Утредента се дозна дека се затворени Букин, Самојлов, Сомов и уште петмина. Вечерта кај нив наврати Феѓа Мазин — и кај него правелe претрес и, задоволен со тоа, се чувствуваше како јунак.
— Се плашеше ли, Феѓа? — го праша мајката.
Тој пребледна, лицето му доби остар изглед, ноздрите му заиграа.
— Се плашев да не ме удри офицерот! Црнобрад, дебел, прстите влакнести, а на носот — црни очила, како без очи. Викаше, тропаше со нозете! В затвор ќе згниеш, вели! А мене никогаш не ме тепале, ни татко ми, ни мајка ми. Јас сум единец, ме сакаа.
Тој моментално ги затвори очите, ги стегна усните, со брзо движење на двете раце ја зафрли косата на главата и гледајќи го Павела со поцрвенети очи, рече:
— Кога би ме удриле, целиот како нож би се зарил во човека. — Со заби би гризел — та наеднаш нека ме дотепаат.
— Танок си ти, мршав! — извика мајката. — Како ќе се тепаш?
— Ќе се тепам! — тивко одговори Феѓа.
Кога си отиде, мајката на Павела му рече:
— Тој пред сите ќе пропадне!...
Павел премолче...
По неколку моменти вратата од кујната полека се отвори и влезе Рибин.
— Здраво! — насмевнувајќи се поздрави тој. — Еве ме пак. Синоќа ме донесоа, а денеска — сам дојдов! — Силно ја затресе раката на Павела, ја фати мајката за рамо и праша:
— Ќе дадеш ли чај?
Павел молчешкум го посматраше неговото темно, широко лице зарастено во густа црна брада и темните очи. Во мирниот поглед му светкаше нешто значајно.
Мајката излезе во кујната да го пристави самоварот. Рибин седна, ја погали брадата и налактувајќи се на масата, го погледна Павела со темен поглед.
— Ете така! — рече тој како да го продолжува прекинатиот разговор. — Треба да поприкажувам со тебе отворено. Јас долго те посматрав. Живееме скоро еден до друг; гледам — тебе ти доаѓаат многу луѓе, а нема ни пијанење ниту нешто лошо. Тоа е прво. Кога луѓето не прават ништо лошо, одеднаш паѓаат в очи — што е тоа? Ете. И јас секому му паѓам в очи, затоа што живеам повлечено...
Зборовите му течеа тешко, но слободно, ја галеше брадата со црната рака и внимателно го посматраше лицето на Павела.
— Цел свет за тебе зборува. Моите стопани те викаат еретик — в црква не си одел. Јас исто не одам. Потоа се јавија, летците. Ти ли ги измисли?
— Јас! — одговори Павел.
— Ете ти сега! — плачливо извика мајката покажувајќи се од кујната. — Ти не си сам!
Павел се насмевна. Рибин исто така.
— Така! — рече тој.
Мајката силно вдиши воздух низ носот и влезе малку навредена што не обрнаа внимание на нејзините зборови.
— Летци — тоа е добро измислено. Цел народ го вознемируваат. Беа деветнаесет?
— Да! — одговори Павел.
— Значи — сите сум ги прочитал! Така. Во нив има и неразбирливи работи. Има и непотребни. — Но кога човек зборува многу, мора да рече и десетина зборови туку-така...
Рибин се насмеа, се покажаа неговите бели и здрави заби.
— Потоа претрес. Тоа ме расположи повеќе од се. И ти, и Хохолот, и Николај — сите се покажавте како...
Не можејќи да најде погоден збор, замолче и погледна во прозорецот барабанејќи со прстите по масата.
— Го обелоденивте своето решение! Де ти, ваше благородие, врши си ја својата работа, а ние нашата. Хохолот е исто така добро момче. Еднаш го слушав кога зборуваше во фабриката и мислев — тој не ќе се поколеба, него само смртта ќе го покори. Жилав човек! Ми веруваш ли, Павел?
— Ти верувам! — рече Павел потврдувајќи со главата.
— Ете. Погледни — јас имам четириесет години, двапати сум постар од тебе, дваесетпати повеќе сум видел. Само во војска чекорев три години и повеќе, се женев двапати, првата жена ми умре, втората ја истерав. На Кавказ сум бил, духоборците ги знам. Тие, брате, животот не ќе го преодолеат, не!
Мајката жедно го слушаше неговиот силен говор, беше пријатно да се види како на нејзиниот син му дојде постар човек и зборува со него како да се исповеда. Но и се чинеше дека Павел кон гостинот се држи премногу суво, и за да го замачка тој впечаток, го праша Рибина:
— Можеби сакаш да каснеш, Михаил Иванич?
— Благодарам, мајче! Јас сум вечеран. Значи така, Павел, ти, значи, мислиш — дека животот тече неправедно?
Павел стана и почна да оди низ одајата со рацете на грбот.
— Тој тече како што треба, — велеше Павел. — Ете, тој вам ве донесе кај мене со отворено срце. Нам, кои цел живот работиме, тој лека-полека не обединува: ќе дојде време, — ќе нè обедини сите! Неправедлив и тежок е животот за нас, но самиот ни ги отвора очите за својата горка смисла, самиот му покажува на човекот како да го забрза неговиот од.
— Верно е! — го пресече Рибин. — Човекот треба да се обнови. Ако закрастави — носи го на бања, искапи го, облечи му чисти алишта — ќе оздравее. Така ли е? Но како да се очисти човекот одвнатре? Ете!
Павел зборуваше пламено и остро за управата, за фабриката, за тоа како во странство работниците ги бранат своите права. Рибин понекогаш удираше со прстот по масата како да става точка. Повеќепати извикуваше:
— Така е!
И еднаш, засмевајќи се, тивко рече:
— Е-ех, млад си! Малку ги познаваш луѓето!
Тогаш Павел, застанувајќи спроти него, сериозно забележа:
— Нема да зборуваме за старост и за младост. Подобро е да се погледне чии мисли се поточни.
— Значи, по твоето сфаќање, и со господа нè измамиле? Така е. Јас исто така мислам дека религијата ни е — лажна.
Тука се замеша и мајката. Кога синот зборуваше за бога и за сè што сврзуваше со својата вера во бога, што нејзе и’ беше драго и свето, секогаш ги бараше неговите очи; сакаше молчешкум да го помоли синот да не и’ го кине срцето со острите и напернати безверни зборови. Но зад неговото безверие чувствуваше вера, а тоа ја смируваше.
— Како би можела да ги сфатам неговите мисли? — си велеше.
И’ се чинеше дека на Рибин, постар човек, исто така му е непријатно и тешко да го слуша Павеловото зборување. Но кога Рибин спокојно му го постави на Павела своето прашање, таа не можеше да претрпи, туку кусо но решително рече:
— Кога е збор за бога — би можеле да бидете повнимателни! Туку вие — како што сакате! — Откако собра душа, со уште повеќе сила, продолжи: — А мене, стар човек, во мојата тага не ми останува ништо друго на што би се потпрела, ако ми го земете господа бога!
Очите и’ се наполнија со солзи. Ги миеше садовите, а прстите и трепереа.
— Вие, мајко, не нè сфативте! — тивко и милозливо и’ рече Павел.
— Прости, мајче! — полека и длабоко додаде Рибин додека со насмевка гледаше во Павела.
— Заборавив дека си стара за тоа да можам да те свиткам...
— Јас не зборувам, — продолжи Павел — за тој добар и милостив бог во кого верувате вие, туку за оној со кого поповите нè заплашуваат така со стап — за бога во чие име сакаат да ги натераат сите луѓе да се потчинуваат на лошата волја на неколкумина...
— Ете, така е, да! — извика Рибин удирајќи со прстите по масата. — Тие и бога ни го менија, тие се што е во нивните раце го употребуваат против нас! Спомни си, мајче, дека господ го создал човека по својот образ и подобие, — значи дека е сличен на човекот, ако човекот е сличен на нето! А ние — не сме слични на бога, туку на диви ѕверови. В црква ни покажуваат плашило... Треба да се мени господ, мајче, да се очисти! Го облекле во лаги и клевети, му го обезобразиле лицето за да можат душата да ни ја отепаат!...
Зборуваше тивко, но секој збор од неговиот говор на мајката и’ паѓаше на глава како тежок, заглушувачки удар. Ја плашеше и неговото лице во црните рамки на брадата, големо и тажно. Темниот сјај на неговите очи за неа беше мачен, во срцето и разбудуваше потаен страв.
— Не, подобро да се тргнам! — рече таа нишајќи ја главата. — Да го слушам тоа — немам сила!
И брзо излезе во кујната испратена од зборовите на Рибин:
— Ете, Павел! Почетокот не е во главата, туку — во срцето! Тоа е такво место во човековата душа на кое не расте ништо друго ...
— Само разумот ќе го ослободи човека! — цврсто рече Павел.
— Разумот не му дава сила на човека! — одговори Рибин со силен и упорен глас. — Срцето дава сила — а не главата, ете!
Мајката се соблече и легна в постела без молитва. И беше студено, непријатно. И Рибин, кој во почетокот и’ се стори како човек на свое место, умен, сега кај неа предизвика омраза.
— Еретик! Смутник! — мислеше слушајќи му го гласот. — Токму — дојде — како нарачан!
А тој зборуваше со увереност и мирно:
— Светото место не може да биде пусто. Таму каде што живее господ — местото е болно. Ако тој излезе од душата — ќе остане рана во неа — ете! Треба, Павел, да се измисли нова вера ... треба да се создаде бог — пријател на луѓето!
— Тоа беше — Христос! — извика Павел.
— Христос немаше цврст дух. Вели, нека ме одмине оваа чаша. И царот го признава. Господ не може да ја признава човечката власт над луѓето, тој е — сета власт. Тој не може да ја дели својата душа: ова е— божево, ова е — човеково ... А тој — и трговијата ја признаваше, и бракот го признаваше. И смоквата неправедно ја проколна — зарем таа по своја волја беше неродна? — И душата не по своја волја не раѓа добро.
— Дали јас сум посеал омраза во неа? Ете!
Во одајата непрекинато ѕвонеа два гласа како да се гушкаат и борат еден со друг во возбудлива игра. Павел чекореше, душемето чкрташе под неговите нозе. Кога зборуваше тој, сите звуци тонеа во неговиот говор, а кога мирно и полека течеше тешкиот глас на Рибин— се слушаше чукањето на клатното и тивкото потпукнување на мразот кајшто со остри нокти ги гребеше ѕидовите на куќата.
— Ќе ти речам на свој начин, онака огнарски: господ е — сличен на огнот. Така е. Тој живее во срцето. Речено е: господ е — збор, а зборот е — дух...
— Разум! — решително рече Павел.
— Така е! Значи: господ е во срцето и во разумот, а не во црквата! Црквата е — гробница господова ...
Мајката заспа и не чу кога си отиде Рибин.
Но тој почна да доаѓа често и, ако кај Павела имаше некој од другарите, Рибин седнуваше на крајот и молчеше, само понекогаш ќе речеше:
— Ете, така!
А еднаш, гледајќи ги сите отстрана со темен поглед, невесело рече:
— Треба да се зборува за тоа што е и што ќе биде нам ни е непознато, ете! Кога народот ќе се ослободи, сам ќе види како е подобро. Премногу му пикале во главата од она што тој не би го сакал. Доста! Нека смисли сам. Можеби тој ќе сака да отфрли сè — сиот живот и сите науки, можеби ќе увиди дека е се управено против него — како на пример црквениот бог. Вие само дајте му ги сите книги в раце, а тој веќе сам ќе одговори— ете!
Но ако беше Павел сам, веднаш стапува во бесконечно, секогаш спокојно расправање, а мајката грижливо ги следеше нивните зборови, трудејќи се да разбере — што зборуваат тие. Понекогаш се чинеше дека широко-плеќестиот, црнобрадест мужик и нејзиниот син, кршен, силен — двајцата се ослепени. Блудат де натаму де наваму, барајќи излез, се фаќаат за се со силни, но слепи раце, тресат, преместуваат од едно место на друго, куткаат на душемето и кутнатото го газат со нозете. Се зафаќаат за се, допираат сешто и отфрлаат од себе не губејќи ни вера ни увереност...
Ја навикнаа да слуша зборови, страшни по отвореноста и смелоста, но тие зборови веќе не ја притискаа онолку силно како првиот пат, — веќе беше научена да ги отфрла од себе. И понекогаш, по зборовите кои го откажуваа бога, чувствуваше силна вера во него. Тогаш ќе се насмевнеше со тивка насмевка која проштава се. И макар што Рибин не и се допаѓаше, веќе не и предизвикуваше омраза.
Еднаш неделно му носеше на Хохолот в затвор преоблека и книги; еднаш и’ допуштија да се види со него и откако се врати дома, трогнато раскажуваше:
— Тој и таму — како дома. Со сите милозливо, сите со него се шегуваат. Тешко му е, тешко, а не искажува...
— Така и треба! — забележа Рибин. — Сите ние сме во невола, како во кожа — со невола дишеме, со невола се облекуваме. Немаме со што да се фалиме. Не им се на сите очите замачкани, некои сами ги затвораат. Ете! А кој е глупав — нека трпи!