Напишано: 1937
Извор: US Internal Bulletin
Превод: Дејан Ставревски, Здравко Савески, од англиски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2013
До уредниците на "Socialist Appeal" (САД)
Во изминативе месеци, добивав писма кои се однесуваат на внатрешниот режим на револуционерната партија од неколку очигледно млади другари, кои мене не ми се познати. Во некои од писмата се жалат на „недостаток на демократија” во вашата организација, на доминација на „лидерот” и слично.
Одредени другари ми бараат да дадам „јасна и прецизна формула на демократскиот централизам“, која однапред би ги исклучила погрешните интерпретации. Не е лесно да се одговори на ваквите писма. Ни еден од моите коресподенти не се ни обидува јасно и конкретно, со вистински примери да покаже каде точно има кршење на демократијата.
Од друга страна, онолку колку што јас, следејќи од страна, можам да судам врз основа на вашите весници и прогласи е дека дискусијата во вашата организација се води во потполна слобода. Прогласите се полни со претставници на тесно малцинство. Кажано ми е дека истото важи и за вашите дебатни состаноци. Одлуките сè уште не се спроведени. Очигледно е дека ќе бидат спроведени на слободно избрана конференција. Во што би можеле тогаш да се манифестираат тие кршења на демократијата? Тоа е тешко да се разбере.
Понекогаш, судејќи по тонот на писмата, то ест најчесто од недефинираноста на поплаките, изгледа дека тие кои се жалат, се жалат поради фактот дека покрај постоењето на демократија, испаѓа дека тие се во тесно малцинство. Од моето сопствено искуство знам дека е тоа непријатно. Но каде е тука кршењето на демократијата?
Не мислам дека можам да дадам таква формула за демократскиот централизам, која „еднаш за секогаш” би ги отстранила недоразбирањата и погрешните интерпретации. Партијата е активен организам. Се развива во борбата со надворешните пречки и внатрешните противречности.
Малигното разградување на Втората и Третата Интернационала, под тешки околности на империјалистичката епоха, прави тешкотиите на Четвртата Интернационала да се без преседан во историјата. Тие не можат да се надминат со некаква магична формула. Режимот на партијата не паѓа готов од небо, туку постепено се развива во борбата. Политичката линија доминира над режимот. Пред сè, потребно е да се дефинираат стратешките проблеми и тактичките методи за правилно за тие да можат да бидат решени. Организационите облици треба да одговараат на стратегијата и тактиката.
Само исправен став може да гарантира здрав партиски режим. Ова, се разбира, не значи дека развојот на партијата не треба да ги почитува организациските проблеми како такви. Но тоа значи дека формулата за демократски централизам неизбежно мора да пронајде друг израз во партиите на различните земји и во различните фази на развој на една иста партија.
Демократијата и централизмот воопшто не се наоѓаат во непроменлив сооднос еден спрема друг. Сè зависи од конкретните околности, од политичката ситуација во земјата, силата на партијата и нејзиното искуство, општото ниво на нејзини членови, авторитетот кој раководството го стекнал. Пред конференцијата, кога е присутен проблемот со формулирање на политичките линии за следниот период, демократијата триумфира над централизмот.
Кога е проблем политичката акција, централизмот си ја подредува демократијата. Демократијата повторно ги враќа своите права кога партијата чувствува дека треба критички да ги испита своите сопствени постапки. Рамнотежата помеѓу демократијата и централизмот се воспоставува во самата борба, на моменти е нарушена, а потоа повторно воспоставена. Зрелоста на секој еден член на партијата се изразува во фактот дека не бара од партискиот режим повеќе отколку што тој може да даде. Личноста која го утврдува својот став кон партијата врз основа на индивидуалните хирови кои му паѓаат на памет е лош револуционер.
Потребно е, секако, да се бори против секоја индивидуална грешка на раководството, секоја неправда и слично. Но неопходно е да се истакнат овие „неправди” и „грешки” не сами по себе, туку во врска со општиот развој на партијата како на национално така и на интернационално ниво.
Исправниот суд и чувството за пропорција во политиката се многу битни. Личноста која има склоност од глушец да прави слон може да си нанесе многу штети и себеси и на партијата. Несреќата на луѓето како Ојлер, Филд, Вајсборд и други се состои во отсуството на чувство за пропорција.
Моментално има не малку полу-револуционери, уморени од порази, кои се плашат од тешкотии, остарени млади луѓе кои имаат повеќе сомнежи и претензии отколку волја да се борат. Наместо сериозно да ја анализираат суштината на политичките прашања, таквите индивидуи бараат панацеи, во секоја прилика се жалат на „режимот”, бараат чуда од раководството, или се обидуваат да го скријат својот сопствен скептицизам со ултра-левичарско дробење.
Се плашам дека револуционерите не можат да бидат направени од такви елементи, освен ако самите не се справат со себе. Од друга страна, не се сомневам дека младата генерација работници ќе биде способна да ја процени програмската и стратешката содржина на Четвртата Интернационала соодветно и дека под нејзиното знаме ќе застанат во сè поголем број.
Секој вистински револуционер кој ги забележува грешките на партискиот режим пред сè треба да си каже себеси: „Мораме во партијата да донесеме дузина нови работници”! Младите работници ќе ги доведат во ред џентлмените-скептици, создавачите на тензии и песимистите. Само на таков начин ќе се воспостави силен, здрав партиски режим во секциите на Четвртата Интернационала.