Остатокот од денот мина во шарената магла на спомените, во тешката капнатост којашто цврсто го имаше опфатено телото и душата. Пред мајката како сива дамка потскокнуваше малото офицерче, сјаеше бронзеното лице на Павела, се насмевнуваа очите на Андреј.
Одеше низ одајата, седнуваше кај прозорецот, гледаше кон улицата, повторно шеткаше поткревајќи ја веѓата, трепнуваше, се огледуваше и без мисли нешто бараше. Пиеше вода, не можеше да ја згасне жедта, но ни горештото тлеење на маката и навредата. Денот беше пресечен. — Во почетокот имаше содржина, а сега се од него истече, пред неа се простираше тажна пустелија и се колебаше збунетото прашање:
— Сега што? ...
Дојде Корсунова. Размавтуваше со рацете, викаше, плачеше и паѓаше во оган, тупаше со нозете, нешто нудеше и ветуваше, заплашуваше некого. Сето тоа мајката не ја возбудуваше.
— Аха! — го слушаше таа врескавиот глас на Марја. — Гибнаа сепак во народот! Стана фабриката — целата стана!
— Да, да! — тивко велеше мајката вртејќи ја главата, а очите неподвижно и го посматраа она што веќе беше станато минато, што отиде од неа заедно со Андреј и Павел. Да плаче не можеше — срцето и беше стегнато, овенато, усните исто така исушени и во устата немаше влага. Рацете и се тресеа, ситно трепереше и ја ежеше кожата по грбот.
Вечерта дојдоа џандарите. Таа ги пречека без чудење, без страв. Влегоа со врева и нешто беа весели, задоволни. Жолтоликиот офицер покажувајќи ги забите зборуваше:
— Па, како живеете? Веќе третпат се среќаваме со вас, а?
Таа молчеше преминувајќи со сувиот јазик преку усните. Офицерот зборуваше многу, поучно, чувствуваше дека му е пријатно да зборува. Но неговите зборови не допираа до неа, не и пречеа. Само кога тој рече: „Ти самата си крива, мајко, што не умееше на синот да му влееш почитување кон бога и царот...“ таа, стоејќи до вратата и не гледајќи го, глуво му одговори:
— Да, нам ќе нè судат — децата. Тие ќе нè судат справедливо затоа што на таквиот пат ги оставивме.
— Што? — вресна офицерот. — Погласно!
— Велам: ќе нè судат — децата! — повтори таа воздивнувајќи.
Тогаш тој започна да зборува за нешто брзо и налутено, но неговите зборови се вртеа околу, не засегнувајќи ја мајката.
Марја Корсунова присуствуваше како сведок. Таа стоеше до мајката, но не гледаше во неа, и кога офицерот ќе и се обрнеше со какво да било прашање, таа брзо и поклонувајќи му се ниско, еднолично одговараше:
— Не знам, ваше благородие! Јас сум необразована жена, се занимавам со трговија, по глупоста своја ништо не знам ...
— Та, молчи! — наредуваше офицерот мрдајќи со мустаќите.
Таа се поклонуваше и скришно му покажуваше кукиш,[1] а на мајката и’ шепотеше:
— Де, загризи!
И наредија да ја прегледа Власова. Таа затрепка, му се овргали на офицерот и зачудено рече:
— Ваше благородие, јас не умеам!
Тој тупна со ногата, се развика. Марја ги наведна очите и тивко ја замоли мајката:
— Што ќе чиниш, откопчај се, Пелагија Ниловна ...
Прегледувајќи и пипкајќи и ги алиштата, таа со зацрвенето лице шепотеше:
— Ах, кучиња — а?
— Што зборуваш ти таму? — сурово викна офицерот загледувајќи во катот во кој го вршеше прегледот.
— Женски работи, Ваше благородие! — плашливо промрморе Марја.
Кога на мајката и’ заповеда да го потпише протоколот, таа со невешта рака, со печатни, дебели, масни букви на хартијата нацрта: „Вдовица на работник Пелагија Власова“.
— Што си напишала? Зошто е тоа? — извика офицерот намуртувајќи се со гадење, а потоа, насмевнувајќи се, рече:
— Дивјаци . ..
Тие си отидоа. Мајката застана крај прозорецот со рацете прекрстени на градите и без да мигне, не гледајќи ништо, долго гледаше пред себе со веѓите високо кренати, со набрани усни и толку стегнати вилици, што скоро чувствуваше бол во забите. Газијата во ламбата догоре, пламенот потпукнувајќи гаснеше. Таа дувна во ламбата и остана во мрак. Стоеше без мисли, а темен облак тага и ги наполни градите, намалувајќи го биењето на срцето. Стоеше долго, нозете и очите и капнаа. Чу како под прозорецот застана Марја и со пијан глас викаше:
— Пелагија! Спиеш? Маченице моја несреќна — спи!
Мајката без да се соблече легна во постелата и брзо, како да падна во длабок вир, потона во тежок сон.
Го сонуваше жолтото песочно ритче зад мочуриштето, над патот кон градот. На крајот од ритчето на долот што се спушташе кон јамите од кои вадеа песок, стоеше Павел и со гласот на Андреј тивко, ѕвонливо пееше:
— Станете, презрени на светот . ..
Таа одеше патем покрај ритчето и со раката на челото го гледаше синот. Спроти синото небо неговата фигура се оцртуваше остро и јасно. Не се решаваше да му се приближи, зашто беше бремена. И на раце исто имаше дете. Тргна понатаму. В поле дечињата играа топка, беа многу, а топката им беше црвена. Детето од нејзините раце почна да се трга кон нив и силно се расплака. Таа го надои и го врати назад, а на ритчето веќе стоеја војници со штиковите навртени во неа. Таа брзо побегна кон црквата што стоеше среде полето, бела, лесна црква направена како од облаци и неизмерно висока. Таму некого закопуваа, мртовечкиот сандак беше голем, црн, капакот на него беше цврсто закован. Но свештеникот и ѓаконот одеа низ црквата во бели мантии и пееја:
— Христос воскресе из мертвих ...
Ѓаконот кадеше, се поклонуваше, се насмевнуваше, косата му беше многу црвена и лицето весело како на Самојлов. Одозгора од купето паѓаа широки сончеви зраци, како крпи. На двата клироса пееја дечиња:
— Христос воскресе из мертвих.. .
— Фатете ги! — одеднаш извика свештеникот застанувајќи среде црквата. Мантијата ја снема од него, на лицето му се појавија побелени, строги мустаќи. Сите рипнаа да бегаат и ѓаконот се растрча фрлајќи го кандилото настрана и фаќајќи се со рацете за глава, како Хохолот. Мајката го пушти детето на душеме под нозете на луѓето, тие претрчуваа крај него, плашливо погледнувајќи во голото тело, а таа, клекната им викаше:
— Не оставајте го детето! Земете го ...
— Христос воскресе из мертвих ...
— пееше Хохолот со рацете на грбот, смешкајќи се.
Таа се наведна, го крена детето и го намести на една кола со штици покрај која полека одеше Николај и кикотејќи се зборуваше:
— Тешка работа ми дадоа .. .
Улицата беше каллива, на прозорците од куќите се подаваа луѓе и свиркаа, викаа, мавтаа со рацете. Денот беше јасен, сонцето имаше припечено и сенка никаде немаше.
— Пејте, мајче! — зборуваше Хохолот. — Таков е животот.
И пееше заглушувајќи ги со својот глас сите звуци. Мајката одеше по него; но одеднаш се слизна, брзо летна во бесконечна длабочина и таа длабочина ја пречекуваше со заплашувачко јачење ...
Се разбуди опфатена од треска. Нечија корава, тешка рака како да и го фатила срцето и тивко и го стега играјќи пакосно. Упорно завиваше сирената повикувајќи на работа, и таа заклучи дека тоа е веќе вториот повик. Низ одајата неуредно се валкаа книги, се беше растурено, испревртено, душемето изгазено.
Стана и без да се измие и да му се помоли на бога, почна да ја суредува одајата. Во кујната и падна в очи стапот со парче црвено платно, налутено го зеде в раце и сакаше да го фрли под печката, но воздивнувајќи, го откина од него остатокот од знамето, грижливо ја здипли црвената крпа и ја скри в џеб, а стапот го прекрши преку коленото и го фрли зад печката. Потоа ги изми прозорците и душемето со студена вода, го пристави самоварот, се облече. Седна во кујната кај прозорецот и повторно пред неа се појави прашањето:
— Што да се прави сега?
Кога си спомни дека уште не се помолила, застана пред иконите и откако постоја неколку секунди, пак седна — во срцето и беше пусто.
Беше необично тивко — сите луѓе коишто синоќа толку викаа по улиците сега како да се напикале по куќите и молчешкум мислат за необичниот ден.
Одеднаш се сети за глетката што ја виде еднаш во времето на својата младост. Во стариот парк на господата Заусајлови имаше големо езеро, густо обраснато со водни цвеќиња. Во еден сив есенски ден одеше покрај езерото и на неговата средина забележа чун. Езерото беше темно, мирно, и чунот беше како залепен на црната вода, тажно украсена со жолти лисја. Длабока тага, незнаен јад вееја од тој чун без веслач и весла, осамен, неподвижен на мрачната вода среде умрените лисја. Тогаш таа долго стоеше на брегот од езерото и мислеше: кој го турнал чунот од брегот и зошто? Тој ден вечерта се дозна дека во езерото се удавила жената на трговскиот помошник на Заусајлови, сумала жена со црна, секогаш неисчешлана коса и со брз од.
Мајката премина со раката преку лицето додека мислата треперливо и заплива по впечатоците од вчерашниот ден. Опфатена од нив седеше долго со погледот управен кон чашата со истинатиот чај, а во душата и се разгоруваше желбата да види некој умен, срдечен човек, да го праша за многу нешта.
И чиниш одговарајќи на нејзината желба, поручекот дојде Николај Иванович. Но кога го виде, одеднаш се вознемири и, не одговарајќи на неговиот поздрав, полека проговори:
— Ај, батјушка мој, не требаше да доаѓате! Тоа е непретпазливо! Та, ќе ве фатат ако ве видат...
Цврсто и’ ја стегна раката, ги намести очилата и приближувајќи го своето лице брзо и објасни:
— Јас, гледате, се договорив со Павела и со Андреј ако, ги затворат — утредента да ве преселам в град! — зборуваше нежно и загрижено. — Правеа ли претрес кај вас?
— Правеа. Претресуваа, испретураа! Тие луѓе немаат ни срам ни совест! — извика таа.
— Зошто да им е срам? — ги крена рамената Николај и почна да раскажува зошто е потребно тие да живеат в град.
Го слушаше пријателскиот, грижлив глас, го гледаше со тажна насмевка и не сфаќајќи ги неговите докази се чудеше со чувство на топла доверба кон тој човек.
— Ако Паша така рекол, — рече таа, — и ако нема да ве вознемирувам ...
Тој ја прекрша:
— За тоа не грижете се. Јас живеам сам, а само понекогаш доаѓа сестра ми.
— Не ќе ви го јадам лебот бадијала, — гласно размислуваше таа.
— Ако сакате — работа ќе се најде — рече Николај.
За неа со поимот за работа веќе неразделно се слеваше претставата за работата на синот и на Андреј со другарите. Таа се приближи кон Николај и, загледувајќи му се в очи, праша:
— Ќе се најде?
— Моето домаќинство е мало, ерген сум....
— Не мислев на тоа, на домашна работа! — тивко рече таа.
И невесело воздивна, чувствувајќи се навредена од тоа што не ја разбра. Тој замислено, и насмевнувајќи се со кратковидите очи, рече:
— Па ако при состанокот со Павела сакате да го прашате за адресата на оние селани што молеле за весник...
— Ги знам! — радосно извика таа. — Ќе ги најдам и ќе сторам се како што велите. Кој ќе помисли дека носам забрането? Во фабриката носев — сполај му на господа!
Одеднаш и се присака да тргне некаде по патишта, покрај шуми и села, со торба на рамо, со стап в раце.
— Вие, мили мој, ставете ме на тоа, ви се молам! — зборуваше. — Секаде ќе ви одам. По сите губернии, сите патишта ќе ги најдам! — Ќе одам зиме и лете — сè до гробот, како скитница — зарем лоша судбина е тоа?
И’ се дожали кога себеси се замисли како бескуќна патница која пита милост заради Христа под прозорците на селските куќарки.
Николај внимателно ја зеде за рака и и ја погали со својата топла рака. Потоа, погледнувајќи го часовникот, рече:
— За тоа ќе зборуваме подоцна!
— Милиот! — извика таа. — Децата, најдрагоцените делови на нашето срце си ја даваат слободата и својот живот, гинат не жалејќи се себеси — а што јас, мајката?
Лицето на Николај побледе, тој тивко проговори гледајќи ја со топло внимание:
— Знаете ли дека првпат слушам такви зборови ...
— Што можам јас да кажам? — тажно вртејќи ја главата велеше таа и со немоќно движење ги рашири рацете. — Кога би имала зборови да кажам се за своето мајчинско срце ...
Мајката стана освежена од силата што и растеше во градите и што и ја занесуваше главата со топлиот прилив на бујни зборови.
— Би заплакале — мнозина... Дури и лошите, несвесните...
Николај исто така стана повторно погледнувајќи во часовникот.
— Значи, решено е — ќе се преместите кај мене в град?
Таа молчешкум потврди со главата.
— Кога? Брзајте! — помоли тој и благо додаде: — Се плашам за вас, навистина!
Таа зачудено го погледна — што има да се плаши за неа? Со наведната глава, збунето насмеан, стоеше пред неа подгрбавен, кратковид, во просто црно палто, се на него беше како туѓо...
— Имате ли пари? — праша тој наведнувајќи го погледот.
— Не!
Тој брзо го извади ќесето од џебот, го отвори и и подаде.
— Еве, ви се молам, земете...
Мајката не сакајќи се насмевна и вртејќи ја главата забележа:
— Сè — по нов начин! И парите без цена! За нив луѓето си ја губат душата, а за вас тие се — ситница! Како да ги држите во себе од милост кон луѓето ...
Николај тивко се насмевна.
— Парите се — страшно незгодна и непријатна работа! Секогаш е незгодно и да се земаат и да се даваат...
Ја зеде за рака, силно ја стегна и уште еднаш помоли:
— Па побрзајте!
И тивко како секогаш, излезе.
Откако го испрати, таа помисли:
— Толку добар — а не ме пожали.
И не можеше да си објасни — дали и’ е тоа непријатно, или само ја чуди.
Фусноти
[1] Кукиш - покажување на палецот вметнат меѓу показалецот и средниот прст.