Напишано: 1959
Извор: „Култура“, Скопје, 1959
Превод: Илија Корубин
Техничка обработка: Дејан Ставрески
Онлајн верзија: јули 2013
(Реферат одржан на свечената седница на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија по повод прославата на Четириесетгодишнината на Комунистичката партија на Југославија)
Другари и другарки,
Пред четириесет години, во овие денови, во времето додека Големата октомвриска револуција сè уште беше во ек, создадена е Комунистичката партија на Југославија — од организациите на најреволуционерниот дел на работничката класа на Југославија, испробани со децении во напорната борба против бездушното експлоатирање и против неправдите што ги трпеше.
Пред четириесет години се основани, исто така, и Сојузот на класните работнички синдикати на Југославија и Сојузот на комунистичката младина на Југославија, кои во текот на целиот период од своето постоење беа и школа за воспитување на работниците во револуционерната борба на комунистите, за воспитување на нови членови на Партијата.
Создадена врз основите на науката на големите пролетерски мислители Маркс и Енгелс, Комунистичката партија на Југославија смело тргна по патот на авангардата на работничката класа, по патот на револуционерната борба за остварување на својата историска мисија на организатор и предводник во секојдневните борби за правата на работничката класа, за национални права и рамноправност на сите народи на Југославија, — на својата мисија на организатор и предводник во решавачката борба за остварување на подобар и поправеден општествен систем, социјализам.
Денеска им е познато не само на нашите народи, туку и во целиот свет дека Комунистичката партија на Југославија ја изврши таа своја историска мисија, дека по КП на СС најдоследно ја изврши својата револуционерна улога. Но, јас по повод на овој голем јубилеј на нашата Партија би сакал барем накратко да евоцирам извесни настани и историската борба на КПЈ во текот на четириесетте години од нејзиното постоење. Сакам накусо да се осврнам на некои основни моменти од нашата револуционерна историја, на тешкотиите на кои се наидуваше во нашата револуционерно-општествена преобразба и на драгоцените искуства што се стекнати на таа сложена и тешка борба. Тоа е потребно не само затоа за да служи како пример за нашата идна работа, туку и затоа за да им служи како пример на нашите млади генерации, за тие попотполно да здогледаат низ какви се тешкотии се калеше светлиот лик на нашата Партија и на нашите комунисти, ликот кој денеска, нажалост, се обидуваат на разни начини да го извалкаат не само некои квази-комунисти, на кои им е непозната тешката револуционерна борба и кои на површина ги исфрли плимата на револуционерната борба на вистинските револуционерни сили, туку и оние кои на себеси си поставиле иста цел што ја имаме и ние — остварување на комунистичко општество.
Во текот на изминатите четириесет години во нашата земја се остварени длабоки општествени промени, како резултат на борбата на работните маси, и пред се на работничката класа на нашата земја на чело со Комунистичката партија, како од довоениот период и во текот на Ослободителната војна и народната и социјалистичка Револуција, така и по војната во текот на социјалистичката изградба. Историската нужност на постоењето на една таква револуционерна партија наполно се потврди и во нашата земја. Версајска Југославија, како што е познато, не оскудеваше во буржоаски и ситнобуржоаски партии. Но, практиката покажа, со оглед на нивниот карактер и на интересите што ги застапуваа — т. е. нивните класни, буржоаски интереси, а не интересите на работниот народ — а покрај тоа и поради политиката на националното угнетување, што ја водеа монархофашистичките режими, дека ниедна од нив не можеше да има општојугословенски карактер и да ги изразува интересите на сите наши народи.
Монархистичка Југославија беше, како ретко која земја, полна со внатрешни спротивности. Во неа, од самото нејзино настанување се водеше перманентна борба помеѓу експлоатираната работничка класа и младата буржоазија желна за брзо збогатување, помеѓу национално-угнетените народи и антинародните режими. Неа ја расцепкуваа спротивностите што произлегуваа од капиталистичката експлоатација на селото, од феудалните остатоци, од борбите помеѓу црквените врвови итн. Сите тие спротивности се засилуваа и се продлабочуваа и поради борбите на империјалистичките земји за создавање на сфери на влијание и за обезбедување на позиции во нашата земја, за грубо експлоатирање на нашите богатства и на работните маси. Тие спротивности постоеја од самиот почеток на постоењето на версајска Југославија, за да достигнат особена жестина во 1928 и во 1929 година, во времето на политичката криза и шестојануарската диктатура, во време на поголемите потреси во капиталистичкиот свет, како што беше големата економска криза во 1929 година. Историјата на Југославија до 1941 година всушност е историја на една постојана национална, политичка и економска криза. Таа никогаш не можеше поозбилно да се консолидира и цело време беше бремена со елементи на револуција. Владеачката буржоаска класа не беше способна да реши ниедна од овие спротивности, туку беше во состојба само уште посилно да ги заострува, дотолку повеќе, доколку повеќе се чувствуваше борбата на работничката класа на чело со КПЈ. Поради сето тоа, можеме со право да речеме дека буржоаска Југославија беше една од најслабите алки во империјалистичкиот синџир, по победата на Големата октомвриска револуција.
Во таквата ситуација, создавањето на Комунистичката партија на Југославија, во 1919 година, претставуваше историска неопходност и потреба на нашите народи. Без таква партија Југославија би се распаднала, а нејзините народи и нејзините територии би биле сигурен плен на разни империјалистички комбинации. Поради тоа основањето на револуционерната марксистичка партија беше историски настан од огромна важност за судбината на нашите народи.
Во тие, услови единствено беше правилно создавањето на партија на организационите и политички принципи што ги формира Ленин кога ја создаваше партијата на болшевиците. Тие принципи наполно се оправдаа во целиот предвоен и воен период од животот на нашата Партија, во борбата за урнување на стариот поредок, во борбата за власт и за изградба, на социјализам.
Режимите на предвоена Југославија живееја повеќе од дваесет години, одржувајќи се на „Обзнаната", на теророт и на прогонувањата на најнапредните луѓе на нашата земја. Затоа, како што е познато, во предвоена Југославија беа мошне сложени и тешки условите за работата и за борбата на Комунистичката партија. Но, владеачката буржоаска класа на монархистичка Југославија го предизвикуваше со својата внатрешна и надворешна политика незадоволството на народните маси и на угнетуваните народи на земјата и со тоа, во исто време, и против својата волја создаваше услови за работа на КПЈ.
Настаните покажаа дека единствено Комунистичката партија на Југославија беше способна да го претвори постојното незадоволство во силно револуционерно оружје, да ја организира работничката класа и работните луѓе на нашата земја и да ги насочи во еден правец, во правец на решавање на постојните спротивности и на создавање на рамноправна заедница на нашите народи на нови, социјалистички основи, во правец на создавање на единствена и вистински обединета социјалистичка Југославија со правилно решено национално прашање. КПЈ успеа да ги реши овие основни спротивности во текот на Народноослободителна војна, односно социјалистичката Револуција. Дали постоеја услови за решавање на тие спротивности уште порано и зошто тие не се искористени — затоа подетално говорев на Петтиот конгрес на нашата Партија и сега тоа не би го повторувал. Но, би сакал веднаш да речам дека ние во оние дни, така тешки за нашата земја, во оној општ хаос што настана по фашистичката окупација на нашата земја, не ќе успеевме да ја организираме и да ја водиме Народноослободителната борба и успешно да ја оствариме социјалистичката Револуција да не беше онаа непрекината борба што ја водеше нашата Партија од самото свое настанување, да не се дадени оние драгоцени жртви кои свесно паднаа во таа борба, да не беа оние благородни традиции што можеше да ги развие само работничката класа и нејзината авангарда КПЈ, да не беше онаа доверба што ја стекна нашата Партија во народните маси со својата борба, да не беа сите оние организациони мерки што се преземани во разни периоди, да не е создаден оној светол лик на комунист извајан во долгогодишната револуционерна борба, ликот на комунистот воспитан на делата на создателите на марксизмот-ленинизмот, на револуционерните искуства на комунистите, особено на оние што ја спроведоа Големата октомвриска револуција. Во нашата Партија и во организацијата на комунистичката младина се слеаја и се одгледуваа и сите оние револуционерни традиции на напредните социјалистички движења кои постоеја во одделни покраини на Југославија и прогресивните стремежи на сите оние напредни сили од минатото на нашите народи. Сето тоа придонесе комунистите на Југославија и напредните луѓе собрани околу Комунистичката партија да станат вистински претставници на стремежите на нашите народи, општопризнати раководители во Народноослободителната војна и во Народната револуција.
Преку дваесет години илегална работа, и илјадници комунисти и скоевци убиени или фрлени на долготрајна робија говорат за жестината на борбата што мораа да ја водат комунистите на Југославија во текот на сето тоа време. Историјата на нашата Партија, од самото нејзино настануваше па до денес, е историја на една непрекината борба која на секоја етапа бараше и огромни напори, и жртви, и висока интернационалистичка свест, и голема умешност во раководењето.
Борбата на нашата Партија не беше тешка само поради тоа што се одвиваше во таква земја како што беше предвоена Југославија, туку и поради тоа што Партијата мораше да троши огромни сили за својот внатрешен развиток, за самата себеси, за сопственото изградување како партија од ленински тип. Не беше доволно што нашата Партија од своето настанување веднаш се приклучи кон Третата интернационала, за да бидат со тоа обезбедени и нејзината идеолошка и политичка зрелост и нејзиниот правилен став во сите прашања. За развитокот на нашата Партија претставуваше голема тешкотија и тоа што таа во првите години на своето постоење немаше раководство дораснато за задачите и ситуацијата што во тоа време беше во земјата. Освен тоа, поради кризата во врвовите на раководството, на Партијата и поради фракциските борби што се водени, кочен е развитокот на новите, предани кадри кои би биле способни за соодветни раководни функции. Воспитувањето на новите кадри одеше мошне споро и тоа оневозможуваше во тек на петнаесет години од основањето на КПЈ да се пројави нејзината полна сила, особено во времето на силните судирања со класниот непријател. Тоа беше тешка школа, бидејќи неумешноста, незнаењето, недоволното познавање на марксизмот и идеолошките и организациони скитања мораа да се плаќаат, и мораа да се пројавуваат во такви облици како што се фракциските борби и неправилните ставови во националното, селското и други прашања.
Таквата ситуација, од самото настанување на КПЈ па сè до доаѓањето на новото раководство, до 1937, му овозможи на класниот непријател на најѕверски начин да уништи стотина најдобри комунисти и скоевци на нашата земја. Раководствата на КПЈ страдаа во тоа време од многу слабости: од неспособноста во револуционерната ситуација да користат револуционерни средства, од опортунизам, од влијанието на социјалдемократизмот, од секташтва и груби грешки во проценувањето на ситуацијата, како што е случајот со повикот на раководството на Партијата во 1929 година на вооружено востание, иако за тоа не постоеја никакви услови, бидејќи Партијата беше слаба и изолирана од масите. Раководството со тој повик го фрли во борба малубројниот одред на Партијата и членовите на СКОЈ, кои беа десеткувани, бидејќи целиот бес на монархистичката диктатура се истури на нив.
Неправилниот став по националното, селанското и синдикалното прашање ја изолира Партијата од масовното селанско движење и од големиот дел на работничката класа. Но, она што најтешко ја погоди нашата Партија беше фракционерската борба, која до 1937 година непрекинато се одвиваше и оневозможуваше нашата Партија да се изгради како монолитна, идејно единствена и добро организирана марксистичка партија. Тоа и многу други слабости на раководството ја спречуваа Партијата подолго време да создаде врски со широките работни маси.
Но, покрај сето тоа, и покрај стравотниот терор особено по воспоставувањето на шестојануарската диктатура, нашата Партија не само што се одржа туку и израсна во историска револуционерна партија, ослободена како од опортунизмот и социјалдемократизмот, така и од нездравите и туѓи елементи кои дотогаш постоеја во неа. Нашата Партија успеа така да го насочи и да го оствари својот развиток благодарејќи на тоа што она пролетерско јадро кое се наоѓаше во неа не даде да се уништи, туку упорно се развиваше и зафати длабоки корени во работничката класа, одразувајќи ги верно интересите на таа класа и работните маси и борејќи се доследно за единството на Партијата и за преодолување на фракционерската борба, во што најпосле и успеа. Големите жртви што ги даде нашата Партија во текот на својот развиток, насобраното искуство, учењето на грешките, внимателното следење на искуствата на револуционерната борба во другите земји, сето тоа направи постепено да биде изграден лик на раководител од нов тип, лик на способен и непоколеблив комунист-борец.
Како што е познато, по воведувањето на шестојануарската диктатура развитокот на Партијата се одвиваше по две линии. Партиските организации во земјата, искасапени од теророт на шестојануарската диктатура, тргнаа по пат на постепено средување и консолидирање, додека во партиското раководство, кое беше во странство, владееше и натаму фракциската борба. Нажалост, на раководството на Партијата во тој период помалку можеа да влијаат партиските организации во земјата, а многу повеќе влијаеше ситуацијата што постепено се создаваше во Комунистичката интернационала. Тоа влијаеше негативно на состојбата во раководството, а преку него и на состојбата во Партијата. Партијата всушност се развиваше не со помош туку наспротив дејноста на тогашното раководство. Тогашното раководство го беше изгубило вистинскиот увид на состојбата во земјата и донесуваше такви одлуки кои практично придонесуваа за разбивањето и за ликвидирањето на Партијата. Тоа се изрази особено во тоа што многу изградени комунисти раководители беа упатени во земјата каде што паднаа право во рацете на полицијата.
Во тоа време методите на работата на Коминтерната се развиваа сè повеќе во правец кој од комунистите во емиграцијата создаваше сè помалку револуционери а сè повеќе чиновници на апаратот. Јас не сакам со тоа да го смалам значењето на дејноста на Комунистичката интернационала, особено во првите години и посебно додека беше жив Ленин. Таа во свое време им даваше голема помош на многу партии. Таа и’ даде помош и на нашата Партија. Благодарение на помошта на Коминтерната, нашата Партија можеше да се ориентира на заземање на поправилен став во националното и селанското прашање. Коминтерната (додуша, на барање на загрепската Месна организација во 1929 година) направи извесен напор да се преброди фракционерството во нашата Партија. Коминтерната придонесе и за школувањето на некои наши кадри кои беа во емиграцијата итн. Но, Коминтерната во поглед на нашата Партија речиси беше спремна да направи една катастрофална грешка, како што го направи тоа во поглед на некои други партии. Погрешно оценувајќи ја состојбата во нашата Партија низ состојбата на раководството во емиграцијата, и не консултирајќи ги воопшто партиските организации во земјата, Коминтерната озбилно го разгледуваше прашањето за распуштањето на нашата партија, и тоа токму во моментот кога таа веќе беше застаната на нозе, и кога новото раководство правеше озбилни напори и веќе постигна знатни резултати во своите настојувања Партијата да стане важен политички фактор во земјата и организационо да се консолидира.
Но, во тоа време во односите со другите партии сè поочевидно се пројавуваше бирократскиот и шематски однос на Коминтерната. Всушност, Сталин во времето на големите процеси во Советскиот Сојуз водеше преку Коминтерната спрема другите партии таква политика која го уништуваше револуционерниот лик на комунистот и создаваше тип на комунист-без’рбетник. Тогаш почнаа поозбилно да се изопачуваат принципите и духот што ги внесе Ленин во работата на Коминтерната. Таа политика им нанесе огромни штети на многу партии, а тоа јасно се покажа во времето на фашистичката агресија, во оние судбоносни денови за нивните земји, кога требаше тие да ја пројават својата политичка самостојност, својата поврзаност со масите и својата идејна зрелост, кога требаше да го организираат народот во борбата против окупаторот и да застанат на чело на таа борба. (Таа Сталинова политика оживе на свој начин и низ создавањето и дејноста на Коминформот по 1947 година).
Поради таквата политика на Сталин, нашата Партија го изгуби големиот дел од своите кадри, било поради политичката деморализација, било поради физичкото истребување за време на големите Сталинови „чистки“ во Советскиот Сојуз, во кои страдаа преку стотина прекалени комунисти кои со години ги воспитуваше нашата Партија и меѓународната револуционерна борба. Меѓу нив беа десетина бивши партиски раководители, од кои да спомнам само некои, како Филип Филиповиќ, Стјепан Цвииќ — „Штефек“, Владимир Ќопиќ, Раде Вујовиќ, К. Хорватин, итн., кои заедно со стотина други раководни комунисти од нашата земја најдоа смрт во Сталиновите затвори и логори. Денеска, кога ја прославуваме четириесетгодишнината на нашата Партија, по сознанието за ужасните настани од тие времиња, наша е обврска да се сетиме на тие другари и да им се оддолжиме, и покрај сите грешки и слабости што некои од нив ги пројавија во партиската работа, бидејќи доживеаја тешка судбина, најтешка што може да го снајде еден револуционер, а тоа е невин да загине од куршумот на своите луѓе како предавник на идејата за која се борел и на која и’ го посветил својот живот. Таквиот метод на уништување на луѓе, револуционери, ние комунистите на Југославија остро го осудуваме и ние во нашата практика, во животот на нашата Партија и денеска во нашата социјалистичка држава решително ги отфрливме таквите методи што се продолжија и по резолуцијата од 1948 година во другите земји на народна демократија.
Поучено од сите настани во минатото, новото раководство на КПЈ, формирано во 1937 година, донесе одлука потполно да ја ликвидира политичката емиграција и раководството на Партијата да биде со целата Партија во земјата, да не прима никаква материјална помош однадвор, да биде под постојана контрола на партиското членство, на работничката класа и работните луѓе, да се сврти кон проблемите на земјата, и, решавајќи ги тие проблеми, да ја врши својата должност кон својот народ, исполнувајќи го во време и својот интернационалистички долг кон меѓународното работничко движење.
Потпирајќи се на прекалените кадри и на членството кое излезе од тешките борби со шестојануарската диктатура или беше пуштено од долготрајното робување по разните затвори на Југославија, новото раководство стоеше пред неколку основни задачи. Пред се, требаше да се извлече Партијата од длабоката илегалност и цврсто да се поврзе со работничката класа и со широките работни маси, да се направи силен политички фактор наспроти нејзината илегалност. За таа цел, Партијата се активира во сите општествени организации, во синдикатите, меѓу младината, во задругите, итн. Секташките и заговорнички методи и отстапија место на борбата за влијание во најшироките маси, во работата на активирањето на масите на конкретните прашања и на создавањето на солидни позиции во општествените организации и во синдикатите. Требаше Партијата организационо да се зацврсти, да се отстранат остатоците на догматизмот, на буржоаските и други туѓи влијанија, и да се ориентира на конкретна работа, на творечка примена на марксизмот. Со таквата своја дејност, а потпирајќи се на веќе стекнатиот углед во борбата со антидемократскиот режим, Партијата придонесе за политичката и идеолошка афирмација на партиското движење во сите области на општествениот живот. Настана цел прелом во животот на Партијата. Пред сè, Партијата имаше свое раководство кое органски израсна од нејзините редови. Во внатрешниот партиски живот внесени се другарски односи, самодисциплина и свест за одговорноста на секој член на Партијата, создадени се нови односи помеѓу организациите и раководствата. Довербата, што ја стекнуваа комунистите во масите со својата револуционерна борба, со своите жртви и со својата преданост кон народот беше сега засилена со една правилна политичка линија, со правилна ориентација и благовремено предупредување на масите на предавничката политика што ја водеа антинародните режими во стара Југославија. Резултатите од таквата работа веднаш се осетија. Растеше бројот на комунистите и на членовите на СКОЈ, растеше угледот на Партијата во народот. Се создаваше широк антифашистички фронт, чии основни политички барања беа: независност на Југославија, воспоставување на дипломатски и економски односи со СССР, демократизација на животот во земјата, создавање на една демократска влада итн. Партијата успеа да ги обедини демократските и револуционерни сили на земјата во едно единствено движење за решавање на основните економски, социјални и други проблеми, и за одбрана на независноста на земјата од фашистичката агресија што доаѓаше. Борбата за секојдневните барања на масите Партијата успешно ја поврзуваше со борбата за долгорочните цели.
Тој огромен прелом што настана во животот и работата на нашата Партија се пројави во 1940 година на Петтата земска конференција на КПЈ, која всушност претставуваше последна припрема и смотра на нашата Партија пред претстојните судбоносни настани за нашата земја.
Со својата борба и правилна политичка линија Партијата ги зајакна своите позиции не само кај работничката класа, туку и кај сите угнетени народи на нашата земја. Корените на Партијата се зајакнуваа во градовите и во селата. Партијата стана единствен верен толкувач на стремежите и на интересите на нашите народи. Така организираната Партија, со висока револуционерна свест на нејзините членови никој повеќе не можеше да ја уништи. Во тоа треба и да се бара одговорот на прашањето зошто КПЈ ни за миг не се колебаше и што треба да работи по срамната капитулација и фашистичка окупација на стара Југославија, односно како КПЈ можеше да ја организира Народноослободителната војна и да ја спроведе социјалистичката Револуција, како можеше да ги издржи сите искушенија пред кои се најде и од најтешки- те ситуации да излезе како победник.
Сакам овдека да го истакнам уште и тоа дека токму со така широко поставената работа и борбата на нашата Партија, со таквиот нејзин однос спрема општествените организации, синдикатите, младината и другите, се изградуваше и методот на работата што не се поклопуваше со Сталиновата политика на претворување на Партијата и на работничките движења во секташки и заговорнички организации. Нашата Партија не беше сама на себеси цел, туку беше организирана и организаторска класна револуционерна сила во служба на народот. Потпирајќи се пред се на барањата и на стремежите на работните маси од својата земја, на нашите конкретни историски услови, нашата Партија со творечката примена на марксизмот-ленинизмот стана самостоен политички фактор кој беше способен да ја земе на себе одговорноста за судбината на својата земја во најтешките и најмрачни денови на нејзината историја.
Најзначајно поглавје во славната историја на нашата Комунистичка партија претставува оној период во кој таа ја изврши големата задача на организатор и раководител на Народноослободителната војна и социјалистичката Револуција. Комунистичката партија одигра решавачка улога во тој бурен четиригодишен период на Ослободителната војна и во натамошниот револуционерен развој на нова социјалистичка Југославија, во периодот исполнет со историски настани од животна важност, со херојството на народните маси и со динамиката на општествено-политичката ситуација. Од правилната политичка линија на КПЈ и од нејзината борба зависеше всушност иднината на народите на Југославија. Партијата храбро ја презеде на себеси таа историска одговорност, чувствувајќи се способна да одговори на најтешките задачи. Војната и Револуцијата најтесно ја сврзаа судбината на нашата земја и на нашите народи со судбината на Комунистичката партија.
Тоа поглавје на нашата историја, така богато со судбоносни настани, тешко е да се прикаже во рамките на еден реферат и јас поради тоа овдека ќе изнесам само некои најважни моменти.
Нашата Партија влезе во Ослободителната војна со околу 12.000 свои членови и со околу 30.000 членови на Сојузот на комунистичката младина. Оној што не го знае карактерот на нашата Партија, и револуционерните својства на нејзините членови, не може да сфати како нашата Партија, со релативно мал број на своето членство, можеше да застане на чело на народот во тие преломни настани на почетокот на Ослободителната војна. Таа тоа го можеше затоа што нејзината сила не беше само во бројот на членовите, туку беше и во влијанието на масите, во илјадниците нови, политички зрели кадри што таа ги воспитуваше во синдикатите, во СКОЈ, итн. Нејзината сила беше во тоа што таа го претставуваше и го одразуваше, а особено во нејзината способност да одреди правилна политичка линија, да укаже на правилен пат и на начин како да се остварат поставените задачи. Доколку во условите на предвоена Југославија револуцијата зрееше како општествено-историски процес, дотолку во средината на работничката класа, во селанството и во интелигенцијата зрееја и соодветни револуционерни кадри, малубројни од познати разлози, но политички изградени, свесни за историската ситуација и за своите задачи. Големите губитоци меѓу членовите на Партијата и на младината во првите години на војната брзо се надоместуваа со илјадници нови членови, прекалени во огнот на Ослободителната војна. Луѓето гинеа барајќи по смртта да бидат примени во Партијата. А пролеаната крв на револуционерите беше боен повик за нови борби, за нови херојски дела.
Кога Централниот комитет ја донесе на 4 јули 1941 година познатата одлука за почетокот на вооружената борба, целата Партија, сите нејзини организации и сите нејзини кадри ја примија таа одлука како нешто сосема нормално, како логично продолжение на поранешната политика на Партијата. Целата Партија, без колебања, почна според локалните услови да ја спроведува таа одлука во живот, а комунистите ја прифатија не само како неопходност во таа историска ситуација туку и како возможност за остварување на оние големи и најголеми општествени идеали на кои им го беа посветиле целиот свој живот.
Од оние 12.000 членови на Партијата, колку што беа во почетокот на востанието, одвај околу 3.000 да го преживеа крајот на ослободителната војна, а ист е случајот и со младинците, членови на СКОЈ. Извршувајќи ја предано својата должност, тие гинеа на фронтот и во позадината, во долгите и тешки борби против здружените непријатели или во затворите и на губилиштата, испишувајќи ги со својата херојска и маченичка смрт најубавите страници на нашата голема борба за слобода и давајќи највеличествени примери на човечкото самопожртвување и на преданоста на делото на својот народ. Во таа борба, во која во огнот на Револуцијата израснаа и се калеа нови партиски кадри, паднаа со херојска смрт десет членови на Централниот комитет, стотици пониски партиски раководители, илјадници најдобри активисти, политички и воени раководители, десетини илјади други членови на Партијата и на младината.
Во условите на војната и на Револуцијата Партијата непрекинато се зајакнуваше, пополнувајќи ги своите редови со најдобри борци, така што при крајот на војната имаше 141.066 членови од кои поголемиот број беше во боречките редови. Партијата својата организациона структура ја изградуваше според условите на војната — во војската и во позадината. Таа ги воспитуваше милионските маси на нашите народи и сè повеќе се оспособуваше за раководната улога која во нашата Ослободителна војна и припаѓаше по историската неминовност. Бескрајно е голема онаа организациона, идеолошка и политичка работа која и нашата Партија во целина и секој нејзин член одделно мораа да ја извршат во текот на четиригодишната револуционерна вооружена борба. Тоа е една од битните компоненти на нашата Народноослободителна војна и Револуција, без која не би бил возможен таквиот победоносен исход на борбата и за која може да се рече дека уште не нашла доволно место во нашата воено-револуционерна литература и дека уште не добила своја полна оцена ниту во научно-политичката и партиска литература.
Не е возможно ни овде да се прикаже целиот тек на борбата и сите остварени резултати и јас затоа ќе истакнам само некои општи и веќе познати факти.
Истиот ден кога хитлеровска Германија нападна на Советскиот Сојуз, Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија издаде проглас до работничката класа и до народите на Југославија, во кои ги повика на припрема за отпор и за вооружена борба, а веќе на 4 јули истата година ЦК на КПЈ ја донесе одлуката за подигнување на востание и за ширење на партизанската борба на целата територија на Југославија. Нашата земја беше во окупирана Европа прва и единствена чија Комунистичка партија без колебања го повика народот на вооружено востание против фашистичките окупатори и самата застана на чело на таа борба. Вооружените акции отпочнаа веќе по неколку дни, а во наредните месеци прераснаа во општо вооружено востание во целата земја.
Ние на 22 декември 1941 година, со основањето на Првата пролетерска бригада, го одбележивме почетокот на создавањето на револуционерната Народноослободителна војска, која веќе во почетокот на 1944 година, освен многуте партизански одреди, имаше околу 300.000 борци, а во завршниот период на војната, во 1945 година израсна во силна и добро опремена армија од 800.000 борци. Како што знаете, поради формирањето на пролетерските бригади и поради воведувањето на црвените петокраки ѕвезди како симбол на нашата борба, Сталин и Коминтерната не беа задоволни. И, во почетокот на 1942 година добивме во таа смисла телеграма во која таквата наша политика е окарактеризирана како секташтво. Тие не сфатија дека нам крвавото искуство во текот на 1941 година ни покажа дека не е возможно да се води успешно борбата само со партизански одреди, туку дека ни се нужни високосвесни дисциплинирани воени единици во кои од почетокот ќе бидат јадро работниците, за да се слеваат постепено во нив комунистите-селани и народната интелигенција. Меѓутоа, практиката покажа дека ние бевме во право, а не тие. Ние цврсто решивме да работиме не по директиви „одозгора“ туку според нашите услови и возможности. Бидејќи КПЈ го повика народот на вооружена борба против окупаторот, бевме свесни дека само ние, комунистите на Југославија, ја сносиме одговорноста пред народите за успехот или неуспехот на тој историски потфат.
Тие одлуки на нашето партиско раководство не беа непромислени. Ние сестрано ја оценивме ситуацијата уште пред нападот на Југославија. Ние видовме кон што води фашистичкиот терор и мракот во поробена Европа. Ние знаевме дека фашистите работат на истребување на цели народи и се спремавме да му дадеме на Хитлер, на Мусолини и на другите одговор на каков што не беа навикнати. Ние ја познававме ситуацијата и во нашата земја, ја познававме слабоста и неспособноста на режимот, знаевме за националната омраза која во текот на дваесет години ја разгоруваа противнародните режими и водствата на разните партии и црквената хиерархија, знаевме и за петтата колона која непријателот однадвор широко ја организира. А во поглед на одбранбената способност на тогашната југословенска војска и квалитетите на нејзиното високо раководство ние немавме никакви илузии.
Требаше да се совлада верската и национална омраза, требаше да се спречи натамошното меѓусебно, братоубиствено истребување, што го започнаа усташите на Павелиќ над српското население во Хрватска, а четниците над муслиманското и друго население во Босна, и затоа од самиот почеток на нашата борба на нашето борбено знаме беше испишана паролата „Братство и единство“. Знаејќи дека националното прашање на Југославија претставува еден од решавачките фактори за широката мобилизација на масите за Народноослободителната борба, Партијата веднаш во почетокот ги истакна своите принципи за националното прашање.
Во почетокот на борбата, се разбира, ние не можевме да ги предвидиме и да ги одредиме сите поединости на Ослободителната борба. Но, беше важно да се установи општиот правец, а тоа е — вооружена борба за истерување на окупаторот и правото на народот по ослободувањето сам да си го избере обликот на владеење што ќе го сака. Историјата ја потврди правилноста на таквата ориентација. Најважно беше да се одреди правилна политичка линија и да се осигури таа да биде остварена. Тоа значи дека врз база на општите ставови на револуционерната теорија требаше да се изучат специфичните услови на нашата општествена стварност, да се откријат во таа стварност сите движечки елементи и сите потенцијални сили и, тргнувајќи од таа наша национална стварност во условите што се стекнаа со ширењето на Втората светска војна, да се одреди правец на развојот на нашата Народноослободителна војна и Револуцијата.
Партијата, се разбира, не би можела успешно да го организира востанието против окупаторот, почнувајќи од 1937 година да не ја спроведуваше непрекинато широката политичка линија за собирање на сите родољуби и прогресивни луѓе во Народниот фронт, кој стана масовна база на Народноослободителното движење. Партијата имаше неисцрпна доверба во силата на народните маси, а народите на Југославија имаа полна доверба во политиката на Партијата и во нејзината сила. Таа доверба кон Партијата која во процесот на Ослободителната војна сè повеќе се ширеше и се зајакнуваше, се засноваше и на големите жртви што ги даде Партијата во тешката борба против фашистичките окупатори. Нашите народи високо го ценеа тоа што Партијата ја презеде на себеси таквата огромна одговорност каква што значеше поставената и извршената задача за организација и раководење на Народноослободителната борба. А навистина и требаше многу револуционерна увереност и смелост за да се донесе одлука за така величествениот потфат како што беше војната против многупати надмоќниот окупатор.
За сето време на војната Партијата непрекинато работеше на тоа да ги собере сите сили за борба и за победа, но напоредно со тоа и на тоа да се оневозможи враќањето на старата, омрзната власт. Партијата поради тоа му посветуваше големо внимание на изградбата на организационите и политичките предуслови (народната власт, народната војска како вооружена сила на народот, политичкото движење во облик на Народниот фронт, итн.), за да може по свршувањето на војната народот да го уредува својот живот онака како што сака самиот. Затоа беше неопходно веќе во текот на војната да се преземат одредени политички мерки и акти кои по својот карактер беа изразито револуционерни, што засегнуваа во темелите на општествено-економскиот систем и носеа обележје на социјалистичка револуција, но општонационално-ослободителните цели останаа доминантни во текот на целата Народноослободителна војна. Тоа е она што и овозможи најшироко собирање на народните маси, што и го обезбеди конечниот успех.
Една од карактеристиките на нашиот стратешко-политички правец и на нашата револуционерна линија беше постојаниот курс на непрекината вооружена борба и зајакнување на вооружената сила, како основен лост со помош на кој се решава и задачата на националното ослободување и сите други цели на Народноослободителната борба и социјалистичката Револуција. Затоа и паролата „Сè за фронтот, сè за победата!“ остана најважна парола во текот на целата Народноослободителна борба.
Периодот на Народноослободителната борба веќе и припаѓа на историјата. Нам денеска од оваа временска далечина ни е полесно да го здогледаме значајот и величината на таа борба. Тоа беше период кој направи коренита пресвртница во животот на народите на Југославија. Еднаш за секогаш отиде во минатото стара Југославија, заснована на нерамноправност, на насилие и експлоатација. Еднаш за секогаш слезе од историската сцена старата владеачка класа која беше пречка не само за општиот општествен прогрес, туку и за постоењето на единствена братска државна заедница на југословенските народи. На површината излегоа нови, прогресивни општествени сили на нашите народи, на чело со работничката класа, и пред народите на Југославија се отворија широки патишта за брзо движење кон општиот општествен прогрес, кон среќа и благосостојба. Нашата Народноослободителна борба, веќе во почетокот и револуционерна, ги реши основните општествени спротивности на стара Југославија, изврши длабоки социјални и политички поместувања и ги припреми сите политички и други предуслови за длабока општествена преобразба во животот на нашите народи, за преобразба на социјалистички основи.
Во светлината на големите историски придобивки остварени во текот на четиригодишната револуционерна борба може полесно да се согледа и улогата и значајот на нашата Комунистичка партија, без која, се разбира, би ги немало тие придобивки. Но ваквиот развиток беше историски предодреден. Во моментот кога изневерија водечките сили на буржоаското општество и сите нивни партии, во најсудбоносните години на нашата понова историја, на историската сцена дојде Комунистичката партија, една до крај демократска и до крај народна, единствена општојугословенска партија, која беше способна да го преземе политичкото водство на нашите народи и да им укаже на патот по кој треба да одат. Тој пат беше пат на борба, но борба во која ќе бидат сигурно остварени стремежите на народот. И, денеска ние гледаме дека тие стремежи се остварени, народите на нашата земја веќе ги уживаат плодовите на таа борба, која создаде услови за голема перспектива на среќната иднина и на денешните и на идните генерации.
Народноослободителната борба постепено доби и карактер на социјалистичка револуција, бидејќи истовремено го решаваше и прашањето на власта, чии основи во облик на народноослободителните одбори се создаваа во текот на целата војна на ослободените територии. Заедно со ослободувањето на земјата од окупаторот е извршено и револуционерно развластување на буржоазијата: а) урната е политичката структура на стара Југославија — создадена да обезбедува функционирање на системот на бруталната капиталистичка експлоатација и националното угнетување, а поради длабоките општествени противречности што го разјадуваа тој социјално-економски систем, нестабилна од самиот почеток и во постојана криза, принудена поради сопствените слабости постојано да бара потпори кај странските реакционерни сили, за да се претвори во текот на окупацијата во орудие на окупаторот против својот народ; б) создадена е нова власт која имаше од почетокот социјалистички карактер.
Новата власт претставуваше специфичен облик на диктатурата на пролетаријатот — т. е. сојуз на работничката класа, како раководна општествена сила со селанството и со другите работни слоеви. Специфичноста на нејзините облици, а пред сè нејзината демократичност, произлегуваше и од конкретните услови во кои се раѓаше: од ширината на учеството на народните маси во Народноослободителната и револуционерна борба и во процесот на изградбата по војната, од мошне широката и масовна поддршка на најшироките маси во изградбата на социјалистичките општествени односи во нашата земја. Припремена во предвоениот период со борбата на КПЈ на чело на работничката класа против растечката реакција, со борбата за полни социјални права на работните луѓе и за национални права на народите на Југославија, а во текот на вооружената борба најтесно поврзана со стремежите на народните маси, новата, народна власт имаше мошне широка општествено- политичка база. Поради тоа таа можеше да смета и да се потпира на револуционерната активност на масите.
Нашата Револуција донесе конечно и решение на националното прашање, укинувајќи со тоа една од основните спротивности на предвоена Југославија. Во животот на стара, буржоаска Југославија имаше извонредно крупна улога нерешеното национално прашање, односно нерамноправните односи меѓу народите, во системот кој беше утврден со Видовденскиот устав и притоа уште влошуван со самоволието на монархијата и на реакционерните влади. Поради тоа овој проблем играше вонредно важна улога и во работата и во борбата на нашата Комунистичка партија. Тоа прашање беше мошне силен елемент и во мобилизацијата на дотогаш угнетените народи на Југославија за борба против окупаторот. Отворајќи перспектива на новата заедница на рамноправни народи, Народноослободителното движење можеше да ги мобилизира основните сили на сите народи на Југославија во борбата за слобода и социјализам. Во заедничката вооружена борба се ковеше братството и единството на југословенските народи. Со создавањето на братската заедница на рамноправни народи на социјалистичка Југославија, поставен е солиден темел врз кој се изградуваше и се развиваше нашата земја. И во овој факт, помеѓу другото, треба да се бара објаснувањето на нашите успеси во борбата за социјалистичка изградба наспроти сите тешкотии што ни стоеја на пат.
Мошне добро е познато дека ние по свршетокот на војната наследивме наполно разорена и ограбена земја, економски заостаната, земја без некоја позначајна индустрија и напредно селско стопанство, — на што одговараше и општествената и културна неразвиеност. Бевме без материјални резерви на кои би можеле во почетокот да сметаме како на основа и за самата обнова на земјата, а камо ли за социјалистичката изградба. Ако ги додадеме кон тоа и разните тешкотии на надворешниот план, што ни се правени од разни страни, тогаш денеска навистина мораме да се прашаме како можевме сето тоа да го совладаме и да го постигнеме ова што денеска претставува нова Југославија, како во својот внатрешен развиток, така и во поглед на својата надворешно-политичка афирмација. Ние тоа можевме да го постигнеме само благодарејќи на тоа што Комунистичката партија беше цврсто поврзана со народот, што ја имаше неговата полна доверба и што во сите свои акции се потпираше на таквата силна политичка организација како што е Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија.
Што беше потребно во таквата неповолна ситуација во каква што се наоѓавме ние по свршетокот на војната, да се преземе за да се остварат стремежите за кои ги дадоа своите животи стотици илјади наши борци? Беше потребно постепено да се остваруваат услови за социјалистичка изградба на земјата — и ние без колебање и пристапивме на извршувањето на таа тешка задача. Требаше што побргу да се создадат економски предуслови за изградба на социјализмот. За таа цел се извршени револуционерни барања во имотните односи; во прв ред се одземени средствата за производство, кои дотогаш иако мошне ограничени, им служеа на приватниците за обогатување, и се предадени во рацете на општеството; се подржавени не само основните средства за производство, туку и банките и кредитните установи, транспортот, целокупните рудни богатства и др.; а аграрната реформа така темелно е извршена што создавањето на капиталистички елементи на село стана невозможно, бидејќи големината на поседот сега со законот е ограничена на десет хектари.
Во тој почетен период на изградбата на нашата социјалистичка земја, потребата за максимално користење на мошне оскудните материјални средства и општествените сили во економската изградба, недоволната оспособеност на работничката класа и на работните луѓе воопшто, недостасувањето на стручноста кај органите за водењето на економските работи и другите причини и услови бараа централизирано раководење со производниот процес и детално планирање на производството и извршувањето на планските задачи.
Ваквите услови и задачи бараа и зацврстување и проширување на раководната улога на Комунистичката партија во апаратот на власта и што понепосредно раководење со неговата дејност. Членовите на Партијата и во тие најтешки почетни прилики на изградбата чесно ја извршија својата задача. Стопанството, со големи напори, беше обновено. Со изградбата на новите големи индустриски и енергетски капацитети се создадени темелите на социјалистичкото стопанство, кое на тој начин стана водечки фактор во нашата земја.
Изменета е и општествената структура. Работничката класа бројно силно се зајакна поради големиот прилив на нова работна сила од селото во индустријата и процентот на селанското население падна од 76% (пред Втората светска војна) на нешто преку 50%.
Стопанската изградба и политичката и културна дејност влијаеја на брзото подигнување на политичкото и културно ниво на масите. Создадени се потребните услови за силен замав на творештвото на работните луѓе.
Комунистичката партија се засили и бројно и во организационен поглед, оспособувајќи се за извршување на сложените задачи — за раководење на процесот на изградбата на социјалистичка Југославија. И во условите кога нејзиното непосредно раководење со механизмот на власта беше нужност, таа непрекинато водеше сметка за потребата на што потесна врска со масите, постојано укажувајќи на значајот и на потребата од демократски форми во механизмот на власта.
И масовните општествени организации — Народниот фронт, Синдикатите, УСАОЈ и другите — станаа милионски сили кои пројавија огромна иницијатива во решавањето на стопанските, политичките, социјалните и културните задачи на обновата и на изградбата. Огромната енергија што ја развија тие организации произлегуваше од тоа што тие не ги спроведуваа пасивно директивите на Партијата, туку како организации имаа цели и акции наполно во согласност со акциите на Партијата, што значи дека програмата на Партијата стана нивна програма, а целите на Партијата и нивни цели.
Меѓутоа, премногу големата улога на државниот апарат на управувањето со стопанството и со другите области на општествениот живот во условите на се уште големата економска и друга заостанатост, потоа високиот степен на концентрација на власта во рацете на централните државни органи, како и непосредното раководење со државниот механизам од страна на Партијата, раѓаа со стихијна сила нови појави и опасности, бирократизам, опасност од срастување на партискиот и државниот апарат, опасност од осамостојување на апаратот на власта и неговото издигнување над општеството, опасност од претворување на општествено-политичките работници во администратори и на работните луѓе во извршители на директиви, наместо во активни и свесни учесници во општествената изградба, и слично. Сите тие појави заплашуваа со опасноста за одделување на политичкото раководство од масите и водеа кон застој на творечката иницијатива на работните луѓе, кон стагнација во општествениот и економскиот живот. Но тенденцијата на бирократско деформирање и срастување на Партијата со административниот апарат, не е родена на наша почва, и покрај економската неразвиеност на нашата земја, туку е пренесена однадвор, како идејно и материјално влијание на Сталиновата практика, копирање на се и сешто од таа практика, што ни нанесе не малку штета во нашиот економски развиток.
Од друга страна, иако југословенската Револуција со постојано нагласување од потреба на демократизам и свои специфичности му се спротивставуваше на бирократското изродување — наполната смисла и опасност од бирократски искривувања ни станаа јасни дури со судирањето и отпорот на Сталиновиот притисок. Хегемонизмот се откри како надворешно дејство на бирократизмот, а внатрешните бирократски елементи како негова активна опора во загрозувањето на придобивките на Револуцијата и социјалистичкиот развиток.
Така судирот со бирократизмот на надворешен план ја заостри потребата за порадикално пресметнување со елементите на бирократизмот во земјата. Предвидувањето на Маркс, Енгелс и Ленин, дека социјалистичката револуција ја застрашува опасност не само од реставрација на капитализмот, туку и од бирократско загрозување, се потврдија, пројавувајќи се и во практиката на нашиот развиток.
Во тој период Петтиот конгрес на КПЈ одигра вонредно значајна улога со тоа што ги отфрли сите клевети и што одбивајќи се себеси а со тоа и целата земја да се потчини на сталинистичкиот хегемонизам, решително ги ориентира како комунистите на Југославија, така и целиот народ кон независна меѓународна и внатрешна политика. Напоредно со отпорот што му го даде на притисокот на Сталин, Комунистичката партија на Југославија презеде мерки за потсекување на корените на бирократизмот во сопствената земја и даде иницијатива за натамошни решителни чекори во создавањето на социјалистичките општествени односи.
КПЈ навреме ја сфати потребата од решителна борба против опасностите од бирократските деформации, а исто така и неопходноста тие деформации да се спречат со мерки за создавање на нови односи во производството и општествениот живот.
Во 1949 и во 1950 година Партијата даде низа иницијативи насочени кон создавање на нов стопански и општествено-политички систем.
Преземени се мерки за децентрализација, за стеснување на функциите и компетенциите на централните органи и за смалување на нивниот апарат. Зголемена е улогата на локалните органи на власта (со Законот за народните одбори во 1949 година) и е дадена јасна ориентација кон демократизација, кон остварување на општествено самоуправување и пренесување на функциите на управувањето од централните државни органи на републичките, околиските и општинските органи.
Напоредно со тоа се преземени решителни чекори против тенденциите за срастување на Партијата со државниот апарат. Истакнати се поставки дека раководната улога на Партијата и на нејзините членови не може да биде општествена привилегија, туку дека треба да биде резултат на општествено-политичката и идејната активност, со истовремено нагласување дека со тоа одговорноста на комунистите за успешниот развој на социјализмот не се смалува, туку се зголемува и добива позначајна улога.
Во стопанството се извршени промени во начинот на планирањето и се постепено подготвувани услови за ослободување и посамостојно делување на социјалистичките економски фактори. Општествениот и економски интерес на самиот работен човек беше пред се изразен во разни мерки, како што е укинувањето на рационираното снабдување, постепеното преминување кон послободен пазар, воведувањето на елементите на економска стимулација во работните колективи итн.
Со донесувањето на Законот за работничкото самоуправување во 1950 е извршен натамошен силен чекор во развојот на социјалистичката демократија. Со тоа е јасно трасиран патот за натамошниот развиток на социјалистичките општествени односи во нашата земја.
Фактот што е оваа цел, кон која се стреми целокупното социјалистичко движење, поставена како актуелна задача, како непосредно остварување во општествената практика, имаше значење не само за нашиот натамошен развиток, туку во одредена мера укажа и на патот кон совладувањето на противречностите и кризите во кои се најде меѓународното работничко движење.
Шестиот конгрес на КПЈ, на кој е сумирано искуството од дотогашните чекори во движењето кон новиот општествен систем и е дадена јасна ориентација за идното делување, има во тој поглед огромно и преломно значење.
На Шестиот конгрес е разработена новата генерална линија за изградба на социјалистичкото општество:
— Создавање на социјалистички односи во производството и засновање на сите категории на стопанскиот систем врз таа квалитетно нова основа;
— Создавање органи на општественото самоуправување преку кои општеството управува со своите работи и постепено ги презема од државата функциите на управувањето;
— Создавање на таков политички систем што им одговара на новите продукциони и општествени односи, кој го заштитува и го поттикнува нивниот понатамошен развој, и има перспектива постепено и самиот да се претворува во составен дел на организмот на општественото самоуправување, губејќи го постепено својот политички карактер, во склад со зајакнувањето на социјалистичката општествено-економска база, со смалувањето на внатрешните противречности и со развивањето на социјалистичката општествена свест.
Остварувањето на одлуките на Шестиот конгрес во општествената практика ги ослободи огромните творечки енергии на работните луѓе и ја разви нивната иницијатива во производството, како и во општествената, политичката и културната активност.
Нашиот општествен развиток од Шестиот конгрес забележа огромни резултати. Меѓутоа, неговото движење не беше праволиниско. Тоа се одвиваше како противречен процес, а од тие противречности произлегуваа негативни придружни појави, што требаше да се совладуваат.
Основната противречност беше таа на која наидуваше изградбата на системот на социјалистичкото стопанство и која се изразуваше како противречност на завршувањето на објектите од „клучната капитална изградба“ и потребата за демократизација на средствата и давање на поголема слобода на самостојните социјалистички економски фактори, на работните колективи и комуните, да располагаат со тие средства. Задачата завршување на клучните објекти бараше големи економски напори, бараше концентрација на средствата на еден тесен стопански сектор и вршеше притисок на развитокот на низа производни гранки и на животниот стандард на масите. Условите во кои се одвиваше ова, особено во периодот од 1949 до 1954 година, беа најтешки во повоениот период.
Втората противречност произлегуваше од заостанатоста на општествената свест и од неопходноста, во условите на развиени облици на самоуправувањето во стопанството и во општеството, таа свест да биде таква што целиот наш општествен развој да оди со што побрз пат на развивање на социјалистичките односи. Зашто, недоволно развиената социјалистичка свест предизвикуваше појави на несоцијалистички однос кон употребата на општествените средства, појави на партикуларизам и локализам, а во идејно-политичката област тоа понекогаш се изразуваше како малограѓански анархизам.
Во процесот на остварувањето на линијата на Шестиот конгрес, со борбата и творештвото на работните маси под раководството на СКЈ се успешно совладани негативните тенденции, и во своите основни поставки е изграден нашиот општествено-економски и политички систем. И повеќе од тоа, во текот на периодот од Шестиот до Седмиот конгрес нашиот нов општествено-економски и политички систем стана основа на целокупниот живот на работните луѓе. Во тоа се нашите најголеми успеси. Тоа ни покажува дека во наредниот период треба уште повеќе систематски, уште поенергично и со уште поголем полет да одиме напред во изградбата на нашата економика, во развивањето на нашата социјалистичка демократија, во збогатувањето на нашиот живот како во материјален така и во културен поглед.
Комунистите на Југославија успешно ги извршија и ги извршуваат задачите на раководење со процесите на револуционерната преобразба на нашето општество, бидејќи секогаш настојуваа да ги изразуваат интересите и стремежите на работничката класа, таа најнапредна општествена сила, историски повикана да ја изврши мисијата на преминување од класно во бескласно општество. Благодарение на тоа, тие секогаш можеа и да најдат и во основа правилно да формулираат решенија за движење кон социјализам, што им одговараа на дадените историски услови. Во доследноста на таквите активности се наоѓа одговорот што го објаснува досегашниот успех на борбата за социјализам на Југославија. Во тоа се наоѓа и гаранцијата за правилноста и успехот на политиката на Сојузот на комунистите на Југославија.
Сите тие остварувања, со кои со право се гордеат Сојузот на комунистите на Југославија и нашите народи се постигнати во неверојатно тешки услови, и во текот на Ослободителната војна и Револуцијата и во повоената изградба на социјализмот. На наследената заостанатост, на воените разорувања, на огромните загуби во луѓе и другите воени тешкотии се надоврзаа надворешните тешкотии, особено елементите кои влијаеја на развитокот на нашите односи со Советскиот Сојуз и со другите социјалистички земји.
На нашата Партија и на нашата социјалистичка изградба падна тешката задача на авангарден одред и пионерска борба во спротивставувањето и кршењето на оние негативни појави што се натрупуваа во досегашниот развиток на социјализмот, а кои се олицетворени во познатите појави од Сталиновата практика и теорија, како и од практиката и теоријата на оние претставници на меѓународното работничко движење кои некритички и послушно го копираа секој Сталинов потез, секој негов збор, секое практично остварување, вклучувајќи ги тука организирањето на процесите на многу чесни комунисти и убивањето на своите довчерашни другари.
Тие појави и, таквиот развиток му нанесоа големи штети на меѓународното работничко движење и мораа порано или подоцна да се судрат со стварноста и со потребите за зајакнување на социјализмот и натамошниот социјалистички развиток.
Тој судир почна да се пројавува на разни места и во различни облици. Судирот СССР — Југославија од 1948 година само е една манифестација на поширок судир и поширока потреба од патот на социјалистичкиот развиток да се отстранат пречките што изникнаа во периодот на созревањето и остварувањето на Сталиновите концепции. Поинакви манифестации на тој судир се пројавија во познатите настани во Полска и Унгарија, во осудата на „култот на личноста“ на Дваесеттиот конгрес на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, во повторното заострување на судирот со Југославија минатата година итн.
Сите тие настани покажуваат дека судирот од 1948 година не е случајна појава. Тоа е, всушност, составен дел на еден многу поширок и сè поопфатен процес во развитокот на социјализмот и надворешна манифестација на непрекинатата борба на напредните и назадните сили во понатамошното движење и развивање на социјалистичката мисла и во развитокот на општеството воопшто.
Се поставува прашање поради што тој судир се манифестира пред сè во односите на СССР — Југославија? Поради тоа што припремите за нашата револуција се вршени во текот на еден долготраен процес на револуционерна борба, што е водена во нашата земја со сопствени сили. Поради тоа што во процесот на таа борба се согледани многуте специфични елементи за кои мораше да се води сметка во фазата на вооружената борба и во фазата на изградбата на социјализмот. Поради што нашата Револуција ги преземаше сите оние позитивни остварувања на Ленина и на Октомвриската револуција и ги применуваше творечки на условите на нашата борба, поради решавањето на нашите задачи во новите околности. Поради тоа што нашата Револуција почна да го отфрлува она негативно што се пројави во Сталиновата теорија и практика, а што најде израз: во недовербата во масите и особено во работното селанство, во недовербата во револуционерната сила на работничката класа во другите земји, во идеолошкиот монополизам, во остварувањето на нерамноправни односи меѓу државите кои пристапија кон социјалистичка изградба, како и во развивањето на неправилни односи меѓу комунистичките партии, чие олицетворување беше и политиката и практиката на Информбирото.
Сето она негативно, што се натрупа во еден подолг период на тешката борба за социјализам, почна да пука, а во нашиот судир со Информбирото по 1948 година појасно да се увидува и согледува. Со самото тоа почнаа да зајакнуваат и силите кои во еден подолг процес, на борбата ќе се оспособуваат тие неправилности од социјалистичката практика постепено да ги отстранат. Социјалистичка Југославија е составен дел на тие сили на социјализмот, и во тоа е нејзината голема интернационалистичка улога; во тоа е и историското оправдување и прогресивноста на нашата борба, зашто натамошниот развиток на социјализмот не може да се замисли без натамошниот процес на отстранување на сето она негативно, без натамошното нарастување на позитивните сили на социјализмот. Тој процес, секако не ќе биде ниту краткотраен ниту лесен, но тој историски е неминовен.
Кампањата која веќе цела деценија ја водат раководителите на земјите од источниот лагер и некои комунистички раководители на Запад против нашата земја и против нашата социјалистичка изградба ни нанесе досега' големи штети, особено во материјален поглед. Но таа донесе и користи, особено на подрачјето на марксистичката идеологија: во побрзото ослободување од догматизмот, во подоброто согледување и појасното увидување на негативните појави во развитокот на социјализмот, а со самото тоа и во создавањето на возможностите ние сами да ги избегнеме сличните грешки.
Нам ни е мошне драго што гледаме дека за последниве две години во СССР дојде до рехабилитација на онаа наша практика во социјалистичката изградба поради која многу не критикуваа и не нарекуваа ревизионисти. Тука се работи во прв ред за извесна децентрализација во администрацијата и стопанството во СССР и во некои други земји. Јас сум уверен дека тоа ќе го има уште повеќе, но ние не мислиме да кажеме дека е тоа копирање на нашата практика, туку сметаме дека стварноста, односно животот и практиката наметнуваат такви „ревизионистички“ исправки на она што станува кочница во натамошниот развиток.
Нашата стварност покажува дека социјализмот не е ничии монопол. Октомвриската социјалистичка револуција ја отвори ерата на масовно движење кон социјализам и со својата победа ја овозможи победата на социјализмот во другите земји. Се создадени возможности за изградба на социјализам и во помалите земји независно од ставот на раководителите на оваа или на онаа социјалистичка земја спрема социјалистичкиот развиток во другите земји. Тоа се историски нови услови за развитокот на социјализмот, кои крутите догматичари и луѓето што се борат да ја сочуваат монополистичката положба во работничкото движење не сакаат или се неспособни да ги видат. Оттука апсурдноста и нелогичноста на прикажувањата на некои комунистички раководители дека успеале да ја изолираат социјалистичка Југославија од меѓународното работничко движење. Таа нивна теза ги одразува всушност залудните обиди да се одбранат од животот, да ги запрат неминовните појави во развитокот на социјализмот. Југославија беше и остана составен дел на светското движење кон социјализмот, таа со логиката на развојот на настаните стана еден од активните фактори во современиот развиток на меѓународното работничко движење и на антиимперијалистичките сили воопшто.
Нашата социјалистичка стварност ги демантира сите тврдења на некои комунистички раководители дека надвор од лагерот не може да се гради социјализам. Обидите социјализмот да се идентификува со лагерот, покрај тоа што претставуваат кочница за побрзиот развиток на социјализмот — што јасно се покажа на примерот на Југославија, а и на други примери — стануваат идеолошки сè поапсурдни, а во практиката сè поштетни. Упорното инсистирање Југославија на секаков начин да се вовлече во лагерот има далекусежни негативни последици и во работничкото движење во целина и во поглед на меѓународните односи воопшто. Таквите појави ја стеснуваат возможноста на класната солидарност на расцепканите делови на работничката класа во одделни капиталистички земји, тие предизвикуваат сомневање во нивното сфаќање на политиката на коегзистенцијата, што го прифатија и нашите критичари, тоа создава недоверба во земјите што се ориентирале кон спроведување на политика на неутралност, во земјите што се ориентирале на прогресивен пат кон својот развиток, но кои сакаат да водат независна политика надвор од блоковите. Таквите сфаќања и таквата политика во однос на развојот на социјализмот значат всушност негација на напоредното постоење и преплетување на општите законитости и специфичности во развитокот на социјализмот; тие ја стеснуваат подлогата на која израснуваат и јакнат социјалистичките сили, а покрај тоа прават комунистичките партии кои ги прифаќаат таквите ставови да бидат турнати во секташтво и изолираност од масите.
Ние, југословенските комунисти, сметаме дека натамошниот развој на меѓународната ситуација не ќе оди по линијата на задолжително определување на одделни земји за овој или оној лагер, туку по линијата на ослабување на блоковите и нараснување во сите земји на оние сили што ќе го носат историскиот развиток во правец на зајакнување на социјализмот во светски размери. Секое спротивставување на тој процес и секој обид развитокот на социјализмот да се ограничи со лагерски рамки, и да му се удри печат на лагерска политика, може да му нанесе и му нанесува штета само на социјализмот и на неговиот побрз развиток. Да погледнеме само колку енергија и средства се потрошени на тоа да му се нанесе штета на развитокот на социјализмот во нашата земја. Какви резултати даде таквата политика? Таа и направи големи материјални штети на нашата земја, но трипати поголема штета им нанесе на оние партии и земји што ја поведоа и кои денеска ја водат таа политика. Нашата капитулација пред таквата политика би дала охрабрување за нејзиното натамошно спроведување, а со тоа негативните последици би биле многу потешки и покобни за делото на социјализмот. Нашиот отпор на так- вата политика, меѓутоа, го зајакнува отпорот на сите оние прогресивни сили во социјализмот кои почнуваат да ја увидуваат штетноста на таа политика. Освен тоа, нашиот отпор им дава охрабрување на народите на оние земји што се ослободиле од колонијалниот јарем и кои сакаат да го изградуваат својот живот на прогресивни основи — на основите на социјализмот. Според тоа, ова значи придонес на зајакнувањето на социјализмот и побрзо созревање на условите за одредување на поправилни облици на борбата за нови, социјалистички општествени односи.
Низ таа призма треба да се гледа и на проблемот на нашите интернационални обврски, и на проблемот на пролетерскиот интернационализам воопшто. Монополистите на пролетерскиот интернационализам веќе зарипнаа одрекнувајќи и го на нашата Партија, на нашиот Сојуз на комунисти, интернационалистичкото обележје. Меѓутоа, во изминатите четириесет години ние не само сме говореле за пролетерскиот интернационализам, туку со дела сме го покажувале својот однос кон класната солидарност на меѓународното работничко движење. Ние можеме со право да се гордееме со своите ставови и со својата улога во текот на изминатите четири децении и можеме смело да му погледнеме в очи на секој чесен работник и револуционер. Од поткрепата на Октомвриската револуција и помошта на гладните во Русија, се редеа многу наши акции за помош и поткрепа на револуционерната борба во другите земји. Кога пропадна во Бугарија востанието од 1923 година, ние прифативме во нашата земја преку две илјади бугарски борци на чело со другарот Димитров. Кога меѓународната буржоазија презеде поход против унгарската револуција, ние со прогласување на генерален штрајк спречивме трупите на кралска Југославија да учествуваат во задушувањето на унгарската револуција (додека од некои други земји, чии раководители денеска ни држат лекции за пролетерскиот интернационализам, трупите несомнено отидоа и учествуваа во крвавото задушуваше на таа револуција). Познат е ставот на нашата Партија спрема антифашистичката борба во Шпанија и учеството на преку 1.300 југословенски доброволци во шпанската републиканска армија. Познати се големите акции на нашата Партија за давање на поткрепа на Димитров во текот на Лајпцишкиот процес, како и за поддршката на Телман и за спасувањето на Ракоши. Во судбоносните денови за Чехословачка, во 1938 — 1939 година, нашата Партија организира движење на доброволци за одбрана на Чехословачката Република и успеа да собере 200.000 пријави. Меѓутоа, бидејќи чехословачката влада не реши да даде отпор, а чехословачкото комунистичко раководство, кое денеска толку вреви против нас, не најде за потребно или немаше смелост да истапи во одбрана на независноста на својата земја, тоа нашата акција остана само како голем израз на симпатиите кон братските народи, Чесите и Словаците. Познато е каква улога одигра нашата Партија во Втората светска војна, познат е нашиот придонес кон победата над фашизмот. Во екот на најтешката борба ние не се боревме само за тоа да ја ослободиме својата земја, туку им дававме помош и на соседните земји и на антифашистичките сили на тие земји. Дадовме драгоцена помош во создавањето на Албанската комунистичка партија и во ширењето на вооружената борба во Албанија (но, денеска, еве, некои албански раководители постапуваат спрема нас како оној човек од приказната, на кој, кога се дофатил за власт, првата грижа му била како да им забие нож во грбот на своите најблиски). Ние во текот на војната против фашизмот формиравме на својата територија крупни италијански единици, бугарски бригади, унгарски, чехословачки, полски и австриски единици. Во почетокот на 1942 година добивме од Москва молба да им упатиме проглас на поробените народи На Европа и да ги повикаме да го следат нашиот пример. Ние тоа го направивме, но ефектот на прогласот зависеше пред се од внатрешните сили во секоја земја и од способностите на комунистите во тие земји за да ги поведат масите во борба. Гробовите на нашите комунисти се распрскани по цела Европа. Од Мадрид, каде што се погребени членот на ЦК на нашата Партија Благоја Паровиќ и стотици други, па преку Марсељ, каде што е закопан комесарот на Јужната зона на Француското движење на отпорот, работникот од Раковица и Шпанскиот борец Димитрие Котуровиќ — до поларниот круг во Норвешка, каде што се наоѓаат гробовите на три илјади наши заробени партизани, наидуваме на одделни и масовни гробови на синови на нашиот народ, кои ги дадоа своите животи за подобра утрешница не само на својот народ туку и на другите народи во Европа.
Не е нескромно да се каже дека има малу партии што можат да излезат пред меѓународниот пролетаријат со таков биланс на оддолжување на својот интернационалистички долг во текот на четириесет години работа. Цврсто сме уверени дека и нашиот сегашен отпор на несоцијалистичките појави и на несоцијалистичката практика во односите меѓу социјалистичките држави ќе биде во историјата забележен како светол пример на обврска спрема сопствениот народ и спрема меѓународното работничко движење. Ние со право се гордееме со своето славно минато и со својата денешна активност во изградбата на социјализмот во нашата земја, а исто така и со оној макар и скромен придонес што го даваме за развитокот на социјализмот во светот. Бесмислено е да се прогласи за антисоцијалистички или националистички секој израз на гордост над успесите на нашата Партија и нашите народи. Оти, ние навистина имаме со што да се гордееме, а ми е жал само тоа што идните поколенија во некои земји, иако не се виновни, ќе имаат да се срамат поради денешните постапки спрема нас.
Ние сме уверени дека силите на социјализмот и покрај сите тешкотии непрекинато ќе се зајакнуваат, дека социјализмот ќе однесува нови победи и дека ќе наоѓа сили и средства да го отстранува она што е негативно. Животот и практиката ги поставуваат, на крај краишта, сите работи на свое место. Денеска во меѓународното работничко движење постои прилична идеолошка збрка, но во практиката на социјалистичката изградба се кршат застарените облици и почнуваат да се изнаоѓаат нови, кои овозможуваат побрз развиток на производните сили, зајакнување на социјалистичката демократија и создавање на поправилни социјалистички односи меѓу луѓето, како во производството, така и во општествените односи во целина.
Во таа ситуација на голема збрка во работничкото движење е одржан минатата година и Седмиот конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија. Конгресот ги одреди нашите задачи во натамошната изградба на социјализмот, и донесе нова Програма на СКЈ. Прифаќањето на Програмата има првенствено значење за нашата земја и за нејзиниот социјалистички развиток. Но вревата што се дигна околу таа Програма покажува дека таа има и пошироко значење за меѓународното работничко движење. Факт е дека и комунистичките и социјалдемократските партии веќе Долго време се наоѓаат така да се каже во програмска криза. Тој факт најдобро го илустрира примерот со КП на СС: токму пред дваесет години, Осмиот конгрес на КП на СС донесе одлука за изработување на нова програма. Беше избрана и комисија на чело со Сталин, но нејзината работа не роди плод. На XIX Конгрес е избрана нова комисија, а на XX Конгрес трета. Комисии се избирани, а програма нема. Меѓутоа, изминатите дваесет години беа така богати со настани, промени, револуционерни борби, распаѓање на колонијалниот систем, и покрај тоа со огромен напредок на науката и техниката, што е очигледно потребно свесните социјалистички сили да даваат свој суд за сите тие настани и да укажат на процесот на натамошниот развој и на начините на нивното насочување. Молчењето за сето тоа само ја илустрира одредената состојба во областа на идеологијата и практиката, но не ги решава проблемите и не ги вооружува прогресивните сили за натамошна борба.
Не треба да се залажуваме дека нашата Програма дава одговор на сите крупни прашања, и дека таа нема свои слабости. Таа е всушност само озбилен прилог кон согледуваше на проблемите и кон нивното делумично објаснување. Тоа е голем чекор напред во однос според постојната состојба и значењето на Програмата на СКЈ е во тоа што на сегашната етапа знатно ќе ја поттикне марксистичката мисла поозбилно да се бави со современите проблеми. Тоа ќе помогне на општите напори да им се даде правилен одговор на прашањата што ги поставува животот.
Во тоа е значењето на досегашните напори на Сојузот на комунистите на Југославија и ние можеме навистина со гордост да се осврнеме на славниот четириесетгодишен револуционерен пат на Комунистичката Партија на Југославија и да му кажеме и да му покажеме на секој дека секогаш високо сме го носеле знамето на Маркса, Енгелса и Ленина.