Работниците веднаш ја забележаа новата продавачка. Едни, приближувајќи и се, со одобрување велеа:
— Си се фатила за работа, Ниловна?
И едни ја утешуваа докажувајќи и дека Павела скоро ќе го пуштат, други и го потресуваа тажното срце со зборови на сочувство, трети налутено го пцуеја директорот, џандарите, што во нејзините гради наоѓаше одѕив. Имаше луѓе кои лошо ја гледаа, а вратарот Исај Горбов низ заби и рече:
— Кога би бил губернатор јас, твојот син би го — обесил! Ни го води во заблуда народот!
Од ова нечовечко заплашување и’ минаа студени трпки. Ништо не му одговори на Исај, само го погледна неговото мало, дамкаво лице и воздивнувајќи погледна в земја.
Во фабриката беше немирно, работниците се собираа во групи, зборуваа меѓу себе за нешто полугласно, секаде се моткаа загрижените мајстори, одвреме-навреме се слушаа пцости, предизвикувачко смеење.
Двајца полицајци крај неа го спроведоа Самојлов; одеше држејќи ја едната рака в џеб, а со другата ја мазнеше својата црвеникава коса.
Го придржуваа група работници, стотина души кои ги посипуваа полицајците со пцости и потсмевнувања ...
— На прошетка одиш, Гриша! — му викна некој.
— Ги почитуваат нашите луѓе! — прифати друг.
— Со стража ги носат ...
И сочно опцу.
— Изгледа, немаат сметка да фаќаат крадци! — злобно и гласно зборуваше високиот и ќор работник.
— Почнаа да ги тераат чесните луѓе...
— Барем ноќе да ги земаат! — се одзва некој од купот. — Туку дење — без срам — никаквеци!
Полицајците одеа зловолно, брзо, трудејќи се ништо да не видат и како да не ги слушаа пцостите што ги достигнуваа. Во пресрет на нив одеа тројца работници носејќи голем железен прат и намерувајќи го токму на нив, викаа:
— Тргнете се, рибари!
Минувајќи покрај Власова, Самојлов со насмевка и намавна со главата и и’ рече:
— Ме здиплија!
Таа молчешкум и длабоко му се поклони; ја восхитуваа тие млади, чесни, трезвени луѓе кои со насмевка на лицето одат в затвор; во неа кон нив се разбудуваше болежлива мајчинска љубов.
По враќањето од фабриката цел ден помина кај Марја помагајќи и во работата и слушајќи го нејзиното брборење, а доцна вечерта си дојде дома, каде што беше пусто, студено и неудобно. Долго се меткаше низ куќи не наоѓајќи место и не знаејќи што да прави. И ја вознемируваше тоа што ете скоро е ноќ, а Егор Иванович го нема да ја донесе литературата како што вети.
Зад прозорецот одминуваа тешките, сиви пеперутки на есенскиот снег. Меко лепејќи се за стаклото, се лизгаа нечујно и се топеа оставајќи по себе влажен бран. Мислеше за синот ...
На вратата некој полека тропна, мајката брзо стрчна, го тргна резето, влезе — Сашенка. Мајката одамна не ја имаше видено и првото нешто што сега и падна в очи беше неприродната дебелина на девојката.
— Здраво! — рече таа радосна што дошла жива душа та остатокот од ноќта да не го помине осамено.
— Одамна не сум ве видела. — Да не сте биле на пат?
— Не, бев в затвор! — одговори девојката насмевнувајќи се. — Заедно со Николај Иванович, се сеќавате ли за него?
— Како да не се сеќавам! — извика мајката. — Синоќа Егор Иванович ми рече дека бил пуштен, а за вас не знаев ... Никој не ми кажал дека сте таму...
— Што да се зборува за тоа? ... Јас, додека не дојде Егор Иванович, да се пресоблечам! — рече девојката погледнувајќи наоколу.
— Целата сте прокисната ...
— Донесов летци и книги ...
— Дајте, дајте ги! — се забрза мајката.
Девојката брзо го раскопча палтото, се растресе, и од неа, како лисја од дрво, се истурија на душемето и зашушкаа свиоци хартија. Мајката со смеење ги собираше од душемето и велеше:
— А јас ве гледам — дебела, си мислам — сте се омажиле, очекувате детенце. Оф, оф, колку сте донеле! Зарем пешки?
— Да! — рече Сашенка. Сега повторно стана танка и кршна каква што беше и порано. Мајката забележа дека образите и се здлабнати, очите и станале големи, а под нив се црнееја модри подочници.
— Тукушто ве пуштиле и — наместо да си починете, а вие така! — воздивнувајќи и вртејќи ја главата рече мајката.
— Требаше! — одговори девојката потреперувајќи.
— Речете ми како е Павел Михаилович — добро? Не се вознемируваше ли многу?
Прашајќи, Сашенка не гледаше во мајката — со наведната глава ја поправаше косата, а прстите и трепереа.
— Не! — одговори мајката. — Тој не покажува како му е.
— Тој, секако, со здравјето е добар? — тивко проговори девојката.
— Не боледувал никогаш! — одговори мајката.
— Вие целата треперите. Сега ќе ви сварам чај со слатко од малини.
— Тоа би било добро! — но дали вреди да се вознемирувате? Доцна е. Дајте, јас самата ...
— Зарем малку сте капнати? — прекорно се одзва мајката врткајќи се околу самоварот. Саша исто така влезе во кујната, таму седна на столот и, зафрлувајќи ги рацете на главата, продолжи:
— Сепак — затворот исцрпува! Проклетата безработност! Ништо погадно. Знаеш колку многу треба да се работи, а ти — седиш в кафез како ѕверка ...
— Кој ќе ве награди за сето тоа? — праша мајката.
И воздивнувајќи сама како за себе си рече:
— Никој, освен господ! Вие, сигурно, исто така не верувате во него?
— Не! — кусо одговори девојката одмавнувајќи со главата.
— А јас во тоа не ви верувам! — наеднаш возбудено се јави мајката. И брзо бришејќи ги извалканите со јаглен раце од скутникот со длабока убеденост продолжи:
— Вие не сте свесни за својата вера! Како е можно без вера во бога да се живее со таков живот?
Во ходникот некој затупка, се закашла, мајката затрепере, девојката брзо скокна и забрзано прошепоти:
— Не отворајте! Ако се тие, џандарите, вие не ме познавате ... — Сум ја згрешила куќата, сум навратила кај вас случајно, сум паднала во несвест, вие сте ме соблекле, сте ги нашле книгите — разбирате?
— Милата моја, зошто? — нежно праша мајката.
— Чекајте! — наслушнувајќи рече Сашенка. — Тоа е, ми се чини, Егор ...
Беше тој, прокиснат и задишен од капнатост.
— Аха! Самоварчето? — извика тој. — Тоа е подобро од се во животот, мајко! Вие, Сашенка, веќе сте овде?
Полнејќи ја малата кујна со засипнати звуци, полека го соблекуваше тешкото горно палто и непрестајно зборуваше:
— Ете, мајко, оваа девојка и’ е непријатна на власта. Навредена од некој началник во затворот изјавила дека ќе умре од глад, ако не и се извини и осум дена ништо не јала поради што за малку не ги оптегнала ножињата. Згодно? Гледате ли какво е моето меше?
Зборувајќи и поддржувајќи го со рацете грдо спуштениот стомак, премина во одајата, ја затвори вратата зад себе, но и таму продолжи нешто да зборува.
— Зарем е можно осум дена ништо да не сте јале?— зачудено праша мајката.
— Требаше да ми се извини! — одговори девојката тресејќи се од студ. Нејзината мирност и решителна цврстина одѕвонуваа во душата на мајката како нешто што личи на прекор.
— Значи така! — помисли таа и повторно праша:
— А ако умревте?
— Никому ништо! — тивко се одзва девојката. — Па сепак се извини. Човек не треба да ја проштава навредата.
— Да-а... — полека одврати мајката — А ете, нас ваквите цел живот не навредуваат ...
— Јас се растоварив! — објави Егор отворајќи ја вратата. — Готово е самоварчето? Дозволете, јас ќе го пренесам ...
Го зеде самоварот и го понесе велејќи:
— Мојот сопствен татко пиеше не помалку од дваесет чаши чај на ден. И затоа на оваа земја проживеа здраво и мирно седумдесет и три години. Беше тежок осум пудови и беше ѓакон во селото Воскресенско ...
— Вие сте син на отец Иван! — извика мајката.
— Имено! — А од кај ви е тој познат?
— Па и јас сум од Воскресенско!...
— Од едно место сме? Чија сте?
— Ваши соседи! Јас сум Серјогина.
— Ќерка на куциот Нил? Го познавам многу добро оти повеќепати ме тргал за уши.
Стоеја еден спроти друг и посипувајќи се со заемни прашања, се смееја. Сашенка ги посматраше со насмевка и почна да го пари чајот. Тропањето на садовите мајката ја врати во стварност.
— О, простете, се зазборував! Многу е пријатно да се најдеш со човек од своето место...
— Јас треба да молам за прошка што се почувствував како домашна! Но часот е речиси единаесет, а јас имам уште доста да одам ...
— Каде? В град? — зачудено праша мајката.
— Да.
— Што ви е? Темница, лапавица — капнати сте! Спијте тука. Егор Иванович в кујна, а јас со вас овде ...
— Не, треба да одам! — просто изјави девојката.
— Да, нашинке, госпоѓицата треба да ја снема. Неа тука ја познаваат. И утре ако се појави на улица не ќе биде добро! — изјави Егор.
— Па како? Да оди сама? ...
— Сама! — рече Егор насмевнувајќи се.
Девојката си тури чај, зеде парче ’ржен леб, го посоли и почна да јаде, замислено гледајќи ја мајката.
— Како ли одите вие? И вие, и Наташа? Јас не би можела, се плашам! — рече Власова.
— Та и таа се плаши! — забележа Егор. — Се плашите ли, Саша?
— Се разбира! — одговори девојката.
Мајката погледна во неа, во Егора и тихо извика:
— Колку сте — строги!
Откако го испи чајот, Сашенка молчејќи му ја стегна раката на Егор, премина во кујната, а мајката, за да ја испрати, излезе со неа. Во кујната Сашенка рече:
— Кога ќе го видите Павел Михаилович — речете му дека го поздравувам! Молам!
И фаќајќи се за траказот наеднаш се сврте и тивко праша:
— Можам ли да ве бакнам?
Мајката молчешкум ја прегрна и топло ја бакна.
— Благодарам! — тивко рече девојката и климнувајќи со главата излезе.
Кога се врати во одајата, мајката загрижено погледна во прозорецот. Во ноќната темнина тешко паѓаа влажните пеперутки од снег.
— А се сеќавате ли за Прозорови? — праша Егор.
Тој седеше со широко расчекорени нозе и силно дуваше во чашата со чај. Лицето му беше црвено, испотено, задоволно.
— Се сеќавам, се сеќавам! — замислено рече мајката, отстрана пријдувајќи кон масата. Седна и гледајќи го Егор со тажни очи полека растегна:
— Ај-ај-ај. Кутрата Сашенка! Како ли ќе стигне?
— Ќе капне! — прифати Егор. — Затворот многу ја исцрпи, порано девојката беше појака... Освен тоа воспитана е нежно ... Изгледа — градите и’ се болни ...
— Чија е таа? — тивко праша мајката.
— Ќерка на некој спаија. Татко и’ е голем неранимајко, како што вели таа. Вам, мајко, ви е познато дека тие сакаат да се земат?
— Кои?
— Таа и Павел. Но, ете, никако не им се дава да го сторат тоа — тој на слобода, таа в затвор и обратно.
— Не го знаев тоа! — откако помолче, одговори мајката. — Паша за себе ништо не зборува ...
Сега уште повеќе и беше жал за девојката и гледајќи го гостинот со неволна неудобност проговори:
— Требаше да ја испратите!
— Не можам — мирно одговори Егор. — Јас овде имам цел куп работи и утре од зори цел ден ќе треба да трчам, да трчам, да трчам. Работа непријатна, особено со мојата астма...
— Добра девојка е таа — неопределено забележа мајката мислејќи за тоа што и го соопшти Егор. И беше криво зашто за тоа не чу од синот, туку од туѓ човек и цврсто ги стегна усните пуштајќи ги веѓите ниско.
— Добра! — потврди со главата Егор. — Гледам — вие ја жалите. Непотребно! Не ќе ви остане срце ако почнете да не жалите сите нас, бунтарите. Право да си кажеме, на сите нам ни е тешко да живееме. Ете, неодамна од прогонство се врати еден мој другар. Кога минувал низ Нижни — жената и детето го чекале во Смоленск, а кога стигнал во Смоленкс — тие веќе биле во московскиот затвор. Сега жената треба да оди во Сибир. Јас исто така имав жена која беше прекрасен човек, но пет години таков живот ја фрли в гроб ...
Тој наеднаш ја испи чашата чај и продолжи да зборува. Ги пребројуваше годините и месеците на затвореничкиот живот, прогонствата, раскажа многу несреќи и како го тепале в затвор, и за гладувањето во Сибир. Мајката го гледаше, слушаше и се восхитуваше колку просто и мирно зборува за тој живот полн со маки, бркања, подигравки со луѓето ...
— Но — да зборуваме за работата!
Гласот му се измени, лицето му стана сериозно. Почна да ја распрашува како мисли да ги пренесе хартиите во фабриката, а мајката се восхитуваше колку тој до ситници ги познава разните подробности.
Откако завршија со тоа, повторно почнаа да си споменуваат за своето родно село; тој се шегуваше, а таа замислено бродеше по своето минато кое и се чинеше необично слично на мочуриште полно со еднолични ритчиња, обраснати со танки јасики кои плашливо треперат, со сниски ели и бели брези, случајно никнати меѓу ритчињата. Брезите растеа полека и по пет години живот на несигурна, гнила земја, паѓаа и гниеја. Гледаше во таа слика и и беше за нешто неподносливо жално. Пред неа стоеше фигурата на девојката со капнато, остро лице. Сега таа одеше завеана од влажните пеперутки снег, осамена, капната. А син и седи в затвор. Можеби уште не спие и мисли... Но не за неа, за мајката — поблизок му е некој друг одошто таа. Како шарен, развртен облак тешките мисли паѓаа на неа и силно и го стегаа срцето...
— Капнати сте, мајко! Ајде да спиеме! — рече Егор насмевнувајќи се.
Таа се прости со него и отстрана, внимателно влезе во кујната носејќи во срцето разјадувачко, горчливо чувство.
Утрината, кога го пиеја чајот, Егор праша:
— А ако ве фатат и да ве прашаат од каде сте ги зеле сите тие еретички книги — што ќе речете?
— Не е ваша работа, ќе речам! — одговори таа.
— Тие со тоа ни за жива глава нема да се задоволат — рече Егор. — Тие се длабоко убедени дека е тоа токму нивна работа!... И ќе прашуваат грижливо, долго.
— А јас нема да кажам!
— И ќе ве стават в затвор!
— Е па што? Сполај богу — барем за тоа сум добре дошла — рече таа воздивнувајќи. — Кому сум потребна јас? Никому. А да ме мачат нема, велат...
— Хм! — рече Егор посматрајќи ја внимателно— Да ве мачат — нема. Но, добриот човек е должен да се чува.
— Од вас тоа не ќе се научи! — одговори мајката насмевнувајќи се.
Егор, по малку молчење, прошета низ одајата, а потоа и се приближи и и рече:
— Тешко е, нашинко! Чувствувам — за вас е многу тешко!
— На сите им е тешко! — одмавнувајќи со раката рече таа. — Можеби само на оние кои сфаќаат им е малку — полесно ... Но јас, исто така, по малку сфаќам што сакаат добрите луѓе ...
— Ако го сфаќате тоа, мајко, тогаш значи дека на сите сте им потребни — на сите! — сериозно рече Егор.
Таа го погледна и молчешкум се насмевна.
Напладне мирно и внимателно ги обложи своите гради со книги и тоа го стори толку вешто и згодно, што Егор со задоволство цмокна со јазикот изјавувајќи:
— Зер гут! како што вели добриот Германец кога ќе испие ведро пиво. Вам, мајко, литературата не ве промени: изгледате како добра, средовечна жена, дебелкава и на раст височка. Нека го благословат вашиот почеток безбројните богови!
По половина час, наведната под тежината на тоа што го носи, мирна и сигурна, стоеше кај фабричката врата. Двајца стражари налутени од потсмешките на работниците, грубо ги претресуваа сите што влегуваа во дворот, препирајќи се со нив. Отстрана стоеше полицаец и танконожест човек со црвено лице и ѕверави очи. Мајката, преместувајќи го дрвото на кое ги носеше садовите од едното рамо на другото, го гледаше под око — чувствуваше дека е шпион.
Високиот, кадрокос младич, со капата зафрлена на тилот им викаше на стражарите кои го претресуваа:
— Барајте во главата, ѓаволи а не во џебовите!
Еден од стражарите одговори:
— Такви сте — вошки да фаќате, а не риби, — му одврати работникот.
Шпионот го премери со брз поглед и плукна:
— Ќе ме пуштите ли мене! — замоли мајката. — Гледате, тежина е, крстот ми се крши!
— Оди, оди! — налутено викна стражарот. — И оваа се нашла да зборува ...
Мајката дојде до своето место, ги пушти садовите на земја и бришејќи ја потта од лицето погледна околу себе.
Веднаш и’ се приближија браварите, браќата Гусјеви — и постариот, Василиј, намрштувајќи ги веѓите, гласно праша:
— Има ли пирошки?
— Утре ќе донесам! — одговори таа.
Тоа беше договорената парола. На браќата лицата им засветкаа. Иван, нестрплив, извика:
— Ех, ти, добра мајко ...
Василиј клекна, го загледа садот со јадење, а во тоа време во пазувата почувствува свиок летци.
— Иване, — велеше гласно — да не одиме дома, ајде да ручаме кај неа! — И брзо ги напикаа книшките во старите чизми. — Треба да ја помогнеме новата продавачка...
— Треба! — се сложи Иван и се засмеа.
Мајката, огледувајќи се наоколу внимателно, извика:
— Шчи,[1] топли кори!
И вадејќи ги книгите незабележливо, свиок по свиок, им ги туткаше на браќата в раце. Секојпат кога книгите ќе ги снемаше од нејзините раце, пред неа светнуваше слично на жолта дамка, како пламен од кибрит во мрачна одаја, лицето на џандармерискиот офицер и таа во мислите со злобно чувство зборуваше:
— На ти, батјушка ...
Предавајќи го следниот свиок, задоволно додаваше:
— На ти ...
Пријдуваа работниците со чинија в раце; кога ќе беа близу, Иван Гусјев почнуваше гласно да се смее и Власова мирно престануваше да му предава книги, тураше чорба и кори, а Гусјеви со неа се шегуваа:
— Итро работи Ниловна!
— Нуждата и глувците ги тера да ловат! — грижливо забележа некој огнар. — Та, и’ го зедоа — хранителот. Никаквеци! Де, дај ми за три копејки кори. Ништо, мајче! Ќе поминеш.
— Благодарам за убавиот збор! — му се насмевна таа нему.
Тргајќи се настрана, тој мрмореше:
— Ништо не ме чини убавиот збор.
Власова извикнуваше:
— Топли, топли, шчи, кори, попара ...
И мислеше за тоа како ќе му раскажува на синот за својата прва проба, а постојано пред очите и’ стоеше жолтото лице на офицерот полно со недоумица и зло. На него збунето поигруваа црните мустаќи, а под горната, налутено повлечена усна блескаше белата коска на силно стиснатите заби. Во градите како птица и пееше радост, веѓите лукаво и се извиваа и, вршејќи ја внимателно својата работа, си зборуваше како за себе:
— А ете — уште! ...
Фусноти
[1] Руско народно јадење, чорба од зарзават.