Светозар Вукмановиќ – Темпо

Писмо до Централниот комитет на КПЈ

(извадоци)


Извор: Историјско одељење Централног комитета КПЈ, „Историјски архив Комунистичке партије Југославије“, Београд, 1951, том VII, 229-245 стр.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2018


8 август 1943

Драги другари,
Поминаа осум месеци откако заминав од кај вас. Не можев порано да ви се јавам, зашто каналите не беа сосема сигурни. Неколку кратки писма паднаа во рацете на непријателот! Ја користам сега приликата да ви пратам преку другарот Милутин подробен извештај за целокупната моја работа за ова време.

...

На почетокот од месец март[1] стигнав во Македонија каде што ја затекнав следната ситуација:

1) Партиските организации беа организациски речиси во хаос. Фракционерската работа на Шарловото раководство остави длабок корен во партиските организации. Новоформираното раководство со Бане [Андреев] не успеа да ги оздрави партиските организации и фракционерската борба повторно започна сè до доаѓањето на другарот Љубо.[2] Главна причина за оваа фракционерска борба главно беше престојот на делегатот на Комунистичката партија на Бугарија во Скопје.[3] Тој делегат дојде во Скопје со писмо од ЦК КП Бугарија, кое го добивте вие, а кое требаше тој лично да го донесе до Вас. Бидејќи не можеше да се пробие до Вас, тој остана во Скопје и се поврза со другарот Бане и тогашното покраинско раководство. Ним им соопшти дека по одлука на Коминтерната тој треба да соработува со Покраинското раководство во Македонија. Се разбира, им соопшти дека тој има само советодавен глас. Но, бидејќи тој другар е политички многу поизграден отколку нашите кадри во Македонија, тој стварно им ги наметнуваше своите гледишта, кои всушност беа гледишта на бугарската партија. Така тој упорно стоеше на гледиштето дека во Македонија нема услови за партизанско војување и тој став успеа да го наметне на целото покраинско раководство (Бане, Мара [Нацева] и [Страшо] Пинџур). Против ваквото гледиште се побунија некои партиски активисти и започнаа борба против покраинското раководство. Таа борба поприми карактер на борба за власт во Партијата и ја растрои и онака растроената партиска организација во Македонија. Започна широко озборување на покраинското раководство и лично поврзување по организациите. Влијанието на бугарскиот делегат беше многу штетно, што се гледа и од следните негови ставови: а) кога дојде Прогласот на другарот Тито во кои ги повикува Македонците на вооружена борба, тој тогаш го даде своето мислење, кое се разбира дека е прифатено, дека можат да се создадат партизански одреди, но само мали, кои ќе дејствуваат во јачина од најмногу 10 партизани; б) овие одреди треба да се викаат „комитски одреди“, а не никако партизански; в) национално-ослободителните комитети треба да се викаат само „национални комитети“; и г) сите сили на Партијата да се фрлат во градовите под паролата „ние ќе останеме во градовите, а непријателот нека оди в шума“ итн. Штетните последици од ваквите ставови беа огромни: а) во партиските организации продре мислењето дека во Македонија не постојат услови за партизанско војување, односно дека не постојат за спроведување во пракса на линијата на КПЈ. Сите колебливи и опортунистички елементи внатре во Партијата и околу Партијата се фатија за овој став и а ставот на бугарската партија во самата Бугарија и со тоа го оправдуваат своето опортунистичко држење; б) и кога се пријде на создавање на партизански одреди завладеа мислење дека тие одреди не треба да се зголемуваат. На тој начин тие одреди живуркаа и како комити се исхрануваа преку јатаци. Се разбира дека тој начин на работа однапред ги осуди на пропаст. Одредите одбиваа да примаат нови борци под изговор дека и тие едвај се исхрануваат. И кога окупаторот појако стегна и изврши провала во мрежата на јатаци, одредите беа оставени сами на себе. А бидејќи немаа перспектива за партизанско војување, тие еден по еден настрадаа. Во текот на 1942 година имаше 6 одреди со по 10 до 15 борци и тие сите се разбиени, освен битолскиот [Битолско-преспанскиот одред „Даме Груев“], кој премина на албанска територија, и тоа сам на своја рака, и така се зачува; в) во партиските организации постепено се создаваше мислењето дека не треба да се борат против бугарските окупатори, туку само против реакционерната влада на [Богдан] Филов. Оттука и она исфрлање на терминот „ослободителни“ од национално-ослободителните комитети. Од овој став поникна и мислењето дека Комунистичката партија во Македонија треба да се издвои од составот на КПЈ и да се прогласи за самостојна. Сето ова внесуваше политичка и организациска збрка во нашите партиски организации во Македонија. Но, делегатот на бугарската партија несомнено многу им помогна на партиските организации во Македонија околу организирањето на борбата за непосредните (економски) потреби на народот.

2) Политичката ситуација во Македонија беше ваква: требаше да помине одреден период на време за бугарскиот окупатор да го открие своето вистинско окупаторско лице. Но, се разбира, тоа не значи дека не требаше веднаш да се создаваат партизански чети, како што мисли бугарскиот делегат. Напротив, требаше преку партизански акции и политичка работа на партиските организации да се натера бугарскиот окупатор веднаш да го открие своето лице. Дури и тие малку партизански одреди, кои се организирани во текот на 1942 година, го принудија бугарскиот окупатор да преземе остри репресалии против народот и со самото тоа тој ја симнуваше маската на „ослободител“. Понатаму, со развивањето на борбата против пљачкосувањето, кое го отпочна бугарскиот окупатор за сметка на Хитлер, тој беше принуден да го открие своето пљачкосувачко лице. Македонскиот народ почна да увидува дека на местото на големосрпските хегемонисти дојдоа големобугарски хегемонисти со иста цел да ја задушат националната свест на македонскиот народ. Со самото тоа бугарските платеници од редовите на македонскиот народ почнаа да се изолираат од масите. Со ова е создадена поволна ситуација за собирање на сите бугарофилски маси околу нашата Партија.

Посебно внимание заслужува делувањето на Ванчо Михајлов и ВМРО. Под закрила на германските окупатори агентите на Ванчо Михајлов работат по цела Македонија. Тие истапуваат за обединување на македонскиот народ и за негова национална независност. Тие, всушност, се главни агенти на Гестапо и тоа за цела територија на Бугарија, Грција и Албанија. Нив Германците ги помагаат и ги држат како противтежа на Бугарите во кои немаат доверба. Германците сметаат дека бугарската влада седи на две столици и затоа целосно се потпира на ВМРО. Опасноста од Ванчо Михајлов е многу голема, зашто тој повикува на обединување на целиот македонски народ кај кого денес се буди националната свест и мисла за обединување. Но, таа опасност не е толку голема како што тоа себеси си ја претставуваат партиските активисти во Македонија, зашто Ванчо Михајлов целосно се врза за германските фашисти.

Меѓу србоманските маси околу Скопје, Куманово и Кичево ги распростри своите мрежи Дража Михаиловиќ, преку својот агент Војче Трбиќ.[4] Неговото влијание не е така големо. Тој директно соработува со италијанските окупатори во борбата против Комунистичката партија.

3) Партизанските одреди беа мали, како што горе спомнав. Тоа всушност беа комитски дружини кои се наоѓаа по шумите без никаква масовна работа по селата. Само неколкуте акции извршени во текот на летото 1942 година направија сепак масите да почнат да преминуваат на позициите на народноослободителната борба. Но, разбивањето на тие одреди внесе паника во народот, а и во редовите на партиските организации. Сите колебливи елементи внатре во Партијата и околу Партијата кренаа врева дека во Македонија не постојат услови за партизанско војување и дека партиското раководство ги испраќа своите кадри во сигурна смрт. Авторитетот на покраинското раководство, како резултат на таквата ситуација, беше целосно срозен. Многу посветени партиски активисти беа испоубиени, а многу интернирани и осудени на долгогодишна робија.

По доаѓањето во Македонија ги собрав сите партиски активисти и продискутирав со нив и со Љубо околу севкупната ситуација во Македонија и заеднички со нив ги донесов следните заклучоци:

1) Да се преземе темелна реорганизација на сите партиски организации во Македонија и да се собере целото здраво партиско членство околу спроведувањето во живот на линијата на КПЈ во условите на Македонија. Да се преземат остри мерки против сите колебливи и опортунистички елементи кои го кочеа спроведувањето во пракса на линијата на КПЈ. Од најдобрите активисти, кои во сите тешки моменти останаа верни на нашата Партија, образував Централен комитет на Македонија во состав на КПЈ. Ова го направив поради причината да ѝ овозможам на КП во Македонија најшироко собирање на сите слоеви на македонскиот народ и тоа како на бугарофилските така и гркоманските и србоманските, во борбата за национално ослободување. Се разбира дека целото движење го насочив во правец на обединување со останатите народи на Југославија. Што се однесува до осамостојувањето на партиската организација во Македонија, презедов мерки за ослободување на некои другари кои се наоѓаат во концентрационите логори и со самото тоа овозможив брзо осамостојување на КП на Македонија. Се разбира дека го оставив другарот Љубо и понатаму како инструктор на ЦК КПЈ да помогне кон зацврстувањето и осамостојувањето на новиот ЦК КПМ. Оваа мерка навистина придонесе многу кон собирањето на сите здрави партиски кадри на работа за енергично спроведување во живот на линијата на КПЈ. Исто така, оваа мерка придонесе денес македонските маси да се собираат околу КПМ и постепено да се насочуваат кон братската заедница на југословенските народи. Масите на работници отворено ја поздравија одлуката на ЦК КПЈ за давање на автономија на КПМ, гледајќи во тоа гаранција дека Македонија навистина ќе биде рамноправна во братската заедница на народите на Југославија.

2) Да се преземат мерки за остварување на единствен Национално-ослободителен фронт на македонскиот народ во борбата за неговото национално ослободување. Во борбата за остварување на фронтот истакната е потребата за собирање на сите угледни родољуби, постари илинденски војводи и политички претставници на разни партии кои денес стојат на линијата на борба против германските, италијанските и бугарските окупатори, против големосрпските платеници и германските платеници: Ванчо Михајлов и др.

3) Веднаш да се преземат сите подготовки за организирање на партизански чети по сите краишта на Македонија. Да се организира главен штаб, како и штабови на оперативните зони. Најјаките сили да се фрлат на организирање на војската на територијата на Македонија под италијанска окупација, каде што војничките и политичките услови беа најповолни. На таа територија да се остварат јаки ударни групи и да се продира кон Скопје, Велес и Битола. Во исто време, да се создадат партизански одреди по сите краишта на Македонија, потпирајќи се на Грција, Бугарија, Албанија и Србија (Врање).

Сите овие задачи им ги поставив на партиските организации во писмото кое го упатив до сите членови на Партијата, а кое ви го доставувам во препис. Исто така, упатив едно писмо до сите партизани, во кое им ги поставив главните задачи; тоа писмо исто така ви го доставувам. Освен тоа, му издадов наредба на Главниот штаб за формирање на оперативни зони и одреди.

Во текот на овие 3-4 месеци во Македонија значително се подобри состојбата на партиските организации. Организирани се обласни комитети, кои веќе почнаа да функционираат како политички раководни тела. Нивната работа се чувствува на терен, иако им е значително отежната ситуацијата поради големите репресалии кои ги врши бугарскиот окупатор. Сите стари опортунистички, поколебливи кадри отпаднаа. Во раководството влегоа нови, млади кадри, кои сè уште се неискусни, но затоа се верни на нашата Партија и на народноослободителната борба. На сите им е објаснето досегашното наседнување на позициите на бугарскиот делегат и правилноста на линијата на КПЈ. Се разбира дека пред нас стои голема задача тоа младо партиско членство да го подигнеме и политичко да го оспособиме за самостојни партиски раководители, што на многу места и успеа.

Во текот на овие три-четири месеци успеавме да организираме доста јаки ударни групи по сите краишта на Македонија. Создадени се јаки ударни групи, особено во кичевскиот, охридскиот, битолскиот и кавадаречкиот сектор. Во останатите краишта создадени се помали партизански одреди и тоа кон Куманово, Скопска Црна Гора, Велес, Прилеп, а изгледа и кон Штип и Струмица (за Штип и Струмица немаме сигурни извештаи). Овие ударни групи бројат по 70 до 80 партизани. Борбениот дух го зафати целиот македонски народ. Влијанието на нашата Партија особено порасна на територијата под италијанска окупација, во кавадаречкиот, гевгелискиот и велешкиот крај и во прилепско-битолското подрачје. Бугарскиот и италијанскиот окупатор е принуден да фрла голема сила против нашите одреди. Така, на пример, на кавадаречкото подрачје на нашата ослободена територија бугарскиот окупатор е принуден да доведе три полкови од редовната војска и голем број полицајци, каде што вршеше офанзива во текот на 15 дена. Оваа офанзива заврши неуспешно. Нашите одреди со вешто маневрирање избегнаа опколување и уништување и им зададоа на бугарските окупатори осетни губитоци. Бугарите за нив зборуваат дека тоа не се комити, туку голема војска против која не се може ништо. Нашите одреди имаат целосна потпора од целиот народ во тој крај. Залудно бугарскиот окупатор вршеше стравотни репресалии над народот (убиваше и колеше жени и деца, палеше села итн.): не го постигна посакуваниот успех. Народот остана цврсто покрај својата војска. Залудно даваше големи пари за организирање на контрачети, но не собра ниту еден човек. Партизаните се постојано во офанзива. Ги разоружуваат пограничните бугарски караули кон Грција и неколку бугарски војници прејдоа на нивна страна. Партизаните водат борба скоро секојдневно со бугарските окупатори по македонските села, не давајќи им жито, волна и др. Во Битола цел гарнизон на бугарската војска оди во потера со сите жандарми и полицајци против нашиот одред, кој вешто маневрира, префрлајќи се на грчка територија. Во текот на само една борба еден партизан[5] уби 20 бугарски фашисти и самиот загина. Еден друг партизан, за време на најсилната потера на целиот гарнизон, го начека среде полето бугарскиот мајор, злосторник од кој пропишти целиот крај, смртно го рани и успеа да побегне. Во кичевското подрачје италијанскиот окупатор со преку 2.000 војници вршеше огромна офанзива на нашиот одред. И тука окупаторот претрпе неуспех. Нашите борци убија и ранија преку 40 окупаторски војници меѓу кои и два офицера. Ново борбено расположение го зафати македонскиот народ. Процесот на обединување на македонските маси во национално-ослободителната борба оди со сè побрзо темпо.

Се разбира дека постојат големи опасности, кои можат да се појават во текот на процесот на оваа борба која го зафаќа македонскиот народ. Тие опасности доаѓаат поради младиот и неискусен кадар и поради големиот терор кој го заведува бугарскиот окупатор. Поради таквата ситуација врските се многу тешки и тоа може да биде судбоносно по понатамошниот развиток на народноослободителната борба во Македонија. Но, она што е многу добро, тоа е дека во нашите партизански одреди продре линијата на народноослободителната борба. Нашите одреди сфатија кој е главниот непријател и каде и како треба да се удри. Нашите одреди сфатија дека треба партизански да се делува и да се развива масовната работа по македонските села. Безбројните конференции и митинзи по сите села покажуваат дека тоа повеќе не се мали комитски дружини, туку вистински партизански одреди. Нашите одреди и војнички се прекалија и сè поредок е случајот на предавање на непријателот и бегање во градовите, што беше редовна практика порано.

Па и во работата на собирање на сите чесни родољуби во еден единствен национално-ослободителен фронт нашите партиски организации во Македонија покажаа успеси. Вистина, во многу помала мера отколку што тоа го покажаа во работата на зацврстување на партиските организации и во работата на организирање на партизанските одреди. Тоа ново борбено расположение, тој нов бран на борбата, кој го зафати македонскиот народ, привлече на позициите на народноослободителната борба голем број стари илинденски борци и политички претставници, кои отворено се изјаснија за нашата борба. Но, тоа уште не е организациски зацврстено. Сега презедовме мерки за нивно организациско собирање во Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија. Политичката ситуација сè повеќе се подобрува. Бугарскиот окупатор губи упориште по упориште во Македонија. Во едно од најсилните негови упоришта, велешко-кавадаречко-гевгелискиот округ, тој целосно се закопа. И влијанието на Дража Михаиловиќ е во постојано опаѓање, особено во кичевскиот крај, каде неговите луѓе се соединија со агентите на бугарските хегемонисти во борбата против нашата Народноослободителна војска. Најтешко оди со агентите на Ванчо Михајлов, но и тука се чувствува процес на распаѓање, особено во врска со сè поголемата очигледност за пропаста на германскиот фашизам. Во редовите на ВМРО настапува диференцирање. Едни се изјаснуваат за Русија и постепено приоѓаат на нашите позиции, а други отворено се откриваат како отворени агенти на Гестапо. Секако дека ваквата поволна ситуација треба брзо да се искористи и организациски да се зацврстат сите родољубиви сили. Околу ова постои опасност само поради малубројноста и неискусноста на раководниот кадар. Но мислам дека ќе ги пребродиме сите потешкотии.

Посебно прашање претставува паролата за обединување на македонскиот народ. Македонија е разделена помеѓу Југославија, Грција и Бугарија. Целиот македонски народ бара обединување. Поминав низ грчка Македонија и видов на терен дека македонскиот народ во Грција отворено се изјаснува за обединување. Грчкото партизанско движење не зафати големо мнозинство од македонскиот народ, кој, под влијание на ВМРО, му служи на окупаторот и се бори против грчката партизанска војска. На барање на грчкиот штаб нашите чети од битолскиот реон преминаа во грчка Македонија, во областа на Лерин и Костурско и тука извршија голем политички продор меѓу македонските маси. Македонскиот народ ги дочека како свои ослободители и сите контрашки чети доброволно го предаваа оружјето. Македонците бараат да се стават под команда на нашиот Главен штаб за Македонија. Ние ова го одбивме поради ставот на грчката партија по македонското прашање во врска со што ќе ви пишам подоцна. Но ова прашање е многу акутно и за масите на македонскиот народ во самата наша Македонија. Поради тоа му напишав писмо на другарот Љубо во нашата Македонија да се исфрли паролата на обединување на македонскиот народ. Другарот Љубо во светлината на таа парола напиша проглас на ЦК КП Македонија, кој ви го доставувам. Самиот проглас има крупна политичка грешка во тоа што во него Македонија се издвојува од рамките на Југославија и се третира како посебна балканска земја. Кога го добив прогласот, веднаш отпатував од Грција за Македонија за да ја исправам линијата. Се состанав на теренот со другарот Љубо и со тројца членови на ЦКМ [ЦК КПМ] и по долга дискусија се согласивме дека е потребно да се поправи линијата. Особено долго требаше да се убедува другарот Љубо. Најпосле, се сложивме околу ова: бидејќи народноослободителното движење најсилно се разви во Македонија на територијата на Југославија и бидејќи ова движење е центар на собирањето на целиот македонски народ, потребно е да ја исфрлиме паролата за ослободување и обединување на македонскиот народ во братска заедница со сите југословенски народи. Македонскиот народ има најсигурна гаранција во нашата Народноослободителна војска на Југославија дека ќе ја добие својата целосна рамноправност и слобода, која се бори против секое национално подјармување од страна на големосрпските хегемонисти. Во таа братска заедница ќе му биде отворена вратата и на братскиот бугарски народ. Исто така да се истапи за единство на сите останати балкански народи. Со вака јасна политичка линија се разотидоа членовите на ЦК на терен. Напоменувам дека другарот Љубо главно е одговорен за свртувањето во прогласот. Инаку, тој добро се снаоѓа на теренот и добро раководи.

...

Престојувајќи во Скопје стапив во контакт со ЦК КП Бугарија. Им го изложив планот за заедничка соработка и за евентуално создавање на Балкански штаб.[6] За заедничката соработка им предложив да ја искористат нашата територија кај Врањскиот одред, тука да формираат свои чети и оттаму да делуваат во правец на Трн и Софија. Исто така, им предложив да формираат партизански чети во Македонија под Бугарија и да се поврзат со нашите чети околу Штип, па заеднички да делуваат. Исто така, им укажав на нашето мислење дека навистина е потребно тие еднаш да влезат во борба. Имаше бурни дискусии. Тие зборуваа дека постигнаа голем успех со тоа што не дозволија бугарската војска да оди на Источниот фронт. Јас им одговорив дека бугарската војска дојде до Дрина и ја замени германската војска, која можеше да оди и на Источниот фронт и во борба против нашата војска во Босна. Им кажав дека тоа е опортунизам да се стои на гледиштето дека во Бугарија нема услови за партизанско војување и дека е срамота бугарската партија да не организира вооружена борба. Тие со повишен глас зборуваа дека така не може да се зборува за бугарската партија, која организира две востанија, која го даде [Георги] Димитров и др. Понатаму, кажаа дека ситуацијата во Југославија беше многу поволна и дека поради тоа една слаба партија, каква што беше нашата, можеше да организира вооружено востание и така да се подигне. Јас им одговорив дека нашата Партија и порано избиваше на чело со својата истрајна политичка линија и организациската цврстина и дека поради тоа, како и поради поволната ситуација, успеа да организира вооружено востание. На крајот, се сложивме со моите предлози за заедничка соработка, но досега сè уште ништо не направија. Се согласија на учество во Балканскиот штаб и испратија свој делегат, кој сè уште седи во Скопје и тука чека на врска. Тој одби да се префрли со курир и бараше мене да ми се соопшти да му испратам патрола до Скопје да го прифати. По враќањето од Грција му испратив патрола и сега го очекувам секој ден.

Со Главниот штаб на Албанија се состанав и им предложив војничка и политичка соработка на границите, како и пристапување кон Балканскиот штаб. Тие со овие мои предлози се сложија. Војничката соработка, предвидена на секторот Малесија – Ѓаковица, веќе е остварена. Исто така и на секторот Љума – Шара. На двата сектори нашите и нивните чети се состанаа и заеднички делуваат. Заедничка соработка постигната е и на секторот Елбасан – Дебар – Кичево. Една албанска чета, после долго натегање, под команда на Хаџи Леши,[7] премина на територијата кај Кичево и сега значително ќе придонесе во настојувањето да се оствари братство на Албанците и Македонците во денешната народноослободителна борба. Но и пред доаѓањето на оваа чета нашите партиски организации и партизански одреди успеаја политички да се осуетат намерите на фашистичките окупатори да предизвикаат братоубиствено клање. Неколку албански чети, кои беа организирани од италијанскиот окупатор за борба против Македонците, се распаднаа поради правилната работа на нашите партиски организации. Образуван е и посебен шиптарски [албански] одред и остварена е соработка со шиптарските националистички групи од овој терен. Процесот на обединување на Македонците и Шиптарите оди со сè побрзо темпо, а сега, по доаѓањето на Хаџи Леши, ќе оди уште побрзо. Исто така, остварена е војничка соработка на секторот Корча – Преспа. Шиптарските и македонските чети се состанаа и заеднички делуваат.

Секако дека главната задача на оваа заедничка војничка соработка помеѓу албанските и нашите партизани не е само поуспешно да се зададат удари на фашистичкиот окупатор, туку и да се постигне братство на народите. При тоа водев сметка сите шиптарски маси, кои се мобилизираат на територија на Југославија, да се ставаат под команда на нашите штабови. Секако, нагласив дека во тој поглед не треба да се биде крут т.е. дека оние борци, Шиптари, кои никако не сакаат да се стават под наша команда, треба привремено да се остават под команда на шиптарските чети кои делуваат на нашиот терен. Подоцна треба постепено да се префрлаат под наша команда. Упатствата околу ова ги имате во писмото кое го упатив на Космет [Косово и Метохија] и во Македонија, а чиј препис ви го испраќам.

Со Главниот штаб на грчката Народноослободителна војска се состанав и ним исто така им предложив заедничка соработка на границите. Нашите чети на барање на Грците преминаа на теренот на Лерин и Костурско, за што ви пишав горе. На тој терен дојде до заедничка соработка, војничка и политичка, со нашиот Битолски одред. Исто така, дојде до соработка на секторот Гевгелија – Зена – Воден, каде што се состанаа нашите чети со грчките. При ова треба да се напомене дека грчката партија го има следниот став по прашањето на Македонија: Македонија, односно македонското малцинство, ќе добие во Грција слобода и обезбедување од секаква национална подјарменост. Никакво право на самоопределување на народите тие не признаваат. Дури по долга дискусија успеав да ги убедам дека е потребно тоа право да му се признае и на македонскиот народ во Грција, но тие се согласија само толку Балканскиот штаб да издаде начелна декларација во која ќе се каже дека сите прашања помеѓу балканските држави ќе се решаваат во братска соработка, признавајќи го правото на самоопределување на народите. Упатствата за ова делување на нашите чети во грчкиот дел од Македонија се наоѓаат во писмото што го испратив во Македонија, а чиј препис ви испраќам.

...

Итно одговорете ми по сите ставови за да знам да се управувам.

Со другарски поздрав

Смрт на фашизмот – Слобода на народот!

Темпо

8 август 1943 год.

Положба

ПС. Заборавив да ви јавам уште за некои работи. А тоа се: а) на бугарскиот делегат кој се наоѓа во Скопје за по одлука на КИ [Коминтерната] да соработува со партиското раководство во Македонија му соопштив дека повеќе не е потребен. Никакво влијание веќе нема во Македонија. Не знам дали погрешив во тоа; б) бугарската партија одлучи да учествува во Балканскиот штаб и испрати свој делегат, кој уште нема стигнато до мене; и в) по прашањето на Македонија е потребно Врховниот штаб и Антифашистичкото веќе [АВНОЈ] да издадат специјална изјава дека Македонија ќе добие полна слобода и рамноправност со останатите народи на Југославија во идната нова, народна и демократски уредена Југославија. Таа изјава широко би се популаризирала во Македонија и уште посилно би го врзала народноослободителното движење за Југославија. Исто така, потребно е преку [радио] „Слободна Југославија“ да давате специјални емисии за Македонија на македонски јазик.

Темпо

8 VIII 1943 г.



Забелешки

[1] Грешка во извештајот. Темпо пристигна во Скопје на 26 февруари 1943 година (заб. на уред.).

[2] Еден од псевдонимите на Добривое Радосавлевиќ – Боби (1915 – 1984), српски комунист. Член на КПЈ од 1933 година. На почетокот на вооруженото востание, во јули 1941 година, како инструктор на Покраинскиот комитет на КПЈ за Србија, работел на организирање на првите партизански одреди во Тимочката краина. Потоа ЦК КПЈ го испраќа за инструктор во Македонија, каде доаѓа на 25 август 1942 година и останува до крајот на војната. По војната е во врвот на српското партиско раководство, а во периодот септември 1966 – февруари 1968 година е претседател на ЦК на Сојузот на комунистите на Србија (заб. на прев.).

[3] Станува збор за Бојан Блгарјанов (1896 – 1972), бугарски комунист. Во 1920 година станува член на Бугарската работничка партија (тесни социјалисти). Во ноември 1924 година е уапсен и е осуден на смрт, но во 1933 година добива амнестија и заминува во СССР. Од 1937 година е член на ЦК БРП (т.с.). По бугарската окупација на Македонија од почетокот на октомври 1941 до почетокот на 1944 година е делегат на БРП (к) кај покраинското раководство на КПЈ за Македонија. Потоа се вклучува во Народноослободителната востаничка армија на Бугарија (НОВА). По војната, врши раководни функции во Народната милиција и Бугарската армија. Отстранет е од функциите кон крајот на 1949 година при кампањата против Трајчо Костов. Во 1956 година е рехабилитиран и до крајот на животот е секретар на ЦК БКП и член на Политбирото на ЦК БКП (заб. на прев.).

[4] Миливоје Трбиќ – Војче (1913 – 1946), македонски четник, водач на поречките четнички сили во текот на Втората светска војна. Син на четникот Василие Трбиќ. Во јуни 1942 година бил испратен од Равногорското движење на Дража Михаиловиќ во Вардарска Македонија за да формира чети (заб. на прев.).

[5] Веројатно станува збор за Панде Кајзеро (1923 – 1943). Тој се приклучил кон единиците на НОВ и ПОМ на 25 ноември 1942 година. Бил во одредите „Даме Груев“ и „Јане Сандански“. На 13 јуни 1943 година бил примен за член на КПЈ. На 22 јуни 1943 година, кога битолското селото Лавци било опколено од бугарска војска и полиција, Панде Кајзеро паднал во заседа. Ликвидирал 13 или 14 бугарски полицајци и војници, а откако му завршила муницијата, со последната бомба се самоубил.

[6] Идејата за создавање Балкански штаб на народноослободителните движења на Балканот не се остварила.

[7] Хаџи Леши (1913 – 1998), албански комунист. Учесник во НОВ на Албанија. Најпрво бил во четата на Мислим Пеза, а од летото 1942 и самиот е командант на партизанска чета. Согласно договорот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ на Македонија и Главниот штаб на НОВ на Албанија, Хаџи Леши со чета од 150 партизани дејствувал на територијата на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ во Дебарско и Кичевско во периодот од август до ноември 1943 година. Им нанел големи загуби на балистичките сили на Џемо Хасани и Мефаил Шеху. По ослободувањето на Албанија, Леши е министер за внатрешни работи до 1946 година. Во 1953 година станува претседател на Народното собрание на Албанија и на таа функција останува речиси 30 години, до 1982 година, кога отишол во пензија.



Архива на Светозар Вукмановиќ – Темпо

Архива на Народноослободителната борба

марксистичка интернет архива