Вечерта, додека го пиеше чајот, под прозорецот се слушна шлапкање на коњски копита низ калта и одекнуваше познат глас. Таа скокна, истрча во кујната, кон вратата, низ ходникот некој брзо одеше — нејзе и’ се стемни пред очите и откако се навали на черчевето од вратата, ја турна со нога вратата.
— Добро вечер, мајче, — се чу познат глас, а на рамената и паднаа суви, долги раце.
Во нејзиното срце се разгоре бол поради разочарението и — радоста што го гледа Андреј. Се разгореа и се слеаја во едно големо, горешто чувство; тоа ја облеа со топол бран, ја облеа, ја понесе и таа го зари лицето во градите на Андреј. Тој силно ја прегрна, рацете му трепереа, мајката молчешкум, тивко плачеше, а тој и ја галеше косата и зборуваше како да пее:
— Та не плачете, мајче, не кинете ми го срцето! Ви давам чесен збор — скоро ќе го пуштат! Немаат ништо против него. Сите момчиња молчат како варени риби.
Прегрнувајќи ја мајката околу рамената, ја воведе во одајата, а таа милкајќи се кон него, со брзи верверички движења ги бришеше солзите од лицето и жедно, со полни гради, ги голташе неговите зборови.
— Ве поздрави Павел, тој е здрав и весел колку што може. Тесно е таму! Нафаќале народ повеќе од стотина и наши и градски, во секоја ќелија по тројца, по четворица. Началството на затворот не е лошо, поднесливо е оти капнало — толку многу работа им сториле ѓаволските џандари! Затоа управата и не е многу строга, туку само вели: —Вие — господа, потивко, не доведувајте не нам во незгодна положба! Значи, се оди добро. Разговараме, еден на друг си подаваме книги, си го делиме јадењето меѓу себе. Добар затвор! Стар е и нечист, но е мек, некако лесен. Криминалците исто така се чудесни луѓе, многу ни помагаат. Не пуштија мене, Букин и уште четворица. Скоро и Павела ќе го пуштат, тоа е сигурно! Повеќе од сите ќе остане Вјесовшчиков, на него се многу налутени, тој се им се кара, постојано! Џандарите не можат да го гледаат. Изгледа— ќе мора да оди на суд, или еднаш ќе го претепаат. Павел го советува: — „Остави се, Николај! Тие со ништо подобри не ќе бидат ако ги напцуеш!" А тој вреска: „Ќе ги искоренам од земјата како чирови!“ Павел одлично се држи, сталожено, цврсто. Скоро ќе го пуштат, ви велам ...
— Скоро! — рече мајката насмевнувајќи се смирено и радосно. — Знам јас, скоро!
— Добро е кога знаете! Е, турете ми чај, прикажувајте ми како живеевте.
Тој ја гледаше и целиот зрачеше од смеење, толку близок, прекрасен и во тркалезните очи му светкаше нежна, по малку тажна искра.
— Многу ве сакам Андрјуша! — со длабок воздив рече мајката посматрајќи го неговото мршаво лице, смешно обраснато со црни киски коса.
— Јас со малку сум задоволен. Знам дека ме сакате— вие сите можете да ги сакате, вам срцето ви е големо! — нишкајќи се на столот зборуваше Хохолот.
— Не, јас вас особено ве сакам! — повторуваше таа. — Кога вие би имале мајка, луѓето би и завидувале што има таков син ...
Хохолот ја наведна главата и силно ја протре со двете раце.
— Сигурно некаде и мојата мајка постои ... — тивко рече тој.
— А знаете ли што направив јас денеска? — извика таа и брзо, зазбивна од задоволство, малку преувеличувајќи, раскажа како ја пренесе литературата во фабриката.
Тој во почетокот зачудено ги рашири очите, потоа се закикоти, стружејќи со нозете, се тупкаше со прстите по главата и радосно викаше:
— Охо! Е — тоа не е шега! Тоа е прекрасно! Павела тоа ќе го израдува, а? Тоа е — одлично, мајче! И за Павела и за сите!
Со восхитување крукаше со прстите, свиркаше и целиот се нишаше, светеше од радост и кај неа разбудуваше исто такво силно чувство.
— Мил мој Андрјуша! — почна таа така како да и се отвори срцето и од него како шупур протекоа, заиграа зборови полни со тивка радост. — Мислев јас за својот живот. — Господе Исусе Христе! Е, зошто сум живеела јас? Тепање ... работа ... ништо не сум видела освен мажот, ништо не сум знаела освен стравот! И како растеше Паша — не видов, и дали го сакав додека мажот ми беше жив — не знам! Целата моја работа, сите мисли се сведуваа на едно — вкусно да го нахранам својот ѕвер, доволно, постојано да му угодувам за да не се налути, да не ме плаши со тепање, да ме пожали понекогаш. Не се сеќавам некогаш да ме пожалил. Ме тепаше така како да не ја бие жена си, туку — сите на кои беше налутен! Дваесет години така живеев, а како беше пред да се омажам, не се сеќавам. Се сеќавам — и, како слепа ништо не гледам. Беше овде Егор Иванович — од едно село сме, зборуваше и за ова и за она, а јас — се сеќавам за куќата, за луѓето се сеќавам, но како живееја луѓето, што зборуваа, на кого што му се случуваше — сум заборавила. За пожарите се сеќавам, два пожара. Просто од мене е се истурено, душата закована како в гроб, ослепена, не слуша ...
Го прекина дишењето и голтајќи воздух жедно, како риба исфрлена од вода, се наведна напред и продолжи спуштајќи го гласот:
— И кога умре мажот, се фатив за синот — а тој, се нафати со овие работи. Ете и сега ми стана тешко и жал за него . . Ако пропадне, како ќе живеам сама? Колку страв и тага сум претрпела, срцето ми се кинело кога сум мислела за неговата судбина...
Замолче и тивко вртејќи ја главата значајно додаде:
— Не е чиста нашата женска љубов! ... Ние го сакаме тоа што ни треба. А, ете, ве гледам вас — тагувате за мајката — зошто ви е таа? И сите други луѓе страдаат за народот, одат во затвори и во Сибир, умираат... Млади девојки одат ноќе, сами, низ калта, по снег, по дожд, — одат седум врсти од градот до нас. Кој ги тера, кој ги брка? Тие сами сакаат! Ете, тие чисто сакаат! — Веруваат! Веруваат, Андрјуша! А јас — не умеам така! Јас го сакам она што е мое, што ми е блиско!
— И вие можете! — рече Хохолот и свртувајќи го лицето од неа, силно, како и секогаш, ја протре со рацете главата, образите и очите. — Сите го сакаат тоа што им е блиско. Но — на големото срце му е блиско и она што е далеку! Вие многу можете... Вие имате големо мајчинско чувство...
— Дај боже! — тивко рече таа. — Чувствувам, — колку е добро така да се живее. Ете, вас ве сакам — можеби ве сакам повеќе одошто Паша. Тој е — затворен ... Ете, сака да се жени со Сашенка- — А мене, на мајка си, не ми кажал ништо за тоа.
— Тоа не е точно! — изјави Хохолот. — Јас тоа го знам. Не е точно. Тој ја сака и таа него — тоа е точно. А да се женат — нема, не! Таа би сакала, но Павел не сака.
— Значи така? — замислено и тивко рече мајката, а очите тажно и се задржаа на лицето на Хохолот. — Да. Ете така? Луѓето се одречуваат од себеси ...
— Павел е редок човек! — тивко проговори Хохолот. — Челичен човек...
— Сега ете — в затвор е! — замислено продолжи мајката. — Вознемирена сум, се плашам — но веќе не толку! Целиот живот не е таков, па и стравот стана поинаков — за сите се плашам. И срцето е поинакво. Душата ги отворила очите, прогледала — и тажно и е и радосно. Не сфаќам многу нешта, ме боли и ме огорчува тоа што во бога не верувате! Но кога е веќе така што можеш! Сепак гледам — добри луѓе сте, да! И сте му се посветиле на тешкиот живот, на народот, на мачниот живот за вистината. Вашата вистина и јас ја сфатив: додека има богати — народот не ќе има ни вистина, ни радост, ништо! Ете, живеам со вас, понекогаш ноќе ќе си спомнам за поранешниот, за снагата моја со нозе изгазена, за младото срце мое затапено — ми е жал за себе, горко ми е! Но, сепак, сега ми е поубаво да живеам. Се повеќе самата себе се познавам ...
Хохолот стана и трудејќи се да не тропа со нозете, почна внимателно да оди низ одајата онаков висок, мршав, замислен.
— Добро рековте! — тивко извика тој. — Добро. Во Керч имаше еден млад Евреин, пишуваше стихови и еднаш напиша:
— И невино отепаните —
Силата на вистината ќе ги воскресне! ...
— И него полицијата таму, во Керч, го отепа но — тоа не е важно. Тој ја знаеше вистината и многу вистина посеа меѓу луѓето. Така сте и вие — невино отепан човек...
— Зборувам сега, — продолжи мајката — зборувам, сама себеси се слушам — сама на себе не си верувам. Цел живот, секогаш мислев за едно — како да го поминам денот, да го проживеам незабележано, само да не ме гибаат? А сега за сите мислам. — Можеби и не ги сфаќам добро вашите работи, но сите вие сте ми блиски, за секој ми е жал, на сите — им пожелувам добро. А вам, Андрјуша, особено!
Тој се приближи кон неа и ѝ рече:
— Благодарам!
Ја зеде нејзината рака во своите, силно ја стегна, ја стресе и брзо се сврти настрана. Капната од возбуда, мајката полека ги миеше чашите и молчеше, во градите тивко и изгреваше ведро чувство кое го затоплува срцето.
Хохолот шетајќи зборуваше:
— Ете, мајче, и на Вјесовшчиков еднаш би требало да му речете некој убав збор! Татко му лежи в затвор — погано старче. Николај штом го виде од прозорецот, го пцуе. Тоа не е убаво! Николај е добар — сака и кучиња, и глувци и секакви созданија, а луѓето — не ги сака! Ете до кој степен може да се расипе човекот!
— Мајка му пропадна без трага, татко му е крадец и пијаница, — замислено рече жената.
Кога Андреј си отиде да спие, мајката незабележано го прекрсти, а кога легна и откако помина околу половина час време, таа тивко го праша:
— Не спиеш ли, Андрјуша?
— Не, — а зошто?
— Добра ноќ!
— Благодарам, мајче, благодарам! — одговори тој благодарно.