III

Николај дојде предвечер. Ручаа и за време на ручекот Софија смеејќи се раскажуваше како го сретнала и криела бегалецот од прогонство, како се плашела од шпионите кои ги гледала во секој човек и колку смешно се држел бегалецот. Во гласот имаше нешто што мајката ја потсетуваше на фалење на работник кој добро ја свршил тешката работа и е — задоволен.

Сега беше облечена во лесна, широка облека со челично-сива боја. Во оваа облека таа изгледаше повисока, очите како да и потемнале, движењата и станаа помирни.

—  Ти, Софија — почна Николај по јадењето, — треба да се нафатиш уште за една работа. Знаеш дека намисливме да издаваме весник за село, но врската со луѓето оттаму е прекината поради последните апсења. Само Пелагија Ниловна може да ни каже како ќе го најдеме човекот кој ќе го земе на себе растурањето на весникот. Оди со неа таму. И тоа — што поскоро.

—  Добро! — пушејќи ја цигарата рече Софија — Ќе одиме, Пелагија Ниловна?

—  Па, да одиме ...

—  Далеку ли е?

—  Осумдесет врсти...

—  Чудесно!... А сега ќе посвирам. Можете ли, Пелагија Ниловна, да поднесете малку музика?

—  Не прашувајте ме вие мене — како да не сум овде! — рече мајката седнувајќи во аголот на диванот. Таа виде дека братот и сестрата како да не обраќаат внимание на неа и во исто време испаѓаше дека не сакајќи им се меша во разговорот, зашто тие незабележливо ја поттикнуваа на тоа.

—  Слушај, Николај! Ова е од Григ. Денес го донесов ... Затвори ги прозорците.

Ги отвори нотите, силно удри со левата рака по клавишите. Сочно и полно запеаја жиците. Воздивнувајќи со длабока воздишка, со нив се слеа уште една нота, богата со звук. Под прстите на десната рака јасно заѕвонија, полетаа како немирно јато необично проѕирните извици на жиците и се занишаа, затреперија како уплашени птици, на темниот фон од длабоките ноти.

Од почетокот мајката тие звуци не ја возбудуваа, ги слушаше само како ѕвонлив хаос. Слухот не можеше да ја разбере мелодијата во сложеното треперење на масата ноти. Полудремливо го гледаше Николај кој седеше со подвиени нозе на другиот крај од широкиот диван, го посматраше строгиот профил на Софија и нејзината глава покриена со тешка маса златникава коса. Зрак сонце во почетокот топло ги осветлуваше главата и рамената на Софија, потоа падна на пипките од клавирот и затрепере под прстите на жената прегрнувајќи ги. Музиката се повеќе ја полнеше одајата и незабележливо на мајката и го разбудуваше срцето.

И од некаде пред неа од мрачната бездна на минатото излезе една навреда, одамна заборавена, но сега воскресна со горчлива јасност.

Еднаш покојниот маж дојде дома доцна ноќе, многу пијан, ја фати за рака, ја фрли од постелата на душеме, ја удри со ногата в слабина и рече:

—  Надвор, никаквице, ми здодеа!

Таа, за да ги избегне неговите удари, брзо го грабна на раце двегодишниот син и клечејќи се засолни зад неговото тело како зад штит. Тој плачеше, преташе во нејзините раце, исплашен, гол и топол.

—  Бегај! — рикаше Михаил.

Скокна на нозе, побегна в кујна, ја наметна блузата на грбот, го зави детето во шалот и молчешкум, без викање и офкање, боса, само по кошула и блуза преку неа, излезе на улица. Беше мај, ноќта беше свежа, уличната прав студено се прилепуваше на нозете пикајќи се помеѓу прстите. Детето плачеше, преташе. Таа ги откопча градите, го стегна детето на себе и, бркана од стравот, одеше по улица, одеше и тивко го успиваше:

—  О-о-о. .. О-о-о! ...

А веќе осамнуваше, и беше страв и срам да чека, да не излезе некој на улица и да ја види полугола. Слезе до мочуриштето и седна на земја во честакот млади јасики. И така седеше долго, прекриена од ноќта, неподвижно гледаше во темнината со широко отворени очи и плашливо пееше приспивајќи го заспаното дете и навреденото срце свое...

—  О-о-о ... о-о-о — ... о-о-о — !...

Додека седеше така, над главата одеднаш и пркна и одлета далеку една црна, тивка птица — таа ја разбуди и ја растера. Треперејќи од студ, тргна кон дома во пресрет на тепањето и навредите, на стравотноста на која беше навикната ...

Последен пат воздивна ѕвонливиот акорд, неопределен, студен, воздивна и изумре.

Софија се сврте, полека го праша брата си:

—  Ти се допадна ли?

—  Многу! — рече тој тргнувајќи се како разбуден. — Многу ...

На мајката во градите и пееше и потреперуваше ехото на спомените. И некаде отстрана се разбудуваше мислата:

—  Ете — живеат луѓето сложно, мирно. Не се пцујат, не пијат вотка, не се колат за залак леб... како што се случува кај луѓето чијшто живот е црн.

Софија пушеше. Пушеше многу, непрестајно.

—  Ова најмногу го сакаше покојниот Костја! — рече брзо вовлечувајќи чад и повторно го фати тивкиот, тажен акорд. — Колку сакав да му свирам! Колку беше чувствителен, одѕивлив на се, — полн со се ...

—  Сигурно за мажот си спомнила — за момент помисли мајката. — А — се насмевнува ...

—  Колку среќа ми даде тој човек... — тивко зборуваше Софија придружувајќи ги своите зборови со лесните звуци на жиците. — Колку умееше да живее...

—  Да-а! — рече Николај галејќи ја својата брадичка. — Распеана душа! ...

Софија ја фрли тукушто начнатата цигара, се сврте кон мајката и ја праша:

—  Да не ви пречи моето бучење!

Мајката одговори со лесна мака, која не можеше да ја воздржи:

—  Не прашувајте ме, ништо не разбирам. Седам, слушам, мислам за себе ...

—  Не се сложувам со тоа — морате да разбирате!— рече Софија. — Жената не може да не ја разбира музиката, особено ако е тажна...

Таа силно удри по клавишите и се зачу гласен писок, како да чу некоја страшна вест за себе — која како да го удрила в срце и го истргнала тој потресен звук. Плашливо затрепереа младите гласови и навалија некаде брзајќи, збркано; повторно писна силниот бесен глас заглушувајќи се. Како да се случи несреќа, но не предизвикува тага, туку гнев. Потоа се јави некој нежен и силен и запеа проста, убава песна која занесува и повикува по себе.

Срцето мајчино се исполни со желба да им каже нешто на тие луѓе. Се насмевнуваше опијанета од музиката, чувствувајќи дека со радост би сторила нешто за братот и сестрата.

И барајќи со очите — што може да стори? — полека отиде в кујна да го пристави самоварот.

Но таа желба не можеше да ја задоволи со тоа, и турајќи чај, таа зборуваше, збунето насмевнувајќи се како да го бришеше своето срце со зборови на топла нежност, којашто еднакво им ја даваше и ним и себеси.

—  А ние, луѓето чиј живот е црн, — се чувствуваме, но тешко ни е да искажеме, ни е срам што, ете,— разбираме, а не можеме да искажеме. И често — од срам — се лутиме на своите мисли. — Животот од сите страни те тепа и сече, сакаш да здивнеш, а мислите,— пречат.

Николај слушаше бришејќи ги очилата, а Софија ја гледаше широко отворајќи ги своите големи очи и заборавајќи на цигарата што гаснеше. Седеше наполу свртена кон клавирот и одвреме навреме полека ги подудираше клавишите со танките прсти на десната рака. Акордот внимателно се слеваше со мајчиниот говор којшто чувствата брзо ги пренесуваше во прости, искрени зборови.

— Ете, сега јас барем можам да речам нешто за себе, за луѓето, оти — почнав да разбирам, можам да споредувам. Порано живеев — и со ништо животот не можев да го споредувам. Кај нас — сите живеат на ист начин. А сега гледам како живеат другите, се сеќавам како сум живеела самата и — горко ми е, тешко!

Таа го снижи гласот и продолжи:

—  Можеби јас зборувам нешто, а не е така и не треба да се зборува тоа оти вие самите сето тоа го знаете...

Солзите и заѕвонија во гласот и, гледајќи ги со насмевка во очите, рече:

—  Би сакала да го отворам срцето пред вас за да видите колку ви пожелувам среќа, добро!

—  Го гледаме ние тоа! — тивко рече Николај.

Таа не можеше да ја засити својата желба и повторно им го зборуваше она што и беше ново и што и се чинеше како необично важно. Почна да раскажува за својот живот поминат во навреди и трпеливо мачење, раскажуваше без лутина, со сожалувачка насмевка на усните, го одвиткуваше пред нив сивиот свиток тажни денови набројувајќи ги тепаниците на мажот, и самата неа ја поразуваа ништожните причини за тие тепања, сама се чудеше како не можела да ги спречи ...

Ја слушаа молчешкум, потиснати од длабоката смисла на простата историја на човек кого го сметале за животно и кој самиот долго и безропотно така се чувствувал. Од нејзината уста како да зборуваа илјада животи: се со што живеела таа беше обично и просто, но — толку просто и обично живееле безброј многу луѓе на земјава и нејзината историја добиваше значење на симбол. Николај беше налактен на масата, ја ставил главата во рацете и не мрдаше гледајќи ја низ очилата со напнато подзамижаните очи. Софија беше завалена на навалката од столот и понекогаш се стреснуваше одречно одмавнувајќи со главата. Лицето и стана уште помршаво и побледо, престана да пуши.

— Еднаш се почувствував несреќна, ми се пристори дека животот ми е — треска, — тивко почна да зборува наведнувајќи ја главата. — Тоа беше во прогонство. Мало околиско гратче, работа нема, за ништо не мислиш освен за себе. Ги собирав сите свои несреќи и ги мерев и немајќи што да работам: ете, — се скарав со татко ми кого го сакав, ме истераа од гимназија и ме навредија, в затвор, предавство на другар кој мене ми бил близок, апсење на мажот, пак в затвор и прогонство, смртта на мажот. И тогаш ми се чинеше дека најнесреќниот човек сум — јас. Но сите мои несреќи и десетпати повеќе да беа, — не се ни месец од вашиот живот — Пелагија Ниловна ... Тоа е секојдневно мачење низ цела низа години... Каде ја црпат луѓето силата за да се мачат?

—  Навикнуваат! — со воздишка одговори Власова.

—  Мене ми се чинеше — дека го познавам животот! — замислено рече Николај. — Но кога за него не зборува ни книга ниту моите несредени впечатоци, туку така, тој самиот — тогаш тоа е страшно! И страшни се ситниците, страшни се — ништожностите. Минутите од кои се нижат годините ...

Разговорот течеше, растеше опфаќајќи го тешкиот живот од сите страни, мајката се задлабочуваше во своите спомени и, — извлекувајќи ги од мракот на минатото секојдневните навреди, создаваше тешка слика на нема стравотност во која потонала нејзината младост. Најпосле рече:

—  Ој, ве зазборував — време е да си починете! Се — не се докажува ...

Братот и сестрата молчешкум се простија со неа. И се пристори дека Николај и се поклони подлабоко одошто инаку, и дека посилно и ја стегна раката. А Софија ја испрати до одајата и застанувајќи на вратата, тивко рече:

—  Починете си — добра ноќ!

Од нејзиниот глас вееше топлина, а сивите очи меко го милуваа мајчиното лице...

Таа ја зеде раката на Софија и стегајќи ја со своите раце, одговори:

—  Ви благодарам!...