свиткал подгрбавено. Разградениот затилок на некогаш црвената кошула испрскана со катран ги откриваше мршавите клучни коски, црната, густа волна на градите, целата појава сега му беше уште помрачна, уште потраурна. Сувиот блесок на зажарените очи мрачно го осветлуваше лицето со оган на гнев. Софија, сега бледа, молчеше не симнувајќи ги очите од селаните. Игнат вртеше со главата подзамижувајќи со очите, а Јаков, повторно стоејќи крај колибата, налутено со црните прсти и ја лупеше кората на летвата. Крај масата, зад мајката, полека чекореше Ефим.
— Дниве — продолжи Рибин — ме повика началникот, — ми вели: ти, никаквец, што си му рекол на попот? Зошто никаквец? Си го заработувам лебот со својот грб, ништо лошо на луѓето не сум им сторил, велам, — ете! Тој се развика, ме тресна по заби ... три дена и три ноќи лежев в затвор! Така вие разговарате со народот? Така? Не очекувај проштавање, ѓаволе! Ако не јас — тогаш други, ако не тебе — на твоите деца ќе им се одмаздат за неправдата што ми ја направивте мене, — запамети! Со железни нокти му ги ископавте градите на народот, посеавте зло во нив — не очекувајте поштеда, ѓаволи наши! Ете.
Целиот беше исполнет со зоврена омраза и во гласот му трепереа звуци од кои мајката се плашеше.
— А што му реков на попот? — продолжи тој помирно. — По собирот во селото седеше тој на улица со селаните и им докажуваше дека, вели, луѓето се — стадо — ним секогаш им треба овчар — така! А јас се пошегував: — Ако во гората, велам, се постави лисицата за управник, перја ќе има многу, но птици — не! Тој ме погледна напорки и почна да зборува за тоа како народот, вели, треба да трпи, да му се моли на бога за да му даде тој сила за трпење. А јас реков — дека, ете, народот многу се моли и очевидно е дека господ нема време — не слуша! Ете. Тој се нафрли на мене — со какви молитви се молам? Му велам: со еден цел живот, како и цел народ: Господе, научи ме да им влечкам на господата тули, да јадам камење, да плукам цепаници! Не ми даде да довршам. Вие сте — госпоѓа? — Прекинувајќи го одеднаш раскажувањето ја праша Рибин Софија.
— Зошто да сум госпоѓа? — брзо го праша таа тргнувајќи се од изненадување.
— Зошто? — се насмевна Рибин. — Таква е судбината, со тоа сте се родиле! Ете. Мислите дека со басмена шамија може од луѓето да се скрие благородничкиот грев? Го познаваме ние попот и во рогозина. Вие, ете, со лактот се наваливте на водено место на масата— се тргнавте, се намуртивте. И грбот ви е премногу прав за човек работник ...
Плашејќи се да не ја налути Софија со својот тежок глас, со насмевката и зборовите, мајката брзо и строго почна:
— Таа е моја пријателка, Михаил Иванич, — таа е — добар човек, — во таа работа нејзе и побелела косата предвреме. Ти — немој многу.../p>
Рибин тешко воздивна:
— А зарем зборував навредливо?
Софија го погледна и суво праша:
— Сакавте ли нешто да ми речете?
— Јас? Да! Ете овде, сега скоро, дојде еден нов, братучед од стрико на Јакова, болен е, офтикав. Дали можеме — да го повикаме?
— Зошто не, викнете го! — одговори Софија.
Рибин ја погледна, подзамижа и со подлабок глас рече:
— Ефиме, би можел да отидеш до него, — кажи му вечерва нека наврати овде — ете.
Ефим ја зеде капата и молчешкум, никого не гледајќи и без да брза, го снема во шумата. Рибин покажа со главата на него глуво зборувајќи:
— Се мачи! Мора да оди во војска — и тој, а еве и Јаков. Јаков просто вели: — Не можам, а ни овој не може, а сака да оди. Мисли — ќе ја побуни војската. Јас велам — ѕидот со главата не го продупуваш. Ете и тие — штиковите в раце, тргнаа. Да-а, — се мачат! А Игнат в срце го гиба. — Баш за ништо!
— Па и не е баш за ништо! — намуртено рече Игнат не гледајќи го Рибина. — Него таму ќе го придобијат и ќе почне да пука ни малку полошо од другите.
— Одвај! — замислено одговори Рибин. — Но, најпосле подобро е да се бега од тоа. Русија е голема — кај ќе го најдат? Земи си пасош и ајде по селата ...
— Јас така и ќе правам! — забележа Игнат удирајќи се со една деланка по ногата. — Кога човек ќе се репш да оди против — треба да оди право.
Разговорот запна. Работливо се виеја пчели и оси ѕунејќи во тишината и зголемувајќи ја. Птиците црцореа и некаде далеку се слушаше песна носејќи се над полето. Рибин помолче и рече:
— Е, ние мораме на работа... Вие, можеби, ќе починете? Таму во колибата има кревет. Насобери им суви лисја, Јакове ... А ти, мајко, дај ги книгите...
Мајката и Софија почнаа да ги одврзуваат торбите. Рибин се наведна над нив и задоволно зборуваше:
— Доста сте донеле, — ги гледаш ли ти нив! Одамна ли сте на оваа работа, — како се викате? — И се сврте тој на Софија.
— Ана Ивановна! — одговори таа. — Дванаесет години ... А зошто?
— Ништо. В затвор сте биле, зарем не?
— Сум била.
— Гледаш? — тивко и прекорно рече мајката. — А ти грубо зборуваше со неа ...
Тој помолче и откако собра во рацете куп книги, покажувајќи ги забите рече:
— Не лутете се на мене! Селанецот и господинот се како смола и вода — не можат заедно, се одбиваат!
— Не сум јас госпоѓа, јас сум човек! — одговори Софија меко насмевнувајќи се.
— И тоа може да биде! — се одзва Рибин. — Велат дека и кучето порано било волк. Сега ќе одам да го скријам ова.
Игнат и Јаков му се приближија подавајќи ги рацете.
— Дај ни-де и нам! — рече Игнат.
— Еднакви ли се сите? — ја праша Рибин Софија.
— Не, разни. Тука има и весник...
— О?
Сите тројца брзо влегоа во колибата.
— Се запали селанецот! — полека рече мајката следејќи ги со замислен поглед.
— Да, — тивко се одзва Софија. — Никогаш не сум видела такво лице како неговото, — како некој великомаченик! Да одиме и ние таму, сакам да ги гледам ...
— Не лутете се на него што е толку суров ... — тивко помоли мајката.
Софија се насмевна.
— Колку сте добра, Ниловна ...
Кога тие застанаа на вратата, Игнат ја крена главата, крадешкум ги погледна и заривајќи ги прстите во кадравата коса се наведна над весникот што му лежеше на колената; Рибин, стоејќи, го фатил на весникот сончевиот зрак влезен во колибата низ пукнатината на покривот, и кревајќи го весникот спроти зракот, со шепот читаше; Јаков, клечејќи, навален со градите на постелата, исто така читаше.
Мајката премина во аголот на колибата, таму седна, а Софија, откако ја прегрна, молчешкум посматраше.
— Чичко — Михаил, нè караат нас, селаните! — полугласно рече Јаков не свртувајќи се. Рибин се сврте, го погледна и со насмевка одговори:
— Сакајќи нè!
Игнат вовлече во себе воздух, ја поткрена главата и затворајќи ги очите рече:
— Овде е напишано — „Селанецот престанал да биде човек“ — навистина престанал!
Преку неговото припросто, отворено лице премина сенка на навреда.
— А ти оди, облечи ја мојата кожа, проврти се во неа ... да видам што ќе бидеш, — умник.
— Јас би легнала! — полека и рече мајката на Софија. — Капната сум, сепак, малку, главата ми се врти од овој воздух. А вие?
— Не сакам.
Мајката се спружи на дрвениот кревет и задрема. Софија седеше над неа, ги посматраше читателите и кога оса или бумбар ќе и заѕунеа на мајката околу лицето, таа грижливо ги бркаше. Мајката со полуотворени очи го виде тоа и грижата на Софија и беше пријатна.
Рибин се приближи и со ѕвонлив шепот праша:
— Спие ли?
— Да.
Тој помолче, внимателно ја погледна мајката в лице, воздивна и тивко проговори:
— Таа е, можеби, првата што тргнала по својот син, по неговиот пат, — прва!
— Да не и пречиме, ајде! — му понуди Софија.
— Да, ние треба да работиме. Ни се присакало да поприкажуваме, но вечер! Да одиме, момци! ...
Сите тројца, отидоа оставајќи ја Софија во колибата. А мајката помисли:
— Е, добро е, сполај му на бога! Се спријателија!
И мирно заспа вдишувајќи го силниот мирис на шумата и катранот.