Напишано: 1901
Извор: Jean Jaurès “Studies in Socialism” “Socialist Library” 1906 и “Jean Jaurès i socijalizam: izbor
rasprava, govora i članaka”, “Kultura” (Zagreb), 1954.
Превод: Здравко Савески, од англиски и хрватски јазик.
Техничка обработка: Goran Maric, ноември 2005.
Превласта на една класа е обид за деградирање на човештвото. Социјализмот, кој ќе ги укине сите класни привилегии, всушност и сите класи, го враќа човештвото на неговото највисоко ниво. Поради тоа, должност на сите луѓе е да бидат социјалисти.
Нека не приговараат, како што прават некои социјалисти и позитивисти, дека е бескорисно и детски да се повикува на правдата, дека правдата е метафизичка концепција, сомнителна дека може да биде насочена во која било насока и дека сите тирании си кројат наметки за себе од овој ист излитен пурпур. Не, во модерното општество зборот “правда” добива сè пошироко и поодредено значење. Тој почна да значи дека кај секој човек, кај секој поединец, треба целосно да се почитува човештвото и да се издига до неговата комплетна големина. Е сега, вистинско човештво единствено може да постои онаму каде што има независност, активна примена на волјата, слободно и радосно прилагодување на поединецот кон целината. Онаму каде што луѓето се зависни во корист на некои други, онаму каде што поединечните волји слободно не соработуваат во работата на општеството, онаму каде што поединецот се потчинува на законот на целината под принуда или преку силата на обичајот, а не единствено преку разумот, таму човештвото е деградирано и осакатено. Поради тоа, само преку укинување на власта на капиталот и со воспоставување на социјализам човештвото може да дојде до целосноста на своето наследство.
Совршено сум свесен дека револуционерната буржоазија успеа да прокриумчари олигархиски тон, класен дух, во Декларацијата на правата на човекот [од 1789]. Свесен сум дека таа во оваа Декларација се обиде да ги отелотвори, и на таков начин да ги освети засекогаш, буржоаските облици на сопственост, и дека дури и во политичкиот свет започна негирајќи им го правото на глас на милионите сиромашни, кои така станаа пасивни граѓани. Но исто така знам дека демократите веднаш ја употребија теоријата за правата на човекот, на сите луѓе, за да побараат и да го добијат правото на глас за сите. Знам дека тие веднаш ги втемелија своите економски барања врз истата теорија. Знам дека работничката класа, иако во 1789 нејзиното постоење како класа свесна за себе беше само рудиментирано, не се колебаше да ги примени и да ги прошири правата на човекот во пролетерска насока. Уште во 1792 таа прогласи дека сопственоста врз животот е најважна од сите наши сопственички права и дека правото на оваа суверена сопственост треба да има предност пред сите останати. Сега, нека овој збор “живот” биде храбро проширен: нека неговото значење не го опфаќа само голото постоење, туку целиот живот, сиот развој на човечките способности и ќе испадне дека самиот комунизам е накалемен врз Декларацијата за правата на човекот од страна на пролетаријатот. Така, човековите права прокламирани од Револуцијата одеднаш добиваат пошироко и подлабоко значење од она што им го даде револуционерната буржоазија. Таа класа беше поддржувач на права кои сè уште беа премногу олигархиски и ограничени за да ја покријат целата сфера на човековите права: речното корито беше пошироко од реката и еден нов прилив, големиот пролетерски и човечки прилив, мораше да се приклучи пред идејата на правдата да може конечно да биде исполнета.
Само социјализмот може да ѝ ја даде вистинската смисла на Декларацијата на правата на човекот и да ја оствари целата идеја на човечка правда. Правдата на револуционерната буржоазија го ослободи човештвото од многу лични окови: но во принудувањето на секоја нова генерација да му плаќа данок на капиталот акумулиран од претходните генерации и оставајќи му ја на малцинството привилегијата на собирање на овој данок, во одредена смисла ја заложи личноста на секое живо човечко суштество на користа на минатото и на само една класа.
Ние, напротив, сметаме дека сите средства за производство и акумулираното богатство од страна на човештвото треба да им стојат на располагање на сите човечки активности и дека треба да ги ослободуваат. Според нас, секој човек отсега ќе има право на средствата за развиток што ги создало општеството. Повеќе, значи, нема да се роди ниту едно човечко суштество сосема беспомошно, слабо и изложено на секој облик на угнетување и експлоатација. Тоа ќе биде личност која ќе поседува права, која ќе може да бара за својот полн развиток слободна употреба на средствата за работа што се акумулирани преку човечките напори.
Секое човечко суштество има право на целосен развиток. Има, значи, право да го бара од човештвото сето она што може да го потпомогне неговиот напор. Има право да работи, да произведува, да создава и никоја класа на луѓе да не смее да ги експлоатира плодовите на неговиот труд и да го доведува под свој јарем. И бидејќи заедницата единствено може да ги обезбеди правата на поединецот преку ставање на средствата за производство на негово располагање, тогаш, се разбира, самата заедница мора да има суверено право на сопственост врз сите средства за производство.
Маркс и Енгелс прекрасно истакнаа во „Комунистичкиот манифест” дека почитта за сечиј живот е самата суштина на комунизмот:
„Во буржоаското општество живиот труд е само средство за зголемување на натрупаниот труд. Во комунистичкото општество натрупаниот труд е само средство за проширување, збогатување, унапредување на животниот процес на работниците.
„Во буржоаското општество, значи, минатото владее над сегашнината, во комунистичкото општество сегашнината над минатото“ [Втора глава, „Пролетери и комунисти”].
И Декларацијата за правата на човекот беше афирмација на животот, повик за живот. Револуцијата ги прогласи правата на живите луѓе. Таа не го признаваше правото на минатото човештво да го ограничува сегашното човештво. Не го признаваше во минатите служби на кралевите и благородниците правото сериозно да го ограничува сегашното живо човештво и да го запира неговиот развиток. Напротив, живото човештво го зеде и да присвои за сопствена употреба сето она што беше витално и силно во наследството на минатото.
Единството на Франција, што беше дело на кралството, стана решавачко средство на револуцијата против самото кралство. На ист начин, големите производни сили, акумулирани од буржоазијата, ќе станат решавачко средство за ослободувањето на човекот од моќта на капиталистичките привилегии.
Животот не го уништува минатото: тој го потчинува на сопствените цели. Револуцијата не е прекин, таа е освојување. А кога пролетаријатот ќе го доврши тоа освојување, кога ќе биде воспоставен комунизам, сите акумулирани човечки напори низ вековите ќе станат некој вид додатна природа, богата и корисна, што ќе ги зема под закрила сите човечки суштества од часот на нивното раѓање и ќе им осигури целосен развиток.
Оттука, корените на комунизмот досегаат далеку наназад, дури до буржоаската концепција за правдата, до Декларацијата за правата на човекот и до правото на живот. Но оваа внатрешна логика на идејата за правата и човечноста би останала неразвиена и немоќна без надворешната енергична акција на пролетаријатот. Пролетаријатот се вмеша уште при првите денови од Револуцијата. Не ги слушаше апсурдниот совет што им го даваа оние кои, како Мара, анимирани од класниот дух, велеа: „Што правите? Зошто јуришате на Бастилја, која никогаш помеѓу своите ѕидини не затвораше работници?” Тој непоколебливо чекори напред, јуриша, го одредува успехот на големите победи, поитува кон границите, ја спасува Револуцијата дома и во странство, станува ненадоместлива сила и речиси ги собира плодовите од својата непрекината активност. За три години, од 1789 до 1792, тој го преобрази полудемократскиот, полубуржоаски режим во чиста демократија, при што пролетерската акција понекогаш беше дури и доминантен фактор. Откако ја покажа силата за која способна, тој се стекна со самодоверба и конечно може, со Бабеф, да се каже дека новата моќ што ја создаде, националната моќ што беше заеднички посед на сите, треба да ја искористи како средство преку кое треба да се воспостави среќа за сите.
Така, преку акцијата на пролетаријатот, комунизмот престана да биде неодредена филозофска спекулација и стана партија, жива сила. Така, социјализмот се издигна од Француската револуција преку комбинираното делување на две сили, силата на идејата за правата и силата на новородената активност на пролетаријатот. Поради тоа, тој не е утописка апстракција. Тој се извира од најтурбулентниот и најзовриениот врел извор на модерниот живот.
Но сега, по многу обиди, половични победи и осеки, преку различностите на политичките режими, се разви новиот поредок на буржоаската класа. Под Империјата и Ресторацијата, економскиот систем на буржоазијата, втемелен врз неограничената конкуренција, започна да ги собира своите плодови: несомнено зголемување на богатството, но истовремено и неморалност, измамништво, постојани борби, безредие и угнетување. Генијот на еден Фурие сфати дека е можно да се отстрани тоа безредие, да се исчисти и да се уреди општествениот систем без да му се наштети на производството на богатство, туку, напротив, тоа уште повеќе да се зголеми. Неговиот идеал не беше аскетски. Тој сакаше слободна игра на сите способности, на сите нагони. Истата асоцијација што ќе ги укине кризите, ќе ги зголеми богатствата преку регулирање и комбинирање на сите напори. Така се распрснува бледиот облак на аскетизам што би можел да се надвисне над социјализмот. На тој начин, социјализмот, земајќи учество со пролетерите во Револуцијата, и со Бабеф, во целиот револуционерен живот, конечно се влива во големата струја на изобилството и модерното производство. Преку Фурие и Сен Симон тој најпосле се појавува како сила способна не само да го надмине капитализмот, туку и да го надмине на неговото сопствено поле.
Во новиот општествен систем што го предвидоа овие големи гении, правдата нема да биде купена по цена на животните радости; напротив, праведната организација на човечките сили ќе ја зголеми нивната производна сила. Сјајот на богатството ќе ја објави победата на правата, а среќата ќе биде ореол на правдата. Бабефизмот не беше негација на Револуцијата, туку, напротив, најсилно отчукување на нејзиното срце. Исто, фуриеризмот и сенсимонизмот не се негација, не се ограничување на модерниот живот, туку, напротив, негово страсно проширување. Оттука, социјализмот насекаде и секогаш е витална сила што се движи во насока и во пламениот тек на самиот живот.
Но, одговорот на буржоазијата под Луј Филип на големите визии за хармонија и богатство за сите, на широките конструктивни концепции на Фурие и Сен Симон, беше удвоена класна експлоатација преку исцрпувачки интензивната употреба на трудовиот елемент на производството и оргија на државните концесии, монополи, дивиденди и премии. Во најмала рака би било наивно да се продолжи со идилични соништа да ѝ се спротивставува на бесрамната експлоатација. Прудон одговори со остра критика на сопственоста, каматите, рентите, закупите, профитите. Тука уште еднаш е изречен зборот што мораше да биде изречен по диктат и неодолива инспирација на самиот живот.
Но како критичкото дело да се надополни со делото на организирањето? Како да се обединат сите општествени елементи што беа загрозени или угнетени од моќта на капиталот, банките и индустрискиот монопол, во една борбена целина? Прудон брзо откри дека армијата на социјалдемократијата е составена од многу различни елементи; дека таа е мешавина од фабрички работници, сé уште малубројни и слаби, од ниска средна класа, составена од ситни производители и ситни трговци, и од занаетчиска класа, врз која демнеше капиталистичката концентрација и уништување, но која сè уште не ја апсорбира.
Од оваа анализа произлегува сето она што е матно и противречно во позитивниот конструктивен дел од Прудоновата работа, таа исклучителна мешавина на реакција и револуција што го тера од една страна да ја спасува ниската средна класа преку средствата на вештачка комбинација на кредити и, од друга страна, да го поттикнува создавањето на здрава работничка, револуционерна власт. Тој изгледа дека посакуваше да го забави делувањето на настаните, да ја одложи револуционерната криза од 1848, за да ѝ даде време на економската еволуција појасно да ја изрази линијата на своето делување и подобро да ги насочи умовите на луѓето. Но и тука повторно, од каде доаѓа оваа колебливост, овие обѕири, ако не од влијанието на интимниот контакт на искрената социјалистичка мисла со сложената и сè уште нејасна реалност. Самиот живот во модерните времиња одново и одново тука наоѓа свој одглас.
И сега најпосле, по 1848, основната делотворна сила зад целото движење стана организирана; сега, секој може да ја разбере и да ја оствари. Сега растежот на модерната индустрија донесе работен пролетаријат, сè поброен, посплотен и посамосвесен. Оние што заедно со Маркс го поздравија доаѓањето на оваа решавачка сила, оние што сфатија дека светот ќе биде преобразен преку сопствените средства, можеби покажаа тенденција да претеруваат во врска со брзината на економската еволуција. Помалку внимателни од Прудон и помалку признавајќи ги силите на отпорот и способноста за прилагодување кај класата ситни производители од него, тие, можеби, премногу го поедноставија проблемот и ја зголемија апсорбирачката способност на концентрираниот капитал.
Но дури и со сите огради и ограничувања, кои ни ги наметнува проучувањето на сè уште замрсената и многустрана реалност, останува вистината дека пролетаријатот се зголемува според бројноста, дека претставува сè поголем дел од човечките општества и дека се групира во секогаш пошироки производни центри, останува вистината дека севкупното производство го подготви овој пролетаријат да разбере една сеопфатна сопственост, која, доведена до својот логичен заклучок, е општествена сопственост.
Така социјализмот, кој кај Бабеф беше најакутна манифестација на демократската револуција, кој кај Фурие и Сен Симон беше најпрекрасно проширување на храбрите ветувања за богатства и моќ дадени од страна на капиталот, кој кај Прудон беше најостро предупредување дадено до општеството кое го задушуваше буржоаската олигархија, така сега социјализмот е со пролетаријатот и во пролетаријатот е најсилна општествена сила. А таа непрекинато се зголемува и конечно ќе ја помести рамнотежата на општеството во своја корист, т.е. во корист на човештвото, чиј најблагороден израз е социјализмот.
Не, социјализмот не е академска и утописка концепција, тој зрее и се развива во најблизок допир со реалноста: тој е голема витална сила, тесно поврзан со целокупниот живот и наскоро ќе биде способен да го преземе управувањето со општествениот живот. На нецелосната примена на правдата и човековите права што ја изврши демократската буржоаска револуција, тој ѝ го спротивстави потполното и решително толкување на правата на човекот. На нецелосната, тесна и хаотична организација на богатството, која се обиде да ја изврши капиталот, тој ѝ спротивстави прекрасна концепција за хармонизирано богатство, каде сечиј труд ќе биде надополнет со координираниот труд на сите. На закоравената гордост и себичност на буржоаската класа, кои станаа уште поограничени преку нејзината легализирана експлоатација и монопол, тој ѝ спротивстави револуционерна огорченост, предизвикувачка и одмазничка иронија, немилосрдна анализа која ги распрснува лагите и софизмите. И, конечно, на општествената власт на капиталот, тој ѝ ја спротивставува класната организација на сè побројниот и посилниот пролетаријат.
Како може да опстане едно класно владеење кога угнетената и експлоатирана класа секојдневно станува сè побројна, посплотена и посамосвесна и кога секојдневно пред очи има сè појасен план како да се ослободи од класната сопственост?
Сега, истовремено со реалните суштински сили на социјализмот, кои растат, се оцртуваат и техничките средства за остварување на социјализмот. Ако ја погледнеме националната организација, ќе видиме дека таа постојано станува поединствена и дека е принудена да презема сè повеќе и повеќе економски функции како еден вид непотполна предигра на општествената сопственост на иднината. Во големите градски и индустриски општини гледаме дека прашањата за хигиената, сместувањето, осветлувањето, образованието и исхраната ја носат демократијата во уште поблизок допир со целиот проблем на сопственоста и со администрирањето на колективните поседи. Тука е и задружното движење, во кое има потрошувачки и производни задруги. Исто и синдикатите и професионалните организации кои се прошируваат, стануваат посложени, поеластични и се расчленуваат на синдикати, синдикални федерации, синдикални совети, грански федерации, индустриски сојузи.
И, така, дојдовме до точката на која можеме да бидеме сигурни дека капиталистичките привилегии нема да бидат заменети со депресивната монотонија на некоја централизирана бирократија. Не, нацијата, како носител на сувереното социјално право на сопственост, ќе има безбројни органи, општини, задруги и синдикати, кои ќе овозможат најшироко и најслободно движење на општествената сопственост, во хармонија со подвижноста и различноста на поединечните сили. Така, има практична подготовка за социјализмот исто како што има и интелектуална и општествена подготовка. Детинести се оние што, понесени од работата што досега е завршена, мислат дека сè што е потребно е декрет, некаков пролетерски “fiat lux”, за одеднаш да настане социјалистичкиот свет. Но, од друга страна, има и такви кои што не ги забележуваат неодоливите сили на еволуцијата, кои го осудуваат на пропаст првенството на буржоазијата и целиот класен систем.