Лав Троцки

Фашизам

Што е тоа и како да се бориме против него


Првпат објавено: "Pioneer Publishers", 1944
Превод: Нова искра, од англиски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: март 2015


Содржина

Вовед на памфлетот од 1969 на Џорџ Леван Вајсман

Фашизам - што е тоа?

Како триумфираше Мусолини

Фашистичката опасност се ткае во Германија

Езопова басна

Германските полицајци и армија

Буржоазијата, ситната буржоазија и пролетаријатот

Падот на буржоаската демократија

Дали ситната буржоазија се плаши од револуција?

Работничката милиција и нејзините противници

Перспективите во Соединетите Американски Држави

Изгради ja револуционерната партија!



Вовед на памфлетот од 1969 на Џорџ Леван Вајсман

***

Либералите, па дури и тие што се нарекуваат марксисти, се виновни за денешната излитена употреба на зборот фашист. Го употребуваат како епитет или политичка пцовка за десничарите кои ги тие особено ги мразат или во општо за реакционерите.

По Втората светска војна фашистичката етикета се употребува за личности или движења како Џералд. Л.К, Смит, сенаторот Џозеф Мекарти, сенаторот Истленд, Бери Голдвотер, Минутмен, Друштвото Џон Бирч, Ричард Никсон, Роналд Реган и Џорџ Валас.

И сега, сите ли се фашисти или само некои? Ако само некои, тогаш како да кажеме кои се, а кои не се?

Неселективната употреба на поимот во основа ја одразува празнотијата на своето значење. Ако ги прашате либералите да го дефинираат фашизмот, тие користат поими како диктатура, масовна хистерија, антисемитизам, моќ на бескупулозна пропаганда, хипнотизирачкиот ефект на лудиот генијален оратор кон масите итн. Импресионизмот и конфузијата не се туѓи за либералите. Но марксистичката супериорност се состои во способноста за анализа и диференцирање помеѓу социјалните и политичките појави. Тоа што многу од самопрогласените марксисти не можат да го дефинираат фашизмот поадекватно од либералите не е само нивна вина. Дали тие се свесни или не, главнината на нивното интелектуално наследство доаѓа од социјалдемократското (реформското социјалистичко) и сталинистичко движење, кое доминираше во левицата во 1930-те кога фашизмот редеше победа до победа. Овие движења не само што му дозволија на нацизмот да дојде на власт во Германија без испукан куршум против нив, туку тие катастрофално промашија да ја сфатат природата и динамиката на фашизмот и начинот како да се борат против него. По фашистичките триумфи тие имаа и причина зошто да се сокријат и да се воздржат од марксистичка анализа со која би се образувале идните генерации.

Постои марксистичка критика на фашизмот. Ja направи Лев Троцки, не постмортем, туку за време на продорот на фашизмот. Ова е едно од делата кои го збогатуваат марксизмот. Тој започна со оваа задача по победата на Мусолини во 1922 и го истакнуваше како важна точка уште пред Хитлеровата победа во Германија во 1933.

Во неговите обиди да се разбуди Германската Комунистичка Партија и Комунистичката Интернационала (Коминтерната) од смртната опасност и да се здружат во обединет фронт против нацизмот, Троцки направи критика, точка по точка, на политиката на социјалдемократските и сталинистички партии. Тоа е компендиум на речиси сите грешки, неефикасни или самоубиствени ставови кои ги заземаа работничките организации во врска со фашизмот, бидејќи ставовите на германските партии се движеа од опортунистичко банкротство и предавство на десницата (социјалдемократијата) во ултралевичарско воздржување и предавство (сталинистите).

Коминтерновското движење беше во својата ултралевичарска пијанка (тн. Трет период) кога нацистичкото движење почна да се весели. За сталинистите, секоја капиталистичка партија автоматски беше „фашистичка“. Уште покатастрофално од ова беше дезориентацијата на работниците по познатиот Сталинов диктум во кој се тврдеше дека не само што не биле спротивставени, туку фашизмот и социјалдемократијата биле „близнаци“.  Затоа тие ги нарекуваат социјалистите „социјалфашисти“ и ги сметаа за главни непријатели. Се разбира, не можеше да постои обединет фронт со социјалфашистички организации, а тие како Троцки кои бараа обединет фронт, беа етикетирани за социјалфашисти и соодветно третирани.

Колку разведена со стварноста беше оваа сталинистичка линија може да се прикаже со неговата транслација во американската политика. На изборите во 1932 год. американските сталинисти го прогласија Франклин Рузвелт за фашистички кандидат и Норман Томас за социјалфашистички кандидат. Она што беше налудничаво за политиката во САД беше трагично во Германија и Австрија.

(неодамна, [во 1969], терминот социјалфашист почна да се појавува во статии на членови на Новата левица. Да не мислат дека тие се креаторите на оваа кованица? Или, ако се свесни за нејзината историја, дали се индиферентни кон конотацијата?)

По доаѓањето на нацистите на власт, сталинистите потенцираа дека нивната линија е 100 отсто точна, дека Хитлер може да издржи само неколку месеци, а дека ќе се појави Советска Германија. Временските граници за ова чудо прво беа три, па шест, па девет месеци, и потоа овие празни прогнози се изгубија во тишината. Големината на поразот кој го претрпи работничката класа, посебниот карактер на фашизмот, кој се разликува од другите реакционерни режими или диктатури, станаа јасни секому, а опасноста кон Советскиот Сојуз или вооружениот германски империјализам се остварија. Со тоа се промени и Московската линија во 1935 и комунистичките партии низ светот направија зигзаг кон десно, подесно дури и од социјалдемократите. Таков беше нивниот став кога се соочија со фашистичката опасност во Франција и Шпанија.

Воениот пораз на германскиот и италијанскиот фашизам во Втората светска војна ги убеди повеќето дека фашизмот е уништен еднаш за секогаш и дека толку многу се дискредитира та никогаш нема да собере следбеници. Настаните кои следеа, посебно со појавата на нови фашистички групи и струи во речиси секоја капиталистичка земја, ги растури овие желби. Илузијата дека Втората светска војна се водеше за да се направи светот ослободен од фашизмот се изгуби како и поранешната илузија дека Првата светска војна се водеше да се направи светот слободен за демократијата. Никулецот на фашизмот е ендемски во капитализмот; може да се појави криза со епидемиски размери доколку не се преземат драстични противмерки.

Предупредувањето е претходно вооружување, затоа нудиме нова компилација, мала селекција на неколку дела на Троцки на темата, како орудие во антифашистичкиот арсенал.



Фашизам - што е тоа?

Извадоци од писмо до другар од Англија, 15 ноември 1931

објавено во „Милитант“, 16 јануари 1932

* * *

Што е фашизам? Името потекнува од Италија. Биле ли сите форми на контрареволуционерни диктатури фашистички или не (пред појавата на фашизмот во Италија)?

Поранешната диктатура во Шпанија на Примо де Ривера, 1923-30, Коминтерната ја нарекува фашистичка диктатура. Дали е тоа правилно или не? Ние веруваме дека не е.

Фашистичкото движење во Италија беше спонтано движење на големи маси, со нови водачи од свои редови. Тоа е народно движење по потекло, управувано и финансирано од големите капиталистички сили. Тоа произлегува од ситната буржоазија, сиромашниот пролетаријат и до некаде од пролетерските маси; Мусолини, поранешен социјалист, е „самосоздаден“ човек кој произлегува од ова движење.

Примо де Ривера беше аристократ. Тој имаше висока воена и бирократска позиција и беше главен гувернер на Каталонија. Го реализираше неговиот преврат со помош на државата и воените сили. Диктатурите во Шпанија и Италија се две целосно различни форми на диктатура. Неопходно е да се направи разлика меѓу нив. Мусолини имаше тешкотии со помирувањето на многу стари воени институции со фашистичката милиција. Овој проблем не постоеше за Примо де Ривера.

Најголема аналогија со движењето во Германија има италијанското. Тоа е масовно движење во кое водачите внесуваат голем дел социјалистичка демагогија. Тоа е неопходно за креирање на масовно движење.

Вистинската основа (за фашизмот) е ситната буржоазија. Во Италија, тоа има широка база - ситната буржоазија од градовите и селанството. Во Германија, исто така има широка база за фашизам...

Може да се рече, и тоа е точно до одреден степен, дека новата средна класа, државните функционери, приватните управители, итн. може да претставуваат таква база. Но ова е ново прашање кое мора да се анализира...

Со цел да се биде способен за предвидување нешто во врска со фашизмот, неопходна е дефинирање на таа идеја. Што е фашизам? Што се основите, неговите облици и неговите особености? Како ќе се одвива неговиот развој? Неопходно е да се продолжи на научен и Марксов начин.



Како триумфираше Мусолини

Од „Што понатаму? Витално прaшање за германскиот пролетаријат“, 1932

* * *

Во мигот кога „нормалните“ полициски и воени капацитети на буржоаската диктатура, заедно со нивните парламентарни паравани, повеќе не се доволни за да го држат општеството во рамнотежна состојба – доаѓа времето на фашистичкиот режим. Преку фашистичкото делување капитализмот ги раздвижи масите на разулавената ситна буржоазија и бандите од декласираниот и деморализираниот лумпенпролетаријат – сите безбројни човечки суштества кои самиот финансиски капитал ги доведе до очај и лудило.

Буржоазијата од фашизмот бара темелно сработена работа; откако ќе посегне по методите на граѓанска војна, веднаш потоа инсистира на тоа да има мир за одреден период од години. А фашистичкото делување, со користење на ситната буржоазија како овен за битка, надминувајќи ги сите препреки на патот, темелно ја сработува работата. Откако фашизмот ќе стане победоносен, финансискиот капитал непосредно и неодложно ги собира во свои раце, како во челично менгеме, сите органи и институции на суверенитет, извршно-административните и образовните моќи на државата: целиот државен апарат заедно со армијата, општините, универзитетите, училиштата, печатот, синдикатите и кооперативите. Кога државата станува фашистичка, тоа не значи дека облиците и методите на владеење се сменети во согласност со насоките поставени од Мусолини – промените во оваа сфера во крајна линија имаат мала улога – туку значи дека пред сè најголемиот дел од работничките организации се анихилирани; дека пролетаријатот е доведен до аморфна состојба; и дека е креиран систем од администрација, систем кој пенетрира длабоко во масите и кој служи за спречување на самостојната кристализација на пролетаријатот. Всушност, тоа е и суштината на фашизмот...

* * *

Италијанскиот фашизам беше моментален исход од предавството кое реформистите му го направија на побунетиот италијански пролетаријат. Од времето кога заврши [Првата светска] војната, во револуционерното движење во Италија постоеше нагорна линија што во септември 1920 година резултираше со заземање на фабрики и постројки од страна на работниците. Диктатурата на пролетаријатот беше реалност; сè што недостасуваше беше истата да се организира и од тоа да се извлечат сите потребни заклучоци. Социјалдемократијата се уплаши и отстапи. По вложените смели и херојски напори, пролетаријатот беше напуштен и соочен со празнина. Нарушувањето на револуционерното движење стана најважен фактор во порастот на фашизмот. Во сeптември, револуционерниот напредок запре; а во ноември се случи првата голема демонстрација на фашисти (заземањето на Болоња).

[Забелешка: Фашистичката кампања на насилства започна во Болоња, на 21 ноември 1920 година. Кога социјалдемократските советници, победници во општинските избори се појавија од градскиот дом за да го претстават новиот градоначалник, беа пресретнати со престрелка во која 10 лица беа убиени, а 100 ранети. Фашистите понатаму продолжија со „казнени експедиции“ во околните села, упоришта на „Црвените лиги“. Црнокошулашките „ескадрони за акција“ во возила обезбедени од големите земјопоседници, со молскавични рации ги презедоа селата, притоа ги тепаа и убиваа левичарски селани и работнички водачи, ги растураа радикалните штабови и го тероризираа населението. Охрабрени од нивните лесни успеси, фашистите продолжија со напади од големи размери кои ги спроведуваа во големите градови.]

Вистина е, пролетаријатот, дури и по септемвриската катастрофа беше способен да води одбранбени битки. Од друга страна, социјалдемократијата беше преокупирана само со едно нешто: да ги повлече работниците од битка и по цена на низа од отстапки. Социјалдемократијата се надеваше дека послушното однесување на работниците би го повратило „јавното мислење“ на буржоазијата против фашистите. Згора на тоа, реформистите дури силно се надеваа на помош од кралот Виторио Емануеле Трети. До последниот час тие со сета сила ги задржуваа работниците да не водат битки против бандите на Мусолини. Тоа не им донесе никаква корист. Круната, заедно со повисоките слоеви на буржоазијата, прејде на страната на фашизмот. Убедени во последниот миг дека фашизмот не треба да се испробува со послушност, социјалдемократите објавија повик до работниците за генерален штрајк. Но, нивниот повик доживеа фијаско. Реформистите толку долго го влажнеа барутот во нивниот страв да не експлодира, што кога конечно со растреперена рака го запалија фитиљот-- беше прекасно -- барутот не беше зафатен.

Само две години по неговото зачнување, фашизмот беше на власт. Успеа длабоко да се вкорени благодарејќи на тоа што првиот период од неговата превласт коинцидираше со поволен склоп на економски прилики, кои уследија по депресијата од 1921-1922 година. Фашистите го скршија пролетаријатот, кој беше во повлекување, со помош на устремените сили на ситната буржоазија. Сепак ова не беше постигнато со еден удар. Дури и откако ја презеде моќта, Мусолини со должна претпазливост продолжи по зацртаниот курс: му недостасуваа веќе направени модели за владеење.  Во текот на првите две години дури ни уставот не беше променет. Фашистичката влада зазеде карактер на коалиција. Во меѓувреме, фашистичките банди беа презафатени со нивните палки, ножеви и пиштоли. Само на овој начин полека се создаваше фашистичката влада што значеше потполно задушување на сите независни масовни организации.

Мусолини го постигна ова по цена на бирократизирање на самата фашистичка партија. По искористување на устремените сили на ситната буржоазија, фашизмот ја задуши во стегите на буржоаска држава. Мусолини не можеше да постапи поинаку, бидејќи рушењето на илузијата на масите кои тој ги обедини се таложеше во облик на најнепосредна опасност во периодот што доаѓа. Фашизмот стана бирократски и се приближуваше многу близу до други облици на воена и полициска диктатура. Ја нема повеќе поранешната општествена поддршка. Главната резерва на фашизмот – ситната буржоазија – беше опфатена. Само историската инерција ѝ овозможува на фашистичката влада да го држи пролетаријатот во состојба на дисперзираност и беспомошност...

Што се однесува до Хитлер, германската социјалдемократија не беше во можност да додаде ниту еден збор во својата политика: сè што прави е тромаво повторување на сето она што своевремено италијанските реформисти го направија со поголема полетност во темпераментот. Вториве го објаснуваат фашизмот како поствоена психоза; германската социјалдемократија во него гледа „Версајска“ или кризна психоза. И во двете инстанци реформистите ги затвораат своите очи пред органскиот карактер на фашизмот како масовно движење кое изникнува од колапсот на капитализмот.

[Забелешка: Версајскиот договор, наметнат на Германија по Првата светска војна; негов најомразен дел беше бескрајно чествување на победничките сојузници во облик на „репарации“ за воените штети и загуби. „Кризата“ спомната во горниот пасус е економската депресија која го збриша капиталистичкиот свет по крахот на Волстрит во 1929 година.]

Исплашени од револуционерната мобилизираност на работниците, италијанските реформисти ги положија сите свои надежи во „државата“. Нивниот слоган беше „Помош! Виторио Емануеле, изврши притисок!“ На германската социјалдемократија ѝ недостасува таков демократски бедем во облик на монарх лојален на уставот. Според тоа мораа да се задоволат со претседателот – „Помош! Хинденбург, изврши притисок!“

[Забелешка: Фелдмаршалот Паул фон Хинденбург (1847 – 1934), јункерски генерал кој се здоби со слава во Првата светска војна и подоцна стана претседател на Вајмарската Република. Во 1932 година, социјалдемократите го поддржаа неговиот реизбор како „помало зло“ од нацистите. Тој го назначи Хитлер за канцелар во јануари 1933 година.]

Додека водеше битка против Мусолини, поточно, додека се повлекуваше пред неговиот налет, Турати го објави своето светкаво мото, „Мора да се има машкост за да се биде плашливец.“ [Филипо Турати (1857-1937), водечки реформистички теоретичар на Италијанската социјалистичка партија.] Германските реформисти се помалку пркосни во нивните слогани. Тие бараат „Храброст во непопуларноста“ (Mut zur Unpopularitaet) – што се сведува на истото. Човек не смее да се плаши од непопуларноста која е побудена од неговото плашливо тактизирање со непријателот.

Идентични цели создаваат идентични ефекти. Сè додека насоката на настаните зависи од раководството на социјалдемократската партија, Хитлеровата кариера ќе биде обезбедена.

Сепак, мора да се признае дека германската комунистичка партија исто така малку научи од италијанското искуство.

Италијанската комунистичка партија речиси едновремено се појави со фашизмот. Но, истите услови на револуционерна осека, кои фашистите ги донесоа на власт, послужија за кочење на развојот на Комунистичката Партија. Не си дозволуваше опција за потполно збришување на фашистичката опасност; си се успиваше со револуционерни илузии; таа беше непомирливо антагонистичка во однос на политиката на обединет фронт; накусо, беше погодена од детски болести. Мало чудо! Имаше само две години. Во нејзините очи, фашизмот ѝ се чинеше дека е само „капиталистичка реакција“. Комунистичката партија не беше во состојба да ги спознае специфичните одлики на фашизмот кој изникна од мобилизацијата на ситната буржоазија против пролетаријатот. Италијанските другари ме информираат дека, единствено со исклучок на Грамши, Комунистичката Партија воопшто не ја ни зема предвид можноста фашистите да дојдат на власт. Кога веќе пролетерската револуција претрпе пораз, кога веќе капитализмот си го задржа тлото под нозете и контрареволуцијата триумфираше, како би можело да има било каков понатамошен контрареволуционерен пресврт? Како би можела буржоазијата да се побуни против себеси? Таква беше суштината на политичката ориентација на италијанската Комунистичка Партија. Згора на тоа, не смее да се изгуби од предвид фактот дека италијанскиот фашизам во тоа време беше нов феномен, во самиот процес на формирање; дури ни за поискусна партија не би било лесна задача да ги издвои неговите специфични одлики.

[Забелешка: Антонио Грамши (1891-1937): основач на италијанската комунистичка партија, затворен од Мусолини во 1926 година, почина во затвор 11 години подоцна. Од затвор испрати писмо, во име на политичкиот комитет на италијанската партија, протестирајќи против Сталиновата кампања против Левата опозиција. Таљати, во тоа време присутен во Москва како италијански претставник во Коминтерната, писмото го поттурна понастрана. Во текот на Сталиновото време, сеќавањето за Грамши беше намерно избришано. Во периодот на десталинизација, сепак, беше „повторно откриен“ од страна на италијанската комунистичка партија и официјално беше втемелен како херој и маченик. Оттогаш, се појавија значителен број меѓународни пофалби за неговите теориски списи, особено за неговите затворски бележници.]

Раководството на германската комунистичка партија денес ја репродуцира речиси буквално истата позиција од која италијанските комунисти ја извлекоа точката на нивното отстапување; фашизмот не е ништо друго освен капиталистичка реакција; од гледна точка на пролетаријатот, разликата помеѓу различни видови на капиталистичка реакција е безначајна. Овој вулгарен радикализам е понеоправдан бидејќи германската партија е многу постара отколку што беше италијанската во соодветниот период; дополнително, денес марксизмот е збогатен од трагичното искуство во Италија. Да се инсистира на тоа дека фашизмот е веќе присутен, или да се порекнува можноста за негово доаѓање на власт, политички се сведува на едно исто. Со игнорирање на посебната природа на фашизмот, волјата за борба против него неизбежно се парализира.

Бремето на вината мора да го носи, секако, раководството на Коминтерната. Италијанските комунисти најмногу од сите беа задолжени со обврската да ги кренат своите гласови како аларм. Но Сталин, заедно со Мануилски, ги принуди да се одречат од најаважните лекции од нивната сопствена анихилација.

[Забелешка: Димитри Мануилски (1883-1952): Ја предводеше Коминтерната од 1929 до 1934 година; неговото отстранување го најави преминот од ултралевичарство во опортунизам во периодот на Народниот фронт. Подоцна се појави на дипломатската сцена, како делегат во Обединетите нации.]

Веќе видовме со каков ревносен полет Ерколи се префрли на позиција на социјалфашизам – т.е., на позиција на пасивно чекање на фашистичката победа во Германија.

[Забелешка: Ерколи. Коминтернистички псевдоним на Палмиро Тољати (1893 - 1964). По затворањето на Грамши ја предводеше Комунистичката партија. Ги преживеа сите кривулења во линијата на Коминтерната, но по Сталиновата смрт тој го критикуваше неговото владеење како и некои од остатоците на ова владеење во СССР и во интернационалното комунистичко движење. ]



Фашистичката опасност се ткае во Германија

Од „Пресврт во Комунистичката интернационала и германската ситуација“, 1930

* * *

Официјалниот печат на Коминтерната сега ги претставува резултатите од германските избори [септември 1930] како извонредна победа на комунизмот, што го поставува како сè уште актуелен слоганот за Советска Германија. Бирократските оптимисти не сакаат да размислуваат околу смислата за односот на силите кој е обелоденет од страна на изборната статистика. Тие го анализираа растечкиот износ на комунистичките гласови, независно од револуционерните задачи, креирани од ситуацијата и пречките кои настанаа. Комунистичката партија доби околу 4.600.000 гласови, наспроти 3.300.000 во 1928 година. Од гледна точка на „нормалниот" парламентарен механизам, бројот од 1.300.000 гласови повеќе е значителен, уште повеќе ако го земеме предвид зголемувањето на вкупниот број гласачи. Но, сепак добивката на партијата избледува во однос на големиот скок на фашистичката партија со од 800.000 до 6.400.000 гласови. Од не помала важност, заради евалуација на изборите, е фактот што социјалдемократија и покрај значителните порази, ги задржа основните свои кадри и сè уште добива гласови од значително поголем број на работници (8.600.000), отколку комунистичката партија. Во меѓувреме, ако треба да се запрашаме себе си „Која е добитната комбинација на домашни и странски околности кои би биле соодветни и доволно вешти да ја свртат работничката класа кон комунистичката партија со поголема брзина?”, тогаш не можеме да најдеме подобар пример, со поповолни околности за таков пресврт од денешна Германија. Замката на Јанг, економската криза, распаѓањето на правилата, кризата на парламентаризмот, страшна себеизложеност на социјалдемократијата на власт. Од гледна точка на овие конкретни историски околности, привлечната моќ на Германската комунистичка партија во општествениот живот на земјата, и покрај добивка од 1.300.000 гласови, останува пропорционално мала.

[Забелешка: „Замката на Јанг“: се однесува на Планот на Јанг. По Овен Јанг, богат американски бизнисмен, кој беше агент-генерал за германските репарации во текот на 1920 година. Во летото на 1929 година, тој беше претседател на конференцијата која го усвои неговиот план и го замени неуспешниот план на Дејвс, со цел да се „олесни" плаќањето репарации од Германија, согласно Версајскиот договор.]

Слабоста на ставовите на комунизмот, неразделно врзан со политиката и режимот на Коминтерната, се воочува појасно ако се споредат сегашните општествени влијанија на Комунистичката партија со оние закоравени и незапирливи задачи кои овие историски околности ги става пред него.

Точно е дека самата Комунистичка партија не очекуваше таква придобивка. Но, ова докажува дека под налетот на грешки и порази, раководството на комунистичките партии ги остави неупотребени за големите цели и перспективи. Ако вчера ги потцени сопствените можности, тогаш денес уште еднаш ги потценува тешкотиите. На овој начин, една опасност, се множи со друга.

Во меѓувреме, првата карактеристика на вистинска револуционерна партија е - да може да и погледне на реалноста во лице.

***

Факт е дека за да може општествената криза да премине во пролетерска револуција, неопходно е, покрај другите услови, да се случи одлучно поместување на класите на ситната буржоазија во насока на пролетаријатот. Ова му дава шанса на пролетаријатот да се постави на чело на нацијата како нејзин лидер.

Последните избори открија – а тука и лежи нивниот првичен симптоматичен значај - поместување во спротивната насока. Под ударот на кризата, ситната буржоазија се заврти, но не во правец кон пролетерска револуција, туку во правец  кон најекстремната империјалистичка реакција, влечејќи кон неа значајни делови од пролетаријатот.

Огромниот пораст на националсоцијализмот е израз на два фактори: длабока општествена криза, која ги исфрли ситнобуржоаски маси од рамнотежа, како и недостатокот на револуционерна партија која народните маси ќе ја сметаат за потврден револуционерен лидер. Ако комунистичката партија е партијата на револуционерната надеж, тогаш фашизмот, како масовно движење, е партијата на контрареволуционерниот очај. Кога револуционерната надеж ги прегрнува пролетерските маси, таа неизбежно повлекува, на патот на револуцијата, значителни и растечки делови на ситната буржоазија. Токму во оваа сфера, изборите го покажаа спротивното: контрареволуционерните очајници ја прегрнаа ситната буржоазија со таква сила која со себе повлече многу делови од пролетаријатот.

Фашизмот во Германија стана вистинска опасност, а како израз на беспомошната позиција на буржоаскиот режим, конзервативната улога на социјалдемократијата во овој режим и акумулираната немоќ на Комунистичката партија да го укине истиот. Кој го негира ова е или слеп или е фалбаџија.

Опасноста особено добива силина во врска со прашањето на темпото на развој, што не зависи само од нас. Маларичниот карактер на политичката крива откриена со изборите говори за фактот дека темпото на развој на националната криза може да биде многу брзо. Со други зборови, текот на настаните во многу блиска иднина може да воскресне во Германија, на ново историско рамниште, старата трагична контрадикција помеѓу зрелоста на револуционерната ситуација, од една страна, и слабоста и стратешката немоќ на револуционерната партија, од друга страна. Ова мора да се каже јасно, отворено и пред сè, на време.

* * *

Може ли силата на конзервативниот отпор на работниците-социјалдемократи да биде пресметана однапред? Не може. Гледано низ призмата на настаните од минатата година, оваа сила се чини дека е огромна. Но, за волја на вистината, она што најмногу ја зби заедно социјалдемократијата беше погрешната политика на Комунистичката партија, која ја исфрли теоријата за социјалфашизмот - врвна генерализација на погрешната политика. Со цел да се измери вистинскиот отпор меѓу социјалдемократските редови, потребни се поинакви мерни инструменти, а тоа е всушност, точната комунистичка тактика. Во едни такви услови -- а не се тоа безначајни услови -- степенот на внатрешното единство на социјалдемократијата може да биде разоткриено во релативно краток период.

Во друг облик, она што погоре беше кажано, се однесува и на фашизмот: Тоа се одрази, настрана од останатите сегашни услови, во тресењето на  стратегијата на Зиновјев – Сталин. Која е нејзината сила за офанзива? Во што се состои нејзината стабилност? Ја достигна ли точката на кулминација, како што оптимистите по службена должност (претставници на Коминтерната и Комунистичката Партија) не уверуваат, или е тоа само првиот чекор по скалилата? Ова не може да го погодуваме механички. Тоа може да се утврди само преку акција. Токму во однос на фашизмот, кој е брич во рацете на класниот непријател, погрешна политика на Коминтерната може да произведе фатални резултати за краток период. Од друга страна, исправна политика -- не во толку краток период, навистина -- може да ги поткопа позициите на фашизмот ...

[Забелешка: „стратегија на Зиновјев-Сталин": Григориј Ј Зиновјев (1883-1936), претседател на Коминтерната од нејзиното основање во 1919 година до неговото отстранување од Сталин во 1926 година. По смртта на Ленин, Зиновјев и Каменев направија блок со Сталин (Тројката) против Троцки и доминираа со Советската партија. Во периодот на доминацијата на Зиновјев-Сталин над Коминтерната, опортунистичката линија доведе до серија на порази и пропуштени можности, особено забележливо во откажувањето на Германската револуција од 1923 година. По расколот со Сталин, Зиновјев ги обедини своите поддржувачи со Левата опозиција на Троцки. Но, во 1928 година, по протерувањето на Обединетета Опозиција од Партијата, Зиновјев капитулираше пред Сталин. Повторно примен во партијата, а потоа пак беше протеран во 1932 година. После порекнувањето на сите критични гледишта, тој е повторно примен, но во 1934, тој е протеран и затворен. Тој прв „призна" на големите Московски судења во 1936 и беше погубен.]

Ако Комунистичката партија, и покрај извонредно поволните услови,  се покажа како немоќна сериозно да ја разниша структурата на социјалдемократијата со помош на формулата за социјалфашизмот, тогаш вистинскиот фашизам сега и се заканува на оваа структура, не само со зборовите срочени во формули за некаков таканаречен радикализам, туку со хемиските формули за експлозиви. Без оглед на тоа колку е точно тоа дека социјалдемократијата со целата своја политика го припреми цветањето на фашизмот, не е помалку точно ни тоа дека фашизмот истапува како смртоносна закана првенствено спрема таа иста социјалдемократија, чија величественост е нераскинливо врзана со парламентарно-демократско-пацифистичките облици и методи на владеење ...

Политика на обединет фронт на работниците против фашизмот тече од овие ситуации. Таа отвора огромни можности за Комунистичката партија. Услов за успех е, сепак, отфрлање на теоријата и праксата на „социјалфашизмот“, штета која станува позитивна мерка под сегашните околности.

Општествената криза неминовно ќе произведе длабоки поделби внатре во  социјалдемократијата. Радикализацијата на масите ќе влијае на социјалдемократите. Ние неминовно ќе мораме да се договориме со различни социјалдемократски организации и фракции против фашизмот, ставајќи одредени услови во врска со лидерите, пред очите на масите ... Мораме да се вратиме од празната формална фраза за обединет фронт – на политиката на обединет фронт како што ја формулира Ленин и која секогаш се применуваше од страна на болшевиците во 1917.



Езопова бајка

Од „Што е следно? Витално прашање за германскиот пролетеријат“, 1932

***

Трговец на стока еднаш донел неколку бикови во кланица. Месарот дошол вечерта со својот остар нож.

„Ајде да ги збиеме редовите и да го набиеме овој џелат со нашиве рогови", предложи еден од биковите.

„Ве молам, ако сакате да ми кажете на кој начин месарот е полош од трговецот кој нè донесе ваму со ќотек?" одговорија биковите, чија политичка едукација ја стекнаа во Институтот Мануилски. [Коминтерната]

„Но, ќе имаме можност да се навратиме на трговецот подоцна!"

„Нема да правиме ништо“ – од принцип одговорија биковите на советникот. „Ти се обидуваш да лево да ги сокриеш наште непријатели – ти си социјал-месар.“

И одбија да ги збијат редовите.



Германските полицајци и армија

од „Што понатаму? Витално прашање за германскиот пролетаријат“, 1932

***

Во случај на реална опасност, социјалдемократијата не се потпира на „Железниот фронт“ туку на пруската полиција. Се пресметуваат без домаќинот! Тоа што полицијата оригинално е регрутирана претежно од социјалдемократските работници е апсолутно бесмислено. Свеста е одредена од средината дури и во овој случај. Работникот кој станува полицаец во служба на капиталистичката држава, е буржоаски полицаец, а не работник. Последниве години, овие полицајци повеќе се борат со револуционерните работници отколку со студентите-нацисти. Таквата обука нема утка дека остава ефект. И над сè: секој полицаец знае дека владите се менуваат, ама полицијата останува.

[заб. „Железниот фронт“: блок на неколку големи синдикати и бужоаски „републикански“ групи со мала или без репутација или воопшто вон масите. Создаден е од социјалдемократите при крајот на 1931. Борбени групи наречени Железна тупаница се создадени во рамки на синдикатите и работничките организации се здружија во Железниот фронт. Сепак, на нивните први паради и собири, илјадници работници со кренати тупаници извикува „слобода“ и се колнеа дека ќе ја бранат демократијата. Масите во Социјалдемократската партија и синдикатите вистина веруваа дека оваа организација ќе се користи да го сопре Хитлер. Тоа не беше така]

Во своето новогодишно издание, теорискиот орган на социјалдемократијата, „Дас Фраје ворт“ (каква мизерија од лист!) испечати статија во која политиката на „толеранција“ е изложена во својата најдлабока смисла. Хитлер, изгледа, никогаш нема да може да дојде на власт против полицијата и Рајхсверот (германската армија). Е сега, според уставот, Рајхсверот е под команда на претседателот на Републиката. Затоа, фашизмот, според нив, не е опасен сѐ додека претседателот кој верно се придржува на уставот остане на чело на владата. Режимот на Брунинг мора да се поддржи сѐ до претседателските избори така што уставниот претседател се избере низ сојуз со парламентарната буржоазија; и според тоа Хитлеровиот пат до власт ќе се блокира за уште седум години...

[Хајнрих Брунинг беше канцелар од 1930-32. Регуларната парламентарна влада на Германија заврши во март 1930. Следеа серија на бонапартистички режими – Брунинг, фон Папен, фон Шлајхер, т.е. канцелари кои владеат не со нормална парламентарна процедура туку со „вонредни“ декрети. Овие бонапартистички лика се претставуваа себе си за политички спасители кои се потребни за да ја извлечат земјата од криза и според тоа над класата и партијата. Тие не зависеа од стариот систем на буржоаски демократски партии туку од командата на полицијата, армијата и владината бирократија. Се преправаа дека ја спасуваат нацијата од опасностите од левицата (социјалистите и комунистите) и десницата (фашистите) и затоа го нанесоа најтешкиот удар на левицата, бидејќи нивната примарна цел беше спасот на капитализмот.]

Политичарите на реформизмот, овие вешти врскаџии, способни интриганти и кариеристи, експерти парламентарци и министерски махинатори, само што ќе се исфрлат од нивните удобни балони со текот на настаните и само што ќе се соочат со значајната непредвиденост, тогаш се откриваат дека се, а нема поблаг израз за тоа, безживотни трупови.

Да се ослонува на претседателот значи само да се ослонува на „владата“! Соочени со растечкиот судир на пролетаријатот со фашистичката ситна буржоазија, двата кампа кои го сочинуваат мнозинството на германската нација, овие марксисти од „Форвертс“ [главниот социјалдемократски весник] квичат да им помогне ноќниот чувар, „Помош! Владо, изврши притисок!“ (Staat, greif zu!)



Буржоазијата, ситната буржоазија и пролетаријатот

Од „Единствениот пат за Германија“ напишано во септември 1932, објавено  во САД  во април 1933

***

Било која сериозна анализа на политичката состојба мора да ги земе како точка на разделување взаемните односи на трите класи: буржоазијата, ситната буржоазија (вклучувајќи го и селанството) и пролетаријатот.

Економски моќната крупна буржоазија сама по себе претставува занемарливо малцинство на народот. За да ја ојакне својата доминација, мора да осигура сигурен взаемен однос со ситната буржоазија и преку своето посредување, со пролетаријатот.

За да се разбере дијалектиката на односот помеѓу трите класи, мора да направиме поделба на три историски периоди: почетокот на капиталистичкиот развој, кога на буржоазијата и беа потребни револуционерни методи за да ги реши своите цели; периодот на цутот и созревањето на капиталистичкиот режим, кога буржоазијата ја збогатила својата доминација со уредни, пацифистички, конзервативни, демократски форми; последен, повлекувањето на капитализмот, кога буржоазијата е принудена да посегне кон методи на граѓанска војна против пролетаријатот за да го заштити своето право на експлоатација.

Карактеристиките на политичката програма на овие три периоди – ЈАКОБИНСТВО [левото крило на ситната буржоазија зајакнува во Големата француска револуција: во најреволуционерната фаза, предводена од Робеспјер], реформистичка ДЕМОКРАТИЈА (вклучувајќи ја и социјалната демократија), и ФАШИЗАМ – се во основа програми на струите на ситната буржоазија. Овој факт сам по себе покажува од каква огромна – но не и одлучувачка – важност е самоопределувањето на ситно-буржоаските народни маси за целата судбина на буржоаското општество.

Сепак, односот помеѓу буржоазијата и нејзината основна општествена  поддршка,  ситната буржоазија, воопшто не се заснова на реципрочна доверба и пацифистичка соработка. Во нејзината суштина, ситната буржоазија е експлоатирана и обесправена класа. Ја посматра буржоазијата со завист, често и со омраза. Буржоазијата од друга страна додека ја користи поддршката од ситната буржоазија, има недоверба кон истата, поради нејзините оправдани стравови од намерите за рушење на поставените бариери.

Додека тие се подметнуваа и го чистеа патот за развојот на буржоазијата, јакобинците во секој чекор се впуштија во остри судири со буржоазијата. Тие служеа во бескомпромисна борба против неа. Откако нивната ограничена историска улога кулминира, Јакобинците паднаа, бидејќи доминацијата на капиталот беше предодредена.

Во цела низа на периоди, буржоазијата ја утврди својата моќ во форма на парламентарна демократија. Дури и тогаш без мир и недоброволно. Буржоазијата беше смртно преплашена од универзалното право на глас. Во последниот случај сепак успеа со помош на комбинација од насилни мерки и концесии на приватизација и реформи, подредувајќи ја во рамките на формалната демократија не само ситната буржоазија, но во одредена мерка и пролетаријатот, со средствата на новата ситна буржоазија – работничката аристократија. Во август 1914, империјалистичката буржоазија беше во можност со средства на парламентарна демократија да поведе милиони работници и селани во војна.

[Забелешка: 4 август 1914: падот на Втората интернационала. Претставниците на германската Социјалдемократска партија гласаа во Рајхстагот за воениот буџет на империјалистичките влади; на истиот ден претставници на француската Социјалистичка партија го направија истото во Домот на Пратениците.]

Точно со почетокот на војната почнува и конкретниот пад на капитализмот, пред сè неговата демократска форма на доминација. Сега веќе не се во прашање новите реформи и милостијата, туку рушењето на старите. Со тоа буржоазијата не доаѓа во конфликт само со институцијата на пролетерската демократија (синдикатите и политичките партии), туку и со парламентарната демократија, во рамките на која се издигнаа работничките организации. Од таму произлегува кампањата против „марксизмот“ од една страна и против демократскиот парламентаризам од друга.

Но како што самитите на либералната буржоазија во своето време не беа во можност, по нивна сопствена волја, да се ослободат од феудализмот, монархијата и црквата, магнатите на финансискиот капитал не беа во можност, по нивна сопствена волја, да се носат со пролетаријатот. Им беше потребна поддршката од ситната буржоазија. За оваа цел мораа да бидат подготвени, застанати на нозе, мобилизирани, наоружани. Но оваа метода има свои опасности. И покрај користењето на фашизмот, буржоазијата се плаши од истиот. Пилсудски беше принуден во мај 1926 да го спаси буржоаското општество со државен удар насочен против традиционалните партии на полската буржоазија. Работите отидоа во таа насока што официјалниот лидер на Полската комунистичка партија, Варски, кој дојде од Роза Луксембург не кај Ленин, туку кај Сталин, го сметаше државниот удар на Пилсудски за пат на „револуционерна демократска диктатура“ и ги повика работниците да го поддржат Пилсудски.

[Забелешка: Јозеф Пилсудски (1876-1935): Социјалист со националистички погледи, ги поведе антисоветските сили во Полска во 1920; во 1926 поведе државен удар и спроведе фашистичка диктатура. Варски: Пријател на Роза Луксембург, ги поддржа нејзините разлики со болшевиците. Кога Комитерната се пренасочи лево во фазата на „Третиот период“, Варски  беше деградиран од раководството во Полската комунистичка партија, но не беше исклучен од неа. Тој исчезна во СССР за време на големата чистка 1936-38. Роза Луксембург (1870-1919): Голем револуционерски теоретичар и водач. Активна во социјалистичкиот покрет на родната Полска, подоцна станува лидер на левото крило на германската социјалдемократска партија. Таа и Карл Либкнехт беа затворени за спротивставување на Првата светска војна. По  нивното ослободување, тие го поведоа Спартаксбундот. Двајцата беа уапсени и убиени за време на неуспешната револуција во 1919.]

На состанокот на Полската комисија на Извршниот комитет на Комунистичката интернационала на 02.07.1926, авторот на овие редови го рече следново во врска со случувањата во Полска:

„Земено како целина, рушењето на Пилсудски е ситно буржоаски 'народен' начин на решавање на тежок проблем на буржоаското општество во неговата состојба на распаѓање и повлекување. Ние веќе имаме директни сличности со италијанскиот фашизам,

„Овие две струи несомнено поседуваат заедничка црта: ги регрутираат шок трупите најпрво од ситната буржоазија; Пилсудски исто како и Мусолини работел со екстра-парламентарни  средства, со отворено насилство, со методи на граѓанска војна; двајцата не биле засегнати  од уништувањето, туку со зачувувањето на буржоаското општество. Додека тие ја кренаа ситната буржоазија на нозе, отворено се изедначија себеси, по престанокот на моќта со крупната буржоазија. Недоброволно, доаѓа до историска генерализација присетувајќи се на процената на Маркс за јакобинството како народен метод за израмнување сметки со феудалните непријатели на буржоазијата… Тоа беше во периодот на раст на буржоазијата. Сега во периодот на пад на буржоаското општество, мора да кажеме дека на буржоазијата ѝ е повторно потребна 'народна' метода на разрешување не на прогресивните, туку потполно реакционерските задачи. Во овој смисол, фашизмот е карикатура на јакобинството.

„Буржоазијата не е способна да се одржи себеси на власт со средства и методи на парламентарна држава создадена сама од себе; потребен и е фашизмот како оружје за самоодбрана, барем во критични случаи. Како и да е, на буржоазијата не и’ се допаѓаат 'народните' методи за разрешување на проблемите. Таа секогаш била непријателски расположена кон јакобинството, кое го исчисти патот за развој на буржоаско општество со неговата крв. Фашистите се неспоредливо поблиски кон декадентната буржоазија, отколку што јакобинците биле кон крупната буржоазија. Како и да е, отрезнетата буржоазија не гледа благонаклоно дури ни кон фашистичкиот начин на разрешување на проблемот, зошто потресите, иако се донесени во интерес на буржоаското општество, се поврзани со опасности. Од тука произлегува спротивставеноста на фашизмот и буржоаските партии.

„На крупната буржоазија и’ се допаѓа фашизмот онолку колку што на човек со големи катници му се допаѓа да му ги вадат забите. Отрезнетите кругови на буржоаското општество со сомнеж ја набљудуваат работата на забарот Пилсудски, но во последната анализа се помирија со неизбежното, иако со закани, договори и секаков вид на ценкање. Така идолот на ситната буржоазија се трансформира во полицаец на капитализмот.“

До овој обид за бележење на историското место на фашизмот како политички олеснувач на социјалната демократија, постоеше спротивставена теорија за социјален фашизам. Во почеток може сѐ да се разбере како претенциозна, злонамерна, но безопасна глупост. Случките кои следуваа покажаа колку всушност сталинистичката теорија опасно влијание на целосниот развиток на Комунистичката интернационала.

Дали следува од историската улога на јакобинството, демократијата и фашизмот тоа дека ситната буржоазија е осудена да остане алатка во рацете на капитализмот до крајот на своето постоење? Ако работите стојат така, тогаш диктатурата на пролетаријатот би била невозможна во многу земји во кои ситната буржоазија го чини мнозинството на населението, и уште повеќе, би се сметало за многу тешко во други земји во кои ситната буржоазија претставува важно малцинство. За среќа, работите не стојат така. Искуството на Париската Комуна [прва „диктатура на пролетаријатот“ 18 март 1871] најпрво покажува, барем во границите на еден град, баш како што и искуството на Октомвриската револуција [Руската револуција од 1917] покажа на многу повисокото ниво во неспоредливо подолг период, дека здружувањето на ситната буржоазија и крупната буржоазија не е нераскинливо. Бидејќи ситната буржоазија е неспособна за независна политика (затоа не е остварливо ниту „демократската диктатура“ на ситната буржоазија), не останува ниту еден друг избор освен тој помеѓу буржоазијата и пролетаријатот.

Во епохата на развој, раст и цут на капитализмот, ситната буржоазија и покрај постојаните нерамномерности, воглавно послушно маршира во спрегите на капитализмот. Не би ни можела поинаку. Но во услови на распаѓање на капитализмот, во ќорсокакот на економската ситуација, ситната буржоазија се стреми, бара, се обидува да се ослободи од оковите на старите господари и владетелите на општеството. Таа е способна да ја поврзе сопствената судбина со онаа на пролетаријатот. За тоа е потребна само една работа: ситната буржоазија мора да стекне доверба во способноста на пролетаријатот да го изведе општеството на нов пат. Пролетаријатот може да се здобие со довербата само преку својата сила и цврстина на постапките, со вешта офанзива против непријателот, со успех на револуционерната политика.

Но што ако револуционерната партија не може да се носи со тежината на ситуацијата? Секојдневната борба на пролетаријатот ја заострува нестабилноста на буржоаското општество. Штрајковите и политичките пречки ја потресуваат економската состојба на земјата. Ситната буржоазија би можела да се помири привремено со растечката оскудица, кога таа би се уверила преку искуство дека пролетаријатот може да ги поведе по нов пат. Но ако револуционерната партија, без оглед на текот на класната борба продолжи непрекинато и сè поизразено да докажува дека не е способна да ја обедини работничката класа, ако не е стабилна, стане збунета, контрадикторна сама на себе, ситната буржоазија ќе го загуби трпението и ќе ги смета револуционерните работници како одговорни за сопствената беда. Сите буржоаски партии, вклучувајќи ја и социјалната демократија го насочуваат своето мислење во овој правец. Кога социјалната криза ќе стане постојана и неподнослива, се појавува одредена партија на сцената која се насочува кон провоцирање на ситната буржоазија додека не се постигне точка на вриење, при што таа ја насочува својата омраза и очај кон пролетаријатот. Во Германија, оваа историска функција е исполнета од националниот социјализам (нацизам), широка струја чија идеологија е составена од сите отровни испарувања од распаѓањето на буржоаското општество.



Падот на буржоаската демократија

Од „Каде Францијо?“, 1934

* * *

По војната се случи низа од брилијантни победоносни револуции во Русија, Германија, Австро-Унгарија и подоцна Шпанија. Но, само во Русија пролетаријат ја зеде сета власт во свои раце, ги експроприра експлоататорите и знаеше како да ја создаде и одржува работничката држава. На другите места, иако победи, пролетаријатот запре на половина пат поради грешките на водството. Според тоа, власта ја испуштија од свои раце, се помести општеството од лево на десно и станаа плен на фашизмот. Во низа други земји власта се предаде во рацете на воена диктатурата. Парламентите никаде не беа способни да ги помират класните спротивставености и да обезбедат мирен развој на настаните. Конфликтите се решија со оружје во раце.

Францускиот народ долго мислеше дека фашизмот нема ништо заедничко со нив. Тие имаа република во која со сите прашања се справуваа како суверен народ низ процесот на избори со универзалното право на глас. Но на 6 февруари 1934 неколку илјади фашисти и ројалисти, наоружани со револвери, палки и бричеви, ја наметнаа реакционерната влада на Думерг, под чија заштита продолжија да растат и да се наоружуваат овие фашистички банди. Што носи утрешнината?

[Забелешка: Гастон Думерг: бонапартистички премиер на Франција. Го наследи Едуард Даладиер. Владата на Даладиер падна еден ден по фашистичките нереди на 6 февруари 1934 год.]

Секако во Франција како и во други европски земји (Англија, Белгија, Холандија, Швајцарија, скандинавските земји) сѐ уште има парламенти, избори, демократски слободи или нивни остатоци. Но, во сите овие земји, делуваат истите историски закони, законите на капиталистичкиот пад. Ако средствата за производство останат во рацете на мал број на капиталисти, не постои излез за општеството. Тоа е осудено да лута од криза во криза, од потребата во бедата, од лошо кон полошо. Во разните земји остареноста и распаѓањето на капитализмот се изразуваат во различни облици и со нееднакви ритми. Но основните карактеристики на овој процес се насекаде исти. Буржоазијата го води општеството во целосна пропаст. Не е способно да им обезбеди на луѓето ниту леб ни мир. Токму тоа е причината зошто не може да го толерира демократскиот поредок. Принудено е насилно да ги скрши работниците и селаните. Незадоволството на работниците и селаните, сепак, не може да се прекине само со полиција. Згора на тоа, често и армијата неспособна да удри против народот. Започнува со распад и завршува со премин на поголем дел на војниците на страната на народот. Затоа финансискиот капитал мора да создаде посебни оружени банди, обучени да се борат против работниците исто како што одредени раси на кучиња се тренираат да ловат дивеч. Историската функција на фашизмот е да се скрши работничката класа, да се уништат нејзините организации и заташкаат политичките слободи кога капиталистите нема да бидат способни да владеат и доминираат со помош на демократската машинерија.

Фашистите го наоѓаат нивниот човечки материјал претежно во ситната буржоазија. Последнава е целосно уништена од крупниот капитал. Нема излез за неа во сегашниот социјален поредок, но не познава друг. Своето незадоволство, озлојаденост и очај со помош на фашистите го пренасочува подалеку од крупниот капитал, а против работниците. Може да се каже дека фашизмот е чин на поставување на ситната буржоазија на располагање на својот најголем непријател. На овој начин крупниот капитал ја руши средната класа и потоа со користење на платени фашистички демагози, ја поттикнува безнадежната ситна буржоазија против работникот. Буржоаскиот режим може да се зачува само со крвожедни средства како овие. Колку долго? Сѐ додека не е срушена со пролетерска револуција.



Дали ситната буржоазија се плаши од револуција?

Од „Каде Францијо?“, 1934

* * *

Парламентарните кретени, кои се сметаат себе за познавачи на народот, сакаат да повторуваат:

“Никој не смее да ги плаши средните класи со револуција. Тие не сакаат екстреми.“

Во оваа општа форма, оваа афирмација е апсолутно погрешна. Природно, ситниот сопственик претпочита ред сѐ додека работата оди добро и сѐ додека дека има надеж за подобро утре.

Но кога оваа надеж се губи, тој лесно станува гневен и подготвен е подготвен да се предаде себеси на најекстремни мерки. Инаку, како би се срушила демократска држава и би се донел фашизмот на власт во Италија и Германија? Очајната ситна буржоазија, над сѐ, во фашизмот гледа борбена сила против големиот капитал и верува дека, фашизмот, за разлика од партиите на работничката класа кои работат само на зборови, фашизмот ќе искористи сила да воведе поголема “правда“. Селанецот и занаетчијата на свој начин се реалисти. Тие разбираат дека не може да се воздржи од употреба на сила.

Погрешно е, трикратно погрешно, да се афирмира дека денешната ситна буржоазија не оди кон партиите на работничката класа бидејќи се плаши од “екстремни мерки“. Сосема спротивно. Ниската ситна буржоазија, нејзините широки маси, во партиите на работничката класа гледаат само како на парламентарни машини. Тие не веруваат во нивната сила, ниту во нивната способност за борба, ниту во нивната подготвеност овој пат да ја изведат борбата до крај.

И ако е така, вреди ли напорот да се сменат демократските капиталистички претставници од нивните парламентарни колеги од левицата? Тоа е како на прв допир размислува полу-искористениот, руиниран и незадоволен сопственик. Без разбирање на оваа психологија на селанството, занаетчиите, работодавците, ситните функционери, итн. - психологија која тече од социјалната криза - невозможно е да се елаборира правилна политика. Ситната буржоазија е економски зависна и политички атомизирана. Затоа таа не може да спроведе независна политика. Потребен е „водач“ кој ќе ги инспирира со смелост. Индивидуалното или колективно водство, т.е. личност или партија, може да биде дадено од еден или друг од основните класи - или крупната буржоазија или пролетаријатот. Фашизмот ги обединува и вооружува расејаните маси. Од човечкиот прав, организира борбени одреди. Така ѝ дава на ситната буржоазија илузија дека е независна сила. Таа почнува да замислува дека таа вистински владее со државата. Не е изненадувачки дека овие илузии и надежи го свртуваат вниманието на ситната буржоазија!

Но ситната буржоазија исто така може да најде водач во пролетаријатот. Ова беше демонстрирано во Русија и делумно во Шпанија. Во Италија, Германија и Австрија, ситната буржоазија гравитираше кон оваа насока. Но партиите на пролетаријатот не се издигнаа до нивната историска задача.

Да ја привлече ситната буржоазија на своја страна, пролетаријатот мора да ја добие нивната доверба. И затоа пролетаријатот мора да има доверба во својата сила.

“Ние се бориме за власт. Еве ја нашата програма. Ние сме подготвени да дискутираме со вас за промени во оваа програма. Ние ќе употребиме насилство само против крупниот капитал и нивните пиони, но со вас работни луѓе, ние посакуваме да склопиме сојуз на основа на дадена програма.“

Селаните ќе го разберат овој јазик. Само, тие мора да имаат верба во капацитетот на пролетаријатот да ја зграби власта.

Но, за тоа неопходно е да се исчисти обединетиот фронт од сите двосмислености, од сите нерешителности, од сите празни фрази. Неопходно е да се разбере ситуацијата и да се позиционира себе сериозно на револуционерниот пат.



Работничката милиција и нејзините противници

Од „Каде Францијо?“, 1934

* * *

За да се бориме, неопходно е да ги зачуваме и зајакнеме инструментите и средствата за борба – организациите, печатот, средбите итн. На сето тоа фашизмот [во Франција] му се заканува веднаш и директно. Тој сè уште е преслаб за директна борба за власт, но е доволно силен да се обиде да ги победи организациите на работничката класа дел по дел, да ги зацврсти своите банди со нападите и да шири хаос и недоверба кон силите во редовите на работниците.

Фашизмот наоѓа несвесни помагачи во сите оние кои велат дека „физичката борба“ е недозволива или безнадежна и од Думерг бараат разоружување на неговата фашистичка гарда. Ништо не е толку опасно за пролетаријатот, посебно во сегашната состојба, колку што е засладениот отров на лажни надежи. Ништо не ја зголемува дрскоста на фашистите како „млитавиот пацифизам“ од страна на работничките организации. Ништо не ја уништува довербата на средната класа во работничката класа како неодлучноста, пасивноста и недостатокот на волја за борба.

„Ле попилер“ [весникот на Социјалистичката партија] и посебно „Л`иманите“ [весникот на Комунистичката партија] пишуваат секој ден:

„Обединетиот фронт е бариера против фашизмот“;

„обединетиот фронт нема да дозволи...“;

„фашистите нема да се осмелат“, итн.

Ова се фрази. Неопходно е да им се каже јасно и гласно на работниците, на социјалистите, на комунистите: не дозволувајте да бидете замаени од фразите на површните и неодговорни новинари и оратори. Во прашање се нашите глави и иднината на социјализмот. Не дека ја негираме важноста на обединетиот фронт. Ние го баравме тогаш кога лидерите на двете партии беа против него. Обединетиот фронт отвора бројни можности, но ништо повеќе. Сам по себе, обединетиот фронт не решава ништо. Само борбата на масите може да реши нешто. Обединетиот фронт ќе ја покаже својата важност само тогаш кога комунистичките одреди ќе им помогнат на социјалистичките и обратно, во случај на напад од фашистичките банди против „Ле попилер“ и „Л`иманите“. Но за тоа мора да постојат пролетерски борбени одреди и да се едуцираат, да се обучат и да се вооружат. Доколку не постои организација за одбрана, со други зборови работничка милиција, „Ле попилер“ и „Л`иманите“ може да пишуваат колку сакаат текстови за семоќта на обединетиот фронт, но двата весника ќе се најдат без одбрана пред добро подготвените напади на фашистите.

Предлагаме да се направи критичко разгледување на „аргументите“ и на „теориите“ на противниците на работничката милиција кои се многубројни и влијателни во двете партии на работничката класа.

„Ни треба масовна самоодбрана, а не милиција“ – ни се кажува често.

Но што е тоа „масовна самоодбрана“ без борбени организации, без специјализирани кадри, без оружје? Да се предаде одбраната против фашизмот на неорганизирани и неподготвени маси препуштени сами на себе е како да се преземе улогата на Понтиј Пилат, само неспоредливо пониска. Да се негира улогата на милицијата е како негирање на  улогата на авангардата. Тогаш, зошто партија? Без поддршката на масите, милицијата е ништо. Но без организирани борбени одреди, најхеројските маси дел по дел ќе бидат уништени од фашистичките банди. Бесмислено е милицијата и самоодбраната да се поставуваат како противречни едно наспрема друго. Милицијата е орган на самоодбраната.

„Да се повика на организирање милиција“ – велат некои опоненти, кои, да бидеме сигурни, се најмалку сериозни и отворени – „би значело впуштање во провокација.“

Ова не е аргумент, туку навреда. Ако неопходноста од одбрана на работничките организации доаѓа од целата ситуација, тогаш како некој може да не повика на создавање милиција? Можеби сметаат дека создавањето на милиција „провоцира“ напади на фашистите и репресија од владата. Во тој случај, ова е апсолутно реакционерен аргумент. Либерализмот отсекогаш им кажувал на работниците дека со својата класна борба „провоцираат“ реакција.

Реформистите го повторуваа ова обвинување против марксистите, меншевиците против болшевиците. Овие обвинувања сами по себе се сведоа, во крајна линија, на длабокоумна мисла дека ако угнетените не се побунат, угнетувачите нема да бидат принудени да ги тепаат. Ова е филозофијата на Толстој и на Ганди, но никогаш на Маркс и на Ленин. Ако „Л`иманите“ сака отсега па натаму да ја развива доктрината на „неспротивставување на злото со насилство“, би требало за свој симбол да ја земе, наместо српот и чеканот, амблемот на Октомвриската револуција, светата коза која му дава млеко на Ганди.

 „Но вооружувањето на работниците е соодветно само во револуционерна ситуација, којашто сè уште не постои“.

Овој длабокоумен аргумент значи дека работниците треба да дозволат да бидат касапени додека ситуацијата не стане револуционерна. Оние кои вчера попуваа за „третиот период“ не сакаат да видат што се случува пред нивните сопствени очи. Прашањето на оружјето само по себе произлезе единствено поради тоа што „мирољубивата“, „нормална“, „демократска“ ситуација зазеде насока на бурна, критична и нестабилна ситуација којашто може да се трансформира во револуционерна ситуација, или пак во контрареволуционерна.

[Забелешка: „Третиот период“: според сталинистичката шема, ова беше „последниот период на капитализмот“, период на негово итно и неодложно распаѓање и замена со совети. Периодот е важен за комунистичката ултралева и авантуристичка тактика, особено во концептот за социјалфашизмот]

Оваа алтернатива пред сè зависи од тоа дали напредните работници ќе дозволат нападот да пројде неказнет и дел по дел да бидат победени, или пак ќе возвратат на секој напад со два свои напади, со тоа ќе ја поттикнат храброста на угнетените и ќе ги обединат под сопственото знаме. Револуционерната ситуација не паѓа од небото. Таа добива форма преку активно учество на револуционерната класа и нејзината партија.

Денес, француските сталинисти тврдат дека милицијата не го одбранила германскиот пролетаријат од пораз. До вчера тие комплетно негираа било каков пораз во Германија и сметаа дека политиката на германските сталинисти била исправна од почеток до крај. Денес, тие го гледаат сето зло во германската работничка милиција „Роте фронт“ [односно, Борци на Црвениот фронт: милиција во која доминираа комунистите, која ја забрани социјалдемократската влада по берлинските нереди за Први мај 1929 година]. Поради тоа, тие од една грешка запаѓаат во дијаметрално спротивна, не помалку монструозна. Милицијата, сама по себе, не го решава прашањето. Неопходна е правилна политика. Во меѓувреме, политиката на сталинизмот во Германија („социјалфашизмот е главниот непријател“, поделбата во синдикатите, флертувањето со национализмот, пучизмот) фатално водеше кон изолација на пролетерската авангарда и кон нејзин бродолом. Со крајно безвредна стратегија, ниедна милиција не може да ја спаси ситуацијата.

Бесмислено е да се каже дека, само по себе, организирањето милиција води во авантури, го провоцира непријателот, ја заменува политичката со физичка борба и слично. Во сите овие фрази нема ништо освен политички кукавичлук.

Милицијата, како силна организација на авангардата, во суштина е најсигурна одбрана против авантури, против индивидуален тероризам, против крвави спонтани експлозии.

Милицијата е истовремено и единствен сериозен пат за сведување на минимум на опасноста од граѓанска војна што фашизмот му ја наметнува на пролетаријатот. Нека и покрај отсуството на „револуционерна ситуација“ работниците повремено ги превоспитуваат патриотските „татини синови“ на свој начин, па регрутирањето на нови фашистички банди ќе стане неспоредливо потешко.

Но, еве стратезите, оковани во сопственото размислување, изнесуваат нови, уште позапрепастувачки аргументи против нас. Цитираме:

„Ако на револверските истрели на фашистите им возвратиме со револвери“, пишува „Л`иманите“ на 23 октомври [1934], „губиме предвид дека фашизмот е продукт на капиталистичкиот режим и дека борејќи се со фашизмот ние се соочуваме со целиот систем“.

Тешко е во само неколку редови да се акумулира поголема конфузија и повеќе грешки. Невозможна е одбраната од фашистите затоа што тие се - „производ на капиталистичкиот режим“. Тоа значи, дека треба да се откажеме од целата борба, затоа што сите современи општествени зла се „производ на капиталистичкиот систем“.

Кога фашистите убиваат револуционер, или кога палат зграда на пролетерски весник, работниците треба ли филозофски да воздивнуваат: „Ах! Убијците и пироманите се продукт на капиталистичкиот систем“ и да си одат дома со олеснета свест. Фаталистичкото понижување е замена за борбената теорија на Маркс, исклучиво во корист на класниот непријател. Уништувањето на ситната буржоазија е, секако, производ на капитализмот. Растот на фашистичките банди е, според тоа, продукт на уништувањето на ситната буржоазија. Но од друга страна, порастот на мизеријата и револтот на пролетаријатот се исто така продукт на капитализмот, а милицијата, според тоа, е резултат на заострувањето на класната борба. Зошто тогаш, за „марксистите“ од „Л`иманите“ фашистичките банди се легитимен производ на капитализмот, а работничката милиција е нелегитимен продукт на троцкистите? Невозможно е да му се најде главата и опашката на ова тврдење.

„Ние мора да се соочиме со цел систем“ – ни велат.

Како? По цена на главите на човечки суштества? Фашистите во различни држави почнаа со своите револвери и завршија со уништување на целиот „систем“ на работнички организации. Како поинаку да се одговори на вооружена офанзива на непријателот ако не со оружена одбрана која, кога ќе дојде нашиот ред, ќе премине во офанзива.

„Л`иманите“ сега на збор признава одбрана, но само во форма на „масовна самоодбрана“. Милицијата е штетна затоа што, видете, таа ја дели борбата на четите од онаа на масите. Но зошто тогаш постојат независни вооружени чети меѓу фашистите кои не се пресечени од реакционерните маси кои, напротив, ги охрабруваат и поттикнуваат овие маси со нивните доброорганизирани напади? Или можеби пролетерските маси се инфериорни во борбените квалитети од декласираната ситна буржоазија?

Безнадежно заплеткани „Л`иманите“ конечно почнуваат да се премислуваат: изгледа дека масовната самоодбрана бара создавање специјални „групи за самоодбрана“. Наместо отфрлената милиција, се предлагаат специјални групи или единици. На прв поглед изгледа дека има разлика само во името. Секако, името предложено од „Л`иманите“ не значи ништо. Може да зборуваме за „масовна самоодбрана“, ама како би зборувале за „групи за самоодбрана“ кога нивна намена не е да се бранат самите себеси туку работничките организации. Како и да е, секако дека проблемот не се сведува на прашање за името. „Групите за самоодбрана“, според „Л`иманите“ мораат да се откажат од употреба на оружје за да не западнат во „пучизам“. Овие мудреци ја третираат работничката класа како дете на кое не му е дозволено да држи сечило во рацете. Сечилата секако се монопол, како што знаеме, на „Камелот ди руа“ [француски монархисти собрани околу весникот на Шарл Мора, „Аксион Франсез“, што било насилно антидемократско], кои се легитимен „продукт на капитализмот“ и кои, со помош на сечилата, го отфрлија „системот“ на демократијата. Во секој случај, како „групите за самоодбрана“ ќе се бранат себеси против фашистичките револвери? „Идеолошки“ секако. Со други зборови: тие можат да се скријат. Немајќи го она што им е потребно во рацете, тие ќе мора да бараат „самоодбрана“ во своите нозе. А, фашистите, во меѓувреме ќе ги дробат работничките организации неказнето. Но ако пролетаријатот претрпи тежок пораз, тоа во никој случај нема да биде вина на „пучизмот“. Ова измамничко брборење, парадирајќи под знамето на „болшевизмот“, предизвикува само одвратност и ужас.

 За време на среќните моменти од „третиот период“ – кога стратезите од „Л`иманите“ беа под влијание на делириумот на барикадите, „ги освојуваа“ улиците секој ден и го етикетираа како „социјалфашист“ секој што не ја делеше нивната екстраваганција – ние предвидовме: „Моментот кога овие господа ќе си ги изгорат прстите, тие ќе станат најлоши опортунисти“.  Ова предвидување сега е потполно потврдено. Во време кога внатре во Социјалистичката партија движењето во полза на милицијата расте и се зајакнува, лидерите на таканаречената Комунистичка партија се обидуваат да ја изладат желбата на напредните работници да се организираат во борбени колони. Може ли да се замисли подеморализирачка и осудувачка работа од ова?

Во редовите на Социјалистичката партија понекогаш може да е чуе следниов приговор: „Милицијата мора да се формира, но нема потреба да се разгласува за тоа“.

Може само да им се честита на другарите кои сакаат да ја заштитат практичната страна на работите од љубопитните очи и уши. Но ќе биде многу пренаивно да се мисли дека милицијата би можело да се креира невидено и тајно меѓу четири ѕида. Ни требаат десетици, а подоцна и стотици илјади борци. Тие ќе дојдат само ако милиони работници, мажи и жени, а по нив и селани, ја разберат потребата од милиција и ако околу волонтерите создадат атмосфера на живи симпатии и активна поддршка. Конспиративната грижа може и мора да го заштити само техничкиот аспект на работата. Политичката кампања мора да биде отворено развивана, на состаноци, во фабриките, на улиците и на плоштадите.

Основните кадри на милицијата мора да бидат фабрички работници групирани според нивното работно место, зашто кога си се познати еден на друг тие се во состојба да ги заштитат своите борбени единици од провокациите на непријателските агенти многу полесно и посигурно отколку највисоките бирократи. Конспиративниот генерал штаб без отворена мобилизација на масите во момент на опасност ќе остане да виси во воздух, импотентно блокиран. Секоја организација на работничката класа мора да се зафати за работа. По ова прашање не смее да се има линија на разграничување меѓу партиите на работничката класа и синдикатите. Сите заедно мора да ги мобилизираат масите. Само тогаш ќе биде осигурен успехот на народната милиција.

„Но каде работниците ќе добијат оружје“ – забележуваат трезвено „реалистите“, т.е. исплашените Филистејци – „непријателот има пушки, топови, тенкови, гас и авиони. Работниците имаат неколку стотина револвери и џебни ножеви“.

Во овој приговор, сѐ е насобрано за да се уплашат работниците. Од една страна, нашите мудреци ги идентификуваат оружјата на фашистите со вооружувањето на државата. Од друга страна, тие се вртат кон државата и бараат разоружување на фашистите. Извонредна логика! Всушност, нивната позиција е лажна во двата случаи. Во Франција, фашистите се сѐ уште далеку од контрола на државата. На 6-ти февруари, тие влегоа во вооружен конфликт со државната полиција. Поради тоа е погрешно е да се зборува за топови и тенкови кога тоа е прашање на непосредна вооружена борба против фашистите. Фашистите, секако се побогати од нас. Ним им е полесно да купат оружје, Но работниците со побројни, поодлучни, попосветени, кога се уверени во силно револуционерно водство.

Како додаток на другите извори, работниците можат да се вооружат на сметка на фашистите преку нивно систематско разоружување.

Ова, сега, е едно од најсериозните форми на борба против фашизмот. Кога работничките арсенали ќе почнат да се снабдуваат на сметка на фашистичките оружени депоа, банките и трустовите ќе биде попромислен во финансирањето на вооружувањето на нивните убиствени гарди. Дури ќе биде можен и овој случај – но само во овој случај – дека растревожените власти навистина би почнале да го оневозможуваат вооружувањето на фашистите со цел да не обезбедат дополнителни извори за вооружување на работниците. Долго време сме знаеле дека само револуционерна тактика предизвикува, како нус-продукт, “реформи“ или отстапка од владата.

Но како да се разоружуваат фашистите? Природно, тоа е невозможно да се  направи само со новински написи. Мора да се создадат борбени единици. Мора да се воспостави разузнавачка служба. Илјадници информатори и пријателски помагачи ќе волонтираат од сите страни кога ќе сфатат дека работата е сериозно превземена од нас. Тоа бара волја за пролетерска акција.

Но оружјето на фашистите не е, секако, единствениот извор. Во Франција има повеќе од еден милион организирани работници. Општо земено, овој број е мал. Но е сосема доволен да направи почеток во организација на работничката милиција. Партиите и синдикатите да вооружеа само десетина од своите членови, тоа веќе би била сила од 100.000 луѓе. Нема сомнеж дека одзивот на волонтери кои би пристапиле кон работничката милиција во мугрите на „обединетиот фронт“ далеку ќе го надмине тој број. Придонесите на партиите и синдикатите, собирање средства и доброволни прилози, за месец или два би направил можно да се осигура вооружување на 100.000 до 200.000 борци на работничката класа. Фашистичките толпи веднаш би ја собрале опашката меѓу нозете. Целата перспектива на развојот би станал неспоредливо поповолен.

Да се повикува на отсуство на оружје или други објективни причини за да се објасни зошто не бил направен обид да се креира милиција, е да се лажеш себе си и другите. Основната пречка – може да се каже дека единствената пречка – има свои корени во конзервативниот и пасивен карактер на лидерите на работничките организации. Скептиците кои се лидерите не веруваат во силата на пролетаријатот. Тие ја поставуваат својата надеж во секакви видови на чуда од горе, наместо давање на револуционерен излез за енергиите кои пулсираат долу. Работниците социјалисти мораат да ги принудат нивните лидери да преминат веднаш кон креирање на работничка милиција или да дадат простор на помлади, посвежи сили. Штрајкот е незамислив без пропаганда и без агитација. Исто така е незамислив без редари кои, кога можат, користат убедување, но кога мораат, користат сила. Штрајкот е најосновната форма на класна борба која секогаш комбинира, во различни соодноси, “идеолошки“ методи со физички методи. Борбата против фашизмот е во основа политичка борба која има потреба од милиција како што на штрајкот има потреба од редари. Во основа, редарите се ембрион на работничката милиција. Оној кој мисли да одрекува “физичка“ борба мора да одрекува секаква борба, бидејќи духот не живее без месо.

Следејќи ја сјајната фраза на големиот воен теоретичар Клаузевиц, војната е продолжение на политиката со други средства. Оваа дефиниција исто целосно важи и за граѓанската војна. Недозволиво е да се спротивстави едното на другото, бидејќи невозможно е да се запре по желба политичката борба кога таа се трансформира себеси, од силата на внатрешна потреба, во политичка борба.

Должноста на револуционерната партија е да ја предвиди на време неизбежноста на трансформацијата на политиката во отворен вооружен конфликт и со сите свои сили да се подготви за тој момент како што владејачките класи се подготвуваат.

Милициските одреди за одбрана од фашизмот се првиот чекор на патот до вооружување на пролетаријатот, не последниот. Нашиот слоган е: “Вооружи го пролетаријатот и револуционерните селани!“

Работничката милиција мора, во крајната анализа да ги вклучи сите угнетени. Да се исполни целосно програмата би било можно само во работничка држава во чии раце би прешле сите средства за производство и  следствено исто така сите средства на уништување – т.е. сите оружја и фабриките кои ги произведуваат нив.

Сепак, невозможно е да се пристигне до работничка држава со празни раце. Само политички инвалиди како Ренодел можат да зборуваат за мирен, уставен пат до социјализам. Уставниот пат е пресечен од ровови држени од фашистички банди. Нема само неколку ровови пред нас. Буржоазијата нема да се колеба да употреби дузина државни удари со помош од полицијата и армијата да го спречи пролетаријатот да дојде на власт.

[Забелешка: Пјер Ренодел (1871-1935): пред Првата светска војна, десна рака на социјалистичкиот водач Жан Жорес и уредник на Л`иманите. За време на војната, десничарски социјал-патриот. Во 1930-тите, тој и Марсел Деа водеа ревизионистичка „нео-социјалистичка“ струја. Надгласани на јулската конвенција од 1933, оваа струја се одвои од Социјалистичката Партија. По фашистичките протести од 6-ти февруари 1934, најголем дел од “неовците“ се приклучија кон Радикалната Партија, главната партија на францускиот капитализам. Деа е лидер на профашистичката партија Народно национално обединување, соработник со фашистичка Германија]

Работничка социјалистичка држава може да се создаде само преку победничка револуција. Секоја револуција е подготвена од маршот на економски и политички развој, но секогаш се решава со отворен вооружен конфликт меѓу непријателските класи. Револуционерна победа станува возможна само како резултат на долга политичка агитација и долг период на едукација и организација на масите.

Но, вооружениот конфликт самиот мора исто така да биде однапред долго подготвуван.

Напредните работници мора да знаат дека тие ќе треба да се борат и победат во борба до смрт. Тие мора да посегнат по оружјето, како гарант на нивната еманципација.



Перспективите во Соединетите Американски Држави

од „Некои прашања за американските проблеми“, „Четврта Интернационала“, октомври 1940

* * *

Назадноста на работничката класа во Соединетите Држави е само релативен термин.

Во повеќе многу важни аспекти, таа е најпрогресивната работничка класа во светот, технички и според својот животен стандард...

Американските работници се многу борбени - како што имаме видено од штрајковите. Тие ги имале најбунтовничките штрајкови во светот. Тоа што му недостига на американскиот работник е духот на генерализација, или анализа, на неговата класна позиција во општеството како цело. Овој недостаток од социјално размислување има свое потекло во целокупната историја на земјата...

За фашизмот.

Во сите земји каде фашизмот стана победнички, пред растот на фашизмот и неговата победа, имавме бран од радикализација на масите - на работниците и сиромашните селани и фармери, и ситно буржоаската класа. Во Италија, по војната и пред 1922, имавме револуционерен бран од колосални димензии; државата беше парализирана, полицијата не постоеше, синдикатите не можеа да направат ништо што сакаа - но таму немаше партија способна да ја преземе власта. Како реакција дојде фашизмот.

Во Германија, истото. Имавме револуционерна ситуација во 1918; буржоаската класа не се ни обиде да учествува во власта. Социјалдемократите ја парализираа револуцијата. Потоа работниците се обидоа повторно во 1922-23-24. Ова е времето на банкротирање на Комунистичката партија - сѐ преку кое сме поминале претходно. Потоа во 1929-30-31, германските работници започнаа нов револуционерен бран. Комунистите и синдикатите беа многу моќни, но тогаш дојде славната политика (во делот на сталинистичкото движење) на социјален фашизам, политика која ја измислија за парализирање на работничката класа. И само по овие три огромни бранови фашизмот стана големо движење. Нема исклучоци од ова правило - фашизмот доаѓа само кога работничката класа покажува комплетна неспособност да ја земе судбината на општеството во свои раце.

Во Соединетите Држави ќе се појави истата работа. Таму веќе има фашистички елементи, и тие ги имаат, секако, примерите од Италија и Германија. Затоа тие ќе работат со многу побрзо темпо. Но, исто така ги имаат примерите од другите земји. Следниот историски бран во Соединетите Држави ќе биде бран од радикализација на масите, не фашизам. Секако, војната може да ја опструира радикализацијата за некое време, но тогаш ќе додаде кон радикализацијата многу посилно темпо и замав.

Не смееме воената диктатура - диктатурата на воената машина, на персоналот, на финансискиот капитал - да ја идентификуваме со фашистичката диктатура. За последното, најпрво неопходно е да постои чувство на очај кај широките народни маси. Кога револуционерните партии вршат предавство, кога авангардата на работниците ја покажува неспособноста да ги води луѓето до победа - тогаш фармерите и ситните бизнисмени, невработените, војниците, итн, стануваат способни за поддршка на фашистичкото движење, но само тогаш.

Воена диктатура е целосно бирократска институција, засилена со воената машина и заснована на дезориентација на луѓето и нивното потчинување кон тоа. По некое време нивните чувства може да се сменат и може да станат бунтовни кон диктатурата.



Изгради ја револуциoнерната партија!

* * *

Во секоја дискусија на политички теми се поставува прашањето:

“Ќе успееме ли да создадеме силна партија за моментот кога кризата ќе дојде? Нема ли фашизмот да нѐ претекне? Дали фашизмот е неизбежен степен во развојот?“

Успесите на фашизмот прават луѓето лесно да ги изгубат сите перспективи, ги води кон заборавање на вистинските услови кои доведоа до засилување и победа на фашизмот. Уште повеќе, јасното разбирање на овие услови е од посебно значење за работниците во Соединетите Држави. Можеме да го сведеме на историски закон: фашизмот можеше да победи само во тие држави каде конзервативните работнички партии го спречија пролетаријатот да ја искористи револуционерната ситуација и да ја преземе власта. Во Германија се одиграа две револуционерни ситуации: 1918-1919 и 1923-1924. Дури и во 1929 сѐ уште постоеше можност за директна борба за власт од страна на пролетаријатот. Во сите тие три случаи, социјалната демократија и Коминтерната (сталинистите) криминално и брутално го прекинаа освојувањето на власта и така го ставија општеството во безизлез. Бурниот раст на фашизмот и неговото добивање на власта се докажаа како возможни само под овие околности и во оваа ситуација.

* * *

Доколку пролетаријатот се покаже неспособен, во одредена фаза, за освојување на власта, империјализмот почнува да го регулира економскиот живот со свои методи; фашистичката партија која постанува државна власт е политички механизам. Производните сили се во непомирлива противречност не само со приватната сопственост, туку исто така и со границите на националната држава. Империјализмот е самиот израз на оваа противречност. Империјалистичкиот капитализам настојува да ја реши оваа противречност преку проширување на границите, освојување на нови територии итн. Тоталитарната држава, подредувајќи ги сите аспекти од економскиот, политичкиот и културниот живот на финансискиот капитал, е инструментот за креирање на супернационалистичка држава, империјалистичко царство, владеење над континентите, владеење над целиот свет.

Сите овие закани за слободата ги анализиравме, секоја за себе и сите од нив во својата севкупност, до степен што постанаа манифест или испливаа на површина.

Заедно, теоретската анализа, како и богатото историско искуство од последниот четврт век, покажаа со еднаква сила дека фашизмот е секој пат последната врска на одреден политички циклус составен од следното: најтешката криза на капиталистичкото општество; растот на радикализација на работничката класа; растот на сочувство кон работничката класа, и копнежот за промена кај руралната и урбаната ситна буржоазија; екстремното бунило на крупната буржоазија; нејзините кукавички и предавнички маневри за да се избегне револуционерниот врв; истоштувањето на пролетаријатот; растечка конфузија и индиферентност; влошување на социјалната криза; очајот на ситната буржоазија, нејзиниот копнеж за промена, колективната нервоза на ситната буржоазија, нејзината подготвеност да верува во чуда, нејзината подготвеност за насилни мерки; растот на непријателството кон пролетеријатот, кој ги изневерил своите очекувања. Овие се претпоставките за брзо формирање на фашистичка партија и нејзина победа.

Многу очигледно е дека радикализацијата на работничката класа во Соединетите Држави помина само преку почетните фази, речиси исклучиво, во сферата на синдикалното движење (ЦИО). Предвоениот период, и самата војна, можеби привремено да го прекинат овој процес на радикализација, особено кога сериозен број работници се апсорбирани во воената индустрија. Но, овој прекин на процесот на радикализација не може да трае долго. Втората фаза на радикализација ќе претпостави многу поостар експресивен карактер. Ќе се постави на дневен ред проблемот на креирање независна работничка партија. Нашите транзициони барања ќе придобијат голема популарност. Од друга страна, фашистичките, реакционерни тенденции ќе се повлечат во позадина, заземајќи одбранбена позиција, чекајќи попогоден момент. Ова е најприближната перспектива. Нема работа која е понебитна отколку шпекулирање дали ќе успее или не да се создаде револуционерна предводничка партија. Пред нас лежи поволна перспектива, обезбедувајќи оправданост за револуционерен активизам. Неопходно е да се искористат можностите кои се отвораат за изградба на револуционерна партија.


Архива на Лав Троцки

марксистичка интернет архива