XXV

Во ходникот некој силно затупка. Тие двајцата се тргнаа и се погледнаа еден со друг. Вратата полека се отвори и низ неа тешко влезе Рибин.

—  Ете! — кревајќи и’ ја главата и смешкајќи се рече тој. — Нашиот Фома се го трга — лебот, виното, поклонувајте му се! ...

На себе имаше кожув извалкан со катран, опинци, на појасот му висеа нараквици, а на главата бушава шубара.

—  Здраво ли сте? Те пуштиле, Павел? Така. Како живееш, Ниловна? — се смееше на цела уста покажувајќи ги белите заби, гласот му ѕвонеше помеко одошто порано, лицето повеќе му беше зарастено во брада.

Мајката се израдува, му се приближи, му ја стегна големата, црна рака и вдишувајќи го здравиот, закрепувачки мирис на катранот, проговори:

—  Ах, ти ... Е, мило ми е! ...

Павел се смешкаше разгледувајќи го Рибина.

—  Добро селанче!

Соблекувајќи се полека, Рибин зборуваше:

—  Да, пак станав селанец — вие полека одите кон господата, а јас се враќам назад... ете!

Поправајќи ја шарената кошула, премина во одајата, ја одмери внимателно и изјави:

—  Како што гледам, покуќнината не ви пораснала, а книги имате повеќе, — ете. Де, кажувајте ми како е?

Седна, широко ги расчекори нозете, се навали со дланките на колената и посматрајќи го Павела, прашално, со темните очи очекуваше одговор со добродушна насмевка:

—  Работите се развиваат добро! — рече Павел.

—  Ораме та жнееме, да лажеме не умееме, а штом летнината ќе ја собериме — ракијата ја вариме, и лежиме пијани — така ли е? — задираше Рибин.

—  Како сте, Михаил Иванич? — праша Павел седнувајќи спроти него.

— Прилично. Добро живеам. Се задржав во Јегилдеево, сте чуле за — Јегилдеево? Добро село. Два панаѓура во годината, жители преку две илјади, опасен народ! Земја нема, се дава наполица, лоша земја. Се понудив како надничар кај еден дерикожа — таму ги има како мушички на мртво тело. Катран носиме, јаглен гориме. За работата добивам четирипати помалку, а грбот го кршам двапати повеќе одошто овде — ете. Седум сме кај него, кај тој дерикожа. Добро е, млади луѓе, сите тамошни, освен мене, писмени сите. Едно момче, Ефим, толку е пргав, да не ти зборувам!

—  А што вие, разговарате ли со нив? — живо праша Павел.

—  Не молчам. Кај мене се сите тукашни летци — триесет и четири по број. Но јас повеќе влијаам со Библијата. Таму многу може да се најде, книгата е дебела, државна, синодот ја печател, може да се верува!

Тој му намигна на Павела и смешкајќи се продолжи:

—  Само малку е тоа. Ти дојдов по книги. Ние двајцата сме тука, Ефим е со мене, теравме катран и околу наоколу навративме кај тебе! Снабди ме со книги додека не стигнал Ефим, тој не треба многу да знае . . .

Мајката го посматраше Рибин и и’ се пристори дека заедно со палтото од себе соблече уште нешто. Стана помалку солиден и очите поитро му гледаа, не толку отворено како порано.

—  Мамо — рече Павел — одете, донесете книги. Таму знаат што треба. Речете — за на село.

—  Добро! — рече мајката. — Штом зоврие самоварот — јас ќе отидам.

—  Зарем и ти со тоа се занимаваш, Ниловна? — насмевнувајќи се праша Рибин. — Така. Кај нас таму има многу љубители на книги. Учителот придобива, велат, добро момче, иако е од свештеничка фамилија. Учителка исто така постои на некои седум врсти. Но тие не работат со забранета книга, службени луѓе — се плашат. А мене ми е потребна забранета, остра книга. Јас на нивна сметка ќе ја протурам... Ако некој од власта или попот видат дека книгата е забранета, ќе помислат: — Тоа учителите го сеат! А јас настрана ќе останам додека не дојде моето време.

И задоволен со својата мудрост, весело ги чакна забите.

—  Види го ти него! — помисли мајката. — Изгледаш како мечка, а живееш како лисица ...

—  Како мислите — праша Павел — ако падне сомнението на учителите дека тие растураат нелегални книги, ќе ги затворат ли за тоа?

—  Ќе ги затворат. — А зошто? — праша Рибин.

—  Вие сте ги давале книгите, а — не тие? Вие треба да одите в затвор...

—  Чуден човек! — се насмевна Рибин удирајќи се по коленото. — Кој ќе помисли на мене? Прост селанец со тоа да се занимава? Книгата е господска работа, тие нека одговараат за неа ...

Мајката чувствуваше дека Павел не го разбира Рибина и виде како подзамижа — значи, се лути. Затоа внимателно и меко рече:

—  Михаил Иванович сака да ја врши работата, а други за него да одговараат...

—  Така е! — рече Рибин галејќи ја брадата. — Додека не дојде моето време.

—  Мамо! — суво извика Павел. — Ако макар кој од нашите, на пример Андреј, стори нешто во мое име, а мене да ме пикнат в затвор — што би рекла ти?

Мајката затрепере, збунето погледна во синот и одмавнувајќи со главата одречно рече:

—  Зарем е можно така да се постапи против другарот?

—  Аха-а! — растегна Рибин. — Те разбирам, Павел! — зајадливо намигнувајќи и’ се обрна на мајката:

—  Тука, мајче, лежи јазолот.

И повторно со поучен тон му рече на Павела:

—  Незрело мислиш, ти, братко! Во тајните работи — нема чест. Размисли сам: прво, в затвор ќе го пикнат поскоро оној младич кај кого ќе најдат книга, одошто учителот, — едно. Второ, ако учителите даваат и одобрени книги, тие всушност се исти со забранетите, само зборовите се поинакви, вистината е помала, — два. Значи, тие го сакаат она истото што го сакам и јас, само што одат прекутрупа, а јас патем, — пред власта еднакво сме виновни, не е ли така? — А трето, мене, братко не ми е грижа за нив — пешакот на коњаникот не му е другар. Против селаните, можеби така и не би правел. А тие — еден попски син, другата — спаиска ќерка — зошто треба тие да го креваат народот — не знам. Нивните господски мисли мене, селанец, ми се непознати. Што правам сам — знам, а што сакаат тие— тоа ми е непознато. Илјада години луѓето постојано биле господа и ја дереле кожата селска, а одеднаш — се разбудиле и почнале на селанецот да му ги отвораат очите. Јас, братко, не сум љубител на приказни, а тоа се — прости приказни. Од мене сите господа се далеку. Се возиш зиме по полето, пред тебе нешто живо мрда, што е тоа? Волк ли е, лисица ли е или просто куче — не гледам! Далеку.

Мајката го погледна синот. Лицето му беше невесело.

А очите на Рибин светкаа со мрачна светлост, го гледаше Павела задоволен со самиот себе и возбудено расправајќи ја брадата со прстите, зборуваше:

—  Немам време да бидам љубезен. Животот гледа со строги очи; кучкарникот не е трло, а секое куче лае како што знае...

—  Има и господа — се замеша мајката спомнувајќи си ги познатите лица — кои се отепуваат себеси за народот, целиот живот мрачно го поминуваат по затворите...

—  Спрема светецот и тропарот. И на таквите им се оддава друга почест! — рече Рибин. — Селанецот се богати — кон господата оди, господинот осиромашува— кај селанецот доаѓа. Попусто душата е чиста ако е ќесето празно. Си спомнуваш ли, Павел ми објасни дека — како кој живее, така и мисли, и ако работникот вели — да, стопанот мора да рече — не, а ако работникот рече — да! Така, ете и селанецот и господинот имаат различни природи. Ако селанецот е сит — господинот ноќе не спие. Најпосле, во секоја пченица — има каклица, и сите селани не треба да се земаат во заштита...

Тој стана на нозе мрачен и силен. Лицето му се замрачи, брадата му затрепери, забите како да му чкртнаа и тој со понизок глас продолжи:

—  Пет години поминав јас во фабриките, се одвикнав од селото, ете! Се вратив таму, погледнав, гледам— не можам јас така да живеам! Разбираш ли? Не можам! Вие тука живеете — вие не ја гледате онаа беда. А таму — како сенка оди гладот по човекот и нема надеж за леб — не! Гладот душите ги голтна, ликот човечки го избриша, не живеат луѓето, туку гнијат во бескрајна сиромаштија ... А околу, како гаврани, власта стражари, гледа да не имаш одвишен залак. Видат ли — грабнуваат, а тебе по муцка ...

Рибин се осврна, се приближи кон Павела потпирајќи се со раката на масата.

—  Мене дури ми се згади кога повторно загледав во тој живот. Гледам — не можам! Сепак се победив себеси — не, мислам, се шегуваш, душо! Ќе останам! Јас нема да ве наранам, но ќе запржам чорба. — Ќе ја запржам, братко! Болка во срцето носам заради луѓето и од луѓето. Таа во моето срце стои како нож и се клати.

Челото му се испоти. Наднесувајќи се полека над Павела, му ја положи раката на рамото. Раката му потреперуваше.

—  Дај ми помош! — дај книги и тоа такви што човек кога ќе ги прочита да не може да најде мир. Еж под черепот треба да се стави, еж бодлив! Кажи им на твоите градски пријатели што пишуваат за вас — и за селото нека пишуваат! Нека прават така за да може селото да избувне — за да може народот во смрт да тргне!

Ја крена раката и нагласувајќи го секој збор, глуво рече:

—  Смртта со смрт да се победи — ете! Значи — умри за да можат луѓето да воскреснат. И нека умрат илјади за да воскресне безброен народ на целата земја! Ете. Да се умре лесно е. Ќе воскрснат! Ќе се кренат луѓето!

Носејќи го самоварот, мајката под око го погледна Рибина. Неговите зборови, тешки и силни, ја притискаа.

Во него имаше нешто што ја потсетуваше на мажот, тој — исто така ги чакаше забите, ги размавтуваше рацете, ги сучеше ракавите, во него живееше исто таква нетрпелива пакост, нетрпелива но нема. Овој — зборуваше. И беше помалку страшен.

—  Треба тоа! — рече Павел потврдувајќи со главата. — Дајте ни материјал, ние ќе ви печатиме весник...

Мајката со насмевка погледна во синот, ја сврте главата, молчешкум се облече и излезе од дома.

—  Работи! Сè ќе ви дадеме. Пишете попросто за да можат телињата да разберат! — извикуваше Рибин.

Во кујната се отвори вратата, некој влезе.

—  Тоа е Ефим! — рече Рибин погледнувајќи во кујната. — Ела ваму, Ефиме! Овој е — Ефим... а овој човек се вика — Павел, сум ти зборувал за него.

Пред Павела, држејќи ја капата в раце и со сивите очи гледајќи го попреку, застана русокос младич, со широко лице, во кус кожув, кршен и наизглед силен.

—  Добро ви здравје! — зарипнато рече тој и, откако му ја стегна раката на Павела, со двете раце ја замазни правата коса. Фрли поглед по одајата и веднаш, полека, како да се прикрадува, отиде кон полицата со книги.

—  Забележа! — рече Рибин намигнувајќи му на Павела. Ефим се обѕрна, го погледна и почна да ги разгледува книгите велејќи:

—  Колку имате за читање! — А да читате, секако, немате кога. На село има повеќе време за тие работи ...

—  А волја помалку? — праша Павел.

—  Зошто? И волја има! — одговори младичот триејќи ја брадата. — Народот ја раздвижи главата. „Геологија“ — што е тоа?

Павел му објасни.

—  Не е за нас! — рече младичот враќајќи ја книгата на полица.

Рибин гласно воздивна и забележа:

—  Селанецот не го интересира како настанала земјата, туку како се раздробила — како господата земјата ја истргале од под народните нозе? Дали таа стои или се врти, тоа не е важно — и на врвца, ако сакаш, обесија — само нека дава да јадеме; и со железо на небото заковај ја — само нека ги храни луѓето!...

„Историја на робувањето" — пак прочита Ефим и го праша Павела:

—  За нас ли е?

—  Има и за крепосното право! — рече Павел подавајќи му друга книга. Ефим ја зеде, ја преметна низ рацете и, ставајќи ја настрана, рамнодушно рече:

—  Тоа — минало!

—  Имате ли вие имот? — праша Павел.

—  Ние? Имаме! Ние три брата, а земја — четири десетини. Песочиште — добро за бакар чистење, но за жито — неспособна земја!...

Помолче малку и продолжи:

—  Јас се ослободив од земјата — зошто ми е таа? Да не храни, не не храни, а рацете ни ги врзува. Еве четири години како одам надничар. А наесен ќе одам во војска. Дедо Михаил вели — не оди! Сега, вели, војниците ги праќаат да го тепаат народот. А јас мислам да одам. Војската го тепала народот и во времето на Степан Разин, и за времето на Пугачов. Време е тоа да престане. Како мислите вие? — праша тој внимателно гледајќи во Павела.

—  Време е! — со насмевка одговори тој. — Само— тешко е! Треба да се знае што ќе им се рече и како ќе им се рече на војниците ...

—  Ќе се поучиме — ќе се снајдеме! — рече Ефим.

—  Ако ве фати командата на дело — може да ве стрела! — заврши Павел љубопитно гледајќи го Ефима.

—  Таа — не ќе штеди! — рамнодушно се сложи младичот и повторно почна да ги прегледува книгите.

—  Пиј чај, Ефиме, време е да се тргне! — забележа Рибин.

—  Сега! — одговори младичот и повторно праша-

—  Револуцијата е — буна?

Стигна Андреј, поцрвенет, затоплен и загрижен. Молчешкум му ја подаде раката на Ефима, седна покрај Рибина и го погледна насмевнувајќи се.

—  Што гледаш невесело? — праша Рибин удирајќи го со дланката по коленото.

—  Та онака, — одговори Хохолот.

—  И тој ли е работник? — праша Ефим покажувајќи со главата на Андреј.

—  Сум! — одговори Андреј. — А зошто?

—  Тој првпат гледа фабрички работници! — објасни Рибин. — Тие се, вели, особен народ...

—  По што? — праша Павел.

Ефим внимателно го погледна Андреј и рече:

—  Кај вас коската е остра. Селанецот има потркалезни коски ...

—  Селанецот помирно стои на нозе! — прифати Рибин. — Тој под себе ја чувствува земјата макар што не е негова, но тој чувствува земја! А фабричкиот работник е — како птица, постојбина нема, нема куќа, денеска е — тука, утре — таму! Него ни жената не го врзува за едно место, ако малку нешто се случи — збогум, мила, со вила в ребра ќе те удрам! И тргнува да бара каде е подобро. А селанецот сака да создаде околу себе подобро непоместувајќи се од место. Ене, мајката дојде!

Ефим му се приближи на Павела и помоли:

—  Сакате ли да ми дадете некаква книга?

—  Повелете! — љубезно се одзва Павел.

Очите на младичот жедно светнаа и брзо продолжи:

—  Ќе ја вратам! Нашите тука во близината носат катран, тие ќе ви ја донесат.

Рибин, веќе облечен, цврсто потпашан, му рече на Ефим:

—  Ајде, време е!

—  Гледај, ќе се начитам! — извика Ефим покажувајќи ја книгата и широко насмевнувајќи се.

Кога излегоа, Павел живо извика обраќајќи му се на Андреј:

—  Ги виде ли ѓаволите? ...

—  Да-а! — полека изусти Хохолот. — Како густи облаци...

—  Го виде ли Михаил? — извика мајката. — Како да не живеел во фабрика, пак сосем станал селанец! И колку е страшен!

—  Штета што не беше овде! — му рече Павел на Андреја, кој намрштено гледаше во својата чаша со чај седејќи до масата. — Ете, би можел да ја посматраш играта на срцето — ти постојано зборуваш за срцето! Тука Рибин толку се забревта — што ме кутна, ме задави!... Не можев да дојдам до збор. Колку недоверба кон луѓето има во него и колку евтино ги цени! Точно вели мајка, страшна сила носи во себе тој човек!...

—  Тоа го видов! — намуртено рече Хохолот. — Ги отруле луѓето! Кога ќе се кренат — сè одреда ќе испревртат! Ним им е потребна гола земја — тие ќе ја оголат, сè ќе растурат!

Зборуваше полека и беше очигледно дека мисли на друго. Мајката внимателно го фати.

—  Раскомоти се, Андрјуша!

—  Чекајте, мајче, мила моја! — тивко и милозливо замоли Хохолот.

И одеднаш, возбудувајќи се, удирајќи со раката по масата, рече:

—  Да, Павел, селанецот ќе ја оголи земјата за себе. Ако стане на нозе! Како после колера — се ќе запали, за да ја извее како пепел трагата на сите свои навреди!...

—  А потоа ќе ни застане на пат нам! — тивко забележа Павел.

—  Нашата работа е — да не го допуштиме тоа! Наша работа е, Павел, да го воздржиме! Ние сме му поблиски од сите — тој ќе ни поверува — ќе тргне по нас!

—  Знаеш, Рибин ни предлага да издаваме весник за селото! — соопшти Павел.

—  И — треба!

Павел се насмевна и рече:

—  Криво ми е што не се препирав со него!

Хохолот ја протре главата и мирно забележа:

—  Имаме кога да се препираме! Ти свири на својот кавал — кому нозете не му се зараснати в земја ќе игра по твојата музика! Рибин точно рече: Ние не чувствуваме земја под себе и не сме ни должни, затоа на нас останува да затресеме. Ќе затресеме еднаш — луѓето ќе се откинат, ќе затресеме двапати — и да видиш!

Мајката се насмевна и забележа:

—  За тебе, Андрјуша, сè е просто!

—  Па, да! — рече Хохолот. — Просто! Како животот!

По неколку минути рече:

—  Одам в поле да прошетам...

—  По капењето — има ветар, ќе те издува! — го одвратуваше мајката.

—  Па и треба да ме издува! — одговори тој.

—  Чувај се, ќе настинеш! — нежно рече Павел. — Подобро легни.

—  Не, одам!

Се облече и молчешкум излезе...

—  Тешко му е! — воздивнувајќи забележа мајката.

—  Знаеш што, — и’ рече Павел — добро стори што по ова почна да му зборуваш со ти!

Таа зачудено го погледна и одговори:

—  Не сум ни забележала како дошло тоа! Тој ми стана толку близок — не умеам да ти кажам!

—  Добро срце имаш, мајко! — тивко забележа Павел.

—  Само кога би можела тебе — и на сите вас — барем малку да ви помогнам! Кога би умеела!...

—  Не плаши се — ќе умееш!...

Таа тивко се насмевна и рече:

—  Та јас и не умеам да не се плашам!

—  Добро, мамо! Да молчиме! — рече Павел. — Знај, многу, многу сум ти благодарен!

Таа излезе од кујната за да не го разжали со своите солзи.

Хохолот се врати доцна вечерта капнат и веднаш легна да спие велејќи:

—  Десет врсти поминав, мислам ...

—  Ти помогна ли? — праша Павел.

—  Не пречи ми, сакам да спијам!

И замолче како да умрел.

По некое време дојде Вјесовшчиков, парталав, извалкан и незадоволен како секогаш.

—  Не чу ли кој го отепа Исаја? — го праша тој Павела несмасно чекорејќи низ одајата.

—  Не! — кусо одговори Павел.

—  Се најде човек — не се гадел! А јас се се токмев да го удавам. Тоа е работа за мене, мене најмногу ми одговара.

—  Остави се, Николај, од такви зборови! — другарски му рече Павел.

—  Навистина, што значи тоа! — благо прифати мајката. — Срцето меко, а ти рикаш! Зошто?

Во тој момент и беше пријатно да гледа во Николај. Дури и неговото сипаничаво лице и се пристори поубаво.

—  Не сум за ништо освен за такви дела! — рече Николај кревајќи ги рамената. — Мислев, мислев — кај ми е местото? Никаде место за мене! Треба да се зборува со луѓето, а јас, не умеам! Се гледам, сите неволи човечки ги чувствувам, а да речам — не можам! Немам душа!

Му се приближи на Павела и со наведната глава, гребејќи ја со прстот масата, некако како дете, не по својот обичај, полн со тага, рече:

—  Дајте ми каква било тешка работа, браќа! Не можам вака без смисла да живеам! Вие сите сте на работа! Гледам — работата напредува, а јас, стојам настрана! Носам греди, штици. Зарем може заради тоа да се живее? Дајте ми тешка работа!

Павел го зеде за рака и го привлече кон себе.

—  Ќе ти дадеме!

Но од постелата се зачу гласот на Хохолот:

—  Јас, Николај, ќе те научам да слагаш букви; ти ќе бидеш нашиот словослагач — се согласуваш?

Николај тргна кон него велејќи:

—  Ако ме научиш, нож ќе ти подарам за тоа ...

—  Оди по ѓаволите со ножот! — извика Хохолот и одеднаш се засмеа.

—  Одличен нож! — повторуваше Николај. Павел исто така се засмеа.

Тогаш Вјесовшчиков застана среде одајата и праша:

—  Тоа вие мене?

—  Па, да! — одговори Хохолот скокнувајќи од постелата. — Знаете што — да одиме в поле да прошетаме. Ноќта е полна со месечина, убава. Ќе одиме ли?

—  Добро! — рече Павел.

—  И јас ќе дојдам! — изјави Николај. — Љубам, Хохоле, кога ти се смееш ...

—  А јас — кога ти ветуваш подароци! — одговори Хохолот насмевнувајќи се.

Додека во кујната се облекуваше, мајката подналутено му рече:

—  Потопло облечи се...

А кога сите тројца излегоа, таа, погледнувајќи ги низ прозорецот, фрли поглед на иконите и тивко рече:

—  Господе — помогни им! ...