Лав Троцки

Агонијата на капитализмот и задачите на Четвртата интернационала: мобилизација на масите околу преодните барања за подготовка за освојување на власта

„Преодна програма“


Напишано: во 1938 од Лав Троцки во 1938. Прв пат објавено во изданието на мај-јуни 1938 на Билтенот на Опозицијата (болшевици ленинисти) бр. 66-67, како дискусионен документ за Основачкиот конгрес на Четвртата интернационала (Светска партија на социјалистичка револуција)
Извор: англиската верзија на Димитри Верстретен од 2002 базирана на изданието објавено во 1981 во „Лејбор Публикејшнс“ со користење на оригиналниот руски извор од Мартин Сејлес
Превод: Алек Атевиќ и Дејан Лутовски, од англиски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2015


Содржина

Објективните предуслови за социјалистичка револуција

Пролетаријатот и неговото раководство

Минималната програма и преодната програма

Лизгачка скала на плати и лизгачка скала на часови

Синдикатите во преодната епоха

Фабрички одбори

„Тајните на бизнисот“ и работничка контрола на индустријата

Експропријација на одделни групи на капиталисти

Експропријација на приватните банки и подржавување на кредитниот систем

Стражата на штрајкувачките; Одбранбена гарда; Работничка милиција; Вооружувањето на пролетаријатот

Сојузот на работниците со фармерите

Борбата против империјализмот и војната

Работничка и селанска влада

Совети

Заостанатите земји и барањата на преодната програма

Програмата на преодни барања во фашистичките земји

Положбата на СССР и проблемите на преодната епоха

Против опортунизмот и непринципиелниот ревизионизам

Против секташтвото

Отворени за работничките! Отворени за младината!

Под знамето на Четвртата интернационала


Објективните предуслови за социјалистичка револуција

Светската политичка ситуација како целина главно се карактеризира со историска криза на пролетерското раководство.

Економските предуслови за пролетерската револуција веќе ја достигнуваат највисоката точка што може да се достигне во капитализмот. Производствените сили на човештвото престанаа да растат. Новите пронајдоци и подобрувања не успеаја да го подигнат нивото на материјалното богатство. Конјуктурните кризи во услови на општествена криза на целиот капиталистички систем предизвикуваат поголеми откажувања и страдања на масите. Растот на невработеноста пак ја продлабочува финансиската криза на државата и го поткопува нестабилниот монетарен систем. Демократските режими, како и фашистичките, се тетерават од еден банкрот во друг.

Самата буржоазија не гледа излез. Во земјите каде таа беше присилена на влечење од ракав на картата на фашизмот, сега се спушта во тобоганот со затворени очи кон економска и воена катастрофа. Во историските привилегирани држави т.е. во тие каде буржоазијата сè уште за некој период може да си го дозволи луксузот на демократија на трошок на националните акумулации (Велика Британија, Франција, САД итн.) сите традиционални партии на капиталот се во состојба на збунетост која се граничи со парализа на волјата. „Њу дил“ и покрај првиот период на претенциозна решителност претставува посебна форма на политичка збунетост, возможна само во земја каде буржоазијата успеала да акумулира неброено богатство. Сегашната ситуација, далеку од тоа дека целосно надвладеа, но веќе успеа да покаже дека политиката на Њу дил, како и политиката на Народен фронт во Франција, не нуди излез од економската слепа улица.

Сликата не е подобра ни за меѓународните односи. Во услови на зголемена тензија на капиталистичка дезинтеграција, империјалистичките антагонизми влегоа во ќор-сокак до степен во кој одделните судири и крвави локални пореметувања (Етиопија, Шпанија, Далечниот Исток, Централна Европа) ќе се прелеат во еден пожар од светски размери. Буржоазијата, секако е свесна за смртната опасност на нејзината доминација во новата војна. Но сега таа класа е немерливо помалку способна од спречување на војна отколку во предвечерието на 1914.

Сите говори за тоа дека светските услови се „недозреани“ за социјализам се производ на незнаење или свесна измама. Објективните предуслови за пролетерска револуција не само што се „зрели“ туку почнаа помалку и да скапуваат. Без социјалистичка револуција, во следниот историски период, се заканува катастрофа на сета култура на човештвото. Сега е редот на пролетаријатот. т.е. првенствено на неговата револуционерна авангарда. Оваа историска криза на човештвото се сведува на криза на револуционерното раководство.

Пролетаријатот и неговото раководство

Економијата, државата и политиката на буржоазијата и нејзините меѓународни односи се сосема опустошени од општествената криза карактеристична за предреволуционерната состојба во општеството. Главната пречка на патот на преобразба на предреволуционерата состојба во револуционерна е опортунистичкиот карактер на пролетерското водство: неговата ситно буржоаска плашливост пред крупната буржоазија и неговата перфидна врска со неа дури и при нејзината смртна агонија.

Во сите земји пролетаријатот е прогонет од длабок немир. Повеќемилионските маси повторно се на патот на револуцијата. И секој пат се спречени од нивните бирократски конзервативни машинерии.

Шпанскиот пролетаријат изведе редица херојски обиди по април 1931 да ја освои власта во свои раце и да ја раководи судбината на општеството. Но нејзините сопствени партии (социјалдемократите, сталинистите, анархистите, ПОУМ), секој на свој начин, играа улога на кочница и според тоа го подготвија патот за триумфите на Франко.

Во Франција, големиот бран на штрајкови со блокада на работните места, посебно по јуни 1936, ја открија целосно спремноста на пролетаријатот за рушење на капиталистичкиот систем. Сепак, водечките организации (социјалисти, сталинисти, синдикалисти) под етикетата на Народниот фронт успеаја во канализирање и задушување на привремениот револуционерен бран.

Невидениот бран на штрајкови во форма на блокада на работните места и зачудувачки брзиот раст на индустрискиот синдикализам во САД (ЦИО) е недвосмислено израз на инстинктивниот стремеж на американските работници за да се издигнат на нивото на задачите поставени од историјата за тие да ги решат. Но и тука водечките политички организации, вклучувајќи го и новото ЦИО, прават сè можно да се контролира и парализира револуционерниот притисок на масите.

Дефинитивното преминување на Коминтерната на страната на буржоаскиот поредок, нејзината цинична контрареволуционерна улога низ светот, а посебно во Шпанија, Франција, САД и другите „демократски“ земји, создадоа исклучителни дополнителни потешкотии за светскиот пролетаријат. Под знамето на Октомвриската револуција, соработничката политика во праксата на „Народните фронтови“ ја осуди работничката класа на импотенција и го расчисти патот за фашизмот.

„Народните фронтови“ на една страна – фашизмот на друга – ова се последните политички извори на империјализмот во борбата против пролетерската револуција. Од историска гледна точка, сепак и обата извора се привремени средства. Распадот на капитализмот продолжува под знакот на Фригиската капа или под знакот на свастиката во Германија. Ништо друго освен рушењето на буржоазијата не може да го отвори патот.

Ориентацијата на масите прво е определена од објективните услови на капитализмот кој се распаѓа, а второ, од предавничката политика на старите работнички организации. Од овие фактори, првото е секако одлучувачко: законите на историјата се посилни од бирократските апарати. Без разлика на тоа како методите на општественото предавство се разликуваат – од „социјалната“ легислатива на Блум до судските местенки на Сталин – тие никогаш нема да успеат да ја скршат револуционерната волја на пролетаријатот. Како поминува времето, нивните очајнички обиди да го сопрат тркалото на историјата, појасно ќе им покажат на масите дека кризата на пролетерското водство, кое станало криза на човечката култура, може да се реши со Четвртата интернационала.

Минималната програма и преодната програма

Стратешката задача во следниот период – предреволуционерен период на агитација, пропаганда и организација – се состои во совладување на противречноста помеѓу зрелоста на објективните револуционерни услови и незрелоста на пролетаријатот и неговата авангарда (конфузијата и разочарувањето на постарата генерација, неискуството на помладата генерација). Неопходно е да им се помогне на масите во процесот на дневната борба да го пронајдат мостот кој ги поврзува сегашните барања и социјалистичката програма за револуција. Овој мост треба да се состои од преодни (транзициони) барања, кои никнуваат од денешните услови и од денешната свесност за широките слоеви на работничката класа и кои водат конечно до еден завршен заклучок: пролетаријатот да ја освои власта.

Класичната социјалдемократија, функционирајќи во епоха на прогресивен капитализам, ја подели својата програма на два дела, еден од друг независни: минимална програма која се ограничи на реформи во рамките на буржоаското општество, и максимална програма со која во недефинирана иднина се обезбедува замена на капитализмот со социјализам. Помеѓу минималната и максималната програма не постоеше мост. И навистина, социјалдемократијата и нема потреба од таков мост, бидејќи зборот социјализам се користи само на празничните говори. Коминтерната се постави да го следи патот на социјалдемократијата во епоха на распаѓање на капитализмот: кога, општо, не може да има расправа за системски социјални реформи и подигнување на животниот стандард на масите; кога секое сериозно барање на пролетаријатот и дури и секое сериозно барање на ситната буржоазија недвосмислено излегува од границите на капиталистичките сопственички односи и буржоаската држава.

Стратешката задача на Четвртата интернационала не лежи во реформирање на капитализмот туку во негово рушење. Нејзината политичка цел е освојување на власт на пролетаријатот за експропријација на буржоазијата. Сепак, постигнувањето на оваа стратешка задача е незамисливо без значително да се внимава, на дури и мали или делумни прашања на тактиките. Сите делови на пролетаријатот, сите слоеви, занимања и групи треба да се привлечат кон револуционерното движење. Сегашната епоха е препознатлива не по фактот дека ја ослободува револуционерната партија од секојдневните работи, туку затоа што може да се спроведува оваа работа нераскинливо од вистинските задачи на револуцијата.

Четвртата интернационала не ја занемарува програмата на старите „минимални“ барања до таму каде тие ја зачувале барем делумно својата витална сила. Неуморна таа се става во одбрана на демократските права и општествени победи на работниците. Но ја спроведува оваа секојдневна работа во рамките на точната актуелна, т.е., револуционерна перспектива. До сега старите, делумни, „минимални“ барања на масите се судираат со деструктивните и деградирачки тенденции на декадентниот капитализам – и тоа се случува во секој чекор – Четвртата интернационала се стреми кон систем на преодни барања, чија суштина е во фактот што поотворено и поодлучно се насочени против самата основа на буржоаскиот режим. Старата „минимална програма“ се надмина со преодната програма, чии задачи лежат во системската мобилизација на масите за пролетерска револуција.

Лизгачка скала на плати и лизгачка скала на часови

Во услови на капитализам во распад, масите и понатаму живеат тежок живот на угнетени, кој сега повеќе од кога и да било е загрозен од опасноста да се фрли во јамата на сиромаштијата. Тие мора да го бранат залакот леб, ако не може да го подобрат или зголемат. Нема ни потреба ниту можност да се набројат сите одделни, делумни барања кои од време на време се појавуваат на основа на конкретни околности – национални, месни, синдикални. Но двете основи економски јадови, според кој се огледува растечката апсурдност на капиталистичкиот систем, т.е. невработеноста и високите цени, бараат општи слогани и методи на борба.

Четвртата интернационала објавува некомпромисна војна на политиката на капиталистите која до одреден степен, како и политиката на нивните агенти, реформистите, цели да го смести целиот товар на милитаризмот, на кризата, дезорганизација на монетарниот систем и сите други казни кои никнуваат од смртната агонија на капитализмот врз грбот на трудбениците. Четвртата интернационала бара вработеност и пристојни работни услови за сите.

Ни монетарната инфлација ниту стабилизација не можат да служат како слогани на пролетаријатот затоа што овие две се само два краја на истиот стап. Против осцилаторниот раст на цените, кои како што се доближува војната ќе достигнат загрижувачки карактер, може да се бориме само со слоганот на лизгачка скала на плати. Тоа значи дека колективните договори треба да осигураат автоматско покачување на платата во однос на порастот на цените на производите за широка потрошувачка.

Под заканата за своја дезинтеграција, пролетаријатот не може да дозволи трансформација на растечкиот сектор на работници во хронично невработени сиромашни кои живеат од помијата на општеството кое се руши. Правото на вработеност е единственото сериозно право оставено на работниците во општество основано на експлоатација. Ова право денес се откинува од него на секој чекор. Против невработеноста, „структурната“ како и „конјуктурната“ крајно време е покрај слоганот за јавни работи, да се истакне и слоганот за лизгачка скала на работни часови. Синдикатите и другите организации на широките маси треба да ги сплотат работниците и невработените заедно во солидарност на заемна одговорност. На оваа основа сета работа ќе биде поделена помеѓу постојните работници согласно со тоа како е дефинирана работната седмица. Просечната плата на секој работник останува иста како и при старата работна седмица. Платите, под строго загарантиран минимум, ќе го следат движењето на цените. Невозможно е да се прифати било која друга програма во сегашниот катастрофален период.

Приватните сопственици и нивните адвокати ќе ја докажат „неостварливоста“ на овие барања. Помалите, посебно уништените капиталисти, дополнително ќе се повикаат на референците во нивното книговодство. Работниците категорично ги отфрлаат овие заклучоци и референци. Прашањето не е „нормален“ судир помеѓу спротивставените материјални интереси. Прашањето е на зачувување на пролетаријатот од распад, деморализација и уништување. Прашањето е во живот или смрт на единствената креативна и прогресивна класа и според тоа и иднината на човештвото. Ако капитализмот е неспособен да ги оствари барањата кои произлегуваат од бедата која тој ја предизвикува, тогаш нека исчезне. „Остварливоста“ и „неостварливоста“ во дадениот миг е прашање на однос на сили што ќе се одлучи во борбата. Преку оваа борба, без разлика на непосредниот практичен успех, работниците најдобро ќе сфатат за неопходноста од ликвидирање на капиталистичкото ропство.

Синдикатите во преодната епоха

Во борбата на делумни и преодни барања работниците сега повеќе од кога и да било имаат потреба од масовна организација, во прв ред синдикати. Силниот раст на синдикализмот во Франција и САД е најдобро негирање на проповедите на ултралевичарските догматичари кои учеа дека синдикатите „ја надживеаја својата корисност“.

Болшевикот ленинист стои во првите борбени линии на сите борби, дури и тие кои вклучуваа најскромни материјални интереси или демократски права на работничката класа. Тој учествува активно во масовните синдикати со цел на нивно јакнење и подигање на борбениот дух. Бескомпромисно се бори против секој обид да се подредат синдикатите на буржоаската држава и да се стави пролетаријатот под „задолжителна арбитража“ и било кој друг облик на полициска старателство – не само фашистичко туку и „демократско“. Само на основа на таква работа во рамки на синдикатите можна е успешна борба против реформистите, како и оние од сталинистичката бирократија. Секташките обиди да се изгради или зачува мал „револуционерен“ синдикат, како второ издание на партијата означува во суштина одрекнување на борбата за водство на работничката класа. Неопходно е да се воспостави ова цврсто правило: самоизолацијата на разноразните капитуланти во однос на масовните синдикати е со еднаква вредност на предавство на револуцијата и не е компатибилна со членството во Четвртата интернационала.

Истовремено, Четвртата интернационала одлучно го отфрла и осудува синдикалниот фетишизам, карактеристичен за синдикалистите.

(а) Синдикатите во согласност со нивната задача, не нудат состав и методи за регрутирање на членство, не можат да понудат завршена револуционерна програма; значи, тие не може да ја заменат партијата. Изградбата на национални револуционерни партии како секции на Четвртата интернационала е централна задача во преодната епоха.

(б) Синдикатите, дури и најсилните, сочинуваат не повеќе од 20 до 25 отсто од работничката класа, претежно повештите и подобро платени слоеви. Најугнетеното мнозинство на работничка класа периодично е привлечена во борбата во исклучителни времиња на подем во работничкото движење. За време на таквите моменти треба да создадат ад хок организации, кои ја прифаќаат сета борбена маса: штрајкувачки одбори, фабрички одбори и на крај и совети.

(в) Како организации кои ги претставуваат највисоките слоеви на работништвото, како што сведочи сето минато искуство, вклучувајќи го свежото искуство на анархо-синдикалистичките синдикати во Шпанија - синдикатите развиваат силни тенденции кон компромис со буржоаско-демократскиот режим. Во периоди на заострена класна борба врвните тела на синдикатите целат да станат главни во масовното движење со цел да се направи безопасно. Тоа веќе се случува и кај едноставните штрајкови, посебно во случај на масовните штрајкови кои вклучуваат блокада на работните места, со кои се тресат принципите на буржоаската сопственост. За време на војна или револуција, кога буржоазијата е втурната во особени потешкотии, лидерите на синдикатите обично стануваат буржоаски министри.

Затоа, секциите на Четвртата интернационала секогаш треба да се стремат не само да го обноват врховното лидерство на синдикатите, кое треба да е храбро и одлучно за критичните моменти, туку и да протежираат нови борбени лидери на местата на рутинските функционери и кариеристи и да создаваат во сите можни ситуации независни борбени организации кои соодветствуваат поблиску до задачите на масовна борба против буржоаското општество; и ако е потребно, директен прекин со конзервативниот апарат на синдикатите. Ако е криминал да се заврти грбот на масовните организации поради стремеж да се помогне на секташките групи, не е помалку лошо пасивно да се толерира подреденост на револуционерното масовно движење на контрола од отворено реакционерна или преправена конзервативна („прогресивна“) бирократска клика. Синдикатите не се цел сами за себе; тие се само средство по патот на пролетерската револуција.

Фабрички одбори

За време на преодната епоха, работничкото движење нема систематско и ускладено, туку трескавично и експлозивно лице. Слоганите како и организационите облици треба да се подредени на показателите на движењето. На готовс против рутинското делување на ситуацијата како против чума и против насилното наметнување, лидерството треба внимателно да одговори на иницијативата на масите.

Штрајковите во форма на блокада на работните места, најсвежиот израз на овој вид на иницијатива, одат преку границите на „нормалната“ капиталистичка процедура. Независно од барањата на штрајкувачите, привременото заземање на фабриките нанесува удар на идолот, капиталистичката сопственост. Секој ваков штрајк го наметнува на практичен начин прашањето кој е газдата во фабриката: капиталистите или работниците?

Ако штрајковите во форма на блокада на работните места го наметнуваат прашањето епизодно, фабричките одбори му даваат организирана димензија. Избрани од вработените во фабриката, фабричките одбори веднаш создаваат противтежа на волјата на администрацијата.

На реформистичката критика на газдите од „економските ројалисти“ како Форд, наспроти „добрите“, „демократските“ експлоататори, ние го истакнуваме слоганот на фабрички одбори како центри на борбата против едните и другите.

Како по општо правило синдикалните бирократи ќе пружат отпор на создавањето на фабрички одбори, како што пружаат отпор и при секој храбар чекор по патот на мобилизација на масите.

Сепак, колку повеќе се раширува движењето, толку полесно е да се скрши овој отпор. Таму каде „мирнодопски“ се воспоставени затворени оддели (closed shop, во англосаксонските земји облик на организиран синдикат каде право на вработување имаат само членовите на синдикатот) одборите формално соодветствуваат на вообичаениот орган на синдикатите, но ќе го обнови персоналот и ќе ги прошири своите функции. Првичното значење на одборите сепак лежи во фактот што тој станува борбен кадар за оние слоеви на работничката класа кои синдикатите обично не ги придвижуваат во акција. Токму од овие најугнетени слоеви ќе се родат најпожртвуваните баталјони на револуцијата.

Од моментот кога одборот ќе се појави во јавност во суштина се воспоставува двојна власт во фабриката. Во својата основа тоа е преодна состојба затоа што во себе вклучува два непомирливи режими: капиталистички и пролетерски. Фундаменталното значење на фабричките одбори е точно во фактот што тие ги отвораат вратите, ако не во непосреден револуционерен период, тогаш во предреволуционерен – помеѓу буржоаскиот и пролетерски режим. Тоа дека ширењето на идејата за фабрички одбори не е ни несозреана ниту вештачка јасно е потврдено со бранот на штрајкови со блокада кои се шират во неколку земји. Нови бранови од овој вид сигурно ќе има во блиска иднина. Неопходно е да се започне кампања во корист на фабрички одбори навремено со цел да не нè фатат неподготвени.

„Тајните на бизнисот“ и работничка контрола на индустријата

Либералниот капитализам, кој се базира на конкуренција и слободна трговија потполно потона во минатото. Неговиот наследник монополистичкиот капитализам не само што не ја ублажува анархијата на пазарот, туку баш спротивно влијае со својот грчевит карактер. Денес е признаена неопходноста за „контрола“ на економијата, на поставување на државно „водење“ над индустријата и „планирање“ – барем на збор – кај речиси сите буржоаски и ситно буржоаски тенденции, од фашисти до социјалдемократи. Кај фашистите, тоа е главно прашање на „планско“ пљачкање на народот за воени цели. Социјалдемократите се подготвуваат да го исполнат океанот на анархија со дозирано бирократско „планирање“. Инженери и професори пишуваат статии за „технократијата“. Во нивните кукавички експерименти за „регулирање“, демократските влади им одат во прилог на саботажата на крупниот капитал.

Вистинската врска која постои помеѓу експлоататорите и демократските „контролори“ најдобро е окарактеризирана со фактот што овие господа „реформатори“ запираат со побожна треперливост пред прагот на трустовите и нивните бизнис „тајни“. Овде доминира принципот на „немешање“ со бизнисот. Сметките помеѓу индивидуалниот капиталист и општеството остануваат тајни на капиталистот: општеството не го засегаат. Причината со која се оправдува принципот на бизнис „тајните“, е ист како во ерата на либералниот капитализам: слободна конкуренција. Трустовите во реалност не кријат тајни еден од друг. Бизнис тајните на сегашната епоха се само дел од постојаната завера на монополистичкиот капитализам против интересите на општеството. Проектите за ограничување на автократијата на „економските ројалисти“ ќе бидат патетична фарса се додека приватните сопственици на општествените средства на производство може да ги скријат махинациите на експлоатацијата, кражбата и измамата од производителите и потрошувачите. Укинувањето на „бизнис тајните“ е првиот чекор кон вистинска контрола на индустријата.

Работниците имаат право да ги знаат „тајните“ на фабриката, на трустот, на целата гранка на индустрија, на националната економија во целост, не помалку од капиталистите, Најпрво треба да се стават под лупа банките, тешката индустрија и централизираниот транспорт.

Неодложните задачи кои работничката контрола веднаш треба да ги направи е да ги објасни долговите и кредитите на општеството, почнувајќи од индивидуалните бизнис потфати; да се процени вистинскиот удел на националниот доход присвоен од индивидуалните капиталисти и од експлоататорите во целина; да се разоткријат договорите зад затворена врата и измамите на банките и трустовите; на крај, да се открие за сите членови на општеството несовесното расипништво на човековиот труд кое е резултат на капиталистичката анархија и бескрупулозната потрага по профити.

Нема сопственик на фирма во буржоаската држава кој може да ја изврши оваа работа без разлика на личниот авторитет кој го носи. Сиот свет е сведок на немоќта на претседателот Рузвелт и премиерот Блум против заверите на „60“ или „200“ фамилии од нивните соодветни нации (САД и Франција, заб. на прев.). За да се скрши отпорот на експлоататорите потребен е масовен притисок на пролетаријатот. Само фабричките одбори можат да донесат вистинска контрола на производството, со повик – како консултанти, а не „технократи“ – на специјалисти посветени на народот: сметководители, статистичари, инженери, научници, итн.

________________

Борбата против невработеноста не може да се смета за таква без повикот за широка и храбра организација на јавните работи. Но јавните работи можат да имаат континуирано и прогресивно значење за општеството, како и за самите невработени, само кога се дел од општиот план кој треба да покрие поголем број на години. Во рамки на овој план работниците, како јавни работници, бараат повторно прифаќање на работата на приватните бизниси затворени како резултат на кризата. Работничката контрола во тој случај ќе се замени со директна работничка управа.

Разработката дури и на најпростиот економски план – од гледна точка на експлоатираните, не на експлоататорите – е невозможна без работничка контрола, т.е. без пенетрацијата на работничкото око во отворените и притаените извори на капиталистичкото стопанство. Одборите кои ги претставуваат поединечните бизнис претпријатија треба да се сретнат на конференција за да изберат соодветни одбори на трустови, цели гранки на индустрија, економски региони и конечно на националната индустрија во целина. Така, работничката контрола станува школа за планската економија. Врз основа на искуството на контрола, пролетаријатот ќе се подготви самиот за директна управа на национализираната индустрија кога ќе чукне вистинскиот саат.

На оние капиталисти, претежно од ниските и средните слоеви, кои на нивна сопствена согласност понекогаш ги отвораат книгите за работниците – обично за да покажат дека е потребно да се намалат платите – работниците одговараат дека не се заинтересирани за книговодството на поединечните банкротирани или полу-банкротирани фирми туку за пресметките во главните книговодствени книги на сите експлоататори во целина. Работниците не можат и не сакаат да го прилагодат нивото на нивниот животен стандард со итната состојба на поединечните капиталисти, самите жртви на нивниот сопствен режим. Задачата е да се реорганизира целиот систем на производство и распределба на основа на достоинство и работливост и ако укинувањето на бизнис тајните стане неопходен услов за работничката контрола, тогаш контролата е првиот чекор на патот за социјалистичко водење на економијата.

Експропријација на одделни групи на капиталисти

Социјалистичката програма за експропријација, т.е. за политичкото соборување на буржоазијата и ликвидирање на нејзината економската доминација, не треба во никој случај за време на сегашниот преоден период да не спречува, доколку условите дозволуваат, да се истакне барањето за експропријација на неколку клучни гранки на индустријата витални за националното постоење или на најпаразитската група на буржоазијата.

Значи, одговорот на патетичните жалопојки на господата демократи кои плачат по диктатурата на тие „60 фамилии“ во САД или „200 фамилии“ во Франција, е истакнување на барање за експропријација на тие 60 или 200 феудални капиталистички надгазди.

На ист начин бараме експропријација на корпорациите кои ги држат монополите на воената индустрија, железниците, најважните извори на суровини итн.

Разликата помеѓу овие барања и простите реформистички слогани за „национализација“ лежи во следново:

1) го отфрламе обесштетувањето

2) ги предупредуваме масите за демагозите на Народниот фронт кои прават мечкина услуга на национализацијата, а во реалноста остануваат агенти на капиталот

3) ги повикуваме масите да се потпрат само на својата револуционерна сила

4) го поврзуваме прашањето на експропријација со тоа за заземање на власта на работниците и фармерите.

Потребата од истакнување на слоганот за експропријација во текот на секојдневната агитација во делумната форма, а не само во нашата пропаганда со поразвиените и поразбирливи аспекти, е диктирана од фактот што различните гранки на индустријата се на различни нивоа на развој, заземаат различно место во животот на општеството и поминуваат низ различни етапи на класната борба. Само општ револуционерен порив на пролетаријатот може да го постави прашањето за целосна експропријација на буржоазијата на дневен ред. Задачата на преодните барања е да се подготви пролетаријатот да се реши овој проблем.

Експропријација на приватните банки и подржавување на кредитниот систем

Империјализмот значи доминација на финансискиот капитал. Покрај трустовите и бизнис здруженијата, а многу често и над нив, банките ја концентрираат во свои раце вистинската контрола над економијата. Во својата структура банките ја изразуваат во концентрирана форма целата структура на модерниот капитал: тие ги комбинираат тенденциите на монопол со тенденциите за анархија. Тие го организираат чудото на технологијата, големите претпријатија, моќните трустови: а исто така тие ги организираат и високите цени, кризите и невработеноста. Невозможно е да се преземе ни еден сериозен чекор во борбата против монополистичкиот деспотизам и капиталистичката анархија – кои се надополнуваат еден со друг во својата деструктивна функција –доколку командните штабови на банките се оставени во рацете на предаторските капиталисти. За да се создаде обединет систем на инвестиции и кредити, во рамки на рационалниот план кој е во согласност со интересите на сиот народ, неопходно е да се спојат сите банки во единствена национална институција. Само со експропријација на приватните банки и концентрирање на целиот кредитен систем во рацете на државата може да се ѝ се обезбедат на државата вистински т.е. материјални извори – а не само хартија и бирократски извори – за економското планирање.

Експропријацијата на банките во ниеден случај не значи експропријација на банковите депозити. Напротив, единствената државна банка ќе биде во состојба да создаде поповолни услови за малите депозитари отколку приватните банки. На ист начин, само државната банка може да постави услови за поволен, т.е. евтин кредит за фармерите, трговците и малостопанствениците. Поважна е сепак околноста што целото општество – и најпрво крупната индустрија и транспорт предводена од единствена финансиска екипа, ќе биде во служба на виталните интереси на работниците и сите други трудбеници.

Сепак, подржавувањето на банките ќе ги даде овие поволни резултати само ако самата државна власт помине целосно од рацете на експлоатирачите во рацете на трудбениците.

Стражата на штрајкувачките; Одбранбена гарда; Работничка милиција; Вооружувањето на пролетаријатот

Штрајковите со блокада на работни места (вообичаени за 1930-те во развиените земји) се сериозно предупредување од масите адресирано не само до буржоазијата туку и до организациите на работници, вклучувајќи ја Четвртата интернационала. Во 1919-1920 италијанските работници ги заземаа фабриките на нивна сопствена иницијатива, така што им пратија сигнал на нивните „водачи“ за социјалната револуција која надоаѓа. „Водачите“ немаа обѕир кон овој сигнал. Како последица беше победата на фашизмот.

Штрајковите со блокада на работни места се уште не значат заземање на фабриките на италијански начин, но тие се одлучен чекор кон вакви заземања. Сегашната криза може да ја заостри класната борба во една екстремна точка и да го доближи моментот на расплет. Но тоа не значи дека револуционерната ситуација доаѓа во еден удар. Нејзиното доаѓање во суштина се сигнализира со постојано грчење. Едно од нив е бранот на вакви штрајкови. Проблемот на секциите на Четвртата интернационала е да ѝ се помогне на пролетерската авангарда да го разбере општиот карактер и темпото на нашата епоха и со време да донесе плодови на борбата на масите за поодлучни и поорганизирани мерки.

Заострувањето на пролетерската борба значи заострување на методите на контранапад од страна на капиталот. Новите бранови на штрајкови со блокада на работни места можат да донесат, а недвосмислено и ќе донесат одлучни контрамерки од страна на буржоазијата. Веќе се подготвени мерки од доверливите луѓе на крупните трустови. Тешко на револуционерните организации, тешко на пролетаријатот ако повторно го фатат неподготвен!

Никаде буржоазијата не е задоволна од службената полиција и армија. ВО САД дури и во „мирните“ времиња буржоазијата ги одржува оружените баталјони на штрајкбрехерите и приватните гарди на крадци во фабриките. Кон овие групи да ги додадеме и разните групи на американски нацисти. Француската буржоазија при првото приближување на опасноста ги мобилизираше полулегалните и илегалните фашистички одреди, па дури и во армијата. И веднаш штом англиските работници станаа посилни, се дуплираа фашистичките банди, се зголемија за три пати, за десет пати само за да излезат на крвав марш против работниците. Буржоазијата се информираше доста прецизно за фактот дека во сегашната епоха класната борба се трансформира во граѓанска војна. Примерите на Италија, Германија, Австрија, Шпанија и други земји повеќе ги научија магнатите и слугите на капиталот отколку службените лидери на пролетаријатот.

Политичарите на Втората и Третата Интернационала како и бирократите на синдикатите, свесно ги затвораат очите на приватната армија на буржоазијата; без друго не ќе можат да го одржат нивниот сојуз со буржоазијата ни 24 часа. Реформистите систематски им ја садат во умовите на работниците идејата дека светоста на демократијата е најдобро гарантирана кога буржоазијата е вооружена до заби и кога работниците се невооружени.

Задачата на Четвртата интернационала е да се стави крај на ваквите слугански политики еднаш за секогаш. Ситно буржоаските демократи – вклучувајќи ги социјалдемократите, сталинистите и анархистите – се дерат погласно за борба против фашизмот додека кукавички капитулираат во реалноста. Само вооружени работнички одреди, кои ја имаат поддршката на десетици милиони трудбеници позади нив, можат успешно да ги совладаат фашистичките банди. Борбата против фашизмот не започнува во либералните уреднички канцеларии туку во фабриките – и завршуваат на улица. Штрајкбрехерите и приватните пиштолџии во фабриките се основното јадро на фашистичката армија. Штрајкувачките фронтови се основно јадро на пролетерската армија. Тоа е нашата појдовна точка. Во однос на секој штрајк и улична демонстрација, императив е да се шири идејата за потреба од создавање на работнички групи на самоодбрана. Потребно е да се напише овој слоган во програмата на револуционерното крило на синдикатите. Императив е каде и да е возможно, а за почеток со младинските групи, да се организираат групи за самоодбрана, да се вежбаат и да се запознаат со употребата на оружјето.

Новиот бран на масовно движење треба да послужи не само да се зголеми нивниот број туку и да се обединат на основа на соседство, по градови, региони. Неопходно е да се даде организиран израз на оправданата омраза на работниците кон штрајкбрехерите и бандите на гангстери и фашисти. Неопходно е да се излезе со слоган за работничка милиција како сериозна гаранција за неповредливоста на работничките организации, средби и печат.

Само со помош на таква систематска, постојана, неуморна, храбра, агитациска и организациска работа секогаш врз основа на искуството на самите маси, можно е да се искоренат од нивната свест традициите на покорност и пасивност; да се тренираат одреди на херојски борци способни да постават пример на сите трудбеници; да предизвикаат низа на тактички порази на оружените насилници на контрареволуцијата; да се подигне самодовербата на експлоатираните и угнетените; да се компромитира фашизмот во очите на ситната буржоазија и да се поплочи патот за освојување на власта на пролетаријатот.

Енгелс ја дефинира државата како „тела на оружени луѓе“. Вооружувањето на пролетаријатот е императивен придружен елемент на борбата за ослободување. Кога пролетаријатот ќе добие волја тој ќе изнајде начин и средства за вооружување. На ова поле исто така водството му припаѓа природно на секциите на Четвртата Интернационала.

Сојузот на работниците со фармерите

Братот по оружје и комплементарен дел на работникот во секоја земја е земјоделскиот трудбеник. Тие се два дела на една иста класа. Интересите се неразделни. Програмата на фабричките работници за преодните барања, со мали промени е програма и на земјоделскиот пролетаријат.

Селаните (фармерите) претставуваат друга класа: тие се ситната буржоазија на селото. Ситната буржоазија е составена од многу слоеви, од полупролетерски до експлоататорски елементи. Во согласност со ова политичката задача на индустрискиот пролетаријат е да ја продолжи класната борба и на село. Само така ќе може да се поцрта границата помеѓу неговите сојузници и неговите непријатели.

Посебностите на националниот развој на секоја земја го наоѓаат својот чуден израз во статусот на фармерите и до некоја граница, урбаната ситна буржоазија (занаетчиите и дуќанџии). Овие класи, без разлика колку се бројно силни, во основа се претставници на преживеаните од предкапиталистичките облици на производство. Секциите на Четвртата интернационала треба да ги разработат во детали преодните барања во програмата кои се однесуваат за селаните (фармерите) и урбаната ситна буржоазија, во согласност со условите на земјата. Напредните работници треба да научат да одговараат јасно и конкретно на сите прашања на нивните идни сојузници.

Додека фармерите остануваа да бидат „независни“ ситни производители тие имаат потреба од евтин кредит за земјоделски машини и ѓубриво по цени кои можат да си ги дозволат, поволни услови на транспорт и свесна организација на пазарот за нивните земјоделски производи. Но, банките, трустовите, трговците го ограбуваат фармерот од сите страни. Само самите фармери со помош на работниците може да го зауздаат ова ограбување. Одбори избрани од малите фармери треба да се појават на националната сцена и заедно со работничките одбори и одбори на банкарските работници да ги земат во свои раце транспортот, кредитите и трговските операции кои влијаат на земјоделието.

Преку погрешно цитирање на „прекумерните“ барања на работниците, крупната буржоазија вешто го трансформира прашањето за цените на стоките во клин помеѓу работниците и фармерите и помеѓу работниците и ситната буржоазија во градовите. Селанецот, занаетчијата, малиот трговец, за разлика од индустрискиот работник, службеникот и вработениот во јавната администрација не може да бара покачување на платата соодветна на порастот на цените. Официјалната борба на владата со високите цени е само залажување на масите. Но, фармерите, занаетчиите, трговците, во својство на потрошувачи, може да се политизираат заедно со работниците при замрзнување на цените. На капиталистичките жалопојки за трошоците при производството, транспортот и трговијата, потрошувачот одговара: „Покажете ни ги вашите книги; бараме контрола над замрзнување на цените“. Органите на контрола може да бидат одбори за цени, сочинети од делегати од фабриките, синдикатите, кооперативите, фармерските организации, „малите луѓе“ од градовите, домаќинките, итн. На овој начин работниците ќе можат да им докажат на фармерите дека вистинската причина за високите цени не се високите плати туку ненормалните профити на капиталистите и административните трошоци на капиталистичката анархија.

Програмата за национализација на земјата и колективизација на земјоделието треба да се направи така што во својата база ќе ја исклучи можноста за експропријација на малите фармери и нивна принудна колективизација. Фармерот ќе остане сопственик на својот посед земјиште се додека мисли дека е потребно или возможно. Со цел да се рехабилитира програмата на социјализмот во очите на фармерот, неопходно е да се изложат немилосрдно сталинистичките методи на колективизација, кои се диктирани не поради интересите на фармерите или работниците, туку во интерес на бирократијата.

Експропријацијата на експропријаторите исто така не означува насилна конфискација на сопственоста на занаетчиите и дуќанџиите. Напротив, работничката контрола на банките и трустовите – и повеќе, национализацијата на овие концерни, можат да создадат неспоредливо поповолни услови на урбаната ситна буржоазија за подигнување на кредити и продажба отколку под непроверената доминација на монополите. Зависноста од приватниот капитал ќе биде заменета со зависност од државата, која ќе биде сè повнимателна за потребите на малите соработници колку што државата е поцврсто во рацете на трудбениците.

Практичното учество на експлоатираните фармери во контролата на различните полиња на економијата ќе им овозможи да одлучат сами за себе дали е профитабилно или не за нив да се префрлат на колективна обработка на земјата – кога и во кој размер. Индустриските работници треба да се сметаат себе си за обврзани да соработуваат со фармерите по овој пат: преку синдикатите, фабричките одбори и над сè преку работничката и селанска влада.

Сојузот предложен од пролетаријатот – не општо на „средните класи“, туку на експлоатираните слоеви на урбаната и руралната ситна буржоазија, против сите експлоататори, вклучувајќи ги тие од „средните класи“ – може да се заснова не со присила, туку со слободна согласност, која треба да се зацврсти со посебен „договор“. Овој „договор“ е програмата на преодни барања прифатена доброволно од обете страни.

Борбата против империјализмот и војната

Светската перспектива, а според тоа и внатрешниот политички живот на поединечните земји, е надвисната со заканата од светска војна. Иманентната катастрофа веќе праќа разорни бранови на страв низ најшироките маси на човештвото.

Втората Интернационала ја повторува својата неславна политика од 1914 со сета голема сигурност, бидејќи денес Коминтерната е првата виолина на шовинизмот. Набрзо штом надвисна опасноста од војната, сталинистите станаа, а во тоа ги надминуваа буржоаските и ситнобуржоаските пацифисти, отворени бранители на „националната одбрана“. Револуционерната борба против војната паѓа исклучиво на градите на Четвртата интернационала.

Болшевичкото-ленинистичко поимање во однос на ова прашање, според тезите на Меѓународниот Секретаријат (1) ја зачувува виталноста до ден денешен. („Војната и Четвртата интернационала“, 1 мај 1934) Во следниот период успехот на една револуционерна партија ќе зависи првенствено од нејзината политика на прашањето за војна. Исправната политика се состои од два елемента: некомпромитирачки став за империјализмот и неговите војни и способноста да се создаде програма на искуството на самите маси.

Буржоазијата и нејзините агенти, го користат прашањето на војната повеќе од било кој друг, за да ги измамат луѓето преку апстрактни поими, општи формулации, досадна фразеологија: „неутралност“, „колективна одбрана“, „вооружување за одбрана на мирот“, „борба против фашизмот“, итн. Сите тие формулации се редуцираат на крајот на фактот дека прашањето на војна т.е. судбината на народот е препуштена во рацете на империјалистите, нивниот апарат на владеење, нивната дипломатија, нивните генерали, со сите интриги и завери против народот.

Четвртата интернационала со гадење ги отфрла сите такви апстракции кои играат иста улога во демократскиот камп како и во фашистичкиот: „слава“, „род“, „раса“. Но гадењето не е доволно. Императив е да се помогне на масите преку потврда на критериумите, слоганите и барањата, на конкретната содржина на тие измамнички апстракции.

„Разоружување?“ – но прашањето е кој кого да разоружа. Единственото разоружување со кое може да се одбегне или заврши војната е разоружување на буржоазијата од страна на работниците. Но за да се разоружа буржоазијата работниците самите мора да се вооружат.

„Неутралност?“ – но пролетаријатот не може да биде неутрален во војната помеѓу Јапонија и Кина, или помеѓу Германија и СССР. „Значи тоа би било одбрана на Кина и СССР?“ Да, се разбира! Но не од страна на империјалистите кои ќе ги задават и Кина и СССР.

„Одбрана на татковината?“ – но со оваа апстракција буржоазијата подразбира одбрана на своите профити и пљачка. Ние застануваме во одбрана на татковината од странските капиталисти, ако ја свиткаме нашата сопствена (капиталистичка) рака и ги спречиме да напаѓаат странски татковини; ако работниците и фармерите во нашата земја станат вистинските господари, ако богатството на земјата се префрли од рацете на едно мало малцинство во рацете на народот; ако армијата стане оружје на експлоатираните наместо на експлоататорите.

Овие фундаментални идеи потребно е да се толкуваат со нивно ширење како поконкретни и делумни, зависно од развојот на текот на настаните и од ориентацијата на мислата на масите. Уште повеќе, треба да се направи разлика помеѓу пацифизмот на дипломатот, професорот, новинарот и пацифизмот на столарот, земјоделскиот работник или на чистачката. Во првиот случај, пацифизмот е завеса на империјализмот, а во вториот случај, тоа е збркан израз на недовербата кон империјализмот. Кога ситниот фармер или работник говори за одбраната на татковината, тој мисли одбрана на неговиот дом, неговата фамилија и сличните фамилии од инвазија, бомби и отровен гас. Капиталистот и неговиот новинар под одбрана на татковината подразбираат заземање на колонии и пазари, предаторско зголемување на „националниот“ удел во светскиот приход. Буржоаскиот пацифизам и патриотизам се пронижени со измама. Во пацифизмот и дури патриотизмот на угнетените постојат елементи кои, на една страна, ја рефлектираат омразата на разорната војна, а на друга страна се закачени на вербата дека го прават за нивно добро – елементи кои мора да ги сфатиме со цел да ги извлечеме неопходните заклучоци.

Ако го земеме ова во предвид како појдовна точка, Четвртата интернационала го поддржува секое дури и недоволно барање, ако тоа ги привлече масите кон одредена доза на активна политика, разбудени со нивната критика и засилени во контролата над махинациите на буржоазијата.

Од оваа гледна точка нашата американска секција, на пример, целосно го поддржува предлогот за поставување на референдум за прашањето за објава на војна. Ниедна демократска реформа, се подразбира дека не може самата да ги спречи владетелите од предизвикување на војна кога тие ќе посакаат. Потребно е искрено да се предупредат за ова. Но да не се отфрлаат илузиите на масите во врска со предложениот референдум, нивната поддршка за референдумот ја одразува недовербата на работниците и фармерите кон буржоаската влада и Конгресот. Без поддршка и без споделување на илузиите, потребно е да се поддржи со сета расположива сила прогресивната недоверба на експлоатираните кон експлоататорите. Колку повеќе се шири движењето на референдумот, толку побрзо буржоаските пацифисти ќе побегнат од него, се подлабоко ќе се компромитираат предавниците од Коминтерната и поостра ќе биде недовербата кон империјалистите.

Од оваа гледна точка неопходно е да се истакне следното барање: изборни права за мажите и жените од 18 годишна возраст. Тие кои ќе бидат повикани да умрат за татковината треба да имаат право да гласаат. Борбата против војната мора прво да започне со револуционерна мобилизација на младината.

Проблемот на војната мора да се осветли од сите агли во зависност од страната од која таа ќе затекне масите во дадениот момент.

Војната е гигантски трговски потфат посебно за воената индустрија. „60-те семејства“ се затоа и првите патриоти и главни провокатори на војната. Работничката контрола на воените индустрии е првиот чекор во борбата против „произведувачите“ на војна.

За слоганот на реформистите: данок на воените профити, ние имаме спротивен слоган: конфискација на воените профити и експропријација на профитерите во воените индустрии. Таму каде воената индустрија е „национализирана“, како во Франција, слоганот на работничка контрола ја сочува својата сила. Пролетаријатот има мала доверба во владата на буржоазијата како и во индивидуалниот капиталист.

Ниту еден човек и ниту денар за буржоаската влада!

Не за програма за вооружување, но за програма за корисни јавни работи!

Целосна независност на работничките организации од воено-полициската контрола!

Еднаш за секогаш мора да ја оттргнеме од рацете на лакомата и безмилосна империјалистичка клика, скриена зад народот, пореметувањето на народната судбина. Во согласност со ова, ние бараме:

1. Целосно укинување на тајната дипломатија;

2. Сите пактови и договори да се достапни на сите работници и фармери;

3. Воена служба и вооружување на работниците и фармерите под директна контрола на комитети на работници и фармери;

4. Создавање на воени училишта за обука на команданти меѓу угнетените, избрани од работничките организации;

5. Замена на професионалната армија со народна милиција, поврзана нераскинливо со фабриките, рудниците, фармите итн.

Империјалистичката војна е продолжение и заострување на предаторската политика на буржоазијата. Пролетерската борба против војната е продолжение и заострување на класната борба. Почетокот на војната ја изменува ситуацијата и делумно средствата на борба помеѓу класите, но не и целта и основниот тек.

Империјалистичката буржоазија доминира со светот. Во својот основен карактер војната која доаѓа според тоа ќе биде империјалистичка војна. Фундаменталната содржина на политиката на интернационалниот пролетаријат консеквентно ќе биде борба против империјализмот и неговата војна. Во оваа борба основниот принцип е: „главниот непријател е во твојата сопствена земја“ или „пораз на твојата сопствена (империјалистичка) влада е помало зло“.

Но не сите земји на светот се империјалистички земји. Напротив, повеќето се жртви на империјализмот. Некои од колонијалните или полуколонијалните земји без поговор ќе се обидат да ја искористат војната да се оттргнат од јаремот на ропство. Нивната војна нема да биде империјалистичка, туку ослободителна. Задача на интернационалниот пролетаријат е да помогне на угнетените земји во нивната војна против угнетувачите. Истата задача се однесува и на помошта на СССР, или кои и да се други работнички влади кои ќе се создадат пред или за време на војната. Поразот на било која империјалистичка влада во борбата со работничката држава или со колонијална земја е помалото зло.

Работниците од империјалистичките земји, сепак, не можат да им помогнат на антиимперијалистичките земји преку нивната влада без обѕир на дипломатските и воените врски помеѓу двете земји во дадениот момент. Ако владите склучат меѓусебно временски и во вистинското значење на зборот несигурен сојуз, тогаш пролетаријатот на империјалистичката земја продолжува да биде класна опозиција на својата влада и да го поддржува неимперијалистичкиот „сојузник“ преку свои методи т.е. преку методите на меѓународна класна борба (агитација не само против нивните перфидни сојузници, туку во интерес на работничката држава во колонијална земја; бојкот, штрајкови, или пак отфрлање на бојкотот и штрајковите во други случаи, итн.).

Во поддршката на колонијалната земја или на СССР во војната, пролетаријатот ни во најмал степен не се солидаризира со буржоаската влада на колонијалната земја или со Термидорската бирократија на СССР. Напротив, тој е целосно политички независен од едната и другата. Со пружањето помош во праведна и прогресивна војна, револуционерниот пролетаријат ги освојува симпатиите на работниците во колониите и во СССР, го засилува авторитет и влијанието на Четвртата интернационала и ја зголемува способноста да се помогне рушењето на буржоаската влада во колонијалната земја и реакционерната бирократија во СССР.

Во почетокот на војната секциите на Четвртата интернационала недвосмислено ќе се најдат изолирани: секоја војна ги фаќа националните маси неподготвени и ги става на страната на владиниот апарат. Интернационалистите ќе мора да пливаат спротивно на текот. Сепак, рушевините и мизеријата донесени од новата војна, што во првите месеци од далеку ќе го надмине крвавиот хорор од 1914-1918, брзо ќе ги отрезни. Незадоволството на масите и нивниот револт ќе порасне нагло. Секциите на Четвртата интернационала ќе се најдат на чело на револуционерната плима. Програмата со преодни барања ќе добие актуелност. Проблемот на освојување на власта од страна на пролетаријатот ќе изникне во полн раст.

Пред да се задуши или потопи човештвото во крв, капитализмот ја валка светската атмосфера со отровните пареи на национална и расна омраза. Денес, антисемитизмот е еден од најмалигните грчеви на смртната агонија на капитализмот.

Бескомпромисното отстранување на корените на расните предрасуди и сите облици и нијанси на национална ароганција и шовинизам, посебно антисемитизмот, мора да станат дел од секојдневната работа на сите секции на Четвртата интернационала, како најважен дел на борбата против империјализмот и војната. Нашиот основен слоган останува: Работници од целиот свет обединете се!

Работничка и селанска влада

Формулација за „работничка и селанска влада“ прв пат се појави при агитацијата на болшевиците во 1917 и конечно се прифати по Октомвриската револуција. Во крајна инстанца таа не преставува ништо друго освен популарна ознака на поставената диктатура на пролетаријатот. Значењето на оваа ознака произлегува главно од тоа што ја нагласува идејата за сојуз помеѓу пролетаријатот и селанството на што се базира советската власт.

Кога Коминтерната на епигони се обиде да ја оживее погребаната формула за „демократската диктатура на пролетаријатот и селанството“ и` даде на формулацијата „работничка и селанска влада“ сосема различно чисто „демократско“, те. буржоаско значење, спротивставено на диктатурата на пролетаријатот. Болшевиците ленинисти одлучно го отфрлаат слоганот на „работничка и селанска влада“ во својата буржоаско-демократска верзија. Тие потврдија тогаш и потврдуваат сега дека кога партијата на пролетаријатот одбива да исчекори од буржоаско демократските граници, неговиот сојуз со селанството само ќе се претвори во поддршка за капиталот, како во случајот со меншевиците и социјал-револуционерите во 1917, со Кинеската комунистичка партија во 1925-1927 како и сега со „Народниот фронт“ во Шпанија, Франција и другите земји.

Од април до септември 1917 болшевиците бараа есерите и меншевиците да се оттргнат од либералната буржоазија и да ја земат власта во свои раце. Под овие околности болшевичката партија им ја вети на меншевиците и есерите, ситно буржоаските претставници на работниците и селаните, својата револуционерна помош против буржоазијата; со тоа што категорично одби да влезе во владата на меншевиците и есерите или да сноси политичка одговорност за тоа. Да се оттргнеа меншевиците и есерите од кадетите (либерали) и странскиот империјализам, „работничката и селанската влада“ создадена од нив би можела да го забрза и олесни воспоставувањето на диктатурата на пролетаријатот. Ама токму од овие причини водството на ситнобуржоаската демократија се противеше со сета сила да формира своја влада. Руското искуство покажа, а шпанското и француското потврдува дека дури и под најповолни услови партиите на ситната буржоаска демократија (есери, социјалдемократи, сталинисти, анархисти) се неспособни да формираат влада на работниците и селаните, т.е. влада независна од буржоазијата.

Како и да е, барањата на болшевиците адресирани до меншевиците и есерите „Отфрлете ја буржоазијата, земете ја власта во свои раце!“имаше огромно образовно значење за масите. Тврдоглавото одбивање на меншевиците и есерите да ја освојат власта, толку драматично изложено за време на Јулските денови, дефинитивно ги осудија пред јавното мислење и ја подготвија победата за болшевиците.

Централната задача на Четвртата интернационала се состои во ослободување на пролетаријатот од старото раководство чиј конзерватизам е во потполна контрадикција со катастрофалната ерупција на капитализмот во распад и претставува основна пречка за историскиот прогрес. Основното обвинување кое го изнесува Четвртата интернационала против традиционалните организации на пролетаријатот е фактот дека не сакаат да се оттргнат себеси од политичкиот полулеш на буржоазијата. Под овие околности барањето кое систематски се упатува до старото раководство „прекин со буржоазијата, освојување на власта!“ е екстремно важно оружје за изложување на предавничкиот карактер на партиите и организациите на Втората, Третата и Амстердамската Интернационала.

Слоганот за „работничка и селанска влада“ за нас е прифатлив само во смислата која ја имаше во 1917 со болшевиците т.е. како антикапиталистички и антибуржоаски слоган, но во никој случај во таа „демократска“ смисла која подоцна ја дадоа епигоните, трансформирајќи го од мост кон социјалистичка револуција во основна бариера на својот пат.

Од сите партии и организации кои се базираат себе си на работниците и селаните и зборуваат во нивно име, ние бараме да се тргнат политички од буржоазијата и да влезат на патот на борба за работничка и селанска влада. На овој пат ние им ветуваме целосна поддршка против капиталистичката реакција. Во исто време ние неуморно ја развиваме агитацијата со тие преодни барања кои според наше мислење создаваат програма на „работничка и селанска влада“.

Дали е можно да се формира влада од традиционалните работнички организации? Искуствата од минатото покажуваат дека ова е во најмала рака многу неверојатно. Сепак, никој категорично не може да ја отфрли теориската можност дека под влијание на комплетно исклучителни околности (војна, пораз, финансиски пад, масовен револуционерен притисок, итн.) ситно-буржоаските партии, вклучувајќи ги и сталинистите, можат да одат понатаму од тоа што го посакуваат по патот на прекин со буржоазијата. Во секој случај во едно нешто не може да се има сомнеж: дури и оваа крајно неверојатна варијанта некаде во некое време да стане реалност и да се формира „работничка и селанска влада“ во претходно изнесената смисла, таа ќе претставува само кратка епизода на патот за вистинската диктатура на пролетаријатот.

Сепак, нема потреба да се губи време со игра на нагодување. Агитацијата околу слоганот за работничко-селанска влада во секакви услови има огромна образовна вредност. И не случајно овој генерален слоган продолжува целосно по линија на политичкиот развој на нашата епоха (банкротот и декомпозицијата на старите буржоаските партии, падот на демократијата, растот на фашизмот, забрзаниот нагон на работниците за поактивно и поагресивно делување). Секое од преодните барања треба затоа да води во еден ист политички заклучок: работниците треба да прекинат со сите традиционални партии на буржоазијата со цел, заедно со селаните, да постават своја власт.

Невозможно е да се предвидат кои ќе бидат конкретните етапи на револуционерната мобилизација на масите. Секциите на Четвртата интернационала треба критички да се ориентираат кон секоја нова етапа и да изнесуваат такви слогани кои ќе помогнат во стремежот на работниците за независна политика, продлабочувајќи ја класната борба на оваа политика, да ги уништуваат реформистичките и пацифистички илузии, да ја зајакнуваат врската со авангардата на масите и да го подготвуваат револуционерното освојување на власта.

Совети

Фабричките комитети, како претходно што е изнесено, се елементи на двовластие внатре во фабриката. Според тоа нивната егзистенција е можна само под услови на растечки притисок на масите. Ова е исто така вистинито за посебните групирања на масите во борбата против војна, на комитетите за цени и сите други нови центри на движењето, кои сами по себе се сведоци дека класната борба ги надминува границите на традиционалните организации на пролетаријатот.

Овие нови органи и центри, сепак, ќе го почувствуваат недостатокот на кохезија и нивна недоволност. Ниту едно од преодните барања не може целосно да се исполни под околности со кои се зачувува буржоаскиот режим. Истовремено, продлабочувањето на социјалната криза нема само да го зголеми страдањето на масите, туку исто така и нивната нетрпеливост, упорност и притисок. Нови слоеви на угнетени ќе ги подигнат главите и ќе истапат со нивните барања. Милиони трудбеници - „мали луѓе“ - за кои реформистите никогаш не размислувале ќе затропаат на вратите на работничките организации. Невработените ќе се придружат на движењето. Земјоделските работници, уништените или полуруинираните фармери, угнетените во градовите, работничките, домаќинките, пролетаризираните слоеви на интелигенцијата - сите тие ќе бараат единство и водство.

Како да се хармонизираат различните барања и облици на борба, па дури и во границите на еден град? Историјата го одговорила ова прашање: преку советите. Тие ќе ги обединат претставниците на сите борбени групи. За таа цел, никој не предложил нов различен облик на организација, дури и е многу тешко да се замисли подобар. Советите не се ограничени на а приори партиската програма. Тие ги отвораат вратите на сите кои се експлоатирани. Низ овие врати поминуваат претставници на сите стратуми вовлечени во општиот тек на борбата. Организацијата, којашто се проширува заедно со движењето, се подновува повторно во својата утроба. Сите политички струи на пролетаријатот можат да се борат за водство на советите врз основа на најширока демократија. Слоганот за советите според тоа е круна на програмата на преодните барања.

Советите може да се родат во време кого масовното движење влегува во отворена револуционерна етапа. Од првиот момент на нивната појава, советите, кои се стожер околу кој милиони трудбеници се обединети во борбата против експлоататорите, стануваат конкуренти и опоненти на локалните власти и потоа и на централната влада. Ако фабричките комитети создаваат двовластие во фабриката, тогаш советите започнуваат период на двовластие во земјата.

Двовластието е секако кулминација на преодниот период. Два режима, буржоаскиот и пролетерскиот, непомирливо се спротивставени еден против друг. Судирот меѓу нив е неизбежен. Судбината на општеството зависи од овој исход. Доколку револуцијата биде поразиена ќе следи фашистичка диктатура на буржоазијата. Во случај на победа, ќе се роди власт на советите, т.е. диктатура на пролетаријатот и социјалистичка обнова на општеството.

Заостанатите земји и барањата на преодната програма

Колонијалните и полуколонијалните земји се заостанати земји во својата суштина. Но, заостанатите земји се дел од светот во кој доминира империјализмот. Нивниот развој, затоа има комбиниран карактер: најпримитивните економски облици се комбинирани со последниот збор на капиталистичката техника и култура. На сличен начин се дефинирани и политичките стремежи на пролетаријатот во заостанатите земји: борбата за најелементарните придобивки на национална независност и буржоаска демократија се комбинирани со социјалистичката борба против светскиот империјализам. Демократските слогани, преодните барања и проблемите на социјалистичката револуција не се поделени во одделни историски епохи во оваа борба, туку проникнуваат непосредно едни од други. Кинескиот пролетаријат само што почна да се организира во синдикати кога мораше да создаде совети. Во таа смисла, сегашната програма целосно е применлива за колонијалните и полуколонијалните земји, барем во оние каде пролетаријатот стана способен за независна политика.

Централната задача во колонијалните и полуколонијалните земји е аграрната револуција, т.е. ликвидација на феудалното наследство, и национална независност, т.е. рушење на империјалистичкиот јарем. Обете задачи се цврсто поврзани.

Невозможно е да се отфрли демократската програма; императив е преку борба масите да ја надминат. Слоганот за Национално (или Уставно) Собрание ја зачувува својата сила за земји како Кина или Индија. Овој слоган мора да се поврзе со проблемот на национално ослободување и аграрната реформа. Како примарен чекор, работниците мора да се вооружени со оваа демократска програма. Само тие може да ги соберат и обединат фармерите. На основа на револуционерна демократска програма неопходно е работниците да се спротивстават на „националната“ буржоазија. Потоа, на одреден степен на мобилизација на масите под слоганот на револуционерната демократија, може и треба да се создадат совети. Политичкото ниво на пролетаријатот, неговата врска со селанството и карактерот на политиката на работничката партија, ќе ја одреди неговата историска улога во дадениот период, а особено неговиот однос со Националното Собрание. Порано или подоцна советите треба да ја соборат буржоаската демократија. Само тие се способни да ја доведат демократската револуција до завршница и истовремено да ја отворат ерата на социјалистичка револуција.

Специфичностите и посебните услови во секоја заостаната земја, а од посебно значење е и степенот на заостанатост, ќе ја одредат релативната тежина на поединечните демократски и преодни барања во борбата на пролетаријатот, нивните взаемни врски и нивниот ред на поставување. Како и да е, општиот тренд на револуционерниот развој во сите заостанати земји може да се определи со формулата на перманентната револуција во која дефинитивен удел дадоа трите револуции во Русија (1905, февруари 1917 и октомври 1917).

Коминтерната им даде на заостанатите земји класичен пример како е возможно да се уништи силна револуција која ветува. За време на бурниот бунт на масите во Кина во 1925-1927 Коминтерната не успеа да излезе со слоганот на Национално Собрание, а истовремено го забрани создавањето на советите (буржоаската партија, Куоминтангот, според Сталиновиот план, требаше да го замени и Националното Собрание и советите). Откако масите беа столчени од Куоминтангот, Коминтерната организираше една карикатура од совет во Кантон. По неизбежниот пад на востанието во Кантон, Коминтерната се одлучи на патот на герилското војување на селанските совети, со целосна пасивност на индустрискиот пролетаријат. Влегувајќи во безизлезна ситуација, Коминтерната ја искористи Кинеско-јапонската војна за да ја ликвидира „Советска Кина“ со потег на пенкало, покорувајќи ја не само селанската „Црвена Армија“, туку и т.н. „Комунистичка“ партија на истиот Куоминтанг, т.е. на буржоазијата.

Коминтерната ја предаде меѓународната пролетерска револуција поради пријателството со демократските „робовладетели“, таа не можеше а да не ја предаде и борбата за ослободување на колонијалните маси, секако со уште поголем цинизам од Втората интернационала. Една од задачите на Народниот фронт и политиката на „националната одбрана“ е да се направат стотината милиони од колонијалното население во топовско месо за „демократскиот“ империјализам. Знамето на кое е извезена борбата за слобода на колонијалните и полуколонијалните народи, т.е. на повеќе од половина од човештвото е предадено во рацете на Четвртата интернационала.

Програмата на преодни барања во фашистичките земји

Одамна беше времето на плачот на стратезите на Коминтерната кога објавија дека победата на Хитлер била само чекор напред кон победата на Телман. Ама, Телман е во Хитлеровите затвори повеќе од пет години. Мусолини ја окова Италија со фашизам повеќе од шеснаесет години. Во ова време, партиите на Втората и Третата Интернационала беа импотентни, не само да го водат масовното движење, туку и да создадат сериозна илегална организација, дури ни приближно споредбено со руските револуционерни партии за епохата на царизмот.

Нема ни мала причина за да се објаснат овие неуспеси преку силата на фашистичката идеологија. (Мусолини, во основа, никогаш не излезе со некаква идеологија) Хитлеровата „идеологија“ никогаш сериозно не ги привлече работниците. Оние слоеви на населението кои се навлекоа на отровите на фашизмот т.е. особено средните класи имаа доволно време за да се отрезнат. Фактот што видната опозиција е ограничена на протестантските и католичките црковни кругови не се објаснува со моќта на полуизбезумена и полушарлатанска теорија на „расата“ и „крвта“, туку со ужасниот колапс на идеологиите на демократијата, социјалдемократијата и Коминтерната.

По масакрот на Париската комуна владееше црна реакција речиси осум години. По поразот на руската револуција од 1905 угнетените маси беа заспани долго време. Но и во двата случаи појавата беше во физички пораз, условен од соодносот на силите. Во Русија, како дополнување, се работеше за речиси девствен пролетаријат. Болшевичката фракција во тоа време не го прослави ни својот трет роденден. Сосема е различно во Германија каде водството дојде од силни партии, од која една постоеше седумдесет години, а другата петнаесет. Обете партии, со милиони гласачи зад нив, беа морално парализирани пред битката и капитулираа без битка. Нема катастрофа рамна на оваа во историјата. Германскиот пролетаријат не го столчија непријателите во битка. Го столчија кукавичлукот, расипаноста и перфидноста на своите партии. Не е ни чудо што ја изгубија вербата во сè во што веруваа повеќе од три генерации. Победата на Хитлер само го засили Мусолини.

Продолжениот неуспех на револуционерната работа во Шпанија или Германија е ништо друго освен награда за криминалните политики на социјалдемократијата и Коминтерната. На илегалната работа не и треба само симпатија на масите туку и свесен ентузијазам на напредните слоеви. Но, може ли да се очекува ентузијазам за историски банкротираните организации? Повеќето кои истапија како лидери се или деморализирани до самата срж на нивните коски, агенти на Кремљ или ГПУ, или социјалдемократски екс-министри, кои сонуваат дека работниците по пат на некое чудо ќе ги постават на нивните загубени позиции. Може ли само за миг да ги замислиме овие господа како идни лидери на „антифашистичката“ револуција?

А настаните на светската сцена – смачкувањето на австриските работници, поразот на Шпанската револуција, дегенерацијата на Советската држава – не може да му дадат помош на револуционерниот порив во Италија и Германија. Бидејќи политичките информации на германските и италијанските работници во голема мера зависат од радиото, со сигурност може да се каже дека московската радио станица, со комбинирање на термидорските лаги со глупавост и безобразие, стана најсилен фактор во деморализирањето на работниците во тоталитарните држави. Во овој однос како и во другите, Сталин делува како Гебелсов асистент.

Класните антагонизми кои доведоа до победа на фашизмот во исто време продолжуваат да делуваат и во фашизмот, и постепено го поткопуваат. Масите се понезадоволни од кога било. Стотици и илјадници самопожртвувани работници, и покрај сѐ, продолжуваат да ја вршат револуционерната задача како кртови. Нова генерација, која нема непосредно искуство со уништувањето на старите традиции и високи надежи, истапува напред. Под тешката тоталитарна гробна плоча незадржливо се случува молекуларна подготовка на пролетерската револуција. Но, за затворената енергија да пламне во отворен револт, неопходно е авангардата на пролетаријатот да најде нови перспективи, нова програма и ново несквернавено знаме.

Тука лежи и најголемиот хендикеп. Екстремно е тешко за работниците во фашистичките земји да се решат на избор за нова програма. Програмата се верификува со искуство. А токму искуството е тоа кое недостасува во масивните движења во земјите со тоталитарен деспотизам. Многу поверојатно е дека успехот на вистинските пролетери во „демократските“ земји е потребен за да даде импулс на револуционерното движење на фашистичката територија. Сличен ефект е можен со помош на финансиска или воена катастрофа. Сега императив е првенствено да се продолжи со пропагандистичка, подготвителна работа која ќе даде големи резултати само во иднина. Едно нешто може со сигурност да се каже дури и сега: ако започне револуционерниот бран во фашистичките земји тој веднаш грандиозно ќе се прошири и под ниедна околност нема да се запре пред повторното обликување на Вајмарскиот леш.

Од оваа точка па натаму ќе се појави несогласување на Четвртата интернационала со старите партии, кои би го надживеале банкротот. Емигрантскиот „Народниот фронт“ е најмалигната и најперфидната варијанта на сите можни Народни фронтови. Во основа, тој е импотентен копнеж за коалиција со непостоечката либерална буржоазија. Доколку успее да се состави, тој просто ќе го поплочи патот кон низа на нови порази за пролетаријатот од типот на Шпанија. Безмилосното изложување на теоријата и праксата на „народниот фронт“, е затоа прв услов за револуционерна борба против фашизмот.

Се разбира дека Четвртата Интернационала не ги отфрла демократските слогани како средство за мобилизација на масите против фашизмот. Напротив, таквите слогани во одредени моменти можат да имаат сериозна улога. Но формулите на демократија (слобода на печатот, право на синдикално организирање итн.) за нас се само инцидентни или епизодни слогани за независното движење на пролетаријатот, а не демократска стега околу вратот на пролетерите од страна на буржоаските агенти (Шпанија!). Штом движењето ќе поприми нешто како масовен карактер, демократските слогани ќе се преплеткаат со преодните; фабричките комитети може да претпоставиме, ќе се појават пред старите рутинизирачки навики да организираат синдикати од нивните канцеларии, совети ќе ја преплават Германија пред да се формира Уставотворно Собрание во Вајмар. Истото се однесува и за Италија и останатите тоталитарни и полутоталитарни земји.

Фашизмот ги втурна овие земји во политичко варварство. Но, не ја измени нивната социјална структура. Фашизмот е алатка во рацете на финансискиот капитал, а не на феудалните земјопоседници. Револуционерната програма треба да се основа на дијалектиката на класната борба, дури и во фашистичките земји, а не врз основа на психологијата на ужасните банкротства. Четвртата интернационала со гадење ги отфрла овие начини на политичка маскарада каде сталинистите, поранешните херои на „Третиот период“ се појавуваат под маските на католиците, протестантите, Евреите, германските националисти – либерали, само за да го сокријат своето непривлечно лице. Четвртата интернационала секогаш и насекаде се појавува под своето знаме. Таа отворено ја предлага својата програма на пролетаријатот во фашистичките земји. Напредните работници во сите земји на светот се цврсто убедени дека рушењето на Мусолини, Хитлер и нивните агенти и имитатори ќе се случи под водството на Четвртата интернационала.

Положбата на СССР и проблемите на преодната епоха

Советскиот Сојуз се роди од Октомвриската револуција како работничка држава. Државната сопственост на средствата за производство, неопходен предуслов за социјалистички развој, ја отвори можноста за брз раст на производните сили. Но, орудието на работничката држава истовремено помина низ целосна дегенерација: тоа се трансформираа од оружје на работничката класа во оружје на бирократското насилство против работничката класа и сè повеќе во оружје за саботажа на стопанството на земјата. Бирократизацијата на назадната и изолирана работничка држава и трансформацијата на бирократијата во семоќна привилегирана каста го сочинува најубедливото отфрлање не само теориски, туку и овој пат и практично – на теоријата на социјализам во една земја.

Според тоа СССР опфаќа стравични противречности. Сепак тој останува да биде дегенерирана работничка држава. Таква е социјалната дијагноза. Политичката прогноза има поинаков карактер: или бирократијата, која ќе стане посилен орган на светската буржоазија во работничката држава ќе ги отфрли новите облици на сопственост и ќе ја турне земјата назад во капитализам; или работничката класа ќе ја сруши бирократијата и ќе го отвори патот кон социјализмот.

Секциите на Четвртата интернационала не ги изненадија Московските судења и не ги сметаат како резултат на лично лудило на диктаторот од Кремљ, туку како легитимно чедо на Термидорот. Тие изникнаа од неподносливите конфликти во самата советска бирократија, што е пак огледало на противречностите помеѓу бирократите и народот, како и продлабочените антагонизми меѓу самиот „народ“. Крваво „фантастичната“ природа на судењата е мерка на интензитетот на противречностите и го предвидува приближувањето на расплетот.

Јавните обраќања на поранешните странски претставници на Кремљ, кои одбија да се вратат во Москва, недвосмислено потврдија на свој начин дека помеѓу бирократијата може да се најдат сите нијанси на политичка мисла: од вистински болшевизам (Игнациј Рајс) до целосен фашизам (Ф. Бутенко). Револуционерните елементи во бирократијата, едно мало малцинство, ги одразуваат, можеби пасивно, социјалистичките интереси на пролетаријатот. Фашистичките, контрареволуционерни елементи, кои непрекинато растат, со уште поголема конзистентност се израз на интересите на светскиот империјализам. Овие кандидати во улога на компрадори (шпиони) сметаат, и тоа основано, дека новиот владејачки слој може да им ја обезбеди привилегијата само преку отфрлање на национализацијата, колективизацијата и монополот на трговија со странство во име на асимилација на „Западната цивилизација“, т.е. капитализмот. Меѓу овие два пола фигурираат умерени дифузни меншевички, есерски и либерални тенденции кои тежнеат кон буржоаска демократија.

Во самите редови на така нареченото „бескласно“ општество без друго постојат групирања какви што има во бирократијата, само не толку остро изразени и во обратна пропорционалност: свесните капиталистички тенденции главно се во просперитетните делови на колективните фарми (колхози) и се карактеристика на само мало малцинство на населението. Но покрај овој слој има широка база на ситно буржоаски тенденции на акумулирање на лично богатство на сметка на општата сиромаштија, а се свесно охрабрени од бирократијата.

На врвот на овој систем на заврзани антагонизми, преминувајќи ја недозволено социјалната рамнотежа, со помош на терористички методи се одржува термидорската олигархија, денес редуцирана главно на Сталиновата бонапартистичка клика. Најновите судски местенки беа насочени како удар против левицата. Ова е точно и за чистката на водачите на Десната опозиција, затоа што Десната група на старата болшевичка партија од гледна точка на бирократските интереси и намери, претставува лева опасност. Самиот факт што бонапартистичката клика, како од страв од своите вистински сојузници од типот на Бутенко, е присилена поради самозачувување да ја ликвидира генерацијата Стари Болшевици речиси до секој поединец, е неоспорно сведоштво кое говори за виталноста на револуционерната традиција меѓу масите како и за нивното растечко незадоволство.

Ситнобуржоаските демократи од Западот, кои како вчера да ги прогласија Московските судења за чисто злато, денес постојано повторуваат дека „нема троцкизам или троцкисти во СССР“. Тие не можат да објаснат зошто сите чистки се спроведени под знамето на борбата токму против точно оваа опасност. Ако го разгледуваме „троцкизмот“ како готова програма и уште повеќе како организација, тогаш без поговор „троцкизмот“ е екстремно слаб во СССР. Сепак, неговата нескршлива сила произлегува од фактот дека не ја изразува само револуционерната традиција, но исто така и денешната актуелна опозиција на руската работничка класа. Општествената омраза складирана кај работниците против бирократијата – тоа е точно тоа од што според гледиштето на кликата на Кремљ е составен „троцкизмот“. Таа се плаши со смртен и целосно основан страв од врската меѓу длабоката, но неартикулирана индигнација на работниците и организацијата на Четвртата интернационала.

Ликвидацијата на генерацијата на Старите болшевици и револуционерните претставници на средната и младата генерација само ја наруши политичката рамнотежа во корист на десното, буржоаско крило на бирократијата и на нивните сојузници во земјата. Од нив, т.е. од десницата, може да очекуваме уште поопределени обиди во следниот период да се ревидира социјалистичкиот карактер на СССР и доближи до шемата на „Западната цивилизација“ во својата фашистичка форма.

Од оваа перспектива, поттикнувачката конкретност е вградена во прашањето на „одбрана на СССР“. Ако утре буржоаско-фашистичкото групирање, „струјата на Бутенко“, да претпоставиме се обиде да ја освои власта „струјата на Рајс“ недвосмислено би се подредила на спротивната страна од барикадите. Иако привремено би станала сојузник на Сталин, сепак не би ја бранела бонапартистичката клика, туку социјалната база на СССР, т.е. сопственоста извлечена од капиталистите и трансформирана во државна сопственост. Доколку „струјата на Бутенко“ би стапила во сојуз со Хитлер, тогаш „струјата на Рајс“ би ја бранела СССР од воена интервенција, внатре во земјата, како и на светската арена. Секој поинаков пат би бил предавство.

Иако според тоа е недозволиво да се отфрли можноста, во строго дефинирани околности, за „обединет фронт“ со термидорската секција на бирократијата против отворениот напад од капиталистичката контрареволуција, главната политичка задача во СССР сè уште останува соборување на таа иста термидорска бирократија. Секој нареден ден поминат под нејзина доминација, помага да скапат основите на социјалистичките елементи на стопанството и ги зголемува шансите за капиталистичка реставрација. Тоа е токму насоката во која се движи Коминтерната како агент и соучесник на сталинистичката клика во гушењето на Шпанската револуција и деморализирање на интернационалниот пролетаријат.

Како и во фашистичките земји, клучната сила на бирократијата не лежи во самата себе, туку во разочараноста на масите, во нивното немање нова перспектива. Како и во фашистичките земји, од кои Сталиновиот политички апарат не се разликува, поради проширеното нескротено дивјаштво, денес во СССР е можна само подготвителна пропагандна работа. Како и во фашистичките земји, импулсот на револуционерниот порив на советските работници најверојатно ќе дојде од настани надвор од земјата. Борбата против Коминтерната на светската арена, денес е најважен дел од борбата против сталинистичката диктатура. Постојат многу знаци кои укажуваат дека падот на Коминтерната, поради тоа што нема директна база во ГПУ, ќе претходи на падот на бонапартистичката клика и термидорската бирократија во целина.

Свеж порив на револуцијата во СССР недвосмислено ќе започне под знамето на борбата против социјалната нееднаквост и политичкото угнетување. Долу привилегиите на бирократијата! Долу стахановизмот! Долу советската аристократија со нејзините чинови и редови! Поголема еднаквост на платите за сите облици на труд!

Борбата за слобода на синдикатите и на фабричките комитети, за правото на здружување и слободата на печатот, ќе се обликува во борбата за регенерација и раст на советската демократија.

Бирократијата ги замени советите како класни органи со приказната за универзалното право на глас – во стилот на Хитлер-Гебелс. Потребно е враќање на советите не само во нивната слободна демократска форма туку во својата класна содржина. Како и некогаш кога на буржоазијата и на кулаците не беше дозволено да влезат во советите, сега треба да се избркаат бирократијата и новата аристократија подалеку од советите. Во советите има место само за претставниците на работниците, на селаните од колективните фарми и на луѓето од Црвената армија.

Демократизацијата на советите е невозможна без легализација на советските партии. Работниците и селаните самите со својот глас ќе назначат кои партии ги признаваат како советски партии.

Ревизија на планската економија од глава до петици во интерес на произведувачите и потрошувачите! На фабричките комитети да им се врати правото да го управуваат производството. Демократски организирана кооператива на потрошувачи треба да ги управува квалитетот и цените на производите.

Реорганизација на колективните фарми согласно волјата и интересите на работниците кои работат!

Реакционерната меѓународна политика на бирократијата треба да се замени со политика на пролетерски интернационализам. Да се објавува целосната дипломатска кореспонденција на Кремљ. Долу тајната дипломатија!

Сите политички судења, исценирани од Термидорската бирократија, повторно да се разгледаат во светло на целосна транспарентност и контроверзна отвореност и целосност. Само победоносното револуционерно востание на угнетените маси може да го оживее советскиот режим и да гарантира понатамошен раст и развој кон социјализмот. Има само една партија способна да ги води советските маси кон востание – партијата на Четвртата интернационала!

Долу бирократската банда на Каин – Сталин!

Да живее советската демократија!

Да живее меѓународната социјалистичка револуција!

Против опортунизмот и непринципиелниот ревизионизам

Политиката на партијата на Леон Блум во Франција повторно сведочи дека реформистите не се способни да научат барем нешто од трагичните лекции на историјата. Француската социјалдемократија ревносно ги копира политиките на германските социјалдемократи и оди кон истата крајна цел. Во неколкуте декади кога Втората интернационала се вплетка со буржоаскиот демократски режим, таа стана, де факто, дел од него и почна да гние заедно со него.

Третата интернационала отиде по патот на реформизмот токму кога кризата на капитализмот дефинитивно ја издигна пролетерската револуција како тема на денот. Денес, политика на Коминтерната во Шпанија и Кина – политика на клекнување пред „демократската“ и „националната“ буржоазија – покажува дека Коминтерната е неспособна да научи било што или да се промени. Бирократијата која стана реакционерна сила во СССР не може да има револуционерна улога на светската арена.

Анархо-синдикализмот исто така помина низ слична еволуција. Во Франција синдикалистичката бирократија на Леон Жуо одамна стана буржоаски агент во работничката класа. Во Шпанија, анархо-синдикализмот ја истресе својата остра револуционерност и стана петто тркало на кочијата на буржоаската демократија.

Умерените центристички организации собрани околу Лондонското биро претставуваат само „лев“ привезок на социјалдемократијата или на Коминтерната. Тие покажаа целосна неподготвеност да ја сфатат политичката ситуација и да извлечат револуционерни заклучоци од истата. Нивната највисоката точка беше шпанскиот ПОУМ, кој во револуционерни услови се покажа целосно неспособен да ја следи револуционерната линија.

________________

Трагичните порази кои ги претрпи светскиот пролетаријат во подолг период за официјалните организации беше осуда за уште поголем конзерватизам и симултано ги прати безидејните ситно буржоаски „револуционери“ во потрага по „нови патишта“. Како и секогаш во епоха на реакција и пад, пробисветите и шарлатаните се појавуваат на сите страни, желни за ревизија на целиот правец на револуционерната мисла. Наместо да се учи од минатото, тие го „отфрлаат“. Некои пронаоѓаат неконзистентност во марксизмот, други објавуваат дека болшевизмот паднал. Постојат такви кои бараат одговорност за револуционерната доктрина, поради грешките и криминалот на тие што ја предадоа, други го колнат лекот затоа што не е гарантирано дека веднаш и чудотворно ќе ги излекува. Најсмелите ветуваат лек за сите болести и во очекување, препорачуваат запирање на класната борба. Многумина пророци на „новиот морал“ се подготвени да го оживеат работничкото движење со помош на етичка хомеопатија. Мнозинството од овие апостоли успеаја да станат морални инвалиди уште пред да пристигнат на бојното поле. На пролетаријатот му нудат стари рецепти, прикажани како „нови патишта“, а кои одамна се закопани во архивите на предмарксовиот социјализам.

Четвртата интернационала објавува бескомпромисна војна со бирократијата на Втората, Третата, Амстердамската и Анархо-синдикалистичката интернационала, како и со нивните центристички сателити: на реформизмот без реформи; демократијата во сојуз со ГПУ; пацифизмот без мир; анархизмот во служба на буржоазијата; „револуционерите“ кои смртно се уплашени од револуцијата. Сиве овие организации не се заклетва за иднината, туку распаднати остатоци од минатото. Епохата на војни и револуции ќе ги збрише од земјата.

Четвртата интернационала не бара и не измислува лек за сите болести. Таа се заснова на марксизмот како единствена револуционерна доктрина која овозможува да се разбере реалноста, да се одгатнат причините за сите порази и свесно го трасира патот за победа. Четвртата интернационала ја продолжува традицијата на болшевизмот која прва покажа како пролетаријатот да ја освои власта. Четвртата интернационала ги отстранува сите пробисвети, шарлатани и неважечки учители на моралот. Во општество засновано на експлоатација, највисокиот морал е тој на социјалната револуција. Сите методи кои ја подигаат класната свест на работниците се добри, нивната доверба во сопствените сили, нивната подготвеност за саможртва во борбата. Недопуштени се методите со кои се всадува страв и покорност на угнетените пред нивниот угнетувач, кои го кршат нивниот дух на протест и негодување или замена на волјата на народот со волјата на лидерите; за убедувањето – принуда; за анализа на реалноста – демагогија и местенки. Затоа социјалдемократијата, проституирајќи со марксизмот, и сталинизмот – антитеза на болшевизмот, се двата смртни непријатели на пролетерската револуција и нејзиниот морал.

Да се соочиме со реалноста, а не да бараме линија на помал отпор; да се нарекуваат работите со нивното вистинско име; да се кажува вистината на народот без разлика колку горка и да била; да не се плаши од пречките; да се биде исправен во малите нешта како и во големите; да се заснова програма на логиката на класната борба; да се биде решителен кога ќе дојде часот за акција – тоа се правилата на Четвртата интернационала. Таа покажа дека може да плива спроти текот. Со историскиот бран кој надоаѓа таа ќе се стави на врвот.

Против секташтвото

Предавството на историските организации на пролетаријатот влијаеше да се родат одредени секташки расположенија и групирања од различен тип или да се оживеат во периферијата на Четвртата интернационала. Во нивната основа лежи одбивањето на борбата за делумни или преодни барања, т.е. за елементарните интереси и потреби на работничките маси во денешните услови. Подготовката за револуција, за секташите, значи самоубедување за надмоќноста на социјализмот. Тие предлагаат да се заврти грбот на „старите“ синдикати, т.е. на десетиците милиони организирани работници – како масите да можат да живеат вон условите на постојната класна борба!

Тие остануваат рамнодушни кон внатрешната борба во рамките на реформистичките организации – како да може некој да ги придобие масите без да интервенира во нивната дневна борба! Тие одбиваат да направат разлика помеѓу буржоаската демократија и фашизмот – како масите да можат помогнат да не ја чувствуваат разликата на секоја страна.

Секташите се умешни во препознавање на само две бои: црвена и црна. Да не се искушуваат, тие ја поедноставуваат реалноста. Тие одбиваат да направат разлика помеѓу борбените кампови во Шпанија затоа што и двата кампа имаат буржоаски карактер. Поради истата причина тие сметаа дека треба да се остане „неутрален“ во војната помеѓу Јапонија и Кина. Тие ја негираат принципиелната разлика помеѓу СССР и империјалистичките земји и поради реакционерните политики на советската бирократија тие одбиваат да ги бранат новите облици на сопственост создадени од Октомвриската револуција против нападите на империјализмот. Поради нивната неспособност да им пријдат на масите, тие ги обвинуваат масите за неспремност да се издигнат самите до револуционерните идеи.

Овие стерилни политичари воопшто немаат потреба од мост во облик на преодни барања затоа што не планираат да преминат на другиот брег. Чмаат на едно место, се задоволуваат самите со повторување на истите шупливи апстракции. Политичките настани за нив се само прилика за коментар, но не и акција. Секташите, како и секој измамник и чудотворец, се сопнуваат на секој чекор во реалноста, па живеат во состојба на постојана иритација, со поплаки околу „режимот“ и „методите“ и непрекинато како свињи се тркалаат во ситни интриги. Во нивните кругови обично спроведуваат режим на деспотизам. Крајната политичка слабост на секташтвото е како дополнување во сенка на слабоста на опортунизмот, откривајќи ја отсутноста на револуционерните перспективи. Во практичната политика, секташите се обединети со опортунистите, посебно со центристите, секој пат во борбата против марксизмот.

Повеќето од секташките групи и клики, потхранети од ронките на Четвртата интернационала водат „независни“ организации со огромни претензии, но без најмала шанса за успех. Болшевиците ленинисти, без губење време, ги оставаат овие групи на нивната сопствена судбина. Сепак, секташките тенденции се наоѓаат и во нашите редови и претставуваат влијание кое ја подрива работата на нашите поединечни секции. Не е можно да се направи компромис со нив ниту еден ден. Доследната политика во врска во синдикатите е основен услов за припадност кон Четвртата интернационала. Тој кој не бара и не пронаоѓа пат до масите не е борец, туку товар на партијата. Програмата не се прави за уредувачкиот одбор или за лидерите на дискусионите клубови, туку за револуционерната акција на милионите. Чистењето на редовите на Четвртата интернационала од секташтво и неизлечиви секташи е првичен услов за револуционерен успех.

Отворени за работничките! Отворени за младината!

Поразот на Шпанската револуција одработена од нејзините „лидери“, срамниот банкрот на Народниот фронт во Франција и изнесувањето на московските судски сплетки – овие три факти во својот агрегат нанесоа непоправлив удар на Коминтерната и инцидентно смртни повреди на нејзините сојузници: социјалдемократите и анархо-синдикалистите. Ова не значи дека нејзините членови веднаш ќе се приклучат на Четвртата интернационала. Постарата генерација, која поминала низ ужасни порази, ќе го напушти движењето во значителни пропорции. Во секој случај Четвртата интернационала не се бори да постане азил за револуционерните инвалиди, безидејни бирократи и кариеристи. Напротив, против можниот прилив во нашата партија на ситно буржоаски елементи, кои сега владеат со старите организации, неопходни се строги превентивни мерки: пролонгиран пробен период за кандидатите кои не се работници, посебно за поранешните партиски бирократи, заштита од држење на одговорно место во првите три години итн. Во Четвртата интернационала нема и нема ни да има место за кариеристите, чир на старите интернационали. Само тие кои сакаат да живеат за движењето, а не на трошок на движењето, ќе допрат до нас. Револуционерните работници треба да чувствуваат дека се главни. Вратите на нашата организација се широко отворени за нив.

Се разбира дека и помеѓу оние работници кои едно време се издигнаа во првите редови има такви кои се изморија и разочараа. Тие ќе останат на страна, барем во следниот период. Кога програмата и организацијата ќе се потрошат, и генерацијата која на свои плеќи ја носела се истрошува со неа. Движењето се ревитализира со младината која е ослободена од одговорноста за минатото. Четвртата интернационала посебно обрнува внимание на младата генерација на пролетери. Сите политички ставови се насочуваат да ја инспирираат младината со верба во нејзината сила и иднина. Само со свежиот ентузијазам и агресивниот дух на младината може да се гарантира прелиминарен успех во борбата; само овие успеси можат да ги вратат назад најдобрите елементи на постарата генерација на патот на револуцијата. Така било, така и ќе биде.

Опортунистичките организации како дел од својата природа го насочуваат главното внимание на врвниот слој на работничката класа и затоа ги игнорираат младите и жените работнички. Со распадот на капитализмот се нанесува најтежок удар на жената како наемник и како домаќинка. Секциите на Четвртата интернационала мора да најдат поддршката од најексплоатираните слоеви на работничката класа, т.е. од жените работнички. Тука тие ќе наидат на неисцрпна посветеност, несебичност и подготвеност за жртва.

Долу бирократијата и кариеризмот!

Отворено за младината!

Кон жената работничка!

Овие слогани се вткаени во знамето на Четвртата интернационала.

Под знамето на Четвртата интернационала

Скептиците прашуваат: Дојде ли време за создавање на Четвртата интернационала? Не е можно, велат тие, да се создаде „вештачки“; можно е да се роди само во големи настани итн. Сите овие забелешки укажуваат дека скептиците не се добри да ја изградат новата Интернационала. Нив не ги бива речиси за ништо.

Четвртата интернационала веќе е родена во големи настани: најголемите порази на работничката класа во историјата. Причината за овие порази се наоѓа во дегенерацијата и перфидноста на старото раководство. Класната борба не толерира прекин. Третата интернационала која следеше по Втората е мртва за целите на револуцијата. Да живее Четвртата интернационала!

Но дојде ли време да го објавиме нејзиното создавање?... скептиците не се стивнаа. Четвртата интернационала , ние одговараме, нема потреба да биде „објавена“. Таа постои и се бори. Дали е слаба? Да, нејзините редови не се бројни затоа што е млада. Тие се пред сè кадри. Но овие кадри се завет за иднината. Настрана од овие кадри не постои ниту една револуционерна струја на оваа планета која заслужила да го носи тоа име. Додека нашата интернационала е слаба во бројност, таа е силна во доктрина, програма, традиција, во силното калење на кадрите. Тој кој не го гледа ова денес, нека отстапи на страна. Утре ова ќе постане поочигледно.

Четвртата интернационала, веќе денес, е заслужено омразена од сталинистите, социјалдемократите, буржоаските либерали и фашисти. Не постои и нема ни да има место за неа во било кој Народен фронт. Бескомпромисно се бори со сите политички групации врзани за престилката на буржоазијата. Нејзината задача – укинување на капиталистичката доминација. Нејзината цел – социјализам. Нејзините методи – пролетерска револуција.

Без внатрешна демократија – нема револуционерно образование. Без дисциплина – нема револуционерна акција. Внатрешната структура на Четвртата интернационала се заснова на принципите на демократскиот централизам: полна слобода во изразувањето, целосно единство во акцијата.

Сегашната криза на човековата култура е криза на пролетерското раководство. Напредните работници, обединети во Четвртата интернационала, ѝ покажуваат на својата класа излез од кризата. Тие нудат програма заснована на меѓународното искуство на борбата на пролетаријатот и на угнетените во светот за ослободување. Тие нудат знаме без дамки.

Работници – мажи и жени – од сите земји, застанете под знамето на Четвртата интернационала. Тоа е знамето на победата која доаѓа!


Архива на Лав Троцки

марксистичка интернет архива