Првпат објавено: „Октобрис“, бр. 4-5, октомври 1942.
Извор: Јордан Цеков - Дане, „Бојан Зафировски - Бојчо“, Скопје, 2006, 63-66 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2017
Отворено писмо
до слугата на бугарските фашистички окупатори,
врховистичкиот војвода
Крсто Коњушки
Народен предавнику,
Тешка е и мачна положбата на македонскиот народ, безработица, беда и умирањето за парче леб предвреме тера во гроб илјадници луѓе. За сето ова е виновна Хитлеровата банда и нејзините помагачи, која сака да ги пороби слободољубивите народи. Таа нова чума, што направи милиони гробови, што изврши нечуени ѕверства и истреби многу народи се вика германска фашистичка армија. Додека сите поробени народи пиштат, лелекаат и умираат нечовечно мачени по концентрационите логори и апсани и додека крвавиот фашизам на чело со убиецот на децата и на Словените, Хитлер им носи смрт на поробените народи, глад терор и бесилки, ти по своите години не престануваш да го фалиш него, по чија наредба се пљачка и ограбува златното жито на нашиот селанец.
Македоно-убиецу,
Красна и убава е македонската земја. Високи и големи се нејзините планини во кои долго се криеја борците на слободна Македонија. Широки и лебородни се нашите полиња по кои како море се лулее житото, алтан жолт тутун, велешко-скопскиот афион, кочанскиот ориз и струмичкиот памук. Македонија, земја испрскана со крвта на нејзините најарни синови, заедничка татковина на поробените од фашистите македонски, турски, албански, влашки и цинцарски народи, роди и одгледала верни бранители на нејзината чест и име, апостоли на нејзиното ослободување. На нејзините гради израсна еден од најдостојните синови на македонскиот народ, Гоце Делчев, кој подмолно предаден од врховистите херојски загина во борба со поробувачите. Низ нејзините планини гордо одеше Јане Сандански. Таа роди и одгледа столбови на своето ослободување, но и предавници на народот-престапници-врховисти: Борис Сарафов, генералот Цончев, капетанот Јанков, Лозанчев, крвопиецот и предавникот Ванчо Михајлов на чија совест лежат и над 3.000 убиени централисти од Петричко. Таа роди арамија и предавник како што си ти, кој по наредба на своите чорбаџии го подготвуваш уште еднаш својот крвав нож да го забие во грбот на македонскиот народ.
Изроде на македонскиот народ!
Додека турските бегови ги грабаа убавиците по нивите, а полјаците му го силуваа женското чедо на нашиот селанец, ти одеше со својата чета по патиштата и доловите носејќи пушка, но против кого и за кого? Му велеше на народот: „Само Турчин да се изгони“, а помаган од Фердинандовиот режим му довикуваше: „Бугарија ќе нè ослободи“. Да, ти се бореше да се симне ропскиот јарем на Абдул-Хамидовиот апсолутизам од вратот на македонскиот народ и да се замени со нов од Фердинандовиот деспотизам.
Народот не им фрла кал во лицето на своите достојни синови. Во многу песни тој ги испеа херојските подвизи на своето мило чедо Гоце Делчев и го овековечи, ги рашири градите и направи место за неговото име што вечно ќе живее во неговата душа. Така нашиот народ им се оддолжуваше на оние што се бореа и го дадоа својот живот за неговото ослободување. А ти, каде си и што си? Тебе како предавник на народот те зграбија во своите канџи бугарските империјалисти за, потпирајќи се на твојот грб, да го клукаат и ограбуваат нашиот настрадан македонски народ. Што направи ти кога на Македонија ѝ ставија нога бугарските ограбувачи? Ја симна пушката од рамо и слезе в град кајшто те дочекаа гладните Фердинандови кучиња. Да, така стана, зашто ти како врховист не можеше друго да сториш, туку да се бакнуваш со новите пљачкаши-бугарските окупатори. Ти се помири со новото ропство, бидејќи се бореше за поробување.
Сигурно винчани и пчињани не те хранеа и пресоблекуваа за туѓинска нога да гази по градите на македонскиот народ и да ја задушува народната борба за слободна Македонија. Мажите и жените не беа мачени и со мокро јаже до умирање тепани за тоа ти да одиш рака под рака со бугарските окупатори. На народот, што ти носеше по кории погачи и печени кокошки не му останува ништо друго кога му го сврте грбот, туку да те нарече кокошкар. Да, тој има право и не се лаже. И твојата мајка, ако знаеше дека ќе станеш предавник, ќе те проколнеше и тебе и млекото, оти роди син кој ја извалка нејзината чест, честа на македонскиот народ.
Слуго на крвникот Борис!
И кога тркалото на историјата се заврте и фердинандовците беа смачкани и истерани од Македонија, ти како Фердинандово верно куче избега од неа, бидејќи омразен од народот, гледаше барем главата да си ја извлечеш. Таму, во Бугарија, пред тебе се создаде нова кланица, а твојот касапски нож ги сечеше и колеше најарните синови на братскиот бугарски народ. Да, твојата рака закла и помогна да се исколат многу борци против крвавата Борисова тиранија. Софиските улици се испрскаа со ВМРО-овска крв. Бугарскиот народ знаеше за тие убиства што не беа дело на централистите, туку на расипоќуниците врховистите кон пред и на Илинден и помогнаа на Фердинандовата банда да ја задуши национално-ослободителната борба на македонскиот народ, а по дваесет години, на синот му крвник Борис, да ги искасапи борците против нивната тиранија.
Партизано-убиецу!
Денес, кога империјалистичката нога на бугарските фашистички окупатори, со помош на ѕверот Хитлер, одново стапна на македонската земја, твоите чорбаџии се најдоа во зорт и побараа од тебе совет за да помогнеш. Ти не се двоумеше и им помогна. На твојата совест останаа уште неколку отепани синови на поробена Македонија. Додека некои мајки, ноќе зад врата и капиџик, ги бакнуваа своите синови гордеејќи се што појдоа по стапките на дедовците и татковците кои тргнаа по големиот пат за слободна Македонија, ти отрча во полицијата за да ги упатиш своите чорбаџии - бугарските фашисти како можат најбрзо да ги уништат новите илинденци, кумановските партизани и не само од раката на крвавите фашистички окупатори, туку и од твојата рака. Нивната смрт тешко одекна во Македонија, а нашиот народ ја зголеми омразата против бугарските фашистички поробувачи.
Стар арамијо!
Знај дека се приближува денот кога Македонија ќе биде слободна, што ќе претставува смрт за твоите чорбаџии и крај на твоите гнасни работи. Германската фашистичка ала што ја помагаат филовци, ванчо-михајловци, павелиќевци, недиќевци и Петени смртно е ранета и е пред својата умирачка. За да му бидеш уште поверен на својот сајбија, германскиот принц, омразениот Борис, неговите агенти, го принудуваат работниот народ од Куманово и селата да дава пари, своја мака и пот, овци, брави, волна и друго. Бугарските окупатори ги опљачкаа нашите граѓани и селани од Кумановската околија со повеќе од половина милион лева само тебе да ти угодат. Ти не се засрами да ги примиш од народот насила одземените пари. И уште нешто - му благодариш на Борис за медалот со кој те одликува за твоите крвави и гнасни работи. Ти се збогати со народна беда и мака. Со парите тие те натераа да создадеш чета што ќе се бори против денешните македонски партизани. Ти не ќе се двоумиш и ќе ги послушаш, но знај дека партизанскиот оган, што тлееше на Карадаг, на Лисец и Пелистер нема сила што ќе го угасне. Македонскиот народ, заедно со своите браќа од Југославија, ќе го пали и потпалува сè додека германски-италијанските фашисти и народни предавници не најдат смрт. САМО СО ПАРТИЗАНСКА БОРБА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ЌЕ ИМ СЕ ОДДОЛЖИ НА СВОИТЕ СЛОВЕНСКИ БРАЌА РУСИ, БЕЛОРУСИ И УКРАИНЦИ, НА ЦРВЕНАТА АРМИЈА И НЕЈЗИНИТЕ СОЈУЗНИЦИ, АНГЛО-АМЕРИКАНСКАТА ВОЈСКА И БОРЕЈЌИ СЕ ПРОТИВ ФАШИЗМОТ ЌЕ СИ ГО ЗАЗЕМЕ СВОЕТО ДОСТОЈНО МЕСТО ВО ОПШТИОТ АНТИФАШИСТИЧКИ ФРОНТ, ЌЕ ГО ИСЧИСТИ ОД СИТЕ ПРЕДАВНИЦИ И ЌЕ СЕ СОЗДАДЕ СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА.
Фусноти
[1] Крсто Лазаров Иванов (познат и како Коњушки, Коњушкин, Крсто Кумановски) бил врховистички војвода. Бил роден во 1881 година во село Коњух, Кратовско. Во редовите на ВМРО пристапил во 1900 година. Од 1901 до 1903 година бил четник во четата на капетан Јордан Стојанов. Во Илинденското востание учествувал во четата на скопскиот војвода Никола Пушкаров. Во 1905 година го убил водачот на српската пропаганда во Куманово. Учествувал во Балканските војни и Првата светска војна, во поддршка на бугарската војска. Од 1919 до 1931 година е кумановски околиски војвода на ВМРО (Автономистичка). По бугарската окупација на Македонија во 1941 година, дошол во Куманово. Играл важна улога во разбивањето на Козјачкиот партизански одред на 17 октомври 1941 година. Бил војвода на Кумановската контрачета, која се борела против партизаните. Во јануари 1945 година, како соработник на окупатор, заедно со уште 50-тина души, бил убиен од новата комунистичка власт.