Првпат објавено: Richard Wolff, “Yes, We Can do Better Than Capitalism”, CommonDreams.org, May 1, 2019.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2021
Како што капитализмот се движи кон сè поголема нееднаквост, нестабилност и неправда, така се множат неговите критичари. Загрижените бранители реагираат на два начина. Многумина ги отфрлаат критиките. На крајот на краиштата, капитализмот е тука долго време и претходно пребродил подеми и падови. Тие претпоставуваат или се надеваат дека критиката ќе избледне, бидејќи малку што реално се менува, без разлика на критичарите, a фрустрациите ќе спласнат. Само губитниците се тие што се жалат. Победниците сигурно ќе го однесат системот напред. Некои бранители инсистираат дека едноставно нема алтернатива за капитализмот, па критиката станува бесмислена.
Вториот вид бранители има поинаков пристап. Тие ставаат придавки пред зборот капитализам и бранат некои и напаѓаат други такви придавки. Така, добиваме критики на државниот или државно-интервенционистичкиот капитализам во корист на капитализмот на „слободниот пазар“ и на „регресивниот“ капитализам во корист на „прогресивниот“ капитализам. Алчниот капитализам, ни кажуваат, мора да му отстапи место на „споделувачкиот“ капитализам. Слично на тоа, се кажува дека треба да се расформира „клиентелистичкиот“ капитализам или капитализмот без социјална совест.
Бранителите на капитализмот од двата типа очигледно сакаат основниот систем да продолжи. Но, што точно е системот? Испаѓа дека неговите бранители не се ниту согласни ниту јасни околу дефиницијата што ја бранат. Оттука, за да дојдеме до она што е вистинската дебата овде, потребно е да направиме кратка екскурзија низ шумата од неразработени дефиниции.
Дали капитализмот е „пазарен“ систем? Ако тоа значи дека пазарите се институционалниот механизам преку кој се дистрибуираат ресурсите и производите – преку доброволна размена меѓу сопствениците на стоки и услуги – тогаш проблемот е што капитализмот воопшто не е единствениот „систем“ што ги користи пазарите. Ропството сигурно го правело тоа (помислете на робовите и памукот на Југот на САД). Феудалните плантажи често го правеле истото. А и советскиот и современиот кинески социјализам ги користеа пазарите.
Дали капитализмот е систем на „приватни претпријатија“ наспроти систем на „државни претпријатија“? Ваквата дефиниција е исто така проблематична. Во ропството и феудализмот имало коегзистенција на претпријатија поседувани и управувани од приватни лица, кои немале позиции во ниту еден државен апарат, заедно со оние што биле поседувани и управувани од државни службеници. Имало приватни и државни претпријатија во рамките на ропските, феудалните и капиталистичките системи. Оттука, присуството на државни претпријатија, како и присуството на пазари, не е нешто што е специфично за еден систем. Некои аналитичари ја отстранија ознаката социјалистичка од СССР, НР Кина итн., бидејќи таму приватните претпријатија (колективни фарми, приватни парцели итн.) коегзистираа со државните претпријатија.
Накратко, пазарите и приватните претпријатија не можат да поминат како дефиниции, бидејќи несоодветно прават разлика меѓу капитализмот, ропството, феудализмот и социјализмот. А целта на дефинициите е да овозможат јасна дискусија и дебата.
Постои една соодветна дефиниција што се фокусира на организацијата на производството и распределбата во претпријатијата: на човечките односи што ги регулираат нивните внатрешни структури на авторитет и одговорност. Така, ропството се дефинира во смисла на организацијата господар-роб на неговите работни места. Работниците таму се поседувана сопственост на оние кои го земаат производот. Феудализам се вика сосема различниот однос на земјопоседникот и кметот (личен, заемно обврзувачки, без поседување на лица) на работните места. Кметовите работат и му испорачуваат еден договорен дел од нивниот производ на господарот: дел над она што кметовите го задржуваат за себе.
Капитализмот наметнува сосема поинаква организација на работното место, наместо поседувањето на лица или личната обврзувачка quid-pro-quo размена. Вработувачите ја купуваат работната сила на вработените и ја комбинираат со други средства за производство во сопственост на вработувачите. Производот се дели на (1) плати на работниците, (2) замена на потрошените средства за производство и (3) нето приходи на вработувачите. Капиталистичките претпријатија можат да бидат поседувани и управувани од приватни лица, државни службеници или од двете. Ресурсите и производите може да се дистрибуираат преку пазарни или непазарни механизми како што е планирањето.
Оваа дефиниција на капитализмот ги сведува сфаќањата за „социјализмот“ на варијанти на државен капитализам кога државните претпријатија – како и нивните приватни пандани – се организирани околу дихотомијата вработувач-вработен. Оваа дефиниција на капитализмот јасно насочува кон системот што оди потаму од дихотомијата вработувач-вработен на капитализмот (како и во однос на другите дуалистички дихотомии).
Она што го дефинира таквиот посткапиталистички економски систем е тоа што вработувачите и вработените се спојуваат во едно. Поединечно, секој е вработен. Колективно, сите вработени го прават вработувачот. Секој вработен/вработувач има еднаков глас во демократските деловни одлуки кои регулираат што, како и каде се случува производството и што се прави со нето приходите.
Основните проблеми на капитализмот му се вродени. Тие го поставуваат односот вработувач-вработен во неговото јадро, како и резултатите од тој однос за пошироката економија, политика и култура. Системскиот проблем на современото општество е капитализмот, а не овој или оној вид капитализам. Реформите заменуваа еден вид капитализам со друг. Настрана од проблемите кои реформите не можеа да ги решат, самите реформи се покажаа како привремени и несигурни. Обично добиени преку долги битки на вработените, реформите се губат, затоа што капиталистите имаат поттик (профитот) и ресурси (профитот) да ги заобиколат, ослабат или укинат. На пример, прогресивните даноци отстапуваат пред регресивните, на претходно раздвоеното комерцијално инвестициско банкарство му се дозволува да се рекомбинира, минималните плати не се прилагодуваат на инфлацијата итн. Борбите за реформи што се предлагаат денес сè повеќе го добиваат одговорот: Бев таму, го направив тоа.
Централното политичко прашање на денешницата е: дали современите капиталистички општества се подготвени да започнат транзиција кон вистински некапиталистички или посткапиталистички општества? Централната стратегија на таквата транзиција е да се замени хиерархиската, недемократска, вработувачко-вработена организација на капиталистичките претпријатија со демократизирани работни места. Сфаќањата за економии втемелени врз самоуправни задруги на работниците постоеле во текот на човечката историја. Тие сега повторно се појавуваат, бидејќи малите и средните капиталисти се повлекуваат и сфаќаат дека продавањето на нивните бизниси на нивните работници е нивниот претпочитан следен чекор. Градењето на нејзините работнички задруги ја направи шпанската Задружна корпорација „Мондрагон“ позната низ целиот свет. Одржувањето на огромен сектор на работнички задруги ѝ донесе исклучителна економска благосостојба на Емилија-Ромања во Италија.
Другите видови на задруги – оние што купуваат, продаваат или поседуваат колективно – можат и треба да бидат попатни станици за демократизацијата на самата работа. Има добредојдени знаци дека тоа се случува. Преку демократизирање на нашите работни места, можеме подобро од капитализмот. Еден чекор во тој процес е да бидеме начисто што е капитализам и кои биле и се неговите алтернативи.