Изговорен: 1968
Извор: “Jun - lipanj 1968: dokumenti”, “Praxis”, 1/2 1969, 376-379 str.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2018
Ние тргнавме кон модернизација и реконструкција на нашето стопанство и знаевме дека ќе има вишок на работна сила, зашто модернизацијата бара модерни машини, а помалку работна сила. Сето тоа го знаевме, но – јас се критикувам себеси и сите ние кои сме за тоа одговорни – не си го поставивме прашањето што ќе биде со оние наши работни луѓе кои излегуваат од претпријатијата. Грижа за нив немаше. А знаете, другарки и другари, и оној кој мораше да го напушти претпријатието беше член на тој колектив и тој работеше и тој придонесуваше кон јакнеењето на тој колектив. А тој, кога ќе излезе надвор од претпријатието, повеќе нема никакви права, повеќе не добива ништо од својот колектив. Значи, тој остана на цедило, мора да се снаоѓа како знае и умее. Изгледа дека ќе мора тука нешто ефикасно да преземеме. И јас токму вам, на претставниците на синдикатите, на претставниците на работничката класа, би ви ставил на срце да водите сметка за тоа нешто да преземеме за и тие луѓе да најдат друго работно место, а оние, кои не можат да добијат друго работно место, да имаат право од својот колектив, каде што работеа, да добијат барем мал дел од она што таму се создаваше и се создава (Аплауз и одобрување.). За таа цел би требало во работните организации да се создаде некој фонд.
Во процесот на трупање на негативните појави, најнегативно беше што тоа го искористија и многу силно се спротивставија на нашите мерки оние сили кои се непријателски расположени на нашето социјалистичко самоуправно општество. Стопанската реформа имаше поддршка од широките слоеви на нашето општество, но немаше од сите оние кои одлучуваат (Аплауз). Немаше поддршка која мораше да ја има. На хартија, вербално – сите сме за стопанската реформа, но кога треба да се преземат мерки и акции – тогаш доаѓа до отпор и отворен и подземен. Од сите страни се даваше отпор на нашата стопанска реформа, па и на нашето самоуправно општество во целина.
Значи, другарки и другари, мора да го согледаме сето она што не чинеше во минатото, а тоа го има доста многу, мора да бидеме отворени,, самокритични и кон себе и кон другите. Пред да кажам уште нешто, би се вратил назад, на мојот говор во Сплит. Малку е тоа нескромно, но мора да кажам (Силен аплауз и одобрување.) дека јас во 1962 година, во Сплит укажав на многу негативни појави. Народот даде огромна поддршка на тој говор. Имаше вербална поддршка и од целото раководство. Но, мора да кажам, дека сè остана на тоа. Не само што немаше поддршка тоа да се спроведе и постепено да се ликвидираат негативните појави, туку имаше и спротивставувања. Дури и скришум се истакнуваше: Да, тој зборуваше остро, но тоа не е така важно, тој ниту мислеше така сериозно, ќе помине тоа итн. (Силен аплауз.). А тоа доаѓаше од раководни луѓе, главно од оние кои на Четвртиот пленум беа отстранети. И работата падна. Малку или речиси ништо тука не е направено. Се продолжи по старо. Јас многупати зборував – а тоа го правеа и други другари – околу она што не чини и што треба да се отстрани. Добивав од работните луѓе многу писма во кои стои: Кажи кој е тој што ти пречи, кој не сака да слуша (Силен аплауз и одобрување, скандирање Тито, Тито! Тито – ЦК, Ние сме Титови – Тито е наш.).
Другарки и другари,
Кога тоа би биле поединци, десетина од нив, јас би кажал. Но не е мал бројот на таквите, ги има многу: од раководните луѓе оддолу па до самиот врв. Затоа е невозможно да се набројат и да се каже дека тоа се тие и тие луѓе, ако едни ги спомнам, би ги пропуштил другите. Мислам дека тоа треба да го правите вие долу, вие мора да видите кој е за, а кој е против (Силно одобрување и аплауз.). Вие и нас горе треба да ни помогнете за полесно да ја вршиме својата должност. Јас не бегам од нашата одговорност! Но, ние самите не можеме сè да направиме, само заедно можеме да го направиме она што треба. Така треба да биде.
Причините за незадоволство стануваат сè поголеми. Работничката класа реагира на тоа на еден, младината на друг начин. Работниците се одговорни за своите претпријатија, за она со што управуваат, и тие, се разбира, не можеа да одат на улиците да демонстрираат, зашто со тоа себеси би си направиле штета. Дури и тие штрајкови од неколку часа, до кои доаѓа тука и таму – во фабриките каде што се покажа дека некои работи не можат поинаку да се поправат, поради некои бирократи – и тие одат на штета на работниците. И тука работниците на своја штета протестираат за нешто да се поправи. Сето тоа покажува дека навистина е потребен хируршки нож за појавите кои тоа го предизвикуваат енергично да се отстранат (Силен аплауз и одобрување).
Една од причините кои предизвикуваат незадоволство е и големиот распон во платите (Аплауз.). Во многу фабрики, да речеме, администрацијата имаше фиксни плати, без разлика дали работеше фабриката рентабилно или не. Ако е нерентабилна – тоа само работникот го плаќа, зашто добива помалку, прима 80% или 70% од својата плата. Значи, одговорноста за рентабилноста или нерентабилноста ја сноси само работничката класа, само производителите. Јас би сакал и администрацијата да се вклучи во тоа. Имам впечаток дека уште тука има прилично поделби.
Да го земеме неоправданото збогатување, другари и другарки. Тоа го има толку во нашата земја што човек едноставно се прашува: Зарем ние се боревме цел живот за едни да мора да ја крпат секоја пара, за да можат некако да живуркаат, додека други, на разни нечесни начини, трупаат средства, купуваат куќи, па некои дури имаа намера да градат и фабрики. Само, нема да им помине! (Силен аплауз и одобрување.) Добро, да видиме, можеби некој изгради куќа така што имал на село, па ја продал за да купи друга. Против тоа немам ништо. Но, ако тоа оди на сметка на заедницата, на сметка на оние што создаваат средства за целото општество, на сметка на работничката класа и другите – тогаш на таквите, така стекнатите куќи треба да им се одземат (Силно одобрување и аплауз.). И уште нешто. Постојат разлики во платите кај висококвалификуваните, квалификуваните и неквалификуваните и тоа е во ред. Некаде работат во семејството тројца-четворица членови. Ако таквите можат нешто да одвојат и да изградат некоја куќичка – тоа, брате, е нивно, тоа го стекнале со својот труд. Ниту против тоа немам ништо. Но, ако некој има по три куќи, ако направила вила или „викендичка“ – а таа има десет-дваесет-четириесет, до шеесет кревети, кои ги издава на странци – е таквата куќа треба нему да му се одземе, ако е нечесно стекната, а ако е негова, тогаш треба да се воведе поголем данок да не може да се богати (Силно одобрување и аплауз.). Тоа е тогаш појава на капитализирање. Затоа не се баш без основа критиките на нашите луѓе дека овозможуваме појава на некои капиталистички елементи во нашето социјалистичко општество. Само, ние понатаму нема да ги дозволуваме. Сите тие работи мора да дојдат под ревизија (Силен аплауз.). И тоа темелна ревизија, праведна за целото општество.
Вие знаете, другари и другарки, дека сега имаше секакви обиди од разни елементи. Се појавија оние со кои имавме работа на универзитетите и пред студентскиот револт. Тоа се поодделни професори, некои филозофи, разни праксисовци и други, разни догматичари, вклучувајќи ги и оние кои вршеа разни деформации во Управата на државната безбедност итн. Сето тоа денес некако се обедини. Секој, се разбира, работи за себе, но сепак се здружени во настојувањето да се создаде кај нас некој хаос и да ловат во матно. Ние мора да им пружиме одлучен отпор, одлучно да им речеме „не“. Тие сега прогласуваат движење на универзитетот. Тоа не потекнува од студентите, туку од луѓе кои би сакале да создадат некој ембрион на повеќепартиски систем и да се постават како фактор, кој со Скупштината и со другите ќе разговара на рамноправна основа, уште повеќе, тие одат и понатаму: ја негираат работничката класа како најважен фактор и столб на ова општество. За нив работничката класа и нејзината улога се надминати. Сојузот на комунистите за нив не значи ништо. Според нивното мислење, би требало некои мудреци, некои технократи да застанат на пиедестал и да командуваат со своето стапче, а сето друго да биде безбојна маса. Работничката класа би требало да прашува за нив и да се покорува на нивното самоволие. Па зарем тоа е можно денес во нашата земја, зарем е можно такви луѓе и со такви идеи да настапуваат, а ние тоа мирно да го набљудуваме. Ним им нема место ниту таму каде што се наоѓаат (Силен аплауз и одобрување). Зарем такви да ги воспитуваат нашите деца на универзитетите и во школите? Им нема место таму! (Силно одобрување и аплауз.)
Значи, станува збор за авантуристички обиди на нас добро познати луѓе, зашто ние имавме работа со нив пред да дојде до тој револт. Ги пратевме низ весниците, низ печатот, од раскажувањата, преку разни трачеви итн. Ние добро ги познаваме и ние нема да дозволиме и понатаму така да роварат. Едни тргнуваат од повеќепартискиот систем, само директно не го спомнуваат. Зашто, вие знаете, вие слушнавте, како помина кај студентите Ѓиласовиот емисар кој дојде таму, па студентите го избркаа преку врат преку шија. Нашата младина не сака повеќепартиски систем. Но, исто така роварат и оние догматски елементи кои доаѓаат од друга страна, кои се борат против сето она што ние сега настојуваме да го оствариме, кои уште се надеваат дека можеби ќе дојде нивниот час.
Значи, таквите луѓе ние мора да ги оневозможиме, а ќе ги оневозможиме ако согледаме каде се, ако одлучно ги спречиме во нивните негативни акции. И, на крајот на краиштата, понекогаш треба да се преземат и административни мерки (Аплауз.). Ние мора да го сочуваме нашето социјалистичко самоуправно општество. Јас повторувам, дека долго време бевме колебливи и глуви и дека на нашата младина на универзитетите треба да ѝ се овозможи веќе денес да бидат рамноправни членови на нашето самоуправувачко општество. На универзитетите треба да се создаде систем кој ќе го отфрли сето старо и сето она што смета, дури и во капиталистичките земји ги отфрлаат старите системи на обука на универзитетите. Во исто време, на младината треба да ѝ се овозможи да го стекне своето место во општеството, да учествува во секојдневната пракса и да придонесува со својот младешки жар, полет и знаење (Аплауз.).
Другари и другарки, тоа се работи, видете, до кои мораше да дојде. Јас мора да кажам – тоа го кажав и на телевизија – дека сум необично задоволен, необично сум среќен, и тоа не само јас туку и другарите, што нашата работничка класа така зрело, така одлучно, така паметно, го кажа својот збор во однос на демонстрациите (Силен аплауз.).
Знам дека не сум само јас тој што доби телеграми и писма од работните колективи. Јас примив илјада и пол телеграми и писма – и тоа долги писма – во кои сите така единствено зборуваат, сите пружаат поддршка што едноставно ме зачудува, како некаде на некој собир да се договарале како ќе зборуваат. А што тоа значи? Тоа е голема среќа за нашето општество што имаме таква работничка класа која така единствено гледа на работите. Работните колективи ѝ даваат за право на младината на универзитетите да се подобри нивната состојба, да бидат во нашето општество рамноправни членови, да им се помогне, но не им даваат за право кога се работи за излегувањето на улица и уништувањето на имотот (Силен аплауз.).