Следниот ден, кога Ниловна дојде со својот товар на вратата од фабриката, стражата грубо ја запре наредувајќи и да ги пушти садовите на земја и грижливо се прегледаа.
— Ќе ми се олади јадењето! — мирно забележа токму кога грубо и ги пофаќаа алиштата.
— Молчи! — намуртено рече стражарот.
Другиот, удирајќи ја лесно по рамото, рече со увереност:
— Велам јас — преку оградата ги префрлаат!
Прв и’ се приближи старецот Сизов и разгледувајќи наоколу полека ја праша:
— Чу ли, мајче?
— Што?
— Летци! Пак се појавија! Токму — како сол на леб ги насолиле секаде. Ете ти апсења и претреси! Мазин, моето внуче, го отераа в затвор. Е, па што? Го отераа и твојот син, а сега е очигледно дека тие не го правеле тоа!
Тој ја собра својата брада во раката, ја погледна и одејќи си рече:
— Што не дојдеш до мене? Треба да ти е здодевно сама ...
Таа му заблагодари извикувајќи ги имињата на јадењата внимателно ја посматраше необичната живост во фабриката. Сите беа возбудени, се собираа, се разотидуваа, преминуваа од едно одделение во друго. Во воздухот полн со гаровина се чувствуваше здивот на нешто крепко, смело. Де тука де таму се слушаа извици на одобрување, потсмешливи забелешки. Постарите работници внимателно се насмевнуваа. Загрижените началници шеткаа, полицајците брзаа, а работниците, кога ќе ги забележеа, полека се разотидуваа или, останувајќи на местото, го прекинуваа разговорот и молчешкум гледаа во налутените, раздразнети лица.
Изгледаше како да се сите работници чисто измиени. Врвеше високата фигура на постариот Гусјев, по него како патка одеше неговиот брат и се смееше.
Покрај мајката минаа полека мајсторот на столарското одделение Вавилов и вратарот Исај. Малиот, ластарест вратар со крената глава, со накривен врат налево, гледајќи во неподвижното, надуено лице на мајсторот зборуваше брзо тресејќи ја брадата:
— Тие, Иване Иванович, се кикотат, — мило им е, макар што работата се однесува за рушење на државата, како што рече господин директорот. Тука, Иване Иванович, не треба да се плеви, туку да се ора ...
Вавилов шеташе со рацете зафрлени на грбот, а прстите му беа силно стегнати ...
— Ти таму, кучкин сине, печати што сакаш — гласно рече тој — но за мене — не смееш!
Се приближи Василиј Гусјев и изјави:
— А јас пак ќе ручам кај тебе, вкусно е!
И спуштајќи го гласот, подзамижа и тивко додаде:
— Погодивте токму во целта ... Ех, мајко, многу добро!
Мајката љубезно одобри со главата. И се допаѓаше што ова момче, прв обесник во предградието, зборувајќи со неа доверливо, и’ се обраќа со ви, и’ се допаѓаше општата возбуденост во фабриката и во себе мислеше:
— А ете — да не бев јас ...
Недалеку застанаа тројца надничари и едниот од нив полека, со жалење рече:
— Никаде не најдов ...
— А би требало да се чуе! Јас сум неписмен, но гледам дека тоа им е коска во грлото!... — забележа другиот.
Третиот се обѕрна и предложи:
— Ајде кај котлите ...
— Дејствува! — намигнувајќи шепна Гусјев.
Ниловна дојде дома весела.
— Таму луѓето жалаат што се неписмени! — му рече таа на Андреј. — А јас, ете, додека бев млада, умеев да читам. И сум заборавила.
— Научете се! — и предложи Хохолот.
— Во моите години? Да ми се смеат луѓето ...
Но Андреј зеде книга од полицата и покажувајќи ја буквата на корицата со врвот од ножот, праша:
— Што е ова?
— Рци! — смеејќи се одговори таа
— А ова?
— Аз ...
И’ беше некако непријатно, навредливо. И’ се чинеше дека очите на Андреј потајно и’ се потсмеваат и неговиот поглед го избегнуваше. Но гласот му ѕвонеше меко и мирно, лицето му беше сериозно.
— Вие, Андрјуша, навистина ли мислите да ме учите? — праша таа насмевнувајќи се со сила.
— Ами што? — одговори тој. — Штом сте читале— лесно ќе се сетите. Ако не биде чудо — не ќе биде ни лошо — а ако биде чудо, — не е лошо!
— А велат и вака: од гледање во икона светец не се станува!
— Е! — наведнувајќи ја главата рече Хохолот. — Поговорки има многу. Кој помалку знае — помирно спие. Зарем тоа не е точно? Со поговорките — желудникот мисли, тој од нив плете јажиња за душата за да може подобро да управува со неа. А која е оваа буква?
— Људи! — рече мајката
— Така! — ете како се рашириле! Е, а оваа?
Напрегнувајќи го видот, тешко кревајќи ги веѓите, мајката изнасилено си ги припомнуваше заборавените букви и незабележено предавајќи им се на своите напори, се занесе во мисли. Наскоро очите и капнаа. Прво и се појавија солзи од капнатост, а потоа често се раскапуваа солзи на тага
— Се учам на писменост! — плачејќи од срам рече мајката. — Четириесет години, а јас тукушто почнав да се учам на писменост...
— Не треба плачење! — нежно и тивко рече Хохолот. — Поинаку не сте можеле да живеете — а, ете, сте дошле до свест дека сте живееле лошо! Илјади луѓе можат подобро од вас да живеат — а живеат како животни и уште се фалат колку добро живеат! А што има во тоа добро — човекот денеска работи за да јаде, и утре — работи за да јаде, целиот свој век — работи и јаде? Во тоа меѓувреме ќе народи деца и во почетокот ќе се забавува со нив, а штом и тие ќе почнат исто така многу да јадат, тој се лути, ги пцуе — побрзо, изедници, растете, треба да се работи! И би сакал своите деца да ги направи домашни животни, но и тие почнуваат да работат заради својот стомак и — повторно одвај составуваат крај со крај.
— Вистински луѓе се само оние кои ги фрлаат прангите од човековиот разум. Ете, сега и вие според својата моќ, се нафативте со тоа.
— Та, што јас? — извика таа. — Каде јас?
— А — како? Тоа е како дождец — секоја капка напојува зрно. А кога ќе почнете да читате...
Тој се насмевна, стана и почна да оди низ одајата.
— Не, треба да учите! ... Кога ќе дојде Павел, а вие! — ехе?
— Ах, Андрјуша! — рече мајката. — На младиот сè му е просто. А колку повеќе живееш — зло сè повеќе, сила — сè помалку, умот — сосем го нема ...