Полека мина денот, бессоната ноќ и уште побавно идниот ден. Таа очекуваше макар кого, но никој не и навраќаше. Настапи вечерта. И — ноќта. По ѕидовите шумеше и трпаше студениот дожд, во оџакот завиваше, под душемето нешто крцкаше. Од стреата капеше дождовницата и тажниот звук при нејзиното паѓање чудно се слеваше со чукањето на часовникот. Се чинеше целата куќа тивко се ниша и се наоколу беше непотребно, смртвено во очај ...
На прозорецот тропнаа тивко — еднаш, двапати ... Имаше навикнато на тоа тропање, тоа веќе не ја плашеше, та сега затрепери само од радосен бодеж во срцето. Некоја матна надеж брзо ја крена на нозе. Зафрлувајќи го шалот на плеќи Ја отвори вратата.
Влезе Самојлов, а по него уште некој човек кој лицето го имаше скриено во јаката од палтото и капата навлечена до веѓите.
— Да не ве разбудивме? — не поздравувајќи се праша Самојлов против обичајот загрижен и намуртен.
— Не спиев! — одговори таа молчешкум, гледајќи во нив со поглед полн очекување.
Сопатникот на Самојлов, дишејќи тешко и засипнато, ја извади капата и подавајќи и ја на мајката широката рака со куси прсти, пријателски, како на стара познаничка, и рече:
— Здраво, мајко! Не ме познавате?
— Вие ли сте тоа? — извика Власова одеднаш зарадувана од нешто. — Егор Иванович?
— Јас сум! — одговори тој потврдувајќи со својата голема глава со долга коса како на ѓакон. Неговото дебелкаво лице добродушно се смешкаше, ситните, сиви очи гледаа во мајката пријателски и јасно. Личеше на самовар — исто така тркалезен, снизок, со дебел врат и куси раце. Лицето му светкаше и сјаеше, дишеше шумно и во градите нешто постојано му клокоткаше, гргореше ...
— Преминете во одајата, јас веднаш ќе се облечам! — им предложи мајката.
— Ние кај вас дојдовме по работа! — загрижено рече Самојлов и погледна под око.
Егор Иванович премина во одајата и зборуваше оттаму.
— Утринава, драга мајко, од затворот излезе вам познатиот Николај Иванович.
— Зарем тој беше таму? — праша мајката.
— Два месеца и единаесет дена. Го виде таму Хохолот — тој вас ве поздрави, го видел и Павела — кој исто така ве поздравува и моли да не се грижите и да ви кажеме дека на патот по кој оди тој затворот на човека му служи како место за одмор — така е определено од нашето грижливо началство. Потоа, мајко, да преминам на работата. Знаете ли колку души се затворени синоќа?
— Не! А зарем — освен Павела? — извика мајката.
— Тој е — четириесет и деветтиот! — мирно ја прекина Егор Иванович. — И треба да се надеваме дека началството ќе собере уште десетина души! Ете, овој господин исто така ...
— Да, и мене! — намуртено рече Самојлов.
Власова одеднаш почувствува дека дише полесно.
— Не е сам таму! — и’ мина низ главата.
Откако се облече, таа влезе во одајата и ведро им се насмевна на гостите.
— Сигурно нема да ги држат долго кога зеле толку луѓе...
— Точно, — рече Егор Иванович. — А ако успееме да им ги расипеме сметките, наполно ќе ги насамариме. Работата е ваква: ако ние сега престанеме во фабриката да ги растураме нашите книшки, џандарчињата ќе се фатат за таа жална појава и ќе ја употребат против Павела и другарите кои со него се ставени во пранги...
— Како тоа? Зошто? — загрижено праша мајката.
— А, многу просто, мајко! — меко рече Егор Иванович. — Понекогаш и полицијата размислува правилно. Замислете: беше Павел — имаше книшки и летци, го нема Павела — нема ни книшки ни летци! Значи, аха-а, тој ги сеел книшките? Е, и ќе почнат да ги гризат сите. — Џандарите љубат така да навалат на човека, што од него да не остане ни трошка.
— Разбирам, разбирам! — тажно рече мајката. — Оф, господе! Ами сега?
Од кујната се чу гласот на Самојлов:
— Речиси сите ги испофаќаа, ѓавол да ги носи! ... Сега ни треба да ја продолжиме работата по старо, не само заради работата — туку и заради спасувањето на другарите.
— А — нема кој да работи! — додаде Егор насмевнувајќи се. — Литературата ни е прекрасна — сам работам!... А како ќе ја внесеме во фабриката — тоа ни самиот не го знам!
— Почнаа секого да го претресуваат на влезот! — рече Самојлов.
Мајката чувствуваше дека од неа нешто очекуваат, бараат и брзо праша:
— Тогаш што да се прави? Како?
Самојлов застана на вратата и рече:
— Вие, Пелагија Ниловна, се познавате со продавачката Корсунова ...
— Се познавам, и?
— Разговарајте со неа, нема ли да ги пренесува таа?
Мајката одречно одмавна со рацете.
— А, не! Таа е брборлива жена — не! Штом ќе дознае дека е тоа преку мене — од оваа куќа — не!
И одеднаш обземена од изненадна мисла тивко рече:
— Вие, мене дајте ми ги! Јас веќе ќе ја наредам, јас сама ќе најдам начин! Марја ќе ја помолам — нека ме земе за помошница! Треба леб да јадам, треба да работам! Ете така, јас таму ќе носам ручек! Ќе ја наредам!
Со рацете на градите, брзо уверуваше дека ќе стори се добро, незабележано и на крајот победоносно извикна:
— Ќе видат тие — Павела го нема, а неговата рака достигна дури од затворот, — ќе видат тие!
Сите тројца оживеа. Егор, триејќи ги рацете силно, се потсмевнуваше и велеше:
— Чудесно, мајко! Знаете ли вие колку е тоа прекрасно? Поправо — маѓосно!
— В затвор ќе седат како во фотелја — ако се оствари тоа! — триејќи ги рацете забележа Самојлов.
— Вие сте — убавица! — засипнато извика Егор.
Мајката се насмевна. Беше јасно: — ако летците пак се појават во фабриката — власта ќе мора да сфати дека не ги растурал нејзиниот син. И чувствувајќи се способна да ја исполни оваа задача, целата затрепери од радост.
— Кога ќе одите да се видите со Павела — велеше Егор — речете му дека има добра мајка ...
— Јас поскоро ќе го видам! — со смеење и дофрли Самојлов.
— Така речете му — дека ќе сторам се што треба. Нека го знае тоа!
— А ако не го земат? — праша Егор покажувајќи на Самојлов.
— Е-што можеме!
Тие двајцата се засмеаја. А таа, кога ја сфати својата грешка и самата почна да се смее тивко и збунето, по малку лукаво.
— Зад своето — туѓото не се гледа! — рече таа наведнувајќи ги очите.
— Тоа е природно! — извика Егор. — А за Павела не вознемирувајте се и не тагувајте. Од затворот ќе се врати уште подобар. Таму ќе се одмора и ќе учи, а на слобода човек за тоа нема време. Јас, ете, трипати сум бил в затвор и секогаш, макар што не со најголемо задоволство, но со несомнена корист за умот и срцето.
— А — дишете тешко! — рече таа гледајќи пријателски во неговото припросто лице.
— За тоа има особени причини! — одговори тој кревајќи го прстот нагоре. — Значи, така решивме, мајко? Утре ќе ви го пратиме материјалчето — и повторно ќе тргне тркалото на рушењето на вековната темнина. Да живее слободниот збор и да живее срцето мајчино! А сега — довидување!
— Довидување! — рече Самојлов стегајќи и’ ја раката цврсто. — А јас, гледаш, јас на својата мајка такво нешто не можам ни да и’ гукнам — да!
— Еднаш сите ќе сфатат! — рече Власова сакајќи да го утеши.
Кога тие си отидоа, ја заклучи вратата, и, клекнувајќи среде одајата, ја почна молитвата во придружба на шумењето на дождот. Се молеше без зборови, со некоја голема мисла за луѓето кои Павел ги внесе во нејзиниот живот. Тие како да минуваа помеѓу неа и иконата, минуваа сите толку припрости, чудно блиски еден со друг и осамени.
Рано утрината отиде кај Марја Корсунова.
Продавачката, како и секогаш извалкана и зборлива, ја дочека утешно.
— Тагуваш? — праша таа удирајќи ја со дебелкавата рака мајката по плеќите. — Остави! Зеле, затвориле, не е тоа голема несреќа. Тука нема ништо лошо. Тоа беше и порано кога затвораа за кражби, а сега почнаа да затвораат порада вистината. Павел можеби и рекол нешто што не треба, но стана за сите — и сите го разбираат, не плаши се! Сите не зборуваат, ама сите знаат кој е добар. Јас се се токмев да дојдам до тебе, но ете, не стигнав. Готвам и продавам, а сигурно ќе умрам во сиромаштија. Љубовниците ме упропастуваат, проклетите! Ме гризат, ме гризат како лебарки погача. Ќе собереш десетина рубли, ќе ти дојде некој еретик — и ќе ти ги слисти парите. Тешка работа — да бидеш жена! Погана должност на земјата е тоа! Да живееш сам не чини, двајца — здодевно!
— А јас дојдов да те помолам — да ти бидам помошничка! — рече Власова прекинувајќи и го брборењето.
— Како тоа? — праша Марја. И дослушувајќи ја пријателката, потврдно климна со главата.
— Може! Паметиш ли, некогаш се случуваше да ме скриеш од мојот маж? Е, сега ќе те спасувам јас тебе од неволите ... Сите сме должни да те помогнеме, оти твојот син страда за општа работа. Тој е добро момче, сите тоа го велат како една душа и сите го фалат. Можам да речам — од тие апсења на власта нема да и биде добро — погледни само што се работи во фабриката? Не зборуваат добро, мила моја. Тие таму, главатарите, мислат — го каснале човеков за петица и — нема да отиде далеку! А работата испадна поинаку: десетина удрија — стотина се налутија!
Разговорот заврши со тоа што утредента на ручек Власова беше во фабриката со двете тенџериња од готвениците на Марја, а Марја отиде да продава на пазарот.