XXIV

Рано утрината, туку што Павел и Андреј излегоа, на прозорецот возбудено затропа Корсунова и забрзано извика:

—  Го отепаа Исај! Ајде да видиме...

Мајката затрепери, во главата како искра и светна името на убиецот.

—  Кој? — кусо праша таа наметнувајќи го шалот.

—  Не седи тој таму, над Исај: го треснал и отишол! — одговори Марја.

На улица таа рече:

—  Сега пак ќе почнат да душкаат, да го бараат виновникот. Добро е што твоите ноќеска беа дома — јас сум сведок за тоа. По полноќ минав покрај вашата куќа, ѕирнав низ прозорецот, вие седевте околу масата...

—  Што ти е, Марја? Зарем може да се помисли на нив? — уплашено извика мајката.

—  А кој го отепал? Сигурно вашите! — убедено рече Корсунова. — На сите им е познато дека тој поткажуваше ...

Мајката застана задишена, притискајќи ги градите со раката.

—  Што ти е? Не плаши се! Кој е крив ќе исплаќа за делата! Да одиме побрзо оти ќе го однесат!...

Мајката ја потресе тешката мисла за Вјесовшчиков.

—  Ете — до каде дотера! — тапо мислеше таа.

Недалеку од фабричката ограда, на местото на неодамна изгорената куќа, газејќи го со нозете јагленот и кревајќи прав, стоеше куп народ и бучеше како рој муви. Имаше многу жени, уште повеќе деца, трговци, слуги од кафеаната, полицајци и џандарот Петлин, висок старец со волнеста, сребреникава брада, со медали на градите.

Исај лежеше на земја навален со грбот на подгорените греди и со откриена глава што му беше падната на десното рамо. Десната рака му беше во џебот од панталоните, а со прстите од левата рака грчовито имаше зафатено трошна земја.

Мајката му се загледа во лицето — едното око на Исај матно гледаше во капата која му лежеше помеѓу капнато раширените нозе, устата му беше зачудено отворена, лисестата брада како да му беше свртена настрана. Мршавото тело со шилеста глава и коскестото, дамчесто лице му станало уште помало, свиткано од смртта. Мајката се прекрсти воздивнувајќи. Жив — и беше гаден, а сега и разбудуваше тивко сожаление.

—  Нема крв! — полугласно забележа некој. — Изгледа дека го удриле со тупаница ...

Некој злобен глас силно извика:

—  Му ја затнале устата на поткажувачот...

Џандарот се тргна и отстранувајќи ги жените со раце и со заплашување праша:

—  Кој зборува, а?

Од неговите удари луѓето се растурија. Некои брзо трчаа понатаму. Некој злобно се закикоте.

Мајката тргна кон дома.

—  Никој не жали! — помисли таа.

А пред неа како сенка стоеше широката фигура на Николај, неговите тесни очи гледаа студено, остро и десната рака му се клатеше како да ја шинал...

Кога синот и Андреј дојдоа на ручек, пред се ги праша:

—  Па, што е? Никого не арестуваат — поради Исај?

—  Не се чуло! — се одзва Хохолот.

Виде дека двајцата се загрижени.

—  Ништо не зборуваат за Николај? — тивко праша мајката.

Строгите очи на синот се сопреа на нејзиното лице и тој јасно рече:

— Не зборуваат. И одвај помислуваат. Него го нема. Тој вчера напладне отишол на река и уште не се вратил. Распрашував за него ...

—  Е, фала на бога! — со олеснување воздивна мајката. — Фала на бога!

Хохолот ја погледна и ја наведна главата.

—  Лежи, — замислено зборуваше мајката, — како да се чуди, такво му е лицето. И никој не го жали, никој да рече добар збор. Малечок, незабележлив. Како некое парче откршено од нешто, паднало и лежи.

На ручекот Павел одеднаш ја фрли лажицата и извика:

—  Јас тоа не го разбирам!

—  Што? — праша Хохолот.

—  Да се убие животно само затоа што треба да се јаде. — И тоа е одвратно. Да се убие ѕвер, див... тоа е разбирливо! Би можел да убијам човек кој станал ѕвер за луѓето. Но да се убие таков човек за жалење — како можела раката да замавне?...

Хохолот ги крена рамената. Потоа рече:

—  Беше штетен колку и ѕвер. Комарецот малку крв ни цица — но сепак го отепуваме! — додаде Хохолот.

—  Па да! Јас не зборував за тоа... Велам — гадно е!

—  Што ќе чиниш? — одговори Андреј повторно кревајќи ги рамената.

—  Ти би можел ли да убиеш таков човек? — по долго молчење замислено праша Павел.

Хохолот го погледна со своите тркалести очи, фрли поглед кон мајката и тажно, но решително одговори:

—  За другарите, за работата — сè можам! И ќе отепам. Па дури и синот...

—  Ој, Андрјуша! — тивко извика мајката.

Тој се насмевна и рече:

—  Инаку не може! Таков е животот!...

—  Да-а!... — Полека растегна Павел. — Таков е животот!...

Опфатен од возбуда, подавајќи се на некој внатрешен нагон, Андреј стана, размавна со рацете и почна:

— Што можете? Човекот мора да се мрази за да може што поскоро да настапи времето кога кон луѓето ќе си однесуваме само со љубов. Треба да се уништи оној кој прети во животот, кој ги продава луѓето за пари за да си купи мирен живот или почитување. Ако на патот на чесните стои Јуда кој демне да ги издаде — јас самиот ќе бидам Јуда ако не го уништам! Зарем немам право? А тие, стопаните наши — имаа право да држат војници и џелати, јавни куќи и затвори, места за принудна работа и сето она погано што го чува нивниот мир, нивната удобност? Ми дошло да го земам в раце нивниот стап — што можеш? И ќе го земам, нема да одбијам. Тие нас не отепуваат со десетини и стотини— тоа ми дава право да кренам рака и да ја пуштам на една од непријателските глави, на непријателот кој повеќе од другите ни се приближил и кој од другите е поопасен за мојот живот. Таков е животот. Против таквиот јас и одам; јас не го сакам. Јас знам — со нивната крв ништо нема да се создаде, неплодна е таа!... Вистината добро расте кога нашата крв ја натопува земјата со чести дождови, а нивната е гнила, пропаѓа без трага! Тоа го знам! Но го примам гревот на себе, ќе отепам ако увидам — дека треба! Само, се разбира, за себе зборувам. Мојот грев ќе умре со мене, нема да легне како дамка на иднината, никого не ќе извалка освен мене — никого!

Чекореше низ одајата мавтајќи со раката пред своето лице и како да сече нешто во воздухот, како да отсечува од самиот себе. Мајката го гледаше невесело и вознемирено, чувствуваше дека во него нешто се прекрши, тешко му е. Ја оставија мрачните, опасни мисли за убиството — ако убиството не го извршил Вјесовшчиков, никој од другарите на Павела — мислеше — тоа не можел да го стори. Павел со наведната глава го слушаше Хохолот, а тој упорно и силно зборуваше:

—  На патот на настапувањето треба да се оди и против самиот себе. Треба да се умее се да се даде, целото срце. Животот да се жртвува, да се умре за работата — тоа е просто! Дај — и повеќе, дај го и она што ти е поскапоцено од самиот живот, — дај, — тогаш силно ќе израсне и она твое најдраго — твојата вистина!

Застана среде одајата пребледна, со полузатворени очи, свечено зарекнувајќи се и откако ја поткрена раката, продолжи:

—  Знам, ќе дојде време кога луѓето меѓусебно ќе се љубат, кога секој пред другите ќе биде како ѕвезда! По земјата ќе одат слободни луѓе; сите тие во својата голема слобода ќе тргнат со отворено срце, срцето на секој од нив ќе биде без завист, сè ќе биде без омраза. Тоа нема да биде живот, туку — служење на човекот, чиј лик ќе се крене високо, за слободните — сите висини се достижни! Тогаш во вистина и слобода ќе се живее заради убавината и за подобри ќе се сметаат оние кои со своето срце пошироко ќе го опфатат светото, кои подлабоко ќе го сакаат — подобрите ќе бидат послободни, во нив ќе има најмногу убавина! Големи ќе бидат луѓето на тој живот...

Замолче, се исправи и ѕвонливо, со полни гради рече:

—  Така — заради тој живот — ќе сторам сè...

Лицето му се тргна, а од очите една по друга му протекоа јадри и тешки солзи.

Павел ја крена главата и го погледна пребледнат, со раширени очи, мајката се крена од столот чувствувајќи како и расте и ја притиска мрачна вознемиреност.

—  Што е со тебе, Андреј? — тивко праша Павел.

Хохолот одмавна со главата, се растегна како струна и гледајќи ја мајката рече:

—  Видов... Знам...

Таа стана, брзо му се приближи, го фати за рацете — тој десната рака сакаше да ја истргне, но таа цврсто ја држеше и огнено му шепотеше:

—  Глупаче мое, потивко! Милиот мој ...

—  Чекајте! — глуво промрморе Хохолот. — Ке ви кажам како беше...

—  Не треба! — шепотеше таа гледајќи го со солзи.

—  Не треба, Андрјуша ...

Павел полека се приближи гледајќи го другарот со влажни очи. Беше блед и со насмевка, полугласно, полека му рече:

—  Мајка се плаши да не си ти тој ...

—  Не се плашам. — Не верувам! И да сум видела — не би поверувала!

— Чекајте! — велеше Хохолот не гледајќи ги, вртејќи ја главата и грижејќи се да ја ослободи раката.

—  Не сум јас — но можев да не допуштам ...

—  Остави, Андреј! — рече Павел.

Со едната рака стегајќи ја неговата рака, другата ја остави на рамото на Хохолот како да сакаше да го задржи треперењето на неговото високо тело. Хохолот им ја приближи главата и тивко, отсечно продолжи:

—  Јас не го сакав тоа, ти, Павел, веќе знаеш. Вака се случи: кога ти си отиде напред, јас на аголот се задржав со Драгунов. Исај се појави зад аголот, застана настрана. Гледа во нас и се смешка ... Драгунов рече: — Гледаш, тој мене ме следи, цела ноќ. Ќе го натепам. И си отиде — помислив — дома .. . А Исај ми се приближи мене...

Хохолот воздивна.

—  Никој не ме навредувал толку гнасно како тој, кучето.

Мајката молчејќи го влечеше за рака кон масата и најпосле успеа да го седне на столот. А таа седна до него рамо до рамо. Павел пак стоеше пред нив намрштено штипкајќи ја брадата.

—  Ми велеше дека сите нè знаат, дека сите сме во џандарскиот список и дека ќе нè пофаќаат сите спроти Мај. Јас ништо не одговорив, се смеев, а срцето ми зовре. Почна да ми вели како сум бил умно момче и како не требало да одам по тој пат, туку подобро...

Тој застана, го избриша лицето со левата рака, очите суво му светнаа.

—  Веќе разбирам! — рече Павел.

—  Подобро е, вели, стапи во служба на законот, а?

Хохолот одмавна со раката и затресе со стегната тупаница.

—  Законот — проклета да му е душата! — низ заби рече Хохолот. — Подобро да ме удреше по лице ... Полесно би ми било — и нему, можеби. Но тогаш, кога тој плукна во моето срце со својата смрдлива плукачка, не можев да претрпам.

Андреј грчовито ја истргнуваше својата рака од раката на Павела и попридушено, со одвратност продолжи:

—  Му врзав шлаканица и си отидов. Слушам — зад мене Драгунов тивко вели вака: — Ми падна в раце? Тој, изгледа, стоел зад аголот ...

Откако помолче, Хохолот рече:

—  Не се обѕирнував — макар што чувствував ... Чув удар ... Одам онака мирно, како жаба да сум турнал со ногата. Кога дојдов на работа, викаат: — Исај го отепале! Не можев да верувам. Но раката ме жегна — тешко повелав со неа, не боли но — како да се скусила...

Тој погледна во раката попреку и рече:

—  Цел живот, навистина, не можам да ја исперам таа погана дамка ...

—  Само твоето срце нека е чисто, мили мој! — тивко рече мајката.

—  Јас не се кривам себеси — не! — тврдо рече Хохолот. — Но гадно ми е! Тоа не ми требаше.

—  Јас слабо те разбирам! — рече Павел кревајќи ги рамената. — Ти не си го отепал, но дури и да си ...

—  Брате, да знаеш дека отепуваат и да не спречиш...

Павел решително рече:

—  Јас тоа никако не го разбирам ...

И откако размисли додаде:

—  То ест, можам да разберам, но да почувствувам — не.

Се чу сирената. Хохолот ја наведна главата настрана, го послуша нејзиното заповедничко завивање и, стреснувајќи се, рече:

—  Не одам на работа ...

—  Ни јас — се одзва Павел.

—  Одам на бања! — насмевнувајќи се изјави Хохолот и брзо, молчешкум се облече, излезе, нерасположен.

Мајката, испраќајќи го со сожалувачки поглед, му рече на синот:

—  Како сакаш, Паша! Знам — грешно е да се отепа човек, — а никого не го сметам за виновен. Ми е жал за Исај, тој е толку ситно клинче, го видов, си спомнив како ме заплашуваше дека ќе те обеси — и не почувствував никаква омраза кон него, ниту радост што умрел. Просто — ми е жал. А сега — дури и не жалам.

Таа замолче, се замисли и зачудено насмевнувајќи се, забележа:

—  Господе Исусе — слушаш ли, Паша, што зборувам?

Павел изгледа не чу. Одејќи полека низ одајата со наведната глава, замислено и намрштено проговори:

—  Ете ти го животот — гледаш ли како се поставени луѓето еден против друг? Не сакаш, а — удри! И кого! Исто таков обесправен човек. Тој е уште понесреќен од тебе оти е — глупав. Полицијата, џандарите, шпионите — сите тие се наши непријатели, а сите тие исто се луѓе како и ние, исто така од нив тече крв и исто така не ги сметаат за луѓе. Сè — исто! А, ете, ги поставиле луѓето едни против други, ги заслепиле со глупост и страв, им ги врзале и нозете и рацете, ги стегнале и ги цицаат, ги дават и ги тепаат еден со друг. Луѓето ги претвориле во пушки, стапови, камења и велат: — Тоа е државата!

Пријде поблизу кон мајката.

—  Ова е — злосторство, мајко! Најгнасното убиство на милиони луѓе — убиство на душите... Разбираш ли — душата ја отепуваат. Ја гледаш ли разликата помеѓу нас и нив — удрил човекот и гнасно му е, срамно, болно — гнасно, тоа е главното! — А тие — отепуваат мирно илјадници, без жалење, без треперење на срцето, со задоволство отепуваат! И само затоа тераат во смрт се и сешто, за да го дочуваат среброто, златото, ништожните банкноти, сето она жално ѓубре што им дава власт над луѓето. Помисли —  не се чуваат луѓето себеси бранејќи се со убиство на народ, расипувајќи ги човечките души, не го прават тоа поради себе, туку поради својот имот. Не се чуваат себеси одвнатре, туку однадвор ...

Ја зеде за раце, и ги затресе и наведнувајќи се, продолжи:

—  Кога би ја почувствувала сета таа гнасотија и одвратна гнилеж — би ја сфатила нашата вистина — би увидела колку е таа голема и светла!...

Мајката се поткрена целата растреперена, полна со желба да го слее своето срце со срцето на синот во еден пламен.

—  Чекај, Паша, чекај! — задишено промрмори таа.

—  Чувствувам — чекај! ...