X

Се појавија дури еден месец по немирната ноќ. Кај Павела беше Николај Вјесовшчиков, и тројцата со Андреј зборуваа за својот весник. Беше доцна, околу полноќ. Мајката веќе беше легнала и тонејќи во сонот низ дремка ги слушаше загрижените тивки гласови. Ене, Андреј, со внимателни чекори минува низ кујната и тивко ја подзатвора вратата зад себе. Во ходникот заѕвецка металниот сад. И одеднаш вратата широко се отвори. — Хохолот влезе во кујната и гласно шепна:

—  Мамузи ѕвечат!

Мајката скокна од постела, со растреперени раце ги дофати алиштата, но на вратата од одајата се појави Павел и мирно рече:

—  Вие — лежете, — не сте здрави!

Во ходникот се слушаше претпазлив чекор. Павел дојде до вратата и турнувајќи ја со раката, праша:

—  Кој е таму?

Во вратата необично брзо влезе висока, сива фигура, по неа друга, два џандара го турнаа Павела настрана, му застанаа од двете страни. Се чу потсмешлив глас:

—  Не се тие што ги очекувавте, а?

Тоа го рече високиот, мршав офицер со црни, ретки мустаќи. Кај мајчината постела се појави полицаецот од предградието, Феѓакин. И откако ја стави едната рака на капата, а со другата рака покажувајќи го мајчиното лице и превртувајќи ги очите, рече:

—  Ова е неговата мајка, ваше благородие! — И одмавнувајќи со раката кон Павела, додаде: — А ете го — тој самиот!

—  Павел Власов? — праша офицерот подзамижувајќи и кога Павел, молчешкум потврди со главата, тој сучејќи го мустаќот изјави: — Морам да извршам претрес кај тебе... Стара, стани! Кој е таму? — праша тој загледувајќи се во одајата и брзо пречекори кон вратата.

—  Имињата? — се разнесе неговиот глас.

Од ходникот излегоа двајца сведоци: стариот лимар Твјерјаков и неговиот потстанар, огнарот Рибин, крупен, црн селанец. Тој длабоко и силно извикна:

—  Здраво, Ниловна!

Таа се облекуваше, — за да се охрабри, тивко зборуваше:

—  Што значи тоа! Доаѓаат ноќе — луѓето легнале, а тие доаѓаат!...

Во одајата беше тесно и којзнае зошто, силно мирисаше на ималин. Двајцата џандари и полицискиот пристав Рускин силно тропаа со нозете, ги симнуваа од полицата книгите и ги фрлаа на масата пред офицерот. Другите двајца удираа со тупаници по ѕидовите, се загледуваа под столовите, еден несмасно се качи на печката. Хохолот и Вјесовшчиков, застанати близу еден до друг, стоеја во аголот. Сипаничавото лице на Николај се покри со црвени дамки, и неговите мали, сиви очи непрекинато го гледаат офицерот. Хохолот ги сучеше мустаќите, и кога мајката влезе во одајата, тој насмевнувајќи се, милозливо климна со главата.

Грижејќи се да го скрие својот страв, мајката не се движеше настранички, како секогаш, туку право, со градите напред — тоа на нејзината става и даваше смешна и извештачена важност. Силно тропаше со нозете, а веѓите и потскокнуваа...

Офицерот со танките прсти на белата рака брзо ги прифаќаше книгите, ги прелистуваше, ги растресуваше и со вешто движење на раката ги фрлаше настрана. По некоја книга меко треснуваше на душемето. Сите молчеа, се слушаше само тешкото дишење на испотените џандари, ѕвечкањето на мамузите, понекогаш полугласно прашање:

—  Гледаше ли овде?

Мајката стоеше до Павела покрај ѕидот, со прекрстени раце на градите како и тој, и исто така го гледаше офицерот. Колената и трепереа, а очите и ги прекриваше густа магла.

Наеднаш, среде молчењето, се разнесе остриот глас на Николај:

—  А зошто е потребно да се фрлаат книгите на душеме?

Мајката затрепере. Твјерјаков мрдна со главата како да го тупнал некој по тилот, а Рибин промрморе нешто и внимателно го погледна Николај.

Офицерот подзамижа со очите и моментално ги впи во сипаничавото, неподвижно лице. Уште побрзо почна да ги превртува со прстите листовите на книгите. Понекогаш толку широко ги отвораше своите големи, сиви очи, како да му е нанесена неснослива болка и како да е готов да вресне со страшен вик на немоќна омраза поради оваа болка.

—  Војниче! — повторно рече Вјесовшчиков. — Крени ги книгите...

Сите џандари се свртеа кон него, потоа го погледнаа офицерот. Тој повторно ја крена главата и погледнувајќи ја со испитувачки поглед широката појава на Николај, процеди низ нос:

—  Де-е... Кренете ги. ..

Еден џандар се наведна накриво гледајќи го Вјесовшчикова и почна да ги собира растурените книги од душемето.

—   Николај би требало да молчи! — тивко му потшепна мајката на Павела.

Тој ги крена рамената. Хохолот ја наведна главата.

—  Кој ја чита Библијата?

—  Јас! — рече Павел.

—  Аха. .. А чии се оние книги?

—  Мои! — одговори Павел.

—  Така! — рече офицерот извалувајќи се во столот. Кршејќи ги прстите на танките раце, протегајќи ги нозете под масата, тој ги поправи мустаќите и го праша Николај:

—  Ти ли си — Андреј Нахотка?

—  Јас сум! — одговори Николај, истапувајќи напред. Хохолот ја подаде раката, го фати за рамо и го врати назад.

—  Грешка! Јас сум Андреј!...

Офицерот ја крена раката и заплашувајќи го Вјесовшчикова со малиот прст, рече:

—  Внимавај ти!

И почна да пребарува низ своите хартии.

Од улицата со бездушни очи во прозорецот гледаше светлата ноќ полна со месечина. Некој полека одеше под прозорецот, снегот крукаше.

—  Ти, Нахотка, веќе си одговарал за политички престапи? — праша офицерот.

—  Да, во Ростов и во Саратов. Само таму џандарите ми зборуваа на — „ви“.

Офицерот намигна со десното око, го протре и, покажувајќи ги ситните заби, рече:

—  А дали ви е познато имено вам, Нахотка, кои се тие никаквеци што расфрлаат низ фабриката престапни повици, а?

Хохолот се заниша на нозете, широко се насмевна и сакаше нешто да рече, но повторно предизвикувачки се чу гласот на Николај:

—  Ние никаквеци за првпат сега гледаме...

Настапи молчење, за момент сите беа како вкочанети.

Лузната на мајчиното лице пребледе, а десната веѓа и’ отиде горе. Црната брада на Рибин необично заигра: со наведнати очи полека почна да ја расчешлува со прстите.

—  Извадете го надвор тој скот! — рече офицерот.

Двајца џандари го грабнаа Николај под раце и грубо го однесоа во кујната. Таму тој застана, силно се опре со нозете на душемето и извика:

—  Чекајте... Да се облечам!

Однадвор се појави полицискиот пристав и рече:

—  Нема ништо, се прегледав!

—  Па се разбира! — извика офицерот насмевнувајќи се. — Овде има вешт човек...

Мајката го слушаше неговиот слаб, треперлив и кревок глас, и додека со страв му го посматраше жолтото лице, во тој човек чувствуваше непријател, непријател без милост, со срце полно со господска омраза кон луѓето. Малку такви луѓе видела таа и скоро заборавила дека тие постојат.

—  Ете кого го вознемирија! — мислеше.

—  Вас, господине Андреј Онисимов Нахотка, незаконски роден, ве арестувам!

—  Зошто? — спокојно праша Хохолот.

—  Подоцна ќе ви го кажам тоа! — со налутена учтивост одговори офицерот. И свртувајќи се кон Власова, праша:

—  Писмена ли си?

—  Не! — одговори Павел.

—  Не те прашувам тебе! — строго рече офицерот и повторно праша: — Стара, одговарај!

Мајката, без да сака, подавајќи и’ се на омразата кон тој човек, одеднаш како да се фрли во студена вода, целата затрепери, се исправи, лузната пак и поцрвене, и веѓата и се спушти.

—  Не викајте! — се јави таа подавајќи ја раката кон него. — Вие сте уште млад човек, вие не знаете што е лошо...

—  Смирете се, мајко! — ја застана таму.

—  Почекај, Павел! — извика мајката, пристапувајќи кон масата. — Зошто ги фаќате луѓето?

—  Тоа не е ваша работа, — молчете! — вресна офицерот станувајќи. — Донесете го арестуваниот Вјесовшчиков!

И почна да чита некаква хартија приближувајќи ја кон лицето.

Го воведоа Николај.

—  Симни ја капата! — вресна офицерот прекинувајќи го читањето.

Рибин пристапи кон Власова, ја гибна по рамото и тивко рече:

—  Не горешти се, мајче...

—  Како ќе ја симнам капата кога ме држат за раце? — праша Николај заглушувајќи го читањето на протоколот.

Офицерот ја фрли хартијата на масата.

—  Потпишете!

Мајката гледаше како сите го потпишуваат протоколот, и возбудата и’ згасна, срцето и’ се смири, а на очите и’ навреа солзи на немоќност и навреда. Со тие солзи плачела дваесет години откако е омажена, но во последните години скоро го заборавила нивниот лут вкус; офицерот ја погледна и намрштувајќи се гадливо забележа:

—  Предвреме плачете, госпоѓо! Внимавајте, нема да ви останат солзи за подоцна!...

Озлобувајќи се повторно, таа рече:

—  Мајката за сите има солзи, за сите! А ако имате мајка, — тоа го знае таа, да!

Офицерот брзо ги пикаше хартиите во новата кожена торба со светликава клучалка.

—  Марш! — искомандува офицерот.

—  Довидување, Андреј, довидување, Николај! — Топло и тивко зборуваше Павел стегајќи им ги рацете на другарите.

—  Имено така — довидување! — Потсмешливо рече офицерот.

Вјесовшчиков дишеше тешко. Жилите на неговиот дебел врат беа набабрени, очите му светкаа со страшна омраза. Хохолот се сјаеше од смеење, ја вртеше главата, и нешто и зборуваше на мајката, а таа се крстеше и велеше:

—  Ги гледа господ правите...

Најпосле групата луѓе во сиви шинели излезе во ходникот и ѕвечкајќи со мамузите ја снема. Последен си отиде Рибин, го погледна Павела со внимателниот поглед на темните очи и замислено рече:

—  Па-а, — збогум!

И кашлајќи во брадата, без да бара, излезе во ходникот.

Со рацете на грбот Павел полека одеше низ одајата, чекореше помеѓу книгите и алиштата расфрлани по душемето и невесело зборуваше:

—  Гледаш ли како се прави тоа?

Посматрајќи ја со недоумица одајата во безредие, мајката тажно прошепоти:

—  Зошто Николај зборуваше толку грубо со нив?...

—  Можеби се уплашил, — тивко рече Павел.

—  Дојдоа, фатија, однесоа, — мрмореше мајката ширејќи ги рацете.

Синот и’ остана дома, срцето и тупкаше помирно, а мислата неподвижно стоеше пред фактот што не можеше да го сфати.

—  Оној жолтиот се потсмевна, заплашува...

—  Добро, мајко! — одеднаш решително рече Павел. — Ајде сето ова да го прибереме...

И рече „мајко“ и „ти“, како што зборуваше само кога ќе ја почувствуваше поблизу. Таа му се приближи, му се загледа в лице и го праша:

—  Те навредија ли?

—  Да! — одговори тој. — Тоа е тешко! Полесно би ми било да бидам со нив.

Нејзе и’ се чинеше дека во очите му навираат солзи, и сакајќи да го утеши, таа, нејасно чувствувајќи ја неговата болка, воздивнувајќи рече:

—  Почекај — и тебе ќе те земат! ...

—  Ќе ме земат! — се одзва тој.

По малу молчење мајката забележа.

—  Колку си суров, Паша! Би можел понекогаш и да ме утешиш. .. А тоа — јас ќе речам страшно, а ти уште пострашно.

Тој ја погледна, и’ се приближи и тивко се одзва:

—  Не умеам, мајко! Треба да се навикнеш на тоа.

Таа воздивна, и, воздржувајќи го треперењето од стравот, рече:

—  А можеби тие ги мачат луѓето? Го кинат телото, коските ги кршат? Кога ќе помислам на тоа — Паша, мил мој, страшно ми е!

—  Тие ја кинат душата... А повеќе боли — кога со нечисти раце душата...