Ја турнаа в гради. Низ маглата во очите пред себе го виде офицерчето, лицето му беше црвено, напнато и тој и’ викаше:
— Назад, жено!
Го гледаше од главата до петиците, му го виде копјето од знамето под нозете, раскршено на два дела, на едниот се задржало парче црвена материја наведнувајќи се, таа го крена. Офицерот и го истргна дрвото од раката, го фрли настрана и тупајќи со нозете викаше:
— Назад, кога велам!
Меѓу војниците се изви и се разнесе песна:
— Станете, презрени на светот ...
Сè се вртеше, се брануваше, трепереше. Во воздухот се носеше длабоко, вознемирено бучење, слично на задавено бучење на телеграфските жици. Офицерот потскокна, раздразнето испиште:
— Престанете со песната! Фелдфебел Крајнов ...
Нишајќи се мајката се приближи кон парчето дрво што тој го фрли и повторно го крена.
— Затнете им ги устите! ...
Песната се сплетка, затрепере, угасна. Некој ја зеде мајката за рамена, ја сврти, ја турна в грб...
— Оди, оди ...
— Да се исчисти улицата! ... — викаше офицерот.
Мајката на десет чекори од себе повторно го виде густиот куп луѓе. Врескаа, мрмореа, потсвирнуваа и полека отстапувајќи во длабочината на улицата, се разотидуваа по домовите.
— Оди, ѓаволе! — и’ викна на мајката право в уво млад, мустаќест војник, се израмни со неа и ја турна на тротоарот.
Таа тргна потпирајќи се на копјето, нозете и се пресечуваа. За да не падне, со другата рака се придржуваше на ѕидовите и оградите. Пред неа луѓето се настрануваа, крај неа и зад неа одеа војници подвикнувајќи:
— Оди, оди ...
Војниците ја престигнаа, таа застана, погледна наоколу. На крајот од улицата во редок синџир седеа пак тие, војниците и го бранеа излезот на плоштадот. Плоштадот беше пуст. Напред исто така се движеа сиви фигури, полека растерувајќи ги луѓето...
Сакаше да се врати назад, но не знаејќи зошто, повторно тргна напред и кога стигна до споредната уличка, сврте по неа, тесна и пуста.
Повторно застана. Тешко воздивна, наслушна. Некаде пред неа вревеше народ.
Потпирајќи се на стапот, тргна понатаму кревајќи ги веѓите, веќе испотена, мрдајќи со усните, размавтувајќи со рацете, во срцето како искри и се жареа некакви зборови, се жареа, се тискаа жегајќи ја упорно незаузданата желба да ги каже, да ги извика ...
Уличката одеднаш свртуваше в лево и зад аголот мајката забележа голем, натискан куп луѓе; гласот на некого силно зборуваше:
— Од инает, луѓе, не се оди на штиковите!
— Ги видовте ли? А? Одат на нив — тие стојат! Стојат, браќа мои, без страв ...
— А пак Паша Власов!...
— А Хохолот?
— Со рацете прекрстени на грбот, се смее, ѓаволот ...
— Мили мои! Луѓе! — извика мајката туркајќи се во купот. Пред неа се тргаа со почитување. Некој се насмеа:
— Гледајте — со знамето! В раце и’ е — знамето!
— Молчи! — сурово рече друг глас.
Мајката ги рашири рацете ...
— Слушајте — поради Христа! Сите сте вие — родени ... Сите сте вие — драги ... Погледнете без страв— што се случи? Децата одат во мир, крвта наша, одат за правда ... За сите! За сите вас, за вашите помлади се посветиле себеси на маченички живот... бараат светли денови. Сакаат друг живот во вистина, во правичност ... им го сакаат доброто на сите!
Срцето и’ се кинеше, во градите и’ беше тесно, грлото суво и полно со оган. Длабоко внатре и’ се редеа зборовите на голема љубов, која опфаќаше сè и секој, и го печеа јазикот, што и’ се одврзуваше сè посилно, сè послободно.
Виде — ја слушаат, сите молчат; чувствуваше — луѓето мислат, се тискаат околу неа и во неа растеше желбата — сега веќе и’ е јасна — желбата да ги турне луѓето таму, по синот, по Андреј, по сите што ги предадоа во рацете на војниците, ги оставија сами.
Посматрајќи ги намуртените и внимателни лица околу себе, со нежна сила продолжи:
— Одат во мир децата наши кон радост — отидоа заради сите и заради Христовата правда — против се со што не затворија, со што не врзаа, со што не задушија злосторниците наши, лажливците, лакомците наши! Драги мои — за целиот народ се крена младата крв наша, за целиот свет, за сите работници отидоа тие! ... Не одделувајте се од нив, не одречувајте се, не оставајте ги децата свои сами на патот ... Пожалете се себеси... Поверувајте им на срцата на синовите — тие ја родија вистината, заради неа гинат. Поверувајте им!
Гласот и’ се пресече, се заниша премалена, некој ја фати под рака ...
— Господови зборови вели! — возбудено и глуво извика некој. — Господови зборови, добри луѓе! Слушајте!
Друг почна да ја жали:
— Ех, како сама себеси се отепува!
Му одговорија со прекор:
— Не се убива себеси, туку нас, глупавите нè тепа — разбери!
Над купот се изви висок, треперлив глас:
— Православни! Митја мој — чиста душа — што направи тој ? По другарите отиде, по саканите ... Вистина зборува таа — зошто ги напуштаме децата? Што лошо ни сториле тие?
Мајката од тие зборови затрепери и се одзва со тивки солзи.
— Ајде дома, Ниловна! Ајде, мајче! Се намачи! — гласно рече Сизов.
Беше блед, разбушавената брада му се тресеше. Одеднаш, намрштувајќи ги веѓите, фрли остар поглед на сите, се исправи и јасно рече:
— Го удави фабриката мојот син Матвеј — знаете. Но ако беше жив — јас ќе го испратев напред со нив — сам ќе му речев: оди и ти, Матвеј! Оди, тоа е — вистинско, тоа е — чесно!
Стоеше, замолче и сите невесело молчеа силно опфатени од нешто големо, ново но нешто што веќе не ги плашеше. Сизов ја крена раката, ја затресе и продолжи:
— Старец зборува — ме знаете! Триесет и девет години работам јас овде, педесет и три години живеам на земјава. Моето внуче, чесно момче, умник, денеска пак го однесоа. И тој одеше напред, покрај Власов — до самото знаме.
Мавна со раката, се згрчи и, земајќи ја мајката за рака, рече:
— Оваа жена вистината ја рече. Децата наши сакаат да живеат чесно, разумно, а ние ете, ги отфрливме. — Отидоа, да! Ајде, Ниловна!...
— Драги мои! — рече таа фрлајќи на сите плачен поглед. — Животот е — за децата, за нив е — земјата!...
— Ајде Ниловна! На, земи го стапов, — и’ зборуваше Сизов подавајќи и го парчето од копјето.
Во мајката гледаа со тага, со почитување, ја испраќаше врева од соучесни гласови. Сизов немо ги отстрануваше луѓето од патот, тие молчешкум се тргаа и покорувајќи и се на нејасната сила која ги влечеше кон мајката, полека тргнаа по неа разменувајќи полугласно по некој збор.
На вратата од својата куќа се сврте кон нив потпирајќи се на парчето од знамето, им се поклони благодарно и тивко рече:
— Ви благодарам ...
И спомнувајќи си повторно за својата мисла — новата мисла која, и се чинеше, ја роди нејзиното срце, — додаде:
— Господ наш Исус Христос не ќе беше ако луѓето не гинеа за славата негова ...
Масата народ молчешкум ја посматраше.
Таа уште еднаш им се поклони на луѓето и влезе во својата куќа, а Сизов, со наведната глава, влезе по неа.
Луѓето стоеја на вратата, за нешто зборуваа.
И се разотидуваа, не брзајќи.